КОЧАНИ

media-libraryrpstfg4m9ol55xBIp21

(Видео) Мојсоска: Трагедијата во Кочани е резултат на системски пропусти , а не „несреќа“

На седницата на Анкетната комисија за случајот во Кочани, пратеничката Јована Мојсоска упати сериозни обвинувања за децениски институционални пропусти кои, како што посочи, довеле до смртта на деца и повторување на трагедии што можеле да бидат спречени.„Кога една мајка го губи своето дете, тоа не е несреќа. Несреќа е нешто што не зависи од нас. Ова е трагедија создадена од систем кој 35 години функционира со очигледни пропусти, дивоградби, фиктивни инспекции, корупција и институции кои молчат кога треба да штитат. Да не беше упорноста на родителите, Собранието немаше ниту денес да разговара за Кочани. И тоа е најголемиот срам – што жртвите мора да го креваат гласот за да ги натераат институциите да работат.“Мојсоска потсети дека речиси една година по трагедијата институциите не донеле ниту една законска измена. „Девет месеци поминаа без ниту една законска измена која ќе спречи ваква трагедија да се повтори. Законот за угостителска дејност се најавува со месеци, инспекциските надзори завршуваат со празни одговори, а институциите сè уште се кријат зад формалности наместо да покажат одговорност. Не е злоупотреба да бараш одговори. Злоупотреба е кога со години се дозволува да работи ‘дискотека на смртта’, кога инспектори земаат мито, кога началници игнорираат прекршoци, кога министер доаѓа на рочишта со службени возила, а политичка одговорност – никаде.“Во своето излагање таа додаде дека трагедијата не може да се сведе на индивидуален случај, туку претставува последица на системски пропусти. „Ова не е индивидуален пропуст, туку системска трагедија. Македонија има изгубено повеќе деца во системски трагедии отколку што губи една држава во војна. Тоа мора да престане.“

Македонија | пред 1 месец

media-libraryhkb0c9l0m9i68L9KYiC

(Видео) „Дали судницата стана сцена за поезија?“, прашуваат родителите на загинатите деца во „Пулс“ по воведните говори на обвинетите

Со неизмерна болка на лицата, родителите на 63-те млади жртви од кочанската дискотека „Пулс“ повторно маршираа низ градот. Родителите прашуваат: дали судницата се претвори во „Струшки вечери на поезијата“? Дали зборовите, вештите интерпретации и правните конструкции треба да ја покријат смртта на нивните деца?Велат, две рочишта по ред гледаат исто сценарио: префрлање на одговорноста, бегство од фактите, избегнување на вина.„Гледаме како сите ја префрлаат топката еден на друг, а никој не застанува исправено пред вистината. Како е можно денес сите да се ненадлежни, а децата да се мртви?“, рече Александар Наунов, татко на загинатата Надица.Маршот, велат родителите, не е против државата туку за државата конечно да почне да функционира. За да се слушне гласот на нивните деца, кои повеќе не можат да зборуваат.Наунов нагласи дека протестот е крик за правда што ќе продолжи да одекнува:„Не се откажуваме. Нема да молчиме. Ќе бидеме тука на секое рочиште и на секој протест, сè додека правдата не победи. Овој марш е за нашите деца, за нивните згаснати животи, за иднината на сите деца во оваа држава.“Тој потсети дека Обвинителството располага со над 200 гигабајти доказен материјал – снимки, разговори, анализи, вештачења.„Тоа не се празни зборови, тоа се факти“, рече.Но и покрај тоа, одбраната продолжува да тврди дека никој не е виновен, а дел од обвинетите изјавуваат дека „не знаеле“ за постоењето на дискотеката.Судењето започна на 19 ноември. На последното рочиште сите 35 обвинети се изјаснија за невини.Следното рочиште е закажано за 10 декември, а ден претходно, на 9 декември, во Собранието повторно треба да заседава Анкетната комисија, која треба да ги утврди системските пропусти што довеле до трагедијата.Родителите повторија:„Не бараме одмазда. Не бараме крв. Бараме само едно – правда.“

Македонија | пред 1 месец

media-libraryl2ltdphhtosqaDTSwh9

Мојсоска: Власта место да смислува изговори, да се појави во Собрание пред родителите од Кочани

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во гостување на ТВ 24 изјави дека Собранието има обврска да ја искористи својата надзорна улога преку анкетните комисии, особено во контекст на трагедијата во Кочани. Таа оцени дека иако во минатото анкетните комисии биле практично неуспешни и завршувале со различни заклучоци од страна на власта и опозицијата (како онаа за „Онкологија”), очекува поголем демократски капацитет овојпат бидејќи е редно време да се извлече лекција од колективните порази.Мојсоска нагласи дека системските пропусти кои довеле до трагедијата мора да бидат лоцирани, посочувајќи дека тие произлегуваат од законските решенија, правилниците и слично, како и начинот на нивно спроведување. „Собранието е тело кое врши надзор над извршната власт и не смееме да ја потцениме таа улога“, рече таа и потенцираше дека Собранието не смее постојано да се однесува како извршна власт на извршната власт.Таа потсети дека Левица уште пред неколку месеци, во три наврати, иницирала надзорна расправа, но обидите биле блокирани.Мојсоска потсети и дека девет месеци по трагедијата сè уште нема суштински законски измени. Како пример го наведе законот за угостителска дејност, за кој беа нотирани големи пропусти, меѓу нив и можноста дискотека да се отвори само со изјава дека се исполнуваат минималните стандарди. Таа додаде дека, иако од Владата најавија измени, и по девет месеци, тие сè уште не се доставени до Собранието.Оттука, Мојсоска потенцираше дека и една од главните поенти на овие комисии и расправи е потребата да се иницираат законски решенија коишто ќе превенираат идни трагедии.Во врска со претставката поднесена од родителите од Кочани, а по која претседателот на Постојаната анкетна комисија, Димитар Апасиев, закажа седница во вторник - Мојсоска истакна дека датумот за седницата е избран во координација со родителите, затоа што тој е единствениот ден кога не е закажано судско рочиште. Таа додаде дека се поканети и конечно ќе се обратат родителите, поканети се претставниците од власта и сите пратеници.Мојсоска оцени дека не постојат реални пречки за седницата да не се одржи, иако дел од пратениците од власта се повикуваат на почетокот на буџетската расправа. „Буџетската расправа трае пет дена, а минатата година Буџетот се донесе за еден ден. Имаме услови седницата да се одржи“, рече таа и додаде дека приоритет е барањето на родителите и јавноста. Мојсоска потенцираше дека не сака повторно да се случат „креативни обиди“ за спречување на одржувањето на седницата и можноста родителите да се обратат.Во однос на поканите до претседателката Горданa Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, Мојсоска рече дека засега немаат добиено потврда дека ќе присуствуваат.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryfagqlthlc88t29Cnrqz

Повредена од „Пулс“ сведочи: Столе ме бодреше во Брзата помош, но не издржа, почина во Белград

Животот на ученичката од четврта година во средно стручно училиште за хемија и технологија бил наидно совршен: првенец на генерација, пијанист, дел од училишниот оркестар, дете на лекари со јасна желба – да стане доктор. Сѐ се движело во вистински правец. До 16 март.„Борба – тоа е она што ни останува. И на преживеаните, и на родителите што ги изгубија децата. Секој од нас носи тежина што мора да ја издржи“, вели 19-годишната Надалина Грозданова, девојка која ја преживеа трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ – денот што засекогаш ќе го носи во срцето и на кожата. Денот што однесе 63 животи.„Беше сабота. Го славевме роденденот на мојата најдобра другарка. Потоа петмина тргнавме на настапот на ДНК. Сѐ изгледаше вообичаено – диџеј, бенд, полна дискотека. Ние стоевме во третиот ред. Се вклучи пиротехниката, но не обрнуваме внимание. А потоа, за неколку минути, пламенот беше насекаде“, раскажува Надалина за „Курир“.„Сите тргнаа кон единствениот излез. 600 луѓе – една врата. Другарките излегоа, јас не. Почнав да паничам и се онесвестив. Последното што го памтам се вресоците и обидите на луѓето да се пробијат. Кога се освестив, беше темно. Не сфатив веднаш што се случило. Можеби умот се обидува да ги избрише најстрашните слики.“Се обидела да се извлече сама. „Не знам како успеав. Како да ме водеше нешто посилно од мене. Се сеќавам само на моментот кога поминав низ вратата. Сѐ околу тоа е избришано.“Својот ужас го раскажа и 26-годишната учителка Санела Давиткова – исто така преживеана.„Бевме точно пред бината, под пиротехниката. На почеток ни изгледаше како дел од настапот, сѐ додека пејачот не извика: ‘Излезете сите!’ Речиси сите мои пријатели излегоа, но ние тројца се заглавивме пред вратата. Од излезот ме делеше еден чекор. Кога го почувствував жешкиот воздух, ги ставив рацете преку лицето“, вели таа. Тој инстинкт ѝ го спасил лицето – рацете, пак, и денес ги носат изгорениците.„Понатаму ништо не памтам. Мислам дека кратко се онесвестив. Кога се разбудив – заглавена. Луѓе врз луѓе, вресоци. На вратата го здогледав моето момче. Го викав, но не ме препозна – сите бевме исчадени. Но ме слушна. Не знам како ме извлече.“Додека таа ја очекувала Итната помош, тој се вратил по неговите другари. „Двајцата ги извадија. Столе, еден од нив, момче што многу го сакавме, беше во амбулантното возило со мене. Беше храбар. Ме бодреше дека сѐ ќе биде добро. А тој… не издржа. Почина во Белград.“Санела се лекувала во Солун, потоа се вратила дома. „Тешко е – лузни, воспомините… но се навикнуваш. Работам. Учениците на почеток ме гледаа поинаку, сега е нормално.“И Надалина минала низ долга терапија во Солун – 75 дена со изгореници на вратот, вилицата и левата рака.„Дојдов до болница, разговарав со родителите, а ништо не памтам. Кога се разбудив од кома, не знаев ни зошто сум таму. На интензивна нега ми кажаа што се случило. Дека загинале луѓе што ги знам. Дека изгубив пријатели“, раскажува таа низ солзи.„Како минува времето, сфаќаш што навистина значи загуба. Не е лесно да се живее со тоа. Но останува борба. Тоа ми е најголемата животна лекција. Сфаќам колку е минливо сè што мислев дека вреди. Сонував за титулата првенец на генерација – и ја добив. Но на интензивна нега, таа титула не вреди ништо. Само сакаш да преживееш. Да се разбудиш. Да ги видиш твоите. Сè друго е помалку важно. Тоа е суштината.“

Македонија | пред 1 месец

media-libraryoag7ap4dmdqc6gm7dFC

„63 сенки ќе ги следат засекогаш“ – мајката на загинатиот Томас со болна порака пред новото рочиште за трагедијата во Кочани

Пред денешното продолжение на судскиот процес за „Пулс“, силна и емотивна реакција испрати Јулија Златкова, мајка на еден од загинатите, Томас Златков. Таа, очигледно потресена, пред новинарите зборуваше за болката која не згаснува и за огорченоста од ставот на обвинетите на претходните рочишта.63 убиени деца, 63 уништени иднини на децата и нивните семејства. Многу контрадикторно беше што на минатото рочиште никој од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем треба ние родителите да ги потсетиме зошто тие се наоѓаат во судницата? Никој од нив немаше ни грам совест ни човечност да ја признае својата вина. Ни монструмот, ни син му, ни брат му, ни соучесници дали биле од прв од втор од трет ред, никој не покажа барем човечност, а сите ние знаеме кој е виновен и се надевам дека ќе ја добиеме правдата за нашите убиени деца! 63 не е само бројка! 63 не е статистика! Тоа се млади убиени деца и 63 сенки ќе ги следат засекогаш. Искрено се надевам дека овие деца и ние семејствата ќе ја добиеме правдата бидејќи овие деца заслужуваат правда,“ вели Јулија Златкова, мајка на Тома Златков.Трагедијата што однесе 63 животи и натаму остава длабоки рани, а родителите и блиските очекуваат дека судскиот процес конечно ќе донесе одговорност и правда.

Македонија | пред 1 месец

media-library5p5a80erjoigbXW4Eoo

Формирана Анкетната комисија за утврдување на околностите за трагедијата во Кочани и другите несреќи и трагедии

Со 84 пратеници „за“, без ниту еден против или воздржан, Собранието денеска ја изгласа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ за формирање Анкетна комисија што ќе ги испита околностите поврзани со трагедијата во Кочани, како и со други несреќи и трагични настани што се случија во земјава во последните години.Комисијата ќе има задача да утврди каде настанале пропусти во институциите, како функционирале надлежните служби во критичните моменти и дали имало пропусти во постапките за превенција и контрола.Крајната цел, како што беше истакнато на расправата, е да се утврди одговорност каде што постои, но и да се предложат реформи за унапредување на системите што треба да ги штитат граѓаните од вакви трагедии во иднина.Пратениците кои ја поддржаа иницијативата нагласија дека јавноста очекува транспарентна и сериозна анализа на причините за повеќекратните несреќи во земјата и дека формирањето на ваква комисија претставува чекор кон враќање на довербата во институциите.Комисијата ќе започне со работа веднаш по конституирањето и изборот на претседател, членови и рокови за постапување.

Македонија | пред 2 месеци

media-library3b7mkhun5djler7FN44

(Во живо) „Дејан не е монструм“ - адвокатката на газдата на „Пулс“ жестоко го брани пред судот

Адвокатката на Дејан Јовановски-Деко, газда на „Пулс“ кажа дека тој не е монструм, ниту виновен за трагедијата во која загинаа 63 лица.„Тешко ми е да го бранам човекот што за сите вас, во вашите очи е убиец, а за мене само еден обичен човек. Еден обичен човек кој колку и да го правите монструозен, тој не е. Тој е човек на кого му падна на товар, институционалната одговорност. Не сме свесни ниту колку локали и моментално функционираат пропуштени од институцинален надзор, кој во конкретниот случај ниту ние немаше да го осазнаеме, ако ја немавме и немарноста на ангажираните музички артисти (ДНК) кои биле ангажирани во локалот на Дејан“, рече адвокатката.„Дејан е човек, а не монструм. Не сакал тоа да се случи. По оваа трагедија која е последица на долгогодишната непрофесиналност на системот, морам да напоменам дека и јас како човек кој живее во ова општество, барам правно издржана завршница.Таа го критикуваше обвинителниот акт.„Ова е најиздржаното обвинение. Говорот на Обвинителството беше поетичен“, додаде таа.СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО:

Настани | пред 2 месеци

media-libraryehq9ked41u88cWjlnc1

Во ќелија кај обвинет за „Пулс“ кој е во притвор најдени се 13 телефони и лаптоп, се правдаше: Jас ги најдов таму уште кога влегов

Во судницата во Идризово, се одржува ново рочиште за случајот „Пулс“, на кое обвинетите треба да се изјаснат за вина. Главна расправа веднаш беше ставена во втор план, откако судијката Дијана Груевска Илиевска го соочи обвинетиот Џеваир Камбери со сериозна злоупотреба направена додека е во притвор.Според информациите изнесени во судот, при претрес на неговата ќелија во истражниот затвор „Скопје“ биле пронајдени 13 мобилни телефони и еден лаптоп, која не смеел да ја има.На прашањето на судијката како е можно ваква опрема да се најде кај него, Камбери се обиде да се оправда со реченица што ја шокираше судницата:„Јас ги најдов таму уште кога влегов.“Груевска Илиевска реагираше:„13 мобилни телефони сте ги нашле вие? Ве молам… знаете што следува понатаму – самица и други мерки.“Камбери е обвинет како службено лице – советник во Министерството за економија. Според обвинението, тој е дел од синџирот што овозможил „Пулс“ да работи со фалсификувани лиценци. Се товари дека примал поткуп и изготвувал лажни службени исправи, при што, според ОЈО, зел 226.000 денари за да издаде фалсификувана лиценца за кабаре – без да биде запазена законската постапка.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7pnfehdj6at30jwBojW

(Видео) Ново разочарување кај родителите од Кочани, по одложувањето на второто рочиште: Нѐ третираат како во административен записник!

Александар Наунов, татко на трагично загинатата Надица во пожарот во дискотеката „Пулс“, ја сподели својата болка на денешниот Марш на ангелите.„Првото рочиште го дочекавме со надеж. Второто го дочекавме со треперење, а го испративме со тешко разочарување“, изјави Наунов пред медиумите. Тој посочи дека одложувањето не ја зема предвид болката на родителите кои ја изгубиле својата деца и дека секојдневно живеат со неизмерна загуба.Наунов ги нагласи и неправдите што ги почувствувале во судот, каде родителите биле ставени лице в лице со обвинетите без никаква организација или заштита.„Како да сме еднакви страни во нечиј административен записник, а не родители што ги изгубија своите деца“, рече тој.Таткото на Надица повика на професионалност, сериозност и човечност во судската постапка и истакна дека очекуваат да се утврди одговорност за сите пропусти, вклучително и кај полициските службеници.„Нашите деца нема да се вратат, но за нив, за нивното име и спомен, ние нема да престанеме да бараме вистина и правда“, додаде Наунов.На крајот од својата изјава, тој побара итна правда за сите 63 деца загинати во пожарот и изрази благодарност до граѓаните кои ги поддржуваат: „Заедно ќе ја добиеме правдата!“

Македонија | пред 2 месеци

media-library99lagppa78s19gMYX12

„Марш на ангелите” во Кочани: Со љубов и болка, за вистинска правда, за Македонија со совест

Во Кочани денес повторно ќе се одржи „Маршот на Ангелите“, ќе започне во 14:05 часот, под мотото: „Со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние кои повеќе не се тука“.Организаторите потсетуваат дека зад секоја статистика стои човек – живот што не може да се врати и болка што не избледува.„Нашата мисија е длабока и човечка: за нашите деца, за вистинска правда, за Македонија со совест“, истакнуваат родителите.Клучно е велат, општеството да покаже дека неправдата не смее да остане незабележана и дека има луѓе кои не се откажуваат од вистината.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarym03jfcgescoj6h3izlG

Продолжува мегапроцесот за трагедијата во „Пулс“: Одбраната денеска ги дава воведните зборови

Судницата во Идризово денеска треба да се одржи второто рочиште од големиот судски процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година животите ги загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. По воведниот говор на обвинителството на првото рочиште, денеска се очекува обвинетите да се произнесат за вината, по што одбраната ќе ги даде своите воведни обраќања.Рочиштето повторно ќе се одвива под силни безбедносни мерки, со присуство на роднините на загинатите, новинари и голем број правни застапници. Постапката ја води судијката Диана Груевска Илиевска, која уште на почетокот најави дека ќе има нулта толеранција за недисциплина и нема да дозволи непотребни одолговлекувања.Обвинителот Борче Јанев во своето излагање минатата недела порача дека трагедијата не може да се сведе само на моментот на активирањето на пиротехниката, туку дека станува збор за „години институционален молк, игнорирање на ризици и системски пропусти“ кои го претвориле клубот во, како што рече, „смртоносна стапица“. Според обвинението, објектот функционирал повеќе од една деценија без минимални услови за работа: без противпожарен систем, со затворени прозорци, користени лесно запаливи материјали и само еден излез за евакуација.Јанев истакна дека доказите ќе покажат оти опасностите биле видливи со години, но службените лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и други функционери – „ги наследувале и продолжувале утврдените обрасци на непостапување“. Според обвинителството, токму таквата рутина на игнорирање предупредувања довела до непрекинат причинско-последичен тек што резултирал со трагедијата.Осум месеци по пожарот, на обвинителната клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица. Меѓу обвинетите се: Дејан Јованов, Митко Стојанов, Михаил Јованов, Гроздан Милковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Ратко Димитровски, Николчо Илијев, Љупчо Папазов, Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Мартин Горгиев, Стојанчо Димитријев, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џеват Селами, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сараќини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шовкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кузмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и правните лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, „Рубикон Секјурити Солушнс“ и „Венци Проект“ ДООЕЛ Кочани.

Македонија | пред 2 месеци

afrim-gashi

Анкетната комисија за случајот во Кочани привремено стопирана – Собранието бара доработка на иницијативата

На денешниот редовен состанок со координаторите на пратеничките групи, претседателот на Собранието Африм Гаши соопшти дека иницијативата за формирање анкетна комисија за трагичниот настан во Кочани, поднесена од СДСМ и Левица, е вратена на дополнителна доработка.Според Гаши, предлогот не е усогласен со собранискиот Деловник, затоа што опозициските пратенички групи побарале мнозинство во Комисијата и истовремено да го имаат и претседателското место. Тој потсети дека членот 124 од Деловникот не дозволува состав во кој една страна доминира во двата елементи – мнозинство и раководење со Комисијата.Првичната структура предложена од СДСМ и Левица предвидувала: четири членови од СДСМ, четири од ДУИ, тројца од ВМРО–ДПМНЕ, двајца од Вреди и еден од ЗНАМ, со претседател од опозициските редови.Гаши исто така информираше дека во Собранието сè уште не пристигнал предлог за промени во составот на Владата. Тој нагласи дека веднаш по доставувањето, седницата за кадровските измени може да биде свикана без одложување.Во однос на Изборниот законик, Собранието очекува од Министерството за правда официјално да го извести дали се подготвува нов текст. Дури по тоа ќе се одлучи дали да се формира пратеничка работна група која би работела на измени на изборните правила.Гаши најави дека пакетот реформски закони поврзани со правосудството ќе биде ставен на дневен ред веднаш штом стигнат во законодавниот дом. Посебно ја издвојува измената на Кривичниот законик што произлегува од неодамнешната одлука на Уставниот суд за застарување на делата „злоупотреба на службена положба“. Според него, измените би можеле да бидат усвоени до 26 декември.Кога станува збор за изборот на Народен правобранител, Гаши истакна дека процесот зависи од договорот меѓу политичките партии застапени во Собранието.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarygph134rmne6kays8WVH

Адвокатка предупредува по првото судење за Пулс: „Фрази како ‘ќе стигнеме до вистината’ ја изместуваат улогата на судот

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска реагираше на воведната изјава на судијата на почетокот од судењето за случајот „Кочани“, во која тој рече дека „ќе се стигне до вистината“. Според неа, ваквата формулација може да создаде погрешна претстава во јавноста за улогата на судот и на одбраната во современата кривична постапка.Јошевска-Анастасовска потсетува дека со реформите од 2010 година, кривичната постапка во Македонија премина од модел на „утврдување материјална вистина“ кон модел што го става акцентот на фер-постапувањето, еднаквоста на странките и докажувањето на обвинението „надвор од разумно сомневање“.Според неа, изјави кои алудираат на „една апсолутна вистина“ може да ја збунат јавноста и да создадат впечаток дека одбраната е спротивставена на вистината или дека има негативна улога во процесот.„Судот не е орган што треба самостојно да ја бара апсолутната вистина, туку неутрален арбитер што ги оценува доказите на обвинителството и одбраната. Ако ова јасно се објасни, јавноста подобро ќе разбере зошто обвинетите имаат право на бранител и право да изнесат аргументи различни од оние на обвинителството“, вели таа.Адвокатката нагласува дека судот треба внимателно да ја формулира својата комуникација за да не создаде впечаток дека одбраната е „непријател на вистината“, туку да објасни дека сите страни во судницата се таму за да се утврди дали обвинението е правно одржливо.„Тонот не смее да имплицира дека одбраната е нужно зло кое мора да се толерира. Целта на постапката е фер и транспарентен процес, а не моралистичка потрага по апсолутна вистина", додава Јошевска-Анастасовска.

Коментари | пред 2 месеци

media-libraryldqcnsq4pt6tbH4sBCx

По трагедија, повторно немарност: Во држава каде 18.000 денари ваучер се продава без фискална, нема лекција што ќе помогне

Инфлуенсерката и критичарка Ина Многуфина остро реагираше по вчерашната контрола во ноќен локал во Кавадарци, каде што настапувал пејач кој, како што таа вели, „пијаниците го нарекуваат ѕвезда“.Според неа, инспекциите утврдиле дека максималниот дозволен капацитет на локалот е 200 гости, а во моментот внатре имало околу 500 лица. Неофицијално, во објектот се продавале ваучери по цена од 18.000 денари – без фискални сметки – а настапот бил организиран и без соодветна дозвола.“И покрај трагедијата во Кочани на овој народ не му иде памет. Вчера на тоа настапот во Кавадарци на оноа што пијаниците го викаат ѕвезда, влегле контроли веројатно на големо изненадување на газдата и му нашле дека максималниот капацитет на гости е 200, а во моментот во локалот имало 500 гости. Неофицијално, во локалот се продавале ваучери за 18.000 денари, без фискални сметки. Плус оноа бил без дозвола на настап. Пазарче тезгиња бизнис. Единствено овде ми е позитивно што влегла контрола и се надевам не е популистичка мерка за време на судењето за Пулс, туку стварно ќе работат по закон, а не по "ќе средиме" за мочан саат од 100 евра. А газдата на локалот и сите газди на локали кои мислат дека се локал фраери над законот би им препорачала убаво да го следат судењето на газда Деко”, напиша таа.

Коментари | пред 2 месеци

IMG_5572

За двајца куќен притвор, за седуммина мерки на претпазливост поради поврзаност со работата на клубот „Пулс”

Судија на претходна постапка од Основниот суд во Кочани, одреди куќен притвор за две лица, кои се даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, додека за шест лица кои беа опфатени во истрагата мерки на претпазливост и за едно лице дополнителна мерка на претпазливост, потврди претседателот на Основниот суд-Кочани, Спиро Борисов. Одлуката е донесена откако Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работата на клубот “Пулс”.Вчера ОЈО Кочани, соопшти дека двајцата даночни контролори кои се во куќен притвор ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.,,Тие се осомничени за „Примање поткуп“ од член 357 од Кривичниот законик, додека одговорното лице, син на реалниот сопственик на “Пулс” е осомничен за „Давање поткуп“ од член 358 од Кривичниот законик. За првите двајца Обвинителството до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор, додека за третиот во сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во “Пулс”, па се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените”, стои во вчерашното соопштение од Јавното обвинителство.Во него се посочува и дека шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти “ММММ кафе” и “Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле дело„Злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив се предложени мерки на претпазливост.,,Сопственикот на “Пулс”, кој веќе е во притвор, во другиот предмет е осомничен за „Фалсификување исправа“ според член 378 од Кривичниот законик, бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои истиот ги употребувал како вистински, а се со цел и намера избегнување на парични глоби и затворање на објектот”, велат од Обвинителството.Според вчерашното соопштение на ОЈО-Кочани осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која, исто така, е опфатена со претходната постапка, во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело „Оддавање службена тајна“ од член 360 од Кривичниот законик поради откривање информации за ненајавени контроли.

Македонија | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања