Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

Кристијан Ландов

IMG_1429

Туристите не се откажуваат од одмор поради војната, но ја менуваат мапата на дестинации

И покрај војната на Блискиот Исток, германските туристи не планираат да се откажат од патувањата, но сè појасно го менуваат изборот на дестинации, насочувајќи се кон места што ги доживуваат како посигурни. Истовремено, нов притисок врз цените доаѓа од растот на трошоците во авио-сообраќајот, што во следните месеци може да се прелее во поскапи аранжмани.Шефот на туристичката агенција „Дертур“ (Dertour), Кристоф Дебус, предупреди дека во моментов расте цената на керозинот и дека, доколку таа остане на сегашните нивоа, со тек на време ќе се одрази врз цените на патувањата. Според него, за идните резервации не може да се исклучи помало зголемување на трошоците.„Дертур“, кој се претставува како најголем германски организатор на патувања во регионот на Блискиот Исток, веќе забележува промени во резервациите: откажувања, промени на аранжмани и зголемена несигурност кај дел од клиентите за дестинациите во погодениот регион. Сепак, севкупната побарувачка останува стабилна – желбата за патување кај Германците и Европјаните, според Дебус, не е намалена.Наместо целосно откажување, туристите почесто прават „брз пресврт“ кон алтернативи. Како дестинации што продолжуваат да привлекуваат голем број резервации се издвојуваат Шпанија и Грција, што упатува на префрлање кон добро познати медитерански избори со развиена туристичка инфраструктура.Претседателот на Германското друштво за туристички науки, Јирген Шмуде, оценува дека ваквото однесување не е невообичаено: класичните дестинации со „топли мориња“ во многу случаи се заменливи, а патниците брзо се пренасочуваат кога ќе се појави чувство на несигурност.За Персискиот Залив, проценката на моменталната состојба е тешка, но Дебус смета дека чувството на безбедност кај клиентите може релативно брзо да се врати, бидејќи овие места со години граделе добар имиџ. Во исто време, тој посочува дека Египет останува баран и дека претходно бил меѓу дестинациите со најголем раст, но дека актуелната ситуација сепак се чувствува – особено затоа што туристите често ги перципираат арапските земји „во пакет“ кога ќе избие конфликт во една од нив.Трендот сугерира дека сезоната ќе продолжи со силна побарувачка, но со поизразена претпазливост при изборот на дестинација и со можен ценовен ефект доколку повисоките трошоци за гориво и авиопревоз се задржат подолго време.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryjp26act66n03bCaV9r6

Кога детето премногу често останува само: девет тивки последици што можат да го следат и во зрелоста

Детството не е само низа спомени, туку темел врз кој подоцна ги градиме довербата, самопочитта и начинот на кој се врзуваме за другите. Кога детето често е оставено да „се снајде само“, тоа понекогаш развива однесувања што изгледаат како зрелост и самостојност, но внатре носат чувство на невидливост, несигурност и недостиг од емоционална сигурност.Психолозите и советниците предупредуваат дека ваквата рана осаменост може да остави долготрајна трага: не како пресуда за иднината, туку како модел што се повторува сè додека не се препознае и не се промени. Во продолжение се издвојуваат девет особини кои почесто се среќаваат кај луѓе што како деца биле емоционално занемарени или предолго оставани сами.Чувство дека не заслужуваат љубов – кога емоционалните потреби биле игнорирани, детето може да порасне со сомнеж во сопствената вредност и со тешкотија да поверува дека е сакано „без услови“.Емоционална отупеност – како одбранбен механизам, потиснувањето на чувствата може да помогне во детството, но подоцна ја отежнува блискоста и искреното изразување емоции.Страв дека се товар за другите – многумина се воздржуваат да побараат поддршка, убедени дека ќе бидат одбиени или дека „пречкаат“.Проблеми со поставување граници – или границите се речиси непостоечки, или се премногу крути; и во двата случаи, човекот тешко наоѓа здрава мера меѓу блискост и само-заштита.Склоност кон нестабилни врски – недостигот од рана сигурност може да донесе недоверба, страв од напуштање или, обратно, повлекување кога односот станува стабилен.Тешко донесување одлуки – без насока и поткрепа во детството, се развива сомнеж во сопствената проценка и прекумерно потпирање на туѓо мислење.Хронична осаменост – чувството на осаменост може да остане и во зрелоста, дури и кога лицето е опкружено со луѓе, затоа што блискоста не се доживува како безбедна.Нелагодност да се потпрат на други – раната „хипер-независност“ лесно преминува во изолација; прифаќањето помош се доживува како слабост, а не како нормална размена во односите.Тешкотии во разбирање на сопствениот идентитет – кога недостига квалитетна интеракција со родителите, детето може потешко да изгради јасна слика за себе и подоцна да бара потврда однадвор.

Магазин | пред 1 седмица

zaev-filipce-1

СДС манипулира со јавноста преку српска ПР машинерија, зад кампањите стојат советници на Заев, вели ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ користи странска ПР инфраструктура за креирање на политичка комуникација и манипулација на јавноста, посочувајќи дека зад активностите стојат лица блиски до поранешниот премиер Зоран Заев.Од партијата тврдат дека Зоран Башановиќ, поранешен советник на Заев, има клучна улога во ПР тимот на СДСМ и Венко Филипче, како и дека токму Заев стои зад ангажирањето на, како што велат, „надворешна ПР структура“.Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче неодамна остварил средба во Ниш со Милан Счекич, кој, како што наведуваат, работи во српската ПР агенција „Ај медија“ (Eye Media) и е задолжен за креирање на комуникациите и соопштенијата на СДСМ.„ПР активностите се координираат од Скопје, каде Башановиќ и Счекич, според нашите информации, се сместени во хотелот ‘Парк’ и од таму го водат центарот за лаги на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.Партијата додава дека ваквата вклученост на странски ПР структури отвора сериозни прашања за транспарентноста и автентичноста на пораките што ги пласира СДСМ во јавноста.„Граѓаните заслужуваат вистина, а не конструирани наративи и манипулации. Политичката комуникација треба да се темели на факти и отчетност, а не на сценарија креирани однадвор“, се наведува во соопштението.Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека остануваат посветени на транспарентност и комуникација заснована на интересот на граѓаните.

Македонија | пред 1 седмица

liban1

„Двојни удари“ во Либан: прво бомба, па напад врз спасувачите

Здравствени работници и официјални лица од Либан обвинуваат дека израелските напади на југот на земјата систематски таргетираат медицински персонал и установи, користејќи и тактика на таканаречени „двојни удари“ – напад, па нов удар откако ќе пристигнат спасувачките екипи.Според податоци на либанското Министерство за здравство, од почетокот на конфликтот на 2 март досега се погодени најмалку 128 медицински објекти и возила на Брза помош, при што загинале 40 здравствени работници, а над 100 се повредени.Медицинари сведочат дека нападите често се случуваат токму во момент кога се обидуваат да спасат повредени, или пак додека се во возила на Брза помош и центри за итна интервенција. Дел од објектите се целосно уништени.Особено загрижувачка, според нив, е тактиката на „двојни удари“ – првичен напад, па кратка пауза за да пристигнат спасувачките тимови, по што следи втор напад на истата локација.„Во Седикин гасеа пожар и повторно беа погодени. Во Набатие спасуваа цивили кога беа нападнати“, сведочи еден од раководителите на итните служби.Дополнително, здравствените работници посочуваат дека дел од нападите се случуваат за време на ифтар, кога тимовите се собираат за да го прекинат постот, што, според нив, укажува на намерно таргетирање.Израелската армија ги отфрла обвинувањата, тврдејќи дека Хезболах користи медицински возила за воени цели, но за тоа не приложи конкретни докази. Од либанското Министерство за здравство ова го оценуваат како обид за оправдување на напади врз цивилна инфраструктура.Меѓународното право јасно ги штити медицинските работници и установи, а нивното намерно таргетирање може да се третира како воено злосторство. Организации за човекови права предупредуваат дека, без оглед на политичката поврзаност, здравствените работници се цивили и не смеат да бидат цел.На терен, состојбата е драматична. Болниците се преполни со повредени, а бројот на загинати расте. Во само 17 дена, според официјални податоци, над 1.000 лица загинале, а повеќе од 2.500 се повредени.Медицинските тимови работат во постојан страв. Го намалуваат бројот на луѓе во екипите, спијат одвоено и избегнуваат собирање – сè со цел да го намалат ризикот од масовни жртви при евентуален напад.„Можеш да преземеш колку сакаш мерки, но ако другата страна не ја почитува етиката – ништо не помага“, велат од терен.И покрај опасноста, тие продолжуваат да работат.„Што ни преостанува? Ова е нашиот дом“, порачуваат.

Свет | пред 1 седмица

Voeni-brodovi

Иран попушта селективно: јапонските танкери ќе минуваат низ Ормутскиот теснец

Иран сигнализира делумно попуштање во блокадата на Ормутскиот теснец, најавувајќи дека е подготвен да им дозволи на јапонските танкери да поминуваат – но исклучиво со координација со Техеран.Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, во изјава за јапонската агенција Киодо, потврди дека веќе се водат разговори со Токио за овозможување безбеден транзит за јапонските бродови низ овој клучен поморски коридор.Ормутскиот теснец е од витално значење за глобалната енергетска трговија, а особено за Јапонија, која околу 95 проценти од нафтата ја увезува од Блискиот Исток, при што дури 90 проценти минуваат токму низ овој теснец.Иран, сепак, инсистира дека формално не го затворил теснецот, туку вовел рестрикции за бродови поврзани со држави кои учествуваат во нападите врз него. Во тој контекст, Јапонија се позиционира како „прифатлив партнер“, поради нејзиниот, како што го нарекуваат во Техеран, „урамнотежен и праведен“ став.Арагчи откри дека за ова прашање разговарал и со јапонскиот министер за надворешни работи, но без да навлезе во конкретни детали за договореното.Овој потег укажува на стратегија на селективен пристап – отворање на теснецот за земји кои не се директно вклучени во конфликтот, додека притисокот врз останатите продолжува.Во исто време, Иран испраќа и политичка порака: не бара привремено примирје, туку целосен и долгорочен крај на војната, со гаранции дека нема да има нови напади, како и компензација за претрпената штета.Ова дополнително ја комплицира ситуацијата на глобалниот пазар на енергенси, каде секоја одлука околу Ормутскиот теснец директно влијае врз цените и снабдувањето.

Свет | пред 1 седмица

slovenija-policija

Шпионска афера ја тресе Словенија пред избори: Обвинувања за странско мешање и „валкана“ кампања

Словенија влегува во парламентарни избори во атмосфера на една од најконтроверзните и најнапнатите кампањи во поновата историја, обележана со обвинувања за странско мешање, шпионски операции, тајни снимки и меѓусебни политички напади.Во центарот на вниманието се наоѓа аферата со израелската приватна разузнавачка компанија „Блек Кјуб“, за која словенечките власти тврдат дека била вклучена во изборниот процес преку прикриен надзор и прислушување.Според информациите, оперативци на компанијата во последните шест месеци најмалку четири пати престојувале во Словенија, а нивното присуство било детектирано и во близина на седиштето на десничарската СДС. Словенечката безбедносна агенција СОВА доставила извештај до Националниот совет за безбедност, во кој се наведува дека активностите на „Блек Кјуб“ претставуваат ризик за демократскиот процес.Паралелно со ова, во јавноста се појавија и анонимно објавени тајни снимки на кои, наводно, се слушаат разговори за корупција, нелегално лобирање и злоупотреба на државни ресурси. Објавите дополнително ја вжештија политичката сцена.Премиерот Роберт Голоб предупредува дека се работи за опасен обид за влијание врз изборите и дека пораз би значел оттурнување на Словенија од европските вредности. Од друга страна, лидерот на СДС, Јанез Јанша, ги користи снимките како аргумент за наводна корупција во власта, иако првично негираше каква било поврзаност со „Блек Кјуб“, за подоцна да признае средба со еден од нивните советници.Аферата доби и меѓународна димензија. Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди на „јасно и документирано мешање на трети земји“ и повика на заштита на европските демократии.Истовремено, кампањата беше дополнително радикализирана со инциденти на терен – од вандализирање на изборни плакати до организирани активности на социјалните мрежи, за кои се сомнева дека се дел од поширока хибридна кампања.Анкетите покажуваат речиси изедначена трка меѓу Голоб и Јанша, со минимални разлики во поддршката, што значи дека исходот ќе зависи од помалите партии и постизборните коалиции.Аналитичарите предупредуваат дека вистинската штета од оваа кампања може да биде долгорочна – ерозија на довербата во институциите и во самиот изборен процес.Словенечките граѓани излегуваат на гласање со клучно прашање: не само кој ќе владее, туку и во каква држава и Европа сакаат да живеат – и колку надворешни влијанија ќе имаат улога во таа одлука.

Свет | пред 1 седмица

media-librarytl776dvtqhiq1K4tM1H

Нов фронт во кризата: Иран со напад врз клучна американска база

Иран истрелал две балистички ракети кон стратегиската американско-британска воена база Диего Гарсија во Индискиот Океан, но нападот не резултирал со погодок, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски официјални извори.Според информациите, една од ракетите откажала за време на летот, додека другата била пресретната и соборена од американски воен брод пред да ја достигне целта.Базата Диего Гарсија, лоцирана на изолираниот архипелаг Чагос, претставува една од најважните стратешки точки за САД во регионот. Таму се стационирани нуклеарни подморници, бомбардери и воени бродови, што ја прави клучна за операциите во Индискиот Океан и Блискиот Исток.Нападот доаѓа во момент на засилени тензии, откако Обединетото Кралство неодамна им дозволи на САД да ги користат базите Диего Гарсија и Ферфорд за „специфични одбранбени операции“ поврзани со конфликтот со Иран.Иако нападот не предизвикал штети, самиот факт дека Иран се обидел да погоди цел оддалечена околу 4.000 километри отвора ново ниво на ризик и сигнализира проширување на конфликтот надвор од класичните зони на судир.Дополнителна чувствителност на оваа локација дава и историскиот контекст – Велика Британија во 2025 година се согласи да го врати суверенитетот над Чагос на Маурициус, но со задржување на базата под 99-годишен закуп. Архипелагот, пак, има контроверзна историја, бидејќи локалното население било протерано во 60-тите и 70-тите години за да се овозможи изградбата на базата.И покрај тоа што нападот беше неуспешен, тој претставува јасен сигнал за ескалација и потенцијално отворање нови фронтови во конфликтот, со директни импликации за глобалната безбедност.

Свет | пред 1 седмица

873x400-1-16

САД попуштаат: Привремено укинување на санкции за иранската нафта

Соединетите Американски Држави најавија привремено ублажување на санкциите за иранската нафта која веќе се наоѓа во транспорт по морски пат, во обид да се стабилизира глобалниот пазар на енергенси и да се ублажи ценовниот шок предизвикан од кризата на Блискиот Исток.Американското Министерство за финансии соопшти дека ќе бидат дозволени продажбата, испораката и истоварот на сурова нафта и нафтени деривати од иранско потекло, доколку тие биле натоварени на бродови заклучно со 20 март. Оваа привремена мерка ќе важи до 19 април.Министерот за финансии Скот Бесент најави ваков потег уште претходно, објаснувајќи дека целта е да се искористат постојните количини на иранска нафта за да се задржат цените под контрола во наредните 10 до 14 дена.„Ќе ги користиме иранските барели против Иран за да ги задржиме цените ниски“, изјави Бесент, посочувајќи дека станува збор за околу 140 милиони барели кои веќе се наоѓаат на море.Овој чекор доаѓа во момент кога глобалните енергетски пазари се под силен притисок поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањето на транспортот низ Хормушкиот теснец – една од најважните нафтени артерии во светот.САД и претходно презедоа сличен потег, дозволувајќи привремено купување на руска нафта која била во транзит, со цел да се зголеми понудата и да се спречи дополнителен раст на цените.Иако мерката е временска и ограничена, таа претставува јасен сигнал дека Вашингтон е подготвен на прагматични отстапки на енергетски план, дури и кон држави под санкции, доколку тоа значи стабилизација на глобалниот пазар и заштита од нов ценовен шок.

Свет | пред 1 седмица

media-librarylri1pbi7udkq4VaKOqi

Од акциски херој до татко: потресни пораки од децата на Чак Норис

По веста за смртта на легендарниот актер и мајстор на боречки вештини Чак Норис, јавноста ширум светот се простува од иконата на акцискиот жанр, но најтешките зборови доаѓаат од неговото семејство. Неговите деца, Дакота и Данили, преку емотивни објави на социјалните мрежи открија поинаква страна од човекот кој за милиони беше симбол на сила, а за нив – татко, заштитник и најголема поддршка.Дакота Норис, во потресна порака, напиша дека изгубил човек кој за него бил пример во секој сегмент од животот. Тој го опиша својот татко како човек исполнет со добрина, храброст, дисциплина и вера, нагласувајќи дека секојдневно му покажувал љубов и поддршка.„Беше најдобриот татко што можев да го имам и најдобриот човек што сум го познавал. Без разлика низ што поминував, секогаш беше тука. Се грижеше да знам колку сум сакан – мислам дека не помина ниту еден ден без да ми го каже тоа“, напиша Дакота, додавајќи дека спомените, лекциите и заедничките моменти ќе ги носи со себе до крајот на животот.Набргу по него се огласи и неговата ќерка Данили Норис, која во својата порака ја истакна топлината и нежноста на својот татко – карактеристики што, како што вели, јавноста ретко ги поврзувала со неговиот имиџ на непобедлив борец.„Мојот татко беше мој заштитник од моментот кога се родив. Можеби за светот беше воин, но неговото срце беше полно со љубов“, напиша таа, додавајќи дека токму од него научила што значи вистинска грижа, сочувство и безусловна поддршка.Данили нагласи дека загубата на родител е нешто за што никој не може да биде подготвен, но дека наследството што го оставил нејзиниот татко ќе продолжи да живее преку неа и нејзиното семејство.„Не можев да посакам подобар татко. Ти благодарам што ме поддржуваше во сè и што ме научи да не се плашам од невозможното“, стои во нејзината објава.Чак Норис, кој почина на 86-годишна возраст на Хаваи, зад себе остави пет деца – Мајк, Дина, Ерик, Дакота и Данили. Иако за јавноста беше легенда на акцијата и боречките вештини, за своето семејство, како што сведочат нивните зборови, тој пред сè бил човек со огромно срце и безрезервна љубов.

Магазин | пред 1 седмица

media-librarytitfef0965ab0JRnbIv

Смртта не го победи Чак Норис – тој ѝ дозволи да го однесе

Кога се појави веста дека починал Чак Норис, речиси беше извесно дека за неколку секунди интернетот повторно ќе се преплави со старите шеги за човекот што со децении важеше за „неуништлив“. Но зад митот, вицовите и поп-културната икона, стоеше приказна за тежок живот, дисциплина, лични трагедии, спортска големина и кариера што остави длабока трага и во филмот и во американската конзервативна култура.Чак Норис, роден како Карлос Реј Норис на 10 март 1940 година во Оклахома, пораснал во сиромашни и тешки семејни околности. Детството му било обележано од нестабилен дом и татко алкохоличар, а по разводот на родителите, мајка му го преселила семејството во Калифорнија. Токму таа животна несигурност, според многумина, го изградила неговиот карактер – тврд, дисциплиниран и насочен кон самосовладување.Пресвртна точка во неговиот живот била воената служба. Додека служел во американското воздухопловство и бил распореден во Јужна Кореја, првпат се сретнал со источните боречки вештини. Таму го добил и прекарот „Чак“, име што подоцна ќе стане глобален бренд. По враќањето во САД, тој не само што продолжил да тренира, туку почнал и да предава карате, отворајќи десетици школи во Калифорнија.Паралелно со тоа, Норис градел и исклучителна натпреварувачка кариера. Иако не стартувал како непобедлив шампион, со години работа стигнал до врвот и станал светски професионален првак во карате. Од активното натпреварување се повлекол како човек со аура на непоразен борец, што дополнително го зацврсти неговиот мит.Подоцна го создаде и сопствениот боречки систем, денес познат како „Чак Норис систем“, во кој ги спои корејските, јапонските, израелските и бразилските боречки принципи. Но за него борбата никогаш не била само физичка пресметка. Системот беше надграден со етички кодекс – дисциплина, лојалност, семејство, позитивен став и самоконтрола.Во светот на филмот, влезе постепено, но историскиот момент дојде во 1972 година кога Брус Ли го повика да го игра Колт во „На змајевиот пат“. Нивниот дуел во Колосеумот остана една од најлегендарните борбени сцени во историјата на киното. Токму тој судир го направи Норис препознатлив и надвор од спортот, отворајќи му ја вратата кон Холивуд.Во доцните седумдесетти и осумдесетти години Норис прерасна во една од најсигурните акциски ѕвезди. Со филмови како „Good Guys Wear Black“, „Lone Wolf McQuade“, „Missing in Action“, „Invasion U.S.A.“ и „The Delta Force“, тој стана симбол на американскиот акциски херој – патриотски, брутално ефикасен, но секогаш на страната на „правдата“. За многумина беше лице на ерата во која Холивуд произведуваше херои со тупаници наместо со психолошка длабочина.Кога тој модел почна да губи сила, Норис повторно се прилагоди. Со серијата „Вокер, тексашки ренџер“ стана телевизиска икона. Осум сезони, од 1993 до 2001 година, тој беше морален авторитет со значка, човек што не ја бранеше само правдата, туку и идејата за ред, чест и традиционални вредности. За постарите генерации, токму тоа беше Чак Норис – не само актер, туку симбол на време кога доброто и злото беа јасно поделени.Надвор од филмот, тој пишуваше книги, држеше мотивациски говори, се ангажираше политички и отворено ги бранеше конзервативните ставови. Како автор и колумнист, често се позиционираше на теми како правото на оружје, верата и традиционалното семејство. Но можеби неговото највредно наследство беше фондацијата „Kickstart Kids“, преку која се обидуваше да им помогне на младите од ранливи средини да најдат дисциплина, цел и излез од улицата преку спортот.Последните години од животот му беа тешки. Ги загуби мајка си и првата сопруга, но и покрај тие удари, продолжи јавно да остава впечаток на човек што не се предава. На својот последен роденден, во март 2026 година, објави снимка од тренинг и порача: „Не стареам, само преминувам на повисоко ниво“. Неколку дена подоцна, додека бил на Хаваи со сопругата, завршил во болница. Иако до крај, според семејството, го задржал својот дух, телото попуштило.За светот беше борец, актер и легенда. За неговите најблиски бил сопруг, татко и дедо. А за поп-културата – последен херој од една поинаква ера, човек чие име стана шега, меме, мит и бренд, но и симбол на истрајност.На крајот, можеби најточно е она што го кажаа луѓето на интернет, во нивниот препознатлив стил: смртта не го победи Чак Норис. Тој, едноставно, ѝ дозволи да го однесе.

Магазин | пред 1 седмица

media-library9ofblnp1l9qn54XdrgY

Култната борба со Брус Ли снимана „на диво“: Приказна што ја обележа кариерата на Чак Норис

Легендарниот мајстор на боречки вештини и актер Чак Норис, кој почина на 87-годишна возраст, зад себе остави богато филмско наследство, но една сцена засекогаш остана запишана како антологиска – неговиот дуел со Брус Ли во филмот „На змајевиот пат“ од 1972 година.Оваа борба, снимена во римскиот Колосеум, не е само култна поради кореографијата и интензитетот, туку и поради начинот на кој е реализирана. Според биографските извори, режисерот и главен актер Брус Ли не успеал да обезбеди официјална дозвола за снимање на локацијата, па дел од сцените биле снимени тајно – со камери маскирани како туристичка опрема и со ограничено време.Поради ваквите услови, дел од материјалот бил доработуван на други локации, но токму ова „герилско“ снимање придонело сцената да добие речиси митски статус во историјата на филмот.Дуелот меѓу Ли и Норис не е само акциска сцена, туку судир на два различни стилови, филозофии и пристапи кон боречките вештини. Нивната меѓусебна почит, која постоела и надвор од филмскиот сет, јасно се чувствува и во самата изведба.Иако Норис подоцна изгради импресивна кариера со бројни акциски филмови и серии како „Вокер, тексашки ренџер“, за многумина тој останува засекогаш поврзан токму со овој дуел – моментот кога застана наспроти Брус Ли во Колосеумот и стана дел од една од најиконичните борби во историјата на киното.

Магазин | пред 1 седмица

media-libraryabq8cv2koqk948R6I44

Ормускиот теснец во фокус: Лондон одобри американски напади

Обединетото Кралство ѝ даде „зелено светло“ на американската армија да ги користи британските воени бази за напади врз ирански цели поврзани со нападите на бродови во Ормускиот теснец, соопштија британски официјални лица.Одлуката е донесена на седница на владата и претставува проширување на претходното одобрение, кое дозволуваше користење на базите исклучиво за одбранбени цели од ирански напади. Со новата одлука, САД ќе можат да ги користат капацитетите и за операции насочени кон, како што се наведува, „способности што се користат за напади врз бродови во Ормускиот теснец“.Од кабинетот на премиерот Кир Стармер нагласуваат дека Велика Британија нема директно да учествува во нападите и дека не се менува основниот пристап кон конфликтот, кој и понатаму е насочен кон деескалација.Одлуката доаѓа во услови на интензивирање на конфликтот меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга, кој трае веќе три недели. Ормускиот теснец, низ кој поминува значителен дел од глобалната трговија со нафта, се наметна како клучна точка на кризата.Нападите врз трговски бродови и заканите за затворање на теснецот веќе предизвикаа сериозни нарушувања во поморскиот сообраќај и силен раст на цените на енергенсите на светските пазари.Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри реториката кон сојузниците, обвинувајќи ги дека не покажуваат подготвеност да помогнат во обезбедувањето на теснецот и оценувајќи дека без САД, НАТО „не вреди ништо“.

Свет | пред 1 седмица

media-library09vpv6t0cvspdoLnTnE

Сомнежи во Техеран: Кој навистина ја води државата по новата порака на Хамнеи?

Новата порака на иранскиот врховен лидер Мојтаба Хамнеи отвори сериозни дилеми за тоа кој навистина ја контролира власта во Иран, анализира Си-Ен-Ен.Станува збор за втора јавна изјава откако ја презеде функцијата, но како и претходно – без видео или аудио доказ дека лично стои зад пораката. Објавен е само писмен текст, без јавен настап или директно обраќање.Отсуството на каква било визуелна потврда дополнително ги засилува сомнежите за неговата здравствена состојба или способност да управува со државата. Според анализата, ваквата ситуација веќе тешко може да се објасни исклучиво со безбедносни причини.Ова отвора можност за вакуум на врвот на власта, во кој одлуките би можеле да ги носат тврдокорни структури во системот, обидувајќи се да демонстрираат сила во услови на воен и политички притисок.Во пораката, Хамнеи ги отфрла обвинувањата дека Иран стои зад напади во Турција и Оман, обвинувајќи го Израел за „лажни операции“. Воедно тврди дека анонимно се движел низ Техеран со такси за да ги слушне проблемите на граѓаните, особено во економијата, и повика медиумите да го следат незадоволството во општеството.Сепак, клучното прашање останува отворено: дали Хамнеи навистина управува со државата или одлуките се носат зад затворени врати од други центри на моќ.Дополнителна тежина на овие сомнежи дава и изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој неодамна изјави дека не е јасно кој ја води Иран.

Свет | пред 1 седмица

Screenshot-2025-08-15-at-22.42.26

Путин со понуда до САД: Иран за Украина

Москва ѝ понудила на Вашингтон размена на услуги – Русија да престане да споделува разузнавачки информации со Иран, но само доколку САД ја прекинат разузнавачката поддршка за Украина, пренесуваат американски медиуми повикувајќи се на дипломатски извори.Предлогот, според информациите, бил изнесен на состанок во Мајами од страна на рускиот изасланик Кирил Дмитриев до претставници на администрацијата на Доналд Трамп. Американската страна, велат изворите, ја одбила понудата.Според предлогот, Кремљ би престанал да споделува чувствителни информации со Техеран, вклучително и податоци за позициите на американските сили на Блискиот Исток. За возврат, Москва барала Вашингтон да ја запре разузнавачката поддршка за Киев – клучен сегмент од помошта за Украина во војната со Русија.Оваа иницијатива предизвика сериозна загриженост кај европските дипломати, кои стравуваат дека Москва се обидува да создаде јаз меѓу САД и Европа во клучен геополитички момент. Дел од нив ја оценија понудата како „скандалозна“, со сомнеж дека Русија преку вакви контакти се обидува да издејствува договор со Вашингтон, заобиколувајќи ја Европа.Дополнителна нервоза создава и фактот што ваквите разговори доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу САД и европските сојузници, особено поради критиките на Трамп кон НАТО и одбивањето на дел од сојузниците да се вклучат во операции поврзани со Иран.Во меѓувреме, според медиумските извештаи, Русија веќе ја продлабочила воената и разузнавачката соработка со Иран, вклучително и испорака на сателитски снимки и технологија за беспилотни летала – тврдења кои Кремљ ги негира.И покрај притисоците, САД продолжуваат да споделуваат разузнавачки информации со Украина, што останува еден од последните столбови на американската поддршка, откако дел од воената и финансиската помош беше намалена.Аналитичарите оценуваат дека ваквиот предлог на Москва претставува обид за геополитичко „пазарење“ на повеќе фронтови – од Блискиот Исток до Источна Европа – со цел да се редефинираат односите меѓу големите сили.

Свет | пред 1 седмица

media-librarytgn08td9u4gp7vNZ1KF

Пентагон подготвува сценарија за можно испраќање копнени сили во Иран

Пентагон врши детални подготовки за можна употреба на американски копнени сили во Иран, јавува Си-Би-Ес, повикувајќи се на извори запознаени со внатрешните разговори во одбранбениот врв.Според информациите, високи воени команданти веќе доставиле конкретни барања и оперативни сценарија, со цел да се подготви опцијата за евентуално распоредување на сили на терен. Подготовките се одвиваат во момент кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги разгледува следните чекори во конфликтот што САД го водат заедно со Израел против Иран.Изворите наведуваат дека Трамп ја разгледувал можноста за ангажман на копнени сили, но засега нема јасни индикации под кои услови би била донесена таква одлука.Потенцијалното испраќање на трупи би значело значителна ескалација на конфликтот, кој досега главно се води преку воздушни удари и прецизни операции врз воени и стратешки цели.Аналитичарите предупредуваат дека отворањето копнен фронт би носело сериозни ризици – од долготраен конфликт, до дополнителна дестабилизација на Блискиот Исток и зголемен притисок врз глобалните пазари, особено енергетските.Засега, од Пентагон и Белата куќа нема официјална потврда за ваква одлука, а сите опции, според изворите, остануваат „на маса“.

Свет | пред 1 седмица

media-librarycmjdioq4krat7hF04aC

Трамп: НАТО падна на тестот, бев во право, кукавици

Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека актуелниот конфликт со Иран претставувал „голем тест“ за НАТО, тврдејќи дека на овој начин се потврдиле неговите долгогодишни критики за нерамномерното учество на сојузниците.Во интервју за „МС НОУ“, Трамп изјави дека не е задоволен од одбивањето на европските земји да се вклучат во обезбедување на поморските рути во Ормускиот теснец, нагласувајќи дека САД со години носеле најголем товар во рамки на Алијансата.„Додека јас не дојдов, ние плаќавме 100 проценти од НАТО. Секогаш велев дека тоа е еднонасочна улица. Кога ним им треба нешто, ние сме тука. Но кога нам ни треба, нив ги нема. Се покажа дека бев во право. Ова беше голем тест“, рече Трамп.Тој дополнително ги критикуваше сојузниците и преку социјалните мрежи, нарекувајќи ги „кукавици“ поради одбивањето да учествуваат во операциите за заштита на бродовите од ирански напади.Во интервјуто, Трамп се осврна и на воената кампања против Иран, тврдејќи дека земјата ќе има потреба од најмалку една деценија за да се опорави од последиците од нападите.„Можам веднаш да се повлечам и ќе им требаат десет години да се опорават. Но тоа не е прифатливо. Ако останеме подолго, никогаш нема да се опорават“, изјави тој.Според него, главната цел на операцијата не била промена на режимот, туку спречување на Иран да развие нуклеарно оружје.„Најважно е да не смеат да имаат нуклеарно оружје“, нагласи американскиот претседател.Трамп тврди дека со операцијата „Полноќен чекан“ била „целосно уништена“ способноста на Иран за развој на нуклеарно оружје, иако експертите предупредуваат дека дел од збогатениот ураниум сè уште постои и е складиран во подземни објекти.Покрај тоа, тој повторно изнесе тврдења дека Иран бил „на две недели“ од создавање нуклеарна бомба, што дел од експертската јавност го оспорува.Осврнувајќи се на други глобални прашања, Трамп изјави дека не му е потребна помош од Украина во конфликтот со Иран и оцени дека војната меѓу Русија и Украина би била избегната доколку тој бил на власт.Во однос на Куба, тој испрати нејасна, но предупредувачка порака: „Само гледајте“.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryuvbq70f5b3qkbUy2O0i

30 дена во затворот во Шутка ќе помине директорот фатен со мито од 50.000 евра

Основниот кривичен суд Скопје му определи мерка притвор во траење од 30 дена на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анкиев, осомничен за примање поткуп.Судот го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, при што притворот е определен по сите три законски основи – опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото.Случајот се отвори по акција на Единицата за корупција при МВР, кога осомничениот беше приведен под сомнение дека побарал и примил поткуп во износ од 50.000 евра, како дел од договорена сума од 100.000 евра.Според истрагата, тој како директор вршел притисок врз службени лица да не дозволат увоз на стока за одредена фирма, иако таа претходно била увезувана, по што започнал да бара пари за да го „реши“ случајот и да овозможи непречен увоз.Парите биле предадени преку посредник – шпедитер, а при полициска контрола биле пронајдени во возило, под совозачкото седиште. По примопредавањето, осомничениот беше лишен од слобода.Обвинителството претходно информираше дека против него е отворена истрага за кривично дело „примање поткуп“, а се испитува и дали постои поширока мрежа на инволвирани лица.Од Министерството за земјоделство порачаа дека случајот мора целосно да се расчисти и дека „никој не е над законот“, нагласувајќи дека борбата против корупцијата е приоритет.Истрагата продолжува.

Македонија | пред 1 седмица

media-librarylanq5msr06k433oK8i4

Обвинител бара притвор за директорот на Инспекторатот за земјоделство: притискал за блокада на увоз, па барал 50.000 евра

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побара определување мерка притвор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, осомничен за примање поткуп.Обвинителството информира дека, по спроведена предистражна постапка и координирана акција со МВР, е донесена наредба за спроведување истрага против осомничениот, кој се товари за кривично дело „примање поткуп“.Според досега обезбедените докази, осомничениот во периодот од почетокот на месецот до неговото апсење, како службено лице, директно побарал значителна имотна корист за да влијае врз службени постапки поврзани со увоз на стока.Тој, како што наведуваат од ОЈО ГОКК, вршел притисок врз други службени лица да не дозволат увоз на стока за одредена фирма, иако таа претходно повеќепати била увезувана. Како образложение било наведено дека стоката не ги исполнува законските услови, поради што таа со денови останала блокирана на граничен премин.Откако увозникот побарал дополнително објаснување, осомничениот, според истрагата, започнал со барање поткуп. На средба со шпедитерот и оштетениот, директно побарал 50.000 евра како прва рата, со договор останатите средства да бидат исплатени дополнително за идни увози.Парите биле предадени преку посредник – шпедитер, кој остварил средба со осомничениот, по што било извршено примопредавањето. Веднаш потоа, полицијата го лишила од слобода.Обвинителството оценува дека постојат околности кои го оправдуваат барањето за притвор и до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување на оваа мерка.Истрагата продолжува, а се испитува и евентуална поширока инволвираност во случајот.

Македонија | пред 1 седмица

media-library3b651hlbrs9u6sf7rRv

Осум случаи на семејно насилство за едно деноноќие: мајка тешко повредена, деца жртви на напади

Во последните 24 часа, полицијата евидентирала осум случаи на семејно насилство во Скопје, Тетово и Струмица, при што четири лица се лишени од слобода, информира Министерството за внатрешни работи.Во Струмица, во раните утрински часови, приведен е 23-годишник кој, според пријавата, физички ја нападнал својата 20-годишна сопруга во семејниот дом.Во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полицијата привела 23-годишно лице кое физички ја нападнало својата 51-годишна мајка, при што ѝ нанело тешки телесни повреди, потврдени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.Во Тетово, лишен од слобода е 44-годишен жител на село Боговиње, кој подолг период упатувал закани кон свој роднина поради меѓусебни недоразбирања.Уште едно лице е приведено во Скопје откако, според пријавата, физички ја нападнало својата 53-годишна вонбрачна партнерка.Покрај приведувањата, полицијата регистрирала и четири дополнителни пријави за семејно насилство. Во еден случај, 27-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг физички ги напаѓал нивните малолетни деца. Друга 23-годишна жена пријавила дека била жртва на континуирано физичко и психичко насилство од сопругот.Исто така, 65-годишна жена пријавила дека нејзиниот син ја вознемирувал и ѝ се заканувал, додека 45-годишна жена пријавила закани и вознемирување од сопругот со кого е во бракоразводна постапка.Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Македонија | пред 1 седмица

media-library8gbvr9cjkq0qcYtjtet

Министерството за земјоделство: Никој не е над законот, очекуваме целосно расчистување на случајот со уапсениот директор

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека најостро го осудува секое незаконско постапување, реагирајќи на случајот со апсењето на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство.Од Министерството наведуваат дека очекуваат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство целосно да го расчистат случајот и да постапат согласно законите.„Секое прекршување на законите и злоупотреба на службената положба за личен интерес мора и ќе биде санкционирано. Секој што се огрешил пред законот ќе сноси одговорност“, се наведува во реакцијата.Оттаму потенцираат дека борбата против корупцијата е врвен приоритет и дека, како што велат, „никој не е над законот“.Во соопштението се прави и политичка дистинкција, при што се посочува дека, за разлика од претходните власти, актуелната Влада спроведува неселективна правда, без оглед на функцијата или политичката припадност.„Повеќе нема привилегирани и заштитени, ќе одговара секој, без исклучок“, нагласуваат од Министерството.Воедно, ги повикуваат земјоделците да пријавуваат евентуални злоупотреби, уверувајќи дека институциите функционираат транспарентно и во интерес на граѓаните.

Македонија | пред 1 седмица

media-library98de86mmbqsi9tnQu1b

Детали од МВР: Директорот уапсен со 50.000 поткуп побарал дупло поголема сума, парите ги давала фирма-шпедитер, Анкиев бил фатен на дело

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анкиев (41) од Кочани, е лишен од слобода под сомнение за примање поткуп, информира Министерството за внатрешни работи.Според МВР, акцијата е спроведена на 20 март 2026 година од страна на Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во рамки на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, при што против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за кривично дело „примање поткуп“.„В.А., во својство на службено лице, директор на Државен инспекторат за земјоделство, со цел стекнување на противправна имотна корист од сопственик на правен субјект кој се занимава со увоз, индиректно преку лице шпедитер побарал поткуп во износ од 100.000 евра, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Имено, на оштетеното лице му било образложено дека за стоката која што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник. Со цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати и тоа во еден наврат износ од 50.000 евра и во два наврати по 25.000 евра. На 19.03.2026 извршено е примопредавање на предметните парични средства во износ од 50.000 евра како прва рата од побараниот поткуп, при што истите првично од оштетеното лице ги презема шпедитерот, со цел подоцна да ги предаде на В.А.. По земањето на парите од страна на В.А., преземени се оперативно тактички мерки и активности и врз основа на издадени наредби извршен е преглед на лице, превозно средство и багаж. При прегледот на патничко моторно возило, под совозачкото седиште, парите се пронајдени и одземени“, велат од МВР.Истрагата продолжува, а надлежните институции работат на целосно расчистување на случајот.

Македонија | пред 1 седмица

media-libraryjboo9gik85eq1g1FT5e

„Игри има, резултати нема“ – нов напад од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ со остар тон реагираше на, како што велат, обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку ангажирање на странски ПР агенции да влијае врз јавноста, оценувајќи дека таквите стратегии не даваат резултати.Од партијата наведуваат дека, наместо решенија за граѓаните, власта се занимава со „игри“, додека, како што велат, реални резултати изостануваат.„Сè уште игри, леб никаде“, порачуваат од СДСМ, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ангажира низа ПР експерти и агенции од Србија, но без ефект врз јавноста.Според нив, граѓаните веќе ги препознале овие, како што ги нарекуваат, „дефокусирачки тактики“, поради што, тврдат, владејачката партија бележи пад на рејтингот.Во соопштението, СДСМ изнесува и сериозни обвинувања за поврзаност на лица од власта со криминал и корупција, наведувајќи дека дел од тие кадри веќе се соочуваат со постапки, додека други, како што велат, се во бегство.„Ако навистина сакате борба против криминал и корупција, почнете од сопствените редови“, порачуваат од СДСМ.Партијата исто така ја критикува реториката на ВМРО-ДПМНЕ во однос на националните прашања, оценувајќи дека тврдењата за загрозен идентитет се неосновани и дека тие наративи повеќе не поминуваат кај граѓаните.Во завршницата, од СДСМ порачуваат дека, како што велат, „лагите имаат кратки нозе“ и најавуваат одговорност за, според нив, сите злоупотреби.

Македонија | пред 1 седмица

media-library8p89doflueim19mpZzK

Почина Чак Норис, семејството со емотивна порака: „Го изгубивме срцето на нашето семејство“

Семејството на Чак Норис соопшти дека легендарниот актер и боречки уметник починал ненадејно вчера утрото, опишувајќи ја загубата како длабоко болна. Тој почина на 86 години, а роденден славеше пред десет дена.Во емотивно обраќање, семејството наведе дека Норис бил опкружен со најблиските во последните моменти и дека заминал во мир.„За светот, тој беше боречки уметник, актер и симбол на сила. За нас, тој беше посветен сопруг, грижлив татко и дедо, неверојатен брат и срцето на нашето семејство“, се наведува во пораката.Тие додаваат дека неговиот живот бил воден од вера, цел и непоколеблива посветеност кон луѓето што ги сакал, а преку својата работа, дисциплина и човечност инспирирал милиони ширум светот.Семејството истакнува дека, иако нивните срца се скршени, чувствуваат длабока благодарност за животот што го живеел и за спомените што ги споделиле со него. Особено ја нагласуваат поддршката од обожавателите, кои, како што велат, за Норис не биле само публика, туку пријатели.Во пораката се споменува и неговата неодамнешна хоспитализација, за која јавноста веќе беше информирана, при што семејството се заблагодарува за молитвите и поддршката што пристигнувале од целиот свет.На крајот, тие апелираат за приватност во овие тешки моменти.

Свет | пред 1 седмица

raskovski-mekici

Рашковски добива трет судија: изборот на Савески за републички обвинител го враќа предметот пак одново да се суди

Судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, повторно ќе се врати на почеток, откако судијата Ненад Савески беше избран за републички јавен обвинител. Со неговото заминување од судската функција, предметот ќе треба да биде прераспределен кај нов судија преку АКМИС системот, што значи дека ова ќе биде трет судија по ред кој ќе го води случајот.Претходно, предметот во Основниот кривичен суд Скопје го водеше судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а по неа, постапката ја презеде Савески.Станува збор за предметот „Софтвери“, кој веќе пет години се води пред судските органи, а се однесува на спорни тендери, набавка на софтвери и исплата на хонорари. Обвинението против Рашковски беше поднесено во октомври 2021 година, додека првостепената пресуда беше изречена во јули 2023 година, кога тој беше осуден на осум години затвор.Сепак, Апелацискиот суд во средината на 2024 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење. Во моментов, постапката се наоѓа во фаза на изведување докази, но со новата прераспределба се отвора можност процесот дополнително да се пролонгира.Во текот на повтореното судење, еден од обвинетите – професорот од ФИНКИ, Ивица Димитровски – призна вина. Постапката за него беше раздвоена, а на 17 декември 2025 година судот донесе пресуда врз основа на признание, со која тој беше осуден условно на две години затвор, со рок од пет години во кои не смее да стори ново кривично дело. Дополнително, му беше наложено да ја надомести штетата и му беше изречена забрана за учество во јавни набавки во период од пет години.За останатите обвинети, меѓу кои и Рашковски, процесот продолжува, но со нов судија, што повторно го отвора прашањето за ефикасноста и времетраењето на судските постапки во високо профилираните случаи.

Македонија | пред 1 седмица

ck-dpmne

ВМРО-ДПМНЕ: СДС прави шоу, наместо закони за горивата

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на најавите на СДСМ поврзани со намалување на цените на горивата, обвинувајќи дека наместо конкретни законски решенија, опозицијата води кампања преку прес-конференции.Од партијата велат дека доколку СДС биле сериозни во намерите, уште првиот ден ќе поднеле предлог-закони во Собранието, наместо, како што наведуваат, „пет дена да најавуваат и да свикуваат прес-конференции, небаре промовираат концерт на Харис Џиновиќ“.Според ВМРО-ДПМНЕ, барањето на СДС за намалување на акцизата за четири денари е неосновано во овој момент, бидејќи, како што посочуваат, законските услови за такво намалување не се исполнети.„Во законите јасно е пропишано дека акцизата може да се намали доколку има кризна или вонредна состојба и доколку цената на нафтата по тон надмине 1.200 долари. Во моментов тоа не е случај“, велат од партијата.Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Македонија има едни од најниските цени на горивата во регионот и Европа, нагласувајќи дека тие веќе се намалени за два денара како резултат на, како што велат, владините политики и договори со компаниите.Во соопштението се потсетува и дека во време на претходната власт, СДСМ, заедно со тогашниот премиер Зоран Заев и актуелниот лидер Венко Филипче, трипати ја зголемиле акцизата на горивата.„Со тие зголемувања не се инвестираше во капитални проекти, туку во нивните џебови“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 1 седмица

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања