Промени тема
За нас
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески

Кристијан Ландов

media-libraryjjd48cr576c7aKD3bgl

Руски напади во три региони на Украина: има загинати и повредени

Во руско гранатирање во југоисточниот украински регион Дњепропетровск загинало едно лице, а шестмина се повредени, додека жртви има и во регионите Запорижје и Белгород, соопштија локалните власти.Шефот на воената администрација на Дњепропетровската област, Олександр Ганжа, преку Телеграм информира дека руските сили нападнале две локации во регионот, при што има загинати и повредени.Напад бил регистриран и во југоисточниот регион Запорижје. Гувернерот Иван Федоров соопшти дека четири лица се повредени во напад во близина на главниот град на регионот, кој го носи истото име – Запорижје.Во меѓувреме, од другата страна на границата, во руската Белгородска област, регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков изјави дека едно лице загинало во украински напад врз село во близина на границата.Нападите се дел од продолжените борби меѓу руските и украинските сили, кои со месеци се водат на повеќе фронтови долж источниот и јужниот дел на Украина.

Свет | пред 3 дена

media-libraryogaali0g23vn92Im3cy

Див вепар три часа шетал низ трговски центар во Берлин, полицијата го истерувала со штитови

Купувачите во еден трговски центар во Берлин утрово доживеале необична сцена кога лице в лице се нашле со див вепар кој талкал низ објектот, по што полицијата привремено го затворила центарот.Инцидентот се случил во трговскиот центар „Аленде центар“ во населбата Кепеник, во југоисточниот дел на германската престолнина. Полицијата интервенирала за да го извлече животното од објектот, користејќи палети и штитови за контрола на нереди, со кои се обиделе да го насочат вепарот кон излезот.На местото на настанот првично биле испратени чувари на животни и ветеринар од блиската зоолошка градина, опремени со дувачки пушки и средства за успивање на животни. Сепак, тие процениле дека не можат безбедно да го успијат вепарот поради распоредот на просториите во трговскиот центар.Фотографија објавена од берлинската полиција на социјалната мрежа Икс покажува како вепарот шета покрај фрижидерите со пијалаци во продавницата, во непосредна близина на касите.На полицајците и на чуварите на животни им биле потребни околу три часа за да го извадат животното од трговскиот центар. Според германскиот дневен весник „Тагесшпигел“, полицајците од палети изградиле своевиден коридор за бегство со кој го насочиле вепарот кон излезот и кон соседниот парк. Потоа двајца полицајци влегле во продавницата и со големи дрвени плочи го истерале животното надвор.Работниците во продавницата изјавиле дека и по заминувањето на вепарот во просторот се чувствувал карактеристичниот мирис на дивото животно.Инаку, средбите со диви свињи не се невообичаени на периферијата на Берлин, каде што има бројни паркови и шуми, па овие животни повремено навлегуваат во урбаните делови на градот.

Свет | пред 3 дена

media-librarynb0ahvld7i3t4DeLCVW

Фотографијата од Тирана отвори нови тензии во ВЛЕН: Лимани објаснува, Касами најавува преиспитување

Министерот Фатмир Лимани даде објаснување по реакциите во ВЛЕН откако на социјалните мрежи се појави фотографија на која е заедно со лидерите на ДУИ и на АА, Али Ахмети и Арбен Таравари, на ифтар организиран од албанскиот премиер Еди Рама во Тирана.Лимани тврди дека распоредот на гостите го одредил домаќинот, додавајќи дека присуството на заедничка трпеза не значи политичка порака.„На трпеза за добредојде не се оди за политички калкулации или за нарушување на атмосферата, туку за да се почитуваат традицијата и гостопримството. Фотографијата или присуството во заедничка средина не ја менува политичката историја на никого“, изјави Лимани.Тој додаде дека додека дел од јавноста се обидува да создаде дилеми од една фотографија, тој се соочува со, како што вели, „отворен и исклучувачки обид“ против него од луѓе со кои го градел политичкиот проект.Еден од лидерите на ВЛЕН, Билал Касами, изјави дека Лимани во Тирана заминал самостојно, а не како претставник на коалицијата. Касами додаде дека ќе се разгледа и неговата позиција во Владата како кадар на Движењето Беса.„Фотографијата не е најдобра, но ја покажува позицијата на министер кој сè уште е дел од владата предложена од ВЛЕН. Останува на Лимани да објасни зошто седнал на маса со Али Ахмети, за кого самиот кажал дека никогаш не би седел со оние што ги обвини за убиството на неговиот татко“, изјави Касами.Случувањата доаѓаат во период кога ВЛЕН е во процес на обединување во една политичка партија. Во меѓувреме, Арбен Фетаи, кој важеше за претставник на Алијансата за Албанците во коалицијата, остана надвор од процесот, а неговото место го презеде Латиф Арифи, со поддршка од Азир Алиу и Мимоза Муса.

Македонија | пред 3 дена

media-library72baf37rqrs1d3BlH8d

Повик за протест во Скопје: Барање за повисока минимална плата и достоинствен живот

„Гласен текстилец“ и „Гласен синдикат“ дадоа силна и недвосмислена поддршка за утрешниот протест во Скопје, на кој ќе се бара повисока минимална плата и достоинствен живот за работниците.Во повикот до јавноста, тие порачаа дека протестот ќе се одржи утре во 12 часот и ги повикаа своите членови, синдикалци, поддржувачи, колеги и партнери да излезат и да дадат поддршка.Од таму порачуваат дека е време да се стави крај на ниските плати, сиромаштијата и, како што велат, игнорирањето на работничкиот глас.„Работниците ја движат економијата. Работниците ја создаваат вредноста. Работниците заслужуваат достоинствена плата“, се наведува во пораката.Организаторите апелираат на солидарност и масовност, оценувајќи дека сега е време за гласен отпор и за заедничка борба за подобри услови за работниците.

Македонија | пред 3 дена

media-librarydnjdsacme7kdaNT3LDk

Се дестабилизира државата со одлуките на Уставен суд кој се претвора во параполитичка институција, им пишал Ахмети на странците

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку нон-пејпер испратен до меѓународните партнери предупредува дека одлуките и постапките на Уставниот суд отвораат чувствителни прашања кои можат да ги дестабилизираат меѓуетничките односи во земјата.Ахмети го обвинува Судот дека се претвора во параполитичка институција, дека носи одлуки по етничка линија и дека со своите иницијативи ги доведува во прашање темите поврзани со Охридскиот рамковен договор.Како проблематични се посочуваат укинувањето на „балансерот“, иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците, намалувањето на бројот на општински советници, како и отворањето на прашањето за таканаречените „хашки случаи“, односно Законот за амнестија.ДУИ претходно побара оставка од претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, а не ја исклучува и можноста да бара кривична одговорност, оценувајќи дека со ваквите постапки се нарушува уставниот поредок.Во нон-пејперот Ахмети пред странските претставници го отвора и прашањето за воведување на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, односно законите донесени со двојно мнозинство да не можат да се укинуваат без ист таков принцип на одлучување.ДУИ во документот предлага и три мерки: избор на влада со Бадентеров принцип, негова примена во Уставниот суд и продлабочување на децентрализацијата. Партијата повторува и дека е потребен сеопфатен ветинг во институциите.

Македонија | пред 3 дена

media-libraryabq8cv2koqk948R6I44

САД подготвуваат воена придружба за нафтените танкери во Хормушкиот Теснец

Пентагон разгледува можност за испраќање дополнителни воени бродови на Блискиот Исток, со цел потенцијално да обезбедуваат придружба на нафтени танкери низ Хормушкиот Теснец.Според информациите објавени од „Волстрит журнал“, мерката се разгледува како одговор на засилените напади и закани од Иран во регионот.Американски претставници наведуваат дека ваквите мисии за придружба на танкерите нема да започнат веднаш. Според нивните процени, потребно е најпрво да се намали нивото на закана, процес што би можел да трае најмалку еден месец или подолго.Хормушкиот Теснец е еден од најважните светски поморски коридори, низ кој се транспортира значителен дел од глобалната нафта, поради што секоја ескалација во регионот директно влијае врз светските енергетски пазари.

Свет | пред 3 дена

media-libraryrhfnvbj6ievfeNpGhYp

Трамп за Мојтаба Хамнеи: „Веројатно е жив, но повреден“

Американскиот претседател Доналд Трамп се осврна на шпекулациите околу состојбата на новиот врховен лидер на Иран, Мојтаба Хамнеи, посочувајќи дека постојат сомнежи дали тој е жив.„Ме прашавте дали е жив или не. Многу луѓе се обидуваат да го утврдат тоа“, изјави Трамп.Тој додаде дека според неговата процена, Хамнеи најверојатно е жив, но можеби е повреден.„Мислам дека веројатно е жив. Мислам дека е оштетен, но веројатно е жив во некоја форма“, рече американскиот претседател.Трамп воедно коментираше и за односот на Мојтаба Хамнеи со неговиот татко, поранешниот врховен лидер на Иран, наведувајќи дека „тоа не е некој кого таткото дури ни сакал да го наследи“.

Свет | пред 3 дена

izrael-napadnat

Иран тврди дека со Хезболах извршил ракетен напад врз Израел

Иранската Исламска револуционерна гарда соопшти дека во координација со либанската вооружена група Хезболах извршила ракетни напади врз Израел.Според соопштението на военото крило на гардата, во нападите учествувале иранската морнарица и единици со беспилотни летала, во соработка со Хезболах, со кој Иран е сојузник.Информацијата ја објави иранската државна новинска агенција Тасним.По нападите се огласиле сирени за тревога во Тел Авив, во централниот дел на Израел, како и на подрачјето на окупираниот Западен Брег.Засега нема информации за евентуални жртви или материјална штета предизвикана од нападите.

Свет | пред 3 дена

w_55664211

Трагедија во Ирак: Се урна американски воен авион, шестмина загинати

Шест американски војници загинаа откако воен авион за дополнување гориво се урна во западен Ирак, потврди американската војска.Несреќата се случила во четврток, а од Централната команда на САД соопштија дека во инцидентот учествувал и втор воен авион, кој безбедно слетал.Според првичните информации, авионот што се урнал бил од типот КЦ-135 – воен авион за дополнување гориво во воздух. Војската нагласи дека несреќата не била предизвикана од непријателски напад ниту од таканаречен „пријателски оган“.„Околностите на инцидентот се под истрага. Загубата на авионот не е резултат на непријателско дејство“, соопштија од американската војска.КЦ-135, кој компанијата „Боинг“ го развила во педесеттите и шеесеттите години, претставува клучен дел од американската флота за воздушно дополнување гориво, што им овозможува на борбените авиони да извршуваат долги мисии без слетување.Оваа несреќа доаѓа во време на засилени американски воени операции на Блискиот Исток поврзани со конфликтот со Иран. Претходно, седум американски војници загинаа кога беспилотно летало удри во американска воена база во Кувајт.Според извештаи на агенцијата Ројтерс, околу 150 американски војници се повредени во текот на воените операции поврзани со конфликтот со Иран, додека американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека е можно да има и нови жртви додека судирите продолжуваат.

Свет | пред 3 дена

media-library6hnok7fsr7t498e56QF

Цаневска: И по два месеци од вонредната седница-вонреден молк од надлежните во Град Скопје, нема план и решение за загадениот воздух

Поминаа повеќе од два месеци од вонредната седница на Советот на Град Скопје посветена на загадениот воздух, а надлежните институции сè уште немаат изработено план и заклучоци за решавање на проблемот, реагира координаторката на советничката група на СДСМ и Коалицијата, Катерина Цаневска Арсовска.Таа посочи дека седницата била одржана на 5 јануари, кога советниците дискутирале и предложиле мерки за справување со аерозагадувањето, при што било договорено во рок од 30 дена од дискусиите да се изработи план за дејствување.„Поминаа повеќе од два месеци од вонредната седница за загадениот воздух, а од тогаш има само вонредна тишина од надлежните. Нема ништо од ветените заклучоци, план и стратегија. Денес имаме само молк и заборавени ветувања. Дали станува збор за целосна неспособност или за игнорантност со надеж дека првиот ветер ќе го реши проблемот? Граѓаните дишат ист воздух, но очигледно одговорноста повторно ја нема“, изјави Цаневска.Таа потсети дека вонредната седница била свикана на предлог на СДСМ и Коалицијата со поддршка од опозицијата, а и советниците од власта се согласиле да се расправа за проблемот со загадувањето.Според официјалните податоци од државниот систем за мониторинг на воздухот, како и од меѓународни платформи како „АјКјуЕр“, во Скопје редовно се регистрираат сериозни надминувања на дозволените концентрации на штетни честички, поради што градот со години се наоѓа меѓу најзагадените во Европа.Институтот за јавно здравје проценува дека околу 4.000 смртни случаи годишно во државата се поврзани со загадениот воздух, додека УНИЦЕФ предупредува дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња е поврзан со аерозагадувањето.На седницата биле предложени повеќе мерки, меѓу кои донесување обврзувачки акциски план за чист воздух за периодот 2026–2029 година, засилен инспекциски надзор врз индустриските капацитети, целосна транспарентност на податоците за загадувањето, програма за замена на нееколошките системи за греење, рестриктивни сообраќајни мерки во денови со екстремно загадување и ревизија на деталните урбанистички планови во најкритичните зони на градот.

Скопје | пред 3 дена

media-libraryqga9ojubqcbb8RhMzIS

Новиот ирански лидер со закана: „Ќе ја одмаздиме крвта на мачениците“

Новиот врховен лидер на Иран, ајатолахот Мојтаба Хамнеи, најави продолжување на одмаздата против противниците на земјата, порачувајќи дека Техеран „ќе ја одмазди крвта на своите маченици“.Во своето обраќање, Хамнеи им се заблагодари на припадниците на иранските вооружени сили, нагласувајќи дека тие спречиле Иран да биде потчинет или поделен во момент кога земјата е под силен воен притисок.„Сакам да им се заблагодарам на храбрите борци кои вршат извонредна работа во момент кога нашата земја е под притисок и под напад“, изјави тој.Хамнеи додаде дека вооружени групи во Јемен и Ирак му даваат поддршка на Иран во тековниот конфликт.Според него, „отпорот во Јемен ќе ја заврши својата задача“, а вооружени групи во Ирак исто така, како што рече, сакаат да помогнат на Исламската револуција.

Свет | пред 4 дена

media-librarylk9kgmbun1p98ygMpxX

Иран му се потсмева на Трамп

Висок ирански безбедносен функционер остро го нападна американскиот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го дека се обидува да прикаже „брза победа“ во војната со Иран.Али Лариджани во објава на социјалните мрежи порача дека војната не може да се добие со неколку објави на интернет, алудирајќи на честите пораки на Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“.„Тој бара брза победа, но војната не се добива со неколку твитови“, напиша Лариджани.Тој додаде дека Иран нема да запре додека САД не зажалат за, како што ја нарече, „тешката погрешна процена“.Лариджани и претходно испрати предупредување до Трамп, велејќи дека треба да внимава „да не биде елиминиран“, по продолжените закани што американскиот претседател ги упати кон иранското раководство.

Свет | пред 4 дена

873x400-1-16

Што се случува со цените на нафтата

Цените на нафтата нагло пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 100 долари за барел, поради сериозните нарушувања во снабдувањето предизвикани од војната меѓу САД, Израел и Иран.На лондонскиот пазар цената на барел нафта попладне се искачи на 99,56 долари, што е зголемување од 7,58 долари во однос на претходниот ден. На американскиот пазар барелот достигна 95,06 долари, со раст од 7,81 долар.Тензиите во регионот се одразуваат директно врз енергетските пазари, особено поради ситуацијата во Хормушкиот Теснец – клучен поморски коридор низ кој минува околу една петтина од светската нафта.Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, транзитот низ теснецот е намален на помалку од 10 проценти од нивото пред почетокот на конфликтот. Во 2025 година низ овој коридор се транспортирале околу 20 милиони барели дневно, што значи дека сега испораките се намалени за приближно 18 милиони барели дневно.Поради ограничениот извоз, складиштата во земјите од Персискиот Залив се преполни, па производството на нафта е намалено за повеќе од 10 милиони барели дневно.Во обид да се стабилизира пазарот, земјите членки на Меѓународната агенција за енергија одлучија да пуштат 400 милиони барели нафта од стратешките резерви. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека оваа мерка може само привремено да го ублажи притисокот врз цените.Според нив, единствено решение за стабилизација на пазарот е нормализирање на транзитот низ Хормушкиот Теснец и намалување на тензиите во Персискиот Залив.

Свет | пред 4 дена

nafta-pristaniste

САД пуштаат 172 милиони барели нафта од резервите, Трамп: „Заработуваме многу пари“

Соединетите Американски Држави ќе пуштат 172 милиони барели нафта од своите стратешки резерви во обид да се намалат цените на нафтата, кои нагло пораснаа поради нарушувањата во снабдувањето предизвикани од војната меѓу САД, Израел и Иран.Американскиот министер за енергетика Крис Рајт соопшти дека мерката е дел од пошироката одлука на Меѓународната агенција за енергија да ослободи вкупно 400 милиони барели нафта од резервите на земјите членки.Според него, испуштањето на нафтата на пазарот ќе започне следната недела и ќе трае околу 120 дена.Рајт нагласи дека мерката е дел од политиката на претседателот Доналд Трамп за заштита на енергетската безбедност на САД преку одговорно управување со стратешките резерви.Меѓународната агенција за енергија соопшти дека 32 земји членки го поддржале овој потег, што претставува шеста координирана интервенција од основањето на агенцијата во седумдесеттите години.Во меѓувреме, Иран предупреди дека цената на нафтата би можела да достигне и 200 долари за барел, поради нападите врз трговски бродови во Хормушкиот Теснец – поморски коридор низ кој се транспортира околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.На растот на цените реагираше и американскиот претседател Доналд Трамп, кој изјави дека САД имаат економска корист од поскапувањето на нафтата.„САД се убедливо најголемиот производител на нафта во светот, па кога цените растат, заработуваме многу пари. Но за мене како претседател многу поважно е да се запре злото царство, Иран, да не дојде до нуклеарно оружје и да не го уништи Блискиот Исток и светот“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“.

Свет | пред 4 дена

media-library61gb3tgo6j4b6JcxJvQ

Прво обраќање на новиот ајатолах: „Американските бази мора да се затворат или ќе бидат нападнати“

Новиот врховен лидер на Иран, ајатолахот Мојтаба Хамнеи, во своето прво јавно обраќање порача дека сите американски воени бази во регионот треба веднаш да се затворат, во спротивно ќе бидат нападнати.Неговата изјава беше прочитана во живо на иранската државна телевизија.Хамнеи истакна дека Иран сака пријателски односи со соседните држави, но нагласи дека нападите врз американските воени бази во регионот ќе продолжат.Тој додаде дека Иран нема намера да ги таргетира соседните земји, туку исклучиво американските воени објекти кои учествуваат во нападите врз Иран.

Свет | пред 4 дена

britanski-brod-crno-more

Иран со поморски мини може да предизвика глобален енергетски хаос

Поморските мини, иако релативно едноставно оружје, претставуваат едно од најмоќните средства со кои Иран може да предизвика сериозни нарушувања во глобалната економија, предупредуваат аналитичари.Американски претставници претходно соопштија дека Иран поставил мини во Хормушкиот Теснец – клучен поморски коридор низ кој поминува околу една петтина од светскиот извоз на нафта. Според проценките на Американскиот институт за проучување на војната, поставени се најмалку десет мини, иако американскиот претседател Доналд Трамп изрази сомнеж во тие информации и ги охрабри бродските компании да продолжат со пловидбата низ теснецот.Експертите посочуваат дека ваквото оружје е особено ефикасно во асиметрично војување.„Тоа е одлична алатка за асиметрично војување. Конвенционалните воени способности на Иран се значително ослабени, но токму овие средства му даваат можност за силен одговор“, изјави истражувачот за поморски закани Џахангир Е. Арасли.Иран располага со различни типови мини, меѓу кои и моделот „Махам 1“, развиен во осумдесеттите години. Овие мини можат да пловат во плитки води и се опремени со повеќе детонатори што при контакт можат да активираат експлозив од околу 120 килограми.Според Американскиот поморски институт, поморските мини се меѓу најразорните оружја со кои се соочила американската морнарица, нанесувајќи повеќе оштетувања на бродови од кое било друго оружје од Втората светска војна наваму.Иако американските сили објавија дека уништиле повеќе ирански бродови за поставување мини во близина на Хормушкиот Теснец, Иран и натаму користи тешко препознатливи методи. Мини често поставуваат нуркачи од мали пловила што изгледаат како обични рибарски чамци, што ја прави оваа неформална поморска мрежа исклучително тешка за откривање.Експертите предупредуваат дека главната цел на овие мини не е нужно уништување на бродови, туку создавање хаос во поморскиот сообраќај и во глобалниот енергетски систем.Заканата од мини во Персискиот Залив потсетува на настаните од осумдесеттите години за време на иранско-ирачката војна, кога нападите врз танкери доведоа до интервенција на американската морнарица и до сериозни поморски судири во регионот.

Свет | пред 4 дена

media-libraryccbvsdjasemia8W2AvY

Затворена делница кај Солун: ако одите на викенд, водете сметка за гужвата

Целосен прекин на сообраќајот ќе има на источната внатрешна обиколница во Солун во двата правци во траење од 48 часа, соопшти сообраќајната полиција во градот.Според грчките власти, затворањето ќе почне во петок, 13 март, во 23 часот и ќе трае до недела, 15 март, во 23 часот.Прекинот се однесува на делницата меѓу клучките К7 (Ептапирхио) и К8 (Тријандрија).Причината за затворањето е рушење на мостот „Агиос Павлос“, што е дел од големиот инфраструктурен проект „Флајовер“ кој моментално се реализира во Солун.За време на прекинот сообраќајот ќе биде пренасочуван низ градските улици, поради што властите очекуваат зголемен метеж.Сообраќајната полиција апелира до возачите да избегнуваат непотребно движење во овој дел од градот и да ги следат поставените сообраќајни знаци и насоките на службите на терен.

Свет | пред 4 дена

media-libraryduc47n6utud0bK0mDUy

Трамп го омаловажи новиот ирански лидер: „Лесна категорија“

Американскиот претседател Доналд Трамп искажа потценувачки став кон новиот врховен лидер на Иран, Мојтаба Хамнеи, нарекувајќи го „лесна категорија“ уште пред неговото официјално назначување.Трамп јавно покажа дека не е наклонет кон изборот на Хамнеи за највисока функција во иранскиот политички систем. Во една од изјавите тој директно го омаловажи, алудирајќи дека нема доволно политичка тежина и влијание.На новинарско прашање дали би можел да прогласи победа во конфликтот доколку Иран го води Мојтаба Хамнеи, Трамп одби да одговори, нагласувајќи дека не сака да навлегува во таква дискусија.Неговите изјави покажуваат дека администрацијата во Вашингтон со резерви гледа на новото раководство во Техеран. Истовремено, пораките на пркос што доаѓаат од иранската страна се сметаат за сериозна причина за загриженост во американската администрација, особено во услови на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

Свет | пред 4 дена

media-librarykm19ta71i1cp7PLwsui

Полицијата не повикала социјални работници кога Ивана била нападната на Клиника, тврди ресорниот синдикат

Синдикалната гранкова организација при САДУ на Центрите за социјална работа во Македонија ги демантираше тврдењата дека стручни лица од Центарот биле присутни кога Ивана наводно била нападната од сопругот Стојанче Јовановски додека била на лекување во Клиничкиот центар, инцидент кој според одредени медиуми го гледала и нејзината ќерка Катја. Станува збор за мајката и детето кои трагично го загубија животот по пад од балкон во скопската населба Карпош.Од синдикатот соопштија дека во јавноста се пласираат шпекулации и неточни информации во врска со постапувањето на Центрите за социјална работа.Тие тврдат дека записник од наводен вонреден инспекциски надзор, за кој се говори во дел од медиумите, до денот на објавувањето на нивниот демант воопшто не бил доставен до Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје.Воедно, категорично ги отфрлаат и наводите дека социјални работници биле присутни при наводниот физички напад врз Ивана пред здравствената установа.Според синдикатот, на 19 јануари 2026 година – денот кога наводно се случил инцидентот – Центарот не добил никаква пријава или повик за интервенција во Клиниката за дигестивна хирургија во рамки на комплексот клиники. Од увидот во службената документација, како што велат, произлегува дека тој ден дежурни биле две службени лица од Специјализираниот тим, но дека тие не биле повикани на интервенција.Од синдикалната организација оценуваат дека ваквите информации се пласираат тенденциозно и служат за дефокус на јавноста и дискредитирање на улогата на стручните лица во Центрите за социјална работа.Тие предупредуваат дека со ширење непроверени информации се нанесува штета врз угледот и професионалниот интегритет на вработените, кои, како што наведуваат, често работат во услови на зголемен ризик и соочување со чувствителни случаи на семејно насилство.Синдикатот најавува дека ќе застане во одбрана на вработените во Центрите за социјална работа и бара целосно процесуирање на постапката, со цел да се утврдат фактите и одговорноста за постапувањето на сите инволвирани институции.

Македонија | пред 4 дена

Screenshot-2024-09-28-at-09.30.08

Израелски напади во и околу Бејрут: најмалку 17 загинати и десетици повредени

Бројот на загинати во два израелски напади во и околу Бејрут денеска се искачи на најмалку 17 лица, соопшти либанската Национална новинска агенција, повикувајќи се на информации од Министерството за здравство.Според Центарот за итни операции при Министерството за здравство, во напад на крајбрежјето на Бејрут загинале 12 лица, додека 28 се повредени.Во втор напад, извршен врз градот Арамун, кој се наоѓа на ридовите околу десет километри јужно од главниот град, загинале пет лица, а седум се повредени.Нападите се дел од пошироката ескалација на насилството меѓу Израел и вооружени групи во Либан, што последните денови доведе до сериозни разорувања и нов бран раселување на цивилното население.

Свет | пред 4 дена

bankomat-12

Банки во Заливот привремено ги затвораат филијалите поради војната

Повеќе банки и финансиски институции во земјите од Персискиот Залив привремено ги затвораат своите филијали поради зголемените безбедносни ризици од војната со Иран.Одлуката доаѓа откако една иранска финансиска институција била погодена во напад, по што Техеран најави дека финансиските и економските институции поврзани со САД и Израел може да станат цели.Меѓу банките кои најавија привремено запирање на работата е ХСБЦ во Доха, додека во Обединетите Арапски Емирати канцелариите ги затвораат и Ситибанк и Стандард Чартеред.Покрај банките, работа привремено прекинуваат и големи консултантски и ревизорски компании. Компанијата ПрајсвотерхаусКуперс соопшти дека ги затвора своите канцеларии во Саудиска Арабија, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати, а слични мерки најави и Делоит.Според аналитичари, Иран на овој начин се обидува да го прошири притисокот врз земјите од Заливот и преку економски канали да изврши дополнителен притисок врз САД во рамките на конфликтот.

Свет | пред 4 дена

media-library5o4u7mcvgk5o7pydhWT

Познат идентитетот на жената пронајдена мртва во Вардар, излегла утрината од дома и не се вратила

Тело на жена било извлечено од водите на реката Вардар во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.На 11 март 2026 година околу 11 часот, полициски службеници од СВР Скопје го извадиле телото од реката, по што лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.По насоки на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција.Подоцна било утврдено дека станува збор за 50-годишната А.Х.И. од Скопје. Во меѓувреме, член од нејзиното семејство пријавил дека жената утрото по 08 часот излегла од дома и не се вратила.Извршен е увид, а надлежните институции работат на расчистување на случајот.

Скопје | пред 4 дена

media-librarycgol2beo49hf9XIonRh

Не може да се продаде службеното „ауди“ кое го купи Мерко за Струга

Не може да се реализира продажбата на службениот автомобил „ауди А6“ на Општина Струга, кој требаше да биде ставен на аукција на 16 овој месец, поради извршна постапка поврзана со стар долг на општината.Од Општина Струга информираат дека постапката е попречена поради долг наследен од 2016 година во вредност од околу 1,4 милиони денари. Поради камати и пресметки што се вршат од 2018 година, долгот во моментов изнесува околу три милиони денари.Средствата од продажбата на возилото требаше да бидат наменети за набавка на комбе што ќе го користат спортските клубови и центарот за деца со посебни потреби.Од општината посочуваат дека градоначалникот Менди Ќура е во комуникација со засегнатите страни за да се надмине проблемот и процесот да се заврши во интерес на граѓаните.Службеното „ауди А6“ беше купено за 67.000 евра во периодот кога градоначалник на Струга беше Рамиз Мерко. Набавката предизвика јавна дебата бидејќи возилото беше купено во време кога општината имала блокирана сметка. Против Мерко беше водена судска постапка, но Основниот суд во Струга утврди дека нема вина за набавката на возилото.

Македонија | пред 4 дена

media-librarybtgnasq3k2ld8eOW1UK

Нацев се појавуваше како редар и даваше инструкции, сведочеше сведок за неформалниот сопственик

На денешното судење за случајот „Пулс“ сведокот Трајче Димишковски изјави дека Александар Нацев, неформален сопственик на агенцијата за обезбедување во „Пулс“, понекогаш се појавувал за да помогне во координација на обезбедувањето, особено при поголеми настани.Тој рече дека Нацев давал насоки за распоредување на луѓето и повремено се појавувал и како редар, иако, како што посочи, не знае во каков статус бил ангажиран.Според сведокот, Нацев држел и предавања за вработените во агенцијата „Рубикон“, на кои им објаснувал законски правила, меѓу другото и за присуство на малолетници во објекти по 23 часот.Димишковски додаде дека по трагедијата во дискотеката „Пулс“ имал комуникација со Нацев, при што, како што рече, разговарале за трагедијата.Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во несреќата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. За случајот се обвинети над 30 физички и три правни лица.

Свет | пред 4 дена

media-libraryv97sq3tsokqp2c0KJRT

Почина актерот Кирил Поп Христов – Кили, кој последните 12 години ги помина во Еквадор

На 58-годишна возраст во Еквадор почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили. Веста за неговата смрт одекна меѓу колегите, пријателите и љубителите на театарот и филмот.Поп Христов од 2014 година живееше во Еквадор, каде што го продолжи својот живот. Иако беше далеку од татковината, често се враќаше во Скопје, но последната година и половина од животот ја помина во Еквадор.Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Актерската кариера ја започна по дипломирањето на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломираше актерска игра во 1989 година.Од 1993 до 2014 година беше дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, каде што остави значаен траг со бројни улоги на сцената.Публиката ќе го памети и по неговите филмски улоги во „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“ и „Тетовирање“.Во 2015 година откри дека поради борбата со рак се преселил во Еквадор. Боледуваше од рак на долгите коски и подолг период се лекуваше, меѓу другото, и со масло од канабис.

Македонија | пред 5 дена

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања