(Видео) „Дали судницата стана сцена за поезија?“, прашуваат родителите на загинатите деца во „Пулс“ по воведните говори на обвинетите
Со неизмерна болка на лицата, родителите на 63-те млади жртви од кочанската дискотека „Пулс“ повторно маршираа низ градот. Родителите прашуваат: дали судницата се претвори во „Струшки вечери на поезијата“? Дали зборовите, вештите интерпретации и правните конструкции треба да ја покријат смртта на нивните деца?Велат, две рочишта по ред гледаат исто сценарио: префрлање на одговорноста, бегство од фактите, избегнување на вина.„Гледаме како сите ја префрлаат топката еден на друг, а никој не застанува исправено пред вистината. Како е можно денес сите да се ненадлежни, а децата да се мртви?“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица.Маршот, велат родителите, не е против државата туку за државата конечно да почне да функционира. За да се слушне гласот на нивните деца, кои повеќе не можат да зборуваат.Наунов нагласи дека протестот е крик за правда што ќе продолжи да одекнува:„Не се откажуваме. Нема да молчиме. Ќе бидеме тука на секое рочиште и на секој протест, сè додека правдата не победи. Овој марш е за нашите деца, за нивните згаснати животи, за иднината на сите деца во оваа држава.“Тој потсети дека Обвинителството располага со над 200 гигабајти доказен материјал – снимки, разговори, анализи, вештачења.„Тоа не се празни зборови, тоа се факти“, рече.Но и покрај тоа, одбраната продолжува да тврди дека никој не е виновен, а дел од обвинетите изјавуваат дека „не знаеле“ за постоењето на дискотеката.Судењето започна на 19 ноември. На последното рочиште сите 35 обвинети се изјаснија за невини.Следното рочиште е закажано за 10 декември, а ден претходно, на 9 декември, во Собранието повторно треба да заседава Анкетната комисија, која треба да ги утврди системските пропусти што довеле до трагедијата.Родителите повторија:„Не бараме одмазда. Не бараме крв. Бараме само едно – правда.“
Македонија
|
пред 2 седмици