АПЕЛАЦИЈА

media-library8r67i2vhuh6339q7VX2

Камбовски не се сеќава на претставки за мито против судијата Ристов познат по соѕиданите пари, ќе провери па ќе каже

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница, изјави дека не располага со точен податок колку пријави биле поднесени против судијата Ѓоко Ристов, кај кого во домот на неговите родители беа пронајдени заѕидани 350.000 евра, но нагласи дека досега немало пријави од негови колеги – судии од Апелациониот суд.Камбовски посочи дека во Судскиот совет постојано пристигнуваат голем број претставки, но дека не се сеќава на конкретна претставка која се однесувала на сомнеж за земање мито или слични тешки обвиненија против судијата Ристов.„Во Судскиот совет има безброј претставки. Од прва, не се сеќавам дека имало конкретна претставка за земање мито или нешто слично. Колку што паметам, имаше случај кој се однесуваше на негово неизземање во предмет каде што требало да биде изземен. За други конкретни наводи во овој момент не можам да се сетам. Ќе ви одговориме официјално, за да не дадам неточна информација“, изјави Камбовски.На дополнително новинарско прашање дали во Судскиот совет имало пријави поднесени од судии, колеги од Апелациониот суд, конкретно против судијата Ѓоко Ристов, Камбовски децидно одговори дека такви пријави немало.„Не. Во однос на пријави од негови колеги – судии од Апелација, досега немало такви пријави во Судскиот совет. Можеби имало претставки, па и анонимни претставки, но од колеги-судии – не“, нагласи претседателот на Судскиот совет.Тој најави дека Судскиот совет ќе излезе со официјален и прецизен одговор за сите прашања поврзани со евентуалните претставки и постапки, откако ќе се изврши целосна проверка на документацијата.

Македонија | пред 6 дена

media-librarykgu5elnmkf66cyXeQ4l

Судијка под истрага, „Скопје1“ под закана: Кој го напиша вториот записник за случајот „Телеком“?

Судскиот совет констатирал сериозни прекршувања во постапувањето на судијката Наташа Савовска-Димитровска во предметот „Телеком“. Поради тоа, таа најпрво била суспендирана, а потоа и разрешена. Прашањето дали во предметот постоел двоен записник, како што пред членовите на Судскиот совет тврдела нејзина колешка, Јетмире Ајдини, која исто постапувала во предметот, не е утврдено од Судскиот совет. Тие сметале дека за тоа треба да одлучи Обвинителството, кое води предистражна постапка. Ова е точната и целосна формулација на она што досега е утврдено во постапката што се води против судијката и нејзините колеги.Во демантот испратен до редакцијата на „Скопје1“, Савовска-Димитровска преку адвокат тврди дека наводите за нејзина утврдена одговорност се „со невистинита и непроверена содржина, со намера да се создаде погрешна перцепција во јавноста за судиите и да се наруши нивниот углед“, при што дополнително наведува дека со објавувањето на текстот, редакцијата наводно задоволувала интереси на „Телеком“ и најавува кривична одговорност.Во истиот демант, таа се заканува со кривични пријави против редакцијата на „Скопје1“ поради текстот во кој фокусот е ставен на работата на Судскиот совет и новоизбраните членови, а во кој, меѓу другото, како пример е споменат и предметот „Телеком“. Притоа, неосновано, клевети и обвинува дека текстот е за да се „задоволи интересот на Телеком“, за што ќе преземеме соодветна правна постпака.„За волја на вистината и објективното информирање на јавноста, објавената вест дека постојат два записника е лажна и невистинита, односно во предметот постои еден единствен записник, изготвен и потпишан согласно закон“, се наведува во демантот.Меѓутоа, ако се земе предвид Извештајот за констатираната состојба по предметот „Телеком“, изготвен од Судскиот совет и јавно достапен, јасно произлегува дека токму Обвинителството треба да ја утврди вистината. Во извештајот е наведено дека судијка која постапувала во истиот предмет, изјавила дека бил изготвен втор записник, бидејќи таа имала издвоено мислење, но дека, според нејзините тврдења, наместо новиот записник, во предметот завршил претходниот кој бил составен и потпишан, но не и искинат.„Во конкретниот случај постојат неколку отворени прашања и различни изјави на судиите за суштински прашања, и тоа: дали е креиран записник на 11.07.2024 година во канцеларијата на судијата Н.С.Д., со издвоено мислење на судијата Ј.А.Б. за потврдување на првостепената пресуда. Имајќи го предвид фактот дека за да се даде одговор на дел од овие прашања е потребна детална истрага која е надвор од ингеренциите на Судскиот совет, работната група смета дека овој извештај треба да биде доставен до Основното јавно обвинителство Скопје“, стои во извештајот.Од Обвинителството за „Скопје1“ потврдуваат дека по предметот веќе се постапува и дека се прибираат докази.„Предметот е во фаза на предистражна постапка и се преземаат дејствија на прибирање вербални искази“, велат од Обвинителството.Двете судијки, заедно со трета судијка, одлучуваа во судски спор стар повеќе од две децении, во кој интернет-провајдерот „Фокуснет“ од Штип кој ја тужеше компанијата „Телеком“. Апелацискиот суд донесе пресуда со која „Телеком“ треба да исплати отштета од околу четири милиони евра на штипската компанија. Судскиот совет констатираше одговорност кај судијките кои постапувале во предметот, при што две од нив – Савовска-Димитровска и Георгиева – беа разрешени. Тие поднесоа жалби до Врховниот суд, по што предметот беше вратен на повторно одлучување, а нивната судбина повторно е во рацете на Судскиот совет, сега и со новоизбрани членови.Во овој контекст, редакцијата на „Скопје1“ оценува дека е досега невидено и нечуено суспендиран судија да се заканува со кривични пријави кон новинари и редакции, како и неосновано да обвинува за нарачано новинарство. Поради тоа, „Скопје1“ преку Здружението на новинари на Македонија ќе поднесе соодветни претставки и пријави, оценувајќи го ваквото постапување како сериозен притисок и обид за заплашување што може да влијае врз слободата на медиумското работење. Дополнително, со правниот тим, редакцијата ќе одлучи кои други правни механизми ќе ги искористи за заштита на својот интегритет од паушалните и лажни обвинувања што доаѓаат од суспендиран судија, за постапка која е јавна и целосно проверлива преку јавно достапната документација, а во која целосно е споменато и името на судијата (страна 5).Во претходно објавениот текст, „Скопје1“ се осврна на улогата и угледот на Судскиот совет во општеството, на случувањата поврзани со неговото работење низ годините, како и на повеќе чувствителни и јавно следени предмети, меѓу кои и „Телеком“, за кои во јавноста постоеле наводи, сомнежи и утврдена одговорност.

Македонија | пред 1 седмица

media-libraryjb22uj89fjatf4Fi7Fb

За Ѓоко Ристов засега не се бара притвор, а има и имунитет оти е судија

За судијата Ѓоко Ристов засега нема да се бара да испратен во притвор, ниту пак има информации дека е задржан од страна на надлежните органи. Тој и натаму ужива имунитет, кој може да му биде симнат од Судскиот совет, по барање на судија на претходна постапка.Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека постапката е во тек и дека конечна одлука за евентуални мерки допрва ќе се носи.„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме“, велат од ОЈО-ГОКК.Ристов е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, при што во домот на неговите родители во Неготино, за време на претрес извршен по наредба на суд, беа пронајдени 350.000 евра скриени во соѕидан простор во ѕид. Обвинителството соопшти дека парите се сомнителни како незаконски стекнати, а постапката е дел од поширока истрага за висока корупција, поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а во зависност од нивниот исход ќе се одлучува дали ќе се побара притвор и одземање на судискиот имунитет.

Македонија | пред 2 седмици

media-libraryk9chqiu7d1gceH1tl4i

МВР со детали за претресот кај родителите на судијата, каде открија пари соѕидани во ѕид

Министерството за внатрешни работи соопшти дека полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка, извршиле претрес на дом и други простории на подрачјето на Неготино.Претресот бил извршен во рамки на истрага за пронаоѓање предмети кои потекнуваат од сторени кривични дела, а се однесува на случајот со Ѓоко Ристов, судија во Апелациониот суд во Скопје, осомничен за примање награда за противзаконито влијание.Како што информираат од МВР, при претресот во соѕидан простор во ѕидот биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.Од Министерството појаснуваат дека денешното постапување е резултат на дејствија преземени во рамки на опсежна истрага на Обвинителството, откако на 14 декември 2025 година бил осомничен адвокат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.Според официјалното соопштение, станува збор за една од најопсежните истраги поради сомневања за висока корупција во државата досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенција за национална безбедност.Претресите и другите истражни дејствија, како што наведуваат од МВР, продолжуваат, а јавноста ќе биде навремено информирана за натамошниот тек на постапката.

Македонија | пред 2 седмици

media-librarykvthg4k5ut31a4JlRGp

Најдени 350.000 евра во соѕидан простор во домот на родителите на судијата од Апелација, осомничен за висока корупција

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека постапката за случајот поврзан со Ѓоко Ристов, судија во Апелациониот суд во Скопје, е проширена, по интензивни истражни дејствија што се преземаат од средината на декември.Како што информира Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапката е иницирана откако на 14 декември бил осомничен адвокат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Во текот на истрагата, обвинителството обезбедило докази кои довеле до проширување на истрагата и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“, за кој постојат сомненија дека е прибавен, меѓу другото, со дејствија на корупција и трговија со влијание.Врз основа на наредба обезбедена од надлежен суд, денеска бил извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на осомничениот судија. При претресот, во простор соѕидан во ѕид, биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека се незаконски стекнати и прикриени.Од обвинителството информираат дека претресите и другите истражни дејствија продолжуваат и дека јавноста ќе биде навремено известена за понатамошниот тек на постапката.Според официјалното соопштение, станува збор за една од најопсежните истраги за сомневања за висока корупција во државата досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенција за национална безбедност.Истражните дејствија, координирани од јавен обвинител, ги спроведуваат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерство за внатрешни работи и Управа за финансиска полиција, а обвинителството ја истакнува нивната посветеност и професионален интегритет како клучни за обезбедување докази за, како што се наведува, еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.

Македонија | пред 2 седмици

media-library8em3b8601fju3ZE1TSO

Љупчо Палевски-Палчо бара да го ослободат или предметот пак да се суди: Пресудата е расказ

Љупчо Палевски – Палчо, осуден на доживотна казна затвор за грабнување и две свирепи убиства, преку својот бранител поднесе жалба до Апелациониот суд во Скопје, со која бара да биде ослободен од вина или предметот да се врати на повторно судење.Жалбата до скопска Апелација ја поднел неговиот адвокат Јовица Страшевски, кој во изјава за „Скопје1“ наведува дека во првостепената постапка биле сторени сериозни процесни пропусти.„Имаме најдено доста суштествени повреди во постапката. Дел од доказите воопшто не се изведени на суд, а се наведени во пресудата. Има случаи каде што доказ се побива со исказ на обвинет, а исказ на обвинет не може да биде доказ. Побаравме јавна седница, каде што дополнително ќе ги образложиме наодите, бидејќи рокот за жалба беше кус. Бараме или повторно судење, или ослободителна пресуда“, истакна Страшевски.Според одбраната, доказите содржани во пресудата претставуваат „расказ“, со значајни несогласувања, особено во делот на временските рамки, што, како што најавуваат, ќе биде детално елаборирано на јавната седница пред Апелациониот суд.Судија-известител за предметот во скопска Апелација е Ѓоко Ристов, а предметот веќе е доставен на мислење до Вишо јавно обвинителство Скопје.Во првостепената пресуда, судијата Ивица Стефановски на Палевски и на останатите обвинети – Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев – им изрече по 10 години затвор за кривичното дело грабнување на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, како и доживотна казна затвор за двете свирепи убиства.Во истиот предмет, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, беше ослободен од обвинението, но Јавното обвинителство на таа одлука веќе поднесе жалба до Апелациониот суд.Скопска Апелација во наредниот период треба да закаже јавна седница, по која ќе одлучува дали ќе ја потврди првостепената пресуда, ќе ја укине и ќе наложи повторно судење или ќе донесе поинаква одлука.

Македонија | пред 1 месец

vasil-jovanov-tatko-na-frosina

Остро обраќање на таткото на загинатата Фросина: „Парите им се помили од образот“

Тодор Кулаков, татко на усмртената Фросина, со жестока и емотивна порака реагираше по одлуката на Апелациониот суд, оценувајќи дека ниската доверба во судството е директна последица на, како што вели, системска заштита на криминалот и неказнивоста.Во објавата, Кулаков наведува дека „2% доверба во судството значи анархија“, посочувајќи дека со години човечкиот живот нема вредност, бидејќи, според него, сторителите не одговараат за своите дела. Тој директно обвинува дел од судиите и институциите дека го спасувале Васо Јованов (возачот кој ја усмрти) од одговорност уште пред трагедијата во која беше убиена неговата ќерка.Кулаков тврди дека во Министерството за внатрешни работи биле „чувани во фиока“ околу 15 пријави за дивеење во сообраќајот, кои никогаш не стигнале до суд. Во објавата ја споменува и судијката Даниела Алексовска, за која вели дека претходно го ослободила Јованов во предмет поврзан со трговија со дрога, а дури по убиството на Фросина бил донесен осудителен исход.Тој остро реагира и на висината на изречената казна, оценувајќи дека за, како што наведува, „најсвирепото убиство во сообраќајот“ е изречена казна која е едвај половина од законскиот максимум. Според него, дополнителен срам е што, како што вели, уште пет судии со своите одлуки ја продолжуваат неправдата, ставајќи ги, според Кулаков, парите пред моралот и одговорноста.„Седум судии – седум за судење, народот да им суди“, порачува Кулаков во објавата, завршувајќи со апел дека без вистинска одговорност во судството, државата тоне во анархија, а правдата останува недостижна за жртвите и нивните семејства.

Македонија | пред 1 месец

kontrola-na-letanje-

Контролорите на летање добија зелено светло за штрајк – судијката самоволно забранила протест без никој да побара

Скопскиот Апелациски суд ја поништи времената мерка со која Граѓанскиот суд ја забрани штрајкот на контролорите на летање во државното претпријатие М-НАВ. Со оваа одлука, Синдикатот повторно го добива правото да го реализира штрајкот што беше закажан за 20 октомври.Апелацискиот суд утврдил дека судијката од првостепениот суд самоволно донела „забрана за штрајк“, иако такво нешто воопшто не било побарано во тужбата на Управниот одбор на М-НАВ. Во образложението се наведува дека судијката го прекршила членот 2 од Законот за парнична постапка, бидејќи одлучувала за нешто што не било предмет на тужбеното барање.„Првостепениот суд не дал јасни и аргументирани причини зошто ја третирал тужбата како предлог за привремена мерка. Направена е сопствена правна оцена за нешто што не било побарано“, стои во одлуката на Апелација.Случајот сега се враќа на повторно судење во Граѓанскиот суд – Скопје. Новата расправа е закажана за средината на декември, а од Апелација се очекува судијката да ги следи нивните упатства и формално да го повика Синдикатот на контролори на летање да ги изнесе своите аргументи.Од Синдикатот велат дека тие првпат ќе имаат можност да се произнесат за тврдењата на М-НАВ, како и да се спротивстават на, според нив, обидите за замолчување на штрајкот преку судски мерки кои немаат правна основа.

Македонија | пред 2 месеци

Screenshot-2024-12-10-at-15.24.35

Разрешен судијата од Апелација кој е на американската црна листа поради корупција

Судскиот совет го разреши судијата на Апелациониот суд во Скопје, Енвер Беџети, кој се наоѓа на американската црна листа поради сомневања за корупција поврзани со предметот за масовното прислушување.Одлуката е донесена поради „потешка дисциплинска повреда“ и утврдена недостојност за вршење судиска функција.По спроведена постапка за утврдување одговорност, Судскиот совет на седницата одржана на 26 мај 2025 година утврдил дека Беџети се однесувал недолично и го нарушил јавниот ред и мир. Тој е разрешен од функцијата поради ваквото однесување, откако претходно беше критикуван затоа што девет месеци го држел во фиока предметот „Тврдина–Таргет“ за незаконското прислушување, каде обвинет беше Сашо Мијалков, дозволувајќи предметот да застари.Иако за оваа злоупотреба на функцијата претходно беше казнет само со намалување на платата за шест месеци, Судскиот совет сега оцени дека се исполнети условите за негово разрешување.

Македонија | пред 2 месеци

Screenshot-2024-12-10-at-15.24.35

Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од Апелација

Судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, е разрешен од функцијата.Заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, тој пред неколку месеци беше ставен на т.н. црна листа на САД, бидејќи примал мито и одолговлекувал предмети поврзани со поранешниот прв човек на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.Судскиот совет донесе решение со кое го разреши Беџети, наведувајќи дека е утврдена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција.Како причини се наведуваат:сериозна повреда на јавниот ред и мир,други потешки форми на недолично однесување,нарушување на угледот на судството.„Кога е вака нарушен угледот, тој судија повеќе не може да суди, бидејќи не постои веќе доверба. Таа доверба е целосно изгубена,“ стои во решението на Советот.

Македонија | пред 4 месеци

IMG_3884

Апелација му ја намали казната на Боки 13 за „Рекет“, од девет на пет години

Апелација му ја намали казната на осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 од девет на пет години затвор, дознава „Скопје1“. Судиите ја донеле пресудата поради нови околности кои довеле до поблага осуда. До нив била доставена обемна медицинска документација на осудениот, потпишувана од различни професори и доктори, како и од различни државни болници. Со ова, Јовановски е осуден на казна затвор од пет години, а за доиздржување има уште неколку месеци.Судиите разгледувале медицински-конзилијарни мислења, во кои се опишувала здравствената состојба на осудениот. Со нив, освен што се констатирало дека Јовановски не може да биде лекуван зад решетки поради тоа што затворот нема ниту терапии, ниту доктори, ниту услови, таму се нотирало и дека тој има инвлидитет бидејќи му е отстранет најголем дел од желудникот и тенкото црево. Во документацијата имало и извештаи за неговата состојба, по како што се наведува, две живото-загрозувачки операции додека бил во затвор, а дека сега има интестинална метаплазија, што може да резултира со гастричен-карцином. Нетретирањето на ваквите состојби, според докторите, можат да доведат фатални последици.Судиите пред нив имале неколку опции за постапување, при донесување на одлуката. Па така, можеле да ја преиначат претходната пресуда во однос на санкцијата (што и го направиле), да ја ублажат веќе изречената казна, да одредат колку ќе се изврши од претходно определената казна.Јовановски-Боки 13 беше осуден на девет години за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари“. Интересно е дека за делото „примање награда за противзаконито влијание“ беа осудени и Сашо Мијалков во „Титаник 2“ каде доби две години затвор (делото му застари), Никола Груевски во случајот „Тенк“ каде доби исто така две години затвор, врховниот судија Наќе Георгиев кој се спогоди за три години затвор, членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети кој се спогоди за условна осуда.Сторувањето на кривичното дело „перење пари“, кај Јовановски, го спореа и Коалицијата за правично судење во нивната студија, со тврдење дека не е исполнето битието на делото.„Нејасно е зошто купувањето на материјални добра со илегално стекнати пари е класифицирано како кривично дело од чл. 273 став 1 од КЗ, бидејќи таквото дејство, само по себе не го исполнува битието на казненото дело перење пари. Доколку тоа би било така, во тој случај и обвинетиот кој извршил кривично дело кражба и украл пари за да купи храна или облека би требало да биде обвинет како за кражба, така и за перење пари, бидејќи храната ја купил со илегално стекнати пари, односно истите ги пуштил во оптек“, се вели во студијата.Коалицијата го спореше квалификацијата на делото, нееднаквиот пристап на одбраната и на Обвинителството до доказите, за вештачењето на телефонот на Боки 13 и друго.Јовановски и моментално е на лекување.

Македонија | пред 11 месец

Screenshot-2024-12-10-at-15.24.35

Апелација за ставањето на нивниот судија на „црната листа“: Дадоа поддршка на САД и истражните органи

Апелациониот суд-Скопје се огласи за ставањето на црна листа на судијата Енвер Беџети кој е од нивните редови.„Како единствен второстепен суд кој постапува по предмети од организиран криминал и корупција од висок профил во Република Северна Македонија, во целост ги поддржува заложбите за борба против корупцијата, која претставува закана за владеењето на правото и врши ерозија на капацитетите на судската власт и ги намалува демократските вредности.Оттука, Седницата на судии на Апелациониот суд Скопје во целост се согласува дека бескомпромисна и неселективна борба против корупцијата, во сите сегменти на државните власти, е од приоритетно значење и важност.Судиите на Апелациониот суд Скопје со целосно изграден индивидуален интегритет и личен однос кон прашањето на корупција и судир на интереси, продолжуваат да градат отпорност кон политички и било какви други влијанија при правораздавањето, преку професионалност и транспарентност во работењето и почитување на принципите на националното и меѓународното право.Независно, непристрасно, професионално и одговорно судство е важен столб на секоја држава, па оттука судиите на Апелациониот суд Скопје ја поддржуваат секоја заложба на надлежните државни институции за откривање и борба против евентуални случаи на висока корупција во судството, заради зачувување на интегритетот на судиите и судството во целина, но со почитување на начелото на презумпција на невиност“, вели Апелационен суд-Скопје.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-12-10-at-15.24.35

Судијата Беџети по „црната листа“, не се појавува на работа

Судијата Енвер Беџети, кого САД го сместија на т.н. „црна листа“ поради коруптивни дејанија во судството со ексвицепремиерот Артан Груби, вчера не се појавил на работа. Според информации на „Скопје1“, тој нема да се појави ниту денеска. Има два начини да го оправда отсуството – боледување или да земе одмор. Засега нема официјални податоци, ниту пак, најава дека ќе се повлече од судиската функција. Став нема ниту од Судскиот совет, надлежен за именување и разрешување на судии.Беџети беше најповикан во јавноста кога во Апелација, предметот „Таргет-тврдина“ за масовното прислушување стоеше во фиока со месеци. Откако пресудата на Кривичен беше укината и предметот требаше да се суди од почеток – застари. Па така, немаше никаква одговорност за Сашо Мијалков, кој исто така е на „црната листа“. Но ова не е единствен предмет кој бил „заборавен“ во фиока. Истото се случуваше и со „Транспортер“ каде обвинет е ексградоначалникот на Битола, Владимир Талевски. Истиот судија, Беџети, три години, како судија известител го чувал во фиока.За предметот со прислушувањето, Судски совет нотираше прекршување на постапката и тогаш, го казни Беџети со намалување на платата. Немаше осум гласа, за негово разрешување.Засега нема информација ниту од Обвинителството, дали по гласните повици од амбасадорката на САД, Агелер, ќе се отпочне со итна истрага и ќе се собираат докази против Беџети, но и Артан Груби, кој исто така се најде на т.н. „црна листа“.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2024-12-10-at-15.24.35

Здружение на судии: Ставањето на „црната листа“ на САД на судија е сериозен удар за неговата чест и углед

По ставањето на судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, на „црната листа“ на САД се огласија од Здружението на судии. Повикаа на брзо разрешување на случајот, заради заштита на независноста и интегритетот на судската фела во земјава. Според Здружението, ставањето на „црната листа“ на САД на кој било судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт.„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската Унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, велат од Здружението.Судијата Енвер Беџети, кој од вчера е на „црната листа“ на САД, во јавноста ,, се прослави” по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. За неразумно долгото чување на предметот, како што го утврди комисија на Судскиот совет, тој беше парично казнет шест месеци со 20 отсто од плата.Поранршната претседателка на Судски совет, Весна Дамева кажа дека поради барањето одговорност и неунапредувањето на судијата и беше извршен „пуч“ и беше сменета од претседателското место.Претседател на Здружението е претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.

Македонија | пред 1 година

Screenshot-2023-10-09-at-13.54.12

Со ново вештачење за слобода: Кумановката која усмрти пешак и не гледа вина, преку Апелација бара да не лежи затвор

Кумановката Гордана Филиповиќ која го прегази 76-годишниот пешак Слободан Анѓеловски со нова теорија на случај се обидува да дојде до слобода. Таа е осудена на три години, а правда бара на Апелација. Таму, беше посочено вештачење со кое Филиповиќ тврди дека пешакот бил удрен од друго возило, а како резултат на тоа, тој паднал и таа го прегазила. Ваква теорија на случај не беше презентирана во Кривичниот суд, каде таа беше огласена за виновна.На јавната седница, адвокатите на неправосилно осудената бараат нивното вештачење да има поголема вредност од вештачењето на Обвинителството, оти го правеле со најнови методи. Притоа, од обвинетата се побара и супервештачење и повторување на судската постапка.Истовремено, Обвинителството бара Апелација да изрече повисока казна за Филиповиќ, со оглед на прекршоците кои ги направила, а кои резултирале со прегазување на пешакот и смртен исход. Таа доби три години затвор, казна која е под законскиот мимумим.Претходно, во октомври минатата година, скопскиот Кривичен суд денеска ја прогласи за виновна, кумановката Гордана Филиповиќ и ѝ пресуди тригодишна затворска казна за сообраќајната несреќа од јануари 2022-ра година кога на пешачки премин беше прегазен и загина 76-годишниот пешак Слободан Анѓеловски.Несреќата се случи на преминот пред мостот Гоце Делчев, а Филиповиќ не застанала на преминот по кој се движел Анѓеловски. Гордана Филиповиќ е мајка на Јелена која претходно настрада во сообраќајна несреќа на 17-годишна возраст во возило управувано од пијан и дрогиран возач.Судијката Елена Јосифовиќ денеска посочи дека како отежнителна околност е земено тоа што не застанала на пешачкиот премин иако веќе две возила чекале да помине пешак, а воедно и тоа што имала забрана за управување со моторно возило во моментот кога се случила трагичната несреќа. Отежителна околност според судот била и зачестеноста на ваквите кривични дела.

Македонија | пред 1 година

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања