ВО ЖИВО

Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец

Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
4 нед.
media-library58qjfn3sqj966fc92fG

Грипот зема замав: над 2.300 заболени, болниците се полнат

Со почетокот на второто полугодие, македонските училишта се полни речиси со сите ученици, и покрај ширењето на грипот, изјавија од О.У „Кирил и Методиј“. Министерката за образование, Весна Јаневска, истакна дека стапката на новозаразени не го одложи почетокот на наставата, додавајќи дека учениците до 15 години имаат 900 часа помалку настава во однос на нивните врсници во Европската Унија.Медицинските ординации веќе се подготвуваат за зголемен број пациенти, а лекарите апелираат да се почитуваат препораките и децата со симптоми да не посетуваат училиште или градинка.Во Клиниката за респираторни заболувања се лекуваат 70 деца, од кои 10 се на кислород, а кај 15 е потврден грип, инфлуенца А. Во Клиниката за инфективни болести се лекуваат 30 пациенти.Според извештајот на Институтот за јавно здравје, во последната недела се регистрирани над 2.300 новозаболени, што претставува зголемување од речиси 35% во однос на претходната недела. Во текот на сезоната двајца пациенти починаа од грип.Наставниците и родителите се охрабруваат да ги следат препораките за заштита, а здравствените установи се подготвени за зголемен обем на работа во наредните недели.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-library459onrun4ubo77ocVeW

Пленковиќ за Трамп и Гренланд: „Зборовите понекогаш носат повеќе штета отколку корист“

Меѓународната комуникација околу прашањето за Гренланд понекогаш создава повеќе проблеми отколку решенија и затоа треба да биде заменета со отворен и разумен дијалог, изјави денеска во Давос хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој учествува на Светскиот економски форум во швајцарскиот алпски град. Во Давос утре се очекува да пристигне и американскиот претседател Доналд Трамп, во период на засилени тензии меѓу двете страни на Атлантикот.Тензиите се продлабочија откако Трамп најави воведување царини за европските земји кои застанаа на страната на Копенхаген во врска со неговите изјави за Гренланд, автономна територија на Данска. Пленковиќ нагласи дека токму во вакви ситуации е важно дијалогот да ја замени острата и пребрза меѓународна комуникација, која често произведува несакани последици.Според него, прашањата поврзани со Данска директно ги засегаат и нејзините сојузници во НАТО и сите земји членки на Европската Унија, кои мораат јасно да се позиционираат, но истовремено да водат разумна и одговорна политика кон САД како клучен трансатлантски партнер.Пленковиќ најави дека односите меѓу САД и Европската Унија ќе бидат единствената тема на претстојниот состанок на Европскиот совет во четврток. Тој истакна дека ставот на Хрватска е јасен – солидарност со Данска и барање разумно решение преку дијалог со Вашингтон. Воедно го поздрави доаѓањето на Трамп во Швајцарија, каде што американскиот претседател ќе ја појасни својата иницијатива за формирање таканаречен „Одбор за мир“.Американскиот претседател најави дека во четврток во 10:30 часот ќе ја потпише повелбата за основање на овој одбор, на маргините на форумот во Давос, каде што утре ќе се обрати и пред учесниците. Пленковиќ оцени дека е прерано да се знае дали Хрватска ќе се приклучи на иницијативата, бидејќи документот допрва треба внимателно да се проучи и за него да се спроведат соодветни консултации.Тој нагласи дека за потпишување на ваков документ мора да се испочитуваат утврдени процедури и дека одлуките не можат да се носат набрзина, од ден за ден, но додаде дека Хрватска секогаш е подготвена да ги поддржи сите иницијативи кои водат кон мир.Одборот за мир првично беше замислен како тело за надзор на спроведувањето на примирјето во Газа врз основа на резолуција на Обединетите нации, но светските медиуми наведуваат дека Трамп го гледа како подолгорочна алтернатива на светската организација, која со години е предмет на негова критика.Според досегашните информации, во Одборот за мир се поканети околу педесет држави, меѓу кои Франција, Германија и Обединетото Кралство. Покани добиле и претседателите на Русија, Турција, Белорусија и Украина, Владимир Путин, Реџеп Таип Ердоган, Александар Лукашенко и Володимир Зеленски, како и Хрватска и Европската комисија.

Свет | пред 4 седмици

4 нед.
Screenshot-2023-12-01-at-10.49.15

Лавров го цитираше Милановиќ, па го спореди Гренланд со Крим

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска на прес-конференција во Москва го спомена хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, користејќи негова изјава за да направи споредба меѓу Гренланд и Крим.„Господинот Милановиќ рече дека за судбината на Гренланд може да одлучува само народот на Гренланд. Ако наместо Гренланд го ставите Крим, сè ќе ви стане појасно“, порача Лавров.Тој нагласи дека жителите на Крим гласале за присоединување кон Русија и оцени дека Крим за Москва има исто значење како што Гренланд има за Соединетите Американски Држави. Воедно, Лавров ги оспори американските тврдења дека интересот за Гренланд е поврзан со страв од кинеско или руско влијание, наведувајќи дека за такви закани нема докази.Претходно, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ преку објава на социјалните мрежи порача дека за иднината на Гренланд може да одлучува само тамошниот народ, во согласност со правото на самоопределување предвидено во законите на Кралството Данска.„Со оглед на актуелните политички, па дури и воени претензии кон Гренланд, автономен дел на Кралството Данска, истакнувам дека за Гренланд и за неговата иднина може да одлучува исклучиво гренландскиот народ, во согласност со правото на самоопределување што му го даваат законите на Кралството Данска.Не постои ниту една безбедносна причина што може да биде над тоа право на народот на Гренланд“, наведе, меѓу другото, Милановиќ.

Свет | пред 4 седмици

4 нед.
media-libraryb360u0uo9bamfEegyMh

(Видео) Со рацете во џеб, судијата Ристов отиде во суд, придружуван од сопругата и адвокатот

Со рацете во џеб, судијата Ѓоко Ристов од скопска Апелација од Обвинителството каде беше на распит, замина во Кривичен суд, каде ќе се одлучува по предлогот да му изречат куќен притвор. Во домот на неговите родители, беа најдени 350.000 евра заѕидани во ѕид.Ристов беше во друштво на неговата сопруга која го чекаше на влезот од Обвинителството, и адвокатот Sвонко Давидовиќ. Во судот дојде и адвокатот Душко Јанковиќ, а таму отиде и обвинителката Искра Хаџи Василева.Претходно, Судски совет му го симна имунитетот на Ристов, за Кривичен суд да може да одреди мерки на претпазливост.Ристов е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, при што во домот на неговите родители во Неготино, за време на претрес извршен по наредба на суд, беа пронајдени 350.000 евра скриени во соѕидан простор во ѕид. Обвинителството соопшти дека парите се сомнителни како незаконски стекнати, а постапката е дел од поширока истрага за висока корупција, поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-libraryajf5b4e7a1hi1o0MbpC

Судскиот совет едногласно му го одзема имунитетот на Ристов по откриените 350.000 евра

Со едногласна одлука, сите присутни членови на Судкскот совет одлучија да му биде одземен имунитетот на судијата Ѓоко Ристов од скопска апелација за кој се бара одземање на пасошот и куќен притвор по најдените 350.000 евра во домот на неговите родители лоциран во Неготино.Претходно, Судскиот совет ја исклучи јавноста од седницата за да му го заштитат интегритетот на судијата. Обвинителството соопшти дека парите се сомнителни како незаконски стекнати, а постапката е дел од поширока истрага за висока корупција, поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност.Се очекува Ѓоко Ристов да биде спроведен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-libraryqn1ah5r5483adoPs9qD

Трамп се закани со царини поради Гренланд: Може ли Врховниот суд да ги поништи?

Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини кон земјите членки на НАТО, доколку Соединетите Држави не добијат контрола над Гренланд, би можеле да се соочат со сериозна правна пречка, откако Врховниот суд на САД се подготвува да донесе одлука што може да ги прогласи ваквите мерки за незаконски, објави CNBC.Трговски правници оценуваат дека царините со кои Трамп се закани изминатиот викенд најверојатно би се темелеле на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања, чија уставност моментално ја разгледува Врховниот суд. Американскиот претседател најави дека осум европски земји ќе се соочат со растечки царини, почнувајќи од 10 проценти од 1 февруари, со зголемување на 25 проценти од 1 јуни, доколку не се постигне договор што би му овозможил на Вашингтон да го преземе арктичкиот остров.Според Мајкл Ловел, партнер во адвокатската канцеларија „Рид Смит“, иако Трамп не прецизирал врз кој закон би се повикале овие мерки, одлуката на Врховниот суд за Законот за вонредни економски овластувања директно би влијаела врз исходот на заканите со царини поврзани со Гренланд. Тој нагласува дека, доколку судот утврди дека овој закон не му дава право на претседателот да воведува царини, тогаш и мерките насочени кон членките на НАТО би биле незаконски, по што погодените компании би морале да покренат нови судски постапки.Од друга страна, министерот за финансии Скот Бесент изјави дека е „многу малку веројатно“ Врховниот суд да го оспори користењето на вонредните овластувања од страна на претседателот за наметнување царини. Одлуката се очекува веќе оваа недела, а од администрацијата порачаа дека новите царини би стапиле на сила веднаш, дури и доколку пресудата не оди во нивна корист.Доколку на Трамп му биде одземено правото да се повика на Законот за вонредни економски овластувања, администрацијата би можела да се насочи кон Одделот 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година. Според правниците, претседателот би можел да ја искористи неодамна завршената истрага за критични минерали врз основа на овој закон, имајќи предвид дека Гренланд, како полуавтономна територија на Данска, располага со значајни минерални ресурси.Во јануарска прокламација на Белата куќа, Трамп се повика на овластувањата од Одделот 232 со цел насочување на преговорите со странски држави за обезбедување доволни залихи на критични минерали и за намалување на ранливоста на синџирите на снабдување. Во документот се наведува дека, доколку преговорите не вродат со плод, можно е да се воведат увозни ограничувања, вклучително и царини.Аналитичарите од „ТД Каун“ оценуваат дека Одделот 232 останува моќна алатка на администрацијата, независно од одлуката на судот. Според нив, без разлика на исходот за Законот за вонредни економски овластувања, овој механизам ќе продолжи да се користи за воведување дополнителни царини, при што тие не би биле директно поврзани со спорните мерки што се разгледуваат пред Врховниот суд.

Свет | пред 4 седмици

4 нед.
media-library8r67i2vhuh6339q7VX2

Ѕид со тајна: како биле спакувани и скриени 350.000 евра во дом поврзан со судијата Ѓоко Ристов

На 20.01.2026 Единицата за корупција во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против Ѓ.Р. (53) од Неготино, со живеалиште во Скопје, поради постоење на основано сомнение  за сторени кривични дела „противправно стекнување и прикривање имот“ по чл.359-а ст.3 в.в. ст.1 и „перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл.273 ст.1 од КЗ.Ѓ.Р., во својство на службено лице- судија во Апелациониот суд Скопје, во временскиот период од 10.02.2020 до денес, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена дал лажни податоци за својот имот и имот на неговото семејство, кој имот во големи размери ги надминува неговите законски приходи.Притоа, на 18.01.2026, врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во координација со предметен јавен обвинител извршен е претрес во домот на неговите родители лоциран во Неготино, каде на првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти  во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Зеленски загрижен дека драмата околу Гренланд ќе го одвлече вниманието на светот од Украина

Украина и Европа треба да создадат заеднички воени одбранбени сили со капацитет до три милиони војници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во разговор со новинари одржан преку апликацијата „ВатсАп“. Тој нагласи дека идејата за заедничка армија ја покренал уште минатата година, имајќи ја предвид безбедносната закана од Русија, која, според неговите зборови, планира до 2030 година да располага со околу 2,5 милиони војници.Во истиот разговор Зеленски откри дека Украина добила покана да се приклучи на таканаречениот одбор за мир, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, која се смета за обид за создавање алтернатива на Обединетите нации. Во ова тело веќе е поканет и рускиот претседател Владимир Путин, што, како што рече Зеленски, за него е тешко замисливо сценарио. Сепак, додаде дека украинските дипломати во моментов ја разгледуваат поканата.Украинскиот претседател изрази и загриженост дека меѓународното внимание кон напорите за мир во Украина би можело да биде засенето од други глобални теми, меѓу кои и прашањето за Гренланд, автономна територија на Данска за која Трамп покажува интерес. Зеленски оцени дека секое намалување на вниманието во услови на војна од големи размери е проблематично, нагласувајќи дека конфликтот во Украина и другите меѓународни спорови не треба да се третираат како заменливи прашања.

Свет | пред 4 седмици

4 нед.
media-libraryajf5b4e7a1hi1o0MbpC

За да му го заштителе интегритетот, Судски ја исклучи јавноста од седницата за одземање на имунитетот на судијата со парите во ѕид

Судскиот совет ја исклучи јавноста од седницата на Судскиот совет за да му го заштитат интегритетот на судијата Ѓоко Ристов од скопска Апелација, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот како и перење пари, а откако во домот на неговите родители беа најдени 350.000 евра заѕидани во ѕид. Тие расправаат да оземање на неговиот имунитет како судија и одобрување на куќен притвор.Десет членови на Советот, гласаа „за“ и тоа Антоанета Димовска, Ивица Николовски, Данка Ристова, Ханиф Зендели, Арлинда Кадри-Шахиновиќ, Сузана Јошевска.„Констатирам дека со десет гласа 'за' е исклучена јавноста“, рече заменик-претседателот Ариф Амала.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-library11b3gk4h51qq1Vws45J

Гренланд остро кон Трамп: „Ова е непочитување“

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека не може целосно да се исклучи можноста за употреба на воени сили на арктичката територија, иако оцени дека таквото сценарио е малку веројатно. Изјавата доаѓа во услови на зголемени тензии околу статусот и безбедноста на Гренланд, пренесува Ројтерс.Нилсен истакна дека Гренланд тежнее кон поблиска и посистематска соработка со Европската унија, нагласувајќи дека стабилноста и безбедноста во Арктикот бараат заеднички пристап и почитување на меѓународните принципи.Осврнувајќи се на фотомонтажата објавена од американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Truth Social, на која се прикажани Трамп, потпретседателот на САД Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио како забодуваат американско знаме на тлото на Гренланд, Нилсен изјави дека станува збор за чин на непочитување.Во меѓувреме, данската премиерка Мете Фредериксен порача дека Данска не може и нема да преговара за сопствениот суверенитет, идентитет и демократија. Таа предупреди дека прашањето за Гренланд е дел од поширокиот светски поредок и дека ситуацијата може дополнително да се влоши.Фредериксен нагласи дека Данска ги смета САД за свој најблизок сојузник, додавајќи дека Копенхаген никогаш не барал конфликт, туку соработка. Поради зголемените тензии со Вашингтон околу најавите за можно американско преземање контрола над Гренланд, таа не присуствуваше на Светскиот економски форум во Давос.

Свет | пред 4 седмици

4 нед.
media-library2gudmearmq218DemEoY

Пропадна аукцијата за продажба на московскиот аеродром Домодедово

Аукцијата за продажба на московскиот аеродром Домодедово не се одржа, соопшти официјалниот сајт на Руската Федерација за продажба на државен и општински имот.Според објавените информации, била поднесена само една понуда – од индивидуалниот претприемач Евгениј Богатиј, но таа не била прифатена за учество на наддавањето, пренесува агенцијата ТАСС.Понудите за лицитацијата биле примани од 13 јануари, а продажбата се однесувала на компанијата „ДМЕ Холдинг“, која управува со имотот на аеродромот Домодедово и со неколку поврзани компании. Аукцијата беше закажана за денеска, со почетна цена од 132,266 милијарди рубљи и задолжителен депозит од 26,45 милијарди рубљи.На почетокот на јануари, директорот на Федералната агенција за воздушен сообраќај (Росавијација) и претседателот на Управниот одбор на аеродромот Домодедово, Дмитриј Јадров, соопштија дека ревизијата на работењето на аеродромот е завршена.Аеродромот Домодедово, еден од најголемите и најфреквентните во Русија, a од летото 2025 година се наоѓа под државна контрола.

Свет | пред 4 седмици

4 нед.
puska-1

Пукал со пушка и усмртил куче: Вознемирувачки инцидент во Куклиш

Полициски службеници од СВР Струмица на 19 јануари 2026 година околу 17:00 часот во селото Куклиш, струмичко, го лишиле од слобода Д.Б. (50), жител на истото село, поради сомнение за тешко кривично дело поврзано со употреба на огнено оружје.Според информациите од полицијата, осомничениот околу 14:00 часот испукал еден истрел од ловечка пушка, при што усмртил куче во сопственост на М.Ѓ., исто така од селото Куклиш. Инцидентот предизвикал вознемиреност кај локалното население, а случајот бил пријавен во полиција.На местото на настанот бил извршен увид од страна на увидна екипа на СВР Струмица, заедно со ветеринарен лекар, по што ловечката пушка била одземена од осомничениот. По целосното документирање на случајот, против Д.Б. ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-library7s892734v7psecfxlp3

ЕП во ракомет: Македонија – Романија, меч што носи надеж за Мундијал

Македонската ракометна репрезентација денеска против Романија го затвора настапот во групната фаза на Европското првенство. Натпреварот, кој започнува во 18 часот, носи големо значење за двете селекции, бидејќи победата е клучна во трката за подобра позиција во баражот за пласман на Светското првенство.И Македонија и Романија влегуваат во дуелот со јасна цел – освојување на бодовите кои можат да значат чекор поблиску до мундијалската сцена. За македонската селекција, евентуален триумф би бил прва победа на шампионатот и би ги отворил вратите кон Светското првенство што следува наредната година.Дополнително, иако шансите се мали, Македонија сè уште теоретски е во игра и за пласман во главната рунда на Европското првенство. За такво сценарио ќе биде потребна убедлива победа над Романија, како и поволен исход од другиот натпревар во групата, со помош од селекцијата на Данска.

Спорт | пред 4 седмици

4 нед.
media-libraryutg66ivd5s6l3sK519Q

МВР алармира: Лажни пораки од „Безбеден град“ мамат граѓани да плаќаат непостоечки казни

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.„Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот - официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка.СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач "MVR-SC". Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат "https://safecountry.mvr.gov.mk..."Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами“, информираат од МВР.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
294105618_440229524779543_7972557898192416474_n

Запалено возило на автошкола среде ноќ на Бит Пазар

Во раните утрински часови на 20 јануари 2026 година, околу 01:30 часот, во СВР Скопје било пријавено опожарување на товарно возило на паркинг простор на подрачјето на Бит Пазар. Пријавата ја поднел Х.И. (41) од Скопје, сопственик на автошкола, кој информирал дека е запалено товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на автошколата.Во инцидентот нема повредени лица. На местото на настанот извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје, а се преземаат мерки за утврдување на причините за пожарот и за целосно расчистување на случајот.

Скопје | пред 4 седмици

4 нед.
media-libraryeivbsgsbb7pj8sMERTy

Итна седница во Судскиот совет: ќе се решава за имунитетот на судијата Ѓоко Ристов

Судскиот совет за денеска во 15:30 часот ја закажа 535-тата итна седница, на која ќе се расправа и ќе се одлучува по барањето на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитетот на судијата Ѓоко Ристов и за одобрување мерка куќен притвор.Претходно денеска, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара одземање на пасошот и определување куќен притвор за Ристов, кој е осомничен во истрагата во која беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид.Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека обвинителството доставило предлог за определување куќен притвор и дополнителни мерки за обезбедување присуство, по што предметот веднаш бил распределен кај судија на претходна постапка. Согласно законската процедура, судијата без одлагање го известил Судскиот совет, од каде што се очекува официјален став поради судискиот имунитет.По одлуката на Судскиот совет, судијата на претходна постапка ќе продолжи со постапувањето и ќе одлучува за предложените мерки. Од Кривичниот суд појаснуваат дека до овој момент судијата Ристов ниту бил спроведен пред суд, ниту доброволно се јавил, а единствено е доставен предлогот од обвинителството.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-library7svpt8d66pk2eVELzxp

Полицискиот синдикат алармира: Новите возила завршуваат кај командири и началници, не на терен

Претседателот на Независен синдикат на полицијата (НСП), Мартин Ефремов, на социјалните мрежи ја објави писмената реакција која ја доставил до Министерство за внатрешни работи, во која реагира на распределбата на новите службени возила во МВР.Според синдикатот, и оваа набавка, како и претходните, во голем дел завршила кај командирите и началниците, наместо кај полициските службеници кои секојдневно работат на терен.„Денес до Министерот за внатрешни работи вложивме писмена реакција околу распределбата на новите службени возила кои за жал повторно во голем дел завршија помеѓу командирите и началниците, наместо на терен каде што е најмногу потребно.Доколку не се прекине ваквиот начин на распределба, кој со години е пракса во МВР и да се набават уште 500 нови возила повторно истите нема да стигнат до полициските службеници, а со тоа ефектот од набавката нема да го почуствуваат ниту полицајците ниту граѓаните!Дополнително бараме да се разгледа и самата распределба низ бројки во кои некои полициски станици добија по 5 возила, додека пак други како на пример ПС Кочани кои претставува еден од центрите на обем и сложеност во истокот само 1 возило.“, наведува Ефремов во реакцијата.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-librarymiat10n3515j8RXvOTY

Пукање сред бел ден во Арачиново: куршуми од „пасат“ завршија во ветробран на „голф“

Инцидент со огнено оружје бил пријавен вчера попладне во Арачиново. Како што информираат од полицијата, на 19.01.2026 година околу 20:00 часот во СВР Скопје, О.Ј.(33) од село Черкези, кумановско, пријавил дека околу 17:20 часот, додека се движел низ село Арачиново, од возило во движење „фолксваген пасат“ биле испукани неколку истрели.Притоа, било оштетено ветробранското стакло од патничкото возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал пријавителот. Во инцидентот нема пријавени повредени лица.Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и за утврдување на идентитетот на сторителите.

Скопје | пред 4 седмици

4 нед.
media-librarytkrjvahdqn99d7kqcK9

Тренчевска за „Сејф сити“: Не знаеме кој контролира системот и дали ќе има злоупотреби

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не е против воведување ред и подобрување на безбедноста во сообраќајот преку системот „Сејф сити“, забелешките се во делот на заштитата на податоците, надзорот и можните злоупотреби, посочи потпретседателката на СДСМ и пратеничка Јована Тренчевска во гостување во емисијата „360 степени“.Тренчевска нагласи дека загриженоста на СДСМ, е отсуството на јасен механизам за контрола и надзор над системот „Сејф сити“.„Надзорот над целиот овој систем на „Сејф сити“ го нема во законот и тоа е едно прашање за коешто мора да се разговара. Мора да има механизам за надзор и контрола. Вака како што е поставен системот, не знаеме кој контролира, не знаеме дали ќе има злоупотреби. Кој го храни софтверот, кој го храни компјутерот- човечки фактор на крајот на денот“,рече ТренчевскаТаа додаде дека загриженоста постои и од аспект на политичка злоупотреба, особено имајќи го предвид начинот на кој владее ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 4 седмици

4 нед.
media-library1mf4i5o2oikv8Ad7wr4

Водач на навивачка група уапсен во Тетово по брутален напад со маски и тврди предмети

Полициски службеници од СВР Тетово на 19 јануари 2026 година во 20:10 часот, во населбата Дреновец во Тетово, го лишиле од слобода Р.Е. (23) од Тетово, идентификуван како водач на навивачка група.Тој се сомничи дека околу 19:20 часот на улицата „Иво Лола Рибар“, заедно со неколку лица со маски на главите, физички ги нападнал А.Ј. (22) и Д.П. (22), двајцата од Скопје. Според полициските информации, при нападот биле употребени и тврди предмети, при што на А.Ј. му биле нанесени телесни повреди, а истовремено било оштетено и нивното патничко возило „мазда 3“.Осомничениот е задржан во полициска станица, а на местото на настанот бил извршен увид. По целосното расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.

Македонија | пред 4 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања