Промени тема
Контакт
„Претрес“ на адвокатката на газдата на „Пулс“: Вина, мито, пиротехника, тефтерот, лиценци, сведочења
„Претрес“ на адвокатката на газдата на „Пулс“: Вина, мито, пиротехника, тефтерот, лиценци, сведочења

Скопје1.мк

solza

Глас за Македонија бара оставка на Владата

Глас за Македонија бара оставка на Владата поради, како што велат, фијаското на нејзината стратегија, по блокадата на Бугарија.„Глас за Македонија во целокупниот претходен период укажуваше јасно и гласно, дека стратегијата на жртвување на националните интереси ќе доведе до целосен пораз на надворешната и внатрешната политика. Тоа во моментов значи и национален и безбедносен ризик по државата. Последицата од овие политики е ослабување на македонското народно јадро, сведувајќи го во северномакедонските административни граници со северномакедонски атрибути. Тоа значително ја ослабе нашата меѓународна позиција. Ќе треба голема политичка волја и напор за санирање на грешките на оваа Влада. Овие грешки ги увидоа дури и досегашните гласноговорници на нејзината политика. Премногу доцна“, се вели во соопштението.Глас за Македонија истакнува дека идентитетските прашања за македонскиот народ, како и за кој било друг народ, имаат суштинско значење и неограничена вредност и во однос на нив не треба да има никакво отстапување.„Почитувањето на разликите и на спецификите во идентитетот, историјата, културата, јазикот и традицијата на македонскиот народ, како впрочем и на кој било друг народ, мораат да бидат основа за натамошното надворешно-политичко дејствување. За жал оваа прва лекција која е вградена во сите устави на светот, Владата ја пропушти. Не можеме да очекуваме дека носителите на ваквата пропадната политика имаат кредибилитет, знаење, и волја за создавање на нова национална стратегија. Тие ќе продолжат да се движат по патот на отстапки кон уценувачите, чии барања нема да сопрат“, пишува во соопштението.

Македонија | пред 5 години

koronavirus

На инфективните одделенија во земјава се лекува 831 пациент, слободни кревети има

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 689 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во регионалните центри во Битола и Штип се хоспитализирани дополнително 142 болни, со што вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на КОВИД -19 вирусот кои болнички се лекуваат на инфективните одделенија е 831.Во болниците во внатрешноста има околу 70 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 83 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 59 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 73 болни, а во Куманово 100 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 110, во ковид центарот во Гостивар 48, а во Струга 30 болни. Во болницата во Струмица лежат 84 пацинети, во Кочани 31, во Кичево 19, Кавадарци 40, а во Гевгелија 10 лица позитивни на корона вирусот.Имајте во предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1271 и има колку 90 празни болнички кревети во ковид центрите.Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Македонија | пред 5 години

Нема фотографија

Обвинение за татко и син – дилери на кокаин

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против двајца жители на населба Ченто. Обвинетите, татко (49) и син (22), се товарат дека сториле кривично дело – „ Неовластено производство и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.Обвинетите, во првата половина на 2020 година, неовластено заради продажба купиле наркотична дрога – кокаин по потекло од Јужна Америка, од непознато лице, припадник на меѓународна организирана група. Купената дрога сите заедно ја пренеле преку државната граница во земјава и неовластено ја држеле во заедничката семејна куќа во населбата Ченто. Таткото имал задача, во зависност од нарачките на заинтересираните купувачи, дрогата да ја дели и препакува во пакувања од 0.5 до 5 грама, додека синот бил задолжен за продажбата. Од почетокот на јули 2020 година до 03.09.2020 година обвинетите по претходни телефонски договори, наркотичната дрога – кокаин неовластено ја продавале на купувачи – корисници од с.Кондово, Скопје, Тетово и Неготино.Во прилог на Обвинителениот акт, надлежниот обвинител достави и Посебен предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети. Притоа беше земено предвид дека се работи за недозволена трговија со кокаин што е поскап вид на дрога, дека за сторителите материјалната страна на обезбедување услови за бегство и за различни начини на попречување на истрагата не претставува проблем, како и евентуалната нивна поврзаност со сторители во меѓународна група специјализирана за недозволена трговија со дрога кои би овозможиле нивна понатамошна ангажираност за повторно вршење на ваков вид на кривични дела.

Македонија | пред 5 години

18112020_Inspekciski-sovet_pres-konferencija_2

Во последните седум дена инспекциските служби извршија 4.822 контроли, 2 угостителски објекти се затворени поради прекршување на здравствените протоколи

На денешната редовна прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска- Грашкоска, ги презентираше податоците од спроведените контроли на инспекциските служби во периодот од 9 до 15 ноември. Во овој период Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, спроведоа вкупно 4.822 контроли, од кои 1.754 се надзори. Притоа, Државниот здравствен и санитарен инспекторат во посочениот период изврши 80 надзори, врз основа на кои изрече 6 решенија. Притоа, овој инспекторат којшто покрај вршењето на надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање на решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 13.676 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19. Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 3.068 контроли и 619 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушењето и др. При контролите на ДПИ, е констатирано дека два угостителски објекти ги прекршиле здравствените протоколи, при што на истите на лице место им е изречена мерка за привремено затворање на објектите.Државниот здравствен и санитарен инспекторат во периодот од 9 до 15 ноември изврши 80 надзори, врз основа на кои изрече 6 решенија. Притоа, овој инспекторат којшто покрај вршењето на надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање на решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 13.676 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19.Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 3.068 контроли и 619 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушењето и др. При контролите, изречени се 31 прекршочна пријава од кои 2 прекршочни пријави се поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести. Овие 2 прекршочни пријави се поднесени против еден угостителски објект во Гостивар во кој не се почитувало работното време и против еден угостителски објект во Охрид во кој не се почитувало ограничувањето за 4 лица на една маса. И во двата случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Освен ова, ДПИ во посочениот период издаде и уште 62 решенија и 38 прекршочни платни налози за прекршување на материјалните закони, истакна претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.Таа додаде дека во периодот од 9 до 15 ноември, Инспекторатот за транспорт изврши 80 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: 10-прекршочни пријави и 17- решенија и 2 прекршочни патни налози. Од вкупните спроведени надзори, 15 се по Законот за заштита на населението од заразни болести, при што се издадени два прекршочни платни налози и поднесени се три прекршочни пријави заради непочитување на Протоколот за меѓународен превоз на патници, на граничниот премин Деве Баир.„Државниот инспекторат за труд, во изминатите 7 дена изврши 550 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствените протоколи во делот на одржување на дозволено растојание, станици за хигиена, дезинфекција и друго. Притоа, Инспекторатот изрече 24 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи и издаде 8 прекршочни платни налози поради констатирано прекршување на Законот за заштита на населението од заразни болести, конкретно поради неносење заштитни маски на работно место, истакна Филиповска-Грашкоска.Таа додаде дека Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведе 26 надзори во аптеки во целата држава. Надзорите се извршени по основ почитување на мерките на Владата односно за формирани цени на заштитни средства од корона вирус и издавање на антибиотици. Притоа, издадена е една опомена за погрешно означување на надворешното пакување на заштитни маски.Агенцијата за храна и ветеринарство, изврши 399 надзори, при што издадени се 12 решенија и 19 едукации, по основ на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, нерегистриран објект и небезбеден производ.Периодот кој следи, е особено важен за сите нас. Влегуваме во веројатно најтешкиот период од справување со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, и затоа најважно од се е сите заеднички да придонесеме во намалување на ширењето на овој вирус. Тоа ќе го постигнеме само преку почитување на мерките и протоколите, и од страна од граѓаните и од страна на стопанствениците. Инспекциските служби, ќе продолжат да работат со полн капацитет и во следниот период, како главен контролен механизам на почитувањето на здравствените протоколи и материјалните закони, истакна Филиповска-Грашкоска. 

Македонија | пред 5 години

koronavirus-kovid-19-pacient-lekari-2

Во ковид центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 45 пациенти, а вкупно се лекуваат 440 болни

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 45 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 440 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 21 прием и тоа осум пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, двајца во ковид центарот на Клниката за Неврологија, 11 пациенти се примени на Клиниката за нефрологија. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 14 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени десет лица.Во изминатите 24 часа дома се пуштени 38 оздравени пациентиВо моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија 38 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 49 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, а во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 22 пациенти.Во ГОБ 8 Септември има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти, од кои 11 деца и 30 возрасни.Вкупно 440 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 20 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември. Во текот на утрешниот дена ќе се отвори за прием и ковид центарот на Клиниката за очни болести со капацитет од 33 кревети.Сите новоотворени инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.

Скопје | пред 5 години

Нема фотографија

Шилегов: Решен е долгогодишниот проблем со платите на пожарникарите

По исцрпните разговори кои претставниците на Градот Скопје и на Владата ги водеа со синдикатите на скопските пожарникари решен е долгогодишниот проблем со покачувањето на платите на припадниците на бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. По денешната средба во станицата на противпожарната бригада во Автокоманда, градоначалникот Петре Шилегов обелодени дека е постигнат договор со кој преку измени на правилникот за плати, основната плата на пожарникарите ќе биде зголемена за 20%, согласно со барањата на пожарникарите и добиените судски пресуди.- Најдовме законска форма овој проблем да биде бајпасиран со потпишувањето на денешниот правилник, до донесувањето на законот. Моето инсистирање, и како градоначалник и како претседател на ЗЕЛС, е дека ние мора да имаме законска форма на решавање на проблемот на пожарникарите на ниво на целата држава, бидејќи ова е едно парцијално решение кое се однесува само на противпожарната бригада на Град Скопје. Овие луѓе секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ги отстранат опасностите во кои се наоѓаат граѓаните и таа нивна благородна дејност мора да биде опфатена со целосно законско решение – рече градоначалникот Шилегов, по средбата.Тој додаде дека Градот Скопје нема да застане со опремување на противпожарната бригада и подобрување на условите за работа.- Ја подобруваме опремата која што ја имаат пожарникарите, ги подобруваме техничките ресурси, скалата очекуваме наскоро да дојде, за да ја олесниме и така тешката работа која ја работат овие луѓе. Задоволство ми е што успеавме сите инволвирани страни – Градот Скопје, синдикатите, Иницијативниот одбор, Министерството за одбрана и Кабинетот на премиерот, да изнајдеме решение кое ќе гарантира соодветен надоместок за трудот и ангажманите до донесувањето на законското решение – нагласи Шилегов.Со усвојувањето на измените на правилникот уште од следниот месец треба да биде покачена основната плата на пожарникарите, а ова привремено решение ќе важи до моментот додека во Собранието не се донесе законското решение кое ќе ги регулира овие прашања долгорочно.На денешната средба во станицата во Автокоманда присуствуваа и претставници од синдикатите на скопските пожарникари, од Иницијативниот одбор, Министерството за одбрана и претставник од кабинетот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

пред 5 години

Нема фотографија

Обвинение за поседување оружје во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.Обвинетиот 30-годишник, на 30 октомври, во неговиот дом на улица „Методија Андонов Ченто“, неовластено држел пиштол V.BERNADELLI GARDONE V.T. со калибар 7,65 мм, со механички отстранет сериски број. При претресот кај него била пронајдена и рамка со седум куршуми за тој пиштол.Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице, како и на мерката за привремено одземање на патната исправа, со цел да се обезбеди присуството на обвинетиот во текот на постапката против него​.

Скопје | пред 5 години

bacev-1

Единствена Македонија до Марешки: Ако е бал, нека е маскенбал, ајде да ја направиме големата држава со Солун како главен град

Единствена Македонија ја поздравува идејата на заменик-претседателот на Собранието на Бугарија Владимир Марешки за формирање заедничка голема држава. Но, единствениот пат до тоа е да се освои Солун како главен град на идната голема држава и затоа го повикуваме Марешки да тргнеме да се биеме за Солун, се вели во соопштението од Единствена Македонија.Само така ќе го оствариме вековниот сон за голема држава на сите Македонци од етничка Македонија од која пиринскиот и беломорскиот дел и понатаму се окупирани од Грција и Бугарија. На тој начин, во новата заедничка држава ќе се најдат и македонските јаничари во Бугарија кои не издржале во историјата и сега се главниот проблем меѓу Бугарија и Македонија. Исто така, со новата голема држава јасно ќе се разграничат Бугарите за кои цел свет знае дека влечат корени од татарско-монголското потекло.Во однос на функциите што ги предлага Марешки во идната голема држава нека не се сеќира, лесно ќе дојдеме до тоа, а за почеток, еве првиот кмет на Солун ќе биде првиот македонски јаничар од типот на Захариева, Каракачанов, Ковачев... кој се осознал и вратил на своите изворни македонски корени,  се вели во соопштението од Единствена Македонија.

Македонија | пред 5 години

korona6

Извештај на ИЈЗ: Скопје со најголем број на заболени и највисока инциденца - најзастапена возрасна група е над 60 години

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 9 до 15 ноември 2020г. тестирани се вкупно 20.980 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 6,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 7.355 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела, кога беа регистрирани 7.280 нови случаи.Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (n=3.305; 44,9%), со неделна инциденца – 535,1/100.000. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 35%, намалување за 2% во однос на минатата недела.Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1646, 22,4%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (n=1496; 20,3%), 40-49 (n=1435; 19,5%), 50-59 (n=1410; 19,2%) и 20-29 (n=961; 13,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=120; 1,6%) и 10-19 години (n=287; 3,9%). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.731 (50,7%) лица од машки и 3.624 (49,3%) од женски пол.По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 3.524 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11.6% повеќе од минатата недела.Пријавени се 172 смртни случаи од 23 града, зголемување од 35,4% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50-59 години, 9 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и два случаи во возрасната група од 30-39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 155 или 90,1%.Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 9 до 15.11.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.

Македонија | пред 5 години

osogovski-planini

ЈП „Национални шуми”: Подготвени сме да ги преземеме сите обврски за управување со Осоговските Планини

ЈП „Национални шуми” е подготвено да ги преземе сите обврски за управување со заштитеното подрачје на Осоговските Планини бидејќи располага со материјални и човечки ресурси кои се неопходни за спроведување на идните активности и процеси во заштитеното подрачје, велат од претпријатието.Во оваа насока, ЈП„Национални шуми“ очекува да се зајакне соработката со Министрството за животна средина во полето на заштитата и унапредувањето на природата во Република Северна Македонија. Исто така, очекува искрена соработка и обезбедување на финансиска подршка од МЖСПП во сите чекори кои следат понатаму за успешно воспоставање и водење на заштитеното подрачје на Осоговските Планини.Владата вчера на седница донесе одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата V заштитен предел со кој ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми ЈП „Национални шуми”.„Со оваа одлука се реализира долгогодишната заложба и непрекинати активности на Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов при ЈП ‘Национални шуми’ во целиот овој процес. Секторот од самиот почеток беше вклучен во сите расправи, преговарања, договарања и носење одлуки во врска со голем број на прашања и проблеми од сите засегнати страни, кои произлегуваа во текот на самиот процес на прогласување.Ова Одлука претставува голема одговорност и предизвик за нас како ЈП, но со тоа од друга страна се дава можност за отварање нови области за унапредување на нашето работење во насока на одржливо користење на ресурсите и подобрување на состојбата на теренот. Со интегрирано управување и одржливо користење на природните ресурси ќе се зачуваат и унапредат сите природни вредности, биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејсажните, пределните и другите природни убавини заради кои ова подрачје е прогласено за заштитен предел“, се вели во соопштението на ЈП „Национални шуми”.

Македонија | пред 5 години

borisov

(ВИДЕО) Позицијата за Северна Македонија е принципиелна, подготвени сме да ги продолжиме разговорите

Бугарија најмногу од сите сакаше нашиот сосед Република Северна Македонија, како и нашите пријатели од целиот Западен Балкан, да влезат во ЕУ, рече премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, за време на денешниот состанок на владата, објави „Бгнес“.„Нашата позиција не е позиција на тврдоглавост или позиција да ги запреме нашите најблиски пријатели“, рече Борисов.Според него, бугарската позиција е принципиелна и ги одразува очекувањата на сите бугарски граѓани.„Подготвени сме да ги продолжиме разговорите“, додаде Борисов.Тој вели дека токму Бугарија ја поддржала Северна Македонија за членство во НАТО.„Бевме исклучително добронамерни и загрижени и во разговорите што ги водевме со нив многу внимателно им објаснивме до каде можат да одат нашите компромиси“, рече премиерот, потсетувајќи дека е формирана заедничка комисија за решавање на историските прашања со прецизни аргументи.Борисов, исто така, рече дека биле водени десетици разговори, вклучително и со учество на вицепремиерите Захариева и Каракачанов, во потрага по компромиси, за Бугарија да не биде земја што ќе каже „не“ за почеток на преговорите.Борисов изрази жалење што Скопје не покажало, како што рече, посветеност сметајќи дека со притисок и лобирање може да ја натераат Бугарија да ја смени својата позиција.извор: Макфакс

Македонија | пред 5 години

fetahu

Шаќир Фетаху избран за прв човек на ИВЗ

Со 18 гласа „за“ и три „против“, Шаќир Фетаху, е избран за поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ), откако беше разрешен претходниот поглавар Сулејман Реџепи.„Денес е одличен ден за сите муслимани во Република Северна Македонија, денес победи ИВЗ, денес победивме сите, човечкото и конструктивното. Од денес, имаме голема доверба и одговорност да го претставиме исламот во неговиот оригинален и традиционален дух“, рече Фетаху по изборот.извор: АлсатМ

Македонија | пред 5 години

andonovski

Андоновски: Заев излажа дека ќе си даде оставка доколку нема преговори со ЕУ, повеќе нема причини да биде премиер

Измамникот Заев вети и излажа дека ќе си даде оставка доколку не добиеме датум за преговори. Ветувањето на неговата кариера се живот за сите и членство во ЕУ. И во двете работи неуспеа и разочара. Сега треба да има малку грам морал и да си даде оставка, истакна на денешната прес конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.Андоновски додаде:Се уште под импресии од лажните прослави во владиниот авион пред две години, изгледа Владата нема намера да ја признае сопствената недоветност. Европската иднина ја доведоа до знак прашалник заради сопствената недоветност, и нивните неуспеси. Ветувањата завршуваат со разочарувања. Затоа, време е за оставка и одговорност.Оставка затоа што Заев уште од 5-ти јули 2018-тата лаже дека сме добиле датум за почеток на преговори заради договорите за добрососедство. Затоа што се сликаше во авион лажејќи не сите нас.Заев треба да поднесе оставка затоа што го лажеше македонскиот народ дека Договорот со Бугарија ги затвора сите прашања, а дека Бугарија ќе ни биде најдобар и најсилен поддржувач.Оставка затоа што ги внесоа билатералните проблеми со Грција и Бугарија во договори кои се услов за отпочнување на преговори. Затоа што ги уништија позициите градени од генерации политичари, ги погазија признавањата од десетици држави.Оставка затоа што надмено и суетно ги исклучија од разговорите сите експерти, други партии и дипломати од кариера. Затоа што три години одбиваа да изградат национален консензус и македонски државни црвени линии.Оставка затоа што оваа екипа донесе три години понижувања, сменето име, прифатени секакви платформи, историја која се распродава. Овие луѓе не можат сега да глумат витези кои го бранат македонскиот идентитет.Оставка затоа што водењето држава не е битпазарски бизнис.Оставка заради килавата патлиџан дипломатија која губи насекаде.Оставка заради лагите на Димитров дека за македонскиот идентитет не се дискутирало, а македонскиот јазик ни бил бетон, додека Османи затворал 7-8 ново отворени прашања.Оставка заради лагата дека нема да има анекс и декларација на Договорот со Бугарија.Оставка заради манипулацијата дека опозицијата е онаа која ги кочи евроинтеграциите.Оставка затоа што ги погазија делата на Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков, Цар Самуил, браќата Кирил и Методиј и браќата Миладиновци. Без никој да знае се договорија да ги распродадат.Оставка затоа што добивме ем национални понижувања, ем вето за ЕУ.Почитувани,Сега блокадата веќе не е „во главата на вмровците“. Заев нè удри во ѕидот. Оваа Влада покажа дека е неука за историските теми, арогантна и неспособна да ги сочува јазичните прашања, своето малцинство во светот, и своето име. Во последните три години, Заев и Димитров ги потрошија најсилните аргументи и позиции на Македонија. Заев и Димитров нè оставија со идентитетски проблеми кај соседите и блокада еднаква на онаа од пред 12 години од Букурешт.Македонија мора да биде дел од Европската Унија. Но, тоа ќе можат да го постигнат само политичари кои знаат како треба, политичари кои не се мафијаши, кои немаат долгови кон никого и кои ќе работат без да крадат.Затоа, време е да заминат Димитров, Османи, а најмногу Зоран Заев. Македонија мора да го избегне амбисот и да зачекори кон интеграција, реформи, напредок и зачувување на македонскиот национален идентитет.Време е за оставки, истакна на денешната прес конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 5 години

gjorge-ivanov

Уставниот суд одлучи - поништената аболиција на поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов е законска и уставна

Уставниот суд денеска одлучи дека поништената аболиција на поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов е законска и уставна, пренесува Сител.Пет гласа „за“ и три „против“, судиите одлучија дека помилувањето кое го повлече екс претседателот останува на сила. Со оваа одлука, на обвинетите во предметите на поранешното СЈО продолжува да им се суди.Во 2016 година, тогашниот прв човек на Македонија, Иванов аболицираше 56 лица, а потоа ја поништи аболицијата.

Македонија | пред 5 години

Kradec

Приведен разбојник во Скопје, расчистени шест кривични дела

На 17.11.2020 во 22.30 часот полициски службеници од Единицата за внатрешни работи, Одделение за криминалистички работи Карпош на подрачјето на Карпош го лишиле од слобода И.Р.(30) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени пет кривични дела „разбојништво“ извршени во продажни објекти, игротека и аптека на подрачјето на Шуто Оризари и еден обид за разбојништво во аптека на подрачјето на Карпош.При извршен разговор, приведениот ги признал споменатите кривични дела, казниви по член 237 од Кривичниот законик, а се работи на расчистување и на други кривични дела, по што против И.Р. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Скопје | пред 5 години

18.11-2

Филипче во преговори со претставници на млади лекари за ангажман, приватни специјализанти почнаа да работат на интерни клиники

Министерот за здравство доцент д-р Венко Филипче утрово се срена со младите лекари кои се на приватна специјализација на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, Клиниката за уво нос и грло и Кожната клиника кои саакаат доброволно да се приклучат во работата во ковид центрите на овие клиники. Станува збор за триесетина млади лекари чија помош ќе биде добредојдена на инфективните одделенија.-Како министер за здравство и како лекар ценам што покажавте желба и спремност да се влучите во работата во ковид центрите сега кога за тоа има голема потреба. Во тешки времиња се покажуваат желбата и спремноста на луѓето и тоа е за почит – рече министерот Филипче. Во тек на денот ќе се направи распоред за ротација на сите млади лекари и ќе бидат вклучени во работата во ковид центрите.Министерот потоа оствари средба и со претставници на млади лиценцирани лекари со кои исто разговараше за нивен ангажман во здравствените установи низ цела држава. До крајот на неделата треба да се допрецизираат условите на оваа група лекари за нивно приклучување во работата во ковид одделенијата и болниците низ државата.

Македонија | пред 5 години

Rebalans-2020

Повеќе средства за еколошки и образовни проекти во Аеродром

Советот на Општина Аеродром го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година, со кој се пренаменија повеќе средства за проекти за заштита на животната средина и за подобрување на условите за образование и воспитание на децата.„Заштитата на животната средина претставува врвен приоритет за нашата општина. За таа цел, со ребалансот на буџетот одвоивме средства за 4 нови еколошки проекти, со кои очекуваме да се подобрат условите за поквалитетен живот на граѓаните“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.Дополнителните средства ќе овозможат реализација на два нови проекта за хортикултурно и партерно уредување на зелени површини, и тоа на булеварите „Јане Сандански“ и АСНОМ зад ФФМ, како и комплетна реорганизација на комуналната служба.Преку ребалансот се обезбедија средства и за изградба на пет нови детски игралишта и за реконструкција и одржување на постојните детски и спортски игралишта, што ќе опфати поставување нови подлоги и нови реквизити, додека улиците во Горно Лисиче ќе добијат хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација.Покрај еколошките проекти, со ребалансот се предвидени и мерки во борбата со КОВИД-19. Секое училиште од општината ќе добие по 500 000 денари за хигиена и тековно одржување и по 246 000 денари за награда на наставниот кадар, стручните служби и техничкиот персонал во услови на пандемија, а 4 основни училишта ќе добијат проекти и сеизмички елаборати за нивна доградба, во висина од 4 200 000 денари. Исто така, обезбедени се средства и за образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби од 1 до 3 одделение во износ од 15 000 денари.Што се однесува до детските градинки, секоја од нив од Општината ќе добие по 1 000 000 денари за хигиена и тековно одржување и 18 000 000 денари за одржување и санација на зградите на детските градинки, а ќе се скрати и рокот за доградба на детската градинка „Црвенкапа“, која ќе почне кон крајот на годинава.Исто така, предвиден е и нов проект во вредност од 260 000 денари, преку кој на учениците со посебни потреби ќе им се овозможат пливачки активности со инструктор.

Скопје | пред 5 години

Нема фотографија

Министерот Филипче на средба со директорите на Интерните клиники: Се прошируваат капацитетите за кови пациенти

Рано утрово министерот за здравство доцент д-р Венко Филипче одржа состанок со директорите на интените клиники каде беше разгледана моменталната состојба со пополнетоста на ковид центрите, состојбата на пациентите кои таму се лекуваат, расположливоста со медицински пероснал и можностите и потребата од проширување на капацитетите.На состанокот покрај координаторот на ковид центрите на Интерните клиники професор д-р Дејан Докиќ, беа присутни директорите на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, Клиниката за уво, нос и грло и Кожната клиника.Во мемонтов на интерните клиники има околу 20 тина слободни места, а се очекува да се направат и дополнителни исписи на оздравени пациенти. Во текот на утрешниот ден со работа ќе започне и ковид центарот на Клиниката за очни болести на кој ќе можат да се сместат 33 пациенти.- Состојбата е сериозна и се соочуваме со силен бран на вирусот и голем наплив на болни. Наша цел е ниту еден пациент да не остане без лекарска грижа, а во исто време да не го намалиме ниту редовниот програм на клиниките за акутните и хрончните пациенти кои за тоа имаат потреба- изјави Филипче.

Македонија | пред 5 години

zaev213

ВМРО-ДПМНЕ: Заев вети и излажа дека ќе си даде оставка ако нема датум за преговори

„Измамникот Заев вети и излажа дека ќе си даде оставка ако нема датум за преговори.Зоран Заев не е способен да си го исполни сопственото ветување дека ќе си замине ако нема успех на планот на европски интеграции.Заев доби власт на две основни лажни ветувања, живот за секого, и преговори со ЕУ. И во двете не успеа и ги разочара граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.Според партијата, државава тоне во тешка политичка и економска и здравствена криза. Отспаките на Заев завршија со ново фијаско.„Нема повеќе ниту една причина измамникот Заев да биде премиер кога со него државава бележи само порази и неуспеси. Ниту ја сочува жицата ниту ја донесе ЕУ. Со Заев само криминалот и корупцијата се реалност. Тој е готов и минато. Треба да признае дека неговата кариера завршува неславно. Да потсетиме дека Европската Унија не препознава вредност во политичар кој го краде и лаже сопствениот народ. Кој зема рекет од 8 милиони евра и прави бизниси со панамски пари со анти ЕУ и анти НАТО политичари. Со измамникот Заев нема ЕУ и нема иднина“, се додава во соопштението.

Македонија | пред 5 години

radar-policija

414 санкционирани возачи во Скопје

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (17.11.) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.Само на територијата на град Скопје изречени се вкупно 414 мерки, меѓу кои 39 за технички неисправни и нерегистрирани возила, 20 мерки за користење мобилен телефон, 63 санкционирани пешаци, 68 мерки за непрописно паркирани возила и 19 санкции за неносење заштитна маска.Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.

Скопје | пред 5 години

zastitni-maski

Во ЕУ досега продадени 23 милиони неисправни заштитни маски

Европската комисија утврди дека речиси 23 милиони заштитни маски во Европската Унија биле неисправни во средината на септември. Ова го објави Европската народна партија (ЕПП), најголемата партија во Европскиот парламент.Во име на ЕК, комесарот за правда Дидие Рејндерс го извести хрватскиот европратеник Томислав Сокол дека пријавените мерки во системот за брзо предупредување за опасни непрехранбени производи, кои се однесуваат на заштитните маски, во средината на септември 2020 година опфатиле околу 23 милиони производи.Маските беа обележани како неисправни главно поради недоволен капацитет за филтрирање или несоодветност на лицето, како и поради недостаток на сертификати што ги бараат соодветните тела на ЕУ, објави Хина. 

Македонија | пред 5 години

posta.jpg

„Пошта“ ја прифати понудата за соработка на „Халк Банка“, се чека согласност од Владата

По два месеци Македонска пошта избра банка која наместо Еуростадард ќе го извршува платниот промет. Најповолна понуда дала Халк банка и од сега преку оваа банка ќе оди платниот промет.Поради осетливоста на информациите, како деловна тајна, сеуште не се откриваа под кои условите Халкбанк ќе го врши платниот промет.За да може Халк банка и пошта да скучат договор, ќе треба најпрво Владата да одобри.До 12 август, до кога и беше одземена дозволата за работа, платниот промет во над 300 поштенски филијали во земјава, го вршеше „Еуростандард банка“. 

Македонија | пред 5 години

mrezi

Рибарски мрежи со белвица пронајдени во авто камп во Охрид

Вчера во времето од 13,00 до 16,00 часот од полициски службеници на околу 1000 метри од брегот на Охридското eзеро, спроти авто камп биле пронајдени рибарски мрежи со улов од риба белвица.Риболовниот алат бил подигнат и предаден во Полициска станица за граничен надзор „Охридско езеро“ за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Македонија | пред 5 години

17112020_PVRSM_Zaev_Intervju-za-TV21_1

Заев: Мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати, но не е исклучено да бидат донесени рестриктивни мерки

Во интервју за ТВ 21 претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев истакна дека будно се следат состојбите со КОВИД-19, сите ресурси се посветени на ова прашање и граѓаните треба да знаат дека на 1 ноември R факторот на преносливост се намалува и тоа ќе продолжи така доколку продолжат да се спроведуваат актуелните мерки за заштита.„Се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки. Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21:00 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17:00 или од 18:00 ќе има подобри резултати и сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски и можно е таму да се дефинира некоја од мерките“, рече премиерот Заев,Јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сé е ставено на располагање за справување со КОВИД-19. Во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација.Во однос на набавката на вакцината тогаш кога ќе биде одобрена, премиерот Заев нагласи дека земјата е вклучена во КОВАКС механизмот на СЗО за да се обезбеди рамноправна дистрибуција на соодветна количина на вакцини против КОВИД-19 и дека Северна Македонија, како и Западен Балкан, ќе биде вклучен во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки.

Македонија | пред 5 години

vlada-zname-nato

Влада: Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, за идентитетот и јазикот нема преговори

Одлуката на Бугарија е неуспех за Европската Унија, а македонскиот идентитет и македонскиот јазик не се предмет на преговори, велат од Владата по одлуката Бугарија да стави вето за Македонија.Од Владата велат дека досега не се создале соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и поради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ.„Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи“, посочуваат од Владата.Соред власта, задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи и ваквиот став на бугарската влада е спротивен на членот 2 од договорот за пријателство од 2017.„Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смее да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смее да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ-интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди. Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци кои зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување за кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено особено се гордееме и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците“, посочуваат од Владата.Македонија и Бугарија се блиски држави, велат од Владата, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО и ние сакаме нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со заемна почит и разбирање.„Имаме заеднички геополитички интереси за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански Регион што побргу да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридорот 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство“, велат од Владата.Од таму истакнуваат дека се благодарни на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката Меркел и дека Северна Македонија вложила сериозни дипломатски напори да создадат услови минатото да не биде кочничар на иднината.Од Владата порачуваат дека ќе продолжат интензивно да разговараат во интерес на нашата европска иднина, при што сметаат дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници и затоа бараат вин-вин позиција.Власта се заблагодарува до сите граѓани од сите етнички заедници и до сите политички претставници на заедниците во земјата, за поддршката што му се дава на македонскиот народ во овие моменти со цел заштита на македонскиот идентитет и за останувањето посветени на европскиот пат.Од Владата велат дека ќе продолжат со реформите со силен интензитет и дека нејзина обврска е да ги спроведе европските стандарди дома.Исто така, од Владата потенцираат дека нема ни трошка вистина во, како што велат, манипулациите што ги пласираат некои од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ за наводно распродавање на македонскиот идентитет.Власта апелира раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престане да се радува на тешките моменти во кои се наоѓа државата и да го препознае моментот кога одредени национални прашања ги надминуваат границите на вообичаените партиски пресметки.

Македонија | пред 5 години

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања