Токсични гасови, канцерогени соединенија и тешки метали – воздухот над Скопје по горењето на електронскиот отпад во Трубарево
Скопје од саботата се соочува со една од најголемите еколошки хаварии во последните децении – пожарот во складиште за електронски и пластичен отпад во Трубарево. Иако Институтот за јавно здравје потврди дека не е регистрирано зголемено радиоактивно зрачење, светски експерти врз основа на нивните научни трудови говорат дека при вакви хаварии вистинската закана доаѓа од хемиската контаминација.Скопје1 се осврнува на дел експертските докази за влијанието на пожарите врз здравјето на луѓето и животната средина, а во кои согорува електронски отпад.Литиумските батерии, акумулаторите и каблите што изгореа, според тоа што тие го пишуваат во нивните трудови, испуштаат облак од токсични гасови и честички кои можат да остават долгорочни последици врз луѓето, животните и животната средина.Истражувања објавени во списанието Batteries – на пример студијата на Лукас Клаасн, Јан Финг, Јоханес Фридрих и Андреас Пфранг од 2024 година – покажуваат дека при горење на литиум-јонски батерии се ослободуваат екстремно опасни кисели гасови како водороден флуорид и флуорирани фосфорни соединенија. Тие се надополнуваат со запаливи и токсични гасови – јаглерод моноксид, јаглерод диоксид и водород – што дополнително ја зголемуваат опасноста.Чадот, според истата група автори. е преполн со фини прашини (PM₂.₅ и помали) кои лесно навлегуваат длабоко во белите дробови. Овие честички содржат органски и елементарен јаглерод, фосфати, флуориди и метали – никел, кобалт, манган, литиум, алуминиум и бакар. Научниците предупредуваат дека повеќе од 80 отсто од сите честички се ултрафини, што значи дека можат да предизвикаат сериозни и долгорочни здравствени проблеми.Во друга студија објавена исто така ланската година, научниците Ерик Нилсон и Анита Алберг Тидблад потврдуваат дека токму овие гасови и честички се најопасни при термален бег на батериите.Што е „термален бег“?„Термален бег“ е состојба кај литиум-јонските батерии кога внатрешната температура неконтролирано расте. Наместо да се олади, батеријата сама произведува сè повеќе топлина, со што се ослободуваат запаливи и токсични гасови.Овој процес е „самоодржлив“ – една мала искра, оштетување или прегревање е доволно за реакцијата да стане лавина. Последиците се чад, силно зголемен притисок, експлозија или целосно согорување на батеријата.Зошто пожарите на батерии не се гасат со вода?Кога батеријата ќе влезе во термален бег, внатрешната температура е толку висока што самата хемија ја одржува реакцијата. Дури и ако однадвор се полева со вода, внатрешноста продолжува да „вријат“ и често доаѓа до повторно палење.Дополнителен проблем е што водата што истекува од местото на пожар станува контаминирана со метали и хемикалии и може да ја загадува почвата и подземните води.Затоа пожарникарите наместо со вода често користат песок или вермикулит – материјали што го задушуваат пламенот, го изолираат кислородот и спречуваат повторно палење.Опасноста не доаѓа само од батериите. При согорување на електронски отпад – пластики, кабли и плочки со метали – во воздухот дополнително се создаваат диоксини, фурани, полициклични ароматични јаглеводороди и пареа од тешки метали како олово, жива, кадмиум и арсен. Според Светската здравствена организација (WHO, 2024), овие материи се меѓу најтоксичните познати загадувачи, кои можат да остават последици по здравјето со години и да контаминираат цели екосистеми.Сите ги чекаат резултатите од ИЈЗИЈЗ информираше дека вонредни екипи биле на терен за да земат примероци од почвата и водата во непосредна близина на хаваријата за физичко-хемиска анализа, како и мостри од чешми и бунари за испитување на евентуално јонизирачко зрачење.„Во моментот нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или ризик за здравјето на граѓаните,“ рекоа вчера од Институтот, додавајќи дека резултатите од земените мостри ќе бидат дополнително објавени по нивната обработка.Институтот најави дека внимателно ќе ја следи состојбата во координација со Министерството за здравство и останатите надлежни институции, а на граѓаните им препорачува и понатаму да ги следат официјалните препораки.
Скопје
|
пред 2 месеци