Македонија

Се коментираше и секс снимката во Судски совет: Судијата Авдија е избран за претседател на Граѓански суд

Со 11 гласа „за“, Бесник Авдија беше избран за претседател на Граѓанскиот суд-Скопје, и покрај секс-скандалот за кој пишуваа медиумите пред четири години, а по изнесените сомнежи како положил тест за интегритет. Сепак, бидејќи нема постапка, кривична одговорност, дисциплинска повреда – членовите сметаа дека нема зошто тој да не биде избран. Ја коментираа и снимката која беше објавена, а за која медиумите тврдеа дека е снимена во Граѓанскиот суд.

„Има позитивна оценка, ги исполнува сите други услови предвидени со закон. Судија е во Основниот граѓански суд, ги знае проблемите во судот, сметам дека ќе ја извршува совесно и професионално работата како претседател. Во врска со овој кандидат, во јавноста беа изнесени некои податоци и во овој момент, можам да кажам дека она што е изнесено е за настан од 2019 година. Сметам дека тоа не е причина, кога нема утврдени факти, да во овој момент во советот, а со оглед дека се уште не е расправано по претставката поднесена од некое лице – за да доведе да не гласам за овој кандидат. Доколку се утврди дека има некакви причини за да не ја врши таа функција – Советот ќе постапува. Овој кандидат има психолошки тест и тест за интегритет. Не можам поинаку да гласа“, рече Мери Радева.

Се надоврза и судијката Антоанета Димовска, која доаѓа од Граѓанскиот суд.

„Тој беше единствен кандидат кој ги исполнува сите услови. Колегата го познавам лично. Точно е дека во јавноста се појави претставка која е анонимна, за настан од 2019 година за кој сум лично запознаена. Лично гледајќи ја снимката, не можам да кажам дека тоа би било пречка, а нема постапка за детално да се испита, за да се види дали тоа е некаква дисциплинска повреда. Сметам дека е тенденциозно доставувањето на претставата еден ден ред изборот. Тоа е настан од 2019 година. Нема што друго да порачам, освен добро здравје и добро да балансира и менаџира“, кажа судијката Димова.

Судијата Бесник Авдија и е познат на јавноста по секс-скандалот и снимката која протече во јавност, а за која се тврдеше дека е направена во Граѓанскиот суд. Сепак, и покрај ова, тој го помина тестот за интегритет и документот го достави до Судски совет. Со ова, поминал уште една пречка, за членовите на Судски совет да можат без проблем да гласаат за неговата кандидатура која е со целосна документација.

„Доставено е стручно мислење, по кое, секој кандидат се препорачува за избор на претседател на суд“, кажа Ивица Николовски, член на Судскиот совет за резултатите од спроведените тестови за интегритет.

Но, проблем во неговиот избор гледа граѓанин кој во период од еден месец доставил две претставки до Советот, а тропнал и на вратите од пет амбасади. Сега, за секс скандалот знаат и САД, Франција, Германија, ЕУ, Холандија.

„По неговото именување како судија во Основен граѓански суд Скопје, Бесник Авдија како судија на овој суд, за неговите биолошки потреби вршеше сексуални дејствија со вработена во овој суд во службени простории на овој суд. За овој настан постои и видео клип. За тоа дека постои таков видео клип ви предлагам да се обратите до претседателот на овој суд, Илир Сулејмани и од него да побарате подетални информации“, стои во дел од претставката, која во Судскиот совет е архивирана на 20 октомври, а во која поднесителот посочува дека ваквите судии се причина за ниската доверба во правосудните органи.

Бесник Авдија суди имотни спорови и спорови од мала вредност. Детали за спорови кои ги водел – нема. На веб-страницата од судот, нема ниту негова фотографија.

(Видео) Судијата со секс скандал добил уверение за интегритет, на чекор е да стане и претседател на Граѓански суд веќе утре

На почеток