Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ПУЛС

media-libraryk26rk79e27ch1hZZ1NI

Пожарникар сведочеше за пожарот во „Пулс“: Во билетарата затекнав над десет лица кои не даваа никави знаци

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше пожарникарот Благој Паунов кој рече дека дојавата ја примил во 2:35 часот, а пожарот бил изгаснат околу 4 часот.Тој заедно со уште еден колега пристигнале како прво противпожарно возило пет минути по дојавата.-По пристигнување на местото бевме упатени од полициски службеници и ни направија место да се паркираме непосредно до дискотеката. Кога пристигнавме на местото, имаше само малку чад како излегува од влезната врата, ние не можевме да го видиме огнот. Од искуство мислам дека бил пригушен и поради немање кислород не можел да се шири огнот. Кога излеговме, на самиот паркинг имаше многу луѓе, од кои и доста паднати. Паднати имаше и на скалите, а на влезната врата имаше и заглавени повеќе лица кои бараа помош, изјави пожарникарот Паунов.- Нашата стандардна процедура е најголем приоритет спасување човечки животи. Mоравме да ги извадиме лицата. И кога дојде и вториот тим и тие извлекуваа прво, зошто не можеа да пуштат линија. Веднаш пристапивме кон извлекување на лицата заглавени на влезната врата. Кога извадивме едно лице моравме да побараме помош од полицијата и двете лица од обезбедувањето и цивилни лица. И така во мешовити тимови почнавме да ги извлекуваме децата. Послабите полесно, а покрупните потешко и секој различно реагираше. Некои беа избезумени, во шок и грч и моравме да ги носиме до паркинг. Други, пак од паника газеа врз нас и други деца за да излезат. Кога го поднамаливме бројот, во тој момент веќе приметив дека пристигна брзата помош како и повеќе цивили и дека почнале да ги носат до болница, изјави сведокот.Паунов кажа дека се пробил и во билетарата затекнал над десет лица кои веќе лежеле и не давале никави знаци.-Излегов и побарав помош. Откако ги извлековме сите имаше друга врата, помала во која имаше многу деца заглавени. Кога излеговме веќе приметив дека се пристигнати сите мои колеги и пуштени сите линии и почнато со гасење, изјави сведокот.Потоа влегол внатре, бидејќи им кажале дека има заглавени и кај тоалетот, и од таму почнал да извлекува заглавени лица.- Потоа веќе бев изнемоштен и не можев повеќе да извлекувам лица и побарав замена и земав да гасам. На крајот од интервенцијата мислам дека беа извлечени уште две или три тела кои беа изгорени, изјави сведокот.

Македонија | пред 1 месец

media-librarym03jfcgescoj6h3izlG

Од затворот во Скопје се координира влијание врз сведоци во случајот „Пулс“, тоа го прави братот на газдата преку Вибер, тврди мајката на загинатиот Томас

Пред почетокот на денешното рочиште за случајот „Пулс“, родителите на загинатите јавно изнесуваат сериозни обвинувања за можни притисоци врз сведоци на Обвинителството.Јулија Златкова, мајка на Томас Златков кој загина кобната ноќ во „Пулс“, изјавува дека имаат сознанија оти лицето Ј.Ј., кое се наоѓа на издржување мерка притвор во затворот во Скопје, му давало мобилен телефон на користење на Тодор Јованов, брат на обвинетиот, преку кој, според нејзините тврдења, се вршел притисок врз сведоци преку Вибер-комуникација.Таа јавно ги повикува надлежните институции да ја проверат оваа информација и детално да ги испитаат сите комуникации остварени преку наведениот телефон.Златкова нагласува дека трагедијата во „Пулс“ претставува, како што вели, „геноцид на една млада генерација“, настанат поради алчност, корупција и несовесно работење, и додава дека, и покрај трагедијата, продолжуваат обиди за прикривање и влијание врз постапката.„Ние, родителите на овие млади убиени деца, нема да дозволиме вистината да остане затскриена. Вистината мора да излезе на виделина. Правда мора да има за нашите убиени деца“, порачува Златкова пред почетокот на судското рочиште.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryeu09uf1rl8j36Vf3zOF

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“ – сослушување на пет сведоци и оштетени

Продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, со сослушување на сведоци и законски застапници на оштетените.Адвокатот Петре Шилегов пред почетокот на претходното рочиште побара да се земе предвид брифингот на ОЈО ГОКК за запирање на постапката против службени лица и предложи Јавното обвинителство да ја преиспита таа одлука, истакнувајќи дека за дел од сега обвинетите може да се повлечат обвиненијата.На рочиштето беа сослушани повеќе сведоци кои биле присутни во дискотеката кобната вечер. Во своите искази тие ја опишаа паниката и хаосот што настапиле кога пламените јазици и чадот ја зафатиле преполната дискотека. Еден од сведоците исракна дека претрпел сериозни повреди на дишните патишта, лекувајќи се во Штип, Скопје и девет дена во Грац, Австрија, а последиците ги чувствува и денес.„Сега повторно ми е падната сатурацијата после 10 месеци, падната ми е на 65 проценти“, откри сведокот.Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевски и моментално се наоѓа во доказна постапка со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.За денешното рочиште се најавени пет сослушувања.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryboe8994flovicmDuquD

(Видео) „Дејан, седум твои колеги и пријатели загинаа. За кого лажеш? За газдата?“, мајка на загинатиот Андреј му се обрати на сведокот

„Дејан, седум твои колеги и пријатели загинаа. За кого лажеш? За газдата?“. Со овие зборови Марија Петрушева, мајка на загинатиот Андреј во пожарот во дискотеката „Пулс“, јавно се обрати до сведокот Дејан Манасиев, обвинувајќи го дека ја менува вистината и свесно ја доведува во заблуда и јавноста и судот. Таа најави дека родителите на загинатите млади лица ќе поднесат кривична пријава против Манасиев поради, како што тврдат, лажно сведочење.Петрушева посочува дека постојат длабоки и суштински противречности меѓу исказот што Манасиев го дал непосредно по трагедијата и неговото денешно сведочење во судницата. Според неа, сведокот, кој работел како шанкер во објектот, првично потврдил дека плафонот бил спуштен и обложен со сунѓер, а сега целосно ги негира тие тврдења.„Сто сведоци кажаа дека плафонот бил спуштен. Тој сунѓер, со отровни примеси, е причината поради која нашите деца се задушија и починаа“, изјави Петрушева, во обраќање исполнето со болка и гнев.Таа нагласи дека Манасиев лично ѝ ги раскажал последните моменти на нејзиниот син, но дека денешната верзија што ја изнел пред судот е целосно поинаква. Петрушева тврди дека располага и со пораки од приватна комуникација, во кои Манасиев опишува како заедно со Андреј и уште еден келнер се обидувале да излезат од објектот низ густ чад.„Ми кажа дека ништо не се гледало од чадот, дека тој се вратил кон тоалетите да провери дали има заглавени деца, а Андреј и Ице продолжиле кон излезот. Денес слушаме приказна дека наводно видел триесет млади луѓе кои снимале со телефони и дека тоа предизвикало стампедо. Тоа е спротивно на сè што ми кажа тогаш“, вели таа.Дополнително, семејствата на жртвите реагираат и на изјавите на Манасиев во врска со помошните излези и противпожарната опрема. Додека тој тврди дека една од споредните врати била отклучена и проодна, Петрушева наведува дека други сведоци и фотографии од денот на пожарот покажуваат дека вратата била заклучена со катанец и без внатрешна квака.Спорен, според неа, е и бројот на противпожарни апарати. „Во обвинителството зборуваше за еден, можеби два апарати, а денес веќе се три. Не знам што се смени, но знам дека ова е сериозно контрадикторно“, рече Петрушева, додавајќи дека токму поради ваквите разлики родителите ќе поднесат кривична пријава.Таа ја заврши пораката со оценка дека ваквото однесување не му служи на честа на сведокот, особено ако се има предвид дека и самиот изгубил блиски пријатели и колеги во трагедијата која го потресе целото општество.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryeu09uf1rl8j36Vf3zOF

Преживеаниот шанкер од „Пулс“ бара отштета, но нема да се приклучи на кривичниот прогон: Повторно ми е падната сатурацијата на 65 проценти

Дејан Манасиев, кој работел како шанкер во дискотеката „Пулс“ од отворањето во 2012 година, изјави дека персоналот работел без договори, а кобната вечер голем дел од вработените не успеале да се спасат.Манасиев, кој сè уште се соочува со сериозни здравствени последици и намалена сатурација, истакна дека наредбите ги добивале директно од газдата Деко, вработените немале никаква обука за заштита при работа и не бил сигурен дали имало хидранти, освен неколку противпожарни апарати.Низ солзи, сведокот раскажа за загубата на колегите:„Од вработените таа вечер само Анастасија преживеа. Починаа другите шест-седум“, рече тој.„Сега повторно ми е падната сатурацијата после 10 месеци, падната ми е на 65 проценти“, откри сведокот.Tој претрпел сериозни повреди на дишните патишта, лекувајќи се во Штип, Скопје и девет дена во Грац, Австрија, а последиците ги чувствува и денес. Манасиев не се приклучува кон кривичниот прогон, но ќе поднесе отштетно побарување.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryldqcnsq4pt6tbH4sBCx

„Пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше со сунѓер“, вели сведок на пожарот во „Пулс“

Сведокот Петар Марковски на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, при кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, изјави дека успеал да се спаси, но дека и денеска чувствува последици, со оштетени дишни органи.На прашања од Обвинителството, тој рече дека бил редовен посетител на „Пулс“. Наведе дека билетите за вечерта биле купени од Тодор Јованов, брат на сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов-Деко, а обезбедувањето го сочинувале Лазар Захариев, Мартин Ѓеорѓиев, Ивица, чие презиме не го знае, и уште едно лице.Во одговор на прашање на обвинителот, Марковски го опиша влезот во дискотеката и рече дека вратата зад шанкот се користела како излез за малолетници при полициски рации.Во врска со пиротехниката, сведокот изјави дека се користела и претходно, најмалку десетина пати кога тој бил присутен во „Пулс“. Опишувајќи ги пиротехничките средства, рече дека биле во вид на прскалки. Додаде и дека пред реновирањето плафонот бил повисок, но потоа бил спуштен.„Се беше регуларно, се до момент кога предложив да одиме да пиеме пијачка на шанкот, кога во тој момент се вклучија прскалките. Мислам дека беше околу 2.30.часот. Почна да гори плафонот. Во тој момент настана паника и луѓето почнаа да се движат кон излезот. Пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше со сунѓер. Сите беа во паника и пред вратата се создаде стампедо при кое јас се онесвестив и по неколку минути ме разбуди девојче што ме познава. Врз мене имаше три лица кои исто така беа онесвестени и бев заглавен под нив. Морав да ги соблечам патиките за да станам. Потоа продолжив кон излезот. Во тој момент моите другари почнаа да викаат кон мене за помош бидејќи еден од најдобрите другари лежеше на паркингот пред дискотеката. Во исто време помагав на сите на кои им беше потребна помош. По неколку минути се упативме кон болницата за да помагаме таму бидејќи гледавме и знаевме дека е хаос” – рече сведокот.На прашањето дали некој ги упатувал како да го напуштат објектот, сведокот одговори негативно.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryj5oa9ct7goso1L8A8SR

Испитајте си го ставот, контрадикторни сте, им рече адвокатот Шилегов на обвинителите за „Пулс“ по обвиненијата за полицајците

Адвокатот Петре Шилегов бара да се запре судењето за да се измени обвинението. Тој денеска во судница побара од Обвинителството сериозно да го преиспита својот став и да ослободи дел од обвинетите, повикувајќи се на економичноста на постапката. Ова следува по обвиненијата од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде обвинителката детално образложи зошто се поднесени три засебни обвиненија. Само едно од трите обвиненија за полицајците се однесува на пожарот - нереагирањето на полицајците критичната вечер (виделе, но не превенирале активирање на пиротехниката). Другите пак (издавањето дозовла, проверките, лажните записници), не можат да се доведат во корелација со последицата - пожарот.Според Шилегов, државата троши огромни финансиски средства за судски процес кој, како што рече, може да се покаже како правно неоснован. Во своето излагање, Шилегов укажа дека самиот обвинителски орган во поврзан предмет донел спротивен правен заклучок.Според таа одлука, било утврдено дека нема директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето и настанатата последица, поради што евентуалната одговорност би можела да се сведе само на „злоупотреба на службена положба и овластување“, дело кое, како што истакна Шилегов, веќе е застарено. Токму оваа правна логика, според одбраната, мора да се примени и во актуелната постапка.

Македонија | пред 1 месец

media-library4097e5t1147h6PuE8ww

Советот на Кочани едногласно „за“: ќе се гради спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“

Со порака дека сеќавањето мора да добие трајна форма, Советот на Општина Кочани на вчерашната 9. седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба и уредување на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“. Предлогот беше усвоен со 19 гласа „за“ и произлегува од иницијатива на Здружението „16 март 2025 Кочани“.Со одлуката, градоначалникот е овластен да го формира работното тело во најкраток можен рок, со оглед на тоа што целта е меморијалот да биде реализиран навреме за едногодишното одбележување и оддавање почит на жртвите од трагичниот пожар во клубот „Пулс“.Работното тело ќе биде составено од градоначалникот, претставник на Советот, претставник на Здружението – предлагач, член од општинската администрација, како и надворешен експерт со соодветна стручност. Целта, како што беше образложено, е процесот да се води транспарентно, координирано и без простор за пропусти.Според усвоениот план, спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ ќе биде изградено во Стариот парк, во централното градско подрачје, на локацијата меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.

Македонија | пред 1 месец

media-library1brtd3u6jeee4W162Ck

Девет полицајци влегле и ја виделе пиротехниката во „Пулс“, но никој не спречил да биде активирана - излезот не бил заклучен

Од 23 обвинети полициски службеници, меѓу кои има и началници, девет од нив се гонат поради тоа што можеле, но не спречиле да се случи трагедијата во „Пулс“. Досега, Обвинителството нема ослободено од вина ниту едно лице со полициски овластувања, а кај пензионираните полицајци се констатирало дека не можат да ги гонат поради застареност на кривичното дело кое би им го ставиле на товар.Обвинителката Ивана Алексова Трајчева која денеска поднесе три обвиненија, посочи дека деветте полициски службеници влегле во „Пулс“ пред пиротехниката да биде активирана, но и покрај тоа, тие не спречиле нејзина активација.„Јас го земам на товар тоа што влегле касно, а проверувале малолетници. Влегле внатре, преполно било. Виделе пиротехника на бина, никој не оди кон бината да се спречи пиротехниката туку се води контрола за тоа дали меѓу гостите има малолетници“, вели Алексова Трајчева.Прашана, дали може да се гонат полицајците бидејќи не помагале на гости кои излагале од дискотеката, таа рече: „Не помагањето не може да го ставите како кривично дело. Тоа е човечки, што требало, и што можеле, но и што не можеле да направат. Обвинението е до настанувањето на пожарот“.Полицајците тргнале да проверуваат дали имало или немало малолетници во диското речиси два и пол часа по полноќ, иако тоа требало да го направат веднаш штом помине 12 часот. Прашана за тоа дали вратата за излез била заклучена, обвинителката Алексова Трајчева рече: „Таа врата што се збори дека е заклучена не е вратата за излез од дискотеката. Туку е врата до службените простории. Таа врата нема никаква врска со делот официјален за влез-излез“.Полициските службеници кои биле вклучени во проверките на „Пулс“ во 2012 година и 2018 година, по кои требало да извршат проверки за паркингот и јавниот ред и мир - ќе треба да ги гони кочанското Обвинителство. За ниту еден полициски службеник не е запрено водењето на постапката, туку е запрено водењето на постапка за кривичното дело за кое била донесена наредба за истрага. Поради основано сомневање дека сториле друго кривично дело отворена нова предистрага која обвинителката ја предала во кочанското Обвинителство, како надлежно да постапува.

Македонија | пред 2 месеци

media-library6odcd3b3703idPduakV

Поднесени се три обвиненија против полицајците за „Пулс“: дозволиле активирање на пиротехниката, отворање на клубот, казнувале непостоечка фирма

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека по спроведени темелни истражни постапки е поднесено обвинение против вкупно 13 полициски службеници во врска со пожарот во кочанското кабаре „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 220 беа повредени.Според обвинението, полициските службеници во периодот од 14 до 16 март 2025 година не постапиле согласно прописите за заштита, не извршиле целосни и детални проверки и не ги примениле стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење полициски работи. Иако бил изготвен план за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица Кочани, тој бил идентичен за сите.На критичната вечер, дел од обвинетите биле присутни во објектот, но не презеле соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту спречиле активирање на пиротехничка опрема, иако таа не била пријавена. Како последица на несоодветните услови за работа и пропустите при контролата, избувнал пожарот со катастрофални последици.Дополнително, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен обвинителен предлог и против девет полициски службеници за злоупотреба на службената положба и овластување. Тие, според обвинителството, овозможиле кабарето „Пулс“ да добие лиценца во 2022 и 2023 година, иако не ги исполнувало законските услови, со што била прибавена значителна имотна корист.„За тројца полициски службеници е поднесен обвинителен предлог. При изготвување на записниците за извршена контрола во клубот во кои констатирале сторени прекршоци против јавниот ред и мир, внеле неточни податоци за правното и одговорното лице и дозволиле да бидат поведени прекршочни постапки против неактивното правно лице и физичко лице со намера за правното лице да прибави имотна корист“, велат од ОЈО-ГОКК.Во однос на уште седум полициски службеници, истражната постапка е запрена.„Постапувајќи по наводите од кривичната пријава поднесена од МВР поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител во текот на истрагата презеде повеќе дејствија со цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба. Притоа е утврдено дека на повеќе полициски службеници им се ставаат на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 2012 година до 2022 година. Имајќи во предвид дека надлежноста на специјализираното одделение е воспоставена во 2018 година, предмет на кривично правна оценка во оваа постапка беа само за дејствијата преземени од 2019 година до 2022 година, додека за останатите предметот е испратен на надлежно постапување во Кочани“, додаваат од ОЈО-ГОКК.За сите обвинети остануваат на сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката, до конечна одлука на надлежниот суд.

Македонија | пред 2 месеци

kocani

„Од петмина другари, само јас преживеав“, потресно сведоштво на судењето за „Пулс“

Сведоштвото на Мартин Китанов на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ беше едно од најпотресните досега. Тој опиша сцени на целосен хаос, чад и неподнослива жештина, со луѓе паднати и притиснати на главниот излез, каде, како што рече, животот и смртта се разделувале во секунди.Китанов раскажа дека во обид да излезе од објектот се сопнал и паднал, по што врз него налетале и други лица. Притиснат под тежината на повеќе тела, почнал да го губи здивот и надежта дека ќе преживее. Во тие моменти, како што сведочеше, помислата на неговите две деца му дала сила да се обиде да продолжи да дише, додека пожарникари и други луѓе безуспешно се обидувале да го извлечат.„Од пет другари кои излеговме таа вечер, само јас преживеав. Тројца ми беа другари од детство. До денес не знам како точно загинаа“, рече Китанов пред судот. Тој објасни дека сите заедно тргнале кон излезот, свесни дека се наоѓаат во сериозна опасност. „Единствено се обидував да издржам да дишам“, додаде.Како што сведочеше, брзо стигнале до таканаречената „каубојска врата“, но видливоста била нула, а топлината екстремна. Меѓу двете врати се сопнал и паднал, испружувајќи ги рацете напред, по што врз него паднале уште неколку луѓе. „Петмина лежевме еден врз друг. Потоа никој повеќе не помина – сите паѓаа врз нас“, изјави Китанов.Пресвртот, според него, се случил кога непознато момче со голем напор успеало да го извлече од купот тела и да го донесе до скалите. „Тоа го доживувам како божја сила“, рече сведокот, додавајќи дека бил извлечен без патики и со соблечени фармерки.Надвор, прва му помогнала девојка по име Ана, која го препознала, му помогнала да се облече, му дала вода и се обидувала да го смири. Иако сакал повторно да влезе во објектот за да ги бара своите пријатели, луѓето околу него не му дозволиле, укажувајќи дека е повреден и цел во крв.Откако седнал на тротоарот, Китанов почувствувал силен стрес и вкочанетост на рацете и нозете. „Пред очи ми се појавуваа сцени со луѓе и деца кои паѓаа и се онесвестуваа, а јас не можев да помогнам“, сведочеше тој.Подоцна се упатил кон блиска бензинска пумпа, каде што работел негов пријател, но таму колабирал и му била укажана прва помош. Потоа бил префрлен во болница, каде, како што изјави, одбил да слушне информации за судбината на своите пријатели, стравувајќи од вестите што би можел да ги слушне.

Македонија | пред 2 месеци

puls-35-1

Сведок на пожарот во „Пулс“: паднав, ме газеа, па ја изгубив свеста - полицајците не ми пружија помош

Густ црн чад и жештина што не се издржува — вака сведокот Тоше Трендафилов ги опиша првите секунди по избувнувањето на пожарот во дискотеката „Пулс“. Тој наведе и дека во објектот не забележал противпожарни апарати. Кобната вечер, како што изјави, го видел и сопственикот Дејан Јованов-Деко како учествува во гаснењето на пожарот. Сакал да бега преку тоалетите каде што отишле повеќе негови познаници, но пријател кој го придружувал го убедил да си излезат преку главниот влез.„Се спушташе густ црн чад од плафонот, не се издржуваше од жештината. Имаше деца едни врз други. Се обидував да излезам, но беше невозможно. Луѓето лежеа едни врз други, кога паднав ме турнаа и ме газеа, повраќав. Ја ставив маицата на уста, по што изгубив свест, некој ме извлекол надвор“, рече преживеаниот Трендафилов.Тој додаде дека барал помош од полицајци кои биле пред објектот, но тие му кажале да се тргне од местото и според неговото сведочење, не била укажана помош.„Не ми пружија помош“, рече тој.Претходно:

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryjhlt00pjmhbdfXaYYxP

Сведоштво на преживеан од Пулс: „Го најдов брат ми на самиот праг, меѓу тела без свест, а имаше еден излез од 'Пулс'“

„Го најдов брат ми на самиот праг. Имаше многу тела. Ги тргав за да стигнам до него“, вака сведочеше Кристијан Панов од Кочани, опишувајќи го хоророт кога, во хаосот и чадот, повторно влегол во дискотеката „Пулс“ во потрага по својот брат Андреј.Според неговото сведоштво, внатрешноста на објектот била исполнета со густ чад, со луѓе без свест и со минимална видливост. Налетал на пожарникар, но поради недоволно осветлување бил принуден да се снаоѓа со светлото од мобилниот телефон. Андреј Панов бил пронајден на самиот излез, меѓу други повредени и онесвестени лица.Андреј, братот на Кристијан бил префрлен во болница, но реанимацијата била безуспешна. Тој ги опиша моментите пред и откако избувнал пожарот.Во дискотеката дошол два часа по полноќ. Излегол пред вратите за да запали цигара, па видел како полицајци влегуваат внатре. За кусо време, како што рече, за околу 30 секунти, имало стампедо.„Сите почнаа да трчаат, луѓе врз луѓе, најмногу заглавени меѓу двете врати“, изјави Панов, додавајќи дека настапот на ДНК бил во тек и дека од бината бил упатен повик публиката да излезе надвор.Тој сведочеше дека од Пулс имало еден излез и влез, не бил означен и не видел противпожарни апарати. Посочи дека во објектот и пред трагедијата се користела пиротехника кога имало настапи.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryfp5vj1n9ak0i9uUU1ss

Таткото на загинатата Надица со остра порака до адвокатката нa Деко: Кога кажавте дека тој е човек а не монструм беше најболна реченица досега

Александар Наунов, татко на загинатата Надица во трагедијата во „Пулс“, остро реагираше на јавната изјава на адвокатката на обвинетиот сопственик на објектот, Дејан Јованов-Деко, оценувајќи дека повикувањето на сочувство и емпатија е во целосна спротивност со зборовите што таа претходно ги упатила пред родителите на жртвите.Наунов потсети на изјави дадени за време на судењето, кога, како што наведе, адвокатката јавно тврдела дека обвинетиот требало да одговара за небрежност, а не за тешки кривични дела, дека немал свест за своите обврски, како и на, за родителите, најболната реченица: „За вас тој е монструм, а за мене е обичен човек“.„Тоа беше кажано директно пред нас – родители кои ги погребаа своите деца. Тоа не е емпатија, тоа е суровост“, истакна Наунов, оценувајќи дека денешните тврдења за злоупотреба на ликот на адвокатката претставуваат не само неточност, туку и потценување на интелигенцијата на семејствата на жртвите.Тој нагласи дека на транспарентите од протестот не била препознаена само една личност и дека повеќе луѓе имале физичка сличност со прикажаниот лик, но никој друг не реагирал ниту ја толкувал пораката како личен напад. „Ние семејствата никого не спомнавме по име, ниту напаѓаме. Се бориме за вистината и за животите што ги загубивме“, порача Наунов.Во својата реакција, тој се осврна и на обидите, како што рече, да се заштити угледот на правната професија, истакнувајќи дека истиот не го нарушуваат родители кои бараат правда, туку релативизирањето на одговорноста на лице кое, според обвинението и досега изнесените докази, стои во центарот на нелегален, небезбеден и финансиски нерегулиран објект. „Се работи за лице кое поради профит ги игнорирало безбедносните стандарди, го заобиколувало законот преку мито и корупција, а денес се прикажува како некој што немал свест. Дали сте свесни колку е тоа сурово за родители чии деца таа вечер беа изгорени, задушени, згмечени и отруени?“, рече Наунов.Претходно, адвокатката Ивана Коцевска, бранител на прво и третообвинетиот во предметот „Пулс“, излезе со јавно соопштение поради, како што наведе, употребата на нејзиниот лик на транспарентите што ги носеа учесниците на денешниот „Марш на ангелите“ во Кочани.Во реакцијата, Коцевска наведува дека досега се воздржувала од јавни настапи од почит кон болката на родителите, но дека по поднесувањето кривична пријава за настани кои ги оцени како вандализам од 17 март 2025 година, повеќе немала простор за молк. Таа тврди дека нејзиниот лик бил злоупотребен и фотомонтиран на начин што, според неа, го нарушува не само нејзиниот личен углед, туку и угледот на адвокатската професија во целина, поради што апелира до надлежните институции да реагираат во заштита на професионалниот и личниот интегритет.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryv3901mqr9fc34HuSIWL

Тензичен старт на судењето за “Пулс”: доцнење на спровод на обвинети од тетовскиот затвор го одложи стартот, судијката не сакаше да слуша објаснувања и ги искара полицајците

Судското рочиште за предметот „Пулс“ денеска започна со приближно едночасовно задоцнување, откако спроводната служба од Тетово не пристигна навреме. Пролонгирањето на почетокот предизвика напнатост во судницата и остра реакција од судечкиот совет.Веднаш по стартот на постапката, судијката Диана Груевска Илиевска побара објаснување за доцнењето и им нареди на судските полицајци да ги повикаат одговорните од спроводот. „Зошто доцните?“ праша таа, без да остави простор за одолговлекување.Еден од полициските службеници се обиде да објасни дека биле известени подоцна, но судијката го прекина, нагласувајќи дека вакви оправдувања се неприфатливи. Таа посочи дека сите термини биле однапред познати и дека наредбите биле испратени уште пред повеќе од еден месец.„Пренесете им дека мора еден час порано да тргнувате. Датумите ви се достапни навреме“, порача судијката, потенцирајќи дека ваквите пропусти не смеат да се повторуваат.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryeu09uf1rl8j36Vf3zOF

Системски пропусти и човечка трагедија: продолжува процесот за пожарот во „Пулс“

Со сослушување на сведоци и законски застапници на оштетените, денеска во судницата во Идризово продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија во која на 16 март 2025 година животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.Претходното рочиште беше одложено по барање на бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет.На последното рочиште, одржано во декември, судницата беше исполнета со тишина прекинувана од солзи, тешки воздишки и болни лелеци на семејствата на загинатите. Мајките, со гласови скршени од тагата, сведочеа за ноќта по која нивниот живот неповратно се променил. Обвинетите молчеа, со наведнати глави, додека сведоците низ солзи и празни погледи зборуваа за загубата и болката што не стивнува.Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето претставува чекор кон утврдување и на лична и на институционална одговорност. Тој нагласи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не ја извршил својата должност за да се спречи трагедијата. Според него, не е клучно само прашањето кој го запалил огнот, туку и кој имал моќ да го спречи, а не го сторил тоа. Јанев оцени дека пожарот не е последица исклучиво на употребата на пиротехника, туку резултат на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и отсуство на контрола, што дискотеката „Пулс“ ја претвориле во смртоносна стапица.Обвинителот подвлече дека целта не е одмазда, туку правда како последица на незаконито постапување и занемарување на службената должност. Повеќемина обвинети, преку своите бранители, ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални, а не на индивидуални пропусти. Одбраната најави изведување докази и сведоци со кои, според нив, ќе се потврди оваа теза.Во воведниот збор, одбраната на првообвинетиот, сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци поминати во притвор не може да поверува во трагедијата и дека, како родител, никогаш не би дозволил небезбедни услови во објектот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната наведе дека против него не постои ниту еден материјален доказ и дека е обвинет исклучиво поради тоа што е член на семејството Јованови.Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.Пожарот во „Пулс“ избувна за време на настап на музичката група „ДНК“, при што пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Во објектот имало значително повеќе посетители од дозволеното, меѓу кои и малолетници. Според обвинението, дискотеката со години работела незаконски, без исполнети минимално-технички услови, со извршени реконструкции без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryr13igug2inobaJrxD8i

(Видео) Семејствата на загинатите бараат рок, одлука и одговорност: „Правдата што доцни не е правда“

„Правдата што доцни не е правда“ – ова беше пораката што денеска повторно одекна во Кочани, од устите на родителите и блиските на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, на 36. по ред „Марш за ангелите“. Со маршот, семејствата уште еднаш ги потсетија институциите дека трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, не смее да заврши во тишина, одолговлекување и заборав.Маршот се одвиваше по веќе воспоставената рута, од „Паркот на револуцијата“ до зградите на Основното јавно обвинителство Кочани и Судот, каде што родителите јавно ги поставија своите прашања и упатија директни пораки до надлежните. Тие изразија поддршка и за лицата против кои е поднесена тужба од страна на синот на сопственикот на „Пулс“, поради демолирањето на кафулето „Класик“ во трговскиот центар во Кочани, ден по трагичниот пожар, при што се бара отштета од 1,2 милиони денари.Семејствата повторно потсетија дека сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, и неговиот син Михајло Јованов се меѓу првообвинетите во предметот за пожарот, за кој судската постапка е во тек. Во таа насока, тие побараа одговор и за тоа до каде е истрагата против полициските службеници кои биле присутни во објектот кобната вечер.На почетокот на маршот, со едноминутен молк беше оддадена почит и на Фросина Кулакова, млада дизајнерка која пред една година го загуби животот на пешачки премин во Скопје. Родителите нагласија дека „Маршот за ангелите“ е борба за правда за сите млади животи изгубени поради системски пропусти, неодговорност и незаконско работење.Во меѓувреме, граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ информираше дека од донациите собрани за помош на настраданите во пожарот, државата наплатила над 2,2 милиони денари персонален данок. Со цел средствата да стигнат до оние на кои им се најпотребни, одлучено е 123 лица да добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари.Судењето за пожарот во „Пулс“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи в понеделник, на 26 јануари, со искази на петмина сведоци на Обвинителството. За трагедијата се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на објектот, негови блиски, инспектори од државни институции, поранешни министри и лица од агенцијата за обезбедување. Сите обвинети на почетокот на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.Родителите и блиските на загинатите порачуваат дека Кочани нема да престане да маршира сè додека правдата не биде целосна, навремена и неселективна. „Правдата што доцни не е правда“, повторија уште еднаш, најавувајќи дека нема да се повлечат.

Студио | пред 2 месеци

puls-38

Над 2 милиони денари данок платени на државата од „Супорт Кочани“, за донираните 22 милиони денари

Иницијативата Support Kocani ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации, отворена по трагичниот настан што го погоди Кочани, при што значаен дел од средствата повторно завршија како персонален данок на доход во државниот буџет.Во рамки на третата распределба, финансиска помош добија вкупно 142 лица кои претходно поднеле и потпишале изјава за потреба од поддршка. Средствата беа распределени според утврдени критериуми и донаторска одлука, но од вкупниот бруто-износ беше задржан и платен персонален данок.За оваа распределба, по основ на персонален данок на доход (ПДД), биле уплатени 315.292 денари. Со тоа, заклучно со третата распределба, вкупниот износ на платен персонален данок за сите три распределби достигна 2.274.285 денари, од вкупни бруто-донации во износ од 22.742.997 денари.Сите средства за третата распределба потекнуваат од донација обезбедена од Македонската православна епархија за Европа, при што трансакцијата била ослободена од банкарска провизија од страна на НЛБ Тутунска банка. Вкупно донираните средства за оваа фаза изнесуваат 3.153.204 денари бруто.Според распределбата, 123 лица добиле по 15.968 денари, додека 19 лица добиле по 45.992 денари, при што исплатите се извршени по одбивањето на персоналниот данок.Од Support Kocani потсетуваат дека и во првата и во втората распределба бил применет ист принцип – средствата биле директно префрлани на сметките на најпогодените лица, а целиот процес бил јавно документиран и достапен за увид. Истовремено, нагласуваат дека иако донациите имаат хуманитарен карактер, тие подлежат на оданочување, што резултира со значителен прилив на средства во државниот буџет.Иницијативата останува посветена на транспарентност и отчетност, но податоците покажуваат дека значаен дел од хуманитарната помош за Кочани завршува како даночна обврска, што повторно го отвора прашањето за даночниот третман на донациите за настрадани граѓани.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryv3901mqr9fc34HuSIWL

Главната расправа за „Пулс“ е одложена за 26 јануари на барање на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска: Таа од вчера е член на Судскиот совет

Главната расправа за трагедијата во „Пулс“ закажана за утре е одложена, а процесот продолжува на 26 јануари.Одлагањето е по барање на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, бранителка на еден од обвинетите, која во текот на вчерашниот ден беше избрана за членка на Судскиот совет. Поради новонастанатата функција, таа повеќе не може да ја извршува адвокатската дејност, па судот оцени дека мора да му се овозможи на обвинетиот да ангажира нов бранител и тој да добие време да се запознае со предметот.Како што соопшти Основниот кривичен суд Скопје, се отповикува само рочиштето за утре, додека сите досега одржани расправи и изведени докази остануваат важечки, а постапката продолжува на следниот, претходно утврден термин – 26 јануари.Сузана Јошевска-Анастасовска беше избрана за членка на Судскиот совет на вчерашната седница на Собранието, заедно со вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.Процесот за „Пулс“ се наоѓа во доказна постапка и требаше да продолжи со сослушување на законските застапници на оштетените. Сите 35 обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата, иако дел од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите.Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев посочи дека постапката има цел да утврди и индивидуална и институционална одговорност, нагласувајќи дека трагедијата не е последица само на еден настан, туку на долгогодишни системски пропусти и недостиг на контрола. Одбраната, пак, тврди дека станува збор за институционален неуспех, а не за индивидуална вина.Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група „ДНК“, кога во објектот имало повеќе посетители од дозволеното, биле користени пиротехнички средства без одобрение, а дискотеката со години работела без исполнети минимално-технички и противпожарни услови.

Македонија | пред 2 месеци

kocani-puls-protest-8

Од Кочани до Кран-Монтана: Свеќи и тишина наместо марш

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“, основано од дел од родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, упати јавен повик до граѓаните за тивка и достоинствена почит кон жртвите од трагичниот пожар во Кран-Монтана, Швајцарија, каде загина и Македонецот Стив Ивановски.Од Здружението информираат дека оваа сабота нема да се одржи традиционалниот „Марш на ангелите“, со цел, како што наведуваат, болката да се сподели со семејствата кои денес ја живеат истата тишина и загуба по трагедијата во Швајцарија. Наместо марш, граѓаните се повикуваат да се соберат во знак на солидарност, сочувство и човечка поддршка.Тивката почит ќе се одржи на 10 јануари 2026 година, со почеток во 16:40 часот, во Паркот на Револуцијата во Кочани. Граѓаните се повикуваат да запалат свеќа и без зборови да оддадат почит, со тишина што, како што порачуваат од Здружението, понекогаш зборува погласно од сите зборови.„Од град што ја носи болката во себе, до мајки и семејства што денес ја живеат истата тишина – да застанеме заедно, со срце што знае да сочувствува“, се наведува во пораката.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryq2asteu4cj8i1HavK7m

(Фото) Загрозени земејства потпомогнати за Бадник од фондацијата основана во чест на Адријан Живков, загинат во „Пулс“

Фондацијата „Адријан Живков“ денеска, по повод Бадник – еден од најголемите христијански празници, организираше хуманитарна акција за помош на најзагрозените семејства. Во рамки на активноста беа донирани прехранбени пакети за 10 семејства, со цел да се внесе топлина, солидарност и човечка грижа во празничните денови.„Со љубов, хуманост и искрена грижа внесовме топлина таму каде што беше најстудено“, порачуваат од Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката за ранливите категории останува еден од нивните главни приоритети.Оваа активност следи по неодамнешната донација од 500 новогодишни пакетчиња за сите деца на територијата на Општина Чешиново-Облешево, реализирана преку Фондацијата на денот кога Адријан Живков ќе го славеше својот роденден. Пакетчињата беа поделени во основните училишта „Страшо Пинџур“ во Соколарци и „Климент Охридски“ во Облешево, како и во подрачните училишта во Чешиново, Уларци, Спанчево, Бања, Кучичино, Теранци и Чифлик. Донацијата опфати и три градинки – „Ѕвездички“ во Чешиново и Облешево и „Штркче“ во Спанчево.Адријан Живков е еден од трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, најголемата трагедија што ја погоди Македонија, во која животот го загубија 63 лица. Според сведоштвата, во кобните моменти тој покажал исклучителна храброст и човечност, обидувајќи се да спаси што е можно повеќе луѓе, при што го жртвувал сопствениот живот.Во негова чест, пријателите ја основале Фондацијата „Адријан Живков“, со цел неговото име да остане симбол на солидарност, емпатија и несебичност. Од Фондацијата истакнуваат дека нивната мисија е долгорочно да обезбедуваат поддршка и помош за оние на кои им е најпотребна, водејќи се од вредностите што Адријан ги живеел и ги оставил како морално наследство.

Македонија | пред 2 месеци

media-library4097e5t1147h6PuE8ww

Родителите на дел од загинатите во „Пулс“: Спомен-обележјето не е за оплакување, туку за почит и сеќавање кон децата

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, основано од родителите и семејствата на трагично загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“, јавно реагира на петицијата што деновиве се промовира преку социјалните мрежи и дел од медиумите, а која се однесува на предложената локација за спомен-обележје на улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.Од здружението посочуваат дека имаат обврска јасно да укажат на неколку клучни факти кои, како што наведуваат, се во директна спротивност со пораките што се пласираат во петицијата поднесена од 17 граѓани.Прво, потенцираат дека станува збор за јавно зеленило – парк во државна сопственост, наменет за сите граѓани на Кочани, а не за приватен имот или „ничиј двор“, како што се обидува да се прикаже во дел од јавните реакции. Таквото претставување, според нив, создава погрешна и манипулативна перцепција.Второ, родителите нагласуваат дека со поставувањето на спомен-обележјето не се менува намената на просторот. Меморијалниот белег, како што велат, нема да биде масивна градба ниту објект со нова функција, туку дискретен и достоинствен знак на сеќавање, каков што постои во бројни градови во светот.Трето, тие отфрлаат тврдења дека спомен-обележјето ќе биде место за секојдневно оплакување.„Нашата болка е во нашите домови и на вечните почивалишта на нашите деца“, наведуваат од здружението, додавајќи дека меморијалот е предвиден како место за тивко оддавање почит и колективно сеќавање, а не како закана за ничиј мир или јавен ред.Во однос на самата петиција, од здружението потсетуваат дека таа нема правна тежина во процесот на одлучување. Јавната дебата е легитимна и добредојдена, но конечната одлука за локацијата, согласно законските процедури, ја носи Советот на Општина Кочани. Според нив, медиумскиот притисок и едностраните кампањи не можат да ја заменат институционалната одлука.Родителите укажуваат и дека правата на жителите не се ексклузивни.„Сите сме жители на Кочани – и тие што реагираат, и ние, и нашите деца кои трагично ги загубивме“, наведуваат, оценувајќи дека условувањата и обвинувањата за самоволие се непримерни.Додаваат дека, доколку мнозинството граѓани на Кочани смета дека предложената локација не е соодветна, тие ќе ја почитуваат таквата волја, но истовремено го поставуваат прашањето дали загинатите деца заслужуваат трајно спомен-обележје на видливо и достапно место или треба да бидат оттурнати на периферијата, и во просторот и во сеќавањето.Според здружението, иницијативата за спомен-обележје не е приватна желба, туку прашање од јавен интерес и чин на колективна меморија за трагедија што го обележа целиот град и државата. Загрижувачки го оценуваат фактот што петицијата се претставува како „глас на граѓаните“, иако зад неа стои ограничен број поединци, што, како што велат, дополнително ја продлабочува болката на семејствата.„Ова не е прашање на комодитет или навика, туку прашање на достоинство, меморија и совест“, порачуваат од здружението, апелирајќи до медиумите да информираат одговорно и до јавноста да не дозволи болката на семејствата да биде користена за сензационализам или притисоци.Граѓаните на Кочани можат да се произнесат по иницијативата за поставување спомен-обележје преку дигиталната алатка за комуникација „мЗаедница“, каде што е активна анкета на оваа тема.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryq7a9rfhfcg17evL3aCG

(Видео) „Кран-Монтана, Кочани и заборавените лекции: Истата искра, истиот чад, истата смрт

Трагедијата во ноќниот бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, во која животот го загубија најмалку 40 лица, потсетува на неколку речиси идентични катастрофи кои засекогаш останаа запишани како едни од најсмртоносните пожари во затворени јавни објекти. Покрај пожарите во ноќниот клуб „Кис“ во Бразил во 2013 година и „Зе Стејшн“ во американската сојузна држава Род Ајленд во 2003 година, трагичната низа денес неизбежно се надополнува и со трагедијата во Кочани, Македонија, во 2025 година.Иако се случиле во различни држави и временски периоди, сите овие трагедии ги поврзува иста фатална комбинација: лесно запаливи материјали за акустична изолација, исклучително брзо ширење на огнот и смртоносни токсични гасови кои за само неколку минути го исполнуваат затворениот простор, оставајќи речиси никаква можност за спас.Според првичните сознанија од истрагата во Швајцарија, пожарот во Кран-Монтана се проширил со огромна брзина, оставајќи им на гостите само неколку мигови за бегство. Истражителите посебно се фокусираат на материјалите користени за звучна и акустична изолација, токму елементот што се најде во срцето на претходните големи катастрофи.Најпознатиот ваков случај се случи во јануари 2013 година во бразилскиот град Санта Марија, кога во ноќниот клуб „Кис“ загинаа 242 лица, најголем дел млади студенти. Пожарот избувна за време на концерт, откако пиротехнички ефект ја запали акустичната пена на таванот. Огнот се прошири за неколку десетици секунди, но уште пофатални од пламенот беа густите чад и отровните гасови, меѓу кои и цијанидот. Поголемиот дел од жртвите не починаа од изгореници, туку од задушување и труење.Сличен сценарио беше забележан и десет години претходно, во февруари 2003 година, во ноќниот клуб „Зе Стејшн“ во Род Ајленд, САД, каде што загинаа 100 луѓе. И таму, пиротехниката за време на настап на бенд ја запали акустичната пена поставена зад сцената. Снимките од безбедносните камери покажаа дека целиот клуб бил зафатен од оган за помалку од две минути. Отровниот чад, богат со јаглерод моноксид и цијанидни соединенија, ги парализирал посетителите и го оневозможил бегството.Во истата црна статистика денес влегува и трагедијата во Кочани од 2025 година, каде пожарot во „Пулс“ однесе десетици млади животи. И таму, според досегашните информации, клучна улога имале лесно запаливи внатрешни материјали, брзото ширење на огнот и смртоносниот чад кој за кратко време го исполнил просторот. Како и во другите случаи, паниката, ограничените излези и токсичните гасови се покажаа како комбинација без излез.Стручњаците со години предупредуваат дека пените кои се користат за звучна изолација, доколку не се изработени од огноотпорни материјали и доколку не се одржуваат согласно строгите стандарди, претставуваат една од најголемите опасности во затворени простори. При согорување, тие не само што брзо се палат, туку испуштаат и исклучително отровни гасови кои можат да предизвикаат губење на свеста за само неколку вдишувања.Во сите овие трагедии, вклучувајќи ја и онаа во Кран-Монтана, масовната несреќа не била последица само на огнот, туку пред сè на чадот и токсичните испарувања кои за многу кратко време го исполнуваат просторот, оставајќи ги луѓето без можност за бегство, додека во паниката често доаѓа и до стампедо.Додека швајцарските власти ја продолжуваат истрагата за да го утврдат точниот тек на настаните и евентуалната одговорност, споредбите со Бразил, Соединетите Американски Држави и Македонија уште еднаш укажуваат дека овие трагедии не се изолирани инциденти, туку повторување на одамна познати и предупредувани пропусти. Секој од овие пожари бил проследен со ветувања за построги правила и контроли, но Кран-Монтана, како и Кочани, сведочат дека лекциите од минатото сè уште не се применуваат доследно.

Свет | пред 2 месеци

media-library3u954if0ld9o9hHYOrh

Мицкоски: „Избегнувам јавно да зборувам, темата се злоупотребува од политички глодари“, вака одговори премиерот за помошта за семејствата на загинатите од „Пулс“

„Секогаш избегнувам да зборувам јавно бидејќи гледам дека одредени политички структури и блиски до одредени политички глодари се обидуваат таа тема да ја злоупотребуваат и да добиваат политички поени на маката на ожалостените семејства. Се што имам да кажам, јас го кажувам на тие состаноци со родителите и Здружението. Се појавив на Анкетната комисија, иако знаете дека имаше многу шпекулации и има многу шпекулации во јавноста за еден од тие состаноци со родителите. Можам да кажам дека дел од работите што се кажуваат во јавноста не се вистинити,“ вака одговори премиерот Христијан Мицкоски од Кочани на прашањето за тоа до каде е можноста за еднократна парична помош за семејствата на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“.Мицкоски нагласи дека намерно избегнува јавни настапи на оваа тема, бидејќи смета дека одредени политички структури ја користат трагедијата за дневнополитички цели.Тој додаде дека комуникацијата со семејствата ја остварува директно, на средби, а не преку медиуми, и повтори дека некои од тврдењата кои се појавуваат во јавноста не се точни.

Македонија | пред 2 месеци

media-library4097e5t1147h6PuE8ww

(Фото) Стар парк во Кочани можна локација за меморијал центар за 63-те жртви од „Пулс“, идејата е да се изгради патека на бесконечноста

Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“ поднесе официјална граѓанска иницијатива до Општина Кочани со барање да се определи локација за изградба на спомен-обележје во чест на жртвите од трагедијата што ја одбележа 2025 година. По разгледувањето на иницијативата, Советот на Општина Кочани побара локалната самоуправа да организира јавна трибина, на која граѓаните, а особено жителите што живеат во непосредна близина на предложената локација, ќе можат јавно да го изнесат своето мислење.Во таа насока, Општина Кочани закажа јавна трибина за 12 јануари 2026 година, со почеток во 17 часот, во големата сала на Мултикултурниот центар. На настанот, граѓаните ќе можат да се произнесат по однос на поднесената иницијатива за поставување спомен-обележје на локацијата Стар парк во Кочани, поточно на триаголниот простор меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на револуцијата“.Покрај непосредното учество на јавната трибина, од 2 до 11 јануари 2026 година ќе биде овозможено и електронско изјаснување на граѓаните преку дигиталната алатка мЗаедница, со цел да се овозможи поширока и подостапна јавна консултација. Собраните мислења, предлози и забелешки, како од јавната трибина така и од електронската анкета, Советот на Општина Кочани ќе ги земе предвид при донесувањето на конечната одлука за поднесеното барање.Во рамки на иницијативата, Здружението „16 март 2025 – Кочани“ го претстави и идејното решение за спомен-обележјето, под наслов „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“. Според објавениот концепт, меморијалниот простор е замислен како мирна и ненаметлива целина, без масивни бетонски конструкции, со фокус на тишина, достоинство и човечка мера.Централниот елемент на решението е пешачка патека во форма на бесконечност, изведена од природен камен или бел мермер, со благо извивање и без остри агли, наменета за бавно движење и личен момент на размисла. Покрај патеката се предвидени седум мермерни плочи, на кои ќе бидат врежани вкупно 63 имиња со години на раѓање, распоредени едноставно и без визуелна натрупаност.Проектот предвидува дискретно ноќно осветлување од подлогата, со топла светлина која ненаметливо ги следи патеката и имињата, како и уреден централен простор за оставање цвеќе и кратка тишина. Во еден од мирните агли е замислена и фонтана со скулптура на Богородица, како симбол на утеха и молитва, со тивок шум на вода и без доминантно присуство.Од Здружението истакнуваат дека зеленилото на Стариот парк би било целосно зачувано, без огради и без ограничувања, со цел просторот да остане отворен и достапен за сите – место за тивка почит, за прашања, за сеќавање и за незаборавање. Според нив, не станува збор за споменик што се набљудува, туку за споменик што се чувствува.

Македонија | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања