Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец

СУДСКИ СОВЕТ

media-library0p96u6skogd921mua8v

Нема што да се расправа за судијата кој го прати Груби во куќен притвор, членот на Судски, Јошевска, одговори на прозивките од Филков

Сузана Јошевска-Анастасовска, член на Судски совет на Република Македонија, изјави дека судија не смее да изрече мерка ефективен притвор доколку од страна на јавниот обвинител има поднесен предлог за куќен притвор.„Судија НЕ СМЕЕ да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судскиот совет за да се расправа основно правило во кривичната постапка“, посочи Јошевска-Анастасовска.Нејзината реакција доаѓа откако министерот за правда, Игор Филков, јавно ги повика Судскиот совет и Совет на јавни обвинители да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител во врска со одлуката за куќен притвор за Артан Груби.Полемиката се отвори по одлуката наместо ефективен притвор, на Груби да му биде определен куќен притвор, што предизвика серија политички реакции и повици за институционална одговорност.

Македонија | пред 4 часа

media-library439d2gh00u939iRZvnh

(Видео) Од Врховен, преку судија и Владата до Судскиот совет: како, според Катевеновски, течела постапката за негово разрешување

Поранешниот судија на Врховниот суд, Ристо Катевеновски, во гостувањето во „Претрес со Ландов“ изнесе теза дека неговото разрешување во 2020 година било иницирано по дојава од колега судија, кој во Владата најверојатно открил дека не сакал да ја потврди пресудата за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во предметот познат како „мерцедесот на Груевски“.Катевеновски наведе дека формално бил разрешен за предмет поврзан со бизнисменот Сеад Кочан, но посочи дека не бил разрешен на истата седница кога биле разрешени уште двајца судии, туку подоцна, откако јавно изразил став дека нема да гласа за потврдување на казната за Јанкуловска.„Не е директно до Судски совет. Додека некој не им каже, тие не постапуваат. Мора да им каже некој“, изјави Катевеновски, алудирајќи дека информацијата за неговиот став била пренесена надвор од салата каде што се водела расправата. Тој рече дека нема материјален доказ, но дека знае кое лице ја пренело информацијата.Според неговите зборови, станувало збор за судија кој имал амбиции да стане претседател на суд и кој, како што рече, бил близок до СДСМ.„Не доби награда, го зафркнаа“, додаде Катевеновски. На прашањето дали информацијата ја пренел судијата Џемаили Саити, тој одговори со „можеби“, без дополнително појаснување.Во емисијата, Катевеновски говореше и за предметот „Грчец“, за одлуките поврзани со настаните од 27 април, како и за постапката во случај во кој припадник на ЕБР беше осуден на 11 години затвор, изнесувајќи детали за текот на судската процедура и начинот на одлучување.Нечуени детали и непоставени прашања за правораздавањето:

Македонија | пред 3 дена

media-librarynfk2ck3udsq11jvV6jH

По вторпат разрешена судијката Савовска Димитровска која се закануваше на „Скопје1“, а со нејзе заминува и судијката Георгиева

Со девет гласа „за“, Судски совет на Република Македонија по втор пат ги разреши судијките Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева од Апелационен суд Скопје, кои постапувале во предметот „Телеком–Фокуснет“, додека третата судијка, Јетмире Ајдини, е санкционирана со парична казна. Оваа одлука е конечна и нема право на жалба.Одлуката е донесена попладнево, едногласно, и е идентична со претходната, иако по првото разрешување Савовска Димитровска поднесе жалба до Врховен суд на Република Македонија, која беше уважена, со јасни напатствија предметот повторно да биде разгледан од Судскиот совет.Случајот „Телеком–Фокуснет“ трае повеќе од две децении и произлегува од тужбата на интернет-провајдерот Фокуснет од Штип против телекомуникациската компанија Телеком. Апелациониот суд донесе пресуда со која Телеком беше задолжен да исплати отштета од околу четири милиони евра. По повторното разгледување, Судскиот совет утврди сериозни прекршувања и недоследности во постапувањето на Апелација.Судијката Јетмире Ајдини, по чии укажувања за незаконско постапување беше отворена постапката, на членовите на Судскиот совет им посочила и дека постојат два записника од исто рочиште, при што еден од нив, според нејзините наводи, бил лажен. Таа беше казнета парично.Паралелно со дисциплинската постапка, Основно јавно обвинителство отвори предистражна постапка за можни неправилности при донесувањето на пресудата, со што дополнително се отвори прашањето за интегритетот и одговорноста во судството.Минатата недела,, сега разрешната судијка Савовска Димитровска преку адвокат упати закани до главниот уредник на „Скопје1“, најавувајќи кривична пријава. На ова реагираше Здружение на новинари на Македонија, кое поднесе претставка и до Адвокатската комора. Со оглед дека судијката во меѓувреме е разрешена, за нејзиното однесување повеќе не е надлежен Судскиот совет.Во истата недела, Наташа Савовска Димитровска јавно негираше дека сторила законски прекршувања и им порача на членовите на Судскиот совет да не подлегнуваат на притисоци, нагласувајќи дека одлуките ги донела според сопственото судиско убедување.

Македонија | пред 2 седмици

media-libraryhhh9pq8lksj9b3v20fO

(Видео) Спиро Борисов и по две недели не ги демантира обвинувањата за земени 5.000 евра од Дацо Белски, на кого му одредил притвор

Речиси еден месец по тешките јавно изнесени обвинувања во поткастот „Претрес со Ландов“, Судски совет на Република Северна Македонија сè уште нема одговор на прашањата поврзани со случајот во кој поранешниот телохранител на Сашо Мијалков и Никола Груевски, Драганчо Стоименов – Дацо Белски, јавно обвини судија од Основниот суд во Кочани за сериозни злоупотреби.Како што објавивме на 18 јануари, Белски во емисијата тврдеше дека од неговата тогашна сопруга биле побарани 5.000 евра од судијата Спиро Борисов, откако нему му била определена мерка притвор. Тој пред камерите говореше за директни контакти на судијата со неговото семејство, за предавање пари кои подоцна биле прикажувани како „позајмица“, како и за посети на судијата во домот на неговите родители додека бил во домашен притвор.Во рамки на емисијата беа презентирани и пораки и скриншотови од комуникација за кои Белски тврди дека се разменети меѓу неговата поранешна сопруга и судијата, во кои се спомнува враќање на средства и конкретни износи, меѓу кои и 1.500 евра како дел од вкупната сума.И покрај сериозноста на изнесените тврдења и јавно прикажаните пораки, судијата Борисов до денеска нема јавно демантирано ниту еден од наводите. Дополнително, тој и натаму ја извршува функцијата и, според официјалните податоци, е и претседател на Основниот суд во Кочани.Редакцијата на „Скопје1“ и понатаму нема добиено одговор ниту од Судскиот совет на прашањата: дали е поведена постапка по претставката, дали е известено Јавното обвинителство, дали е побаран став од судијата и зошто, и покрај јавно презентираните докази и тврдења за тешки прекршувања на законот, нема мерка за негово привремено оддалечување од функцијата.Молкот на надлежните институции, како и отсуството на било каква јавна реакција од самиот судија, дополнително ги продлабочува сомнежите и ја отвора дилемата за ефикасноста на механизмите за надзор и одговорност во судството. Случајот, кој директно задира во интегритетот на судската власт, и понатаму останува без институционален епилог.Обвинувањта:

Студио | пред 3 седмици

media-libraryqmk3vmphl1mc0T8xndN

Садула Изаири избран за нов член на Судски совет

Судијата Садула Изаири од Основниот суд Тетово освои најмногу гласови на денешните непосредни избори за член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на етничките заедници кои се над 20 отсто во државата. За Изаири гласале 179 судии од вкупно 390 кои го искористиле правото на глас.„Вкупно гласачи кои се запишани во Изборниот именик се 418 од кои вкупно гласале 390 гласачи, односно 93% од гласачите. Неважечки гласачки ливчиња вкупно има 12“, изјави судијата Осман Шабани, претседател на Комисија за спроведување на изборите.Во трка за местото во Судскиот совет беа уште петмина кандидати – Африм Јакупи, судија на Апелацискиот суд Гостивар; Улбер Хасани, судија на Основниот граѓански суд Скопје; Хасан Асани, судија/претседател на Основниот суд Тетово; Џемали Саити, судија на Врховниот суд и Шпреса Граинца-Османи, судија на Основен кривичен суд Скопје.„Напоменувам дека ова се прелиминарни резултати, поради тоа што тече рокот за приговори од пет часа. За конечниот резултат во текот на утрешниот ден ќе биде објавено соопштение на страницата на Судскиот совет“, рече судијата Шабани.

Македонија | пред 3 седмици

media-library8r67i2vhuh6339q7VX2

Камбовски не се сеќава на претставки за мито против судијата Ристов познат по соѕиданите пари, ќе провери па ќе каже

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во изјава за медиумите пред почетокот на денешната седница, изјави дека не располага со точен податок колку пријави биле поднесени против судијата Ѓоко Ристов, кај кого во домот на неговите родители беа пронајдени заѕидани 350.000 евра, но нагласи дека досега немало пријави од негови колеги – судии од Апелациониот суд.Камбовски посочи дека во Судскиот совет постојано пристигнуваат голем број претставки, но дека не се сеќава на конкретна претставка која се однесувала на сомнеж за земање мито или слични тешки обвиненија против судијата Ристов.„Во Судскиот совет има безброј претставки. Од прва, не се сеќавам дека имало конкретна претставка за земање мито или нешто слично. Колку што паметам, имаше случај кој се однесуваше на негово неизземање во предмет каде што требало да биде изземен. За други конкретни наводи во овој момент не можам да се сетам. Ќе ви одговориме официјално, за да не дадам неточна информација“, изјави Камбовски.На дополнително новинарско прашање дали во Судскиот совет имало пријави поднесени од судии, колеги од Апелациониот суд, конкретно против судијата Ѓоко Ристов, Камбовски децидно одговори дека такви пријави немало.„Не. Во однос на пријави од негови колеги – судии од Апелација, досега немало такви пријави во Судскиот совет. Можеби имало претставки, па и анонимни претставки, но од колеги-судии – не“, нагласи претседателот на Судскиот совет.Тој најави дека Судскиот совет ќе излезе со официјален и прецизен одговор за сите прашања поврзани со евентуалните претставки и постапки, откако ќе се изврши целосна проверка на документацијата.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarykgu5elnmkf66cyXeQ4l

Судијка под истрага, „Скопје1“ под закана: Кој го напиша вториот записник за случајот „Телеком“?

Судскиот совет констатирал сериозни прекршувања во постапувањето на судијката Наташа Савовска-Димитровска во предметот „Телеком“. Поради тоа, таа најпрво била суспендирана, а потоа и разрешена. Прашањето дали во предметот постоел двоен записник, како што пред членовите на Судскиот совет тврдела нејзина колешка, Јетмире Ајдини, која исто постапувала во предметот, не е утврдено од Судскиот совет. Тие сметале дека за тоа треба да одлучи Обвинителството, кое води предистражна постапка. Ова е точната и целосна формулација на она што досега е утврдено во постапката што се води против судијката и нејзините колеги.Во демантот испратен до редакцијата на „Скопје1“, Савовска-Димитровска преку адвокат тврди дека наводите за нејзина утврдена одговорност се „со невистинита и непроверена содржина, со намера да се создаде погрешна перцепција во јавноста за судиите и да се наруши нивниот углед“, при што дополнително наведува дека со објавувањето на текстот, редакцијата наводно задоволувала интереси на „Телеком“ и најавува кривична одговорност.Во истиот демант, таа се заканува со кривични пријави против редакцијата на „Скопје1“ поради текстот во кој фокусот е ставен на работата на Судскиот совет и новоизбраните членови, а во кој, меѓу другото, како пример е споменат и предметот „Телеком“. Притоа, неосновано, клевети и обвинува дека текстот е за да се „задоволи интересот на Телеком“, за што ќе преземеме соодветна правна постпака.„За волја на вистината и објективното информирање на јавноста, објавената вест дека постојат два записника е лажна и невистинита, односно во предметот постои еден единствен записник, изготвен и потпишан согласно закон“, се наведува во демантот.Меѓутоа, ако се земе предвид Извештајот за констатираната состојба по предметот „Телеком“, изготвен од Судскиот совет и јавно достапен, јасно произлегува дека токму Обвинителството треба да ја утврди вистината. Во извештајот е наведено дека судијка која постапувала во истиот предмет, изјавила дека бил изготвен втор записник, бидејќи таа имала издвоено мислење, но дека, според нејзините тврдења, наместо новиот записник, во предметот завршил претходниот кој бил составен и потпишан, но не и искинат.„Во конкретниот случај постојат неколку отворени прашања и различни изјави на судиите за суштински прашања, и тоа: дали е креиран записник на 11.07.2024 година во канцеларијата на судијата Н.С.Д., со издвоено мислење на судијата Ј.А.Б. за потврдување на првостепената пресуда. Имајќи го предвид фактот дека за да се даде одговор на дел од овие прашања е потребна детална истрага која е надвор од ингеренциите на Судскиот совет, работната група смета дека овој извештај треба да биде доставен до Основното јавно обвинителство Скопје“, стои во извештајот.Од Обвинителството за „Скопје1“ потврдуваат дека по предметот веќе се постапува и дека се прибираат докази.„Предметот е во фаза на предистражна постапка и се преземаат дејствија на прибирање вербални искази“, велат од Обвинителството.Двете судијки, заедно со трета судијка, одлучуваа во судски спор стар повеќе од две децении, во кој интернет-провајдерот „Фокуснет“ од Штип кој ја тужеше компанијата „Телеком“. Апелацискиот суд донесе пресуда со која „Телеком“ треба да исплати отштета од околу четири милиони евра на штипската компанија. Судскиот совет констатираше одговорност кај судијките кои постапувале во предметот, при што две од нив – Савовска-Димитровска и Георгиева – беа разрешени. Тие поднесоа жалби до Врховниот суд, по што предметот беше вратен на повторно одлучување, а нивната судбина повторно е во рацете на Судскиот совет, сега и со новоизбрани членови.Во овој контекст, редакцијата на „Скопје1“ оценува дека е досега невидено и нечуено суспендиран судија да се заканува со кривични пријави кон новинари и редакции, како и неосновано да обвинува за нарачано новинарство. Поради тоа, „Скопје1“ преку Здружението на новинари на Македонија ќе поднесе соодветни претставки и пријави, оценувајќи го ваквото постапување како сериозен притисок и обид за заплашување што може да влијае врз слободата на медиумското работење. Дополнително, со правниот тим, редакцијата ќе одлучи кои други правни механизми ќе ги искористи за заштита на својот интегритет од паушалните и лажни обвинувања што доаѓаат од суспендиран судија, за постапка која е јавна и целосно проверлива преку јавно достапната документација, а во која целосно е споменато и името на судијата (страна 5).Во претходно објавениот текст, „Скопје1“ се осврна на улогата и угледот на Судскиот совет во општеството, на случувањата поврзани со неговото работење низ годините, како и на повеќе чувствителни и јавно следени предмети, меѓу кои и „Телеком“, за кои во јавноста постоеле наводи, сомнежи и утврдена одговорност.

Македонија | пред 1 месец

media-library12rfg1kae1fk8FB0s1i

Нови имиња во Судскиот совет, а стари сомнежи во правосудството

Судскиот совет на Македонија повторно се најде во фокусот на јавноста – институција што со години се соочува со сериозни критики, скандали и рекордно ниско ниво на доверба кај граѓаните, а која сега доби два нови члена по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. За нови членки на Судскиот совет беа избрани професорката по право Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, во момент кога ова тело се наоѓа под силен притисок од јавноста и под лупа поради сопственото работење.Судскиот совет, како клучна институција во системот на судската власт, со години е симбол на нефункционалност, кавги, внатрешни табори. Не така одамна, самите тогашни членови на ова тело, незаконски го разрешија сопствениот претседател. Според перцепцијата на граѓаните, довербата во ова тело е сведена на симболични два проценти – податок што често се споменува во јавноста како илустрација за длабоката криза во која се наоѓа целиот правосуден систем. Претседателот Александар Камбовски, смета дека довербата е драстично повисока и дека тие два проценти се извадени од контекст. Во Советот со години се акумулираат десетици претставки и предмети против судии, кои или се разгледуваат со години или остануваат без јасен и транспарентен исход, што дополнително ја разјадува вербата во правосудните институции. Некогаш пак, исходот од претставките, како изрекување на парична казна наместо построга санкција како разрешување на судија – дополнително влијае за песимизмот.Еден од најекспонираните случаи во кои директно се отвори прашањето за одговорност на судии е предметот „Телеком“, каде што се инволвирани судијките Наташа Савовска Димитровска, Роза Георгиева и Јетмире Ајдини од Апелацискиот суд Скопје. Во овој спор, стар повеќе од две децении, интернет-провајдерот Фокуснет од Штип ја тужеше компанијата Телеком, а Апелацискиот суд донесе пресуда со која Телеком треба да исплати отштета од околу четири милиони евра на штипската фирма. По разгледувањето на предметот, Судскиот совет утврди сериозни прекршувања и недоследности во постапувањето на Апелација, меѓу кои и постоење на два записника од исто рочиште, од кои едниот, според наодите, бил лажен. Советот констатираше одговорност кај судијките што постапувале во предметот, при што две од нив – Савовска Димитровска и Георгиева – беа разрешени. Тие се жалеа во Врховен суд, па предметот се врати на повторно одлучување. Сега повторно нивната судбина е во рацете и на новоизбраните членки на Судскиот совет.  Паралелно, Основното јавно обвинителство отвори предистражна постапка за можни неправилности при донесувањето на пресудата, што дополнително го отвори прашањето за интегритетот и одговорноста во судството.Вториот случај што силно одекна во јавноста и повторно го стави Судскиот совет под притисок е поврзан со обвинувањата изнесени од Драганчо Стоименов, познат како Дацо Белски, поранешен телохранител на Сашо Мијалков и Никола Груевски. Во поткастот Претрес со Ландов, Белски јавно тврдеше дека од неговата поранешна сопруга биле побарани 5.000 евра, откако нему му била определена мерка притвор од судијата Спиро Борисов од Основниот суд во Кочани. Овие тврдења се официјално пријавени и до Судскиот совет, кој е должен да постапи по наводите и да утврди дали постои дисциплинска или друга одговорност.Сите овие случаи, заедно со низа претходни контроверзии, ја ставаат институцијата Судски совет во исклучително незавидна позиција. Изборот на нови членки се случува во момент кога јавноста очекува не декларативни заложби, туку конкретни резултати, јасни одлуки и видлива одговорност. За граѓаните, Судскиот совет одамна не е апстрактно тело, туку институција што директно ја симболизира состојбата на правдата во државата.Дали новиот состав ќе донесе суштинска промена или ќе продолжи континуитетот на недоверба и сомнежи, останува да се види. Но едно е јасно – Судскиот совет е на сериозен тест пред јавноста, а просторот за нови грешки е практично исцрпен.

Македонија | пред 1 месец

media-library8lu9400p2q5f1UrOiPN

„Двете кандидатки не ги предложив затоа што се жени, туку заради нивната стручност и компетентност“, претседателката Силјановска Давкова за предложените членови на Судскиот совет

„Судскиот совет е рентгенот, микроскопот, во него треба да седат луѓе кои ќе треба да оценуваат врз основа на тоа што го имат како квалификација, но и врз основа на интегритетот и дигнитетот. Во правото најважни се законитоста, уставноста, етиката, бидејќи само таков орган ќе може да одлучува за дисциплинска одговорност, за избор на судии, разрешување судии.“Со оваа порака, претседателката Гордана Силјановска Давкова ја објасни логиката зад нејзините предлози за нови членки на Судскиот совет, кои денеска ги образложи пред пратениците во Собранието.Таа ги предложи Алинда Кадри Шакиновиќ и Сузана Јошевска – Анастасовска, нагласувајќи дека изборот е направен исклучиво врз основа на стручноста, компетентноста и личниот кредибилитет.„Од дискусиите овде, и не само овде туку во јавноста општо, јасно беше дека Судскиот совет стана фактор на криза во судството. Двете кандидатки не ги предложив затоа што се жени, туку пред се заради нивната стручност и компетентност“, рече Силјановска Давкова.Според неа, реформите во правосудството не можат да дадат резултат доколку не започнат токму од телото кое има надлежност да одлучува за избор, оценување и одговорност на судиите.„Ако во Судскиот совет регрутираме луѓе посветени на правото, луѓе стручни и компетентни во областа, мислам дека тоа ќе значи промовирање на исти критериуми и при изборот на судиите, одговорноста на судиите и се разбира, очекувам нешто што додека бев пратеничка не го видов – да добиваме извештаи од Советот што ќе бидат аргументирани, во кои не само што ќе се детектираат проблеми туку и начини за нивно надминување, извештаи кои ќе значат исчекор во реформите“, изјави таа.Претседателката посочи дека професионалноста без етика не е доволна и дека независното судство може да се гради само врз комбинација од знаење, интегритет и одговорност.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryddfgftvu1lk82NcDDvE

Полицаец предложен за Судски совет, а меѓу кандидатите и поранешниот правобранител од случајот со конфискацијата на Кочан

Собраниската комисија за избори и именувања денеска го предложи Аљбан Кадриу, инспектор за прекршоци во тетовската полиција, за нов член на Судскиот совет. Со осум гласа „за“ владејачкото мнозинство го прифати предлогот за тој да го замени Селим Адеми, кому утре му завршува вториот мандат.Кадриу работи 17 години во Министерството за внатрешни работи и претходно бил вработен во Владата. Тој беше оценет како најсоодветен од страна на мнозинството пратеници, иако на јавниот оглас се пријавија вкупно десет кандидати. ДУИ го предложи Арбер Исаку, поранешен член на Советот за јавни обвинители, но тој доби само еден глас.На листата кандидати беше и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој последните години беше во фокусот поради судирите со поранешните обвинители на СЈО околу неуспешната конфискација на имотот на бизнисменот Сеад Кочан во случајот „Трансмет“. Судскиот совет уште пред две години утврди сериозни пропусти во постапките, што придонеле дел од имотот да биде продаден пред државата да го преземе. Пропусти беа нотирани и во Обвинителството и во Државното правобранителство, а слични наоди утврди и Антикорупциската комисија.Стафа беше разрешен во 2022 година по поднесена неотповиклива оставка, а последно во јавноста се појави како адвокат на Љупчо Пецов – Ѓаволот, осомничен за финансиски криминал.Останатите кандидати се претежно дипломирани правници и адвокати од Тетово, Гостивар, Кратово и Скопје. Меѓу нив е и Ведат Салихи, кој претходно се пријави и за член на Советот за јавни обвинители, а работел како истражител во Обвинителството за организиран криминал.Предлогот за избор на Кадриу доаѓа во ден кога Собранието ја започна расправата за новите законски измени за Судскиот совет, со кои треба значително да се заострат критериумите за избор на „истакнат правник“ – токму статусот преку кој Кадриу беше предложен.

Македонија | пред 2 месеци

Screenshot-2024-12-10-at-15.24.35

Разрешен судијата од Апелација кој е на американската црна листа поради корупција

Судскиот совет го разреши судијата на Апелациониот суд во Скопје, Енвер Беџети, кој се наоѓа на американската црна листа поради сомневања за корупција поврзани со предметот за масовното прислушување.Одлуката е донесена поради „потешка дисциплинска повреда“ и утврдена недостојност за вршење судиска функција.По спроведена постапка за утврдување одговорност, Судскиот совет на седницата одржана на 26 мај 2025 година утврдил дека Беџети се однесувал недолично и го нарушил јавниот ред и мир. Тој е разрешен од функцијата поради ваквото однесување, откако претходно беше критикуван затоа што девет месеци го држел во фиока предметот „Тврдина–Таргет“ за незаконското прислушување, каде обвинет беше Сашо Мијалков, дозволувајќи предметот да застари.Иако за оваа злоупотреба на функцијата претходно беше казнет само со намалување на платата за шест месеци, Судскиот совет сега оцени дека се исполнети условите за негово разрешување.

Македонија | пред 3 месеци

Screenshot-2024-12-10-at-15.24.35

Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од Апелација

Судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, е разрешен од функцијата.Заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, тој пред неколку месеци беше ставен на т.н. црна листа на САД, бидејќи примал мито и одолговлекувал предмети поврзани со поранешниот прв човек на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.Судскиот совет донесе решение со кое го разреши Беџети, наведувајќи дека е утврдена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција.Како причини се наведуваат:сериозна повреда на јавниот ред и мир,други потешки форми на недолично однесување,нарушување на угледот на судството.„Кога е вака нарушен угледот, тој судија повеќе не може да суди, бидејќи не постои веќе доверба. Таа доверба е целосно изгубена,“ стои во решението на Советот.

Македонија | пред 4 месеци

media-librarygsanprhdks156BLPG6e

Kривична пријава против членка на Судски совет за сторено кривично дело „измама во службата“

На 15.09.2025 Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција до ОЈО Скопје поднесоа кривична пријава против Л.Г. (57) од Струмица, за сторено кривично дело „измама во службата “ член 355 став 1 во врска со став 2 од КЗ.Пријавената Л.Г., како службено лице - член на Судски совет на Република Северна Македонија, во временски период од 26.08.2022 до 15.01.2024 со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со неприкажување на фактот дека има промени во имотната состојба на членовите на нејзиното потесно семејство, не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно, со што го довела во заблуда Судскиот совет да и исплаќа надоместок на трошоци за превоз согласно точка 4 од Одлуката за начинот на остварување на правата на судиите утврдени во Законот за платите на судиите бр.02-1425/12 од 13.10.2010, а донесена од страна на Судски буџетски совет, согласно одредбите од член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет.Имено, пријавената Л.Г. во својство на судија од Основен суд Струмица во 2018 година била избрана за член на Судски совет, од редот на судии од апелационо подрачје Штип, при што, согласно член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет, членот на советот има право на надомест на трошоци за превоз во висина од вистинските трошоци за јавен сообраќај. Согласно тоа, пријавената Л.Г. поднела барање, кон кое доставила копија од лична карта, одлука за избор за судија и изјава заверена на нотар дека таа или член од нејзиното потесно семејство немаат стан или куќа во нивна сопственост во местото каде ја извршува функцијата. Пријавената Л.Г. во 2022 година имала промена на имотна состојба, односно нејзината ќерка се стекнала со недвижен имот-стан во Скопје, но Л.Г. не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет, за што од страна на Судски совет на пријавената за период од септември 2022 година (како месец по стекнувањето на имотот) до декември 2023 година (кога и престанало правото на надомест на трошоци за превоз по нејзино доставено известување на ден 15.01.2024) во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, за кој износ Л.Г. се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судски совет на РСМ.

Македонија | пред 4 месеци

Screenshot-2025-06-11-at-15.33.35

Оспорена оценка, незаконски потпис и дупли улоги: Судијата Димовски го тужи Судскиот совет и тврди дека е оштетен при оценувањето

Судијата Андреј Димовски го тужи Судскиот совет, за да докаже дека не бил оценет соодветно, а со одземените бодови, му ја ускратиле шансата да напредува во скопска Апелација. Пред Управниот суд тој и неговата адвокатка, Билјана Јандриоска, во детали елаборираа за сите прекршувања, што според нив, биле направени во процесот нa евалуација. Нееднаквост на оружјата, пракса спротивна на начелото на правната сигурност и Европскиот суд – се само дел од забелешките на кои акцент стави судијата Димовски. Адвокатката Јандриоска рече дека решението за оценување на судијата било потпишано од Сашко Георгиев, иако тој не бил претседател на Судскиот совет, туку таа улога ја имала Весна Дамева. Со тоа, тој не бил овластено лице. Таа беше децидна дека ранг листата била креирана нетранспарентно, а за слично постапување на Судскиот совет е донесена пресуда со која е констатирано незаконско постапување на членовите, а изборот на судијата бил поништен.„Тужниот орган во повторената постапка не спровел повторно редовно оценување на тужителот (судијата) за период од 2019 до 2022 година, а за сето тоа да го направи требало да формира комисија во која нема да членуваат членови на комисијата која го спровела првичното оценување. Особено, сакам овој суд да има во предвид, а тоа е решението за редовно оценување на тужителот 29.12.2023 година е потпишано од Сашко Георгиев, кој во својство на член на Судскиот совет, немал овластување да потпишува решенија на Судскиот совет со кој се оценува работата на кандидати за повисокиот суд. Во време кога е донесено решението за оценување на работата на тужителот, претседател на Судскиот совет е Весна Дамева, а не Сашко Георгиев“, рече адвокатката Јандриоска.Судијата Андреј Димовски, кој е тужител, рече дека правилниците на Судскиот совет не содржат јасни одредби за во оценката да влезе неговото искуство во Европскиот суд за човекови права, а со тоа му нанел штета. Посочи неколку пресуди со Европскиот суд, за случаи слични на неговиот, каде биле донесени пресуди каде државите ги изгубиле случаите. Кажа дека тој не бил оценет за цела 2019 година, а тоа влијаело на оценката да не биде избран за судија во Апелација.„Тужениот орган наместо да го искористи своето овластување и да ја пополни правната празнина, на што е обврзан со закон, избра да заземе стојалиште против тужителот наместо во негова корист. Оваа обврска е веќе елаборирана од Европскиот суд. Тужениот орган го повредил принципот на еднаквост на оружјата на двете страни и воспоставил пракса спротивно на начелото на правна сигурност“, рече Димовски.Тој рече дека членот Ивица Николовски постапувал и во комисијата каде се ранглирале кандидатите, ама и во комисијата каде се одлучувало по жалбите на апликантите.„Недозволеното членување на Ивица Николовски, член на Судскиот совет, и во двочлената комисија која го извршила рангирањето на кандидатите во повисокиот суд, како и во трочлената комисија која одлучувала по приговорите на кандидатите против ранг листата, не го задоволува критериумот од субјективниот и објективниот тест на судот во Стразбур за непристрасно постапување“, додаде тој.На крајот, тој предложи судечкиот совет да ги констатира сите незаконитости.Судијата Димовски бара Судскиот совет да му направи ново оценување и бодување. Доколку Управниот суд ја прифати тужбата, највисокото судско тело ќе треба повторно да изврши оценување на овој судија што може да влијае на сегашниот избор на судиите во Апелација. Пресудата на Управниот суд се очекува идната недела.

Македонија | пред 8 месеци

sobranie

Судството пред пратениците: што работел Советот минатата година

Пратениците денеска ќе расправаат за Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2024 година.Во извештајот кој е веќе објавен на собраниската веб-страна пишува дека во 2024 година, Советот извршил избор на судии и претседатели на судови, избор и разрешување на судии поротници, констатирал престанок на судиската функција, утврди нестручно и несовесно вршење на судиската функција со изрекување на дисциплински мерки.Во Ивештајот се посочува дека една од основните заложби на Советот е финансиското одвојување на судската власт од другите власти, односно залагање за зголемување на процентот на Судскиот буџет во однос на Бруто домашниот производ од сегашните 0,3 проценти на годишно ниво на законските определени 0,8 проценти од Буџетот за судска власт.Приоритет за Судскиот совет во текот на 2025 година, како што се нагласува во Извештајот, ќе биде натамошната реализација на препораките нотирани во Извештајот на Оценската мисија кои се дадени со цел за подобрување на постапката за избор, унапредувањето и одговорноста на судиите/претседателите на судовите и членовите на Советот, како и подобрувањето на транспарентноста, комуникацијата и управувањето со ресурси во Советот. Во таа насока, Советот посочува дека ќе продолжи со максимални заложби за доследна примена и постапување согласно законските одредби, следење на состојбите во судството и давање на нови предлози за подобрување на состојбите, следење на работата на судиите и претседателите на судовите, како и на самите судови, преземање дејствија во рамки на своите надлежности при детектирање на коруптивни дејствија во судството.

Македонија | пред 8 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања