Промени тема
За нас
„Претрес“ во државниот авион: планот за евакуација од Блискиот Исток и најголемите авионски несреќи
„Претрес“ во државниот авион: планот за евакуација од Блискиот Исток и најголемите авионски несреќи

ИРАН

media-library2m7k45smt8iu1XctHUG

Продолжуваат судирите во Иран: Загинати припадници на безбедносни сили, стотици приведени

Најмалку шест припадници на безбедносните сили се убиени, а десетици демонстранти се приведени во судири поврзани со антивладините протести што и натаму го потресуваат Иран, јавуваат локалните медиуми. Протестите се поттикнати од влошените економски услови, растечката инфлација и наглиот пад на вредноста на иранскиот ријал.Државната телевизија IRIB, повикувајќи се на главниот државен обвинител Мохамад Моваеди-Азад, објави дека шест припадници на безбедносните сили загинале за време на немирите во западната иранска покраина Керманшах.Телевизијата Press TV, пак, информира дека иранските безбедносни служби уапсиле околу 200 лица кои ги опишуваат како „водачи на протестите“, при што биле спроведени рации во нивните домови и било запленето оружје.Началникот на иранската полиција, Ахмад Реза Радан, изјави дека координацијата меѓу безбедносните и полициските структури значително е зајакната, што, според него, довело до поинтензивни операции против лицата кои властите ги квалификуваат како извршители на немири.Тој наведе дека „клучните елементи“ зад протестите биле приведени во текот на ноќта и дека по завршување на правните постапки ќе се соочат со соодветни санкции. Радан тврди дека, според наодите на судската медицина, најголем дел од жртвите во актуелниот бран протести починале од убодни рани со нож, а не од дејствување на безбедносните сили.„Растојанието од кое било пукано било многу мало, што укажува дека делата не ги извршиле безбедносните сили, туку обучени и насочени групи“, изјави Радан, без да изнесе дополнителни докази.Иран е зафатен од бран протести од крајот на минатиот месец, кои започнаа на 28 декември на Големиот базар во Техеран, како реакција на економската криза и падот на животниот стандард. Демонстрациите брзо се проширија и во други градови низ земјата.Иако нема официјална бројка за вкупниот број на жртви, медицински извори од Иран во саботата пријавија стотици починати. Еден лекар од Техеран, кој зборуваше анонимно за списанието Time, изјави дека најмалку шест болници во главниот град евидентирале „минимум 217 загинати демонстранти, најголем дел од нив погодени со боева муниција“.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryev0roe6bc2tp5YrPPiz

„Полошо е отколку што можете да замислите“: Сведоштва од Иран за замор, насилство и страв од уште потежок бран репресија

Антивладините протести во Иран, кои траат повеќе од две недели, влегуваат во нова, уште понапрегната фаза, сведочат граѓани од терен за CNN. И покрај строгата интернет-блокада воведена од властите, информации за состојбата успеваат да стигнат до странските медиуми и укажуваат на растечко насилство, физичка исцрпеност и страв меѓу демонстрантите.Еден 35-годишен жител на Техеран, кој зборувал под услов на анонимност од безбедносни причини, изјавил дека демонстрантите се целосно исцрпени по ноќи поминати без сон, додека комуникацијата во земјата е сериозно ограничена.„Полошо е отколку што можете да замислите и ќе стане уште понасилно. Луѓето се уморни од борбата, не спијат и не можат повеќе да издржат“, изјавил тој за CNN.Според неговите зборови, мобилната мрежа и интернетот функционираат само неколку часа дневно, најчесто од пладне до вечерните часови, што дополнително ја отежнува организацијата и секојдневниот живот.Тој предупредува дека иднината на протестите ќе зависи од тоа колку долго граѓаните ќе можат да го издржат насилството и економскиот притисок.„Ако луѓето се исцрпат и ако веќе не можат да ги прехранат своите семејства затоа што не работат, протестите ќе згаснат. Веројатно токму на тоа сметаат властите“, додал соговорникот.Друго лице, кое исто така зборувало анонимно од Иран, ја опишало атмосферата како исклучително тешка.„Се чувствува мирис на солзавец насекаде, се слушаат истрели, има многу повредени“, изјавил соговорникот за CNN.Во меѓувреме, генералниот секретар на иранскиот Совет за национална безбедност, Али Лариџани, утрово изјави дека е „неопходно да се направи разлика меѓу легитимни протести и немири“.Тој оцени дека првичните демонстрации, предизвикани од растечките економски тешкотии, биле „целосно разбирливи“, но додаде дека подоцна се појавила „организирана и деструктивна струја“ која, според него, нема врска со економските барања на граѓаните.Лариџани порача дека правосудните органи треба „одлучно да постапат“ против оние кои, како што рече, создаваат несигурност во државата.Неговите изјави доаѓаат само ден откако иранскиот главен државен обвинител јавно се закани со смртна казна за дел од учесниците во протестите.Според иранската активистка Негин Ширагаеи, која зборуваше за Sky News, ваквите поумерени изјави од страна на Лариџани укажуваат на постоење внатрешни пукнатини во иранскиот режим, кој не е монолитен, туку составен од повеќе различни центри на моќ.

Свет | пред 2 месеци

media-library96h4451i7r6e5mlXbRo

(Видео) Ескалација во Иран: Техеран со закани кон САД и извици „смрт за Америка“, додека протестите продолжуваат

Реза Пахлави, син на последниот ирански шах и еден од најгласните критичари на актуелниот режим во Техеран, утринава упати нова порака до учесниците во протувладините протести, повикувајќи ги да истраат и да не се повлекуваат од улиците.Во објава на социјалните мрежи, Reza Pahlavi оцени дека демонстрантите со своето масовно и храбро присуство сериозно го ослабнале режимот. Според него, протестите продолжуваат со несмален интензитет веќе трета ноќ по ред, што, како што наведува, е јасен показател за длабокото незадоволство во иранското општество.Пахлави во изминатите денови се обидува да се наметне како една од клучните фигури на иранското протувладино движење, а неговиот јавен повик минатиот четврток дополнително придонесе за ескалација и проширување на протестите низ земјата.Во меѓувреме, од Техеран стигнаа остри реакции на изјавите за можна американска интервенција. Претседателот на иранскиот парламент, Mohammad Bagher Ghalibaf, порача дека Иран ќе одговори на секој евентуален напад од САД, нагласувајќи дека израелските цели и американските воени бази во регионот би станале „легитимни мети“.Заканата беше изнесена за време на седница на парламентот, при што дел од пратениците извикуваа слогани „Смрт за Америка“, што дополнително ја заостри реториката и ја нагласи сериозноста на моменталната политичка и безбедносна криза.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryuhluh0r1m56meqPkGnh

Трамп: Иран гледа кон слобода, САД се подготвени да помогнат

Бројот загинати во тринеделните протести во Иран се зголеми на 116, а уапсени се повеќе од 2.600 лица. Ова се податоци на американската новинска агенција „Активисти за човекови права“.Властите во Иран воведоа секаков комуникациски прекин, а државните медиуми за немирите ги обвинуваат, како што велат, „терористичките агенти“ од САД и Израел.И покрај блокадата на интернетот и заканите од властите, протестите во Иран продолжуваат и се шират во повеќе од 100 градови.Американскиот претседател Трамп ја објави својата поддршка за демонстрантите на Truth Social.„Иран гледа кон слобода, можеби како никогаш досега“. САД се подготвени да помогнат”, напиша Трамп.Државниот обвинител на Иран, Мохамад Мовахеди Азад, во саботата изјави дека секој што протестира ќе се смета за „непријател на Бога“ што е кривично дело за кое е предвидена смртна казна.Амнести интернешнл соопшти дека анализира „загрижувачки извештаи за засилена и незаконска употреба на смртоносна сила“ од страна на иранските безбедносни сили.

Свет | пред 2 месеци

media-librarysqlrta387mnb2FesoVl

Лекари од Иран за Би-Би-Си: „Убиваат млади луѓе, мртовечниците ни се преполни“

Медицински работници од најмалку три болници во Иран сведочат за драматична и шокантна состојба во здравствените установи, кои се преплавени со загинати и тешко повредени демонстранти, во екот на масовните антивладини протести што ја потресуваат земјата.Еден здравствен работник од болница во Техеран за Би-Би-Си опишува сцени што, како што вели, никогаш нема да ги заборави: директни истрели во главите и срцата на млади луѓе. Поради обемот на повредени, дел од болниците преминале во кризен режим на работа, а персоналот немал време ниту за основна реанимација.„Починаа околу 38 лица. Многумина умреа веднаш штом беа донесени во ургентниот центар. Имаше директни истрели во главите и срцата на млади луѓе. Дел од нив не ни стигнаа до болница“, раскажува медицинска работничка од Техеран.Според нејзиното сведоштво, бројот на жртви бил толку голем што мртовечницата целосно се наполнила.„Телата беа редени едно врз друго. Кога немаше повеќе простор, почнаа да ги носат во просторијата за молитва. Сите беа млади – меѓу 20 и 25 години“, вели таа.Слични информации доаѓаат и од други градови. Би-Би-Си Персијан потврди дека во болницата „Пурсина“ во градот Рашт биле донесени најмалку 70 тела. Бидејќи мртовечницата немала капацитет, телата биле однесени на други локации.Според болнички извори, на семејствата им било побарано да платат околу 7 милијарди ирански риали (околу 6.500 евра) за да им бидат предадени телата на починатите за погреб.Лекар кој стапил во контакт со Би-Би-Си преку сателитска врска вели дека болницата „Фараби“ во Техеран – главниот центар за очни болести – преминала во вонреден режим поради огромниот број пациенти со прострелни рани во пределот на очите.Сите неитни прегледи и операции биле откажани, а персоналот бил пренасочен исклучиво на итни случаи.„Видов пациент погоден во окото, а куршумот излегол од задниот дел на главата“, сведочи лекар од Техеран.Друг медицинар од градот Кашан раскажува дека многу демонстранти биле целно погодени во очите, додека од Шираз пристигнуваат информации дека болниците немаат доволно хирурзи за да се справат со напливот на повредени.Во еден од најпотресните настани, медицинар од Техеран раскажува дека група луѓе среде ноќ насилно влегла во здравствен центар и внатре внела човек со прострелна рана.„Го оставија и си заминаа. Но беше предоцна – почина пред да можеме да му помогнеме“, вели тој.Протестите започнаа пред две недели во Техеран поради економската криза и драстичниот раст на трошоците за живот, но брзо се проширија во повеќе од 100 градови низ Иран.Организациите за човекови права известуваат за десетици убиени демонстранти и стотици приведени, додека иранските власти тврдат дека загинале и најмалку 21 припадник на безбедносните сили.Извештаите од терен се ограничени поради речиси целосната интернет-блокада и забраната за работа на странски медиуми, меѓу кои и Би-Би-Си. Сепак, видеа што излегуваат од земјата прикажуваат масовни протести, запалени возила и владини објекти во пламен.Иранската армија најави дека ќе им се приклучи на безбедносните сили во „заштита на јавниот имот“, а Советот за национална безбедност најави „одлучни правни мерки“ против, како што ги нарекува, „наоружани вандали“.Според американската агенција Human Rights Activist News Agency, убиени се најмалку 51 демонстрант, меѓу кои и седум деца, а уапсени се над 2.300 лица.Организацијата Iran Human Rights од Норвешка наведува дека меѓу жртвите има најмалку девет деца, додека Би-Би-Си Персијан досега успеал да потврди идентитети на 26 убиени лица, од кои шест деца.Од друга страна, иранската полиција официјално тврди дека во Техеран „нема убиени лица“.

Свет | пред 2 месеци

media-library77614r3so4gffLZss0S

САД го предупредија Иран да не користи странски милиции против демонстрантите

Соединетите Американски Држави јавно го предупредија Иран да не користи странски вооружени групи за насилно задушување на антивладините протести што во изминатите денови ја зафатија земјата. Од Вашингтон изразија сериозна загриженост поради информации дека иранските власти ангажираат припадници на Хезболах и ирачки милиции за справување со мирните демонстранти.Преку иранската верзија на официјалниот профил на американскиот Стејт департмент на социјалната мрежа Икс, беше соопштено дека постојат извештаи за вмешаност на странски вооружени формации во сузбивањето на протестите. Во објавата се наведува дека ваквите постапки претставуваат сериозна ескалација и дополнително загрозување на основните човекови права.Американската администрација посочува дека иранските власти со години трошеле милијарди долари од државниот буџет, односно од средствата на сопствените граѓани, за поддршка на, како што ги нарекуваат, терористички структури надвор од земјата. Според Вашингтон, нивна можна употреба против сопственото население би претставувала уште едно тешко предавство на иранскиот народ.Од Стејт департментот потенцираат дека мирните протести се легитимен израз на незадоволство и дека секој обид за нивно задушување со помош на странски вооружени групи ќе биде внимателно следен од меѓународната заедница. Засега, иранските власти официјално не ги коментираа овие наводи.

Свет | пред 2 месеци

teheran-iran

Жител на Техеран за Си-Ен-Ен: „Ова повеќе не може да се запре“

Антивладините протести во Иран, поттикнати од високата инфлација и драматичниот раст на трошоците за живот, во изминатите две недели се проширија низ целата земја и претставуваат најсериозниот предизвик за властите во последните неколку години, објави Си-Ен-Ен. Според сведочење на жител на Техеран, протестното движење добило динамика што, како што вели, повеќе не може да се запре.Соговорникот на Си-Ен-Ен, 47-годишен маж кој од безбедносни причини инсистирал на анонимност, раскажува дека во поголемите ирански градови граѓаните чекаат да се стемни за да излезат на улиците. Собирањата, според него, најчесто се интензивираат по 19 часот, кога протестите добиваат масовен карактер.Тој опишува сцени во кои, во текот на ноќта, улиците се исполнуваат со луѓе и возила, а демонстрантите се движат низ градот без однапред утврдена рута или конкретна дестинација. Чувството што доминира, вели, е чувство на „неизбежен замав“, додека протестите се шират и стануваат сè посилни.„Луѓе од сите возрасти – мажи, жени и деца – учествуваат, викаат од прозорците и масовно се собираат“, изјави жителот на Техеран за Си-Ен-Ен, додавајќи дека стравот постепено го заменува решителноста.Иако протестите првично започнале како реакција на неконтролираната инфлација, политичката нестабилност, според неговите зборови, дополнително ја влошила економската состојба. Цените на основните прехранбени производи продолжуваат да растат, а намирници како јајца и млеко станале „значително поскапи“, што уште повеќе го зголемува незадоволството кај граѓаните.И покрај строгите ограничувања на комуникациите, вклучително и блокадите на интернетот, како и сè потешките економски услови, тој нагласува дека граѓаните остануваат „одлучни, организирани и отпорни“. Според него, меѓу демонстрантите преовладува силно убедување дека сегашната власт претставува ќор-сокак и дека за голем дел од општеството веќе не постои враќање назад.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryuhluh0r1m56meqPkGnh

(Видео) „Ова е година на крв“: Нови снимки сведочат за ширење на протестите низ Техеран

Нови видеоснимки до кои дојде медиумот Iran International покажуваат дека синоќа протестите во Иран се прошириле на повеќе делови од главниот град Техеран, со сѐ поостри пораки против врвот на власта и отворени повици за промена на режимот.На плоштадот Херави во Техеран се слушале повици „Да живее кралот“, додека на булеварот Кешаварз демонстрантите скандирале „Ова е година на крв, Сејед Али ќе биде соборен“, директно алудирајќи на врховниот верски водач Али Хамнеи. Во одделни снимки од техеранската населба Долат, граѓани излегуваат на улиците и извикуваат „Слобода“, што укажува на широка поддршка за протестното движење и надвор од централните делови на градот.Во меѓувреме, поради влошената безбедносна состојба и немирите што зафатија голем дел од земјата, Министерството за надворешни работи на Пакистан упати повик до своите државјани да ги избегнуваат сите патувања во Иран што не се неопходни. Во соопштението објавено во саботата се наведува дека условите за безбедно патување се сериозно нарушени и дека препораката ќе важи сѐ додека состојбата не се стабилизира.На пакистанските државјани кои веќе се наоѓаат во Иран им се советува зголемена претпазливост, ограничување на движењето само на неопходното и постојан контакт со дипломатските претставништва на Пакистан.Дополнителна загриженост предизвика и објавата на новинарот на BBC, Шајан Сардаризадех, кој сподели снимка од градот Фардис. На видеото се слушаат истрели за време на протестите, додека демонстрантите панично се повлекуваат, обидувајќи се да се засолнат и да ја сочуваат сопствената безбедност.

Свет | пред 2 месеци

media-library99bujg1h2rtbbLdZcp7

(Видео) Активистика објави снимка: Гори една од најголемите џамии во Иран

На социјалните мрежи се прошири видео-снимка на која се гледа оган и густ чад во близина на верски објект, а која ја објави иранската активистка и новинарка Масих Алинеџад на платформата Икс. Во објавата таа тврди дека за време на актуелните протести во Иран горела „една од најголемите џамии во земјата“, објавувајќи ја снимката со силна политичка порака насочена против исламскиот режим.Во нејзината објава се наведува дека настанот не треба да се гледа како хаос, туку како израз на децениски гнев, тврдејќи дека по речиси пет децении репресија, протестите се директен одраз на насобраното незадоволство кај граѓаните. Пораката предизвика бројни реакции и коментари, а видеото за кратко време беше споделено илјадници пати и на други платформи.Сепак, во моментов не постои независна потврда за точната локација, времето и околностите под кои е направена снимката. На видеото не се забележуваат јасни ориентири, натписи или други визуелни елементи што би овозможиле сигурна геолокациска проверка или идентификација на објектот. Поради тоа, не може со сигурност да се утврди дали навистина станува збор за џамија, ниту дали снимката е поврзана со актуелните протести.Иранските власти досега не се огласија со официјален став во врска со видеото, а ниту релевантни меѓународни медиуми не објавија потврда дека за време на сегашните немири дошло до пожар во некој од поголемите верски објекти во земјата. Дел од корисниците на социјалните мрежи во коментарите тврдат дека станува збор за голема џамија во Техеран, но овие наводи засега не се поткрепени со проверливи извори.Единствено што може со сигурност да се потврди во овој момент е дека снимката ја објави Масих Алинеџад, која со години е една од најгласните критичарки на иранскиот режим, и дека истата е придружена со политичка интерпретација на случувањата во земјата. Надлежните институции и медиумите сè уште не излегоа со официјални информации што би ги потврдиле или демантирале тврдењата, поради што повиците се информациите од социјалните мрежи да се примаат со зголемена претпазливост.

Свет | пред 2 месеци

Screenshot-2025-08-15-at-22.40.57

Иран врие, Трамп се заканува, ама Путин ќути

Иран во изминатите години беше сцена на повеќе народни бунтови, но масовниот протестен бран што ја зафати земјата кон крајот на 2025 година сè почесто се оценува како најсериозната закана досега за опстанокот на автократскиот режим. Актуелните демонстрации се најголеми и најнасилни во последните неколку години, со запалени државни објекти, судири со безбедносните сили и пароли со директни повици за уривање на власта, меѓу кои и извици против врховниот водач Али Хамнеи.Во видеообраќање на 9 јануари, Хамнеи порача дека протестите ќе бидат задушени, по што властите воведоа речиси целосна блокада на интернетот. Состојбата внимателно ја следат и меѓународните актери, пред сè Соединетите Американски Држави и Русија, додека независна проверка на информациите е речиси невозможна поради ограничениот пристап до комуникациските мрежи.Протестите започнаа на 28 декември како реакција на високата инфлација и драматичниот пад на вредноста на иранскиот ријал, но за кратко време прераснаа во отворено политичко движење со барање за соборување на режимот. Немирите се проширија во повеќе од 100 градови и населени места, што претставува географски опфат без преседан. На улиците излегоа десетици, а според тврдењата на опозицијата и стотици илјади луѓе, кои влегоа во директни конфликти со полицијата и паравоените формации.Клучен момент беше 8 јануари, кога на протестите им даде дополнителен импулс повикот на Реза Пахлави, син на последниот ирански шах соборен во Исламската револуција во 1979 година. Пахлави, кој се залага за демократија и почитување на човековите права, за дел од јавноста претставува обединувачка фигура, а меѓу демонстрантите се појавија и повици за обновување на монархијата. Опозицијата тврди дека протестите се најмасовни од 1979 година наваму, со милиони луѓе на улиците, но овие бројки не можат да се потврдат поради информативната блокада.Според податоците на организацијата „Iran Human Rights“, најмалку 62 демонстранти се убиени, стотици се повредени, а повеќе од 2.000 лица се уапсени. Дел од аналитичарите сметаат дека протестите се без преседан бидејќи, за разлика од претходните бранови, не се ограничени само на големите градови, туку се проширија и во руралните средини, создавајќи атмосфера слична на Арапската пролет.Експертите се поделени околу прашањето дали режимот навистина е пред колапс. Некои оценуваат дека сегашните немири се поопасни за власта од претходните, бидејќи целат кон целосно уривање на системот, а не кон ограничени реформи, и затоа што во нив се вклучени пошироки општествени слоеви подготвени на радикални чекори. Други, пак, предупредуваат дека иранскиот режим, иако ослабен, сè уште располага со силен репресивен апарат и лојални безбедносни структури кои можат да ја задржат контролата.Во меѓувреме, се отвори и прашањето за можна странска интервенција. Американскиот претседател Доналд Трамп јавно се закани дека Иран ќе биде „жестоко погоден“ доколку режимот отвори оган врз демонстрантите, оставајќи простор за различни сценарија. Дел од аналитичарите сметаат дека ограничен удар врз клучни безбедносни структури би можел да предизвика распад на лојалноста во рамки на режимот, додека други предупредуваат дека странска интервенција може да има спротивен ефект и да го обедини населението околу власта под изговор на надворешна закана.Посебно значајна е и позицијата на Русија, еден од главните сојузници на Техеран. Москва засега молчи за случувањата во Иран, а аналитичарите оценуваат дека падот на режимот би значел сериозен геополитички удар за Кремљ, вклучително и губење на важен партнер. Сепак, се смета дека Русија веројатно нема активно да интервенира, туку евентуално би можела да понуди засолниште за иранските лидери, како што тоа го направи во други слични случаи.Иран, според многумина, влегува во најнеизвесната фаза од својата понова историја. Дали протестите ќе доведат до вистински политички пресврт или режимот повторно ќе успее да се одржи со сила, останува отворено прашање, чии одговори ќе зависат од одлуките на безбедносните структури, однесувањето на меѓународната заедница и истрајноста на граѓаните на улиците.

Свет | пред 2 месеци

media-library928rb7fvg2d00Q6SeWy

Ирански функционер со закана кон Трамп: Да постапиме со него како со Мадуро

Висок ирански функционер и идеолог, Хасан Рахимпур Азгади, синоќа изнесе крајно остра и провокативна изјава во која оцени дека Иран, како одговор на ставот на Вашингтон кон протестите во земјата, треба да постапи со американскиот претседател Доналд Трамп „на ист начин како што тој постапил со Мадуро“.Азгади, кој е член на Врховниот совет за културна револуција на Иран, изјави дека, според него, поради политиките и јавните изјави на Трамп, би била „дозволена секоја форма на операција на територијата на Соединетите Американски Држави, во сите сојузни држави и градови“, вклучително и, како што рече, „деструктивни операции од типот на оние што тие ги спроведуваат тука“.„Иран мора да му го направи на Трамп она што тие му го направија на Мадуро“, изјави Азгади, алудирајќи на постапките на САД кон венецуелскиот лидер. Во продолжение на својата изјава тој додаде дека американскиот претседател „мора да ја плати цената за своите постапки, за време или дури и по завршувањето на неговиот претседателски мандат“, изразувајќи и лична надеж дека Трамп „треба да биде фатен“.Изјавата доаѓа во период на сериозни тензии меѓу Техеран и Вашингтон, по заканите од американскиот претседател дека САД ќе реагираат „многу силно“ доколку иранските власти започнат со убиства на демонстранти за време на актуелните масовни протести во земјата. Реториката од иранска страна дополнително ја заострува веќе кревката дипломатска состојба и отвора сериозни прашања за натамошната ескалација на односите меѓу двете држави.

Свет | пред 2 месеци

IMG_6878

Иран ги обвини САД и Израел за немирите, писмо доставено до Советот за безбедност на ОН

Иран во писмо доставено до Советот за безбедност на Обединетите нации ги обвини Соединетите Американски Држави и Израел дека стојат зад немирите и насилните настани во земјата. Постојаниот претставник на Иран при ОН, Амир Саид Иравани, во писмото наведува дека, според Техеран, САД се „директно одговорни за немирите и насилните дејствија“, преку, како што тврди, закани, поттикнување и намерно охрабрување на насилството, како и преку нарушување на мирот и стабилноста.Иравани дополнително го осуди однесувањето на Вашингтон, наведувајќи дека американските активности се одвиваат во координација со Израел, што, според иранската страна, претставува директно мешање во внатрешните работи на Иран. Во писмото се истакнува дека ваквите дејствија се спротивни на меѓународното право и на Повелбата на Обединетите нации.Протестите во Иран траат веќе 14 дена и започнаа на големата пазарна зона во Техеран, по што се проширија и во други делови на земјата. Иранските власти во последните денови сè почесто повикуваат на разграничување меѓу мирните демонстранти и, како што ги нарекуваат, „изгредниците“, иако тој термин, според бројни реакции и извештаи, режимот го користи и за самите учесници во протестите.Состојбата во Иран и натаму предизвикува зголемено внимание кај меѓународната заедница, додека официјален Техеран инсистира дека надворешни фактори ја поттикнуваат нестабилноста и ја користат внатрешната социјална и економска криза за свои геополитички цели.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryn1m9e81qf70jfkAb9QI

Трамп се закани на Иран: Ако почнат убиства на демонстранти, ќе удриме силно

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остро предупредување до иранските власти, порачувајќи дека Соединетите Американски Држави внимателно ја следат состојбата со масовните протести во Иран и дека ќе реагираат „многу силно“ доколку режимот почне да ги убива демонстрантите.Изјавата Трамп ја даде по состанок со раководители на американски нафтени компании во Белата куќа, нагласувајќи дека Иран се наоѓа во „голема неволја“ и дека протестите се шират и во градови каде што, како што рече, до пред неколку недели никој не можел да замисли дека е можно граѓаните да излезат на улица.Трамп истакна дека САД будно ги следат случувањата и дека веќе јасно ставил до знаење оти нема да останат пасивни доколку дојде до крвопролевање. Според него, доколку иранските власти применат смртоносна сила врз учесниците на протестите, САД ќе возвратат со силен удар „таму каде што најмногу ги боли“.Претседателот притоа појасни дека ваквата најава не значи испраќање американски копнени трупи во Иран, туку употреба на други форми на силен притисок. Тој нагласи дека Вашингтон не посакува ескалација, но дека нема да дозволи повторување на сценарија од минатото кога, според него, иранските власти без последици се пресметувале со сопствениот народ.Трамп направи и споредба со претходни американски администрации, оценувајќи дека во минатото имало случаи кога САД целосно се повлекувале од вакви ситуации. Сегашните случувања во Иран, како што рече, се „неверојатни за гледање“ и се директна последица на лошото и репресивно постапување на режимот кон граѓаните.Изјавата на американскиот претседател доаѓа во момент кога протестите во Иран продолжуваат да се шират, а меѓународната заедница сè погласно реагира на насилството, прекините на интернетот и обидите на властите да ја задушат јавната побуна.

Свет | пред 2 месеци

media-library9arb689eolvd77EsFTi

Масовни протести во Иран: Граѓаните бараат крај на режимот и враќање на Пахлави

Масовните протести во Иран продолжуваат втора недела по ред, при што илјадници граѓани излегуваат на улиците на Техеран и на бројни други градови во земјата, изразувајќи незадоволство од владеењето на ајатоласите и од тешката економска состојба. Снимките што се појавуваат на социјалните мрежи сведочат за најголемите демонстрации против клерикалниот режим во последните неколку години, со протести што се проширија во повеќе од 100 градови низ Иран.Немирите се поттикнати од колапсот на националната валута, растечката сиромаштија и општото чувство на безизлезност, а дел од демонстрантите јавно бараат враќање на синот на прогонетиот шах, Реза Пахлави. Тие сметаат дека промената на политичкиот систем е единствениот излез од длабоката криза во која се наоѓа државата.Иранските државни медиуми се обидуваат да ги минимизираат или целосно да ги негираат протестите, објавувајќи снимки од наводно празни улици и тврдејќи дека состојбата е под контрола. Истовремено, властите посегнаа по ригорозни мерки, па надзорната организација „НетБлокс“ соопшти дека во земјата е регистриран „национален прекин на интернетот“, со цел да се оневозможи комуникацијата и координацијата меѓу демонстрантите.Ситуацијата во Иран будно ја следи и меѓународната заедница. По повод протестите се огласи и врховниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој во говор пренесуван на државната телевизија порача дека редот мора да се зачува и дека државата нема да дозволи дестабилизација.Дополнителен импулс на протестите им даде и јавниот повик на прогонетиот принц Реза Пахлави, кој живее во Вашингтон. Тој ги повика граѓаните на Иран да излезат на улиците и, како обединет фронт, гласно и јасно да ги изнесат своите барања, порачувајќи дека моментот за промени е сега.И покрај засилените безбедносни мерки и обидите за замолчување на јавноста, протестите не стивнуваат, а неизвесно е дали иранските власти ќе успеат да го задржат целосниот контролен механизам врз состојбата што сè повеќе се заканува да прерасне во најсериозна политичка криза во последната деценија.

Свет | пред 2 месеци

media-library4k5h8tk0aiuc9Md1wHC

„Нема попуштање, демонстрантите работат за Трамп“! Хамнеи ги обвини странските сили за протестите во Иран

Иранските власти немаат намера да отстапат под притисокот од уличните протести, порача врховниот верски лидер на земјата, Али Хамнеи, кој немирите ги припиша на, како што рече, обиди од странство за дестабилизација на државата.Во обраќање емитувано на државната телевизија, Хамнеи оцени дека Исламската Република нема да потклекне пред, како што ги нарече, саботерите, нагласувајќи дека системот е создаден со жртва на „стотици илјади чесни луѓе“. „Секој треба да знае дека Исламската Република дојде на власт со крвта на стотици илјади чесни луѓе и дека нема да попушти пред саботерите“, рече тој.Осврнувајќи се конкретно на протестите во Техеран, иранскиот верски лидер изјави дека демонстрациите, според него, имаат за цел да му угодат на американскиот претседател. „Тие сакаат да го направат среќен. Ако знаеше како да ја води земјата, ќе ја водеше својата. Рацете на американскиот претседател се извалкани со крвта на повеќе од 1.000 Иранци“, рече Хамнеи, алудирајќи на американските напади врз ирански нуклеарни постројки во јуни.Во продолжение на обраќањето, тој порача дека и самите Соединети Американски Држави се соочуваат со бројни внатрешни проблеми, пренесуваат иранските медиуми.Хамнеи упати и апел до своите поддржувачи да останат сплотени. „Драги млади луѓе, задржете ја вашата подготвеност и единство. Обединетата нација ќе го победи секој непријател“, порача тој.Во меѓувреме, протестите предизвикани од економските тешкотии продолжија и денеска во повеќе ирански градови. Набљудувачката група NetBlocks соопшти дека во земјата бил регистриран прекин на интернет, кој започнал вчера и продолжил и денеска.Американската агенција HRANA објави дека за време на немирите животот го загубиле најмалку 34 демонстранти и четворица припадници на безбедносните сили, додека околу 2.200 лица биле уапсени. Според аналитичарите, овие бројки укажуваат на длабоко незадоволство од актуелната состојба во земјата.Властите, во обид да ја смират ситуацијата, применуваат двоен пристап: од една страна порачуваат дека економските протести се легитимни и нудат дијалог, а од друга, на дел од демонстрациите интервенираат со солзавец и сила во услови на насилни улични судири.

Свет | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања