Македонија тоне по животен стандард – инфлацијата достигна 4,5%, тврди СДСМ
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира дека реалните економски показатели ги побиваат, како што велат, „лажните тврдења на власта“ за економски бум.„Последните податоци за инфлацијата покажуваат дека, спротивно на уверувањата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, цените и понатаму растат, а куповната моќ на граѓаните се намалува,“ соопштија од партијата.Според Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври изнесува 4,5%, при што цените на храната и безалкохолните пијалаци пораснале за 7%.„Ова значи дека основните производи без кои не може ниту едно семејство – како лебот, млекото и зеленчукот – се сè поскапи,“ наведува СДСМ.Цените на мало се зголемиле за 2,8% во споредба со октомври лани, а најголем раст има кај прехранбените производи (6,7%) и кај овошјето и зеленчукот (4,3%).Партијата смета дека ова е доказ дека економските политики на Владата се промашени и без резултати, и дека сметката ја плаќаат граѓаните преку повисоки трошоци за живот.„Платите и пензиите не го следат растот на трошоците. Животот секој ден станува поскап, а Владата не презема ништо,“ додаваат од СДСМ.Во соопштението се вели дека во новиот буџет за 2026 година не е предвидено зголемување на минималната плата на 500 евра, ниту мерки за намалување на цените на храната, како што партијата претходно предлагала.„На ВМРО-ДПМНЕ им одговара граѓаните да живеат полошо. Тоа е нивна стратегија за слабеење на народот и создавање евтина работна сила. Но граѓаните тоа го препознаваат,“ порачаа од СДСМ.Тие додаваат дека ќе продолжат да предлагаат конкретни политики за повисоки плати, пониски цени и подобар животен стандард.
Македонија | пред 2 месеци