1 нед.
dozd

Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец

Времето денеска ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег.Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.Како што соопшти УХМР, следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

Македонија | пред 1 седмица

1 нед.
media-library8u1cch3gv7mi46I8YDp

(Видео) Судијата поротник заедно со Кацарска за 27 април: Немаше тука тероризам, на осудените им се извинив

Зоран Јовановски, човекот кој беше судија-поротник за настаните на 27 април, заедно со судијката Кацарска, а денес е директор на КПУ Идризово е гостин во„Претрес со Ландов”. Поминал децении во МВР а бил активен во воениот конфликт во 2001 година.За судењето за 27 април вели не ми е виновен никој и сам одлучил да биде судија-поротник.„Од почетокот не очекував дека Кацарска ќе досуди такви казни. Пред мене пола беа лица со кои сум работел. Касно беше да се иземам, а сакав на средина на судењето да се откажам. Се плашев од политички моќници да се откажам, од страв го потпишал записникот”, вели Јовановски.За 27 април вели, немаше тероризам, затоа што во битието за ова кривично дело нема тероризам. На Кацарска и кажал, но таа не коментирала.„Таа судеше според обвинението. Чим второстепениот суд ја призна пресудата таа правилно судела.Им се извинив на осудените за 27 април. Ако немав фамилија записникот немаше да го потпишам, многу ми е криво”, вели Јовановски во „Претрес со Ландов”.Пресудите со висина на казните ги добиле во последен момент и само тој од сите поротници реагирал. Точна е изјавата на Кацарска, вели дека немале закани.

Скопје | пред 1 седмица

1 нед.
media-libraryguiovio8oit6bkXaJi9

(Видео) Директорот на Идризово: Има изживување, силување, но и љубов меѓу затворениците

Гостин во „Претрес со Ландов” е генерал мајор Зоран Јовановски-Челик, директор на КПУ Идризово.Тој отворено говори за лошите услови во затворот, иако има подобрување. Како Управа од властите овие 3 години бараат средства, но не наидуваат на разбирање.„Што ќе ни дадат тоа трошиме, за 2026 година нема буџет. Не се срамам што сум директор на ваква институција, но брзо ќе заминам”, вели Јовановски.Тврди дека владеат со затворот, но вели имало изживување меѓу осудениците.„Нормално дека ме мразат дел од затворениците, бидејќи им кратиш од бизнисот. Во Идризово имало случај и на силување на осуденик. Истрагата ќе покаже дали е проституција или силување.Имало случаи и затвореници од машки пол да се вљубат меѓу себе”, вели Јовановски.

Студио | пред 1 седмица

1 нед.
media-libraryk82msqmngp7v5LWZTj8

Американската војска изведе пет напади врз ИСИС во Сирија

Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека во периодот од 27 јануари до 2 февруари извршила пет напади врз позиции на ИСИС на различни локации во Сирија. Во рамки на операциите, спроведени заедно со коалициските и партнерските сили со цел траен пораз на терористичката мрежа, уништени се комуникациски центар, клучен логистички јазол и повеќе складишта за оружје. Нападите биле изведени со авиони, хеликоптери и беспилотни летала, при што биле употребени 50 парчиња прецизно оружје.„Нападите врз овие цели ја покажуваат нашата постојана фокусираност и решителност да спречиме повторно зајакнување на ИСИС во Сирија“, изјави адмиралот Бред Купер, командант на CENTCOM, додавајќи дека соработката со коалициските и партнерските сили ја прави Америка, регионот и светот побезбедни.Операциите се дел од акцијата „Хокаи Страјк“, започната како одговор на смртоносниот напад што ИСИС го изведе на 13 декември минатата година врз американски и сириски сили во Палмира, при што загинаа двајца американски војници и еден американски преведувач. Во речиси два месеца целени дејства што следеа, убиени или заробени се повеќе од 50 припадници на ИСИС. Како што наведува CENTCOM, на 16 јануари во прецизен напад во северозападна Сирија бил убиен Билал Хасан ал-Јасим, терористички лидер директно поврзан со лицето одговорно за нападот од декември.

Свет | пред 1 седмица

1 нед.
media-libraryva0e1shba2au1KM5w7q

(🔴ВО ЖИВО) Претрес на Јовановски: како им пресудија на 27 април, проституцијата и силувањата во затвор, УЧК во 2001, кризите

Човекот што бил поротник-судија во предметите за 27 април, рамо до рамо со Кацарска, a денес е директор на најголемиот затвор во државата – Идризово. Вечерва, Зоран Јовановски зборува јавно за судењето, за (не)правдата), одговара на прашања од осудените...Во „Идризово“ зборуваме за „силувањата“ и проституцијата, Диво Насеље и вклучувањето во живо на косовски телевизии... но и за првпат, за најдениот параглајдер на кровот од затвореното одделение, ексклузивно!Јовановски – човек што минал низ најжешките години на безбедносниот систем. Ќе прашуваме за посебната единица“ и немирите, преку 2001 и кризите, до граничната полиција, „Сејф сити“ пред 15 години, криминалните групи, судските процеси и тоа што се случува „внатре“ кога институциите молчат.Ќе отвори теми за кои ретко кој зборува јавно: операции на терен, одлуки во секунди, пропусти што чинеле животи, притисоци, молк, и како изгледа државата кога се води „од сенка“.СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО:

Студио | пред 1 седмица

1 нед.
media-librarynfk2ck3udsq11jvV6jH

По вторпат разрешена судијката Савовска Димитровска која се закануваше на „Скопје1“, а со нејзе заминува и судијката Георгиева

Со девет гласа „за“, Судски совет на Република Македонија по втор пат ги разреши судијките Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева од Апелационен суд Скопје, кои постапувале во предметот „Телеком–Фокуснет“, додека третата судијка, Јетмире Ајдини, е санкционирана со парична казна. Оваа одлука е конечна и нема право на жалба.Одлуката е донесена попладнево, едногласно, и е идентична со претходната, иако по првото разрешување Савовска Димитровска поднесе жалба до Врховен суд на Република Македонија, која беше уважена, со јасни напатствија предметот повторно да биде разгледан од Судскиот совет.Случајот „Телеком–Фокуснет“ трае повеќе од две децении и произлегува од тужбата на интернет-провајдерот Фокуснет од Штип против телекомуникациската компанија Телеком. Апелациониот суд донесе пресуда со која Телеком беше задолжен да исплати отштета од околу четири милиони евра. По повторното разгледување, Судскиот совет утврди сериозни прекршувања и недоследности во постапувањето на Апелација.Судијката Јетмире Ајдини, по чии укажувања за незаконско постапување беше отворена постапката, на членовите на Судскиот совет им посочила и дека постојат два записника од исто рочиште, при што еден од нив, според нејзините наводи, бил лажен. Таа беше казнета парично.Паралелно со дисциплинската постапка, Основно јавно обвинителство отвори предистражна постапка за можни неправилности при донесувањето на пресудата, со што дополнително се отвори прашањето за интегритетот и одговорноста во судството.Минатата недела,, сега разрешната судијка Савовска Димитровска преку адвокат упати закани до главниот уредник на „Скопје1“, најавувајќи кривична пријава. На ова реагираше Здружение на новинари на Македонија, кое поднесе претставка и до Адвокатската комора. Со оглед дека судијката во меѓувреме е разрешена, за нејзиното однесување повеќе не е надлежен Судскиот совет.Во истата недела, Наташа Савовска Димитровска јавно негираше дека сторила законски прекршувања и им порача на членовите на Судскиот совет да не подлегнуваат на притисоци, нагласувајќи дека одлуките ги донела според сопственото судиско убедување.

Македонија | пред 1 седмица

1 нед.
media-librarym1meq4pif0tr2KmutPg

Го чекал Трамп на голф-терен за да го убие, осуден на доживотен затвор

Рајан Рут е осуден на доживотен затвор поради обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп во голф-клубот „Трамп Интернешнл“ во Вест Палм Бич, Флорида, во септември 2024 година. Пресудата ја изрече судијката Ајлин Кенон, која оцени дека сторените кривични дела „недвосмислено ја оправдуваат доживотната казна затвор“.Според наводите на судот, агент на Тајната служба забележал цевка од пушка што излегувала од грмушка во близина на теренот и отворил оган кон осомничениот, по што Рут избегал, но бил уапсен недалеку од местото на настанот. Судијката во образложението истакна дека Рут со месеци преземал конкретни чекори за да изврши атентат врз истакнат претседателски кандидат, покажал подготвеност да убие секого што би му застанал на пат и не изразил жалење или каење.Рут се изјаснил дека не е виновен и се бранел сам на судењето, кое започнало на 8 септември. По потекло е од Северна Каролина, а живеел на Хаваи пред апсењето, тој во текот на постапката се однесувал непредвидливо, вклучително и повици до Трамп за партија голф, како и спомнување на Адолф Хитлер и рускиот претседател Владимир Путин. По изрекувањето на пресудата од поротата, Рут се обидел да се прободе во вратот со хемиско пенкало, по што обезбедувањето брзо го извело од судницата.Иако не се верува дека имал директна линија на видик кон Трамп, федералните агенти соопштија дека на местото каде што се криел била пронајдена полуавтоматска пушка со оптички нишан и продолжен шаржер. Поротата била информирана и дека Рут оставил список со локации каде што Трамп најверојатно би се појавил, како и порака до пријател во која настанот го опишал како „обид за атентат“.Во завршниот збор Рут зборувал во трето лице и отворал низа неповрзани теми, меѓу кои историјата на САД, војната меѓу Русија и Украина и намерата да купи брод, поради што судијката повеќепати го прекинувала и на крај ја отстранила поротата од судницата.Инцидентот на Флорида бил втор обид за атентат врз Трамп во 2024 година, по пукањето на предизборен собир во јули во Батлер, Пенсилванија, при што едно лице загина, а повеќе беа повредени, вклучително и Трамп. Напаѓачот, 20-годишниот Томас Крукс, бил убиен на местото на настанот.

Свет | пред 1 седмица

1 нед.
media-libraryqa7rm7f59kbn8vogiiP

Телото на руски бизнисмен пронајдено на плажа на Кипар

Кипарските власти соопштија дека телото пронајдено минатиот месец на плажа на југот од земјата е идентификувано како на поранешниот извршен директор на најголемата руска компанија за производство на калиум, Владислав Баумгертнер. Идентификацијата е потврдена со ДНК анализа, а истрагата за околностите и причината за смртта сè уште е во тек.Полицијата на британската воена база информира дека Баумгертнер, на возраст од 53 години, исчезнал од својот дом во крајбрежниот град Лимасол на 7 јануари, а неговото тело било пронајдено една недела подоцна на плажата Авдиму. Семејството е известено за исходот од идентификацијата. Плажата Авдиму се наоѓа во рамки на една од двете британски воени бази што Обединетото Кралство ги задржа по стекнувањето на независноста на Кипар во 1960 година, кои имаат сопствена полиција и судски систем.Баумгертнер беше извршен директор на „Уралкали“ кога во септември 2013 година беше ставен во куќен притвор од белоруските власти, по ескалација на спорот меѓу компанијата и нејзиниот белоруски трговски партнер. Два месеца подоцна беше ослободен и предаден на Русија, каде обвинителството отвори кривична истрага поради сомневања за злоупотреба на службената положба.Тогашните аналитичари оценуваа дека апсењето било одмазда за одлуката на „Уралкали“ да се повлече од заедничкото трговско претпријатие со белоруската државна компанија „Белоруска поташ корпорација“, преку кое се извезуваше калиум – клучна состојка за производство на ѓубрива. Заедничкото претпријатие во тој период контролираше околу една четвртина од светскиот пазар.„Уралкали“ се повлече од договорот обвинувајќи ги властите во Минск дека ѝ дозволиле на државната компанија самостојно да извезува калиум, што доведе до нарушување на договорените правила. Повлекувањето ја остави белоруската компанија речиси без квалификуван кадар и предизвика стравувања од ценовна војна на пазарот. Белорускиот претседател Александар Лукашенко тврдеше дека постапките на „Уралкали“ и на Баумгертнер нанеле сериозна штета на белоруската економија.Во последните неколку години Баумгертнер живеел на Кипар. Според достапните информации, престојувал во стан над својот деловен простор во Лимасол, град во кој живее значајна руска заедница.

Свет | пред 1 седмица

1 нед.
media-library2usa516otu319IXcNE8

ССМ бара 80 отсто пониски функционерски плати: ако нема закон, следуваат 10.000 потписи

Со барање за намалување на функционерските плати за 80 проценти, Сојуз на синдикати на Македонија денеска во Собранието поднесе иницијатива со која директно ги повикува пратениците сами да поднесат законски измени.Од ССМ порачаа дека доколку пратениците не ја преземат оваа обврска, синдикатот ќе ја искористи законската можност и ќе собере 10.000 потписи од работниците, со што ќе добие право самостојно да поднесе измени на Законот.Според ССМ, кога веќе нема поддршка за Законот за раст на минималната плата, пратениците треба да покажат солидарност со работниците и да си ги намалат платите за 78 проценти – износ идентичен на зголемувањето што го добија во април 2023 година.До ова дојде откако Владата не ги прифати нивните барања за зголемување на платите.

Македонија | пред 1 седмица

1 нед.
media-librarysvs1b5dv6vl6fjKgeGw

71 ракета и 450 дронови: Русија ѝ нанесе една од најтешките енергетски штети на Украина

71 ракета и 450 дронови беа лансирани во најновиот масовен руски напад врз украинската енергетска инфраструктура, при што загинаа најмалку четири лица, а 32 беа повредени, соопштија украинските власти, оценувајќи дека станува збор за една од најтешките штети од почетокот на војната во полн обем.Украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал соопшти дека се оштетени производствени капацитети, како и преносни и дистрибутивни мрежи во повеќе региони. Според него, состојбата е исклучително комплицирана, поради што енергетските компании воведуваат итни исклучувања на струјата, а дополнителни генератори се распределуваат во критичните подрачја.Шмихал информира дека сериозни оштетувања претрпела и киевската термоелектрана „Дарница“, која обезбедува греење за голем дел од населението во главниот град, нагласувајќи дека нападите врз цивилната енергетска инфраструктура претставуваат воено злосторство.Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека со овој напад Русија ги прекршила обврските од енергетското примирје и дека не покажува реални знаци на деескалација, и покрај јавните изјави од американскиот претседател.Извршниот директор на најголемата приватна енергетска компанија во Украина, ДТЕК, Максим Тимченко изјави дека електраните претрпеле „страшна штета, една од најлошите што досега сме ја виделе“, нагласувајќи дека ова е деветти масовен напад врз нивните капацитети од октомври 2025 година. Тој предупреди дека илјадници семејства во Киев се соочуваат со температури до минус 25 степени и недели без греење.И покрај екстремните услови, од ДТЕК соопштија дека нивните екипи успеале да ја вратат струјата за околу 100.000 домаќинства во Киев и дека санацијата продолжува непрекинато, дење и ноќе.Нападите продолжија и во текот на ноќта, кога руските сили лансираа уште 105 дронови, од кои украинската противвоздушна одбрана пресретна 88. Државната компанија „Укренерго“ информира дека повторно е гаѓана енергетската инфраструктура во повеќе области, оставајќи делови од Сумската, Донецката, Днепропетровската, Херсонската и Запорошката област без електрична енергија.Претседателот Володимир Зеленски соопшти дека ситуацијата во моментов е најтешка во Киевската, Харкивската, Сумската, Полтавската, Днепарската и Черкаската област, наведувајќи дека во Киев работат над 200 тимови за поправки и дека повеќе од 1.100 станбени згради се без греење.Украинската служба за безбедност порано соопшти дека собраните докази укажуваат оти нападите врз енергетската инфраструктура се дел од систематска политика насочена кон цивилното население, што претставува злосторство против човештвото.Овие напади се случуваат паралелно со почетокот на нова рунда трипартитни разговори меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави во Абу Даби, насочени кон пронаоѓање решение за прекин на војната.

Свет | пред 1 седмица

1 нед.
siljanovska-davkova-1-1

Од 1,8 на 1,2 милиони до 2070: Сиљановска-Давкова предупредува на демографски колапс

1,8 милиони денес, 1,2 милиони во 2070 година – загуба од 33 отсто од населението. Со овие алармантни бројки претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на Светскиот самит на владите во Дубаи, каде што беше главен говорник на сесија посветена на демографските промени.Таа посочи дека Македонија, заедно со поширокиот регион, се соочува со троен демографски притисок: ниска стапка на наталитет, висока емиграција и забрзано стареење на населението. Според проекциите што ги презентираше, доколку трендовите продолжат, земјата во следните децении би можела да изгуби речиси една третина од сегашното население.Оваа демографска тријада, нагласи Сиљановска-Давкова, директно го намалува бројот на работоспособни граѓани и истовремено го зголемува товарот врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем. Таквиот притисок, како што истакна, е особено тежок за мала и отворена економија каква што е македонската.Претседателката повика на длабоки институционални реформи, со посебен акцент на судството и јавната администрација, како и на забрзана дигитализација на јавните услуги, кои треба да ја зголемат ефикасноста и довербата во институциите.Во своето обраќање таа ја потенцираше и улогата на младите, нагласувајќи дека тие мора да ја добијат заслужената позиција како двигатели на дигиталната и економската трансформација, но и како активни учесници во креирањето на јавните политики.Особено место во говорот ѝ беше дадено и на дијаспората, која, според Сиљановска-Давкова, претставува значаен мотор на интелект, иновации и инвестиции и треба системски да биде вклучена во развојните процеси на државата.На крајот, таа повика на изградба на демографски отпорно општество – општество во кое луѓето ќе имаат причини да останат, да живеат и да формираат семејства, нагласувајќи дека демографијата не е само статистика, туку прашање на иднината на државата.

Македонија | пред 1 седмица

1 нед.
vucic-45345

Вучиќ повторно кон премиерската фотелја, се отвора прашањето за промена на Уставот на Србија

Сè појасно се наѕира дека српскиот претседател Александар Вучиќ повторно има амбиција да се врати на премиерската функција, додека неговата Српска напредна странка се соочува со сериозен проблем – нема јасен кандидат кој со сигурност би победил на идните претседателски избори. Токму поради тоа, во јавноста сè погласно се зборува за можноста власта да побара излез преку промена на Уставот, со што би се сменил начинот на избор на претседателот на државата.Како „пробен балон“ во јавниот простор се појавува предлогот на Војислав Шешељ, кој отворено сугерира дека претседателот на Србија не треба да се избира на непосредни избори, туку во Народното собрание. Таквата идеја, според аналитичарите и дел од опозицијата, совршено се вклопува во интересите на владејачката структура, имајќи предвид дека СНС располага со двотретинско мнозинство потребно за уставни измени.Во изминатиот период во јавноста се споменуваат повеќе можни наследници на Вучиќ – од Томислав Николиќ, преку Ана Брнабиќ, до Милош Вучевиќ – но ниту едно од тие имиња не гарантира изборна победа. Дополнителен проблем за СНС претставуваат истражувањата на јавното мислење, кои покажуваат пад на рејтингот на партијата. Во таков контекст, загубата на претседателската функција би била сериозен удар за власта, што ја прави идејата за уставна интервенција политички привлечна.Шешељ јавно изјавува дека изборот на претседател во Собранието е „подемократски“, бидејќи овозможува и негово разрешување, за разлика од директниот избор од граѓаните. Истовремено, тој потврдува дека неговата Српска радикална странка останува во коалиција со СНС и дека не планира самостојни политички маневри.Од опозицијата реагираат остро. Потпретседателот на Странката на слободата и правдата, Бoрко Стефановиќ, оценува дека Шешељ јавно го изговара она што Вучиќ го мисли, нагласувајќи дека меѓу двајцата постои долготрајна политичка и идеолошка симбиоза. Според него, ваквиот предлог оди кон дополнително слабеење на врската меѓу граѓаните и институцијата претседател, и кон зајакнување на авторитарен модел на владеење, во кој центарот на моќта се концентрира во рацете на еден човек.Стефановиќ предупредува дека не би било изненадување доколку иницијативата за уставни измени навистина стигне до Народното собрание, бидејќи процедурата тоа го дозволува. Според српскиот Устав, иницијатива за измена можат да поднесат најмалку една третина од пратениците, претседателот на државата, Владата или најмалку 150.000 избирачи. За започнување и усвојување на измените потребно е двотретинско мнозинство, кое владејачката коалиција моментално го има.Српскиот Устав последен пат беше изменет во 2022 година, по референдум за усогласување на судскиот систем со европските стандарди. Дали сега следи нова, далеку поконтроверзна уставна интервенција, која би го променила начинот на избор на претседателот, останува отворено прашање, но сигналите што доаѓаат од врвот на власта и од нејзините најгласни сојузници сè повеќе упатуваат токму во таа насока.

Свет | пред 1 седмица

1 нед.
media-library6m0d6d4v1t8k2WaLf2M

Истекува последниот нуклеарен договор меѓу САД и Русија, расте стравот од нова трка во вооружување

Последниот важечки нуклеарен договор меѓу Русија и Соединетите Американски Држави истекува за неколку часа, со што светот се соочува со можност двете најголеми нуклеарни сили првпат по повеќе од половина век да останат без какви било формални ограничувања за своите нуклеарни арсенали. Развојот ја зголемува загриженоста од нова глобална трка во вооружување, во која сè поважна улога има и Кина.Станува збор за договорот „Нов СТАРТ“, потпишан во Прага во 2010 година, кој ги ограничува бројот на распоредени нуклеарни боеви глави и носачи и предвидува механизми за проверка и транспарентност. Ако во последен момент не биде постигнат нов договор или привремено продолжување, Вашингтон и Москва остануваат без обврзувачка рамка за контрола на стратешкото нуклеарно оружје.Од Кремљ порачуваат дека Москва ќе постапува „внимателно и одговорно“. Советникот на рускиот претседател изјавува дека Владимир Путин за ова прашање разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг, при што Русија изразува подготвеност за разговори за стратешка стабилност. Истовремено, од Москва наведуваат дека досега нема официјален одговор од американска страна на предлогот ограничувањата да продолжат и по истекот на договорот.Апел упатува и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, кој повикува двете страни да не дозволат престанок на важноста на договорот. Тој порачува дека е неопходно логиката на страв и недоверба да се замени со заедничка етика насочена кон општото добро.Експертите за контрола на вооружувањето предупредуваат дека без договорот, и Русија и САД добиваат слобода да распоредат стотици дополнителни нуклеарни боеви глави на своите ракети и тешки бомбардери. Во екстремно сценарио, тоа би можело речиси да ја удвои сегашната големина на нивните распоредени арсенали. Дополнително, исчезнуваат механизмите за проверка, што ја намалува довербата и ја отежнува проценката на намерите на другата страна.Иако вкупниот број нуклеарни боеви глави во светот е значително намален во однос на врвот од Студената војна, кога во 1986 година изнесувал над 70.000, денес тој број е околу 12.000. Сепак, и Русија и САД активно ги модернизираат своите нуклеарни сили, додека Кина во последната деценија повеќе од двојно го зголемува својот арсенал.Американскиот претседател Доналд Трамп испраќа спротивставени пораки. Тој изјавува дека доколку договорот истече, може да се постигне „подобар договор“, а претходно јавно се залага Кина да биде вклучена во идните рамки за контрола на вооружувањето, оценувајќи дека големите сили веќе располагаат со доволно оружје за повеќекратно уништување на светот.Дел од аналитичарите сметаат дека високата цена на нуклеарното оружје може да ја ограничи непосредната трка во вооружување, но истовремено предупредуваат дека отсуството на договор отвора опасен простор за недоверба, погрешни проценки и ескалација. Во такви околности, истекот на Новиот СТАРТ не се смета само за формален крај на еден договор, туку за потенцијална пресвртница во глобалната безбедносна архитектура.

Свет | пред 1 седмица

1 нед.
media-library8cr0dsir2fnm5BZlPv5

Тобакото до ЗОО-Скопје се издава 117 евра месечно, а Скопје на пат да плаќа над милион евра оти почнала со рушење на галија два дена пред истек на концесија

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјавува дека е неопходно раскинување на низа штетни договори склучени во минатото, но предупредува дека секое погрешно и непромислено постапување носи сериозни финансиски последици за градот.Одговарајќи на советничко прашање за договорите што приватни компании ги имаат со Град Скопје и со јавните претпријатија, Ѓорѓиевски посочува дека веќе е влезено во процес на решавање на дел од тие случаи, но дека наследените состојби создаваат дополнителни проблеми. Како пример ја наведува првата галија во Вардар, за која вели дека пред претходното раководство на Градот (кога градоначалник беше Петре Шилегов) започнало постапка за нејзино отстранување само два дена пред истекот на концесијата, со влегување во градежни активности за рушење на објектот.Според него, ваквото постапување резултирало со судски спор кој на прв степен е добиен од концесионерот, а како последица Град Скопје ќе треба да плати над 70 милиони денари отштета.„Секое нерационално постапување носи последици“, нагласува Ѓорѓиевски, посочувајќи дека цената на ваквите одлуки ја плаќаат граѓаните.Градоначалникот додава дека во моментов се бараат алтернативни решенија за справување со небулозни договори и кирии, кои суштински се штетни за градот. Како пример ја наведува киријата за објектот кој е тобако кај Зоолошката градина, кој, според него, се издава за 7.200 денари месечно.„Ќе правиме реална проценка. Според мене, таму киријата треба да биде најмалку 2.000 евра. Не е виновен тој што плаќа, туку тој што дозволил така да се користи просторот“, истакнува Ѓорѓиевски, додавајќи дека ваквата пракса е дел од наследената состојба со која актуелното раководство мора да се соочи.Тој порачува дека целта е да се воспостави ред, одговорно управување и заштита на јавниот интерес, но и дека решавањето на штетните договори мора да се прави внимателно, за Град Скопје да не се соочи со уште поголеми финансиски штети.

Скопје | пред 1 седмица

1 нед.
ck-dpmne

Четири функционери на пат да останат без функциите во ВМРО-ДПМНЕ оти Мицкоски планира да ги укине потпретседателските позиции

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски планира укинување на потпретседателските места во партијата, а пак генерален секретар, неофицијално, ќе остане Ѓорѓија Сајковски кој и досега ја обавува оваа функција, дознава „Скопје1“.Ова се промените во владејачката партија кои се очекува во петок да се најдат пред Централниот комитет. Мицкоски и на прес-конференција кажа дека седницата на ова партиско тело е веќе закажана.Освен Сајковски, желба да бидат во трката, но и да бидат избрани за секретарската функција има и Ивица Томовски, кој е директор на Службата за општи и заеднички работи.Според партискиот статут, претседателот Мицкоски номинира кандидати за потпретседатели и генерален секретар на партијата, како и предлага нивно разрешување.Укинувањето на потпретседателските функции ќе значи дека Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски, Гордана Димитровска Кочовска ќе останат без нивните позиции.Засега овие информации не се потврдени од партијата, ниту коментирани во јавноста.

Македонија | пред 1 седмица

1 нед.
kucinja-bezdomnici_1

Град Скопје ќе ги прошири капацитетите на ЈП ,,Лајка": Проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен

Ако во минатото ЈП ,,Лајка" беше креирана за брзи партиски вработувања, од моето преземање на функцијата градоначалник на Скопје, таа авантура заврши. Предолго време проблемот со бездомните кучиња се туркаше под тепих, а последиците ги чувствуваа и скопјани и самите животни, оставени без заштита, без услови и без вистинска грижа, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.„Започнуваме нов пристап, со визија и конкретни инвестиции.Во мојата програма е ставен огромен фокус за ова прашање и сакам да информирам дека за ЈП „Лајка“ се обезбедени 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите и создавање современи, хумани услови за згрижување на бездомните кучиња.Ова е суштинска промена што конечно ќе донесе резултати.Оправдани се и забелешките на граѓаните.Со години гледавме како проблемот се зголемува, наместо да се решава.Токму затоа денес сериозно, одговорно и посветено пристапуваме кон негово трајно надминување.Истовремено, нема да дозволиме Скопје да биде депонија за туѓи проблеми.Прашањето за носење бездомни кучиња од други градови веќе е отворено и со надлежните институции.Со воведувањето на системот „Сејф Сити“, сите кои несовесно ги носат животните во главниот град ќе бидат откриени и санкционирани.Ред мора да има - и заради безбедноста на граѓаните, но и заради заштитата на самите животни.Апелирам до скопјани да бидат наш партнер во оваа борба.Секоја појава да се пријавува бидејќи само со заедничка акција можеме да воведеме ред и да изградиме систем што функционира. Многу брзо од денес започнуваме конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“, со што ќе обезбедиме простор, грижа и достоинствен третман за бездомните кучиња.Тие се живи суштества кои заслужуваат заштита, храна, ветеринарна грижа и шанса за подобар живот.И затоа ве уверувам дека проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен.Не со празни ветувања, туку со работа, инвестиции, ред и вистинска грижа“, вели Ѓорѓиевски.

Скопје | пред 1 седмица

1 нед.
121546365_2638640743132118_524148423271260728_o-960x480-1

„Лајка“ добива нови капацитети и современи услови

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најавува проширување на капацитетите на ЈП Лајка, оценувајќи дека конечно започнува хумано, одговорно и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња во главниот град.Ѓорѓиевски посочува дека во минатото „Лајка“ била користена за партиски вработувања, додека суштинскиот проблем со бездомните животни со години бил игнориран. Според него, последиците од таквиот пристап ги чувствуваат и граѓаните и самите животни, кои остануваат без соодветна заштита, услови и грижа.Тој информира дека во рамки на програмата на Градот се обезбедени 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на претпријатието и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Како што нагласува, ова претставува суштинска промена која треба да донесе видливи и трајни резултати.Градоначалникот признава дека забелешките на граѓаните се оправдани, нагласувајќи дека проблемот со години се зголемува наместо да се решава. Токму затоа, според него, сега се пристапува сериозно, одговорно и со јасна визија за негово надминување.Истовремено, Ѓорѓиевски порачува дека нема да се дозволи Скопје да стане депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивно носење во главниот град, како што вели, веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Безбеден град“ ќе се откриваат и санкционираат сите кои несовесно ги префрлаат животните во Скопје.Тој апелира до граѓаните активно да соработуваат и да пријавуваат вакви појави, истакнувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави ред и функционален систем. Според најавите, во наредниот период започнува конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“, со што ќе се обезбедат простор, ветеринарна грижа и достоинствен третман за бездомните кучиња.„Тие се живи суштества кои заслужуваат заштита и шанса за подобар живот“, порачува Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека проблемот со бездомните кучиња ќе се решава со работа, инвестиции, ред и вистинска грижа, а не со празни ветувања.

Скопје | пред 1 седмица

1 нед.
media-library0macachlreevcFQIboH

Возеле и покрај забрана: одземени три возила во Ресен и Кичево

На 3 февруари 2026 година, при засилени сообраќајни контроли во Ресен и Кичево, полициските службеници затекнале тројца возачи како управуваат возила и покрај изречена забрана за управување со моторно возило од Б категорија.Во 12:45 часот, на улицата „Корчуланска“ во Ресен, полициски службеници од ОВР Ресен запреле патничко возило „мицубиши“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Љ.С. (49) од Битола. При контролата било утврдено дека возачот управувал со возилото иако имал активна забрана за управување.Претходно, во 10:50 часот, на булеварот „Ослободување“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево сопреле патничко возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Г. (26) од селото Белчишта, општина Дебрца, кај кого исто така била констатирана изречена забрана за управување со моторно возило.Истата служба, во 11:30 часот на улицата „11 Септември“ во Кичево, запрела патничко возило „сеат леон“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од А.М. (42) од селото Лазоровци, кичевско. При проверките било утврдено дека возачот имал изречени две мерки забрана за управување со моторно возило од Б категорија.По насоки од јавен обвинител, возилата се одземени, а по целосно документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Македонија | пред 1 седмица

1 нед.
media-librarys5nti2ice7eddmRRBbL

Цаневска: Колку и кога ќе стигнат автобусите за ЈСП, Ѓоргиевски: Владата ќе набави 100, но не можам да кажам дали ќе стигнат до крај на годинава

Јавниот превоз беше една од темите на советнички прашања во Советот на Град Скопје.„Во ноември 2025 ветивте дека во март 2026 се очекува, во координација со Владата, да пристигнат 80 нови автобуси. Целосно ќе го нормализираме градскиот транспорт. Но ова тешко дека ќе се реализира, бидејќи и да биде успешен тендерот овојпат, потребни се неколку месеци за да се заврши процедурата.Вчера најавивте дека Владата за Град Скопје ќе набави 100 нови електрични автобуси. И она што создаде конфузија дали станува за збор за оние 80 автобуси за кои пропадна тендерот летоска или станува збор за нова набавка на уште 100 автобуси? Колку нови автобуси ќе има и дали се знае кога”, праша координаторката на советничката група на СДСМ и Коалицијата, Катерина Цаневска Арсовска.„Требаше да имаме автобуси во март, но тендерот пропадна. Јас не се плашам да се извинам ако згрешам со проценките. Сега, наместо 80 ќе бидат набавени 100. Најголем дел од нив ќе стигнат годинава. Со кредитот за БРТ покрај возила за овој превоз ќе бидат набавени и 30 автобуси, за што набрзо ќе се распише тендер”, вети градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Скопје | пред 1 седмица

1 нед.
media-libraryvt0p6tgmurm3csp4MeS

Преживеаните мигранти даваат детали за смртоносниот инцидент кај Хиос

Грчките власти се фокусираат на сведоштва од преживеаните мигранти додека ја истражуваат смртоносната несреќа кај островот Хиос во вторникот навечер, при што животот го загубија 15 лица, по судирот помеѓу патролен брод на граничната стража и брз чамец кој превезувал мигранти.Според граничната стража и други извори запознаени со истрагата, инцидентот не бил снимен на видео. Иако на патролниот брод имало инсталирано камера, екипажот не ја активирал во моментот на настанот.Властите исто така испитуваат дали операторот на чамецот за криумчарење мигранти бил Мароканец, кој е меѓу преживеаните. Спасените мигранти – сите Авганистанци, освен Мароканецот кој се истражува како клучен осомничен – рекле на граничната стража дека операторот на чамецот зборувал арапски. Сепак, тој сè уште не е формално идентификуван, бидејќи преживеаните рекле дека имал качулка и неговите црти на лицето не биле јасно видливи.Преживеаните биле сослушани неформално од граничната стража, а некои се верува дека дале и формални изјави. Според информациите од истрагата, некои мигранти рекле дека патролниот брод им насочил светилка пред чамецот за криумчарење да се судри со него.Други изјавиле дека не виделе што се случило и се нашле во вода по судирот.Штабот на граничната стража соопшти дека чамецот наглo свртел десно и удрил во десната страна на патролниот брод.Во врска со недостатокот на видео-снимки, извори од граничната стража рекле дека дури и ако камерата на бродот била активирана, веројатно не би го забележала инцидентот, бидејќи камерите се наменети за снимање на долги растојанија, а не за блиски средби.

Свет | пред 1 седмица

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања