КОЧАНИ

IMG_5572

За да “Пулс” не биле пломбиран, газдата Деко лажирал податоци пред УЈП: по пораките од неговиот телефон осомничени се 11 лица од УЈП и Пазарна инспекција

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против вкупно 11 лица за коруптивни кривични дела поврзани со работењето на дискотеката „Пулс“, во која во март годинава животот го загубија 63 млади лица.Според обвинителството, за тројца од осомничените е донесена наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Штип, кои го предупредувале одговорното лице во клубот „Пулс“ за ненајавени контроли, а за возврат добивале подароци и парични надоместоци.Двајцата контролори се осомничени за „примање поткуп“ според член 357 од Кривичниот законик, додека синот на сопственикот на клубот, кој веќе е обвинет во главниот процес за пожарот, е осомничен за „давање поткуп“ според член 358.За двајцата контролори обвинителството побара притвор, а за третиот – проширување на мерките на претпазливост и забрана за контакти со новоосомничените.Покрај нив, уште шест лица – даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица се осомничени дека му овозможувале на клубот „Пулс“ и на поврзаното правно лице „ММММ кафе“ да избегнуваат инспекциски контроли и да работат без соодветна фискализација.Со тоа, тие се товарат за „злоупотреба на службена положба и овластување“ согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив обвинителството предложи мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за напуштање на местото на живеење.Меѓу осомничените е и сопственикот на „Пулс“, кој веќе се наоѓа во притвор. Тој е осомничен за „фалсификување исправа“, бидејќи подолг временски период прикажувал преправени фискални апарати со лажни податоци при контроли од Управата за јавни приходи, со цел да избегне парични глоби и затворање на објектот.Исто така, обвинителството ја товари и една инспекторка од Државниот пазарен инспекторат, која оддавала службени информации за ненајавени контроли. Таа е осомничена за „оддавање службена тајна“ според член 360 од Кривичниот законик.Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека оваа постапка не е дел од предметот за трагедијата во „Пулс“, бидејќи овде не се работи за поврзаност со смртната последица, туку за дела поврзани со злоупотреба, давање и примање поткуп.Обвинителот Борче Јанев во воведниот говор на главната расправа потсети дека ако имало навремени контроли и санкции, трагедијата ќе можела да се спречи.„Дејан Јованов ги заобиколувал сите инспекции и контроли во трката за профит. Никој не му ги барал документите, а на крај го заглави и сопственото дете,“ рече Јанев.Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува следната недела, во вторник и среда, со излагања на обвинетите. Паралелно, Јавното обвинителство за организиран криминал работи на уште едно обвинение поврзано со случајот, кое се однесува на улогата на полициски службеници.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarylmc1nv317vobb6he2Gr

(Видео) За три минути изгорел цел плафон, пиротехниката ја договориле газдата Деко и Панчо, ја активирал битбоксерот Мартин, вели обвинителот Јанев

Со потресни и детални изјави, обвинителот Борче Јанев од Основното јавно обвинителство Кочани ја образложи обвинителната постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени.Јанев порача дека не може да се прифати тезата оти одговорност треба да сноси само оној што бил на должност во моментот на несреќата, нагласувајќи дека пропустите биле системски и континуирани со години.„Безсмислени се тезите дека на одговорност треба да биде повикан само оној во чие време се случила последицата. Немаме морално и законско право. Тоа би значело дека треба да прифатиме дека обвинетите службени лица кои не биле на должност кога се случила последицата немаат вина, иако се работи за исти повторувачки пропусти. Не затаиле само обвинетите кои биле на должност. Не се работи за гледишта на обвинителството, туку за норма“, изјави Јанев.Обвинителот истакна дека од основањето на клубот до денот на пожарот никогаш не постоел противпожарен систем, ниту било каков вид заштита.„Од почетокот до пожарот не постоел противпожарен систем, немало противпожарни сектори, детектори, предупредувања. Со вакви аномалии нема одбрана од опасноста. Прозорците биле затворени и преградени со лим, вградени лесно запаливи материјали кои биле токсични во случај на согорување, а имало само еден излез за евакуација. Затоа тврдиме дека оваа дискотека работела спротивно на стандардите, законот, здравата логика и принципот на одговорност. Безбедноста таму не била компромитирана – таа никогаш не постоела“, истакна обвинителот.Во своето излагање, Јанев детално ја реконструираше кобната ноќ и ги посочи клучните фактори што довеле до катастрофата. Според него, употребата на пиротехника била однапред договорена, а вградените материјали – токсични и небезбедни – ја зголемиле смртоносноста на пожарот.„Дејан и Михајло го договориле настапот на групата ДНК и се договарале со Владимир Блажев. Пиротехниката не била случајност, туку дел од претходно договорениот сценски настап. Ваква сценографија групата користела и претходно. Веднаш по пристигнувањето, покојниот Мартин Атанасовски ги внел и активирал пиротехничките фонтани додека се изведувала песната ‘Што сака нека биде’. Плафонот веднаш се запалил, а објектот – со еден единствен излез – станал смртоносна стапица.“Јанев додаде дека вградените материјали од сопственикот Дејан Јованов се носечка причина за смртта на голем број од жртвите, бидејќи при согорување ослободувале високо токсични гасови што предизвикале задушување и губење на свест кај присутните.„Со ова обвинение тврдиме дека не само активните дејствија со употребата на пиротехниката, туку и континуираните деликти со несторување, се причината за оваа катастрофа“, заврши Јанев.Трагедијата во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година во Кочани, кога во текот на настапот на групата ДНК избувна пожар што за неколку минути го проголта целиот клуб. Судскиот процес продолжува на 25 ноември со воведни зборови на одбраната.

Македонија | пред 2 месеци

apasiev

Апасиев најави: Ќе закажам комисиска седница во Собранието за трагедијата во Кочани

Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, преку социјалните мрежи соопшти дека планира следната недела да закаже седница на Постојаната анкетна комисија во Собранието, со која тој претседава. Ова следува откако родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани испратиле претставка.„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша Апасиев во објавата.Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на ФБ соопшти дека неговата СДСМ и Коалицијата денеска во Собранието ќе поднесат предлог за одржување на седница на Анкетната комисија посветена на целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“.

Македонија | пред 2 месеци

filipce-51

СДСМ бара надзорна расправа и Анкетна комисија за независно испитување и одговорност за трагедијата во Пулс

Лидерот на СДСМ и пратеник Венко Филипче објави дека пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“.„На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија. Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание”, напиша Филипче.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarysbp1udm44kgf7Lk9IT1

Гитаристот на ДНК со силна порака до неговите колеги – убаво што ги пеете песните на ДНК, но каде бевте на Маршот?

Скопје минатиот викенд повторно го почувствува товарот на тагата и спомените, кога стотици граѓани се собраа на „Маршот на ангелите“, оддавајќи почит на младите животи згаснати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.Меѓу оние што чекореа беше и Горан Тонев, гитарист на групата ДНК и еден од преживеаните од трагичната ноќ што засекогаш го одбележа неговиот живот. По завршувањето на маршот, тој се обрати преку Instagram со кратка, но силна порака што брзо се прошири меѓу музичарите и јавноста.„Колеги, убаво што ги пеете песните на ДНК. А кај бевте на Маршот?“, напиша Тонев, ставајќи го акцентот на важноста од солидарност и вистинска поддршка, не само преку музика и статуси, туку и преку присуство кога тоа навистина значи.Маршот мина во тивка атмосфера полна со емоции. Семејства, пријатели и жители чекореа заедно, обединети во спомен на младите животи што трагично згаснаа и во надеж дека нивната приказна нема да избледи.Во меѓувреме, судскиот процес за случајот „Пулс“ ќе започне на 19 ноември, кога е закажано и првото рочиште.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryl2ltdphhtosqaDTSwh9

Мојсоска: „Власта веќе нема изговори - надзорна расправа и анкетна комисија за Кочани мора да има“

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, денеска, на нејзиниот Фејсбук профил, порача дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема повеќе ниту еден аргумент да го одлага одржувањето на надзорна расправа за трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека обвинителниот акт е поднесен пред повеќе од еден месец:„Власта е на потег... Надзорна расправа за трагедијата во Кочани мора да се одржи, а тоа го ветуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во сите нивни изјави и медиумски настапи пред неколку месеци, пратениците од власта тврдеа дека надзорна расправа ќе има штом се поднесе обвинителниот акт (наводно за да не се попречува истрагата).Кога ВМРО-ДПМНЕ во Собрание ја саботираше иницијативата за надзорна расправа поднесена од Левица, пратеничката Дафина изјавуваше дека ,,истрагата се уште не е завршена, да почекаме да биде формиран тој обвинителен акт, па потоа како пратеници да расправаме на тема трагедијата во Кочани." И пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ - Драгана Бојковска (во изјава за ИРЛ) тврдеше дека сами ќе иницираат расправа за Кочани штом заврши истрагата. Поминаа повеќе од месец дена од поднесувањето на обвинителниот акт, а пратениците од власта молчат.Власта веќе нема изговор да не поддржи надзорна расправа и формирање анкетна комисија за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Сега вие сте на потег” - напиша Мојсоска од Левица.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7o12f4v3ikl2f3ANeFv

(Видео) За правда нема да молиме – ќе се бориме: Илјадници граѓани на Маршот на ангелите во Скопје

Со силни емоции, болка и решеност, повеќе од 4.000 граѓани денеска им се приклучија на родителите на загинатите млади во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на големиот Марш на ангелите што се одржа во центарот на Скопје. Настанот започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, а заврши пред Основниот кривичен суд, симболично — таму каде што следната недела треба да започне судењето за случајот.Маршот беше во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, и е првиот од ваков вид што се одржа во главниот град, откако родителите 30 саботи по ред маршираа во Кочани — најчесто сами, без институционална или јавна поддршка.Во емотивен говор пред Собранието, Анастасија Павловска (23) од иницијативата „Кој е следен“ со треперлив глас порача:„Боли индиферентноста на сите овие институции и на сите оние кои не излегоа тука со нас. Боли затоа што институциите заминаа на одмор веднаш по трагедијата, а потоа си влегоа во кампања.“Понесена од емоциите, Павловска на кратко ја загуби свеста, но родителите на загинатите деца ја поддржаа и не дозволија да падне. По неколку моменти, таа ја продолжи својата изјава, предизвикувајќи аплауз и солзи во публиката:„Боли тоа што некој дозволил да помисли дека ова ќе се заборави. Ова не е нормално и нема да го прифатиме. Јас сум тука не поради политика, туку поради совест, поради човечност, поради љубов кон својата земја која заслужува подобро.Овие родители заслужуваат подобро — и затоа за правда нема да молиме. За правда ќе се бориме.“Маршот минуваше во целосна тишина и достоинство, со транспаренти на кои пишуваше: „Нема правда – нема мир“, „63 ангели“, „Срам за институциите“, „Каде затаи системот?“.Многумина носеа фотографии од загинатите деца, цвеќиња и бело знаме со имињата на сите 63 жртви.Организаторите порачаа дека ова не е последниот марш и дека ќе продолжат сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата.„Секое одење во Кочани е ново раѓање на болката. Но, нема да застанеме. Сè додека правдата не стане реалност“, изјавија од иницијативата „Кој е следен“.Судењето за случајот со пожарот во ноќниот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, е закажано за 19 ноември.Родителите на жртвите најавија дека ќе присуствуваат на секое рочиште, барајќи не само правна, туку и морална одговорност од сите институции што, како што велат, „затаиле кога најмногу требало“.

Македонија | пред 2 месеци

media-library8bhlgo0tkq6c7fQDOta

(Видео) Мајка од Кочани ги објави последните снимки од ќерката во дискотеката „Пулс“: Последниот танц на моето дете е снимен – последниот здив, последниот поглед, последната надеж

Со потресна објава на социјалните мрежи, Стојка Иванова Антова, мајката на загинатата Ивона Антова, едно од младите девојчиња кои го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сподели делови од последните видеа на својата ќерка — моменти исполнети со смеа, музика и живот, кои само неколку минути подоцна се претворија во трагедија.„Последните видеа… последните мигови кога моето дете беше живо, среќно, насмеано… кога уште ни светеше животот пред очи. Ги гледам тие снимки и секој пат ми се ломи срцето — затоа што таму е нашата единствена ќеркичка Ивонче, со својата чиста насмевка, со својата душа полна со светлина“, напиша мајката.Стојка со солзи во очите опишува како ја гледа својата ќерка на видеата во последните секунди пред пожарот, опкружена со пријатели, музика и смеа. Тие снимки, вели, се нејзината „најболна, но и најсвета спомена“.„Во 2:34 часот… видеото што е мојот најголем кошмар, моментот кога започнува мракот што ми ја изеде душата. Гледам како моето дете се турка кон вратата… како бара само воздух, само живот“, сведочи таа.Со потресни детали, мајката опишува сцени од трагичните моменти: паниката, чадот, крикот за помош, и тишината што следи.„Моето дете — чекор пред излез, чекор пред спас… а никој не ја прибрал. Ја туркале назад, ја газеле, ја удирале. Гледам како се бори за здив, како бара спас, како му вели на момчето ‘брат, помогни’ — а никој не слуша…“, пишува таа.Во објавата, Стојка Антова признава дека секојпат кога ги гледа тие видеа, срцето ѝ се распаѓа, но и дека само тие снимки ја одржуваат жива.„Тие видеа ми се и болка и утеха. Болка — затоа што знам што ја чека. Утеха — затоа што ја гледам жива, светла, моја. Тоа се последните секунди кога ја гледам како танцува со чисто срце, без да знае дека тоа е нејзиниот последен танц на овој свет.“Објавата на мајката на Ивона предизвика силни емоции и реакции низ јавноста, повторно потсетувајќи на трагедијата во „Пулс“ во Кочани, кога во пожарот животот го загубија 62 млади лица.Нејзините зборови се сведоштво за незатворената рана на родителите, кои и натаму бараат вистина, одговорност и правда за загинатите деца.

Македонија | пред 2 месеци

media-library41bsacmvk20a8X5Szva

(Фото и видео) „Марш на ангелите” во Скопје: 63 сенки ќе ве следат,секој поглед бара правда

Родители, семејства, познати, граѓани денеска точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, во Скопје го започнаа „Маршот на ангелите”.Народот со фотографии од 63 загинати во катастрофалниот пожар во дискотеката ,, Пулс” во Кочани, се упати кон Собранието, а завршницата е пред Основниот кривичен суд.„63 сенки ќе ве следат, секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Тишината е соучество”, ,,Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите”, пишува на транспарентите кои ги носат граѓаните.Маршот е мирен, а има и редари.Судењето започнува на 19 ноември. Според обвинението, за тешки кривични дела против јавната безбедност се товарат 34 физички и 3 правни лица.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7fefgsr0flr3fRv4lYr

,,Марш за ангелите” во Скопје: Дојдете и бидете со нас, поддршката значи сила, секој човек е важен

Денеска во Скопје ќе се одржи „Марш за ангелите“, протестен марш во спомен на 63-те млади луѓе кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.Настанот започнува во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, по што учесниците на маршот ќе се упатат кон парламентот, а потоа пред Основниот кривичен суд.Организаторите упатија апел до сите граѓани да им се придружат. ,,Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно, да покажеме дека болката не нè скршила и дека борбата за вистинска правда продолжува”, велат организаторите.Судењето за случајот е закажано за 19 ноември. Според обвинението, 34 физички и 3 правни лица се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarymoetlkn2tpro8cTzT7n

Support Kocani донираше компресивна облека вредна 452.537 денари за повредените во ,, Пулс”

Граѓанската иницијатива Support Kocani информира дека продолжува со поддршката за повредените лица од пожарот во дискотеката ,, Пулс” во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека.,,Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од SupportKocani.

Македонија | пред 2 месеци

media-library0d0s4fhds6olcvhYAf2

Црни мајки, бели споменици: „Нема вода што ќе ви ја измие вината“ - повик преку пораки за Кочани

Неколку дена пред најавениот марш за правда што ќе се одржи во сабота, на 15 ноември, во Скопје, иницијативата „Кој е следен“ спроведе герила акција со моќни пораки насочени кон јавноста и институциите.На повеќе локации низ центарот на градот, меѓу кои и кај спомениците во близина на „Ибни Пајко“, утринава беа поставени транспаренти и пораки:„Нема вода што ќе ви ја измие вината“,„Правда за Кочани“,„Кога мајките се завиени во црно, совеста нема избор“,„Мајките завиени во црно се огледало на нашата тишина“.Со оваа симболична акција, иницијативата уште еднаш повика на масовна поддршка за родителите на 63-та млади животи изгубени во трагедијата во дискотеката „Пулс“.„Плачат мајки в црно преврзани,бели градој лежат ограбени,чадат села в оган запалени...“— цитираше иницијативата стихови од поетот Ванчо Николески во својата објава, додавајќи дека молкот е најголем соучесник во неправдата.Маршот, кој ќе започне во 12:05 часот од Плоштад Македонија, ќе продолжи покрај Собранието до Основниот кривичен суд, четири дена пред почетокот на судскиот процес за пожарот во Кочани.Родителите на загинатите деца повторно ќе побараат одговорност, транспарентност и правда, а граѓаните преку иницијативата „Кој е следен“ се повикуваат да им се придружат во борбата „за совеста на целата држава“.

Скопје | пред 2 месеци

media-library6qjfqdevu3o39AJNWkz

Обвинителството подготвено за почеток на судењето за „Пулс“ – 15 обвинители ќе го застапуваат случајот со пожарот во Кочани

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, ќе започне на 19 ноември во Скопје. Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска изјави дека обвинителството е целосно подготвено за почетокот на процесот и дека ќе бидат ангажирани доволен број обвинители за ефикасно водење на предметот.„Обвинението во судница ќе го застапуваат обвинителите кои работеа на случајот од самиот почеток. Сепак, на вчерашниот состанок договоривме да се вклучат уште неколку обвинители за да не се оптоварат оние што веќе имаат други предмети. Можеби нема секогаш сите да бидат присутни, но секогаш ќе има обвинител кој ќе го застапува случајот, за постапката да не се пролонгира или одложува по вина на обвинителството,“ изјави Коцевски, додавајќи дека вкупно би можеле да бидат ангажирани и до 15 обвинители.Во однос на предистражната постапка поврзана со службеници на Управата за јавни приходи, Коцевски појасни дека истата се спроведува во Основното јавно обвинителство Кочани. Надлежниот обвинител веќе издал конкретни наредби и насоки до институциите за преземање на неопходните дејствија.Со почетокот на судењето за случајот „Пулс“, се очекува јавноста конечно да добие увид во сите околности што доведоа до една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Македонија | пред 2 месеци

media-library3q664t3rrh4f9Dctjtp

(Видео) Таткото на Надица која загина во „Пулс“ со потресна објава: „Тоа беше последното затворање на вратата…“

Александар Наунов, таткото на трагично загинатата Надица, една од 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сподели видео од нејзиното последно заминување од дома — момент кој, како што напиша, засекогаш му го променил животот.„Последното затворање на врататаТоа беше обично затворање на врата…Но за мене – тоа беше последниот здив на мојот свет.Моето дете, мојата Надица, ја затвори вратата со насмевка,а јас не знаев дека зад неа ќе остане нејзиниот живот,заробен во пламен, во неправда, во тишина што нема крај.Наместо да ја чекам со внуци во прегратка,јас ја чекам во соништата – таму каде што не гори.Наместо нејзиниот глас, слушам ехо од болка,наместо чекори по ходникот – тишина што ме гуши.Помина време, но не и мојата болка.Надица, ти остана вечна во моето срце,во секоја свеќа што ја палам, во секоја солза што не престанува.Твоето име ми е молитва, твојот лик – вечна светлина.И додека светот заборава, јас ќе живеам за да те паметам“, напиша Наунов.Потресната порака на таткото ја проследи со видеоснимка направена неколку часа пред трагедијата, на која неговата ќерка се гледа како заминува од домот со насмевка.Во објавата се приклучи и нејзиниот вујко, Дарко Златев, кој напиша:„Мој ангел, моја светлина, моја вечна љубов… засекогаш ќе живееш во мене. Сакам те, вујкино злато мое.“Објавата предизвика лавина емоции и поддршка на социјалните мрежи. Многумина коментираа дека зборовите на Наунов се потсетник дека трагедијата во „Пулс“ не е завршена – таа сè уште живее во болката на семејствата кои изгубија најмилите.

Настани | пред 2 месеци

media-libraryuorbk132jig6f1GgSaZ

(Видео) „Супорт Кочани“:Собравме и поделивме 11 милиони денари на 137 лица

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ соопшти дека е извршена втора распределба од средствата од заедничката сметка за донации од близу 11 милиони денари.Во објавената видео информација на фејсбук се вели дека од вкупната сума од 10. 944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71 900 денари.,,Почитувани, транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку SupportKocani, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди”, стои во објаватаСредствата се од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.

Македонија | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања