ОЈО ГОКК потврди акција за корупција: приведен директор за мито
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека во тек е координирана акција со Министерството за внатрешни работи, поради основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа.„Под координација на јавен обвинител на ОЈО ГОКК во тек е акција на МВР поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа. ОЈО ГОКК ќе излезе со детали по завршување на акцијата“, соопштија од обвинителството.Претходно, според неофицијални информации од истрагата, актуелен директор на државна институција е лишен од слобода под сомнение за примање мито. Станува збор за акција на службите за борба против организиран криминал при Бирото за јавна безбедност.Неофицијално, се посочува дека приведен е директорот на Државниот инспекторат за земјоделие, Васе Анакиев, кој бил фатен при барање и примање поткуп во износ од околу 50.000 евра.Засега нема официјална потврда за идентитетот на приведеното лице, ниту за сите детали од случајот. Истражните органи работат на утврдување на сите околности, вклучително и дали станува збор за изолиран случај или за поширока корупциска мрежа.Од извори вклучени во акцијата неофицијално се брифира дека станува збор за дел од засилените активности за борба против корупцијата, со акцент на неселективно постапување.Се очекуваат повеќе информации по завршување на акцијата.
Македонија | пред 7 часа