Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

ПУЛС

media-library9lshji21uja744CRFS0

„Ќе те убијам” закани за инспектор кој обвини родители дека и тие треба да се на обвинителна клупа бидејќи пуштиле малолетни деца во „Пулс”

Тензично во судницата и по рочиштето за трагедијата во дискотеката „Пулс во Кочани”. До судир дојде меѓу родители на загинати деца и обвинетиот градежен инспектор, Огњан Ѓорѓиев.Тој бесно изреагира на сведочењето на Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.Таа изјави дека го видела инспекторот Николчо во дискотеката.„Ова е срамота. Ајде стрелајте ме веднаш, што ме судите. Па и ти си виновна за случката, треба и вие овде да седите, малолетно дете сте пуштиле”, ја обвини мајката обвинетиот градежен инспектор Георгиев.Веднаш се слушнаа пцости и закани кон Ѓорѓиев.„Ќе те видам во Кочани ќе те убијам. Ќе летнат глави на некој пешачки премин“, се заканија револтираните родители, а судското обезбедување ги замоли родителите да бидат тивки.Мајката на загинатото девојче рече дека не видела пожарникари да изнесуваат деца надвор. Ималл само полицајци, кои стоеле со скрстени раце и не помагале.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarym03jfcgescoj6h3izlG

„Отиде на концерт, а ни ја вратија во сандак“, уште потресни сведоштва од денешното рочиште за „Пулс“

На денешното судско рочиште за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, одекнаа и други потресни сведоштва од родителите кои ги загубија своите деца во пожарот на 16 март, кога животите ги загубија 63 млади лица, а над 200 беа повредени.Во судницата сведочеше Габриела Наунова, мајка на починатата Надица Наунова. Таа раскажа дека додека ја барала ќерката, а во обид да помогне на заглавените деца, кршела ѕид за да направи отвор кон тоалетот.„Во тој момент ми подадоа едно девојче. Очињата ѝ беа отворени. Беше тоа мојата Надица“, рече Наунова, видно вознемирена.Претходно, како што посочи, побарала помош од полициски службеник, а тој ѝ одговорил: „Не сум обучен јас за ова“.Надицa била пренесена во болница, каде што, според раскажувањето, здравствен работник им рекол дека успеале да ѝ го вратат пулсот. Мајката сепак успеала накратко да ја види.„Лежеше мртва на креветот, сама, без никого до неа… Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво!“, кажа таа.Поради силните емоции и солзите што одекнаа во судницата, сведочењето беше привремено прекинато. Кога се врати, Наунова додаде дека од тој момент понатаму речиси ништо не памети — освен дека Надица била без изгореници и дека „парфемот сѐ уште ѝ мирисал“.На рочиштето сведочеше и Ивана Минова, мајка на 16-годишната Драгана.„Беше тешко да се гледа како млади деца се борат за своите животи. Некои од нив беа без облека. Излегов, го видов сопругот како седи до мојата ќерка. Беше со облека, се израдував, мислев дека е само онесвестена.“Драгана била пренесена во болница, но таму следеле нови болни моменти.„Во ходникот на Брзата помош лежеа мртви деца. Насекаде крв, мирис на изгорени тела. Мислев дека Драгана ќе ги отвори очите. Лежеше на подот. Ја однесоа. Но, не на Одделение, туку ја насочија кон мртовечницата. Драгана отиде на концерт, а ни ја вратија во сандак“, сведочеше Минова.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryfiob5em6ju9tePxmG6t

„Тие 10 минути можеби беа клучни за брат ми“, мајката на Андреј раскажа и за траумата на помладиот син Кристијан

Пред судот денес сведочеше Марија Петрушева, мајката на 24-годишниот Андреј кој загина во трагедијата во „Пулс“ во Кочани, и на неговиот помал брат Кристијан, кој ја преживеа несреќата. Таа раскажа како семејството и денес се соочува со тешки последици — особено Кристијан, кој чувствува силна вина што не успеал да го спаси брат му.„Кристијан денес има кошмари и вели: ’Тие 10 минути додека спасував други животи, можеби беа клучни за брат ми‘. Најтешка е тежината што ја чувствува за загубата,“ сведочеше Петрушева.Таа објасни дека Кристијан, кој во моментот на пожарот бил излезен надвор, повеќепати се враќал во внатрешноста на објектот — извлекувајќи луѓе од чадот и огнот, додека очајно го барал брат му.Во исказот, мајката зборуваше и за трауматичното искуство во амбулантното возило.„Таа вечер, кога го нашле брат му, го качиле во амбулантна кола заедно со едно мртво дете и едно тешко повредено. Тие трауми што ги доживеа во тоа возило беа преголеми. Не сакавме повторно да ги преживува истите моменти,“ рече таа, објаснувајќи зошто подоцна одбиле да биде пренесен со возило во Скопје.Кај Кристијан били утврдени траги од јаглерод моноксид, а од стрес и чад му се активирале полипи на носот, поради што во мај морал итно да биде опериран. Во болницата, шокот бил толку силен што, како што раскажа мајката, од бес и очај скршил стакло.Петрушева сведочеше и за моментот кога ја видела телото на Андреј во болничката соба.„Мамо, не успеав да го спасам брат ми…“ — со тие зборови ме пречека Кристијан,“ рече таа.Потоа се соочила со сцена која ја опиша како „хорор“.„Цел ходник беше со легнати деца – кои исцрнети до непрепознавање, кои изгорени…“ сведочеше таа.Андреј лежел на вториот кревет до прозорецот.„Изгледаше толку живо што не верував дека е мртов. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Тој испушташе некои необични звуци, мислев дека се враќа, мислев дека го оживуваме… Умот не ми даваше да се помирам,“ раскажа мајката.Лекарот кој бил повикан дополнително само констатирал дека тој веќе се лади, а потоа потврдил дека и другите три деца во собата се починати.На крај од сведочењето, таа упати лична и болна порака.„Животот ми е поделен на пред и по 16-ти март. Агонијата е се поголема. И сега, во овој момент, можам да кажам дека му завидувам на една личност која е најодговорна за смртта на моето дете – бидејќи неговиот син е до него, а моето дете не напушти.“

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryomvpl4gba7jh96dABqd

„Пораката на Инстаграм остана непрочитана“ – мајката на Андреј сведочеше за ноќта на трагедијата во „Пулс“

„На Андреј му пишав на Инстаграм: ‘Што се случува?, и до денес таа порака стои непрочитана.“Вака сведочеше денеска Марија Петрушева, мајката на 24-годишниот Андреј. Таа рече дека семејството прво ги слушнало сирените околу 02:45 часот, а потоа забележало дека службите се движат во правец на клубот. Тогаш започнала агонијата, ѕвонела на двајцата синови, но без одговор.„Почнав да им ѕвонам наизменично. Кога не ми се јавија, му напишав на Андреј: ‘Што се случува?’. Но пораката остана непрочитана,“ рече таа низ солзи.Петрушева сведочеше и дека нејзиниот син бил повикан на работа доцна по полноќ.„Андреј беше викнат од газдата Дејан Јованов во 01 часот по полноќ, бидејќи имало многу гости. Буквално секој што знаел да држи чаша во рака бил повикан,“ изјави таа, додавајќи дека последен пат разговарале околу 18:30 часот, кога ѝ рекол дека е уморен, но мора да оди.Кога семејството пристигнало кај клубот, веќе владеел хаос.„Јас се наведнав да ги превртувам децата, да видам дали е некој од моите. Тие деца кои ги гледав таму, не сфаќав дека се мртви… мислев дека се онесвестени од чадот,“ сведочеше таа.Надеж се појавила кога некој им кажал дека браќата веќе биле однесени во болница, помалиот Христијан бил стабилен, а за Андреј слушнале дека има „слаб пулс“.Судењето продолжува со сослушување на сведоци.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarys3droijois4v65fZo5A

Газда Деко доби опомена, во притворот му бил пронајден мобилен телефон

На денешното рочиште за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, судијката Диана Груевска Илиевска изрече опомена за обвинетиот Дејан Јованов – познат како Газда Деко, поради тоа што во неговата ќелија во затворот во Куманово бил пронајден мобилен телефон.Телефонот, како што беше наведено во судница, бил откриен од затворската полиција додека Јованов се наоѓа во притвор поради судската постапка за настанот во дискотеката.Судијката му укажа дека станува збор за прекршување на правилата и го предупреди дека, доколку повторно се утврди слично однесување, ќе следи забрана за посети.

Македонија | пред 3 месеци

puls-19

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува: Во фокусот сведочењата на оштетените

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, една од најголемите трагедии во поновата историја на државата. На денешното рочиште е предвидено сведочење на законските застапници на оштетените, односно на семејствата на жртвите и на повредените, со што постапката влегува во чувствителна фаза во која фокусот се става врз последиците од трагедијата и барањата за правда и одговорност.На претходното рочиште, по предлог на Обвинителството, сведочеше сопственикот на авто-лимарски сервис кој се наоѓа веднаш до дискотеката „Пулс“. Тој од своја перспектива, како долгогодишен сосед на објектот, зборуваше за реновирањата што се вршеле со години, како и за кобната ноќ кога пожарот го зафати клубот. Неговото сведочење опфати и детали за условите во објектот, пристапите, излезите и хаосот што настанал во обидите за спасување на присутните.Претходно, одбраната на обвинетиот Александар Нацев во воведниот збор истакна дека во текот на постапката ќе докаже дека Нацев не бил ниту одговорно лице, ниту фактички сопственик на правното лице „Рубикон“, како и дека припадниците на обезбедувањето ноќта на трагичниот настан немале обврска да го контролираат бројот на посетители, да вршат проверки на безбедносната опрема или на сигурносните услови во објектот. Одбраната тврдеше и дека обвинетото правно лице немало законска обврска да достави план за обезбедување.На почетокот на денешното рочиште, Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука постапката за овој предмет да се спои со друга поврзана постапка, со цел поцелосно и поефикасно утврдување на фактите и одговорноста.Во воведното излагање на Обвинителството, обвинителот Борче Јанев нагласи дека судењето претставува чекор кон утврдување и на лична и на институционална одговорност. Тој истакна дека општеството мора да се соочи со вистината за тоа кој дозволил, кој премолчел и кој не спречил дискотеката „Пулс“ да функционира во услови што ја претвориле во смртоносна стапица. Јанев порача дека не е пресудно само кој го запалил огнот, туку и кој имал моќ и должност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат исклучиво на пиротехничките средства, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и отсуство на ефективна контрола. Според него, правдата не се бара како одмазда, туку како неопходна последица на незаконитост и занемарување на службените обврски.Сите обвинети на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле тешки дела против општата сигурност.Повеќемина обвинети, преку своите бранители, ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на пошироки институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраните најавија изведување докази и сведоци со кои, според нив, ќе се потврди оваа теза.Во досегашните воведни обраќања своја одбрана изнесоа и сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, сопственикот на „МММ кафе“ Митко Стојанов, обезбедувачот Стојанчо Димитриев, како и Гроздан Милковски, сопственик на објектот. Јованов изјави дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврдеше дека против него нема ниту еден конкретен доказ и дека е обвинет исклучиво поради семејната поврзаност.Бранителите на Митко Стојанов истакнаа дека обвинението против него е неосновано и дека нема причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот, додека одбраната на Гроздан Милковски нагласи дека закупот на објектот бил законит, дека поседувал валидна документација и дека не учествувал во адаптацијата на просторот.Проектантката Милка Едровска, преку својата одбрана, наведе дека била ангажирана исклучиво за сообраќајно решение за паркинг и дека немала никаква улога во адаптацијата или во внатрешната структура на објектот. Градежните инспектори, пак, тврдат дека не можеле да постапуваат без пријава или наредба и дека трагедијата не произлегува од градежни пропусти.Поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, преку својот бранител оцени дека обвинението претставува преседан, наведувајќи дека уште пред отворањето на објектот поднел барање за неиздавање дозвола за работа. Одбраната на поранешните градоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов тврди дека тие постапувале согласно закон, дека надзорот не бил во нивна надлежност и дека обвинението се темели на нецелосна истрага.Обвинетите од обезбедувањето, преку своите адвокати, наведоа дека обвинението е изградено врз претпоставки, дека нивните задачи биле ограничени и дека не можеле реално да го спречат внесувањето пиротехника, повторно посочувајќи ги институционалните пропусти како суштинска причина за трагедијата.Поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини, како и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување, во воведните говори ги негираа обвиненијата, нагласувајќи дека немаат вина. Одбраната на обвинетите службеници од Министерството за економија истакна дека тие имале исклучиво административни надлежности поврзани со лиценците, без можност за теренска инспекција, и дека работеле врз основа на документација заверена од други институции. Пазарните инспектори, пак, упатија сериозни забелешки кон Обвинителството, наведувајќи дека правната конструкција е погрешна и дека во јавноста се изнесуваат неточни информации за нивните надлежности.Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Објектот работел со години без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи, без систем за противпожарна заштита и со активирање пиротехнички средства без одобрение, при што во клубот имало далеку повеќе посетители од дозволеното, меѓу кои и малолетници.Дополнителен пресврт во јавната перцепција донесоа наодите на Истражувачката репортерска лабораторија, според кои кај голем дел од жртвите примарна причина за смртта не биле изгорениците, туку интоксикацијата со отровни гасови. Овие сознанија отворија сериозни прашања за употребата на лесно запаливи и токсични материјали во ентериерот и звучната изолација, спротивно на безбедносните стандарди.Речиси една година по трагедијата, случајот „Пулс“ прераснува во симбол на борбата против неказнивоста и тест за капацитетот на правосудниот систем да обезбеди неселективна правда. Очекувањата на јавноста се дека судскиот процес ќе резултира со јасно утврдена одговорност и ќе стави крај на долгогодишната пракса на институционален молк и занемарување на безбедноста во угостителските објекти.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryhf0l4hdrthvu6xNLkDe

„Среќен небесен роденден, мое ангелче“ – потресна порака од таткото на Надица

На денот кога требаше да има смеа, свеќички и планови за иднината, домот на семејството Наунов е исполнет со тишина и болка. Александар Наунов, таткото на Надица – една од загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ – со емотивна порака ѝ го честиташе нејзиниот роденден, кој првпат го дочекува без неа.„Денес требаше да славиме со смеа, со свеќички и со соништа за иднината. Наместо тоа, ти го честитам твојот прв небесен роденден – со солзи, со тишина и со љубов што никогаш нема да згасне“, напиша Наунов.Во својата исповед, таткото вели дека Надица засекогаш ќе остане негово дете, негова гордост, но и негова најголема болка и најсветла светлина. Иако физички ја нема, како што вели, ја чувствува во секој здив, во секоја солза и во секое чукање на срцето, верувајќи дека денес ангелите ѝ пеат, а таа ги гледа од небото со својата насмевка.„Тато те сака бескрајно. Родендените ќе болат, но љубовта кон тебе ќе живее вечно“, стои во пораката што ги трогна граѓаните и повторно ја отвори раната од трагедијата што однесе млади животи.Пораката завршува со зборови што ја отсликуваат болката на родител кој загубил дете, но и љубовта што не познава крај: „Среќен небесен роденден, мое ангелче“.

Македонија | пред 3 месеци

media-library5otsji413ifjfBwm7IM

„Среќна небесна Нова година, ангели наши“: Потресно писмо од мајка на жртва од „Пулс“

Во пресрет на новогодишните празници, кога градовите се украсени и владее празнична атмосфера, тагата на семејствата кои ги загубија своите најмили во трагедијата во дискотеката „Пулс“ станува уште потешка.Мајка на едно од загинатите момчиња преку социјалните мрежи објави потресно писмо посветено на својот син и на неговите пријатели, кои, како што пишува, својата прва Нова година наместо со семејствата, ја дочекуваат „на небото“.Во емотивната порака, таа се присетува дека овие денови требало да бидат исполнети со планови, смеа и договори за новогодишната ноќ. Наместо радост, останале тишината и болката од спомените.„Требаше овде да се слуша вашиот глас, вашата смеа и љубов. Но, наместо тоа, остана само тишина, крик, болка и солзи. Среќна ви прва небесна Нова година, ангели наши“, пишува мајката.Таа нагласува дека најтешката реалност за родителите е празниците да ги минуваат на вечните почивалишта на своите деца, наместо околу заедничка празнична трпеза. Свесна дека повторната средба и прегратка е невозможна, мајката упатува апел за правда.„Имаме уште една желба – правдата да пресуди за вашето прерано заминување. Ако таа се исполни, ќе знаеме дека постои правда“, стои во пораката, која повторно ја отвори болката и го засили јавниот повик за правно и морално разрешување на трагедијата што засекогаш го промени животот на многу семејства.

Македонија | пред 3 месеци

puls-19

„Телата беа насекаде“ – сведоштво за пожарот во „Пулс“ што ја замолкна судницата

Со длабоко потресно сведочење на Дејан Николов, сопственик на соседен автолимарски сервис, денеска продолжи судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани од 16 март 2025 година, во кој животот го загубија 63 млади лица. Пред судот и пред родителите на жртвите, Николов ги опиша драматичните и пеколни моменти од кобната ноќ, оставајќи ја судницата во солзи и тишина.Николов, првиот сведок сослушан по воведните зборови на одбраната, детално говореше за објектот во кој со години работела дискотеката, истакнувајќи дека функционирала во крајно небезбедни услови. Според него, прозорците кои однадвор изгледале како евакуациски отвори биле затворени или заѕидани одвнатре со изолациски материјали, поради што просторот, во случај на пожар, станал смртоносна стапица.Сведокот раскажа дека случајно се нашол пред дискотеката со пријатели и со својот син, само неколку минути пред да избие пожарот. Кога се појавил густ црн чад и настанал хаосот, веднаш реагирал, вклучувајќи го цревото од својот сервис со силен притисок за да помогне.„Слушав тропање и викање од женскиот тоалет. Прозорецот имаше решетки. Ги искршивме стаклата, а девојчињата се држеа за решетките и молеа за помош. Светеа со телефоните и врескаа. Ги прскав со вода за полесно да дишат. Син ми зад мене викаше: ‘Тато, те молам спаси ги!’“, сведочеше Николов, додека солзите не ги сокрија ни родителите на загинатите, ни присутните во судницата.Тој опиша како, заедно со својот син и неговите пријатели, со заштитни маски и гази, се обидувале да извлечат и да помогнат на настраданите, иако пламенот се ширел, а кровната конструкција почнала да пука и да се урива. Посебно го спомена моментот кога му пришол син на еден од локалните лекари, со тешки изгореници, барајќи помош.„Кога дојде пет часот наутро, времето за мене престана да постои. Верував дека има само повредени. Потоа се свртев и видов три безживотни тела покрај мене. Тоа беше ужас што не може да се опише… тела имаше насекаде“, рече Николов со треперлив глас.И покрај сведоштвата за пренатрупаноста на клубот, небезбедните услови, нелегалната употреба на пиротехнички средства и долгогодишното работење без исполнување на минимално-техничките стандарди, сите 35 обвинети на почетокот на процесот изјавија дека не се чувствуваат виновни. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле тешки дела против општата сигурност.Судењето, кое се одржува во судницата во Идризово, продолжува со вкрстено испрашување на сведокот од страна на одбраната.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryqhvdrq7o35d8dX5L9CX

Адвокатот на газда Нацев: Наместо вина, ќе докажеме херојство на обезбедувачите

Во судницата каде што се води судскиот процес за трагичниот пожар во кабарето „Пулс“ од 16 март 2025 година, денеска својот воведен говор го изнесе одбраната на првообвинетиот Александар Нацев. Неговиот адвокат оцени дека обвинението против Нацев е конструирано и дека тој во ниту еден момент не настапувал како реален сопственик или лице што управувало со агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“.Според одбраната, клучната теза на Обвинителството дека Нацев бил неформален сопственик кој заедно со управителот Јан Јанчевски ја раководел агенцијата, не е поткрепена со докази. Адвокатот истакна дека Нацев бил ангажиран како вработен, односно консултант, исклучиво поради својата стручност во областа на безбедноста, без какви било управувачки или сопственички овластувања.Во судницата беше нагласено дека Обвинителството не може да докаже никаква поврзаност на Нацев со правното лице пред 2024 година, кога тој формално станал вработен. Тврдењето дека бил „реален сопственик“, според одбраната, претставува систем од претпоставки, а не факти засновани на докази.Како еден од клучните аргументи, одбраната го посочи и фактот дека меѓу агенцијата „Рубикон“ и кабарето „Пулс“ не постоел писмен договор за физичко обезбедување, што, според адвокатот, е законски предуслов за утврдување на конкретна одговорност. Агенцијата, како што беше посочено, дејствувала како оператор на услуги, а не како субјект кој целосно ги презема безбедносните протоколи во објектот.Одбраната дополнително наведе дека обезбедувачите ангажирани таа вечер немале обврска да го контролираат бројот на гости, да ја проверуваат функционалноста на влезовите и излезите, ниту да поднесуваат план за обезбедување до Министерството за внатрешни работи. Како што беше истакнато, на терен биле ангажирани тројца обезбедувачи, а законската обврска за изработка на план за обезбедување постои само кога се ангажирани повеќе од пет лица.Во воведниот говор беше критикувано и таканареченото интегрирано обвинение, при што адвокатот оцени дека временската рамка намерно е стеснета за да се совпадне со периодот кога Нацев веќе бил вработен во „Рубикон“. Притоа беше посочено дека во низа слични трагедии во странство, меѓу кои случаи во Романија, Бразил и Соединетите Американски Држави, никогаш не биле гонети сопственици на агенции за обезбедување.Наместо вина, одбраната најави дека преку сведочења ќе докаже дека вработените во „Рубикон“ во кобната ноќ постапувале храбро, преземајќи улога на пожарникари и медицински лица и ризикувајќи ги сопствените животи во обид да спасат што поголем број луѓе.На крајот, адвокатот нагласи дека Александар Нацев со ниту едно свое дејствие или пропуст не го предизвикал пожарот и дека не може да биде товарен за непреземање дејствија кои ниту законски, ниту договорно бил обврзан да ги преземе.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarybtgnasq3k2ld8eOW1UK

Сопственикот на „Рубикон“: Цел сум на политизирани клевети на кои може да позавиди и Орвел

На денешното рочиште за катастрофалниот пожар во дискотеката ,,Пулс“, воведен збор имаше обвинетиот Александар Нацев, сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон”.Тој ги отфрли обвиненијата и се пожали дека девет месеци е жртва на јавен линч. Според него обвинението е „брутално силување“ на законите.Според неговата одбрана тој не бил ниту одговорно лице, ниту реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, туку само вработен како консултант поради неговата експертиза во безбедноста.„Дури и Џорџ Орвел би можел да позавиди на ваквата конструкција. Со непобитни докази ќе го укажеме отсуството на каква било вина кај мене. Во време на трагичниот настан, јас воопшто не бев во државата“, рече Нацев.Тој кажа дека не бил во земјата кога се случи пожарот во „Пулс“.

Македонија | пред 3 месеци

IMG_5572

Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека токсиколошките анализи за смртта се нецелосни

Родителите на загинате во дискотекат,,Пулс“ се сомневаат дека токсиколошките анализи за причините за смрт на нивните деца не се целосни и бараат дополнителни вештачења.Александар Наунов, татко на загинато девојче кој е и претседател на Здружението „16 Март 2025 се сомнева дека причина за смрт е и присуството на цијанид во телата на загинатите, но тоа, како што рече не е утврдено со форензичките анализи на МВР, иако било оставено како можност.„Цијанид можен, анализи нема. Сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација отвора прашање за вистинската причина за смртта на нашите најмили. Иако во одговорот во ОЈО се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР-ОФИ ја потврдиле веројатноста дека испуштање на цијанидни гасови како последица на согорување на материјалите во клубот, е клучното прашање кое останува неодговорено. Дали при обдукциите е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на нашите починати деца. Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид меѓутоа во самиот обдукциски наод јасно се наведува дека од телата се земени и крв и урина за одредување на јаглерод моноксид, како и за токсиколошката анализа при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени на семејствата“, праша Наунов.Ова, посочи не е содржано во конечните обдукциски наоди и отвора сериозен сомнеж.Според Наунов, додека не се објават и документираат резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена.На денешното рочиште воведни зборови треба да даде одбраната на обвинетиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, Александар Нацев, како и правните застапници на трите обвинети фирми за трагедијата.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryv3901mqr9fc34HuSIWL

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште се предвидени воведни зборови на одбраната на Александар Нацев, кого Обвинителството го посочува како неформален, односно реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, задолжена за обезбедувањето на клубот, како и на одбраната на обвинетите правни лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон секјурити солушнс“.Во претходното воведно излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето претставува чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со прашањата кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата. Тој посочи дека пожарот не е последица само на употребата на пиротехника, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, кои објектот го претвориле во „смртоносна стапица“.Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за „тешки дела против општата сигурност“. Дел од нив изразија сочувство до семејствата на жртвите, но преку своите адвокати ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што би довеле до пожарот и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина.Во досегашните воведни обраќања своја одбрана изнесоа и сопственикот на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов, сопственикот на „ММММ Кафе“ Митко Стојанов, како и други обвинети. Јованов изјави дека и по девет месеци во притвор не може да поверува во трагедијата и дека никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот, додека неговиот син Михаил Јованов тврди дека против него нема докази. Одбраните на другите обвинети, вклучително и поранешни функционери и инспектори, посочија дека постапувале согласно закон и дека немале надлежност или можност да ја спречат трагедијата.Пожарот избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Според обвинението, дискотеката работела незаконски со години, со над дозволениот број посетители, без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Македонија | пред 3 месеци

media-library8iqlkjum6gucfCaIM2K

(Видео) На роденденот на загинатиот Адријан Живков од „Пулс“, пријателите основаа фондација со неговото име и донираа 500 пакетчиња во Чешиново-Облешево

Преку Фондацијата „Адријан Живков“, денеска беа донирани 500 новогодишни пакетчиња за сите деца на територијата на Општина Чешиново-Облешево, во училишта и градинки во повеќе населени места. Донацијата е реализирана на денот кога Адријан Живков, загинат во трагедијата во „Пулс“, ќе го славеше својот роденден, а неговите пријатели одлучија токму преку хуман гест да го одбележат овој датум.Пакетчињата беа поделени во основните училишта „Страшо Пинџур“ во Соколарци и „Климент Охридски“ во Облешево, како и во подрачните училишта во Чешиново, Уларци, Спанчево, Бања, Кучичино, Теранци и Чифлик. Донацијата опфати и три градинки – „Ѕвездички“ во Чешиново и Облешево, како и градинката „Штркче“ во Спанчево.Адријан Живков е еден од трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, најголемата трагедија што ја погоди Македонија, во која животот го загубија 63 лица. Според сведоштвата, во кобните моменти Адријан покажал исклучителна храброст и човечност, обидувајќи се да спаси што е можно повеќе луѓе, при што го жртвувал сопствениот живот.Во негова чест, пријателите ја основале Фондацијата „Адријан Живков“, со цел неговото име да остане симбол на солидарност, емпатија и несебичност. Од Фондацијата истакнуваат дека нивната мисија е да обезбедуваат поддршка и помош за оние на кои им е најпотребна, водејќи се од вредностите што Адријан ги живеел и ги оставил како морално наследство.„Фондацијата ќе продолжи активно да работи и во иднина, реализирајќи донации и хуманитарни активности во негова чест, со цел да помага и да носи надеж таму каде што е најпотребно“, порачуваат неговите пријатели, нагласувајќи дека оваа донација е само почеток на поширока хуманитарна мисија.

Настани | пред 3 месеци

media-libraryjkensb0astald29R9Fe

(Видео) 34-ти „Марш за ангелите“ во Кочани: Родителите бараат правда и одговорност за трагедијата во „Пулс“

Денеска во Кочани, со почеток во 14:05 часот, се одржа 34-тиот протестен „Марш за ангелите“, на кој родителите на загинатите и бројни граѓани ја изразија својата болка и незадоволство поради, како што велат, недоволната одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“.Во обраќањето пред присутните, родител на едно од загинатите деца истакна дека маршот не е израз на навика или инает, туку повик против молкот. „Чекориме за нашите деца, за 63 ангели чии животи згаснаа прерано. Овој марш не е само марш на тишината, ова е тишина што вреска“, рече тој.Родителите порачаа дека болката од загубата не поминува со време, а уште потешко е чувството дека правдата доцни. Според нив, и покрај јасните законски обврски, одредени службени лица од Министерството за внатрешни работи сè уште не се соочиле со обвиненија.„Селективната правда не е правда, молкот не е неутрален, а одолговлекувањето не е случајност. Нашето барање е јасно и легитимно – правда за нив и одговорност сега“, беше порачано на маршот.Настанот помина со голем број учесници кои носеа свеќи и транспаренти, симболично оддавајќи почит на загинатите и упатувајќи повик до надлежните институции за целосна и навремена правда.

Македонија | пред 3 месеци

media-library7n3jh7q76f4jdqiQeON

„Молчењето не е опција“ – 34-ти протестен марш за жртвите од „Пулс“

И оваа сабота, 20 декември, во Кочани ќе се одржи 34-тиот по ред протестен „Марш за ангелите“, посветен на жртвите од трагедијата во објектот „Пулс“. Маршот ќе започне во 14:05 часот.Настанот го организира здружението „16 Март 2025“, кое повторно упати јавен повик до граѓаните од Кочани и од целата држава да се приклучат и заеднички да побараат правда.„Ги повикуваме сите граѓани да чекорат со нас за вистинска правда – за нашите деца кои ги нема и за иднината на сите деца што доаѓаат. Да одиме заедно, во тишината што вреска по правда. Молчењето не е опција, правдата мора да се избори заедно“, се наведува во писменото соопштение на организаторите.Од здружението потенцираат дека секој нов марш е потсетник дека одговорноста за трагедијата сè уште не е целосно утврдена и дека болката на семејствата не стивнува.„Секој чекор, секој поглед и секое присуство е повик за правда“, порачуваат организаторите, нагласувајќи дека маршот е мирен, достоинствен и посветен на сеќавањето на жртвите.

Македонија | пред 3 месеци

Screenshot-2024-12-09-at-22.33.10

Најмалку петмина обвинители не се согласуваат со обвинението за „Пулс“ кое го застапуваат, тврди Туфегџиќ

Обвинението за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ е сериозно проблематично и содржи суштински правни слабости, оценија адвокатите Владимир Туфегџиќ и Еленко Миланов во гостување на ТВ21. Според нив, концептот на обвинението е преширок и неправилно ги третира сите опфатени лица како соучесници, иако голем дел од нив во моментот на трагедијата немале ниту директна, ниту индиректна поврзаност со објектот во кој изби пожарот.Адвокатите сметаат дека ваквиот пристап не кореспондира со основните принципи на кривичното право, особено во делот на утврдување на индивидуална вина, причинско-последична врска и реална можност за влијание врз настанот. Според нив, невозможно е сите опфатени со обвинението автоматски да се третираат како дел од исто кривично дејствие, без прецизна и јасна правна аргументација за секој поединечно.Владимир Туфегџиќ посочи дека бројот на обвинители ангажирани во предметот е симптоматичен и, според него, не е показател за квалитет, туку за внатрешна несигурност во самиот обвинителен концепт. Тој направи споредба со Нирнбершкиот процес, каде што, како што рече, за судење за злосторства од светски размери биле ангажирани само четворица обвинители.„Во овој предмет имате 15 обвинители. Јас лично ги познавам сите и со целосна одговорност тврдам дека најмалку петмина од нив не се согласуваат со ваквиот концепт на обвинението. Тоа го знам, сигурен сум и стојам зад тоа. Но тие го чуваат тоа за себе“, изјави Туфегџиќ.И Еленко Миланов се согласи дека обвинението е поставено на климави правни основи, предупредувајќи дека ваквиот пристап може да доведе до сериозни последици не само за обвинетите, туку и за довербата на јавноста во правосудниот систем. Според него, доколку судот прифати обвинение без јасно утврдена индивидуална одговорност, тоа ќе претставува опасен преседан во македонската судска пракса.Двајцата адвокати оценија дека предмет од ваков обем и тежина бара максимална правна прецизност, а не обид преку масовност и политичко-јавен притисок да се надоместат слабостите во истрагата.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryb9uhirphgpfudiSNZOP

(Видео) „Ако имало јавашлук 13 години, обвинителот требало да седне на обвинителна клупа“, остро реагираше Шилегов на судењето за „Пулс“

На денешното рочиште за случајот „Пулс“, адвокатот Петре Шилегов – бранител на обвинетиот службеник од Министерството за економија, Шефкет Хазари – остро ја нападна теоријата на случај што ја застапува обвинителството, оценувајќи дека доколку се прифатат нивните аргументи, тогаш одговорност треба да понесе и самиот обвинител.Според Шилегов, обвинителството во обвинителниот акт тврди дека во изминатите 13 години имало системски пропусти и „јавашлук“, кои, како што навел обвинителот, довеле до услови за трагедијата во март 2025 година во кочанската дискотека „Пулс“, кога загинаа 62 млади лица.„Обвинителе, ако ни тврдевте на нас дека постоел тој јавашлук, што правевте вие 13 години во Кочани? Што правевте? Ако ја прифатиме вашата теорија, тогаш обвинителот требаше да го слуша, а не да го чита обвинителниот акт!“, изјави Шилегов, алудирајќи дека обвинителството со години не реагирало на наводните пропусти.Обвинителот побарал одговори, но судијката го прекинала со образложение дека објаснувањата ќе може да се дадат на крајот од рочиштето.Шилегов истакна дека темелно размислувал дали да ги чита делата што му се ставаат на товар на Хазари, но, како што рече, морал да го стори тоа за да покаже дека обвинителниот акт нема правна суштина.„Долго размислував дали да одам со читање на кривичните дела и дека тоа мора да го сторам, затоа што, како што велам, правно поаналфабетски памфлет немам видено, бидејќи ова не заслужува да носи име обвинителен акт“, рече адвокатот.Со ова, одбраната продолжи да ја оспорува правната валидност на обвинението, тврдејќи дека обвинителството изградува случај врз претпоставки, а не врз реални докази.

Настани | пред 3 месеци

media-library0des7vqsdbnkeijcY1R

Шилегов го оспори обвинението за Шефкет Хазари: „Со кои средства наводно предизвикал пожар?“

Денешното рочиште за пожарор во дискотеката „Пулс“ го стави во фокус обвинителниот акт, откако адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шефкет Хазари од Министерството за економија, ја изнесе својата одбрана и го оспори товарот што му се припишува на неговиот клиент.Шилегов објасни дека одлучил да ги прочита делата што му се ставаат на товар на Хазари, нагласувајќи:„Долго размислував дали да одам со читање на кривичните дела и дека тоа мора да го сторам, затоа што, како што велам, правно поаналфабетски памфлет немам видено, бидејќи ова не заслужува да носи име обвинителен акт.“Тој додаде дека според обвинението, Хазари наводно бил свесен дека може да настане штетна последица и се согласил со нејзиното настанување:„Делото што се става на товар вели: Тој што со пожар, поплава, експлозија и јонизирачко зрачење, моторна пила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство, ќе предизвика значителна опасност за животот на луѓето или имотот, од поголеми размери, па се предвидува казната. Тоа е делото што според Обвинителството го сторил обвинетиот Хазири. Со кои средства? Лиценцата за угостителска дејност е изработена и обработена во Министерството за економија, а од Хазари била проверена,“ рече тој.Адвокатот посочи дека нема логична поврзаност меѓу административната работа на Хазари и пожарот што избувна многу години подоцна:„Нејасно е како може проверка на лиценца или давање согласност во интервал од 2013 до 2019 година да предизвика пожар на 16 март 2025 во дискотеката во Кочани.“

Македонија | пред 3 месеци

media-librarys3uid8k7c7v8aImXkiR

Станковиќ: Правдата мора да излезе на виделина, да се санкционираат  сите инволвирани во случајот со трагедијата во Пулс

Пратеникот од Коалицијата  предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, гостуваше во ТВ 24, порача дека институциите мора целосно да го завршат судскиот процес поврзан со трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој ја потресе јавноста, нагласувајќи дека власта нема намера да прикрива било кого и очекува одговорност за сите сторители.„Веќе гледаме дека се води судски спор којшто е активен во моментот, битно е граѓаните да знаат дека ние не сакаме да заштитиме никого, напротив сакаме секој сторител да одговара за стореното дело и кон тоа стоиме и се надевам дека ќе се смогнат сили пред се судската власт и ЈО да го истера случајот до крај а ние стоиме тука да им дадеме поддршка  на тие луѓе коишто за жал ги изгубија своите најмили, а со тоа и самата држава изгуби. Во моментот најбитно за нас како држава, како општество е сторителите да одговараат, односно сите кои се виновни да одговараат, навистина се обидуваме и преземаме се да направиме за дојдеме до правдата, нешто што го сакаат и оние кои останаа без своите најмили, без своите деца и ние како држава“, истакна Станковиќ и додаде:„Прва работа ние како власт не бегаме од ниту едно прашање и тоа го докажавме со самото тоа што и ние бевме иницијатори за покренување на иницијатива во Собранието. Ние сметавме во почетокот дека тоа ќе ги изложи овие луѓе коишто се најдиректно засегнати во дополнителни стресови и од таа морална гледна точка. Во оној момент кога разбравме дека тие самите сакаат да се обратат, ние постојано сме транспарентни и велиме сето она што мислите дека треба да го направиме ние сме отворени да го направиме и затоа ние ја потпишавме самите иницијатива не само за овој случај и за сите претходни случаи да се отворат и да се разгледаат во Собранието. Во ниту еден момент никој од власта не избегал од одговорност, од соочување или од поставување и отворање на одредени прашања“, рече Станковиќ.Станковиќ потсети дека уште на почетокот имало средби помеѓу родителите и министерот за внатрешни работи, Тошковски, со порака дека правдата мора да излезе на виделина Станковиќ повтори дека Владата останува доследна во ставот дека никој нема да биде заштитен.„Знаете дека и на самиот почетокот и министерот за внатрешни работи имаше средба со родителите, ние постојано сме во контакт не само со родителите, не само со одредена група на родители, со сите засегнати во однос на овој немил настан и ние даваме отворена поддршка на сите институции да дојде реално до правдата. Најбитно на сите ни е правдата да излезе на виделина, да се санкционираат сите на кој било начин инволвирани“, вели Станковиќ.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryqb2elrbs0f9jcftZbUA

Одбраната на Сараќини: „Во 2012 година е издадена лиценца за сосема друг објект – обвинението е правно неосновано“

Одбраната на поранешниот министер за економија Ваљон Сараќини денеска пред Судот оцени дека обвинението за неговата наводна одговорност во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ е поставено врз погрешни претпоставки и дека не се потпира на факти, туку на конструкција. Според бранителите, клучните околности околу локацијата, временскиот период и надлежностите на министерот биле целосно игнорирани при составување на обвинението.Адвокатот Даниел Георгиевски потсети дека лиценцата што ја издал министерството во 2012 година воопшто не се однесувала на локацијата каде подоцна функционирала дискотеката „Пулс“, туку на објект на сосема друга адреса.„Во 2012 година во Министерството за економија врз основа на барање е издадена лиценца за угостителска дејност кабаре кое се наоѓа на улицата Димитар Влахов бб во Кочани, која е сосема различна од адресата на дискотеката ‘Пулс’ која е на улица Крижевска во Кочани. Тоа ќе се презентира и во вештачењето. Се работи за две сосема различни локации и за различни правни лица“, рече Георгиевски.Тој додаде дека обвинението не нуди ниту правна ниту логичка врска меѓу издадената лиценца од 2012 година и трагедијата што се случи 13 години подоцна, во период кога објектот ниту имал активна лиценца, ниту бил под надлежност на министерот за економија.„Како е можно тогашниот министер, кој издава лиценца со рок на важност од една година да гарантира и да одговара за друг објект 13 години подоцна, во време кога објектот воопшто нема активна лиценца?“, праша Георгиевски, оценувајќи дека обвинението ја заобиколува законската рамка и ги проширува обврските на министерот надвор од неговите реални надлежности.Според него, Јавното обвинителство во воведниот говор „ја избегнало вистината“ и оставило погрешен впечаток кај јавноста за тоа кој е изворот на одговорноста.„Фрапира креативниот пристап на Јавното обвинителство во воведниот говор, скроен за задоволување на јавноста, при што се избегнати клучни факти,“ рече бранителот.Во однос на постапката за издавање на лиценците, Георгиевски нагласи дека министерот одлучува само врз основа на формално поднесена документација, а проверките на условите за работа се исклучиво во надлежност на Државниот пазарен инспекторат.Неговата колешка, адвокатката Татијана Поповски Буловски, посочи дека одбраната ќе покаже дека Сараќини нема никаква каузална врска со настанот.„Издавачот на лиценца, во овој случај Министерството за економија, не испитува исполнетост на материјални услови за добивање лиценца, туку испитува постоење на формални услови, односно дали е поднесена бараната документација,“ рече таа, додавајќи дека инспекторите се тие што се произнесуваат за фактичката состојба на терен.

Македонија | пред 3 месеци

Screenshot-2025-05-15-at-14.37.45

Одбраната на Крешник Бектеши тврди дека дозволите за „Пулс“ биле издавани без негов потпис: „Факсимил, а не рачен потпис“

Во продолжението на судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши излезе со сериозни забелешки за начинoт на кој биле издавани лиценците за работа на објектот. Бранителот Еленко Миланов пред судот истакна дека Бектеши воопшто не ги потпишувал документите, тврдејќи дека сите дозволи во неговиот мандат биле издадени со факсимил.„Издадените лиценци во периодот од 2018 до 2022 година се издадени со факсимил на Крешник Бектеши. Ова значи дека не постои ниту еден потпис на лиценца од него. Најмалку за една од овие лиценци ќе докажеме дека е издадена на датум кога тој не се наоѓа во Република Македонија,“ рече Миланов, најавувајќи дека доказите ќе го поткрепат ова тврдење.Одбраната дополнително објасни дека во Министерството за економија имало овластени службени лица кои го користеле факсимилот во редовни постапки, а министерот не ги проверувал документите лично. Според Миланов, Бектеши неправедно се врзува со правниот тек на процесот: „Крешник Бектеши стои во ова како дел од каузалитет, но без конкретни дејствија.“Покрај тоа, адвокатот ја оспори тезата дека дискотеката не смеела да работи, наведувајќи дека законската регулатива ја дозволува угостителската дејност во деловни, а не само во станбени објекти.„Законот е дециден – угостителска дејност може да се врши во деловни објекти. Единственото ограничување за кабаре или дискотека е тоа да не биде во станбен објект. Овој објект не е станбен,“ додаде Миланов, упатувајќи дека формално-правните услови биле исполнети.Одбраната го насочи фокусот и кон Државниот пазарен инспекторат, нагласувајќи дека токму ДПИ е надлежната институција која проверува минимално-технички услови, а не Министерството за економија. „Министерството за економија нема ниту инспекциска служба, ниту овластување за надзор. ДПИ е тој што проверува дали се исполнети минимално-техничките услови,“ рече Миланов.Крешник Бектеши, кој ја водеше економијата од февруари 2018 до февруари 2022 година, се соочува со обвинение за „Тешки дела против општата сигурност“ во рамки на процесот за трагичниот пожар.

Македонија | пред 3 месеци

media-library2bhr9llnj04heZYiCmq

Одбраната на поранешниот директор на ДЗС, Аднан Џаферовски: Обвинението за „Пулс“ е поставено на погрешна правна основа

На денешното рочиште за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, остро ја оспори правната конструкција на обвинението, тврдејќи дека обвинителството не го утврдило причинскиот контекст меѓу неговата функција и несреќата.Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска оцени дека обвинението против нејзиниот клиент се темели на погрешен пристап и дека истрагата е водена со однапред определен резултат.Во своето обраќање пред судот, таа истакна:„Мојата единствена порака до вас денеска е дека јас и Аднан Џаферовски не сме ви непријатели. Ова обвинение вака конструирано ни става замка во која сите – ние, вие, судот, јавноста – мораме да се снаоѓаме во хаос кој не е создаден од факти, туку од погрешна правна рамка.Обвинителството меѓу обвинетите како Аднан не бара кривична одговорност, туку системска грижа. Не прибирале докази кои би оделе нанапред кон резултатот, туку од списокот се одело наназад. Непристрасна истрага дозволува доказите да водат кон резултатот, но овде резултатот е прво поставен, па после се барало како да се состави приказната. Тоа не е правна логика, тоа е попис претворен во обвинителен акт.“Јошевска посочи дека според одбраната, клучниот елемент за кој обвинението го поврзува Џаферовски со настанот е фактички и правно погрешно поставен:„Правниот објект кој изгоре во 2025 година во правна смисла не постоел во времето кога на функција бил Аднан Џаферовски. Објектот бил реконструиран, што значи дека е нов објект. Што точно требал да преземе Аднан Џаферовски од 2017 до 2020 година за да спречи пожар во објект кој изгорел во 2025 година, а настанал во 2024 година? Не можете да обвинете некого за пропуст, ако не можете да докажете што пропуштил.“Одбраната тврди дека директорот нема надлежности да следи нелегални градби, не учествува во изработка или оценување на планови и не може да наредува вонредни инспекции без официјални информации од други институции.Џаферовски, пак, во своето излагање нагласи дека трагедијата не смее да се користи за наметнување вина врз поединци без факти. Тој посочи дека неговата совест е „апсолутно чиста“ и дека верува дека доказната постапка ќе ја потврди неговата невиност.

Македонија | пред 3 месеци

saban-saliu-1515

Салиу во судница: „Бог да чува! Ниту Баба Ванѓа не можеше да го предвиди ова обвинение“

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу, денеска го отфрли товарот на обвинението во случајот „Пулс“, нарекувајќи го правно неодржливо и логички апсурдно.„Бог да чува! Ниту Баба Ванѓа да стане од гроб не можеше да го предвиди ова, а не пак јас“, изјави Салиу во судницата, реактирајќи на тврдењето дека делувал со „евентуална умисла“ во периодот 2012–2017 година, а за настан што се случил осум години подоцна – трагедијата во Кочани во 2025 година.Тој пред судот ја цитираше клучната реченица од обвинителниот акт: „Директорите на ДЗС, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување.“„Според ова, јас уште во 2012 година сум знаел што ќе се случи на 16 март 2025 година. Тоа не е ни правно, ни логично издржано“, нагласи Салиу.Но, неговото обраќање не остана само на правните дилеми. Салиу тврдеше дека е изложен и на политички притисок, директно посочувајќи ги пратеникот Димитар Апасиев и членовите на Анкетната комисија.„На вчерашната седница се злоупотреби моето име. Тврдеа дека сум доаѓал со службена кола. Тоа го говореа Петрушева и Апасиев. Срамота е да се фрлаат вакви обвинувања без факти“, изјави тој.Иако Салиу се брани дека немал начин да предвиди идни ризици, Обвинителството го товари за конкретни пропусти во работењето на ДЗС во минатото – пропусти кои, според нив, придонеле за системската негрижа што ја создаде околноста за трагедијата во „Пулс“.Обвинителниот акт му става на товар три суштински пропусти:1. Неназначување инспектор во КочаниВо критичниот период не донел решение за распоредување инспектор за заштита и спасување во Кочани, поради што објектите во регионот останале без надзор.2. Неспроведување законски обврскиНе биле преземени мерки за организирање и планирање заштита од пожари и експлозии, иако тоа било негова директна надлежност.3. Игнорирање ризик и формално планирањеГодишните планови за надзор биле подготвувани само „на хартија“, без реално присуство на терен, иако ДЗС знаело дека во Кочани нема ниту еден инспектор.Салиу, кој ја водеше ДЗС од 2008 до 2017 година, е еден од 37 обвинети во овој процес. Тој инсистира дека не е виновен и дека обвинението е дел од „меѓупартиски пресметки“, а не резултат на реални докази.

Македонија | пред 3 месеци

media-library0hjb2374nfcsfxRqNP2

(Видео) Дали кофата за гаснење на пожарот во Пулс не била и во рацете на Обвинителството во Кочани?, праша адвокатот на Шабан Салиу

Димитар Дангов, адвокат на Шабан Салиу, го нападна Обвинителството со обвинението кое тие го поднесоа против ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување.Тој ги праша обвинителите, „дали кофата за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството“, со оглед дека тие како орган на прогон можеле да отворат предмет по допрен глас и да утврдат криминално поведение кај страните кои денеска се на обвинителна клупа.„Ако некој во синџирот на каузалната врска си ја вршеше својата работа, и на 15 март 2025 година или на 16 март 2025 година пред да се запали фитилот на огнометот, го затвореше Пулс, дали во таков случај кога пожарот немаше да се случи, да дадеше Господ така да беше, Шабан Салиу ќе беше одговрен, само затоа што 9 до 14 години порано не постапувал по управно-правни обврски кои не биле ниту во негова надлежност. Дали во таква ситуација кога го нема пожарот, ќе се сметаше дека го сторил делото? Ќе беше ли одговорен? Не! Немаше да биде одговорен како што и сега не е одговорен, но немаше да биде ни обвинет“, додаде Дангов.Според адвокатот, се бара вина од Салиу само поради болката која трагедијата ја донесе.„Тој е обвинет само поради пожарот на 16 март и болката која таа трагедија ја предизвика во нашето општество. Болката колку и да е силна, не може да биде причина за обвинение. Правда не се гради на чувства туку на вистина. Да биде осуден, не е доволно Салиу да биде обвинет“, додаде тој.

Македонија | пред 3 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања