Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

media-libraryot6g2rffvd7v9oNcrRY

Данска: На Гренланд не му е потребен болнички брод од САД

Данските власти порачаа дека на Гренланд не му е потребна посебна здравствена поддршка, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе испрати болнички брод на автономната данска територија.Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен изјави за државната телевизија DR дека населението на Гренланд ја добива потребната здравствена грижа.„Жителите на Гренланд добиваат здравствена заштита што им е потребна. Ја добиваат на Гренланд, а доколку има потреба од специјализирано лекување, го добиваат во Данска. Нема потреба од посебна здравствена иницијатива“, рече Поулсен, додавајќи дека не е информиран за евентуално испраќање болнички брод.Премиерката Мете Фредериксен порача дека е „среќна што живее во земја каде пристапот до здравство е бесплатен и еднаков за сите“, нагласувајќи дека истиот принцип важи и за Гренланд.Иако Трамп на платформата Truth Social објави дека испраќа „голем болнички брод“ за да се грижи за „многу болни луѓе кои таму не се лекуваат“, податоците покажуваат дека двата американски болнички брода – USNS Mercy и USNS Comfort – се наоѓаат на ремонт во бродоградилиште во Мобил, Алабама, и не се на пат кон Гренланд.Гренланд управува со сопствениот здравствен систем, кој е јавно финансиран и бесплатен за граѓаните, во тесна соработка со Данска. На островот функционираат пет регионални болници, а централната болница во Нуук прима пациенти од целата територија.Објавата на Трамп дојде неколку часа по евакуацијата на член на екипаж од американска подморница во близина на Нуук, кој бил пренесен со хеликоптер на данската одбрана до болница на Гренланд.Прашањето за Гренланд добива и поширока политичка димензија, бидејќи Трамп во изминатиот период повеќепати изјавуваше дека сака САД да го преземат островот, оценувајќи го како стратешки важен за националната безбедност. Данска и властите во Гренланд досега повеќепати порачаа дека територијата не е на продажба и дека иднината ја одлучуваат нејзините жители.

Свет | пред 3 седмици

ademi

Адеми од ДУИ: Се толерирал говор на омраза на натпреварот Вардар-Башкими, а специјалци се користеле да се спротистават на клубот

Арбер Адеми од ДУИ реагираше по два, како што ги оцени, сериозни инциденти во македонскиот фудбал, наведувајќи дека тие не се случајни, туку директна последица на неказнивоста и, како што рече, тивкото охрабрување на оние што ги кршат правилата и поттикнуваат омраза.„Кога на натпревар меѓу Вардар и Башкими се толерира отворен говор на омраза и дури се користат специјални единици против претставници на клубот Башкими, додека играта продолжува како ништо да не се случило, пораката е јасна – стандардите не важат еднакво за сите“, изјави Адеми.Тој посочи и на друг натпревар, меѓу Шкендија од Харачина и Преспа, каде, според него, било побарано отстранување на албанското знаме со образложение дека „има наредба од горе“, иако, како што нагласи, законот го регулира користењето на симболите.„Проблемот не е спортски, туку политички“, рече Адеми, додавајќи дека ваквите појави се повторуваат затоа што никој не сноси одговорност.Според него, лицата што постапуваат на ваков начин не само што не се санкционираат, туку, како што тврди, често се унапредуваат, сè додека се во линија со владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.Адеми оцени дека станува збор за прашање на достоинство и еднаквост, а не само за спортско ривалство, повикувајќи ги фудбалските институции да се дистанцираат од, како што рече, политички притисоци и да воспостават еднакви стандарди за сите.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarycbaqgi3ef41maqCisZJ

Обвинувања за тендери и нереализирани градинки во Аеродром

Советникот во Советот на Општина Аеродром и претседател на ОО СДСМ Аеродром, Милутин Ристески, оцени дека и по 100 дена од вториот последователен мандат на ВМРО-ДПМНЕ во општината, градоначалникот Дејан Митески нема реализирано нови проекти, туку, како што рече, се фали со стари активности.„И по 100 дена од новиот мандат, Митески се фали со објектите на училиштето ‘Блаже Конески’ и градинката ‘Изворче’ во Стар Аеродром, направени со средства обезбедени од Владата на СДСМ во Буџетот за 2024 година“, изјави Ристески.Тој посочи дека ветувањето за изградба на четири градинки било заменето со ново ветување за пет, но дека за четири години и 100 дена ниту една не е започната. Според него, исчезнало и ветувањето за зголемување на еднократната помош за новороденче на 20.000 денари, додека сè уште се применува мерката воведена во претходни мандати.Ристески наведе дека од програмата, како што рече, „мистериозно исчезнале“ и ветените 3.000 нови паркинг-места и велопатеките на секоја улица.Тој алармираше и за, како што оцени, лоша хигиена во општината, посочувајќи дека преполните контејнери создаваат диви депонии. Дополнително, обвини дека општината се соочува со долгови, а училиштата и градинките имаат неплатени сметки за струја, парно и вода.„Четири месеци по изборите не се исплатени ни средствата за членовите на избирачките одбори“, рече Ристески, додавајќи дека се намалени и средствата за еднократна помош за социјално ранливи категории граѓани.Тој обвини и за, како што ги нарече, „пирамидални тендерски шеми“, наведувајќи дека 22 тендери во вредност од 11 милиони евра биле доделени на една иста фирма во период од четири години.Ристески порача дека СДСМ ќе продолжи да го следи работењето на градоначалникот и ќе инсистира на отчетност.Од Општина Аеродром засега нема одговор на изнесените обвинувања.

Скопје | пред 3 седмици

BKuzeska3

Кузеска: СДСМ е за целосна интеграција во ЕУ, БРИКС не е опција

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека партијата останува цврсто определена за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, нагласувајќи дека полноправното членство со сите права, вклучително и правото на глас, е единствената прифатлива опција.„До денес нема официјална одлука на Европската комисија, Европскиот совет или Европскиот парламент која предвидува прием на земја како полноправна членка без гласачки права. Доколку стане официјална позиција на ЕУ, дури тогаш може да се разгледува“, посочи Кузеска.Таа потенцира дека СДСМ е за целосна интеграција во ЕУ и дека, според нив, не постои алтернатива на европскиот пат.Кузеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски дека водат антиевропска кампања, претставувајќи ја Европската Унија како фактор што врши притисок врз државата, наместо, како што рече, да ги признаат обврските и реформите што треба да се спроведат.Според неа, блокирањето на уставните измени и создавањето проблеми со соседите ја држат државата во стагнација.„СДСМ е за Европа, за нас нема друга алтернатива. Ниту БРИКС ниту изолацијата не се опција“, истакна Кузеска.

Македонија | пред 3 седмици

media-libraryiva86jblt9nv63Te4ue

Виткоф по осум средби со Путин: Мора да ги знаеш неговите „црвени линии“, наскоро добри вести за крај на војната

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп и негов близок соработник Стив Виткоф изјави дека рускиот претседател Владимир Путин во нивните разговори за војната во Украина „секогаш бил отворен“.Во интервју за Fox News, Виткоф ги бранеше своите средби со Путин, нагласувајќи дека бил изложен на критики поради тоа што се сретнал со него осум пати.„Никогаш не бил ништо друго освен отворен со мене. Иако поради тоа ме напаѓаат, тоа е точна изјава. Ми кажа кои се неговите црвени линии“, рече Виткоф.Путин, кој кариерата ја започнал како оперативец на советската тајна служба КГБ во осумдесеттите години, вклучително и мандат во Источна Германија, денес е во центарот на дипломатските напори за можен прекин на војната во Украина.Виткоф истакна дека средбите биле неопходни за да се разберат позициите на Москва.„Како ќе постигнете договор ако не знаете од кои позиции тргнува другата страна? Морав да ги разберам неговите мотиви и цели“, рече тој, додавајќи дека овие разговори сега стануваат „многу релевантни“.Тој оцени дека постои различна проценка меѓу САД и Украина за состојбата на терен, алудирајќи на несогласувањата со Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски по неодамнешните трилатерални разговори во Женева изјави дека гледа напредок во воениот дел од преговорите, но не и во политичкиот.Виткоф не ја исклучи можноста за средба меѓу Зеленски и Путин и најави дека „добри вести“ за крај на војната би можеле да се појават во наредните недели.Во меѓувреме, украинскиот претседател посочи дека нова рунда разговори со Русија и САД би можела да се одржи пред крајот на месецот.

Свет | пред 3 седмици

media-libraryrhpvs0j72uem79YSPPW

(Видео) СДСМ прашува: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен конзул?

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, отвори прашања во врска со назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Република Северна Македонија во Република Србија, со седиште во Панчево.Кузеска посочи дека пред околу еден месец српското Министерство за надворешни работи соопштило дека му ја предало егзекватурата на Адамовиќ, со што и официјално стапил на функцијата почесен конзул.„Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, праша Кузеска.Таа наведе дека на социјалната платформа „Икс“ може да се најдат стари објави на Адамовиќ во кои, како што рече, се користи формулацијата „српска Македонија“ и се тврди дека била окупирана, што според неа претставува скандал.Кузеска дополнително обвини дека Адамовиќ бил висок функционер на Српската напредна странка, која ја нарече сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, и дека бил близок до српскиот претседател Александар Вучиќ. Според неа, тој бил член на Извршниот одбор на СНС, координатор за Срем и координатор за Јужен Банат.Портпаролката на СДСМ се повика и на медиумски објави во Србија во кои, како што рече, се споменуваат различни афери поврзани со Адамовиќ, вклучително и наводи за негова поврзаност со трговија со оружје, како и информации за претходни инциденти и апсења.„Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво минато е избрана за почесен конзул?“, изјави Кузеска.Таа го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори дали македонските безбедносни служби ја провериле биографијата на Адамовиќ и дали постои каква било негова врска со Владата.

Македонија | пред 3 седмици

20072021_PVRSM_Zaev_MZ_Filipce_Klinika-za-ortopedija_4

Обвинувања за притисоци врз судии во периодот на владеење на СДСМ

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, обвини дека во периодот на владеење на Зоран Заев и СДС, судството било ставено под политичка контрола, а институциите функционирале, како што рече, по насока на извршната власт.„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, изјави Манасиевски.Тој тврди дека судиите и обвинителите не се избирале врз основа на закон и интегритет, туку според, како што рече, послушност кон тогашната власт. Според него, доколку некој покажел непослушност, следувало разрешување.Манасиевски наведе дека судските случаи се воделе како политички пресметки, а не како борба за правда, посочувајќи дека членови на ВМРО-ДПМНЕ биле предмет на, како што оцени, политички прогон.Како пример го посочи случајот со набавката на службеното возило „мерцедес“, во кој беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Според Манасиевски, поранешен врховен судија јавно укажал дека таа немала сторено кривично дело и дека поради одбивање да постапи по политичка директива бил разрешен.„Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција“, рече Манасиевски.Тој повика Јавното обвинителство да ги испита сите наводи и, како што рече, да не дозволи сомнежите за политичко влијание врз правосудството да останат без одговор.

Македонија | пред 3 седмици

media-libraryrpdcioavso43eOnJf5F

(Видео) Детали за опожарениот автомобил на поранешен полициски инспектор во Струмица: повредени нема

Два автомобили се запалени во Струмица, а во настанот нема повредени лица, информираат од Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“. Едно од возилата, „ланд ровер“ е сопственост на поранешен инспкетор во СВР Струмица.Од МВР соопштуваат дека на вчера во СВР Струмица било пријавено дека во периодот од 19:30 до 19:45 часот настанал пожар на патничко возило „ланд ровер“ со струмички регистарски ознаки, сопственост на Н.М. (51) од Струмица, како и на патничко возило „форд“ со струмички регистарски ознаки, сопственост на В.Т. (53) од Струмица.Возилата биле паркирани на паркинг-простор пред зграда на улицата „Браќа Миладинови“ во Струмица.Пожарот бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Струмица, а повредени лица нема.За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а увид на местото извршиле инспектор за пожари и екипа на СВР Струмица.Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Настани | пред 3 седмици

eZy-Watermark_01-10-2023_05-26-08-2590PM

Пет години му се суди на Рашковски: откако Апелација ја укина првата пресуда, обвинет признал вина за местење тендери

Пет години трае судскиот процес „Софтвери“, во кој поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, е обвинет за спорни тендери, набавка на софтвери и исплата на хонорари. По укинувањето на првостепената пресуда од Апелацискиот суд кон средината на 2024 година, со која Рашковски беше осуден на осум години затвор, предметот се суди повторно и во моментов се наоѓа во доказна постапка.За разлика од почетокот на процесот, кога јавноста и медиумите покажуваа значителен интерес, повтореното судење се одвива со далеку помало внимание. Обвинението беше поднесено во октомври 2021 година, а првостепената пресуда беше изречена во јули 2023 година, по што беше укината од Апелација и предметот вратен на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.По почетокот на повторената постапка, еден од обвинетите призна вина. Станува збор за професорот од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Ивица Димитровски, кој со укинатата пресуда беше осуден на пет години затвор. Според обвинението, тој ја изготвил техничката спецификација на тендерите што ги спроведувал Генералниот секретаријат, а истовремено учествувал и во постапките за јавни набавки – во едната како изведувач, а во другата како подизведувач. На товар му се ставаше и дека ги враќал средствата исплатени од Генералниот секретаријат каде бил ангажиран.Од Кривичниот суд за „Скопје1“ информираат дека на јавна главна расправа обвинетиот ја признал вината, по што постапката за него била раздвоена и оформен нов предмет. На 17 декември 2025 година била донесена пресуда врз основа на признание на вина, со која Димитровски е огласен за виновен за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.Судот му изрекол алтернативна мерка – условна осуда од две години затвор, која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело. Дополнително, тој е задолжен да ја надомести штетата на Република Северна Македонија и му е изречена забрана за учество во постапки за јавни набавки во период од пет години од правосилноста на пресудата.Предметот „Софтвери“ против останатите обвинети, меѓу кои и Рашковски, продолжува пред Кривичниот суд и сè уште е во фаза на изведување докази.

Македонија | пред 3 седмици

Screenshot-2025-08-17-at-20.54.17

Киев: Изјавите од Будимпешта и Братислава се провокативни и неодговорни

Украинските власти остро реагираа на, како што ги оценија, заканите и изјавите од Будимпешта и Братислава, нагласувајќи дека таквите потези се „провокативни и неодговорни“, особено во услови кога Русија спроведува масовни и целни напади врз украинската енергетска инфраструктура.Според соопштението од Киев, во момент кога Москва се обидува во текот на зимата да им ги ускрати на Украинците струјата, греењето и гасот, ваквите изјави „одат во прилог на агресорот“ и истовремено им нанесуваат штета на енергетските компании од Унгарија и Словачка, кои работат на комерцијална основа.Украина посочува дека е во постојана комуникација со Европската комисија поради штетите предизвикани од секојдневните руски напади, како и дека на Будимпешта и Братислава им доставила податоци за последиците од ударите врз инфраструктурата на нафтоводот „Дружба“. И покрај континуираната опасност од нови ракетни напади, безбедносните и стабилизациските работи продолжуваат, се наведува во соопштението.Киев истакнува дека предложил и алтернативни правци за снабдување на Унгарија и Словачка со нафта која не е од руско потекло, нагласувајќи дека Украина „секогаш била, е и ќе остане сигурен енергетски партнер на Европската унија и важна транзитна земја за енергенси“.Воедно, поради, како што се наведува, неоснованите и неодговорни закани од Будимпешта и Братислава, Украина разгледува можност за активирање на Механизмот за рано предупредување предвиден во Спогодбата за асоцијација меѓу Украина и Европската унија.Од украинското министерство упатија повик до владите на Унгарија и Словачка за конструктивен дијалог и одговорно однесување, порачувајќи дека ултиматумите треба да бидат насочени кон Кремљ, а не кон Киев.

Свет | пред 3 седмици

media-library60s2rbsetk9bfFSYMGj

Подземна со шест ленти и нови кружни текови во центарот на Скопје

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, извршиле увид во градежните активности на булеварот „Македонија“, проект со кој, како што истакна, главниот град ја добива својата прва подземна сообраќајница.Според информациите од Град Скопје, работите се одвиваат со засилена динамика, а на терен се ангажирани десетици камиони и градежни машини, вклучително и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален. Ѓорѓиевски најави дека ваквата практика ќе продолжи и во наредниот период.Проектот, кој со години беше во застој, добива нова временска рамка и динамика на реализација. Иако третата фаза – подземната сообраќајница – е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е условено со реализација на сите останати фази.Првата фаза започна пред неколку недели и опфаќа реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел подобрување на проточноста на сообраќајот. Зафатите ги опфаќаат булеварот „Борис Трајковски“ кај Рампа, улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот со „Борис Трајковски“.Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“ од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат со дополнителна коловозна лента. На овој потег ќе се уредува раскрсница со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со цел зголемување на безбедноста.На делницата од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, ќе се воведе еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу „Борис Трајковски“ и „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови семафори.Во наредните фази се предвидува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.Паралелно со коловозната инфраструктура се изведува и атмосферска канализација, со поставување повеќе од 60 шахти и сливници.Подземната сообраќајница ќе има шест ленти – четири за двонасочен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и пешачки патеки. Од Градот очекуваат со пуштањето во употреба да се намали метежот во централното градско подрачје и да се подобри протокот и безбедноста на сообраќајот.„Скопјани заслужуваат модерен град“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека проектот претставува ново поглавје во развојот на главниот град.

Скопје | пред 3 седмици

Screenshot-2025-09-01-at-10.25.28

Судската одлука за царините ја усложни играта меѓу Вашингтон и Пекинг

Одлуката на Врховниот суд на САД со која се поништуваат сеопфатните царини воведени од претседателот Доналд Трамп дополнително ги искомплицира односите меѓу Вашингтон и Пекинг. Иако на прв поглед изгледа дека судската пресуда ја зајакнува позицијата на Кина, аналитичарите оценуваат дека Пекинг ќе настапи внимателно, свесен дека Трамп располага со други механизми за воведување увозни давачки.Незадоволен од одлуката, Трамп најави привремена глобална царина од 10 отсто, со намера подоцна да ја зголеми на 15 отсто, истакнувајќи дека ќе бара алтернативни правни основи за наметнување тарифи. Тој ја оправда својата политика со оценка дека Кина претставува најголем предизвик за американската економска, технолошка и воена доминација.„Кина имаше стотици милијарди долари трговски вишок со САД. Ние ја обновивме Кина. Ние ја изградивме нејзината војска затоа што го дозволивме тоа“, изјави Трамп, додавајќи дека има „одлични односи“ со кинескиот претседател Си Џинпинг, но дека Пекинг сега „ја почитува Америка“.Од Белата куќа е потврдено дека Трамп ќе отпатува во Кина од 31 март до 2 април, каде ќе се сретне со Си. Според аналитичарот Али Вајн од Меѓународната кризна група, малку е веројатно дека кинескиот лидер ќе настапи триумфалистички. Наместо тоа, се очекува да се обиде да го зацврсти личниот однос со Трамп со цел да се одржи кревкото трговско примирје.Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пенгју, порача дека трговските и царинските војни не се во ничиј интерес и повика на соработка за стабилност на билатералните економски односи и на глобалната економија.Одлуката создаде неизвесност и кај другите трговски партнери на САД, особено во Азија. Според поранешниот американски дипломат Ден Критенбринк, повеќето азиски сојузници ќе постапуваат претпазливо додека не стане јасно како ќе се развива ситуацијата во наредните недели.Иако Врховниот суд ги ограничи овластувањата на претседателот во конкретниот случај, експертите предупредуваат дека администрацијата може да активира други правни механизми. Канцеларијата на американскиот трговски претставник веќе спроведува истрага дали Кина ги почитува обврските од претходниот трговски договор, што би можело да послужи како основа за нови тарифи.Во меѓувреме, Пекинг проценува дека дури и доколку тековните царини бидат намалени или поништени, тие можат повторно да бидат воведени со релативно мал правен отпор. Истовремено, кинеската страна се надева дека преку гаранции за купување американски производи или други отстапки ќе може да го убеди Трамп да ги намали давачките.Во ваква атмосфера, трговското примирје меѓу двете најголеми економии во светот останува кревко, а исходот од претстојната средба меѓу Трамп и Си би можел да биде клучен за стабилноста на глобалната економија.

Свет | пред 3 седмици

media-library0d98p5s3mb6sdg0ivMv

Од „прости ми“ до чист понеделник: кому и зошто Прочка

Прочка или Велики Поклади, меѓу народот позната и како Проштени Поклади, спаѓа меѓу најголемите христијански празници во Македонија. Според значењето, често се става веднаш по Божик и Велигден. Таа претставува премин од зимскиот кон пролетниот празничен циклус – ги затвора Бадник, Божик, Водици и Свети Трифун, а ги отвора Тодорова сабота, Младенци, Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден и Ѓурѓовден.Во 2026 година Прочка се одбележува на 22 февруари, во недела, како Сиропустна недела, а веќе наредниот ден – на 23 февруари – започнува Чист понеделник и со него долгите, седумнеделни Велигденски пости. Токму затоа празникот има длабока духовна симболика: влегување во постот преку проштевање и внатрешно очистување.Црковната традиција го поврзува денот со изгонувањето на Адам од Рајот, потсетувајќи дека човекот во постот не влегува само со правила, туку со духовен пресврт. Оттука, централниот обичај е проштевањето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата си простуваат – небото за громовите, мразовите и поројните дождови, а луѓето меѓусебно за сите грешки направени во текот на годината.Прошката има јасна хиерархија: помладиот бара од постариот, детето од родителот, крштеникот од кумот. Три пати се поклонува и изговара: „Прости ми“, а одговорот гласи: „Простено да ти е од мене и од Господа“. Во некои краишта оној што бара прошка носи симболичен подарок – портокал, лимон, суво грозје, алва или јајце – па токму портокалот останал симбол на празникот.Покрај духовниот чин, Прочка изобилува со народни обичаи, од кои дел имаат претхристијански корени. Најпознат е обичајот „амкање“. Варено бело јајце се врзува на конец и се спушта од таванот или од синџирот на огништето, а членовите на семејството се обидуваат да го фатат со уста, без раце. Се верува дека оној што ќе го „лапне“ ќе биде здрав и среќен цела година. Некаде се амка и со пита или алва, а потоа конецот се пали и според тоа како гори се „гата“ за животот и судбината.Обредните огнови се уште еден впечатлив белег на празникот. Во повеќе краишта се палат големи покладни огнови што децата ги прескокнуваат за да се „очистат“ од болести, штетници и лоша енергија. Во источна и југоисточна Македонија овие огнови се познати како Голема Ора-копа, за разлика од Мала Ора-копа што се пали една недела порано.Неделата пред Прочка се нарекува Месопусна или Месни поклади, бидејќи тогаш се запостува од месо. Периодот од Месни поклади до Прочка е Сирна или Бела недела, кога се консумираат млечни производи. Со самиот празник завршува и оваа можност, а од Чист понеделник започнува строг пост.Чист понеделник има и практична димензија – тогаш се чисти домот, а садовите се мијат темелно за да се „испоснат“ од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со долго вриење. Во некои места првите три дена од постот се одбележувале со строг пост наречен Тример, кога побожните не јаделе ништо, а потоа оделе во црква по света вода и приредувале посна трпеза.Со празникот се поврзани и карневалите во Струмица и Прилеп, кои низ маски, поворки и јавни настани ја оживуваат традицијата и ја прават видлива за новите генерации. Така, домашните обичаи – прошката, амкањето и огновите – се пренесуваат и во јавниот простор, задржувајќи ја својата симболика.Иако формите варираат, суштината останува иста: Прочка е ден на пресврт – од зима кон пролет, од тежина кон олеснување, од инает кон прошка. Најкратката и најтешка реченица што се изговара тој ден – „прости ми“ – е воедно и најсилниот белег на празникот.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarykmr3rt0vuhms9H5gV5u

Подолги редици на аеродромите во САД: Блокада на владата ги укина програмите за брза безбедносна контрола

Патниците на американските аеродроми од денеска ќе чекаат подолго на безбедносните и граничните контроли, откако Министерството за внатрешна безбедност на САД привремено ги суспендираше програмите ТСА ПреЧек и Глобал Ентри.Одлуката е донесена поради делумната блокада на работата на федералната влада, која започна на 14 февруари, откако демократите и Белата куќа не постигнаа договор за финансирањето на Министерството. Спорната точка се барањата за измени во имиграциските операции поврзани со кампањата за депортации на претседателот Доналд Трамп.Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем изјави дека блокадите имаат „сериозни последици во реалниот свет“ и дека Управата за безбедност на транспортот и Царинската и гранична служба ќе ѝ дадат приоритет на општата патничка популација, при што се суспендираат „специјалните протоколарни и други привилегии“.Суспензијата започна утринава во 6 часот по источно американско време. Програмата ТСА ПреЧек им овозможува на претходно одобрени патници да користат побрзи ленти за безбедносна проверка, додека Глобал Ентри го забрзува царинскиот и имиграцискиот процес за патници со низок ризик при влез во САД.Американските авиокомпании реагираа со критики, оценувајќи дека патниците не биле навреме информирани за мерката. Здружението „Ерлајнс фор Америка“ соопшти дека е „длабоко загрижено“ што патниците повторно стануваат средство за политичко надмудрување во услови на блокада на владата. Според нив, слична ситуација минатата година предизвикала загуби од 6,1 милијарда долари во авиоиндустријата и поврзаните сектори.Одлуката ја критикуваа и демократите од Комитетот за внатрешна безбедност во Претставничкиот дом, обвинувајќи ја администрацијата дека ги „осакатува програмите што ги прават патувањата полесни и побезбедни“.Покрај тоа, поради блокадата, администрацијата нареди и Федералната агенција за управување со вонредни ситуации да го прекине испраќањето на стотици хуманитарни работници во подрачја погодени од катастрофи.Разрешувањето на спорот во Конгресот ќе биде клучно за повторно активирање на програмите и нормализирање на протокот на патници на американските аеродроми.

Свет | пред 3 седмици

media-libraryght3lrcq3va39IqXFD1

Нов анти-СЛАПП закон: Казна до 20.000 евра за злонамерни тужби

Кога ќе се утврди дека тужителот водел злонамерна судска постапка против лица вклучени во јавно дејствување, вклучително и новинари, судот ќе може да му изрече парична казна до 20.000 евра. Ова е една од клучните одредби од Нацрт-предлог законот за заштита на лица вклучени во јавно дејствување, со кој се имплементира европската Анти-СЛАПП директива.Законот, кој е во фаза на јавно советување, треба да биде транспониран во националното законодавство до 7 мај. Во образложението се наведува дека СЛАПП-тужбите најчесто ги покренуваат моќни поединци, корпорации, лоби-групи, политичари или државни тела, со цел да се замолчи јавната расправа. Карактеристична е нерамнотежата на моќта, при што тужителот располага со значително поголеми финансиски или политички ресурси од тужениот.Со новиот закон се предвидуваат посебни процесни гаранции, меѓу кои рано одбивање на тужбата како очигледно неоснована, надомест на трошоци, парични казни и други санкции. Судот ќе има обврска итно да постапува по ваквите барања, а контактна точка ќе биде Правосудната академија.Меѓу најзначајните механизми е можноста за рано отфрлање на тужбата, при што товарот на докажување на основаноста ќе биде на тужителот. Судот ќе може, по завршување на претходната постапка, веднаш да одржи главна расправа и да донесе пресуда со која ја одбива очигледно неоснованата тужба.Во случај на утврдена злонамерна тужба, физичко лице може да биде казнето со 10 отсто од вредноста на спорот, но најмногу до 5.000 евра, додека за правно лице казната може да изнесува 20 отсто од вредноста на спорот, но не повеќе од 20.000 евра. Дополнително, може да се наложи објава на пресудата во медиуми, на трошок на тужителот.Предвиден е и депозит што тужителот ќе мора да го положи, доколку тужениот тоа го побара и судот го прифати барањето. Доколку тужителот не успее во спорот, трошоците ќе можат да се намируваат од тие средства.Претставници на новинарски и граѓански организации ја поздравуваат иницијативата, но укажуваат на ограничувањата. Законот опфаќа само граѓански и трговски постапки, но не и кривични. Според нив, тоа остава простор за зголемување на кривичните постапки за навреда и клевета како алтернативен притисок врз новинарите и активистите.И покрај тоа, дел од организациите оценуваат дека станува збор за значаен чекор напред во заштитата на слободата на изразување и јавниот интерес, додека ефектите од новите механизми ќе зависат од нивната практична примена во судовите.

Свет | пред 3 седмици

media-library6p21p0pmug1rckUQz1R

Гренланд повторно во фокусот на Трамп: „На пат е!!!“

Гренланд повторно се најде во центарот на вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп, кој на својата социјална мрежа „Трут соушал“ објави дека испраќа болнички брод кон овој арктички остров.Трамп наведе дека во соработка со гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри – кого го претстави и како специјален пратеник на САД за Гренланд – ќе испрати голем болнички брод за да се „погрижи за бројните болни луѓе за кои никој не се грижи“. Во објавата, придружена со АИ-слика од бродот УСНС „Мерси“, напиша: „На пат е!!!“.Сепак, засега нема официјална потврда дека некој од двата американски болнички брода навистина плови кон Гренланд. Според податоците од поморските сервиси, и УСНС „Мерси“ и УСНС „Комфорт“ се наоѓаат на ремонт во бродоградилиште во Мобајл, Алабама.Данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен изјави дека Копенхаген нема никакви информации за испраќање болнички брод. Тој нагласи дека нема потреба од посебна здравствена интервенција на Гренланд и дека локалните власти, со поддршка од Данска, обезбедуваат соодветна здравствена грижа.Објавата на Трамп дојде неколку часа по евакуацијата на член на екипажот на американска подморница, кој побарал итна медицинска помош на седум наутички милји од главниот град Нук. Евакуацијата ја спроведе хеликоптер „Сихок“ на данската одбрана, а морнарот бил пренесен во болница во Нук.Паралелно со здравствената тема, Трамп во изминатите месеци повеќепати повторува дека сака САД да го „преземат“ Гренланд, нарекувајќи го од клучно значење за националната безбедност. Данска остро ги отфрли таквите изјави, нагласувајќи дека Гренланд не е на продажба и дека неговата иднина ја одлучуваат неговите жители.Европската унија застана зад Данска, а генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, порача дека Арктикот треба да остане зона на соработка, а не на конфронтација.Иако САД во просек имаат подобри здравствени показатели од Гренланд, островот функционира со јавно финансиран здравствен модел, со поинаква организација и поголем број болнички кревети по глава на жител. Засега останува нејасно дали објавата на Трамп претставува конкретна оперативна одлука или дел од поширока политичка порака во контекст на неговите амбиции поврзани со Гренланд.

Свет | пред 3 седмици

media-libraryocok0dtv02oaah1W2q6

(Видео) „Има разговори за дрога и убиства, викаат ги водел Шеваљ“, Катевеновски ексклузивно открива што криела апликацијата „Скај“

Адвокатот Ристо Катевеновски, бранител на Севдал Азири – обвинет како дел од т.н. „група од Грчец“, која според обвинението ја предводел Шеваљ Муареми – ексклузивно во „Претрес со Ландов“ збореше за доказите кои произлегоа од апликацијата која важи за најкористена меѓу криминални кругови.Катевеновски истакна дека неговиот клиент бил единствениот од обвинетите кој се познавал со Муареми, но дека во ниту еден разговор директно не се спомнува името Севдал Азири. Според него, во комуникациите се појавува само надимакот „Косовар“, кој обвинителството го поврзува со Азири.„Никој не го викал Косовар, немал таков надимак“, изјави адвокатот, додавајќи дека ниту еден од обвинетите немал Скај-уред во моментот на заплената на телефоните. Тој појасни дека апликацијата бара посебен уред и дека, според одбраната, прислушувани биле трети лица, а не директно обвинетите.Во однос на наводите дека Азири бил задолжен да го провери квалитетот на дрогата во Албанија и дека во два наврати ја носел, Катевеновски рече дека дури и да постои таква комуникација, „проверка на квалитет“ не претставува дејствие што потпаѓа под член 215 од Кривичниот законик.На прашање за разговорите поврзани со наводна нарачка на убиство, тој рече дека постојат такви разговори.Цел разговор тука:

Студио | пред 3 седмици

c8c0395d-fc13-4585-9165-dfae2cd4763a

Британскиот министер за одбрана: Сакам да бидам министерот што ќе испрати британски трупи во Украина

Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека сака да биде првиот министер кој ќе распореди британски трупи во Украина – но само во случај тоа да значи дека војната конечно е завршена. Во авторски текст објавен во „Телеграф“, во пресрет на четвртата годишнина од руската инвазија, Хили порача дека „2026 мора да биде година на завршување на оваа страшна војна“.Тој нагласи дека евентуалното испраќање британски сили би значело дека мирот е постигнат преку преговори и дека Европа добила сигурна и суверена Украина. Велика Британија и Франција, според него, ги предводат разговорите со сојузниците за формирање „коалиција на подготвени“, која би распоредила мировни сили доколку се постигне договор за крај на конфликтот.Хили истакна дека „нема потежок товар за кој било министер за одбрана или влада од одлуката да испрати вооружени сили во операции“. Во февруари тој копретседаваше со состаноци во Брисел со Контакт-групата за одбрана на Украина, составена од 50 држави, како и со министрите за одбрана на НАТО. На тие средби, сојузниците ветија околу 35 милијарди долари воена поддршка за Украина.Во текстот се наведува и дека Лондон ќе ја засили воената помош и ќе го зголеми притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин преку нови санкции и акции против таканаречената руска „флота во сенка“. Според Хили, војната покажала дека никогаш не смее да се потцени волјата на украинскиот народ.Изјавите доаѓаат откако поранешниот британски премиер Борис Џонсон повика Велика Британија и сојузниците уште сега да испратат небoрбени трупи во Украина како сигнал за поддршка на суверенитетот на Киев. Џонсон предупреди дека Путин ќе продолжи со агресијата сè додека не се увери во решителноста на Западот.Говорејќи за Би-Би-Си, Џонсон изјави дека „нема логична причина“ зошто во блиска иднина не би требало да има небoрбени сили на терен во Украина. Според него, доколку веќе се планира распоредување сили по евентуално примирје, тогаш нема причина тоа да не се случи и порано.

Свет | пред 3 седмици

media-librarylhahagk9ensjee4IAr9

(Видео) Запален автомобил во Струмица меѓу згради, неофицијално се поврзува со поранешен инспектор во МВР

Автомобил што во јавноста се поврзува со поранешен инспектор во Министерството за внатрешни работи бил запален вчера во Струмица, во близина на поранешниот објект „Симпо“.Според првичните информации, пожарот избувнал во вечерните часови, по што веднаш била повикана противпожарна екипа. Огнената стихија го зафатила предниот дел од возилото, кој е целосно изгорен.Надлежните служби извршиле увид на местото на настанот. Засега не се соопштуваат официјални детали за причините, но според информациите што циркулираат во јавноста, постојат сомневања дека пожарот бил подметнат.Познато е дека ќе се анализираат снимките од надзорните камери во околината, со цел да се утврди како точно избил пожарот и дали станува збор за кривично дело.Истрагата е во тек. МВР најавува детали за пожарот.

Скопје | пред 3 седмици

media-libraryqsq87a7voc1n2MDXdQY

Унгарскиот премиер со остри критики кон Брисел

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на предизборен митинг во Бекешчаба повторно ја критикуваше западната стратегија кон војната во Украина, споредувајќи ја политиката на Европската унија со историските неуспеси на Наполеон Бонапарта и Адолф Хитлер.„Денес војната сè уште трае затоа што европските лидери сакаат да продолжи“, изјави Орбан пред поддржувачите. Во своето обраќање тој не ја спомена одговорноста на Русија за започнувањето на војната.Минатата недела, во годишното обраќање до нацијата, Орбан порача дека „путинизацијата“ е примитивна и неозбилна, додавајќи дека вистинската закана за слободата на Унгарците, според него, не доаѓа од Москва, туку од Брисел.Говорејќи за мотивите на европските лидери, Орбан изјави дека тие веруваат оти доколку ја поразат Русија на украинска територија, ќе можат да ја натераат да плати отштета и на тој начин да ги вратат средствата што ѝ ги дале на Украина во форма на заеми.„Тоа го пробаа и Наполеон и Хитлер. Ним не им успеа. Ќе ѝ успее ли на Каја Калас?“, рече Орбан.Тој ја оцени како погрешна стратегијата на очекување дека Русија економски ќе се исцрпи поради санкциите на Европската унија, додавајќи дека „на крајот црвеното знаме обично се вее на берлинските кули“.Изјавите на унгарскиот премиер доаѓаат во период на засилени несогласувања меѓу Будимпешта и Брисел околу санкциите кон Русија и воената и финансиска поддршка за Украина.

Свет | пред 1 месец

bela-kuka

Би-Би-Си: Новите царини носат неизвесност за сојузниците на САД

Британскиот јавен сервис Би-Би-Си во својата анализа оценува дека не е изненадување што американскиот претседател Доналд Трамп избрал поинаков правен механизам за воведување нова глобална царина од 15 отсто. Според анализата, царините претставуваат централен дел од економската стратегија на Трамп, па одлуката на Врховниот суд на САД – со која беше утврдено дека ги пречекорил овластувањата повикувајќи се на вонредни економски мерки – значително ја ограничила неговата моќ.Трамп најави дека неговата администрација во наредните месеци ќе продолжи да определува и воведува нови, законски дозволени царини, тврдејќи дека тие ќе донесат уште поголеми приходи од претходниот систем. Сепак, според Би-Би-Си, извесно е дека ќе продолжи периодот на неизвесност за компаниите и за американските сојузници.Неколку земји, меѓу кои Обединетото Кралство, Мексико и Германија, внимателно ја поздравиле судската пресуда, но истакнале дека ќе ги следат следните чекори на американскиот претседател пред да преземат конкретни мерки.Во анализата се отвора и прашањето дали компаниите што веќе ги платиле царините кои сега се прогласени за незаконски ќе имаат право на поврат на средствата.Дополнително, се потсетува дека новата глобална тарифа може да остане во сила најмногу 150 дена без одобрување од американскиот Конгрес, што остава простор за нови политички и правни судири во Вашингтон.

Свет | пред 1 месец

media-librarypdk8711irmkmfnYLqZ9

(Фото) Четири години по спасувањето: Делфина и Мики во скопската Зоолошка се адаптираат на самостоен живот

Во Зоолошката градина во Скопје денеска радост за малата Делфина – гибончето кое пред четири години беше спасено по драматичен пад во езеро, доби нова играчка орангутан како подарок од редовна посетителка.Делфина тогаш беше отфрлена од својата мајка и остана сама, но по спасувањето нејзиниот живот го презеде зоонегувателката Зера, која, како што информираат од ЗОО-Скопје, 24 часа дневно ѝ се посветила на грижата и одгледувањето. Благодарение на таа посветеност и тимската работа на вработените, Делфина денес е здрава и адаптирана.Во меѓувреме, таа и нејзиното помало братче Мики заедно учат да живеат самостојно. Од ЗОО-Скопје нагласуваат дека се една од ретките институции во светот што успеале да спојат и успешно да адаптираат две гибончиња во вакви околности.Приказната за Делфина и Мики со години ги трогнува посетителите, кои се восхитуваат на пожртвуваноста на негувателката Зера и на тимот што стои зад нивниот напредок. Подарокот – играчката орангутан – е уште еден симбол на таа поврзаност меѓу животните и луѓето кои се грижат за нив.Од Зоолошката градина додаваат дека во изминатиот период Делфина и Мики редовно добивале подароци и играчки и од тимот, со цел да се поттикне нивната социјализација и природно однесување.

Скопје | пред 1 месец

1680676725_Tramp-5-696x464

Кои царини ги поништи Врховниот суд на САД – и поради што?

Врховниот суд на САД ги поништи царините што Доналд Трамп ги воведе повикувајќи се на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (ИЕЕПА), оценувајќи дека претседателот нема уставна надлежност самостојно да воведува нови давачки без одобрување од Конгресот.Станува збор за мерките што Трамп првпат ги активираше во февруари 2025 година, кога воведе царини за увоз од Кина, Мексико и Канада, тврдејќи дека трговијата со фентанил претставува вонредна состојба. Неколку месеци подоцна, на настан што го нарече „Ден на ослободување“, тој ги прошири тарифите и воведе стапки од 10 до 50 отсто за речиси сите земји во светот, образложувајќи дека американскиот трговски дефицит претставува „вонредна и невообичаена закана“.Судот утврди дека правото за воведување нови даноци и царини припаѓа на Конгресот, а не на претседателот. Дополнително, во пресудата се наведува дека регулирањето на трговијата според ИЕЕПА не подразбира собирање приходи преку нови давачки, туку ограничени мерки во рамки на вистински вонредни ситуации.Сепак, дел од царините воведени од Трамп во текот на изминатата година остануваат во сила, бидејќи не се донесени врз основа на ИЕЕПА. Тоа се однесува на секторските тарифи за челик, алуминиум, дрво и автомобили, воведени согласно член 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година, со образложение дека се неопходни за заштита на националната безбедност.Со оваа одлука, Врховниот суд постави јасна граница меѓу извршната и законодавната власт во доменот на трговската политика, отворајќи ново поглавје во дебатата за овластувањата на претседателот во економската сфера.

Свет | пред 1 месец

Screenshot-2025-08-22-at-10.41.43

Прва реакција од Париз: Макрон за новите царини на Трамп

Францускиот претседател Емануел Макрон ја коментираше одлуката на Врховниот суд на САД со која беше поставена пречка за царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека е „добро“ што во САД постојат механизми на проверка и рамнотежа на власта.Говорејќи за време на посетата на земјоделски саем во Париз, Макрон ја нагласи важноста на владеењето на правото и институционалните механизми во демократските системи.„Добро е што во демократиите постојат власт и противтежа на власта. Тоа треба да се поздрави“, изјави францускиот претседател.Во однос на најавата на Трамп за воведување глобална царинска стапка од 15 отсто, Макрон посочи дека Франција внимателно ќе ја анализира новонастанатата ситуација.„Ќе ги проучиме точните последици, што може да се направи и ќе се приспособиме“, рече тој.Макрон додаде дека „најправичните можни правила подразбираат заемност, а не трпење еднострани одлуки“. Според него, доколку новите мерки придонесат за смирување на состојбата, тоа е позитивно, но приоритет треба да биде намалување на меѓународните тензии и продолжување со модернизацијата на националните економии.

Свет | пред 1 месец

media-library77614r3so4gffLZss0S

Нов трговски удар од Вашингтон: Трамп ги зголеми глобалните царини на 15 отсто

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека со итен ефект ги зголемува глобалните царини од 10 на 15 отсто, повикувајќи се на овластувањата од американскиот Закон за трговија. Одлуката следува само еден ден откако Врховниот суд на САД пресуди дека неговите претходни „реципрочни“ царини биле незаконски, бидејќи немале соодветна законска основа.Врховниот суд оцени дека претседателот не може во толкав обем да се повикува на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања од 1977 година за воведување широки глобални царини без јасно одобрување од Конгресот. Трамп ја критикуваше пресудата, а веќе денес најави нова стапка, тврдејќи дека станува збор за „правно проверена“ мерка.Првата реакција пристигна од Франција. Францускиот претседател Емануел Макрон, за време на посетата на земјоделски саем во Париз, изјави дека е добро што во САД постојат механизми на контрола и рамнотежа меѓу властите.„Добро е што во демократиите постојат механизми на власт и противтежа на власта. Тоа треба да се поздрави“, рече Макрон.Во однос на најавената глобална царинска стапка од 15 отсто, францускиот претседател посочи дека Париз внимателно ќе ги анализира последиците. „Ќе ги проучиме точните ефекти, што може да се направи и ќе се приспособиме“, изјави тој.Макрон нагласи дека „најправичните можни правила подразбираат заемност, а не трпење еднострани одлуки“. Според него, доколку новата мерка придонесе за смирување на ситуацијата, тоа е позитивно, но приоритет треба да биде намалување на меѓународните тензии и модернизација на националните економии.Одлуката на Трамп повторно ги отвора прашањата за стабилноста на глобалниот трговски систем и можните контрамерки од европските и други партнери, во време кога светската економија и натаму се соочува со сериозни предизвици.

Свет | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања