Промени тема
За нас
„Претрес“ во државниот авион: планот за евакуација од Блискиот Исток и најголемите авионски несреќи
„Претрес“ во државниот авион: планот за евакуација од Блискиот Исток и најголемите авионски несреќи

САД

ursula-1

Ново заострување меѓу Брисел и Вашингтон по забраната за влез на европски државјани

Европската унија ќе ја штити слободата на говор и правото на изразување, порачаа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, откако Соединетите Американски Држави воведоа забрана за влез за пет европски државјани, меѓу кои и поранешниот еврокомесар Тиери Бретон.Забраната беше воведена од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која ги обвини засегнатите европски граѓани за ограничување на слободата на говор и за, како што наведуваат, прекумерна регулација на американските технолошки гиганти. Реагирајќи на одлуката, Урсула фон дер Лајен на социјалните мрежи порача дека слободата на говор е темел на силната и жива европска демократија и дека Европската унија е горда на тие вредности и ќе продолжи да ги брани.Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја оцени одлуката на Вашингтон како неприфатлива меѓу сојузници, партнери и пријатели. Тој нагласи дека Европската унија цврсто стои зад одбраната на слободата на изразување, правичните дигитални правила и сопствениот регулаторен суверенитет, додавајќи дека ваквите потези само го продлабочуваат недоразбирањето меѓу двете страни.Забраната за влез се очекува дополнително да ги влоши односите меѓу САД и дел од европските престолнини, особено околу чувствителни прашања како слободата на говор, одбраната, миграцијата, односот кон крајната десница, трговијата и војната меѓу Русија и Украина.Одлуката доаѓа неколку недели по објавувањето на американската стратегија за национална безбедност, во која се наведува дека Европа се соочува со, како што е формулирано, „цивилизациско бришење“ и дека мора да го промени правецот доколку сака да остане сигурен сојузник на САД. Потегот на администрацијата на Трамп беше осуден и од францускиот претседател Емануел Макрон, како и од германското Министерство за правда, кои предупредија дека ваквите мерки го нарушуваат духот на сојузништво и демократските принципи.

Свет | пред 2 месеци

sergej-lavrov

Русија повикува на обновување на односите со САД, но под сопствени услови

Рускиот Совет на Федерацијата денеска му препорача на Министерството за надворешни работи на Русија да продолжи со напорите за обновување на полноправните односи меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, водејќи сметка за руските национални интереси. Ова е наведено во резолуцијата што беше усвоена по обраќањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред членовите на горниот дом на рускиот парламент.Во текстот на резолуцијата се истакнува потребата од продолжување на работата на обновување на односите на заемно корисна основа, како и изградба на дијалог со САД кој ќе ги земе предвид интересите на Русија и значењето на одржливо решение за состојбата во Украина. Притоа, се нагласува дека решавањето на конфликтот мора да ги адресира, како што наведуваат руските власти, „основните причини“ за украинската криза.Советот на Федерацијата, исто така, упати апел до земјите што Москва ги дефинира како дел од „глобалното мнозинство“ да се дистанцираат од, како што се наведува, конфронтациската политика на Советот на Европа кон Русија.Резолуцијата доаѓа во услови на продолжени тензии меѓу Москва и западните земји, при што руските власти сè почесто нагласуваат дека евентуалната нормализација на односите со САД мора да се темели на рамноправност, почитување на суверенитетот и признавање на руските позиции во однос на безбедносните прашања и конфликтот во Украина.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryl980ocllcbiqaNCVygE

Епстин-списите повторно го отворија прашањето за Трамп и принцот Ендрју, додека институциите вадат деманти и нови детали

Американското Министерство за правда објави нов, најобемен пакет материјали поврзани со случајот на Џефри Епстин, а со него во јавноста излегоа низа нови фотографии и електронска преписка што повторно ги отворија старите сомнежи, но и донесоа директни деманти од институциите за дел од најексплозивните тврдења.Во фокусот се најде спорна разгледница која, наводно, Епстин ја испратил до осудениот спортски лекар Лари Насар и во која се споменува „нашиот претседател“. Министерството прво соопшти дека ја проверува нејзината валидност поради низа нелогичности, а потоа објави дека документот е лажен, откако ФБИ утврдил дека ракописот не одговара на Епстиновиот. Министерството јавно предупреди дека фактот што документ е објавен во официјална архива не значи дека и неговата содржина е фактички точна, најавувајќи дека објавувањето на материјалите ќе продолжи, но со законски пропишана заштита на жртвите.Паралелно, во новите материјали повторно се појавува името на Доналд Трамп, овојпат преку непотврдена изјава на возач на лимузина кој тврдел дека во 1995 година слушнал разговор во кој се споменува „злоупотреба на девојка“ и името „Џефри“. Министерството за правда реагираше дека дел од документите содржат „неистинити и сензационалистички“ наводи против Трамп доставени до ФБИ непосредно пред изборите во 2020 година и дека тие се „неосновани и лажни“, оценувајќи дека доколку имале кредибилитет, одамна ќе биле употребени против него. Во истиот пакет се споменува и интерен е-маил од 2020 година во кој се наведува дека Трамп бил наведен како патник на најмалку осум летови со приватниот авион на Епстин во периодот 1993–1996, од кои на дел, според преписката, била присутна и Гислејн Максвел, а на одредени летови се појавуваат и женски имиња што би можеле да бидат потенцијални сведоци.Еден од поинтересните сегменти е е-маил што се поврзува со 2017 година и во кој се тврди дека при преглед на телефонот на Стив Бенон биле пронајдени фотографии, меѓу кои и фотографија од Трамп и Гислејн Максвел. Пораката, според објавеното, е со затемнети адреси, без потпис и без податоци кога е настаната фотографијата, што ја прави нејзината интерпретација неизвесна. Во ист контекст се потсетува дека Бенон бил истражуван и обвинуван во друга постапка поврзана со кампањата „We Build the Wall“.Во документите има и нови елементи околу принцот Ендрју. Објавена е преписка што укажува дека лондонската Метрополитен полиција оваа година водела тајна, кодирана проверка („Операција Dawnchorus“) поврзана со медиумски наводи за неговите активности и можни дополнителни материјали што ги поседуваат британски медиуми, вклучително и списоци на патници од летови на Епстин. Истовремено, се појавуваат стари е-маилови од 2002 година за патување во Перу во кои се отвора тема за „девојки“, при што лицето потпишано со „A“ сугерира дека организацијата ја препушта на домаќините и на Максвел, а дел од текстовите го поврзуваат „Неевидливиот човек“ од преписката со принцот Ендрју. Одделно, објавена е и преписка од 2020 година што покажува дека американските власти барале правна помош и контакт со принцот Ендрју како „материјален сведок“ преку механизам за меѓудржавна правна соработка.Покрај кореспонденцијата, јавноста доби и визуелни докази од затворските записи: фотографии од надворешноста на Епстиновата ќелија во њујоршкиот „Metropolitan Correctional Center“, направени два дена по неговата смрт во август 2019, со полициска лента на вратата и идентификациска картичка. Објавени се и фотографии од ќелијата по првиот можен обид за самоубиство во јули 2019, како и интерни е-маилови што отвораат прашања за затворските пропусти, меѓу кои и планови за потенцијален цимер, што дополнително ја храни јавната дебата за условите и надзорот во последните недели од неговиот живот.Севкупно, најновата објава ги засили контроверзиите околу тоа што е доказ, што е непроверено сведочење и што е фалсификат во масата материјали. Институционалните деманти, особено за разгледницата и за дел од наводите поврзани со Трамп, ја поставуваат границата меѓу документарното и манипулативното, но истовремено објавените преписки и логистички траги повторно го враќаат во фокус прашањето за мрежата на контакти околу Епстин и степенот на одговорност на системите што со години го пропуштале да ја пресечат.

Свет | пред 2 месеци

media-library18i26ga29ta675rNxAu

САД забрануваат нови странски дронови: кинеските DJI и Autel исфрлени од пазарот

Федералната комисија за комуникации на САД, Federal Communications Commission, во понеделникот објави забрана за пласирање нови дронови произведени во странство, одлука со која од американскиот пазар практично се исфрлаат кинеските производители, меѓу кои и водечките компании DJI и Autel. Како причина се наведуваат „неприфатливи ризици за националната безбедност“, објави Euronews.Одлуката е во согласност со законот за одбрана што американскиот Конгрес го усвои минатата година, со кој беа засилени сомнежите и загриженоста околу дроновите од кинеско производство. Тие во изминатите години станаа доминантни на американскиот пазар и широко се користат во земјоделството, картографијата, филмската индустрија, како и во полициските служби.Компанијата DJI, со седиште во Шенжен, е најголемиот светски производител на дронови и, според податоците на Drone Industry Insights, контролира речиси 80 проценти од американскиот пазар на комерцијални дронови. Нејзиниот најблизок конкурент Autel има значително помал пазарен удел.Во образложението на одлуката, американските власти наведуваат дека ревизијата на Владата утврдила оти сите дронови и клучни компоненти произведени во странство, не само во Кина, претставуваат „неприфатлив ризик за националната безбедност на САД, како и за безбедноста и заштитата на американските граѓани“. Сепак, FCC остави можност за исклучоци, доколку Пентагон или Министерство за внатрешна безбедност на САД проценат дека одредени дронови или компоненти не претставуваат таква закана.Како дополнителен аргумент за итноста на мерките, ФЦЦ ги наведе претстојните големи настани, меѓу кои Светско првенство во фудбал 2026, прославата на 250-годишнината од независноста на САД (America250) и Летни олимписки игри 2028, предупредувајќи на можноста за злоупотреба на дронови од страна на криминалци, непријателски странски актери или терористи.Од компанијата DJI реагираа дека се разочарани од одлуката, наведувајќи дека не се презентирани конкретни докази врз основа на кои е донесена. Според нив, тврдењата за безбедносни ризици не се поткрепени со факти, туку претставуваат протекционизам спротивен на принципите на отворен пазар.Одлуката предизвика поделени реакции и кај корисниците во САД. Професионалци кои во својата работа користат странски дронови предупредуваат дека новата политика може сериозно да им наштети на бизнисите. Џин Робинсон од Тексас, кој обучува полициски служби и користи флота од девет DJI дронови, изјави дека ограничувањата ќе создадат проблеми, иако признава дека САД сами ја дозволиле зависноста од Кина.Од друга страна, Артур Ериксон, коосновач и директор на американската компанија Hylio, смета дека заминувањето на DJI ќе создаде простор за раст на домашните производители. Сепак, тој проширувањето на забраната на сите странски дронови и компоненти го оцени како изненадувачко и претерано, изразувајќи надеж дека правилата ќе бидат дополнително појаснети.

Свет | пред 2 месеци

media-librarycc0gi9u8j4ue5U9p2ON

Трамп: Разговорите за мир напредуваат, но меѓу Путин и Зеленски има огромна омраза

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека мировните разговори меѓу Украина и Русија се во тек и дека се одвиваат „нормално“, но оцени дека меѓу рускиот и украинскиот претседател постои длабока омраза. Според него, токму тој личен антагонизам е една од клучните пречки за побрзо завршување на војната.„Меѓу овие двајца лидери, Владимир Путин и Володимир Зеленски, постои огромна омраза. Разговараме, сè оди добро, но оваа војна мора да престане“, изјави Трамп пред новинарите на својот имот Мар-а-Лаго во Флорида. Неговата изјава беше објавена на Јутјуб-каналот на Белата куќа.На прашањето дали ќе инсистира Божиќ да биде краен рок за постигнување мировен договор, Трамп одговори дека се надева оти конфликтот ќе биде завршен што е можно побрзо. Во исто време, тој жестоко го критикуваше својот претходник Џозеф Бајден, тврдејќи дека неговата администрација потрошила 350 милијарди долари за војната во Украина без јасна сметка каде завршиле тие средства. Трамп нагласи дека неговата политика е поинаква, посочувајќи дека САД сега продаваат оружје и воена опрема на НАТО, наместо директно да „фрлаат пари“, како што рече, за време на администрацијата на Бајден.Во истото обраќање, Трамп предизвика нови реакции и со изјавата дека Гренланд е неопходен за националната безбедност на САД. Тој истакна дека Вашингтон „мора да го има“ Гренланд, не поради минералите, туку исклучиво поради стратешката и безбедносната важност. Оваа изјава доаѓа по неговата одлука да го именува гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, за специјален пратеник за Гренланд, потег што предизвика остра реакција од Данска.Премиерите на Данска и Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен, во заедничко соопштение порачаа дека националните граници и суверенитетот на државите се заштитени со меѓународното право и дека анексија на други територии е недозволива, објави The Guardian.Покрај геополитичките теми, Трамп се осврна и на неодамна објавените досиеја поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Тој изјави дека му било „непријатно“ што видел фотографии од поранешниот американски претседател Бил Клинтон во тие документи. Коментарот го даде по објавувањето на илјадници документи од Министерство за правда на САД, пренесе Sky News.Трамп истакна дека со Клинтон секогаш имал коректни односи и дека смета оти објавувањето на ваквите материјали е поттикнато главно од демократите и, како што рече, „неколку лоши републиканци“. Тој додаде дека многу луѓе биле во контакт со Епстин, кој се движел во кругови на влијателни личности во Палм Бич и на други места, нагласувајќи дека темата и понатаму ќе предизвикува силни политички и јавни реакции.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryo30vgcikpufrdiUaNct

Америка одобри прв лек во форма на таблети кој е за слабеење

Американската Управа за храна и лекови на САД официјално ја одобри таблетарната форма на лекот за слабеење Вегови, производ на фармацевтската компанија Ново Нордиск.Со ова одобрување, „Вегови“ станува првиот лек од класата GLP-1 што се пласира на пазарот за слабеење во орална, односно таблетарна форма. Досега ваквите терапии беа достапни исклучиво како инјекции, што за многу пациенти претставуваше практична и психолошка пречка, објави NBC.GLP-1 лековите делуваат така што го намалуваат апетитот и го продолжуваат чувството на ситост, а во последните години станаа глобален фармацевтски хит поради нивниот ефект во намалувањето на телесната тежина, но и поради дополнителните бенефити кај пациенти со дијабетес тип 2.Според најавите, во наредните месеци се очекува и одобрување на слична таблетарна терапија од конкурентската фармацевтска компанија Ели Лили, што дополнително ќе ја засили трката на пазарот на лекови за слабеење.Одлуката на ФДА се смета за значаен пресврт во третманот на дебелината, бидејќи таблетарната форма може да ја прошири употребата на овие терапии и да ги направи подостапни за поширок круг пациенти.

Свет | пред 2 месеци

media-library928rb7fvg2d00Q6SeWy

Трамп зборува за мир, разузнавачите предупредуваат на нова закана за Европа

Американските разузнавачки служби предупредуваат дека рускиот претседател Владимир Путин има намера целосно да ја заземе Украина и да ја прошири својата контрола и врз делови од Европа кои во минатото биле дел од Советскиот Сојуз, и покрај тековните разговори за можен мировен договор.Според информации од шест извори запознаени со американските разузнавачки проценки, воените и политичките цели на Путин остануваат непроменети, што е во директна спротивност со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот преговарачки тим, кои тврдат дека Москва е подготвена за завршување на конфликтот, пишува „Ројтерс“.Најновите извештаи, од кои последниот датира од крајот на септември, се во спротивност и со тврдењата на самиот Путин, кој неодамна изјави дека Русија не претставува закана за Европа.Американските проценки, кои се конзистентни уште од почетокот на руската инвазија во 2022 година, се совпаѓаат и со ставовите на европските лидери. Тие сметаат дека крајната цел на Кремљ е целосна контрола врз Украина, но и влијание врз територии на поранешниот советски блок, вклучително и одредени земји членки на НАТО.„Разузнавачките податоци отсекогаш укажуваа дека Путин сака повеќе“, изјави за „Ројтерс“ демократскиот конгресмен Мајк Квигли, член на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом.„Европејците се убедени во тоа. Полјаците се апсолутно убедени. Балтичките држави сметаат дека тие се први на удар.“Во моментов, Русија контролира околу 20 проценти од украинската територија. Путин ги смета четирите анектирани региони – Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон, како и Крим, за дел од Руската Федерација.Во рамки на предложениот мировен план, претседателот Трамп врши притисок врз Киев да ги повлече своите сили од мал дел од Доњецк што сè уште е под украинска контрола – барање кое украинскиот претседател Володимир Зеленски и мнозинството граѓани на Украина категорично го отфрлаат.Од Белата куќа, пак, тврдат дека е постигнат значителен напредок.„Претседателскиот тим постигна огромен исчекор кон завршување на војната“, изјави неименуван американски функционер, додавајќи дека Трамп смета оти мировниот договор е „поблиску од кога било“.Во мировните напори се вклучени и блиски луѓе на Трамп – неговиот зет Џаред Кушнер и пријателот и бизнисмен Стив Виткоф, кои со недели водат преговори за мировен план од 20 точки со украински, руски и европски претставници.Кушнер и Виткоф вчера се сретнале со украински преговарачи во Мајами, а за време на викендот се очекуваат разговори и со руска делегација.На состанокот во Берлин во понеделникот, според дипломатски извори, бил постигнат широк консензус за силни безбедносни гаранции за Украина, поддржани од САД. Планот предвидува распоредување претежно европски сили во Украина и соседните земји, далеку од линијата на фронтот, како и американска разузнавачка поддршка и воздушни патроли над украинска територија.И покрај дипломатските активности, клучните разлики меѓу страните остануваат длабоки. Еден од предлозите предвидува ограничување на украинската армија на 800.000 војници, додека Русија бара значително помал број – на што, според извори, американската страна е подготвена да разговара.Сè уште не е јасно дали безбедносните гаранции би биле условени со територијални отстапки од Украина. Зеленски во четвртокот изрази сериозна резерва:„Постои едно клучно прашање на кое сè уште немам одговор: што конкретно ќе направат овие безбедносни гаранции?“На својата годишна прес-конференција, Владимир Путин не понуди компромиси, иако изјави дека е подготвен да разговара за мир. Тој инсистираше дека неговите услови мора да бидат исполнети и тврдеше дека руските сили годинава напредувале за 6.000 квадратни километри.Дури и дел од функционерите во администрацијата на Трамп јавно признаваат дека постои сомнеж во подготвеноста на Путин да се откаже од првичните цели.„Не знам дали Путин навистина сака договор или сака да ја освои целата земја. Тоа се работи што самиот јавно ги кажал“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.„Знаеме што сакаа да постигнат на почетокот на војната – тие цели сè уште не се реализирани.“

Свет | пред 2 месеци

media-library4stmlcj6gtfhbpEUx7V

Рубио: САД ништо не наметнуваат, не можеме да ги присилиме ниту Киев ниту Москва на договор

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во мировните преговори за Украина никому не му се наметнува договор и дека и Киев и Москва мора да сакаат да постигнат спогодба, при што предупреди дека во Газа нема да има мир сè додека Хамас не биде разоружан.„На крајот, на нив е да постигнат договор. Не можеме да ја присилиме Украина да постигне договор. Не можеме да ја присилиме Русија да постигне договор. Тие мора да го сакаат тоа“, инсистираше Рубио на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека е постигнат напредок, но дека претстои уште многу работа. Тој истакна дека последните преостанати прашања секогаш се најтешките.Украинските мировни преговарачи во петок започнуваат нова рунда разговори со американскиот тим за предлозите за завршување на војната со Русија, изјави шефот на киевската делегација Рустем Умеров. Пратеникот на Белата куќа Стив Виткоф и зетот на претседателот Трамп, Џаред Кушнер, планираат да се сретнат и со руската делегација во Мајами овој викенд, изјави претставник на Белата куќа за Ројтерс.Рубио им изјави на новинарите дека би можел да се приклучи на дел од разговорите за Украина во сабота во Мајами.САД очекуваа реторичка поддршка од Русија за МадуроОдговарајќи на прашања, Рубио порача дека Соединетите Држави, кога станува збор за Венецуела, не се загрижени дека би можело да дојде до ескалација со Русија, додавајќи дека Вашингтон и очекувал Москва да му даде реторичка поддршка на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.Администрацијата на Трамп испрати илјадници војници во регионот, заедно со носач на авиони, воени бродови и борбени авиони.„Отсекогаш очекувавме да му дадат реторичка поддршка на режимот на Мадуро... тоа не е фактор во начинот на кој ја гледаме целата оваа ситуација“, рече Рубио.Руското Министерство за надворешни работи во четврток изрази надеж дека администрацијата на Трамп нема да направи кобна грешка во однос на Венецуела и изрази загриженост поради американските одлуки кои го загрозуваат меѓународниот поморски сообраќај.„Без разоружување на Хамас нема мир во Газа“Рубио исто така предупреди дека во Газа „нема да има мир“ без разоружување на Хамас.„Ако Хамас некогаш се најде во позиција да му се заканува или да го напаѓа Израел, нема да има мир. Никого нема да убедите да вложува пари во Газа ако мислат дека за две или три години ќе избие нова војна. Затоа разоружувањето е толку важно“, нагласи американскиот државен секретар.Покрај тоа, тој е уверен дека повеќе земји ќе сакаат да учествуваат во стабилизациските сили кои треба да го зацврстат кревкото примирје во Газа.„Навистина сум уверен дека земјите кои се прифатливи за сите страни се подготвени да се обврзат и да бидат дел од оваа стабилизациска сила“, изјави тој.Рубио се осврна и на разговорите меѓу претставниците на Израел и Либан одржани во петок и очекува дека тие ќе доведат до силна либанска влада и разоружување на Хезболах.„Се надеваме дека разговорите меѓу либанските власти и Израелците ќе создадат контури и пат напред што ќе спречи понатамошни судири“, изјави американскиот државен секретар.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryfmlasiegk70d8gNCD23

Мистериозен прекин на веб-страницата на Белата куќа: Наместо официјална содржина се појави лајв-стрим со непознат маж

Официјалната интернет-страница на Белата куќа била во прекин околу еден час во текот на ноќта меѓу четврток и петок, при што на неа бил прикажуван необичен лајв-стрим со непознат млад маж, објави „Блумберг“.Според информациите, во рубриката Live News на сајтот нешто пред полноќ се појавил видео-пренос на кој се гледа помлад маж со брада и слушалки, како седи пред микрофон. Стримот во текот на следниот час наизменично се појавувал и исчезнувал од страницата.Засега не е познато дали станува збор за хакерски напад врз официјалната веб-страница на Белата куќа или за интерна техничка грешка и случајна објава. Од Белата куќа сè уште нема официјално соопштение со објаснување за инцидентот.Настанот предизвика внимание на социјалните мрежи, каде корисниците шпекулираат за безбедноста на дигиталните системи на американската администрација, но и за можната природа на прикажаната содржина.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryont65bm831ocdG0eRTX

Трамп ја прекина лотаријата за зелени карти по масовното пукање на Универзитетот Браун

Американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за суспензија на програмата за лотарија за зелени карти, позната како програмата за имигрантски визи за разноликост (DV1), по масовното пукање на Универзитетот Браун, во која минатата недела беа убиени две лица, пренесува Би-би-си.Осомничениот за нападот, португалски државјанин, влегол во Соединетите Американски Држави токму преку оваа програма во 2017 година, што, според администрацијата на Трамп, претставува сериозен безбедносен пропуст.Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем потврди дека по директна наредба на претседателот програмата е ставена во мирување, со образложение дека целта е „да се осигура дека ниту еден Американец повеќе нема да биде повреден поради овој катастрофален програм“.„На осомничениот никогаш не требаше да му биде дозволен влез во нашата земја“, изјави Ноем.Програмата DV1 овозможува издавање до 50.000 имигрантски визи годишно, преку случаен избор на апликанти од земји со ниско ниво на имиграција во САД.Ноем потсети дека Трамп уште во 2017 година се залагал за укинување на програмата, по нападот со камион во Њујорк, кога беа убиени осум лица. Напаѓачот, узбекистанскиот државјанин Сајфуло Саипов, исто така влегол во САД преку програмата за разноликост на визи.Главен осомничен за пукањето е 48-годишниот Клаудио Невес Валенте. Американските власти веруваат дека тој претходно, на почетокот на неделата, го убил и португалскиот професор Нуно Луреира од Масачусетскиот институт за технологија (МИТ).Според претседателката на Универзитетот Браун, Кристин Паксон, Валенте бил запишан на докторски студии по физика на универзитетот од есента 2000 до пролетта 2001 година, но немал никаква активна поврзаност со институцијата во моментот на нападот.Само неколку часа по нејзината изјава, Валенте бил пронајден мртов во складишен објект во Салем, Њу Хемпшир. Полицијата смета дека извршил самоубиство со огнено оружје. Кај него биле пронајдени торба и две огнени оружја, а доказите од автомобилот во близина се совпаднале со оние од местото на нападот на Универзитетот Браун, потврди државниот обвинител на Род Ајленд, Питер Нерона.Властите истражуваат и убиство на 47-годишниот професор Нуно Ф. Гомеш Луреира, кој бил застрелан во својот дом во Бруклајн, околу 80 километри од Провиденс. Двајцата мажи студирале на ист универзитет во Португалија кон крајот на 1990-тите години.Во нападот што се случи на 13 декември, кога напаѓачот влегол во зградата на Машинскиот факултет на Универзитетот Браун за време на завршните испити, беа убиени двајца студенти, а деветмина беа повредени.Жртвите се идентификувани како 19-годишната Ела Кук, студентка од втора година од Алабама, и 18-годишниот Мухамад Азиз Умурзоков, студент од узбекистанско потекло, кој штотуку го започнал своето студирање.Мотивите за нападите засега остануваат непознати.

Свет | пред 2 месеци

media-library3vu8qkuicvbvdR556ES

САД воведуваат санкции против двајца судии на Меѓународниот кривичен суд поради Израел

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека САД воведуваат санкции против двајца судии на Меѓународниот кривичен суд (МКС), затоа што, како што рече, се насочиле против Израел, со што бројот на високи судски функционери под американски санкции се зголеми на 11.„Денеска воведувам санкции против двајца судии на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Гоча Лордкипанидзе од Грузија и Ерденебалсурен Дамдин од Монголија, согласно Извршната уредба 14203“, изјави Рубио во соопштение, повикувајќи се на уредбата што претседателот Доналд Трамп ја потпиша во февруари, со која се предвидуваат санкции против МКС.„Овие лица директно се вклучија во напорите на МКС да истражува, апси, притвора или кривично гони израелски државјани без согласност на Израел“, додаде тој.Санкции поради одбивање на израелските приговориРубио во соопштението се осврна на учеството на судиите во гласањето за отфрлање на еден од неколкуте израелски правни приговори против истрагата на МКС за водењето на војната во Газа, донесена претходно оваа недела.Именуваните судии беа дел од панелот што одби да ја поништи одлуката на понискиот суд, според која истрагата на обвинителството за наводните злосторства во негова надлежност може да ги опфати и настаните по нападот на милитантната палестинска група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.МКС соопшти дека го осудува новиот круг американски санкции, што претставува веќе четврти сет мерки оваа година. „Овие санкции се флагрантен напад врз независноста на непристрасна судска институција“, се наведува во соопштението на МКС, додавајќи дека мерките го доведуваат во опасност меѓународниот правен поредок.Односот на САД и Израел кон МКССоединетите Американски Држави и Израел не се членки на МКС, но палестинските територии беа примени како држава членка во 2015 година. Минатата година МКС издаде налози за апсење на Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи користење на гладта како оружје на војна, извршени во Газа.Американските санкции воведени во февруари опфаќаат замрзнување на имотот во САД на лицата на списокот со санкции, како и забрана за влез во САД за нив и за членовите на нивните семејства.

Свет | пред 2 месеци

media-library9pnpl354kgg0bnLbEAp

Гувернерот на Калифорнија му се потсмева на Трамп

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, реагираше на синоќешното обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп до нацијата со објава на социјалната мрежа Икс (X), која за кратко време привлече огромно внимание.Њусом, со воведот „Трамп вечерва:“, објави долга низа од зборот „Јас“ („Me“), повторен стотици пати, алудирајќи дека говорот на претседателот бил крајно самофалечки и целосно фокусиран на неговата личност.Објавата уследи веднаш по говорот на Трамп од Белата куќа, во кој тој ги истакнуваше „успесите“ на својата администрација, ја префрлаше вината за високите цени и економските проблеми врз својот демократски претходник Џо Бајден и понуди малку, ако воопшто и некакви, конкретни мерки за справување со инфлацијата и падот на животниот стандард.Во говорот, Трамп повторно се осврна на миграциите, криминалот и правата на трансродните лица, најави исплата на т.н. „воена дивиденда“ за припадниците на американските вооружени сили и повтори дека неговата политика на царини и даночни олеснувања ќе донесе економски бум. Надворешната политика, пак, доби минимален простор – не го спомена војната во Украина, а конфликтот во Газа го допре само површно.По говорот, демократите порачаа дека Трамп не понудил реални решенија за проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Сенаторот Марк Ворнер од Вирџинија го оцени обраќањето како „тажен обид за одвлекување на вниманието“, додека ироничната реакција на Њусом стана најзабележливиот одговор од редовите на Демократската партија.Гевин Њусом е гувернер на Калифорнија од 2019 година и една од највлијателните фигури на Демократската партија на национално ниво. Поранешен градоначалник на Сан Франциско и долгогодишен сојузник на либералното крило на демократите, Њусом сè почесто се споменува како најсериозен потенцијален кандидат на партијата за претседателските избори во 2028 година.Неговата реакција дополнително го нагласува сè подлабокиот политички јаз во САД, во момент кога Трамп – речиси една година пред меѓуизборите – бележи слаби рејтинзи кај јавноста за управувањето со економијата, додека демократите веќе активно бараат лице кое би можело да му се спротивстави на национално ниво.

Свет | пред 2 месеци

media-library139nh4j7vqa8edz3p0G

Вашингтон воведе морска блокада на нафтата кон Венецуела, Каракас возвраќа со тешки обвинувања: „Ова е обид за заплена на нашите ресурси“

Тензиите меѓу САД и Венецуела драматично ескалираа откако американскиот претседател Доналд Трамп најави „целосна блокада“ на сите санкционирани танкери кои влегуваат или излегуваат од венецуелските води – мерка што директно го таргетира најважниот извор на приходи на владата на Николас Мадуро: нафтата.Од Вашингтон засега не откриваат како ќе се спроведува новата блокада. Не е познато дали американската крајбрежна стража ќе добие наредба да ги запира бродовите, како што претходно се случи при други операции. Сепак, последните движења на американската војска – распоредување на илјадници војници и речиси десетина воени бродови, меѓу кои и носач на авиони – укажуваат дека регионот е под силен американски надзор.Трамп ја оправда блокадата со остри обвинувања кон Каракас, наведувајќи дека венецуелскиот режим „крадел средства од САД“ и го поврза со „тероризам, наркотрафикинг и трговија со луѓе“. Во својата објава на Truth Social напиша дека венецуелската влада е третирана како „странска терористичка организација“.Каракас реагираше веднаш и со жесток тон. Во доцнообјавено соопштение, потпретседателката Делси Родригез оцени дека ставовите на Трамп ја откриваат „вистинската намера“ на САД – преземање на венецуелските енергетски и минерални ресурси. Владата ја осуди мерката како „интервенционистичка, колонијалистичка и спротивна на меѓународното право“, обвинувајќи ги САД за прекршување на слободната трговија и правото на слободна навигација.– Преку своите изјави, претседателот на САД претпоставува дека нафтата и минералното богатство на Венецуела му припаѓаат нему. Врз таа основа се обидува да наметне морска блокада за да ги ограби богатствата што ѝ припаѓаат на нашата татковина – се наведува во соопштението.Каракас предупреди дека мерката е дел од „гигантска кампања на лаги и манипулации“, насочена кон оправдување на економски и воен притисок врз земјата. Владата на Мадуро порача дека ќе ги брани своите позиции согласно меѓународното право, Повелбата на ОН и уставот, истакнувајќи дека земјата „никогаш повеќе нема да биде колонија“.Венецуела го обвини Вашингтон и за претходните воени операции во Карибите, во кои, од септември наваму, американската војска уби повеќе од 80 луѓе во напади врз наводни бродови на картели. Трамп тврдеше дека тие бродови биле користени за шверц на дрога во САД со поддршка на венецуелската влада – тврдење кое Каракас целосно го негира и го нарекува обид за дискредитација и промена на режимот.Нафтниот пазар веднаш реагираше: цените пораснаа за нешто повеќе од 1% во азиската трговија, откако инвеститорите проценија дека блокадата може да доведе до намалување на венецуелскиот извоз. Засега, меѓутоа, останува неизвесно како конкретно ќе се применува мерката и дали ќе ги опфати и бродовите што не се под санкции.Единствено е јасно дека новата ескалација отвора сериозен ризик од директни инциденти на море, а дипломатскиот јаз меѓу двете држави е подлабок од кога било.

Свет | пред 2 месеци

tramp-putin

Нов притисок врз Москва: Санкции за нафтата ако нема мир со Украина

Соединетите Американски Држави подготвуваат нов пакет санкции насочени кон рускиот енергетски сектор, со цел да го зголемат притисокот врз Москва доколку рускиот претседател Владимир Путин одбие мировен договор со Украина, објави „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со плановите.Според овие информации, Вашингтон разгледува повеќе опции, меѓу кои и санкционирање на бродовите од таканаречената руска „флота од сенка“ – нелегални танкери што се користат за транспорт на руска нафта, како и трговците вклучени во тие трансакции. Дел од мерките би можеле да бидат објавени уште оваа недела.Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, веќе разговарал за овие планови со група европски амбасадори, во рамки на координација со сојузниците. Целта на санкциите е дополнително да се ограничат приходите на Русија од извоз на енергенси, кои се клучни за финансирање на војната во Украина.Овие најави доаѓаат во момент кога американско-европскиот мировен план предвидува зајакнување на украинската армија, распоредување европски сили во земјата и зголемена разузнавачка поддршка од САД. Планот треба да послужи како основа за прекин на огнот, но и да ја убеди Украина на територијални отстапки и откажување од формално членство во НАТО.Иако во Берлин е постигнат одреден напредок во разговорите меѓу САД, Европа и Украина, Русија останува клучната пречка. Москва бара дополнителни отстапки и одбива присуство на сили поврзани со НАТО во Украина, додека западните земји најавуваат дека ќе го зголемат притисокот доколку не дојде до договор.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryoa5erbmlc0f318TAU6m

Американско-европски мировен план: Гаранции за Украина, но Русија останува клучна пречка

Американско-европскиот мировен план има за цел да ги одврати идните руски напади врз Украина преку јакнење на украинската армија, распоредување европски сили во земјата и засилено користење американски разузнавачки податоци, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите. Планот треба да биде основа за поширок договор за прекин на огнот, но и да ја убеди Украина на територијални отстапки и откажување од формално членство во НАТО.Во изминатите денови, американски и европски дипломати во Берлин одржаа состаноци со украинското раководство и во најголем дел усогласија два документа што ги дефинираат безбедносните гаранции. Во разговорите учествуваа високи претставници од повеќе европски земји, а Европската комисија оцени дека е постигнат реален и конкретен напредок благодарение на усогласеноста меѓу Украина, Европа и САД.Сепак, сеопфатен прекин на огнот засега изгледа тешко остварлив, бидејќи Русија не е вклучена во преговорите и не покажува подготвеност за компромис. Москва инсистира Украина да се откаже од делови од Донбас и категорично се спротивставува на присуство странски сили поврзани со НАТО на украинска територија.Според планот, украинската армија би се стабилизирала на околу 800.000 војници, со модернизирана обука и опрема. Европските сили би биле распоредени во западниот дел од Украина, далеку од линиите на потенцијален прекин на огнот, додека САД не планираат испраќање свои трупи, туку би обезбедувале разузнавачка и техничка поддршка за надзор на договорот и следење на евентуални руски активности.Документите се очекува да бидат финализирани во наредните денови, по што ќе бидат доставени до Русија, а потоа се најавуваат нови рунди разговори со украинската страна.

Свет | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања