Двајца независни кандидати се повлекоа од вториот изборен круг – во знак на лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ
Во рок од само два дена, двајца независни кандидати за градоначалници се откажаа од учество во вториот круг на локалните избори, и тоа во корист на нивната матична партија ВМРО-ДПМНЕ.Станува збор за Сашо Пивковски – кандидат на група избирачи во Општина Могила, и Милосим Војнески – независен кандидат во Македонски Брод, кои иако успеаја да влезат во вториот круг, решија да се повлечат и да не им конкурираат на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.Од Државната изборна комисија (ДИК) појаснија дека законот не предвидува откажување по потврдена кандидатура, па затоа нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња, а во двете општини ќе се одржи редовен втор круг.Пивковски, кој од независна позиција освои 37,07 % од гласовите и се пласираше втор во Могила, објави дека одлуката ја носи од морални причини:„Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите. ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Понекогаш, вистинското лидерство е да знаеш кога достоинствено да застанеш на страна, за да не му наштетиш на она што го сакаш,“ напиша тој на Фејсбук на 24 октомври.Ден претходно, на 23 октомври, Милосим Војнески од Македонски Брод, кој доби 705 гласа (20,38 %) и со тоа за три гласа го остави зад себе кандидатот на СДСМ, исто така објави дека се повлекува:„ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија – партија на која ѝ го посветив поголемиот дел од својот живот. Не би сакал дополнително да создадам поделби меѓу луѓето и семејствата,“ напиша Војнески.
Македонија | пред 3 месеци