ТОП

Screenshot-2025-07-01-at-15.56.09

Кос без дипломатски ракавици: Уставните измени се единствениот начин!

Еврокомесарката за проширување Марта Кос синоќа испрати јасна порака од Европскиот парламент: за Северна Македонија да продолжи по патот кон ЕУ, мора да ги усвои уставните амандмани.Во обраќањето за време на дебатата за Извештајот за напредокот на земјава што го подготви европратеникот Томас Вајц, Кос нагласи дека пристапувањето кон Европската Унија е главен двигател на клучните реформи и дека Скопје има историска можност да направи исчекор.„Владата во Скопје има историска можност и одговорност да направи решавачки чекор кон ЕУ и да го искористи моментумот на проширување што е очигледно, постои. Ние продолжуваме да ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, изјави Кос.Таа истакна дека со усвојувањето на Извештајот, Унијата испраќа јасен сигнал на поддршка за европската перспектива на земјава, но и укажува на конкретните чекори што мора да се преземат за напредок во преговорите.„За време на моите разговори со лидерите на Северна Македонија во Скопје, минатата недела, ја истакнав нашата посветеност како ЕУ да ја поттикнеме земјата да продолжи напред во процесот на пристапување. Исто така, во неколку наврати, потсетив на потребните чекори што треба да се преземат за да се отворат пристапните преговорите за кластерот ‘Основани вредности’. Единствен начин за тоа е да се усвојат уставните амандмани“, рече Кос.Таа наведе дека земјава веќе има испратено ажурирани патокази до Европската комисија за владеење на правото и реформа на јавната администрација, како и дека активно работи на Планот за раст на Западен Балкан.„Овие напорите не треба да запрат тука, бидејќи спроведувањето на реформите е од суштинско значење“, истакна еврокомесарката.Според неа, извештајот за Северна Македонија претставува избалансирана проценка на состојбата во земјата, со јасни препораки за приоритетите: владеење на правото, основните човекови права, независно судство, борба против корупцијата и ефикасна администрација.„Извештајот за Северна Македонија дава сеопфатна и избалансирана проценка на ситуацијата во земјата, вклучително и во клучните области, како што е владеењето на правото. Северна Македонија треба да ги засили реформите, особено во областа на прашањата за основните права и треба дополнително да го зајакне владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и да ја реформира јавната администрација“, рече Кос.На крајот, таа упати благодарност до Европскиот парламент за поддршката на демократските процеси во земјава.„Изразувам благодарност до Европскиот парламент за неговиот постојан ангажман во зајакнувањето на демократските процеси во земјава и неговата клучна улога во охрабрувањето на сите политички сили конструктивно да работат заедно на унапредување на нејзиниот пристапен пат“, заклучи Кос.

Македонија | пред 6 месеци

Irena-Joveva

„Ви треба чесност, интегритет и храброст за да го признаете македонскиот народ“, словенечката европратеничка Ирена Јовева на македонски јазик им порача на бугарските колеги

Во Европскиот парламент денеска се гласа за Предлог-извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од специјалниот известувач за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц. Расправата за документот започна уште вчера, а дебатата доби силна димензија поради амандманите поврзани со македонскиот јазик и идентитет.Словенечката европратеничка Ирена Јовева, членка на партијата „Движење за слобода“ и дел од парламентарната група „Обнова на Европа“, се обрати на македонски јазик директно до бугарските европратеници.„За да постои на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет, храброст – знам“, порача Јовева, која е од македонско потекло.Таа претходно јавно соопшти дека нема да поддржи никакви измени кои би воделе кон бришење или негирање на македонскиот јазик и идентитет во европскиот извештај.Првичната верзија на извештајот ги содржеше референците на македонскиот народ и јазик, но подоцна беа предложени амандмани за тие да се формулираат како „модерни“, односно „сегашни“, а на крајот и целосно да се изостават.Обраќањето на Јовева предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде што нејзиниот говор беше споделен од повеќе јавни личности и поранешни политичари, меѓу кои и Љупчо Димовски.

Македонија | пред 6 месеци

1200px-Informal_meeting_of_ministers_for_foreign_affairs_Gymnich._Arrivals_Nikola_Dimitrov_36957321831

Димитров до Бугарија: Како не ве срам – македонскиот народ не е ваш “зап’рт’к”!

Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, остро реагираше на изјавата на поранешниот бугарски амбасадор и европратеник Александар Јорданов, кој во интервју за „Дојче Веле“ го нарече македонскиот идентитет „политички зап’рт’к“ – термин што во бугарскиот јазик означува нешто неразвиено и неуспешно уште во зародиш.Димитров ваквата изјава ја оцени како „ужасен говор на омраза“, инспириран од „антиевопска амбиција да се негира постоењето и посебноста на еден европски народ“.„Да си даде човек, а уште пострашно, една политика – право да зборува за други луѓе, во друга држава, кои се и какви се, од кога се – е антиевропски, антицивилизациски, непристојно и бедно“, напиша Димитров на својот Фејсбук профил.Тој нагласи дека доколку самиот бил дипломат или министер, без двоумење би поднел оставка при првиот обид за спроведување ваков вид политика кон друг народ.„Колку се државите големи, не во територија туку во вредности и цивилизациски габарит, најдобро се гледа по тоа како си ги третираат соседите. Прашањето е: дали Бугарија расте со својот однос кон македонскиот народ или станува сѐ помала?“, прашува Димитров.Тој посочи дека идентитетските прашања се лична и колективна работа на самите народи и дека обидите за надворешно дефинирање на етничкиот идентитет се не само опасни, туку и поразителни за добрососедските односи.Како поткрепа, Димитров се повика и на ставот на група бугарски интелектуалци кои уште во 2020 година потпишаа петиција во која се наведува:„Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација значително се разликува од начинот на формирање на другите нации.“Во завршницата на објавата, Димитров апелираше до бугарската јавност и политичари да покажат разбирање, емпатија и почит.„Аман, ставете се во нашите чевли. Замислете ваш поголем сосед да го нарече бугарскиот идентитет ‘политички зап’рт’к’. Со дикат и усул, комшии. Во името на историјата – и на иднината“, порача тој.

Македонија | пред 6 месеци

IMG_6897

МВР со црн билтен: Малолетничка од Гостивар е жртва на обљуба, измамена старица и нови случаи со дрога

Маж од село Чегране, гостиварско, е приведен поради сомнение дека полово вознемирувал 12-годишно девојче во подрумска просторија на зграда во Гостивар. Случајот го пријавил таткото на девојчето, кој навел дека осомничениот ја допирал неговата ќерка и ѝ ветил пари за да не каже никому. По интервенција на полицијата, 72-годишниот А.Д. е задржан во станица, а известени се и јавен обвинител и Центарот за социјални работи Гостивар.Во билтенот на МВР се евидентирани и повеќе случаи поврзани со дрога. СВР Куманово поднесе кривична пријава против 38-годишниот Д.С. од Куманово, кај кого на 1 март е пронајдена марихуана. Во Струмица, Т.П. (34) од село Миравци се соочува со пријава, откако при претрес во просторија во Затворот Гевгелија биле пронајдени марихуана, дигитална вага и мобилен телефон. Во Скопје, на 7 јули, се приведени четири лица на различни локации поради поседување на марихуана – Д.А. (18), Е.А. (28), М.К. (34) и Џ.С. (21).На Табановце, на 29 мај, полициски службеници утврдиле дека М.Ј. (47) од село Житоше, прилепско, приложил фалсификувана лична карта при обид да влезе во државата. Против него е поднесена кривична пријава за „фалсификување исправа“.МВР регистрираше и неколку сериозни сообраќајни инциденти. Во Скопје, на крстосницата меѓу улицата „Ацо Шопов“ и булеварот „Партизански одреди“, велосипедист на 61-годишна возраст се здобил со тешки телесни повреди откако во него удрило патничко возило „мерцедес“, управувано од 62-годишен скопјанец. Повредениот е хоспитализиран во ГОБ „8-ми Септември“. Во населба Драчево, жител на Скопје (45) добил струен удар на железничка пруга и бил пренесен во Клиничкиот центар. Повреди добил и пожарникар (48) од Средно Коњари, кој паднал од четирицикл додека се префрлувал меѓу две локации на пожар во Бразда. И тој е пренесен во „Мајка Тереза“.Во Горно Оризари, велешко, малолетник со нерегистриран мотоцикл не застанал на знак од полицијата, удрил во еден од службениците, а потоа и во полициско возило, по што избегал. По интервенција на полицијата, малолетникот е пронајден и со него е извршен службен разговор во присуство на родител и социјален работник.На подрачјето на скопското село Голиево настанал пожар во кој биле опожарени три куќи, гаража, помошна просторија, ниви со жито, садници и други предмети. Повредени лица нема. Пожарот бил изгаснат од Противпожарната бригада на Скопје.Од аеродромот „Скопје“, на влез во државата, приведени се две лица. А.С. (35) од Скопје е лишен од слобода поради постоење мерка „апси“. А.Д. (29) е приведена поради агресивно однесување кон полициски службеник и поседување остар предмет.Во Скопје е пронајден 13-годишниот Н.С., кој два дена претходно бил пријавен за исчезнат од неговиот згрижувач.Жителка на Скопје (84) пријавила дека била измамена за 261.000 денари. Како што навела, непознато лице ѝ се јавило и ѝ се претставило како полициски службеник, тврдејќи дека нејзината ќерка прегазила дете и дека за да не оди во затвор, мора да плати. Жената ги оставила парите на договорено место, но подоцна сфатила дека била измамена.Физички напади се пријавени во неколку скопски општини. Во Ѓорче Петров, 27-годишна жена пријавила дека била нападната од едно лице. Во приватна здравствена установа во истата општина, 44-годишен скопјанец бил нападнат од две лица (70 и 33 години), при што му била нанесена повреда со остар предмет. Во Аеродром, по недоразбирање во сообраќајот, избила тепачка меѓу три лица од Струга и Студеничани.Сите случаи се документираат и против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Македонија | пред 6 месеци

vikendici

Градоначалникот на Чучер Сандево: Едно лице побара лекарска помош поради вдишување на чад, а изгореа и неколку викендички

Пожарот што веќе трет ден беснее на подрачјето на општина Чучер Сандево предизвика сериозна материјална штета и опасни услови за жителите. Градоначалникот Сашко Комненовиќ посочува дека досега се опожарени седум викенд-куќи на местото викано Голиово, а едно лице побарало лекарска помош поради вдишување чад.Контра изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој за медиумите тврдеше дека нема опожарени објекти и дека манастирот Свети Никита не бил во опасност, Комненовиќ дава сосема различни информации.„Директорот не знае што зборува. Јас сум тука трет ден, дома не сум појден, имаме седум опожарени викенд-куќи и на место викано Голиово. Манастирот Свети Никита во моментов не е во опасност. Имаме противпожарно возило кај него, имаме луѓе од граѓаните кои живеат во непосредна близина, но во текот на вчерашниот ден беше во опасна состојба, беше многу блиску пожарот до самиот манастир. Пред два часа имавме пожар во Кучевиште, го локализираме и се сомневаме дека е подметнат. За воените возила гледав и слушав од медиумите, искрено незнам како функционираат, видов неколку тука“, вели Комненовиќ.Според него, иако на терен има пожарникари, непристапниот терен ја отежнува интервенцијата.„Доброволци има на терен многу, сè што е здраво, живо и подвижно гаси. Пожарот во моментов е активен, го држиме под контрола, но како ќе се зголемуваат температурите можно е да се зголеми интензитетот на пожарот“, додаде градоначалникот.Општина Чучер Сандево веќе тридена се соочува со пожари на повеќе локации, додека жителите, пожарникарите и волонтерите вложуваат напори да спречат ширење на огнот, особено во услови на високи температури и тешко пристапни терени.

Скопје | пред 6 месеци

EP

Мицкоски има најави од европратеници дека нема да гласаат за бришење на македонскиот јазик и идентитет од извештајот на ЕП

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека дел од европратениците најавиле оти нема да го поддржат амандманот со кој се бара бришење на споменувањето на македонскиот идентитет и јазик во нацрт-извештајот на Европскиот парламент.Според него, ова е првпат од осамостојувањето на Македонија нејзиниот идентитет и јазик да бидат вклучени во ваков документ, а обидите тоа да се избрише ги спореди со „талибански начин на делување“.„Таму има голем број на пратеници дел од Европскиот парламент. Се јавуваат и кажуваат дека нема да гласаат за амандманот кој има за цел на талибански начин, на извештајот кој е на маса, за првпат од осамостојувањето на Македонија, да опфати македонски идентитет и македонски јазик. Нема да гласаат за да се тргне тоа.А никогаш досега македонски идентитет и македонски јазик не се појавиле во извештајот. Известувачите во сенка не верувам исто дека ќе го поддржат тој амандман“, рече Мицкоски.Тој рече дека ова е последица на авантурата од 2022 година на Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ.

Македонија | пред 6 месеци

stojance-angelov1

(Видео) Некој намерно потпалува кај Блаце оти се најдени палети полиени со бензин, во Чучер Сандево не се изгорени куќи, ниту има опасност, вели Ангелов

Во Чучер Сандево не се изгорени куќи, црковни објекти не се во опаност, Ова го вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Тој посочи дека на патот кон Блаце, се најдени палети, односно дека некој се обидел да го реактивира пожарот.„Не е точна веста дека вчера некој манастир или црква биле во непосредна опасност од пожарот, исто така не е точна веста дека изгореле три куќи од село Чучер, апсолутно во текот на вчерашниот ден не дозволивме да изгори ниту една куќа“, рече директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.Тој рече дека за пожарот на патот кон Блаце, има уште повеќе индиции дека е подметнат.„Пожарникарите најдоа дрвени палети, претходно намачкани со бензин и фрлени во смреки. Некој намерно се обидуваше да го реактивира пожарот кој е под контрола“, рече Ангелов.

Скопје | пред 6 месеци

sneg-Slovenija

Прв јулски снег во Словенија, во 10 часот биле измерени 0 степени на Кредарица и Канин

По минувањето на студен фронт, температурите во Словенија паднаа доволно ниско за највисоките врвови во земјата да добијат снежна покривка во јули. Линијата за снег се спушти на околу 2.200 метри надморска височина, соопшти Словенечката агенција за животна средина (ARSO).Снимките од метеоролошките камери на Кредарица и Канин јасно го покажуваат првиот јулски снег, а на највисоката метеоролошка станица на Кредарица во 10 часот наутро се измерени 0 °C.

Актуелно | пред 6 месеци

0BD6D5C7-09E3-4D7C-9ECA-726723107B72_1_105_c

Уапсен тетовец поради уцена на малолетничка – ѝ барал пари за да не објави експлицитни фотографии

На 7 јули 2025 година, околу 14 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода 20-годишниот Р.Р. од Тетово, поради основи на сомнение дека извршил кривично дело уцена врз малолетничка од тетовско село.Случајот бил пријавен од мајката на оштетената, која навела дека осомничениот, со кого нејзината ќерка била во љубовна врска изминатите три години, барал пари за да не објави нејзини експлицитни фотографии на социјалните мрежи. Во текот на 2025 година, тој неколкупати се заканувал и изнудувал пари од малолетничката, а во два наврати ѝ биле дадени вкупно 800 евра.И покрај тоа, уцените продолжиле, по што случајот бил пријавен во полиција. Р.Р. е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 259 став 1 од Кривичниот законик – Уцена.

Македонија | пред 6 месеци

Sokol

Поднесено обвинение против ексдиректорот на затворот во Шутка и затворски полицајци

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања поднесе обвинителен предлог против осуммина вработени во КПУ Затвор Скопје, информираа од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.Меѓу обвинетите се директорот на установата и седум полициски службеници, кои се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, а дел од нив и за несовесно работење во службата.Според Обвинителството, во периодот од март до јули 2024 година, тие со умисла овозможиле незаконски погодности на петмина осуденици, дозволувајќи им да се спроведуваат до своите домови и други приватни локации, спротивно на прописите за изведување на лица лишени од слобода надвор од установа.Постапката беше отворена во февруари годинава против вкупно десетмина, но за две лица е донесено решение за отфрлање поради недостаток на докази.

Македонија | пред 6 месеци

lami

Ламите во ЗОО Скопје починале од туберкулоза

Парична казна за Зоолошката градина во Скопје поради непријавена зараза кај животниПо објавите во медиумите за угинати лами во скопската Зоолошка градина, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредна инспекциска контрола, при што утврди низа пропусти од страна на установата.Зоолошката градина е санкционирана со парична казна во вкупен износ од 650 евра – од кои 500 евра се наменети за правното лице, а 150 евра за одговорното лице во рамки на институцијата. Причина за казната е тоа што не бил пријавен сомнеж за појава на заразна болест кај животните, иако за тоа постои законска обврска.Како дополнителна мерка, од Зоолошката е побарано да ги дислоцира двете преостанати лами, кои биле затекнати при контролата, на локација без контакт со луѓе и со обезбедени услови за нивна благосостојба.„Дополнително, наредено и е да изврши дислоцирање и ставање во изолација на две лами кои биле затекнати на одгледувалиштето при надзорот и тоа на место во кое животните ќе немаат контакт со луѓе и ќе биде запазена нивната благосостојба. За две од угинатите животни лабораториски потврдено е дека угинале од заразна болест туберкулоза (зооноза) која може да се пренесе и е опасна и за луѓето. За третото угинато животно по извршениот патолошки преглед се чека и лабораториска потврда на истата болест“ – информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Скопје | пред 6 месеци

centar-1-1

Герасимовски: Општина Центар со свои ресурси помага во гасењето на пожарот во Чучер Сандево

По барањето и апелот за помош на жителите на Чучер-Сандево, која се бори со огнената стихија, Општина Центар со своето јавно претпријатие ПОЦ , активно се вклучи во гасењето на големиот шумски пожар. Во акцијата се ангажирани вработени на ПОЦ и цистерна на Општина Центар, како дел од координираниот одговор на институциите. Градоначалникот Горан Герасимовски, упати апел до сите граѓани да бидат совесни и претпазливи. „Во ситуации како оваа, најважни се вниманието, дисциплината и одговорноста. Ги повикувам граѓаните да бидат совесни во овие жешки денови и да се придржуваат до сите препораки на службите и да не преземаат ризични активности во опожарените  подрачја",  порача Герасимовски. Поради сериозноста на состојбата, Општина Чучер Сандево бара од Владата прогласување на вонредна состојба и меѓународна помош. Општина Центар останува мобилизирана и подготвена да помогне, со сите свои расположливи ресурси, сѐ додека пожарот не биде ставен под целосна контрола.

Скопје | пред 6 месеци

split-traekt

Потона туристички брод во Сплит, по удар на ферибот во два брода „Капетанот спречи голема несреќа“

Бурата што го опустоши Сплит предизвикува проблеми од час во час. Ферибот се судри со два други брода во сплитското пристаниште. Еден од нив потона.Фериботот „Петар Хекторовиќ“ удрил во катамаран и голем излетнички брод. Екскурзискиот брод потона.„Во сплитското пристаниште, јажињата што го врзуваа фериботот Петар Хекторовиќ за брегот се скинаа, поради што тој удри во два брода - голем катамаран и туристички екскурзиски брод, кој потона. Брзата интервенција на капетанот спречи поголема несреќа“, соопшти Капетанот.Официјални информации за повредени сè уште не се објавени, а материјалната штета е значителна.Сплит и околината беа погодени од голема бура околу 9 часот наутро, со обилни дождови, град и силни ветрови кои соборуваа дрвја, а беше и прекината и електричната енергија. Големи поплави се случуваат и на многу патишта.Бурата почнала со силен ветер што разнесе сè, и силен град и дожд. Жителите на Сплит масовно повикуваат на помош.фото: Читател на Јутарњи.хр

Актуелно | пред 6 месеци

selter

(ФОТО) Пожарот кај Скопска Црна Гора ја загрозува безбедноста на кучињата од шелтерот „Шепасти ентузијасти“ – се бара итна помош

Шелтерот за напуштени кучиња „Шепасти ентузијасти“, кој се наоѓа во близина на Скопска Црна Гора, се соочува со сериозна опасност поради пожарот што дивее во овој регион веќе два дена. Активистите алармираат дека животите на десетици животни се загрозени и повикуваат на итна поддршка од јавноста.„Цела ноќ сме на терен, без сон, во обид да спречиме најлошото. Мокриме, наводнуваме, набавуваме средства за гаснење, но тоа не е доволно“, објавија од засолништето на нивниот официјален профил.Со цел да спречат ширење на огнот, активистите веќе ангажирале багер кој треба да ископа заштитен појас околу објектот, со препорачана ширина од три метри. „Не прашавме ни колку ќе чини – само да стигнеме навреме да се заштитиме“, наведуваат тие.Планираат да набават и противпожарни апарати, свесни дека тие можеби нема да бидат доволни, но веруваат дека можат да спасат животи доколку ситуацијата ескалира.„Нашите шепасти се сè што имаме – и нема да ги оставиме. Но ни треба вашата помош“, порачуваат од тимот на Шепасти ентузијасти.Апелот е упатен до сите граѓани, компании и институции кои се во можност да донираат, со пораката дека секој денар е важен.

Скопје | пред 6 месеци

ohridsko-ezero

Македонскиот бисер во голем ризик – УНЕСКО предлага Охридскиот регион да биде впишан на листата на светско наследство во опасност

Охридскиот регион се соочува со нов сериозен притисок од УНЕСКО – во нацрт-документ усвоен на 47. сесија на Комитетот за светско наследство, која се одржува во Париз, се предлага мешовитото природно и културно наследство на Охридскиот регион да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.Причината, како што се наведува, е продолжената деградација на заштитените вредности, вклучително и урбанистичкиот хаос, неконтролираната изградба и несоодветното институционално управување со регионот. Во документот се констатира дека државата не презела доволни мерки за спроведување на претходните препораки од УНЕСКО и не обезбедила ефективна заштита на објектите, просторот и екосистемите што се дел од светското наследство.Комитетот повторно укажува на потребата од подготвување Стратешка еколошка проценка која ќе ги опфати сите кумулативни влијанија врз заштитеното подрачје – нешто што се очекува од македонските институции веќе подолго време. Во меѓувреме, се бара целосна суспензија на измените на деталните урбанистички планови, како и одобрувањето на нови развојни проекти, особено надвор од населените места, сѐ додека не се завршат сите неопходни проценки.Во документот се нотира и стагнацијата во подготовката на новите генерални урбанистички планови за Охрид и Струга, како и отсуството на соодветни инструменти за просторно планирање на неизградените зони. Од властите се бара итна систематска проценка на негативното влијание од постојните нелегални градби, со можност за нивно отстранување или ублажување на последиците.Посебно внимание е посветено на Студенчишкото Блато, за кое УНЕСКО бара итна забрана на сите градежни активности во неговата околина, вклучително и кај комплексот „Горица 3“, сѐ додека не се направат сите релевантни проценки.Во делот на трансграничната соработка, УНЕСКО ги повикува Северна Македонија и Албанија да го зајакнат дијалогот на институционално и оперативно ниво, со цел да се обезбеди координирано и одржливо управување со целиот регион.Комитетот бара и изработка на нова студија за крајбрежната зона на македонскиот дел од езерото, како и префизибилити студија за алтернативна траса на железницата од Коридорот 8, со сите потребни еколошки и инфраструктурни анализи. Се препорачува прекин на сите активности поврзани со изградба на делниците, додека не се достават и разгледаат студиите.Во заклучокот на нацрт-одлуката се потсетува дека постојните и кумулативни влијанија – меѓу кои се еутрофикацијата на езерото, лошото просторно планирање, несоодветните интервенции и големите инфраструктурни зафати – довеле до сериозно нарушување на клучните вредности на регионот, што претставува реална закана за неговиот статус.Доколку нацрт-одлуката биде усвоена, тоа нема да значи дека Охридскиот регион се брише од листата на заштитени подрачја, туку ќе биде класифициран како регион во опасност. За дел од експертите, ваквиот чекор е можност да се добијат дополнителна поддршка, експертиза и ресурси од УНЕСКО за справување со децениските проблеми.фото: Unsplash

Македонија | пред 6 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања