Свет

Сопругата на „Ѓаволот од Авињон“ му дозволи на судијата да го пушти материјалот во судница: „Јавноста нека види како ме силуваат“

Рожер Арата, француски судија, одлучи дека видеата од силувањето на Жизел Пелико, која сопругот ја дрогирал и силувал 10 години со други мажи, ќе бидат прикажани на суд, што таа самата го одобрила.

„Ова е уникатен случај, немаме еден доказ за силување, туку стотици. Жизел смета дека овој шок е неопходен, така што никој од обвинетите не може да каже: „Не знаев дека е силување“, изјави адвокатот Стефан Бабонеу, пишува АП.

Жизел (71) стана симбол на борбата против сексуалното насилство во Франција и инсистираше судењето да биде јавно, против предлогот на судот.

Мајката на три деца и баба на седум, храбро се откажа од правото на анонимност и јавно го опиша страшното предавство што нејзиниот партнер го извршил во периодот од 2011 до 2020 година.

Со помош на својот правен тим, таа побара и снимката да биде прикажана на јавноста, бидејќи сака случајот да послужи како национален пример.

Огромното мнозинство од обвинетите ја негираат вината за силување, додека некои од нив дури тврдат дека нејзиниот сопруг ги принудил на секс со Жизел, на што се согласиле бидејќи биле преплашени.

Некои од мажите обвинети за силување тврдат дека верувале дека таа се согласила на сексуален однос или дека согласноста на нејзиниот сопруг била доволна за тоа.

Адвокатскиот тим посочува дека материјалот е од исклучителна важност во продолжението на судскиот процес и дека тој „говори сам за себе“.

Судијата Арата ја смени својата претходна одлука дека снимката ќе се прикажува само во одредени случаи и зад затворени врати. Досега новинарите и јавноста мораа секој пат да ја напуштаат судницата, за време на прикажувањето на видео снимките.

На почеток