Критична состојба поради обилните врнежи – излевања на реки, евакуации и одрони низ земјата
Центарот за управување со кризи информира дека по обилните врнежи од дожд, заклучно со утринските часови, на повеќе локации низ државата е евидентирана сериозно влошена хидролошка состојба, со излевања на реки, поплави, одрони и евакуации на население.Во Источниот регион, во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел. Кочанска Река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска Река се излеа пред вливот во Брегалница, а Оризарска Река кај селото Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на коритото, а Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација. МВР воведе забрана за сообраќај за моторни возила на северниот влез во селото. Злетовска Река и Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и опаѓаат, додека во средните и долните текови состојбата останува критична. Поради одрон, на патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри. Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патот Неокази – Петришино, сообраќајот е отежнат.Во Скопскиот регион не е евидентирано нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите.Во Југозападниот регион, во Охрид е одржан состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид, при што е донесена одлука да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси. Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни објекти. Преку бројот 112 се примени голем број пријави. Проблеми се пријавени и на Коселска Река кај селото Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон селото Вапила. Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата и понатаму е критична. Околу 120 лица од улицата „Прилепска“ сè уште се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, а во текот на утрешниот ден ќе се врши увид на оштетените објекти.Во Пелагонискиот регион, во Битола состојбата е нормализирана, освен во населбата Стрчин каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин се поплавени земјоделски површини, без опасност по станбени објекти. Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат. Во Ресен се евидентирани поплави на земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села, а водостоите постепено се намалуваат. Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реките Црна и Обедничица, со поплавени дворови, ниви и локални патишта, при што дел од патната инфраструктура е оштетена.Во Северниот и североисточниот регион, во Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема излевање на реките, но се забележани подмрзнати коловози на одделни патни правци. Во Крива Паланка, Ранковце и Кратово состојбата е стабилна, сите патишта се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е уредно.Во Полошкиот регион, во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментално се непроодни. Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид со материјална штета, додека во општина Желино е регистрирано излевање на реката Вардар кај селото Стримница, каде интервенираат комуналните служби.ЦУК апелира до граѓаните на зголемена внимателност, избегнување движење покрај реки и критични подрачја и следење на официјалните информации од надлежните институции.
Македонија | пред 17 часа