Денес ќе дознаеме кои се Кики и Фрики, кои Геровски ги повика да дадат оставки од функциите
Кики и Фрики не го послушаа новинарот Бранко Геровски кој ги повика да дадат оставка од функциите кои ги извршуваат во рок од 48 часа. Фрики и Кики се вистински ликови, високо позиционирани во СДСМ и во власта, пишуваше Геровски, па рече дека денес ќе ги објави вистинските имиња на функционерите.„Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека тој не ги познава Фрики и Кики. Го разбирам потполно. Еве, сосема накусо, ќе се обидам да појаснам некои нешта.Фрики и Кики се вистински ликови, високо позиционирани во СДСМ и во власта. Тие се блиски до ликот кого јас го именував како Коки и за чии рекетарски подвизи пишував со езоповски јазик, во неколку продолженија.Како се блиски? Еве вака, друже Заев.Фрики е госпоѓа, висок функционер и во невладината организација на Коки, која служела за формално покривање на милионскиот рекет. Самиот тој факт ја прави госпоѓата објективно одговорна за овие злодела.И тоа ќе го дообјаснам. Една работа е некому да се обрати некоја обична невладина организација со барање за поддршка (па и со рекетарска уцена), а друго е тоа да го стори НВО во чиј врв стои така проминентна личност, со неспорно политичко влијание и со блискост со премиерот и со сите министри и со други државни функционери.Кики беше висок функционер во СДСМ. Самиот Коки, во последното интервју на својот медиум, го нарекол „добар пријател“ или „другар“. Е сега, не е исто да си обичен рекетар што стасува до половно „БМВ“ и да си фраер кој за другар го има високиот партиски функционер Кики, а за соработник високата државна функционерка Фрики, која згора и му пеела на журка.Ниту сум напишал ниту тврдам дека Фрики и Кики рекерирале и дека лично се офајдиле од рекетот. За тоа не знам. Тоа треба да го провери истрагата. Но, неспорно е дека и Кики и Фрики му овозможувале на Коки да остварува контакти при неговите рекетарски обиди, а тој ја (зло)употребувал блискоста со нив, но и со други луѓе во СДСМ, за да биде поуспешен во своите походи.Во најмала рака, Фрики, Кики и другите биле фацилитатори на милионскиот рекет, за што мора да сносат морална и политичка одговорност. А за нивната евентуална кривична соодговорност одлучува истрагата, која не смее да се попречува.Затоа, госпоѓо Фрики и другар Кики, да сум на вашето место, јас под итно би сторил две работи.Прво, би му се јавил на Заев и би му го кажал следново:– Шефе, свесен (свесна) сум дека со мојата блискост и со контактите со Коки, како и со тоа што го препорачував кај други луѓе, му овозможив да ги засили своите рекетарски позиции. Така се искомпромитирав себеси, но и тебе, шефе, како и нашата партија. Во духот на декларацијата што ја донесовме пред некој ден, прифаќам политичка одговорност за својата непромисленост. Поднесувам оставка на сите функции.Второ, би му се јавил на надлежниот обвинител и би му го кажал следново:– Обвинителе, јас имав блиски контакти со лицето Коки и ви стојам на располагање за сите потребни информации во врска со милионскиот рекет. Моја граѓанска должност е да соработувам со истрагата, дури и во случај да бидам осомничен (осомничена).Госпоѓо Фрики и другар Кики, јас најдругарски ви предлагам ова да го сторите без одлагање, во следните 48 часа. Тоа му го должите на Заев, но и на СДСМ, а пред сė на граѓаните на оваа земја. Ако размислите добро, ќе сфатите дека тоа си го должите и себеси“, пишуваше Геровски во саботата.
Македонија
|
пред 6 години