АВСТРАЛИЈА

media-library2bause85ja1rbhREJmc

Екстремен топлотен бран ја погоди југоисточна Австралија: Масовни евакуации и температури до 49 степени

Југоисточна Австралија е зафатена од силен топлотен бран кој драстично ја зголеми опасноста од шумски пожари, поради што на стотици жители во руралните подрачја им е наредена итна евакуација. Градот Мелбурн денеска го очекува најжешкиот ден во последните речиси 17 години, со прогнозирана температура до 49 Целзиусови степени, пренесува Ројтерс.Австралискиот метеоролошки завод соопшти дека врвот на екстремните горештини се очекува во текот на вторник и среда, по што кон крајот на неделата се прогнозира постепено намалување на температурите. Топлотниот бран значително го подигна нивото на опасност од пожари низ целата држава Викторија, втората најнаселена австралиска држава.Во регионот Отвејс, брзораспространет шумски пожар веќе зафатил околу 10.000 хектари површина. Надлежните предупредуваат дека силните ветрови, кои се очекуваат подоцна во текот на денот, би можеле дополнително да го разгорат огнот и да загрозат населени места и домови.„Промената на времето што се очекува околу 17 часот, придружена со навистина силни ветрови, најверојатно ќе предизвика најголема штета и дополнително ќе го распламти пожарот“, изјави Џејсон Хефернан, главен командант на Државната противпожарна служба. Тој додаде дека итните служби посетиле околу 1.100 домови и испратиле текстуални пораки на приближно 10.000 телефонски броеви, со апел жителите веднаш да ги напуштат загрозените подрачја.Со цел да се намали ризикот од појава на нови пожари, на целата територија на Викторија е прогласена целосна забрана за палење оган на отворено. Поради екстремните температури, организаторите на тенискиот Гренд слем Австралијан опен во Мелбурн најавија дека натпреварите на отворените терени и затворањето на подвижните кровови ќе се одвиваат според посебни протоколи, додека мечевите во тенис во инвалидски колички се одложени за среда.Во градовите во внатрешноста на земјата се очекува температурите да се приближат до 50 степени. Во малото гратче Ојен, со нешто повеќе од 1.000 жители и сместено на околу 440 километри северозападно од Мелбурн, живата на термометарот би можела да се искачи и до 49 Целзиусови степени.

Свет | пред 4 дена

media-librarym3ip5mopev31abkWtHm

Почина 12-годишно момче по напад од ајкула во Сиднеј, оштетена заштитната мрежа

Дванаесетгодишнотo австралискo момче Нико Антиќ почина во болница, една недела откако беше нападнат од ајкула во сиднејското пристаниште, соопшти денеска неговото семејство.Ајкулата го нападнала момчето во неделата додека со другари скокал од карпи во населбата Воклиз, на околу девет километри од деловниот центар на Сиднеј, пренесува Ројтерс. Неговите пријатели успеале да го извлечат од водата и тој бил пренесен во болница со тешки повреди на двете нозе.Како што изјави портпарол на Итната помош, момчето било извлечено од водата на плажата Шарк, во паркот Нилсен, во источните предградија на Сиднеј, по што било транспортирано во Детската болница во Сиднеј на лекување поради сериозните повреди.Плажата на која се случил нападот е затворена, а полицијата им препорача на капачите да избегнуваат влегување во морето. Според локалните медиуми, заштитната мрежа за ајкули во паркот Нилсен била оштетена за време на големи бранови во април 2025 година, а поправките биле завршени на почетокот на декември. Се смета дека момчето во моментот на нападот пливало надвор од заштитната мрежа.Инцидентот доаѓа во период на зголемена загриженост во Австралија, откако десетици плажи, меѓу кои и оние во Сиднеј, беа затворени оваа недела по четири напади од ајкули во само два дена. Во септември, сурфер беше усмртен од ајкула на плажата Лонг Риф во Сиднеј.Според податоците на организации за заштита на природата, во Австралија годишно во просек се регистрираат околу 20 напади од ајкули, од кои три завршуваат со смртен исход.

Свет | пред 1 седмица

media-library30e8usccrkk89Uzq1sX

(Видео) Поплави во Австралија, загина едно лице

Австралиските власти соопштија дека 20 лица биле спасени од поплавните води во источната сојузна држава Нов Јужен Велс, откако поради обилните врнежи жителите биле предупредени да се преместат на повисоки места.Во Сиднеј, главниот град на сојузната држава и најголем град во земјата, жителите и туристите биле евакуирани доцна во саботата откако опасни поплави го зафатија ниското предградие Нарабин, соопштија надлежните.Екипите на итните служби интервенирале во повеќе од 1.400 инциденти низ сојузната држава од почетокот на дождовите во саботата, при што најголем дел од спасувањата се однесувале на лица кои се обидувале да возат низ поплавени патишта.„Имаше бројни ненадејни поплави поради кои беа затворени патишта и очекуваме некои од нив да останат затворени до понатамошно известување“, изјави заменик-државната комесарка за итни служби, Соња Ојстон.Властите предупредија дека денеска се можни дополнителни бури јужно од Сиднеј.Една жена го загубила животот откако врз неа паднала гранка од дрво во близина на Вулонгонг, околу 66 километри јужно од Сиднеј, за време на силното невреме, јави јавниот радиодифузен сервис АБЦ.

Свет | пред 1 седмица

zabrana

Деактивирани речиси пет милиони тинејџерски профили на социјалните мрежи во Австралија

Социјалните мрежи во Австралија деактивирале околу 4,7 милиони профили на корисници помлади од 16 години, само еден месец откако стапи на сила првиот закон во светот што им забранува пристап на тинејџерите до овие платформи, соопшти австралискиот регулатор за интернет безбедност.Комесарката за е-безбедност Џули Инман Грант изјави дека бројот на затворени профили е значително поголем од претходните процени и укажува дека платформите сериозно пристапиле кон усогласување со законот, кој важи од 10 декември, пренесува Ројтерс.Законот предвидува казни до 49,5 милиони австралиски долари за компаниите што нема да го почитуваат, додека децата и нивните родители не сносат одговорност.Компанијата Meta претходно соопшти дека отстранила околу 550.000 профили на помлади корисници од Instagram, Facebook и Threads. Забраната за минимална возраст важи и за YouTube, TikTok, Snapchat и X.Од американската платформа Reddit потврдија дека го почитуваат правилото, но најавија и тужба против австралиската влада, која, пак, соопшти дека ќе ја брани регулативата.

Магазин | пред 2 седмици

woman-using-smartphone-technology

Австралија во првиот месец од забраната деактивираше 5 милиони профили на лица помлади од 16 години

Компаниите што управуваат со социјалните мрежи колективно деактивирале речиси пет милиони кориснички сметки кои им припаѓале на австралиски тинејџери, само еден месец по стапувањето на сила на првата ваква забрана во светот за лица помлади од 16 години, соопшти интернет-регулаторот во Австралија. Ова, според надлежните, е показател дека мерката имала брз и сеопфатен ефект.Комесарката за интернет-безбедност, Џули Инман Грант, изјави дека досега се отстранети околу 4,7 милиони профили во сопственост на малолетници, со цел усогласување со законот што стапи на сила на 10 декември. Дел од платформите најавиле дека започнале со затворање на ваквите профили и неколку недели пред рокот.Ова се првите официјални владини податоци за почитувањето на законот, кои укажуваат дека платформите преземаат сериозни чекори за да ги исполнат обврските, бидејќи во спротивно би можеле да се соочат со казни до 33 милиони американски долари. Одговорност, пак, не сносат децата и нивните родители.Иако бројката е значително повисока од претходните проценки и укажува дека секој Австралиец на возраст од 10 до 16 години имал повеќе од два профили, дел од сметките на малолетници сè уште се активни. Компанијата „Мета“ претходно соопшти дека отстранила околу 550.000 профили на малолетници од Инстаграм, Фејсбук и Тредс.Минималната возраст за користење социјални мрежи се однесува и на платформите Јутјуб на „Гугл“, ТикТок, Снепчет и Икс, поранешен Твитер, во сопственост на Илон Маск. „Редит“ соопшти дека го почитува законот, но истовремено покрена тужба против владата барајќи укинување на забраната, на што владата најави дека ќе одговори со одбрана на мерката.„Јасно е дека регулаторните насоки и ангажманот на службата за интернет-безбедност со платформите веќе даваат значајни резултати“, изјави Инман Грант, додавајќи дека сè уште е рано да се прогласи целосна усогласеност.Комесарката нагласи дека ќе биде потребно време за целосно воспоставување ефикасни системи за проверка на возраста, но дека досегашните повратни информации од давателите на вакви услуги укажуваат на релативно непречено спроведување на забраната, поткрепено со претходна јавна едукација.Надлежните соопштија и дека ќе ги следат таканаречените миграциски трендови, откако некои помали апликации забележале пораст на преземања во пресрет на воведувањето на забраната. Сепак, според регулаторот, почетниот раст не се претворил во долгорочно користење. Долгорочното влијание на мерката ќе го следат специјалисти за ментално здравје во рамки на повеќегодишна студија.

Свет | пред 2 седмици

avstralija

Катастрофални пожари во Викторија: Илјадници пожарникари се борат со најтешката огнена стихија од „Црното лето“

Илјадници пожарникари денеска со натчовечки напори се обидуваат да ја стават под контрола огнената стихија во австралиската сојузна држава Викторија, каде што шумските пожари оставија зад себе уништени домови, изгорени огромни површини со ниска вегетација и прекинато снабдување со електрична енергија за десетици илјади жители. Поголемиот дел од пожарите избувнаа во средината на неделата, во екот на интензивен топлотен бран што го зафати југоистокот на Австралија.Според информациите на надлежните служби, досега се изгорени повеќе од 300.000 хектари грмушки и нискостеблеста шума, а на територијата на целата држава и понатаму се активни најмалку десет големи пожари. Уништени се над 130 објекти, меѓу кои и станбени куќи, додека околу 38.000 станбени и деловни простори останаа без електрична енергија. Властите оценуваат дека станува збор за најтешките пожари во Викторија по таканареченото „Црно лето“ во периодот 2019–2020 година, кога огнот зафати површина голема колку Турција и однесе 33 човечки животи.Премиерката на Викторија, Џасинта Алан, изјави дека илјадници пожарникари се распоредени на терен и дека се вложуваат максимални напори за запирање на ширењето на огнот. Таа нагласи дека каде и да е возможно, службите ќе настојуваат пожарите да бидат ставени под контрола, иако условите се исклучително тешки.Австралискиот премиер Ентони Албанезе претходно предупреди дека земјата се соочува со ден во кој може да се очекуваат „екстремни и опасни“ пожари, особено во Викторија, каде што голем дел од територијата е прогласен за зона на катастрофа. Во телевизиско обраќање од Канбера, тој порача дека мислите му се со жителите на погодените регионални заедници.Еден од најголемите активни пожари беснее во близина на градот Лонгвуд, на околу 112 километри северно од Мелбурн, каде што досега изгореле околу 130.000 хектари. Во тој регион се уништени триесетина објекти, како и бројни лозја и земјоделски површини. Десетици населени места во близина на пожарите се евакуирани, а голем број државни паркови и кампови се затворени од безбедносни причини.Метеоролозите издадоа ново предупредување за топлотен бран за големи делови од Викторија, додека предупредувања за пожари се активни и за соседната сојузна држава Нов Јужен Велс и за Територијата на австралиската престолнина, што дополнително ја зголемува загриженоста за наредните денови.

Свет | пред 3 седмици

media-library5j91ug6jtb9rdJDKeCf

По убиствата во Сиднеј, властите во Австралија тргнуваат против говорот на омраза и екстремизмот

По смртоносниот масакр на плажата Бонди во Сиднеј минатата недела, австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс најави иницијатива за забрана на јавно истакнување екстремистички знамиња и симболи. Мерката е дел од поширок пакет најавени чекори по нападот во кој беа убиени 15 лица, а десетици беа ранети на една од најпопуларните плажи во земјата, објави Newsweek.Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, изјави дека говорот на омраза и поттикнувањето омраза немаат место во австралиското општество, нагласувајќи дека државата мора решително да одговори на настаните што ја потресоа јавноста.По нападот, властите во возилото на напаѓачот пронашле две импровизирани знамиња на Исламска држава, што дополнително ги засили повиците за законска забрана на јавното истакнување симболи поврзани со оваа и сродни екстремистички организации. Според предложените законски измени, прекршувањето на забраната би се казнувало со затворска казна до две години и високи парични глоби.Минс најави и дека со новите прописи ќе бидат забранети извици како „глобализирајте ја интифадата“, оценувајќи дека станува збор за говор кој поттикнува омраза и насилство. Тој предупреди дека користењето на вакви фрази претставува опасна игра со безбедноста на заедницата. Воедно, полицијата ќе добие проширени овластувања да побара од учесниците на протести и јавни собири да ги отстранат покривалата за лице.Нападот се случил во момент кога еврејската заедница ја одбележувала првата вечер на Ханука. Австралиските медиуми ги идентификуваа осомничените како татко и син, Саџид Акрам (50) и Навид Акрам (24), кои отвориле оган врз присутните. Саџид Акрам починал на самото место, додека неговиот син бил пренесен во болница во критична состојба. Навид Акрам е обвинет за 59 кривични дела, меѓу кои и тероризам, но австралискиот премиер Ентони Албаниз изјави дека засега нема докази дека нападот бил дел од поширока терористичка ќелија.И покрај тоа што Австралија веќе има едни од најстрогите закони за поседување оружје во светот, властите најавија дека разгледуваат и дополнителни мерки. Меѓу нив се ограничување на бројот на огнено оружје што може да го поседува едно лице и издавање дозволи исклучиво на австралиски државјани, како и национална програма за откуп на нелегално и вишок оружје.Министерката за полиција и борба против тероризмот, Јасмин Катли, за The Guardian изјави дека подготовките за ваква акција се веќе во тек, посочувајќи го примерот на Западна Австралија, каде за откуп биле издвоени десетици милиони долари и биле собрани десетици илјади парчиња оружје. Според неа, на национално ниво бројките би можеле да бидат неколкупати поголеми.Настаните во Сиднеј се случуваат во услови на изразен пораст на антисемитизмот во Австралија, каде живеат околу 117.000 Евреи. Според владината специјална пратеничка за борба против антисемитизмот, Џилијан Сегал, бројот на антисемитски инциденти, вклучувајќи физички напади, вандализам и закани, е тројно зголемен во годината по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што дополнително ја засилува чувствителноста и притисокот врз властите да реагираат решително.

Свет | пред 1 месец

media-libraryu3gvdpgdqsvuc5TkNdD

Австралија отвора истрага по масакрот на плажата Бонди: Полицијата и разузнавањето под лупа

Австралискиот премиер Ентони Албанезе нареди истрага за работата на полицијата и разузнавачките служби, откако двајца вооружени напаѓачи убија 15 лица за време на еврејски фестивал на плажата Бонди.Татко и син се осомничени дека на 14 декември, наводно инспирирани од идеологијата на Исламската држава, отвориле оган врз семејства собрани на прославата на Ханука на најпознатата плажа во Сиднеј.Албанезе изјави дека неговата Влада ќе преиспита дали полицијата и разузнавачките служби располагаат со доволни овластувања, соодветна структура и ефикасна распределба на надлежностите „за Австралијците да бидат безбедни“.„Злосторството инспирирано од Исламската држава минатата недела покажа колку брзо се менува безбедносната средина во нашата земја“, рече Албанезе, користејќи го акронимот за терористичката група. „Нашите безбедносни агенции мора да бидат во најдобра можна позиција да одговорат.“Премиерот се соочи со критики од претставници на еврејската заедница и од опозицијата, кои ја обвинија Владата дека не направила доволно за да ги заштити Евреите во услови на растечки антисемитизам во Австралија.Албанезе призна дека постојат слабости во напорите за борба против антисемитизмот и повика на формална истрага.Наводниот напаѓач Саџид Акрам (50) бил убиен од полицијата за време на нападот на Бонди. Тој бил индиски државјанин кој влегол во Австралија со виза во 1998 година.Неговиот 24-годишен син Навид, австралиски државјанин по раѓање, се наоѓа во болница под полициски надзор и се соочува со повеќе обвиненија, меѓу кои тероризам и 15 убиства.Синот бил под истрага на Австралиската безбедносно-разузнавачка организација уште во 2019 година поради можна радикализација, но тогаш било утврдено дека не претставува закана, соопштија австралиските власти.И таткото бил испрашуван во рамки на таа проверка, но сепак успеал да добие дозвола за оружје, со што легално поседувал шест пушки.Неколку недели пред нападот на плажата Бонди, двајцата се вратиле во Сиднеј од четиринеделно патување на југот на Филипините, кое сега е предмет на истрага и од филипинските и од австралиските власти.Албанезе изјави дека има „реални прашања“ во врска со работата на разузнавачките служби по масовното убиство.„Мораме темелно да го испитаме начинот на кој функционираат тие системи. Мора да се навратиме на тоа што се случи во 2019 година и каква проценка била направена тогаш“, изјави тој за националната телевизија АБЦ.Запрашан во посебно интервју за престојот на осомничените во хотел на јужниот филипински остров Минданао, Албанезе рече дека нивната радикализација е предмет на истрага.„Но факт е дека тие не биле сметани за лица од интерес, и токму затоа овој настан е толку шокантен“, додаде тој.Персоналот на хотелот „Џи-Ви“ во градот Давао изјавил дека двајцата мажи поголемиот дел од својот 28-дневен престој го поминале затворени во мала хотелска соба.Според филипинската национална безбедносна служба, тие обично ја напуштале собата само на два до три часа, а најдолгиот излез траел осум часа.Регионалната полиција, која ги прегледувала снимките од надзорните камери за да ги следи нивните движења и да утврди со кого контактирале, соопшти дека таткото посетил продавница за оружје.Криминологот Кларк Џонс од Австралискиот национален универзитет оцени дека е „многу, многу невообичаено“ осомничените напаѓачи да бидат татко и син.Тој изјави дека, откако пристигнале на Филипините, лесно можеле да патуваат до Минданао без никаква најава или контрола.Џонс, кој работел со насилни престапници на Филипините, изјави дека наводната радикализација очигледно со години минувала „под радарот“ по првичната истрага на австралиското разузнавање.„Навистина треба сериозно да се погледне што се случило и дали тој млад човек, кога првпат бил идентификуван, требало да биде вклучен во некаква програма за поддршка за да се спречи ваков исход“, изјави тој.

Свет | пред 1 месец

media-libraryv06cr4jik6eebQpBKd1

(Видео) Снимка од моментот кога херојот од масовната пукање во Австралија доби над 1,6 милиони долари донации

Мажот кој јавноста во Австралија и светот го слави како херој по масовната пукање на плажата Бонди, во петокот доби чек во износ од над 1,65 милиони американски долари, средства собрани преку донации од десетици илјади луѓе ширум светот, јавува „Ројтерс“.Станува збор за Ахмед ал Ахмед, кој за време на нападот се сокрил зад паркирани автомобили, а потоа истрчал одзади кон еден од напаѓачите, му го одзел оружјето и го соборил на земја. Во хаосот што следел, тој бил застрелан, најверојатно од вториот напаѓач, и се здобил со прострелни рани. Во моментов се опоравува во болница по извршена операција.Чекот му беше врачeн во болничката соба од инфлуенсерот Закери Дерениовски, кој е еден од организаторите на хуманитарната кампања на платформата GoFundMe. Ал Ахмед, татко на две деца, доби чек во износ од 2.533.585 австралиски долари.Во акцијата за собирање средства учествувале повеќе од 43.000 донатори од целиот свет, меѓу кои и американскиот милијардер и менаџер на хеџ-фонд, Бил Акман, кој донирал 99.999 австралиски долари. Ал Ахмед во болница го посетиле и австралискиот премиер, како и премиерот на сојузната држава, кои јавно ја пофалиле неговата храброст.„Дали навистина го заслужувам ова?“, прашал Ал Ахмед кога му бил врачeн чекот. „Секој цент“, му одговорил Дерениовски.На прашањето што би им порачал на луѓето кои донирале, Ал Ахмед изјави:„Да стоиме еден покрај друг, сите луѓе. Да ги заборавиме лошите работи и да продолжиме да спасуваме животи.“Тој додаде дека реагирал инстинктивно:„Го направив тоа од срце. Тоа беше убав ден, луѓето славеа, беа со своите деца, семејства, сите беа среќни и заслужуваа да уживаат.“Ал Ахмед (43) ја напуштил својата родна област Идлиб во северозападна Сирија пред речиси 20 години и заминал во Австралија во потрага по работа и подобар живот.Во масовниот напад што се случи во неделата, животот го загубија 15 лица, а десетици беа повредени, откако двајца напаѓачи отворија оган врз луѓе кои на плажата Бонди го славеле Ханука, еврејскиот празник на светлината. Властите соопштија дека нападот го извршиле татко (50), кој бил убиен од полицијата, и неговиот 24-годишен син, кој се наоѓа во критична состојба.

Свет | пред 1 месец

zabrana

Сите помлади од 16 години останаа без социјални медиуми во Австралија

Австралија денес стана првата држава во светот што целосно го забрани користењето на социјални мрежи за лица под 16 години. Одлуката стапи во сила на сите популарни платформи, меѓу кои Инстаграм, Фејсбук, ТикТок, Јутјуб, Икс и Снепчет. Премиерот Ентони Албанезе изјави дека е „горд што е премиер на Австралија“, додека владата оваа мерка ја оправдува со заштита на младите од штетни содржини. Критичарите, пак, предупредуваат на ризик од изолација и префрлање на децата во неформални и нерегулирани интернет-простори.Дел од тинејџерите утрово ги затекнаа деактивирани профили, додека други веднаш пронајдоа начини да ја заобиколат забраната. Мислењата се поделени. Четиринаесетгодишната Моли од Брисбејн смета дека мерката „не е добро осмислена“ и дека ќе создаде повеќе проблеми. Нејзината врсничка Софија, пак, верува дека забраната може да има позитивен ефект и да поттикне повеќе дружење во живо, иако ја изненадил моментот кога била автоматски одјавена.Петнаесетгодишниот Тајсон е убеден дека „првите што се сакаат да се исклучат од мрежите ќе бидат и првите што ќе најдат начин да ја прескокнат забраната“. За Бриана (15), која живее на фарма оддалечена 30 километри од нејзината најдобра пријателка, социјалните мрежи се единствен начин да одржи контакт за време на празници.И реакциите кај родителите се спротивни. Дени Елачи, основач на организацијата Heads Up, ја поддржува забраната, велејќи дека родителите „не можат сами да се борат против технолошките корпорации вредни билиони долари“. Кели Халидоун, мајка на две деца, ја смета мерката за „сурова“, особено затоа што се воведува во пресрет на училишните распусти и празниците. Според неа, забраната „им ја одзема автономијата и гласот на илјадници малолетници“.Стручната јавност е поделена. Психологот д-р Рејчел Мурија предупредува дека, иако социјалните мрежи можат да создадат проблеми со спиењето и телесната слика, за дел од младите – како лицата со попреченост – тие се клучна алка за поврзување. Клиничкиот психијатар д-р Кристијан Хајм, напротив, смета дека забраната може „буквално да спасува животи“.По стапувањето во сила на законот, незадоволни тинејџери го преплавија ТикТок профилот на премиерот Албанезе со коментари во кои тврдат дека и понатаму можат да пристапат до апликациите. Министерката за комуникации Аника Велс предупреди дека „дупките во законот нема да останат отворени долго“ и дека платформите ќе мора редовно да вршат проверки.Во меѓувреме, нагло се зголеми преземањето на помалку познати апликации како Lemon8 и Yope, но регулаторите потсетуваат дека законот важи за сите социјални мрежи. И платформата Икс на Илон Маск соопшти дека ќе ја почитува забраната.Новата регулатива се однесува на сите лица под 16 години кои подолг период престојуваат во Австралија. Тинејџерите кои само ја посетуваат државата нема да имаат проблеми со пристапот, но оние со привремени визи може да бидат предмет на проверка на возраста или автоматска деактивација, доколку платформите утврдат дека се во Австралија подолго време.

Свет | пред 1 месец

avstralija-korona

Австралија со санкции против четворица талибански функционери поради кршење на правата на жените

Австралија денес воведе финансиски санкции и забрани за патување за четворица претставници на талибанската власт во Авганистан, наведувајќи дека состојбата со човековите права во земјата драматично се влошува, особено кога станува збор за жените и девојчињата, јавува „Ројтерс“.Министерката за надворешни работи Пени Вонг изјави дека санкционираните функционери биле вклучени „во угнетување на жените и девојчињата и во поткопување на доброто управување и владеењето на правото“ во Авганистан, кој од август 2021 година повторно е под контрола на талибанците.Австралија потсетува дека беше меѓу државите што ги повлекоа своите сили од Авганистан кога падна меѓународната мисија предводена од НАТО, по две децении обука на авганистанските безбедносни сили и борба против талибанските милитанти.Со новите санкции, Канбера испраќа политичка порака дека талибанските рестрикции – од забраната за образование на девојчиња до ограничувањето на движењето и вработувањето на жените – се неприфатливи и мора да имаат меѓународни последици.

Свет | пред 1 месец

media-librarythah1846ncrd0eqrm8G

Брачен пар со измама освои 680.000 евра во казино во Австралија

Брачна двојка од Казахстан е уапсена во Сиднеј под обвинение дека со помош на скриени камери и тајни слушалки измамила казино и незаконски се стекнала со речиси 1,2 милиони австралиски долари (околу 680.000 евра), соопшти полицијата на Нов Јужен Велс.36-годишната Дилноза Исраилова била откриена кога вработени во казиното во деловната зона Баренгару забележале мала, едвај видлива камера прицврстена на нејзината маица со ликот на Мики Маус. Нивната сомничавост прераснала во интервенција, по што полицијата ги уапсила Исраилова и нејзиниот сопруг, 44-годишниот Алишерихожа Исраилов.При претресот, кај нив биле пронајдени „магнетизирани сонди“ и додатоци со огледало за мобилен телефон, за кои истрагата утврдила дека биле користени за манипулирање со игрите на среќа. Според полицијата, двојката во октомври пристигнала во Австралија од Казахстан и истиот ден поднела барање за членство во казиното.Во текот на следните недели, тие често го посетувале казиното — наводно „Crown“ на сиднејската марина — и успеале да „освојат“ вкупно 1.179.412 австралиски долари. Овој невообичаено висок и континуиран „добитен“ биланс ги алармирал вработените, кои наводно ги фатиле на дело.Истрагата покажала дека шпионската опрема била поврзана со нивните мобилни телефони, што им овозможувало во живо да ги прегледуваат снимките од масите за игра. Тие носеле и дискретни слушалки преку кои, според обвинението, добивале инструкции кога да вложуваат и како да играат.Полицијата наведува дека не се бараат други осомничени за ова дело. При дополнителен претрес на нивниот сместувачки објект, биле пронајдени и други уреди за кockање, лuksузен накит и 2.000 евра во готовина.Двојката вчера била изведена пред суд, каде што нивното барање за кауција било одбиено. Според „Guardian Australia“, мажот повторно ќе се појави пред суд на 11 декември, додека неговата сопруга е закажана за рочиште во февруари.

Свет | пред 1 месец

media-library2bause85ja1rbhREJmc

Трагедија во Австралија: напад од ајкула однесе млад живот, а маж се бори за живот

Една млада жена загина, а маж е тешко повреден по напад од ајкула на источниот брег на Австралија. Инцидентот се случил утрово на плажата Кроуди Беј, во близина на Порт Маквори – популарно место за сурфање, околу 350 километри северно од Сиднеј.Според полициските информации на Нов Јужен Велс, двете лица – за кои се верува дека се во дваесеттите години – биле нападнати додека биле во вода. Жената починала на самото место, и покрај обидите на минувачите да ѝ помогнат пред пристигнувањето на службите за итна помош. Мажот, кој исто така има сериозни повреди од каснување, со хеликоптер бил пренесен во болница и се наоѓа во критична состојба.Плажата е затворена додека властите се обидуваат да утврдат која вид ајкула стои зад нападот. Според извршниот директор на Surf Life Saving NSW, Стивен Пирс, несреќата се случила на „многу оддалечена локација“, што дополнително го отежнало пристапот и интервенцијата.„За жал, животот на млада жена беше изгубен, а еден млад маж се бори за живот. Ова се навистина ужасни настани, а годинава веќе имавме неколку вакви случаи“, изјави Пирс.Австралија годинава брои пет смртни случаи од напади на ајкули. Ланската година имало 13 напади без фатален исход, додека 2023 година се регистрирани четири смртни случаи. Во 2020 година, седум лица загинаа по вакви инциденти.Професорот Чарли Хувенеерс од Универзитетот Флиндерс за Guardian Australia изјави дека „во последните две децении се бележи пораст на бројот на напади од ајкули низ целата држава“, укажувајќи на тренд кој загрижува и научници и спасувачки служби.

Свет | пред 2 месеци

42c5595a-c4cd-49f0-8823-ce2b88d9fca2

Смртоносен напад од ајкула на популарна плажа во Сиднеј

Маж загина утрово по напад од ајкула на плажата Лонг Риф во Сиднеј, јави Би-Би-Си. Спасувачките и итните служби успеале да го извлечат од морето, но и покрај обидите за реанимација, тој починал на самото место. Полицијата соопшти дека нашле два делови од даска за сурфање кои се испратени на вештачење.Инцидентот предизвика затворање на повеќе плажи во областа Северни плажи, популарна дестинација за сурфери и туристи. Нападот се случил нешто по 10 часот наутро по локално време, а жртвата се здобила со критични повреди. Засега идентитетот на мажот не е официјално објавен. Експерти ќе утврдат за која вид ајкула станува збор.Ова е првиот смртоносен напад од ајкула во Сиднеј од 2022 година, кога живот го загуби британскиот инструктор за нуркање Сајмон Нелист по напад од голема бела ајкула. Претходно, последен ваков случај бил забележан во 1963 година.Иако Австралија годишно регистрира околу 20 напади од ајкули, главно во Нов Јужен Велс и Западна Австралија, смртните исходи се ретки. Според повеќе од еден век статистика, просечно помалку од една личност годишно умира од вакви напади, што ја прави денешната трагедија уште пошокантна за локалната заедница.

Свет | пред 4 месеци

brza-pomos-541

Починат гостин од Австралија во битолски хотел - телото дадено на обдукција

Вчера во СВР Битола било пријавено дека во хотелска соба во градот бил пронајден починат 69-годишниот С.С. од Австралија. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство.Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Битола, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврди причината за смртта.

Македонија | пред 5 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања