ИЗБОРИ25

media-library7t9ajnsc2qev0wDkuo7

Судски удар и политички отпор – Уставниот суд против Левица, спорот оди кон Европскиот суд за човекови права

По денешната (15 октомври) седница, претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, д-р Дарко Костадиновски, одржа прес-конференција на која ја образложи одлуката Судот да не поведе постапка по иницијативата на политичката партија Левица за оценување на уставноста на Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за распределба на рекламниот простор во изборниот процес.„Одлуката беше едногласна. Судот ги ценеше трите околности: содржината на упатството, времето на одлучување и постојната уставно-судска пракса“, изјави Костадиновски.Тој објасни дека Упатството, како подзаконски акт, не претставува ништо друго освен техничка операционализација на законската одредба од член 75-ѓ на Изборниот законик, и дека АВМУ би ги пречекорила своите овластувања доколку постапела поинаку.Претседателот на Судот додаде дека иако лично смета дека самото изборно решение е проблематично, тоа прашање ќе се разгледува во посебна постапка.„Јас имам издвоено мислење од 15 страници во кое детално го објаснувам проблемот – дали е легитимно со буџетски пари да се финансира политичка кампања. Политичарите се веќе платени од јавни средства – и за време на кампањата, и по неа, и дури и по завршување на мандатот. Затоа сметам дека треба да се преиспита оправданоста на овој модел“, рече Костадиновски.Тој посочи и дека „плурализмот бара еднакви услови за сите“, нагласувајќи дека постоечкиот систем создава ситуација каде „некои партии ја почнуваат утакмицата со резултат 3:0“.Во обраќањето до медиумите, Костадиновски испрати и апел кон подносителите на иницијативи, посочувајќи дека јавните личности треба да покажат повисоко ниво на политичка, правна и академска култура.„Подносителот на иницијативата е добар правник, но понекогаш го злоупотребува знаењето за политички цели. Несоодветниот речник и навредите кон Судот не придонесуваат за дебата, туку за дискредитација на институциите“, порача тој.По одлуката, Левица остро реагираше, обвинувајќи дека Уставниот суд станал инструмент за „одржување на политичката цензура“.„Иако сме парламентарна партија, според контроверзното упатство на АВМУ, Левица нема право на ниту една секунда рекламен простор, ниту со буџетски пари, ниту со сопствени средства. Тоа е директна дискриминација и удар врз политичкиот плурализам“, соопшти партијата.Од Левица додаваат дека упатството не е објавено во Службен весник, и затоа, како општ акт, не може да има правно дејство.„Судот го разгледуваше случајот три дена пред изборите, по наша иницијатива, не по службена должност. Со ова, уставните судии покажаа дека не ја вршат својата основна функција – заштита на Уставот и демократијата. Судии, искинете си ги дипломите“, стои во реакцијата.Партијата најави дека ќе ја тужи државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, уверена дека Македонија ќе изгуби поради повреда на основните демократски принципи.„Цензурата на еден денес, значи режим за сите утре. Ќе продолжиме со правната и институционална борба за еднаквост и слобода на политичко дејствување“, порача Левица.Со денешната одлука, Уставниот суд го затвори прашањето за законитоста на упатството на АВМУ, но го отвори поширокото прашање – дали изборниот систем навистина обезбедува фер услови за сите политички субјекти. Додека Костадиновски повикува на институционален интегритет, Левица најавува меѓународна битка. Судот, како и секогаш, останува – меѓу правото и политиката.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryg39o0v3npi1lfIhpspR

Филипче: Алармантно, буџетската дупка ќе биде 1,4 милијарди евра на крајот на годината

Претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес конференција изнесе алармантни податоци за состојбата на буџетот. До крајот на 2025 година според статистичките бројки во буџетот ќе недостигаат 1,4 милијарди евра.Се наоѓаме на само 75 дена пред крајот на 2025 година, а буџетската рамка, која е дефинирана од приходите и расходите во буџетот, покажува загрижувачка слика: Имено до денес, приходите се реализирани со 70,78% или 256,5 милијарди денари. Во исто време, расходите се на ниво од 72,82%, односно речиси 294 милијарди денари. Ова значи дека со вакво темпо, а тоа е за очекување, на крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра за да се покријат сите трошоци. Тоа е фрапантна буџетска дупка. Ова значи дека сите овие пари ќе треба да се покриваат со задолжување, со нови оптоварувања за бизнисите и граѓаните, или со кратења кај најважните јавни услуги. Ја прашувам власта, што планира да прави и како ќе ги покрива овие 1,4 милијарди евра?, праша Филипче.Филипче како што рече економската состојба во државата е алармантна поради што чувствува должност и загриженост да ја објави вистината пред граѓаните наспроти пораките за економски „успеси“, кои власта ги зборува на митинг.Во време кога премиерот Мицкоски од митинг на митинг зборува за економски „успеси“, должност ми е да зборувам за реалноста и да ги информирам граѓаните за реалната економска состојба. Во изминатите 15 месеци постојано алармиравме дека економијата и економските политики на оваа власт се многу погрешни, а реализацијата на проектите е историски најслаба. Денес тоа што го зборувавме го потврдуваме со реални економски индикатори, факти и бројки. Овие податоци укажуваат на алармантна состојба со буџетот, со приходите, со инвестициите и реализацијата на капиталните инвестиции, како основни индикатори за економската состојба во државата, рече Филипче на денешната прес конференција.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarya1597esfg3chaoKDn5h

Шукова: Време е јавните претпријатија да им служат на граѓаните, а не на партиите

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, денеска од седиштето на СДСМ изјави дека реформата на јавните претпријатија ќе биде нејзин врвен приоритет, затоа што токму тие се основата за функционален, уреден и хуман град. Таа оцени дека Скопје денес изгледа запуштено, нечисто и хаотично затоа што јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, долгови и неспособно раководство. „Граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат несобран смет, нефункционален јавен превоз и хаотична инфраструктура“, истакна Шукова.Таа најави дека во администрацијата на Град Скопје ќе спроведе вистинска реформа, со цел јавните претпријатија конечно да им служат на луѓето, а не на партиите. Според неа, ЈСП ќе се модернизира со нови еколошки автобуси, електронски систем за наплата и воспоставување на брз автобуски транзит, со што ќе се врати довербата во јавниот превоз. Комунална хигиена, рече таа, ќе се ревитализира со современ центар за селекција и рециклажа, редовно собирање отпад и конечно решавање на Вардариште.„Во Паркови и зеленило ќе започне нова ера – ќе засадиме 10.000 дрвја и ќе изградиме 15 нови паркови во 15 месеци, со редовно одржување и враќање на зеленилото во маалата. Водоводот ќе го насочиме кон стабилно снабдување, модерна опрема и намалени загуби на вода, а ЈП Лајка ќе го развиеме во вистински хуман систем за згрижување и грижа за уличните животни“, додаде Шукова.Таа порача дека Скопје мора повторно да стане град што работи и се грижи за своите жители. „Време е институциите да му служат на граѓанинот, а не на партијата,“ нагласи Шукова.

Скопје | пред 3 месеци

Screenshot-2025-02-25-at-11.23.00

Ќе го отстрани пешачкиот надвозник и ќе направи пешачки премин со семафори, Меџити го обелодени планот за Бит Пазар

За планот за решавање на едно од најпроблематичните прашања на Бит Пазар, пешачкиот надвозник, вчера во емисијата на ТВ 21 зборуваше кандидатот за градоначалник на Општина Чаир на ВРЕДИ, Изет Меџити.„Сè уште не сум го промовирал јавно, но го кажувам ексклузивно тука. Претходниот проект со мостот не ги даде очекуваните резултати, бидејќи граѓаните не го користат. Човечката психологија е таква што не сака ниту надвозник ниту подвозник. Дури и еснафите од Чаршија велат дека продавниците со неколку скалила не вредат за оние што се на рамно ниво“, рече Меџити.Конечното решение, како што вели е да се отстрани постоечкиот надвозник и да се изгради официјален пешачки премин со семафори.

Скопје | пред 3 месеци

media-library5m66ccdmpqsj0eInipt

Филипче од Струмица: СДСМ се враќа и СДСМ ќе победи!

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, вечерва од големиот митинг во Струмица „Се бориме за нашиот дом“, ја испрати најсилната порака, дека партијата се враќа и ќе победи.„Од тука тргнаа политичари кои ја менуваа државата. Од тука тргнаа политики кои носеа развој, правда и слобода. Од тука секогаш се раѓала надежта. Затоа од овде, од овој плоштад, ќе ја испратиме најсилната порака: СДСМ се враќа! И СДСМ ќе победи!“, порача Филипче.Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, исто така рече дека струмичани секогаш биле тука кога било потребно да се донесат клучните одлуки за државата.„Струмичани секогаш стоеле исправено и обединето кога било потребно. Кога Македонија имала потреба од силен и  одлучен чекор за борба против ненародната власт на ВМРО-ДПМНЕ. И сега повторно Струмица е на нивото на задачата. Струмица е симбол на отпор. Симбол на напредок и симбол на победи. Вечерва гледам очи полни одлучност. Гледам народ што знае кому да му верува. Затоа што во Струмица не поминуваат лагите и манипулациите на власта. Струмица препознава работа и визија. Препознава чесен труд затоа што е град на трудољубиви луѓе“, рече Филипче пред струмичани.

Македонија | пред 3 месеци

media-library372pv9grr17hfW2OPp2

Политички кукавици се оние кои наместо да ги решаваат проблемите тие манипулираат, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва од Радовиш на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ на радовишани им порача дека после година и пол власт на ВМРО-ДПМНЕ јасна е разликата за граѓаните помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ носи функционални институции и развој, а ДПМНЕ стагнација и притисоци.„Денес после година и пол е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужува довербата на луѓето. Се докажа и дека не сме исти. Дека во суштина нашите политики се разликуваат. Кога СДСМ е на власт, има институции, дијалог, сигурност. Кога ВМРО-ДПМНЕ владее, закани, партиски списоци и притисоци. Кога граѓаните зборуваат и бараат помош, ние реагираме. Преговараме, бараме решенија, а тие ги игнорираат и ги заплашуваат. Едноставно тоа се политички кукавици и политиканти кои не ги решаваат проблемите туку манипулираат. И затоа не сме и не можеме да бидеме исти“, им порача Филипче на радовишани.Претседателот Филипче рече дека денес државата е повторно ставена пред закана закана од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја туркаат во изолација, назадување, узурпација и режим за што е потребен силен СДСМ, да се спротивстави на овие закани.„Затоа, сега е време за борба, борба за нашиот дом, за нашата куќа и заедно да ја исправиме државата. Да се бориме за секое едно маало, за секој сосед и неговите проблеми, за секое дете кое живее во сиромаштија, да се бориме и за секоја улица, се бориме за чист воздух, за секој работник и работничка која чесно живеат од својата плата“, порача Филипче.Притоа тој ги повика граѓаните во Радовиш на 19 октомври да го заокружат бројот 5 кој гарантира успех и напредок. Со СДСМ, рече претседателот Филипче, Радовиш ќе ги реализира ветените проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните и ќе ги задржи младите во градот и државата.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryhn2ccit1u7on0JkQO92

До тоа дереџе дојде СДСМ, да прави пактови со лица на црни листи, да се сојузува со Левица, да сe надева на ДУИ, вели Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денес имаше свое обраќање, од народниот митинг одржан во Свети Николе, во рамки на изборната кампања 2025 година, која е под слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, за претстојните локални избори. Мицкоски се осврна на правосудниот систем во земјата, поконкретно тоа што лидерот на опозициската СДСМ смета дека 2% доверба во правосудниот систем значи дека судиите и обвинителите се професионалци. Според Мицкоски, 2% доверба се последица на неказнет криминал, и сознание дека повеќе од 100 пријави се во фиоките на судиите и обвинителите кои пак, им служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Тој зборуваше и на темата за трката за градоначалник на Град Скопје, и истакна дека кандидатот на СДСМ, е во трка со независните кандидати, а не со кандидатот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.,,Секој од вас, длабоко во себе знае дека луѓето од опозицијата кои се нудат за алтернатива се луѓе кои Македонија со години ја упропастуваа и ја држеа силно закована на дното. Луѓе кои не изградија ништо за народот, а за себе си обезбедија привилегии, удобства, дворци, хациенди и замоци. Она што сега ги мачи е чувството и сознанието дека се ближи времето на одговорност и се стега обрачот и околу нив и околу оние кои упорно ги штитат. За тие што ги штитат, пак, претседателот на СДСМ,  Венко Филипче, ќе каже дека биле големи професионалци, а тие кои што ги штитат и се нивниот последен бастион, се малкумина обвинители и судии, и поради нив денеска довербата на народот  во обвинителите  и судиите е скромни  2 проценти. Тие два проценти доверба се последица на секој неказнет криминал, на сознанието дека повеќе од 100-тина пријави држат во фиоки и ја штитат својата политичка олигархија по секоја цена. Тие малкумина се нивните лакеи и измеќари, кои што се уште и служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ “ вели Мицкоски.Мицкоски истакна дека СДСМ не се бори за Македонија, туку за нивните лични кариери. Тој се осврна и на трката за градоначалник на Град Скопје, при што истакна дека кандидатот од СДСМ не е во трка со кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку со независните кандидати.,,Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери. Тие се уплашени од одговорност и затоа ова тесна мала група која што ја има киднапирано СДСМ  ја држи цела држава Македонија во грч. И како такво, јас ова го разбирам како потценување на гласачите и директна уцена врз цела држава. Јас ја кажувам вистината во очи, без оглед на тоа дали Филипче ме мразел или презирал, како што тоа го кажа на еден од последните митинзи. И тоа што ме презира е помало гајле, поголемо е што таа негова политика на навреди, на ниски зборови, кои што не би требало човек интелектуалец да ги кажува, па колку и да чувствува гнев кон мене и кон ВМРО-ДПМНЕ, ја доведе СДСМ на едвај 120-130 илјади гласови, а во некои општини, оваа политичка партија е трета, во некои е и четврта опција. Во главниот град, на пример, очекувањата се дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје нема да ја надмине бројката од 30 илјади гласови. Што во суштина, е далеку под нивниот биолошкиот минимум, и е доволна основа да биде трка не со ВМРО-ДПМНЕ и со Орце Ѓорѓиевски во Скопје, туку со некои од независните кандидати“, рече Мицкоски.Мицкоски додаде дека СДСМ стигна да прави пактови со други опозициски партии како Левица и ДУИ, со цел да извади некаков резултат, но според него, тоа што владата на СДСМ остави 500 илјади граѓани со по 150 денари на ден, нивната двоцифрена инфлација, и празна државна каса, ќе доведе до тоа тие да изгубат на претстојните локални избори.,,До тоа дереџе дојде СДСМ, да прави пактови со лица на црни листи, да се сојузува со Левица, да се надева од Али и  ДУИ, само за да извади некаков резултат. Не е важно дали мене ме презира Венко Филипче, туку негов проблем е што него, во суштина, го неќе народот  поради сите криминали и предавства што ѝ ги сервираа на Македонија и ѝ ја одземаа иднината на државата. Тоа што оставија 500 илјади наши граѓани, половина милион со по 150 денари на ден, тоа што донесоа инфлација која во нивно време беше двоцифрена, цени кои вртоглаво растат, а празна државна каса. Е затоа, господа од СДСМ,  ќе загубите убедливо, а на овие избори, уште еднаш Македонија ќе победи“, заклучи Мицкоски.

Македонија | пред 3 месеци

media-library29di7962ri9nd70hpk3

(Видео) Срамно, намерно се остава смет покрај празни контејнери за црна кампања, но ќе исчистиме, вели Герасимовски

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, преку лајв видео информира дека на само една недела пред изборите одредени партиски структури спроведуваат црна кампања со намерно оставање на смет покрај празни контејнери, со цел да се прикаже лажна слика дека општината не работи и дека општинските служби не ја одржуваат хигиената.„Ова е врв на црната кампања. Намерно се остава отпадот надвор, покрај празните контејнери, за да се создаде впечаток дека општината не чисти. Но, нашите хигиеничари се на терен, и денес, и во недела, сите изминати четири години за да не дозволиме оваа црна кампања да им пројде“, истакнува Герасимовски.Тој додаде дека општинските служби сите овие изминати години покажале континуирана посветеност кон хигиената и уредноста на Центар, и дека ваквите обиди за дискредитација нема да ја нарушат довербата на граѓаните.

Скопје | пред 3 месеци

media-libraryc2usfast950u9sU3TCc

Шукова: Нови дневни центри, прифатилишта за жени жртви на насилство, фонд за лица во ризик и грижа за секој жител на Скопје

„Во Скопје денес има луѓе кои живеат незабележани, стари лица кои се сами, жени кои преживуваат семејно насилство, деца со попреченост кои немаат соодветна поддршка. Тоа не смее да биде градската реалност,“ порача кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, најавувајќи нов пристап во социјалните политики на градот.Шукова нагласи дека нејзината визија е Скопје да стане град кој се грижи, во кој социјалните услуги се достапни, блиски и хумани. „Имаме јасен план како да создадеме град кој се грижи. Град во кој социјалните услуги се достапни, човечки и блиски до секого,“ изјави таа.Во рамките на нејзината програма, Шукова најавува поставување нов систем на дневни центри и прифатилишта за жени жртви на насилство, како и нови сервиси за семејствата и парамедик служба која ќе им помага на најранливите граѓани во нивните домови.„Со Фонд за лица во ризик ќе обезбедиме здравствена и социјална поддршка, а јавниот простор и транспорт ќе ги направиме пристапни за лицата со попреченост,“ додаде Шукова.Посебен акцент стави на грижата за постарите лица и децата со попреченост. „Градиме центри за дневна грижа за старите лица, отвораме мултисензорни соби во училиштата за децата со пречки во развојот, и воспоставуваме програми за обука и вработување на ранливите групи,“ рече таа.„Нашата цел е Скопје да стане град на еднаквост, поддршка и човечка солидарност. Имаме план, имаме решение и знаеме како да го спроведеме сето тоа, затоа што секој човек заслужува достоинствен живот во својот град,“ порача Шукова.

Скопје | пред 3 месеци

media-libraryrm1v13jpf1fi89WWFup

Мицкоски: Се здружиле Венко, Али и Димче за власт и за привилегии и поради патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ

Секоја кампања е можност да поразговараме за она што е важно за државата, пред сè, и тоа што е важно за граѓаните, но истовремено и да испратиме политички пораки кои се многу важни, затоа што врз основа на тие политички пораки ние ја определуваме траекторијата по која се движи државата. А, од друга страна, граѓаните ќе можат да разберат за тоа кои се плановите на Владата, кои се проектите, политиките и реформите кои ги планира, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во рамките на кампањата за локалните избори со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.Мицкоски спомена неколку значајни работи и тоа, дека прво на овие избори мора сите да имаме јасна претстава кои се опциите коишто ги имаме пред нас.„Едната опција е коалицијата којашто се здружи на основа на два принципа. Првиот е желбата за власт по секоја цена, без разлика на нивните политички и човечки разлики. Нивната желба за власт и привилегии коишто ги уживаа и безмилосно ги користеа е основна за да тие се здружат, а второстепена е патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата која ја предводи СДСМ, а после СДСМ се редат ДУИ и политичката партија Левица. Значи се здружиле Венко, Али и Димче за власт и поради патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Мицкоски.Тој посочи дека втората опција е коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, тоа се двете опции со коишто ние се соочуваме на овие избори како граѓани и како гласачи.Мицкоски додаде дека секој којшто мисли дека има трета, четврта опција се лаже, затоа што тоа не постои.„Секој глас којшто ќе отиде за некоја трета, четврта само е глас фрлен за бадијала, односно му служи на овој којшто не и мисли добро ниту на Македонија, ниту пак на Демир Хисар“, рече Мицкоски.Тој додаде дека оваа непринципиелна коалиција меѓу СДСМ-ДУИ-Левица, е формирана врз основа на овие два принципи, потсетувајќи на една реплика којашто ја имаше тогашниот претседател на владата и на СДСМ во македонското Собрание, кој гледајќи кон тогаш пратеникот и претседател на Левица, му рече „Нели се договоривме, за време на изборната кампања, јас да ти обезбедам ресурси и се што ти е потребно, ти да работиш против ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, а потоа после изборите, доколку освоиш пратеник да направиме коалиција и на тој начин да ја спасиме Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и од Мицкоски“.Мицкоски додаде дека тоа е целата вистина што треба граѓаните во Македонија да ја знаат, а е поврзана со Левица која е во полуформална, а некаде и формална коалиција со политичките партии СДСМ и ДУИ.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryahnbgh7admeg1HlQ3T2

Мециновиќ: Борбата на Левица е борба на Давид против Голијат

„Мило ми е што се гледаме денеска, овде. Немам спремено говор, ама може да се задржиме едно три саати“, со овие зборови го започна својот говор кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, на отварање на изборниот штаб на Левица во Центар. Со мотивирачки говор тој зборуваше за текот на кампањата, предизвиците и енергијата која партијата ја вложува во овие избори.Мециновиќ оцени дека најтешкиот дел од изборната трка, односно почетокот и преткампањата се веќе зад нив. „Сега, кога сме веќе во средиштето на кампањата, темпото е прилагодено и супер ни оди“, рече тој и додаде дека Левица, за разлика од претходните избори, сега знае каде ја трошела енергијата на претходните избори без да добие конкретни резултати и не се расплинува на  неефективни методи.„Тоа ни го даде искуството и ништо друго. Искуството кое ние сами го создаваме, искуството кое не ни е поклонето ни преку агенции, ни преку фирми за пи ар, ни преку политолошки анализи. Ние тоа го правиме сами, опипувајќи го пулсот на нашиот народ“, рече Мециновиќ. Тој борбата на Левица ја спореди со борбата на Давид против Голијат и додаде дека ова што го прават е најголемата политичка борба, во изминатите триесет години во Македонија, во која големите политички играчи ги имаат сите финансиски и државни капацитети на нивна страна. „Во оваа кампања мислам дека ни стана на сите јасно дека го немаат нашиот ум, ја немаат нашата креативност и ја немаат нашата желба за промена, вистинска и реална промена. Многу е убаво чувството за овие избори, затоа што мислам дека го даваме максимумот, а тоа се гледа“.Мециновиќ сподели и впечатоци од терен нагласувајќи дека граѓаните сега се многу поотворени и понаклонети кон Левица, а според него тоа е и резултат на нивното праламентарно делување, затоа што мандатот што го добиле на најдобар начин го исполнуваат во корист на граѓаните.„Некој да ни збореше, пред четири години, дека ние сме потенцијален фаворит пред СДСМ за да  влеземе во втор круг во Град Скопје, тоа не би му верувале. Јас мислам дека скопската кампања ќе донесе позитивни резултати за сите скопски општини. Ќе згазиме, секој ден ќе бидеме на терен, помеѓу граѓаните. Вие ќе бидете нови сили во советот. Левица веќе не е партија на јабанџии, ова е партија која ќе го детронизира монополот на ВМРО и СДСМ“, им порача Мециновиќ на кандидатите за советници. Ма крајот од говорот потсети дека политиката мора да се заснова на секојдневниот живот на луѓето. „Кога зборуваме за политика ние буквално зборуваме за мајки со колички кои не можат да поминат на тротоари од автомобили, зборуваме за средношколци кои не можат да стигнат навреме на часови, зборуваме за работници кои работат по две работи и кои не можат да стигаат од една до друга“, рече тој и додаде дека политиката мора да продолжат да ја гледаат низ призмата на секојдневието. „Да зборуваме за човекот – за секојдневниот скопјанец, за секојдневниот Македонец. Тоа е равенката која ни донесе успех и која никогаш не смееме да ја напуштиме“, заврши Мециновиќ.

Скопје | пред 3 месеци

media-libraryjojlsulpnv565EXHWeD

Лукровски со план да го врати сјајот на Карпош – зелена, чиста и модерна општина

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Општина Карпош во изминатите четири години целосно уназадила, а наместо реализација на проекти и подобрување на квалитетот на живот, владеат безредие и хаос.Во соопштението се наведува дека граѓаните на Карпош заслужуваат човек со план, визија и стратегија за работа, кој ќе се однесува домаќински со општинските пари и ќе ги решава проблемите на карпошани, слушајќи ги нивните барања.Како вистински избор за општината партијата го посочува Сотир Лукровски, кој, според најавите, ќе се залага да го врати сјајот на Карпош и да ја направи општината зелена, чиста и модерна.Во својата програма Лукровски ветува изградба на нова рекреативна зона „Карпош хајкинг делта“ со пешачки и велосипедски патеки, летниковци и пошумување со 10.000 нови садници. На површина од половина милион квадратни метри планира да се изгради мега-забавен парк „1020“, со спортски центар, картинг-патека и мини голф-комплекс покрај Лепенец — простор наменет за спорт, адреналин и рекреација за сите генерации, кој, како што се наведува, ќе го стави Карпош на мапата на модерните општини.За справување со сообраќајниот метеж, Лукровски предвидува изградба на 600 нови паркинг места, како и дигитализација на услугите преку новата апликација „МОЈ Карпош“, која ќе им овозможи на граѓаните да пријавуваат проблеми директно до надлежните служби.Програмата содржи и мерки за најмладите – изградба на нова детска градинка и проширување на постоечките, како и субвенции за реконструкција на фасадите, со цел зголемена енергетска ефикасност, пониски сметки и поубава урбана слика.Планирана е и изградба на два нови затворени училишни базени, каде што децата ќе можат да пливаат и да се рекреираат.Во партиското соопштение се додава дека граѓаните ќе одлучат дали Карпош ќе тргне по нов правец или ќе продолжи да тоне во ѓубре и смет, а партијата ги повикува карпошани на 19 октомври да гласаат за „вистинскиот избор – Сотир Лукровски и советничката листа предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

Скопје | пред 3 месеци

Screenshot-2024-01-15-at-09.33.00

ВМРО-ДПМНЕ: Криминал од 100 милиони денари со куќен притвор – судството на СДС охрабрува криминалци

ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на одлуката сопственикот на компанијата „Марковски“, Борче Марковски, осомничен за криминал тежок 100 милиони денари, да биде испратен во куќен притвор, оценувајќи дека ова е доказ за „купено и уценето судство“ под контрола на СДС.„Филипче вчера викаше дека судството било професионално, а Марковски за криминал од 100 милиони добива само куќен притвор“, стои во реакцијата на партијата, која потсетува дека уште пред две години предупредувала на сомнителни тендери доделени на оваа компанија.Според ВМРО-ДПМНЕ, фирмата „Марковски“ во период од две години заработила околу 200 милиони евра преку државни договори, а сега е осомничена дека тендерите биле местени. Финансиската полиција го уапсила сопственикот Борче Марковски, кој се товари дека го оштетил буџетот на државата за 100 милиони денари.„Тендерите за кои предупредувавме дека се местени за омилената компанија на СДС да си ќари уште некој денар плус, излегоа вистинити. Денес сме повторно сведоци како СДС излегува во пресрет и преку нивното купено и уценето судство, на сопственикот на компанијата Марковски му се досудува куќен притвор“, се наведува во соопштението.Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „100 милиони денари се еднакви на куќен притвор“ и додаваат дека „тоа е судството како пупка отворено од Заев, Филипче и СДС“.„Наместо да ги казнува криминалците, судството им дава кураж да продолжат со криминалот и да не одговараат. Реформи се повеќе од потребни во судството. Потребни се и правда и одговорност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryt938mk5g06pj2zVh9XL

Д-р Трајановски ветува капитални проекти за Аеродром: Кино, театар, затворен базен, катни гаражи...

Изградба на две градинки, катни гаражи, кино и театар, како и затворен базен и општинска зграда се дел од капиталните проекти кои ќе го направат Аеродром подобро и модерно место за живеење, истакна денеска во гостување во утринската програма на Сител телевизија кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ, Д-р Александар Трајановски.- „Има неколку капитални проекти кои ги планираме за Аеродором, на пример изградба на две градинки, една во Лисиче, една во Мичурин. Претходната година имаше повеќе од 600 деца на листа на чекање за упис во градинка, замислете каков притисок имаат родителите.Втор капитален проект е изградба на мултифункционален центар, нешто што Општина со 100.000 жители не е дозволено да нема, кино и театар.Трета работа е зградата на Општината, не може да немате општинска зграда, ние плаќаме месечни кирии околу 10.000 евра, тоа се 120.000 евра на годишно ниво, пари на граѓаните. Зошто да нема  имаме општинска зграда во која би можеле да се сместат и други деловни објекти, која ќе генерира приход.На Аеродром му фали затворен базен, затворен пазар, знаеме на што личи пазарот зад Бисер. Тоа се проекти на кои ќе дадеме фокус“, истакна Трајановски.Според него, Општината мора да се фокусира на Лисиче, бидејќи граѓаните таму се соочуваат со проблеми кои не доликуваат на 21 век.- „Аеродром е урбанистички средена Општина, фокусот треба да го дадеме на Лисиче. Сите претходни избори Лисиче се користи за црпење гласови за ВМРО-ДПМНЕ, а што добија лисичани? Секој дожд им тече во подрумите, затоа Лисиче мора да се урбанизира, а делот кој е среден треба да се одржува. Треба да запре изградбата на згради, каде може да се изградат катни гаражи, имаме план за изградба на две катни гаражи, да се види каде може да се изградат монтажни паркинзи, објасни Трајановски.

Скопје | пред 3 месеци

media-library40an4elh0sn0abxLbud

Мицкоски: Заокружете го бројот 9 на 19 октомври за Шуто Оризари да стане пристојно место за живеење

На денешниот народен митинг во Шуто Оризари во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што кажа дека Шуто Оризари ќе стане пристојно место за живеење, ќе се решаваат инфраструктурни проекти каде граѓаните ќе имаат квалитетен живот.„Многу ми е драго што сум тука, во Шуто Оризари – место со многу проблеми, но со големо срце и душа. Долго време оваа општина беше ставана на маргините. Предолго време беше поттурнувана на страна, беше газено достоинството и честа на луѓето. А оваа општина е на само неколку километри од центарот на градот, но со супстандардни услови. Тоа што политичарите тука доаѓаа само пред избори, ветуваа и не остваруваа ништо, само покажува колку го потценуваа народот на Шутка. Тоа не смее повеќе да се повторува, а и вие добро ги знаете тие луѓе кои на Шуто Оризари гледаа само како на гласачка машинерија. Јас ве гледам во очи, стојам пред вас и ви велам дека Шуто Оризари мора да оди напред, да прави крупни чекори и да ги решава крупните проблеми. Времето кога на општината се гледаше како на место за богатење на неколкумина, а тие ја третираа како своја приватна фирма завршува. Бидете мудри, овој пат вие, граѓаните, одлучувате. Секој ваш глас овде се брои и е важен. Знам дека сега доаѓаат и ви нудат разноразни непринципиелни понуди, пари и поткупи. Слушам дека има и такви кои нема да жалат да го одврзат ќесето само за да добијат глас повеќе. Но овој пат постапете мудро за иднината на вашите деца. Запрашајте се: кој може да направи повеќе? Тие што ви нудат поткуп, или ние што ви нудиме работа, проекти и подобри услови за живот? Јас нема да ветувам непринципиелни работи, ниту пак да ветувам нешта што не можам да ги исполнам. Но ви ветувам работа и решавање на проблемите со кои секојдневно се соочувате. Длабоко ве почитувам и ве гледам како мои соседи, пријатели и искрени луѓе“ кажа Мицкоски.Мицкоски освен останатите проекти потенцираше дека во план е амбуланта во Шуто Оризари.„Амбуланта во Шуто Оризари која знам колку е потребна и заедно со поликлиниката која ќе почне да се гради во соседна општина Бутел, мислам дека со ова здравјето на жителите во Шуто Оризари ќе добие едно повисоко ниво на третман, а ние како Влада тоа ќе го направиме,“ кажа Мицкоски.Понатаму, Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за број 9 за подобра иднина и развој на државата.„Затоа излезете и гласајте за себе и за вашите семејства. За иднината на вашето маало, за вашата улица и за местото во кое сте родени и живеете. Ерџан Демири е нашиот кандидат за Шуто Оризари. Многумина ме убедуваа да поддржиме други кандидати и други коалиции. Но единствената коалиција што овде ја признавам е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот. Ерџан е нашиот избор,  вистинскиот избор за развојот на Шуто Оризари. Со изборот на Ерџан, вие гласате за одличен тандем. Ерџан ќе работи заедно со Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Скопје. Тоа што ќе гласате за Ерџан значи дека Шуто Оризари ќе ја има поддршката и од Градот Скопје, со кој ќе соработуваат одлично, а и Владата ќе работи силно за Шуто Оризари да стане пристојно место за живеење“ кажа Мицкоски.

Скопје | пред 3 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања