Заев во сеќавање на Борис Трајковски: Беше оптимист со јасна претстава за реалноста - за него немаше безнадежна ситуација
Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15 годишнината на трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.„Денеска одбележуваме 15 години од трагичниот настан, од авионската несреќа во која го загуби животот претседателот Борис Трајковски и уште си него осуммина негови најблиски соработници и членови на екипажот на авионот.И на овој ден, претседателот Трајковски го прави тоа што најдобро го знаеше: Да собере, да здружи, да обедини, да ги прибере околу себе членовите на заедницата. На овој ден, пред 15 години, во раните претпладневни часови, светот го обиколи страшна, трагична вест: Во авионска несреќа кај Мостар, додека ги извршуваше своите државнички обврски, загина претседателот Трајковски, членовите на неговата придружба и пилотите во авионот.Светот се соочи со фактот дека во тој тажен момент беше прекинат животот на државникот Трајковски додека беше во полн подем, со инспиративна политичка зрелост и политички континуитет што оставија длабока и неизбришлива трага во историјата на современата независна македонска држава. Ненадејната смрт на претседателот Трајковски ни одзеде голем државник, безмерно сакан сопруг, татко, брат и пријател. Ни одзеде сограѓанин кој со извонредна енергија, истрајност, мудрост и трпеливост, ја извршуваше највисоката функција во државата, Истакна премиерот во дел од своето обраќање. Во продолжение тој додаде:Мојот сограѓанин, Борис Трајковски е роден на 25-ти јуни 1956 година во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1980.Беше избран за претседател на Република тогашна Македонија, сега Северна Македонија на 15 декември 1999 година, како втор претседател на нашата независна држава.Во однос на своите надворешно политички определби Трајковски беше максимално посветен на поттикнување на соработката во Југоисточна Европа и на спроведување на неговата заложба за мирна добрососедска политика, со почит за суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните земји. Својата европска визија ја внесуваше како основа за еден нов квалитет во развојот на регионалната соработка.Во 2000 година беше именуван за Витез на Големиот крст од Редот на Свети Михаил и Свети Ѓорѓи, орден и титула што ја доделува Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Истата година го доби највисокото признание - Орден за заслуги „Про Менто Мелитензе“ на Малтешкиот ред, а во 2002 година беше овенчан со Наградата за мир на Светската методистичка организација.Во 2005 година, постхумно, на претседателот Борис Трајковски му беше доделен Орденот на Република Македонија — највисокото државно одликување на нашата земја.Трагичниот настан и судбина прекинаа една брилијантна политичка кариера и еден претседателски мандат во негова полнота.Борис Трајковски ја извршуваше својата должност како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочуваше исправено и храбро, во ниту еден момент не го поколебаа.Својата должност како Претседател на сите граѓани и како врховен командант ја извршуваше со силен личен печат, со цврста истрајност и посветеност кон универзалните, највисоки етички и човечки принципи, во кои непоколебливо веруваше и во кои беше длабоко убеден дека се најдобриот избор.„Миротворец на Балканот“, „разумен политичар“, „човек со демократски визии“, „човек за мир и дијалог“, „почитуван лидер и пријател“ беа најчесто споменуваните зборови во изјавите и писмата на државниците и светските политичари како признанија и поддршка за неговото дело.Во овие зборови и признанија, изразени од водечките светски државници и политичари, се содржани придобивките од политичкото наследство што го остави Трајковски во неговата државничка кариера.Луѓето што го познаваа лично и неговите блиски соработници ми велат дека тој безрезервно, без најмал сомнеж се впушташе во реализација и остварување на задачите и целите што ги поставуваше пред себе, а кои секогаш беа обликувани, дефинирани од интересите на граѓаните, истакна Заев пред присутните и додаде:Беше оптимист со јасна претстава за реалноста и можностите, а неговата искрена посветеност сведочеше дека за него нема безнадежна ситуација.Се паметат и овие негови зборови: „Да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа. Мораш да ги обединуваш луѓето од различно потекло и со различни мислења. Не треба само да им проповедаш, туку и да им служиш, да ги водиш, да страдаш со нив. Јас имам многу важна морална улога – да ги водам, да ги охрабрувам луѓето, да знаат што е добро, а што лошо и да ги натерам луѓето да си веруваат… “, зборуваше претседателот Трајковски.Сопругот и таткото Борис Трајковски беше цврсто поврзан со своето семејство. Со огромна радост, внимание и задоволство го минуваше секој слободен миг со нив.И денеска е тешко е да се најдат зборови на утеха и за спокој во нивните срца за огромната загуба за семејството.За неговото лично, и за семејството на кое му припаѓаше како државник – нашата заедничка македонска држава.Вечна му слава, нека е вечно сеќавањето на нашиот претседател, истакна во дел од своето обраќање премиерот Зоран Заев.
Македонија
|
пред 6 години