Промени тема
За нас Контакт
Болници, лекови, специјализанти, закон за пушење, Брза помош, хаосот: „Претрес“ на министерот Алиу
Болници, лекови, специјализанти, закон за пушење, Брза помош, хаосот: „Претрес“ на министерот Алиу

Кристијан Ландов

media-libraryrbg26kshfogn3dFrttO

ИРЛ осудени за клевета кон Анѓушев, Цветковска: Следни дестинации се Уставен и Стразбур

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) реагира по одлуката на Апелационен суд, кој по вторпат пресуди во корист на поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а против новинарите на ИРЛ во предмет за клевета и навреда.„Апелациониот суд му пресуди на јавниот интерес и на слободата на изразување“, наведуваат од ИРЛ.„Анѓушев во своето соопштение тврди дека ИРЛ дејствувало да го уништи него и ,стопанствениците’ и македонската економија и држава. И се ова сме го правеле за кариери и хонорари. Е па немаме за дивиденди, државна земја, а и не сме фанови на државно субвенционирани бизниси што ги уништуваат нашите реки, планини, земја… Немаме ни мрежи од фирми во Малта и по светов. За одлуката нема коментар ни власта , а ни опозицијата што е чудно ко за една опозиција ако се тоа. Но, тендери за чкорче болниците не делеше ИРЛ туку Филипче, фотоволтаици не прави ИРЛ туку братот на Филипче со братот на Заев, изведено од господинот. Субвенции за мали хидроцентрали не делев јас, туку Груевски и Мицкоски. Реакциите на овој агресивен грабливец поддржан од платеници во медиумите, институциите и партиите, само покажуваат дека независните граѓани и медиуми имаат моќ, само си требаме да сме повеќе и погласни. Фала им на сите илјадници граѓани што коментираат, споделуваат и ни пишуваат за поддршка. Борбата продолжува, следните дестинации се Уставниот суд и најпосле, Стразбур. Случајот се однесува на истражувачкиот документарец „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година, во кој тужител е Анѓушев, а тужени се ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска“, стои во ре-објавата на уредничката Сашка Цветковска.Во 2021 година тужбата за навреда била одбиена од Граѓанскиот суд како неоснована, со образложение дека не постојат причини за утврдување клевета. По жалба на Анѓушев, Апелација го вратила предметот на повторно судење. На повторената постапка, без нови докази, Граѓанскиот суд пресудил во корист на тужителот.Судијката која го водела предметот подоцна била дисциплински санкционирана од Судскиот совет поради тешка повреда – отстранување на јавноста од судницата.Пресудата беше јавно осудена од Советот на Европа, амбасадите на САД и ЕУ, Меѓународната и Европската федерација на новинари, Меѓународниот прес институт, Пулицер центарот, OCCRP, како и од повеќе регионални и домашни организации.Здружение на новинарите на Македонија и Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници организираа јавен протест пред судот, на кој присуствуваа повеќе од сто новинари и медиумски работници.Од новинарските здруженија посочуваат дека во образложението на пресудата, која сега ја потврди и Апелација, се создава, како што велат, опасен преседан – судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој може да се занимава со новинарска дејност.ЗНМ и ССНМ најавуваат дека ќе продолжат да стојат зад истражувачкото новинарство и ќе ги искористат сите расположливи правни механизми, вклучително и пред повисоките домашни и меѓународни судски инстанци.Случајот е регистриран како СЛАПП на меѓународната Платформа за мапирање на медиумски слободи (Mapping Media Freedom), а реакција и осуда на ваквата пракса имаше и од Меѓународната и Европската федерација на новинари.Од ИРЛ оценуваат дека исходот на предметот има пошироко значење за слободата на изразување, јавниот интерес и заштитата на истражувачкото новинарство во Македонија.

Македонија | пред 1 месец

media-librarynuo6gdiq5k6pejDDU6O

Агонијата за одредени лица допрва почнува, не можам да се договарам со човек кој креваше дронови над куќата на сестра ми, вели Мицкоски за Груби

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека власта постигнала договор со поранешниот вицепремиер Артан Груби, оценувајќи ги како политички инженеринг без логика и основа.„Ги забораваме проски ботовите и актуелната опозиција СДСМ кои ставаат равенство и велат дека власта се договорила со Артан Груби. Ова е политичка теза во изминатите денови. Ајде да видиме што е суштината, а што е политичкиот инженеринг“, изјави Мицкоски.Тој посочи дека токму Груби, според него, бил еден од најгласните негови политички противници, потсетувајќи на јавни напади, како и на случајот со дронови над куќата на неговата сестра, кои биле претставени како негов скриен имот.„И по некоја чудна логика излегувам како претседател на Владата и се договарам со овие кои сакаат да го видат мојот политички крај, а дел од нив и човечки. Мислам дека нема никаква логика“, рече премиерот.Според него, тезите на опозицијата се менувале од ден на ден – од тоа дека тој лично „пуштил“ некого, до наводен договор меѓу него и Груби по судската одлука.„Бегалецот е обезбеден од органите на редот. Сè понатаму е одлука на друга власт – судската власт. Тоа нема врска со Владата“, нагласи Мицкоски.Тој додаде дека во јавноста се создава хистерија, слично како, според него, во други случаи кога се ширеле сценарија за економски колапс или мигрантска криза.„Процесот сам по себе ќе даде одговор. Времето работи на нивна штета“, изјави премиерот, додавајќи дека ја разбира револтираноста на граѓаните, но дека извршната власт нема надлежност да се меша во одлуките на судството.Во контекст на промените во обвинителството, Мицкоски изрази очекување дека со новото раководство ќе се гарантира независност и заштита на правдата, оценувајќи дека за одредени лица „агонијата допрва почнува“.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryegrk3iirlg27cUVjrGW

(🔴ВО ЖИВО) „Претрес“ на Јаневска: Штанцање на закони, купување дипломи, ниска култура, (не)писменост, политика

Ако дипломата не вреди, ако професорот не е почитуван, ако ученикот е преоптоварен, ако занаетчијата е потценет – што всушност реформираме во образованието?Во „Претрес“ вечерва зборуваме за купените дипломи, за приватните факултети и за „потписите“ што одлучуваат дали една диплома ќе вреди – или ќе остане безвредно парче хартија. Отвораме и прашање за функционерите кои магистрираат додека извршуваат министерска функција – дали образованието станува алатка за титули, наместо систем за знаење?Какви се успесите во образованието кога на улиците гледаме дека се нема ниту основна култура?Ќе слушнете за наставниците со ниски плати, за основците кои учат несоодветни содржини додека носат ранци од кои добиваат сколиоза, но и за занаетчиите кои со години се маргинализирани во систем што декларативно зборува за реформи.Во емисијата носиме и сведоштва на млади академски граѓани кои својата иднина ја пронашле надвор од државата.Реформа или привид? Знаење или титула? Гледајте во живо и поставувајте прашања:

Студио | пред 1 месец

media-libraryc750mhqc5l1t1xefB3c

(Видео) ДНК на 25-годишниот убиец се совпаѓа со трагите кај последната жртва во кумановско

ДНК-профилот на 25-годишниот осомничен од селото Драгоманце, општина Старо Нагоричане, се совпаѓа со трагите пронајдени кај последната жртва, јавува Телма, повикувајќи се на извори од истрагата.Во тек е сеопфатна истрага за серија тешки кривични дела во кумановско, по апсењето на осомничениот, кој во моментов се наоѓа во притвор. Официјално, институциите не откриваат дополнителни детали за резултатите од ДНК-анализите.Според информациите објавени од Телма, истражните органи анализираат повеќе докази, меѓу кои и содржини од социјални мрежи. На профилот на осомничениот на платформата ТикТок, како што се наведува, имало објави со кои се потврдува дека станува збор за 25-годишник кој чувал овци и живеел во Драгоманце. На профилот биле објавени и видеа и фотографии од неговиот приватен живот.Последната објава, според телевизијата, датира од 9 февруари, еден ден пред да биде пронајдена 78-годишната Мира С. од Старо Нагоричане. Од Основно јавно обвинителство Куманово претходно информираа дека временската рамка на смртта е утврдена меѓу 29 јануари и 10 февруари.Од Обвинителството соопштуваат дека се обезбедуваат и прибираат голем број докази, се вршат распити и ќе следи психијатриска проценка на осомничениот од тим експерти. Во моментов, како што наведуваат, вештиот наод од обдукцијата на ексхумираното тело сè уште не е доставен до јавниот обвинител.Според неофицијални информации што ги објави Телма, се проверуваат повеќе случаи поврзани со починати повозрасни жени, како и еден обид за убиство. Сите настани, според тие информации, се случиле од летото минатата година до апсењето на осомничениот.Надлежните институции продолжуваат со активности за целосно расчистување на случаите.

Македонија | пред 1 месец

media-librarycmmi2693vagt6MRRAbT

Полицијата влезе во уште една фабрика за марихуана, овојпат во валандовско: нова акција на МВР и Обвинителството

По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Валандово денеска извршиле претрес во простории на правен субјект за производство на марихуана во селото Јосифово, валандовско.Од Министерство за внатрешни работи информираат дека претресот е спроведен по издадена наредба од надлежен јавен обвинител, а повеќе детали за предметот засега не се соопштуваат.Ова доаѓа откако беше објавено дека шест лиценци за производство на марихуана се одземени со одлука на Владата, донесена на денешната седница која сè уште е во тек. Засега нема официјално соопштение од Владата, а се очекуваат детали по нејзиното завршување.Според неофицијални информации, една од одземените лиценци се однесува на фабрика од која претходно беше запленета марихуана во рамки на акција во која беа одземени 40 тона.Одлуката следува по проверките што ги спровело Министерство за здравство. Министерот добил овластување да провери дали се почитуваат законските прописи за одгледување на марихуана, како и стандардите за нејзиниот квалитет.Според предлогот на комисијата при Министерството за здравство, одземање на лиценците е предложено за следните компании:– Alphafarm – констатиран кусок на сув цвет, необезбедено физичко обезбедување и видеонадзор.– Green Life – констатиран кусок на сув цвет и несоодветно пакување во сеф-соба.– CBD Medplant – кусок на сув цвет во сеф-соба и недоставување целосна документација до Комисијата за купопродажба.– Life Plant – недостиг на видеонадзор во внатрешните простории, необезбедено физичко обезбедување и недоставување документација за купопродажба.– Ata Farm – непостоење соодветен стручен кадар и необезбедено физичко обезбедување и видеонадзор.– Kanabinoids – неисполнување на законските услови, недостиг на кадар, обезбедување и видеонадзор, како и констатирани несоодветни активности во дворот на правното лице.Се очекува надлежните институции во текот на денот да излезат со подетални информации за одлуката и за понатамошните чекори во постапката.

Македонија | пред 1 месец

media-library0p96u6skogd921mua8v

Нема што да се расправа за судијата кој го прати Груби во куќен притвор, членот на Судски, Јошевска, одговори на прозивките од Филков

Сузана Јошевска-Анастасовска, член на Судски совет на Република Македонија, изјави дека судија не смее да изрече мерка ефективен притвор доколку од страна на јавниот обвинител има поднесен предлог за куќен притвор.„Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судскиот совет за да се расправа основно правило во кривичната постапка“, посочи Јошевска-Анастасовска.Нејзината реакција доаѓа откако министерот за правда, Игор Филков, јавно ги повика Судскиот совет и Совет на јавни обвинители да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител во врска со одлуката за куќен притвор за Артан Груби.Полемиката се отвори по одлуката наместо ефективен притвор, на Груби да му биде определен куќен притвор, што предизвика серија политички реакции и повици за институционална одговорност.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryd7m8obnhihku5dhVrDD

Тензии околу куќниот притвор: ДУИ бара разрешување на Филков и најавува поплаки до САД, ЕУ и ОБСЕ

Демократска унија за интеграција бара министерот за правда Игор Филков да се воздржи од, како што велат, натамошни јавни интервенции во врска со мерката куќен притвор за Артан Груби, а доколку таквата пракса продолжи – да биде разрешен.Од ДУИ обвинуваат дека Филков извршил притисок врз судиите и обвинителите со денешната изјава во која посочи дека мора да има одговорност „со име и презиме“ за одлуката Груби да биде упатен во куќен наместо во ефективен притвор.Според партијата, извршната власт нема уставно право да сугерира како ќе постапуваат судските органи, оценувајќи ја изјавата на министерот како директно мешање во тековен процес и загрозување на интегритетот на постапката.„Улогата на Министерството за правда е да го заштити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи кога политичката поларизација врши голем притисок врз поединци во рамките на правосудниот систем. Наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, министерот дополнително го поттикнува, создавајќи клима на однапред одредена одлука и јавно упатувајќи пораки што претставуваат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.Партијата на Али Ахмети апелира Филков да се воздржи од натамошни јавни коментари, а во спротивно, смета дека треба веднаш да биде разрешен „со цел заштита на независноста на судството во овој чувствителен момент“.Од ДУИ најавуваат дека ќе продолжат внимателно да го следат случајот и дека за случувањата ќе ги информираат стратешките партнери – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Македонија.Претходно денеска, министерот за правда ги повика Судски совет на Република Северна Македонија и Совет на јавни обвинители да свикаат итни седници и да утврдат дали има елементи за одговорност кај јавниот обвинител кој побарал, како и кај судијата кој одобрил куќен наместо ефективен притвор за Груби, кој вчера се појави на македонско-косовската граница по повеќе од една година отсуство од државата.

Македонија | пред 1 месец

media-librarylb4grqvav3s821jfNql

СДСМ: Има за авион и луксуз, нема за 600 евра минимална плата

Социјалдемократски сојуз на Македонија обвини дека власта одбила зголемување на минималната плата на 600 евра, и покрај тоа што, како што наведуваат, има средства за „луксузирање, мебел и авион“.Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ, денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. Според опозицијата, за законот дебатирале само нивни пратеници, додека владејачкото мнозинство го одбило и предлогот за јавна расправа, како и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.„Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата. Има пари за луксузирање на власта, за мебел, чанти, авион, ама нема за поголеми плати за работниците“, велат од СДСМ.Од партијата тврдат дека средствата за набавка на авион не се повлечени и дека нема најави за ребаланс на Буџетот, што, според нив, покажува дека власта нема намера да се откаже од таа набавка.Во реакцијата се наведува и дека, како што велат, се води координирана медиумска кампања со наратив дека „потребен е авион“, додека, според СДСМ, главната тема – зголемување на платите – се оттурнува во втор план.„Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот“, порачуваат од опозициската партија, додавајќи дека работниците не смеат да останат без решение.СДСМ апелира законските измени да бидат прифатени „заради работниците“, оценувајќи дека, како што велат, „доста беше од игри“.

Македонија | пред 1 месец

media-librarysadjjm8l382vcOgHxHp

Угостителите добија „битка“: одложена примената на дел од законот за заштита од пушење

Министерство за здравство прифати одложување на примената на дел од новиот закон за заштита од пушење, со што, како што беше појаснето, им се остава простор на сопствениците на угостителските објекти инфраструктурно да се прилагодат на законските барања.Министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција во Владата изјави дека одложувањето се однесува на примената на одредбите за пушење на отворени тераси од три страни, кои во пракса во моментов се затворени.„Процесот за забелешки за тој закон е веќе завршен. Работните групи имаа консултации со стручни лица и со сите засегнати страни во државата. Исто така, јас и премиерот имавме состаноци со производители, потрошувачи, компании, ресторани и кафулиња. Имаше забелешки што беа логични и можеа да бидат прифатени, но и такви што не беа прифатени. Прифатено беше одложувањето на примената на законот за тераси од три страни, бидејќи им треба време за инфраструктурно да се приспособат“, изјави Алиу.Во однос на електронските цигари, министерот најави дека тие ќе бидат забранети за користење во затворени простории. Дополнително, ќе биде ограничена и нивната продажба.„Барањето кое половично е прифатено беше продажбата на електронските цигари со вкус. Има вкусови што се директно наменети за младата популација. Целта на законот е заштита на населението со фокус на младите. Ќе бидат забранети сите вкусови што се благи и атрактивни за младите, а ќе дозволиме да се продаваат само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун“, истакна министерот.Според него, државата е меѓу водечките во Европа по користење на нетрадиционални, таканаречени модерни електронски цигари, поради што законските измени имаат за цел дополнително да ја зајакнат заштитата на младите и јавното здравје.

Македонија | пред 1 месец

vozacka-1

Со завршено четврто одделение сакал да извади возачка, па фалсификувал диплома

Возачки испит во земјава може да се полага со завршено основно образование, а токму овој услов бил причина 49-годишен прилепчанец да фалсификува свидетелство за завршена осмолетка за да може да се пријави во авто-школа.Од Министерство за внатрешни работи информираат дека ОВР Прилеп поднела кривична пријава против Н.А.(49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“.„Во септември 2025 година, пријавениот направил лажна исправа – свидетелство на негово име издадено од основно училиште за завршено осмо одделение, кое имал намера да го употреби за пријавување во авто-школа за полагање на возачки испит, иако имал завршено четврто одделение“, соопштуваат од полицијата.Случајот доаѓа во период кога засилени се контролите во сообраќајот, особено по ставањето во функција на системот „Безбеден град“, кој предвидува построги санкции за возење без возачка дозвола и за други сообраќајни прекршоци.Во изминатиот период, по одземање на возила од лица кои управувале без положен возачки испит, во Битола и во други градови беа организирани протести. Дел од демонстрантите, припадници на ромската заедница, бараа можност да управуваат возила и без положен испит, повикувајќи се на фактот дека некои од нив се неписмени.Надлежните, пак, остануваат на ставот дека условите за стекнување возачка дозвола се законски пропишани и еднакво важат за сите граѓани.

Македонија | пред 1 месец

zena-noz

Навивање за Наполи заврши со нож: сопруга го прободе мажот поради фудбалска расправија

Навивањето за Наполи заврши драматично за четириесетгодишен навивач од Неапол, кој бил примен во болница откако неговата сопруга го прободела со нож за време на расправија предизвикана од фудбалски натпревар.Инцидентот се случил во неделата попладне во населбата Каподимонте во Неапол, додека брачниот пар го следел мечот од Серија А меѓу Аталанта и Наполи, кој тимот од Бергамо го доби со 2:1. Натпреварот уште од почетокот предизвикал нервоза кај домаќинот, особено по контроверзната ВАР-одлука со која бил поништен претходно досуден пенал за Наполи.Револтиран од случувањата на теренот, навивачот гласно негодувал и упатувал пцовки кон судијата и играта на својот тим. Според наводите на полицијата, неговата сопруга погрешно ги протолкувала повиците, верувајќи дека навредите се упатени кон неа.Недоразбирањето брзо прераснало во сериозна расправија. Жената го обвинила сопругот дека ја навредува, а откако тој одбил да ја напушти просторијата, ситуацијата ескалирала.Најпрво фрлила ножици кон него, кои не го погодиле. Потоа земала кујнски нож и го прободела во левата страна од телото. И покрај шокот и крварењето, повредениот успеал да се јави на бројот 112 и да повика итна помош.Според истрагата, жената продолжила да фрла ножеви, при што еден од нив се забил во ѕидот на станот.Припадници на карабинерите од станицата Каподимонте пристигнале на местото и затекнале хаотична сцена. Триесет и петгодишната жена била уапсена и се товари за семејно насилство, нанесување тешки телесни повреди и незаконска употреба на ладно оружје.Повредениот навивач бил пренесен во болницата „Оспедале дел Маре“ во Неапол, каде лекарите констатирале дека не е животно загрозен. Медицинскиот персонал посочил дека брзата реакција на итните служби била клучна за да се избегнат потешки последици.Случајот уште еднаш отвора прашање колку емоциите поврзани со спортот можат да излезат од контрола кога фрустрацијата и недоразбирањето ќе се претворат во насилство.

Свет | пред 1 месец

media-libraryt83ec6udbqva1QkHzKC

По проценката на АНБ, Груби не е безбеден ниту дома, ама обвинителот сепак го прати во куќен притвор

Ниту АНБ, ниту МВР не изготвиле безбедносна проценка со која посочиле дека Артан Груби ќе биде небезбеден само доколку заврши во ефективен притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, неофицијално дознава „Скопје1“. Известувањето на кое вчера се повика обвинителот кога бараше куќен притвор, се однесува на општа безбедносна проценка, што би значело дека Груби не е безбеден никаде, па ниту дома.Сознанијата пак, дека има ризик по безбедноста на Груби не се тазе. Дел од нив оперативно се добиени пред една година и по истите е постапено. Затоа и му било доделено обезбедување кое поранешниот вицепремиер го имаше сѐ додека не замина од Македонија, по што беше баран со потерница. Според засега непотврдени информации, дел од лицата кои токмеле план за да му наштетат, се и затвореници. Но останува отворено прашањето, во кои затворски установи издржуваат притвори или затворски казни. Бидејќи, пракса е доколку еден затвор е небезбеден за издржување на мерка или казна, притворениот или осудениот да биде префрлен во друга установа.„Скопје1“ побара детали и од МВР за тоа што стои во известувањата до Обвинителството, но оттаму без детали за овие сознанија.„Министерството за внатрешни работи, согласно своите законските надлежности ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност. Во понатамошната постапка, одлуките за барање и определување на мерките ги носат исклучиво надлежното обвинителство и судот“, велат од МВР.За безбедноста во затворска установа, гарантира управата. Вчера, директорот на затворот во Шутка, Бобан Утковски, посочи дека безбедноста на Груби е гарантирана, додавајќи дека се почитуваат сите прописи и правила.„Скопје1“ постави прашања до обвинителот, како дошол до заклучок дека во било кое притворско одделение не може да се гарантира безбедноста на Груби – но не добивме одговор. Наспроти ова, стигна соопштение.„По проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен“, стои во кусото објаснување од соопштението.Прашавме и зошто Обвинителството се повикува на известувањето од МВР при предлогот за куќен притвор, кога истото укажува дека Груби не е сигурен ниту дома. Не добивме одговор.Молк и на прашањето дали на овој начин, Обвинителството индиректно ја префрла вината од своите редови кај извршната власт.Во исто времен, Груби издржува куќен притвор, кој доколку седне на обвинителна клупа и биде осуден, ќе му се засмета во изречената казна. Во спротивно, ќе биде ослободен, а државата ќе плаќа оштета.

Македонија | пред 1 месец

Screenshot-2024-12-12-at-21.31.52

Апасиев за случајот со Груби: „Сам се пријавил, ама од бегство“

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, со саркастична реакција го коментираше образложението во случајот со Артан Груби.„‘Сам се пријавил, ама од бегство’ е најновиот правен изум, нечуен и невиден досега уште од Римското право, а успешно измислен вчера од страна на предметниот обвинител и судија во случајот со Артан Груби“, напиша Апасиев.Тој во објавата ги повика, како што наведе, „колегите професори по кривично право“ веднаш да го патентираат и да го објават во научен труд со импакт-фактор, алудирајќи дека таков труд би им бил потребен „за реизбор, по новите критериуми на министерката“.Реакцијата на Апасиев е дел од пошироката политичка дебата што се води околу мерките и постапувањето на обвинителството и судот во предметот поврзан со Груби.

Коментари | пред 1 месец

media-library3ht9getc8erp3qGODkj

Биткоинот падна под 63.000 долари, инвеститорите бегаат од ризик

Цената на биткоинот во вторникот падна за повеќе од пет проценти, спуштајќи се под нивото од 63.000 долари, додека инвеститорите реагираат на зголемените царински тензии и пошироките геополитички ризици.Најголемата светска криптовалута во еден момент се тргуваше по 62.964,64 долари, во услови на засилен притисок од инвеститори кои ги намалуваат позициите во поризична имотна класа. Аналитичарите оценуваат дека станува збор за тактичко намалување на ризикот, а не за структурен пресврт на пазарот.Кристофер Хамилтон од инвестициската компанија „Инвеско“ изјави дека падот не е резултат на специфичен шок во криптосекторот, туку на пошироко ресетирање на расположението кон ризикот на глобалните пазари.Дополнителен притисок врз криптовалутите создаваат и растечките тензии на Блискиот Исток. Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави дека во рок од десет дена би можел да донесе одлука за можен напад врз Иран, поради несогласувањата околу нов нуклеарен договор. Оттогаш, тензии се засилени, а Вашингтон продолжува со распоредување воени сили во регионот.Биткоинот бележи остра распродажба уште од октомври минатата година, кога неговата вредност надмина 125.000 долари. Од почетокот на годинава изгуби околу 27 проценти од вредноста, додека во однос на октомврискиот врв е намален за приближно 50 проценти.Инвестицискиот стратег Били Леунг од „Глобал Икс Австралија“ посочува дека биткоинот останува чувствителен на глобалните услови на ликвидност. Според него, доколку пазарите ја протолкуваат трговската политика како заострување на финансиските услови, криптовалутите ќе бидат меѓу првите што ќе го почувствуваат ударот.Падот не се ограничи само на криптосекторот. Цената на златото во вторникот се намали за околу еден процент, додека етер, втората најпопуларна криптовалута, изгуби повеќе од еден процент од вредноста и се спушти на 1.831,52 долари.

Свет | пред 1 месец

media-libraryoa5erbmlc0f318TAU6m

Киев ја одбележува годишнината од војната, во сенка на унгарско-словачките блокади

Украина денеска ја одбележува четвртата годишнина од руската инвазија, а во Киев се очекува пристигнување на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.Двајцата европски лидери ќе присуствуваат на комеморација заедно со повеќе европски државници, со цел да изразат поддршка и солидарност со Украина.Во рамки на посетата е предвидено тие да ги посетат и локациите оштетени во руските воздушни напади врз украинската енергетска инфраструктура. Посетата, сепак, се одвива во сенка на блокадите од страна на Унгарија и Словачка, кои го кочат усвојувањето на нови санкции против Русија.Унгарија вчера стави вето и на пакетот финансиска помош на Европската Унија за Украина во износ од 90 милијарди евра, од кои 60 милијарди се наменети за одбраната од руската агресија. Се смета дека Унгарија и Словачка одржуваат најблиски односи со Москва меѓу земјите членки на Унијата.Паралелно со случувањата во Киев, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер организираат видеоконференција на таканаречената „Коалиција на волни“, во која учествува и Германија, со цел одбележување на годишнината од почетокот на војната.Високите претставници на Европската Унија кои се во Киев ќе се приклучат и на оваа конференција, во обид да испратат единствена порака за поддршка на Украина, и покрај внатрешните несогласувања во рамките на Унијата.

Свет | пред 1 месец

media-library0l1qv9v7nhv165QOjEc

23 февруари: Од „Господине Мијалков, вие сте во Македонија?“ до Груби на Блаце – две враќања и истата сенка на правдата

Дваесет и трети февруари сè поочигледно станува датум со симболика на македонската политичко-кривична сцена. Разликата е во имињата, но сличностите во сценариото се впечатливи.На 23 февруари 2021 година, Сашо Мијалков, по кратката и мистериозна „недостапност“, се појави пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. Камерите беа подготвени. Новинарското прашање „Господине Мијалков, вие сте во Македонија?“ остана како симбол на тој момент.Мијалков, човекот кој со години беше персонификација на безбедносниот апарат, тогаш стана симбол на драматично враќање, откако судот му одреди притвор по пресудата во предметот „Таргет–Тврдина“, случај поврзан со масовното незаконско прислушување. Подоцна следуваа и одлуки по други предмети – „Трезор“, „Империја“ – со спогодби, намалени казни и финансиски договори. Дел од пресудите станаа правосилни, дел од постапките беа вратени на повторно судење. Правдата се развлекуваше во продолженија.Пет години подоцна, повторно на 23 февруари, јавноста беше разбудена со уште едно звучно име – Артан Груби. Утринските наслови објавија дека е уапсен на граничниот премин Блаце, откако се предал.Иронијата е јасна. Едниот се појавува пред Обвинителство, другиот на граничен премин. Едниот влегува во институција, другиот во државата.Името на Груби изминатиот период се поврзуваше со предмети за злоупотреба на службена положба и сомнежи за висока корупција, особено во делот на тендерски постапки и службени овластувања. За разлика од драматичното „се враќам“ сценарио во 2021 година, овојпат приказната се развиваше со информации дека не е достапен за органите, за потоа да се појави доброволно. Судот му определи мерка домашен притвор.Разликите во правниот епилог засега се значајни. Мијалков има правосилни пресуди и спогодби, дел од казните ги издржа, дел беа намалени со одлуки на повисоки судови. Груби е во фаза на завршени истражни постапки. Но јавноста повторно гледа познато сценарио: драматични наслови, кратка „недостапност“, појавување пред институциите и медиумски спектакл.23 февруари така станува датум што потсетува дека во Македонија правдата ретко доаѓа ненадејно. Таа се најавува, се преговара, се појавува со камери – понекогаш пред врата, понекогаш на рампа. И понекогаш, очигледно, го избира истиот датум.

Македонија | пред 1 месец

Screenshot-2024-08-25-at-09.26.21

Русија отвори истрага против основачот на „Телеграм“ за „помагање терористички активности“

Руските власти покренаа кривична постапка против основачот на Телеграм, Павел Дуров, под сомнение за „помагање терористички активности“, објави државниот весник „Росискаја газета“, повикувајќи се на материјали од Федерална служба за безбедност.Според објавата, постапката се води врз основа на член 205.1, став 1.1 од Кривичниот законик на Русија, кој се однесува на помагање терористички активности. Весникот наведува дека информациите се темелат на материјали доставени од ФСБ.Дуров засега не се огласи јавно по повод извештајот. Од Телеграм, кој има повеќе од една милијарда активни корисници на глобално ниво, не одговориле веднаш на барањето за коментар.Во изминатите денови, Телеграм ги отфрли обвинувањата од руска страна дека платформата претставува засолниште за криминални активности и дека е компромитирана од западни и украински разузнавачки служби.Рускиот државен регулатор за комуникации и претходно воведе ограничувања за Телеграм, наведувајќи дека компанијата не отстранувала екстремистичка содржина. Апликацијата е исклучително популарна во Русија и се користи и за јавна и за приватна комуникација.Паралелно со притисокот врз Телеграм, Москва се обидува да ги насочи граѓаните кон државната апликација МАКС, која беше лансирана пред околу една година, како дел од стратегијата за зајакнување на домашните дигитални платформи.

Свет | пред 1 месец

media-libraryfkim6no7aoulb54kgef

Кој ќе го наследи „Ел Менчо“? Пет имиња во игра по ликвидацијата на лидерот

Лидерот на картелот Халиско Нова Генерација (ЦЈНГ), Немесио Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, беше убиен на 22 февруари во акција на специјалните сили на мексиканската војска во Тапалпа, сојузна држава Халиско. Осегера, кој беше приоритетна цел на федералните власти и бегалец по кој трагаше и Агенција за сузбивање на дрога, починал за време на транспорт кон Мексико Сити.ЦЈНГ во изминатата деценија се прошири низ цело Мексико и се поврзува со трговија со фентанил, метамфетамин и кокаин, како и со перење пари. Според ДЕА, станува збор за една од најмоќните и најнемилосрдни транснационални криминални организации и сериозна безбедносна закана.Експертите за безбедност посочуваат две можни сценарија за иднината на картелот: внатрешно преструктуирање со ново регионално раководство или фрагментација на повеќе фракции, што во двата случаи би можело да доведе до ескалација на насилството.Според анализите, Осегера, за разлика од други криминални кланови, немал јасно дефиниран наследник. Меѓу можните кандидати за преземање на раководството се споменуваат пет имиња.Прв на листата е Хуан Карлос Валенсија Гонзалес, познат како „Ел 03“, посинок на Осегера и негов можен „природен наследник“, за кого ДЕА има распишано награда до пет милиони долари.Како втор можен наследник се наведува Аудијас Флорес Силва, познат како „Ел Хардинеро“, задолжен за операции на картелот во неколку сојузни држави, меѓу кои Халиско и Мичоакан, како и за проширување кон други региони.Третото име е Рикардо Руис Веласко, наречен „Добле Р“, кој дејствува во поширокото подрачје на Гвадалахара, главна оперативна точка на картелот.Меѓу потенцијалните наследници се споменува и Ераклио Гереро Мартинез, „Тио Лако“, поврзан со шеми за нелегална кражба на гориво, познати како „уачикол“.Петтиот кандидат е Гонзало Мендоса Гаитан, познат како „Ел Сапо“, кој раководи со операциите во поморските пристаништа, особено во Манзанило, клучна точка за влез на хемиски прекурсори од Азија.Непосредно по ликвидацијата на Осегера, на западот од Мексико беа регистрирани блокади, палење возила и зголемено насилство. Аналитичарите предупредуваат дека секоја транзиција на врвот на организацијата ретко минува без судири меѓу фракции.Иако ликвидацијата на „Ел Менчо“ се оценува како тежок удар врз организираниот криминал, експертите предупредуваат дека вистинскиот тест ќе биде способноста на властите да спречат нов бран насилство и борба за контрола врз териториите и каналите за трговија.

Свет | пред 1 месец

media-librarynjdtlpbns75tely7ZBc

Паниката во СДСМ е поради можни сведочења на Груби, вели ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ реагираше по одлуката за куќен притвор на Артан Груби, оценувајќи дека „правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна“.Од партијата посочуваат дека одлуката за куќен притвор е на обвинителството, кое, како што наведуваат, има ниска доверба кај граѓаните и за чие задржување на функциите, според нив, се залагала СДСМ.„Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека СДСМ треба да се договори „сама со себе“, бидејќи, според нив, изнесува контрадикторни ставови – наутро тврди дека ДУИ работи за ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договор.Во реакцијата се наведува дека, според нив, СДСМ е во паника поради можноста Груби да проговори за, како што велат, „ортачките криминали“ на поранешните влади предводени од Зоран Заев, како и за други функционери од редовите на партијата.Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто, како што тврдат, врвот на СДСМ одржал состанок и се интересирал за исказот на Груби во обвинителството, оценувајќи дека однесувањето на СДСМ во овој случај е обид за дефокусирање.„Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога исплашените од СДС ќе му прават друштво на Артан Груби на судските клупи“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 1 месец

media-library90fp2ljlsd1s1LLAYHT

Груевски за сведоштвото на Катавеновски во „Претрес“: Му се одмаздиле затоа што не сакал да учествува во нечовечки прогон

Поранешниот премиер Никола Груевски во јавна објава стави акцент на сведоштвото на поранешниот судија на Врховниот суд, Ристо Катавеновски во „Претрес со Ландов“, оценувајќи дека неговите наводи отвораат сериозни прашања за работењето на судството во периодот на политичките предмети што ги водеше поранешното Специјално јавно обвинителство.Според Груевски, Катавеновски јавно потврдил дека во случајот „Тенк“, поврзан со набавката на блиндираниот „мерцедес“, немало докази за штета или корист – елементи што, како што посочил судијата, се нужни за утврдување злоупотреба.„Самиот судија Ристо Катавеновски бил разрешен затоа што не прифатил да подготви извештај до советот во кривичниот суд за случајот “Тенк” (набавката на блиндираниот Мерцедес), со кој ќе се потврди пресудата на Кацарска од кривичниот суд и од апелациониот суд во Скопје кој сосема сигурно на ист начин одлучуваше. „За злоупотреба мора да има доказ за штета или за корист. Овие два елемента не беа исполнети“, кажа неправедно разрешениот судија Катавеновски.Тоа беше време кога мнозинството од судиите кои ги судеа политичките предмети не само што судеа што ќе им кажат, туку така беа исплашени што понекогаш ако немаше, сами бараа насока од политичарите како да пресудат за да не згрешат. Или алтернативно во политичките предмети ќе пресудеа на начин што ја гледаа општата политичка атмосфера и ценеа каква одлука би го задоволила Заев. Еве како судијата Катавеновски вели за неговиот разрешување, а е во сличен дух: „Не е директно до Судски совет. Додека некој не им каже, тие не постапуваат. Мора да им каже некој“.Веднаш штом изразил свој став со несогласување за потврдување на пресудата заради немање доказ, Катавеновски бил разрешен од судија, веќе следниот ден. Му се одмаздиле затоа што не сакал да учествува во еден нечовечки политички прогон“, напиша Груевски.

Македонија | пред 1 месец

media-librarybl8dm9ud2j6na7HpA0p

Кривичен суд не можел да одреди построга мерка од куќниот притвор, бидејќи тоа го барал обвинителот

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое ја прифати заедничката иницијатива на јавниот обвинител и одбраната за определување мерка куќен притвор за осомничениот Артан Груби. Судијата не можел да одреди построга мерка од предложената од Обвинителството, бидејќи Законот за кривична постапка го ограничува.Како што соопшти Основен кривичен суд Скопје, откако утрово КПУ затвор „Скопје“ – Скопје го известил судот дека осомничениот од 09:20 часот е спроведен во установата и започнал со издржување на претходно определената мерка притвор од 17.12.2024 година, судот го известил Основното јавно обвинителство.По барање на обвинителството, издадена е наредба за негов спровод пред јавен обвинител за сослушување. Во текот на денот, одбраната доставила предлог за замена на притворот со куќен притвор, кој бил проследен до обвинителството за произнесување.Со оглед дека обвинителството ја води истрагата и согласно законските овластувања оценува која мерка е соодветна за непречено водење на постапката, до судот било доставено писмено позитивно мислење, а на расправата јавниот обвинител предложил определување поблага мерка од претходно изречената.По сослушувањето на осомничениот во присуство на неговиот бранител, судот донел решение за замена на притворот со мерка куќен притвор со 24-часовен надзор, кој ќе го спроведува Министерството за внатрешни работи. Дополнително е определена мерка на претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница.Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.

Македонија | пред 1 месец

media-librarybl8dm9ud2j6na7HpA0p

Куќниот притвор за Груби е доказ дека постои договор, реагира СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагираше по одлуката за куќен притвор на Артан Груби, оценувајќи дека ваквата мерка е „потврда дека сè е договорено“.Од СДСМ тврдат дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Христијан Мицкоски и, како што наведуваат, „ВМРО-ОКГ“, обвинувајќи за политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби замина преку граница, иако бил на стоп-листа. Но, за неговото враќање камери има на секој чекор“, наведуваат од партијата.Според СДСМ, следела, како што велат, „веќе подготвена медиумска кампања“, а одлуката за куќен притвор ја оценуваат како продолжение на истото сценарио.„Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор? Пеш преминал преку граница и побегнал, а бил на стоп-листа. Сега, по 14 месеци, се враќа и добива куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио?“, прашуваат од СДСМ.Од партијата порачуваат дека „ништо не е случајно“ и дека, според нив, станува збор за дел од договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека останува да се види „која е цената“.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryhh36fs92k6hgfJs9IBw

Рејтингот на Трамп допре ново дно

Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува најновото истражување на јавното мислење.Според анкетата спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 отсто од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 отсто го поддржуваат. Со тоа, неговиот нето-рејтинг на одобрување изнесува минус 21 процентен поен.Истражувачите наведуваат дека 60-процентното неодобрување е највисоко регистрирано од нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Според нив, станува збор за најниска поддршка во досегашниот тек на вториот мандат.Рејтингот на претседателот би можел да има значајно влијание врз претстојните избори на средината од мандатот, на кои ќе се избираат членови на Претставничкиот дом и Сенатот во клучни сојузни држави. Иако Трамп нема директно да биде на гласачкото ливче, изборите се сметаат за своевиден референдум за неговата политика, додека Републиканската партија се обидува да го задржи тесното мнозинство во двата дома на Конгресот.Анкетата е спроведена од 12 до 17 февруари на примерок од 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од плус-минус два процентни поена, во пресрет на неговото обраќање за состојбата на нацијата пред Конгресот.Најслаби оценки Трамп добил во областа на инфлацијата, каде неговиот нето-рејтинг изнесува минус 32 поена. Неговата царинска политика исто така е оценета негативно, со нето минус 30 поени. Управувањето со економијата останува во негативна зона (минус 16), но претставува подобрување во однос на октомври, кога изнесувало минус 25 поени.Најдобри, иако сè уште негативни оценки, добил во однос на управувањето со американско-мексиканската граница, со нето минус три поени.И други истражувања регистрираат пад. Аналитичарот Нејт Силвер во својот блог наведе дека рејтингот на Трамп се спуштил на нето минус 15 поени, со 40,5 отсто поддршка и 55,5 отсто неодобрување. Анкетата на Associated Press и NORC at the University of Chicago, спроведена од 5 до 8 февруари, покажува 36 отсто поддршка и 62 отсто неодобрување, што претставува нето минус 26 поени.Од Белата куќа претходно соопштија дека Трамп бил „убедливо избран од речиси 80 милиони Американци“ за да ја спроведе својата програма и дека останува „најдоминантна фигура во американската политика“.

Свет | пред 1 месец

media-librarya3b19223u4r30GZRbI4

Во притвор Груби не е безбеден, а загрозена е безбедноста и на неговото семејство, вели Обвинителството правдајќи го куќниот притвор

Основното јавно обвинителство – Скопје предложило замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека не постои опасност од влијание врз постапката ниту ризик од бегство.Одлуката следува откако Груби денеска доброволно се пријави на граничниот премин „Блаце“, по една година откако ја напушти Македонија. По неговото приведување, тој помина три часа во притворска ќелија, по што беше спроведен во Обвинителството на увид во доказниот материјал.Обвинителството соопшти дека предложило куќен притвор и одземање на патната исправа, мерка која е доволна за обезбедување присуство, имајќи предвид дека во најголем дел доказите се веќе обезбедени, дека осомничениот доброволно се пријавил и дека постојат индиции оти во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.„Индициите се поткрепени со известувања од надлежните органи. Тие се однесуваат и на загрозената безбедност на членовите на неговото семејство“, наведуваат од Обвинителството.Ова доаѓа и покрај изјавата на директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Бобан Уткоски, кој претходно изјави дека безбедноста во установата е загарантирана.Груби денеска вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал, увидот ќе продолжи и во наредните денови, по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.Истрагата против него се однесува на сомнежи дека како раководител на владина седница го одобрил барањето на Државната лотарија за јавна набавка на ВЛТ-терминали, иако институцијата немала законско право самостојно да организира игри на среќа. Вечерва, како што веќе објавивме, судот му одреди куќен притвор.

Македонија | пред 1 месец

media-librarysmhvq8hdbo843HApFi1

Артан Груби доби куќен притвор

Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор, откако одбраната побара ваква мерка, а Обвинителството се согласи со предлогот, дознава „Скопје1“.Според неофицијални информации, одбраната образложила дека Груби ќе биде достапен за органите на прогонот, имајќи предвид дека сам се вратил во државата, како и дека не постои опасност од влијание врз постапката, бидејќи истрагата е завршена.Судијата на претходна постапка, како што тврдат извори од скопското Обвинителство, добил позитивен став од обвинителот во однос на предлогот за поблага мерка. По спроведувањето во судот, Груби бил сослушан, но засега не е официјално потврдено дали обвинителот формално доставил нов предлог за куќен притвор на самото рочиште. Од прес-службата на Обвинителството информираат дека немаат детали, со образложение дека обвинителот се наоѓа во судница.Истрагата против Груби ја води Основното јавно обвинителство – Скопје и се однесува на сомнежи дека како раководител на владина седница го одобрил барањето на Државна лотарија за јавна набавка на ВЛТ-терминали, иако институцијата немала законско право самостојно да организира игри на среќа. Тој е осомничен за кривично дело „проневера во службата“.Постапката беше отворена по одлуката на Стејт департмент на САД да го стави на „црната листа“, поради основани сомнежи за вмешаност во коруптивни дејствија и влијание врз судски предмети поврзани со поранешниот директор на тајните служби, Сашо Мијалков.Груби беше прв вицепремиер во владината коалиција на СДСМ и ДУИ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, а во повеќе наврати ја водеше Владата во отсуство на премиерот.

Македонија | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања