Промени тема
За нас Контакт
Болници, лекови, специјализанти, закон за пушење, Брза помош, хаосот: „Претрес“ на министерот Алиу
Болници, лекови, специјализанти, закон за пушење, Брза помош, хаосот: „Претрес“ на министерот Алиу

Ева Петковска

Monika-Zajkova-pretsedatelka-LDP

Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП

Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.

Македонија | пред 2 месеци

kamioni

Новите шенген правила создаваат проблеми за бизнисот, се очекуваат протести

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, оцени дека новите правила за влез во Шенген зоната не ја подобруваат ситуацијата во ЕУ, туку предизвикуваат сериозни проблеми и штета за бизнисот во нашата земја.Азески најави дека од понеделник се очекуваат протести и реакции во сите погодени земји. Тој истакна дека странските инвеститори веќе доставиле забелешки до претставништвото на ЕУ, а по ова прашање е испратено писмо до Европската комисија и е најавена посета на премиерот во Брисел.Иако ЕУ преговара поединечно со секоја земја, што ја отежнува транспарентноста, Комората очекува дека конечната одлука ќе биде повлечена.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarypuqltqnlbru30qNGriq

Сопственикот на барот што изгоре во Швајцарија ќе биде ослободен по плаќање кауција

Швајцарскиот суд одреди кауција од 200.000 швајцарски франци и секојдневно јавување во полиција за сопственикот на барот „Le Constellation“, кој заедно со сопругата е под истрага за убиство од небрежност по трагичниот пожар за Нова година. Во пожарот загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени.Жак Морети и неговата сопруга Џесика се единствените осомничени во случајот. Морети беше приведен на 9 јануари поради опасност од бегство. Двојката изразила жалење за трагедијата и ветила соработка со обвинителството.Судот, како мерка за спречување бегство, одреди кауција од 200.000 швајцарски франци (253.485 американски долари) и обврска за секојдневно јавување во полициска станица.Швајцарските обвинители спровеле две сослушувања со сопствениците, секое подолго од десет часа, фокусирани на прашања поврзани со безбедноста и преуредувањето на барот. Воедно биле извршени претреси, собрани докази и запленет имот.

Свет | пред 2 месеци

media-librarylgq5agnerb97fkMgqi2

80-годишен маж од Хелсинки со децении живеел во подрум без прозорци

Финската полиција отвори истрага откако во семејна куќа во Хелсинки е пронајден 80-годишен маж кој, според првичните информации, со децении живеел во нехумани услови. Мажот бил откриен во подрум без прозорци, со површина од околу 30 квадратни метри, каде немал пристап до основни хигиенски и животни услови. Поради лошата физичка состојба, веднаш бил згрижен и префрлен на понатамошни медицински процени.Полицијата уапсила тројца осомничени – двајца мажи и една жена, сите околу 60 години, кои не се крвно сродни со жртвата, но го познавале подолг временски период. Истражителите проверуваат дали станува збор за трговија со луѓе или друг облик на организирано искористување на ранлива личност.Според полициските информации, постариот маж се вселил доброволно во куќата пред повеќе од 20 години и во еден период дури плаќал кирија. Сепак, со текот на времето неговата здравствена состојба се влошила, а условите за живот станале сè понехумани. Истражителите наведуваат дека можен мотив за осомничените била материјалната корист, со цел преземање на имотот или приходите на жртвата.Главниот истражител Јари Коркалајнен потврди дека полицијата ги проверува сите финансиски врски меѓу осомничените и мажот, додека истрагата продолжува за да се утврди колку долго живеел во овие услови, како дошол во куќата и каков бил односот со уапсените.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryuu32op0osi0d15of0eS

Бојковска: Измените на Кривичниот законик означуваат борба против корупцијата, оваа Влада ќе испорача закони еднакви за сите

На телевизија Алфа во емисијата „За или Против“ вечерва гостуваше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска која на самиот почеток се осврна на актуелната тема за предлог измените на Кривичниот законик, поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.„Овој предлог закон доаѓа како повод на реакцијата на Уставниот суд којашто ја имавме, и поради тоа што не треба да се создаде простор за правна празнина на којашто укажуваше Уставниот суд, ги носиме овие брзи измени на Кривичниот законик, и секако не само заради Уставниот суд, и поради оној упад којшто го имавме во 2023 година, којшто беше направен од страна на СДС и ДУИ тогаш како тогашна власт. Со измената на Кривичниот законик тогаш во 2023 година, буквално направија амнестирање на кривичните дела, особено на оние коишто се обележје на членот 353 или злоупотреба на службена положба и овластување“, рече Бојковска и додаде:„Со што практично тогаш со носење на тие измени застареа 200 кривични дела, кривични дела коишто би требале да се гонат по овој член 353 и тоа претставува упад не само на правосудниот систем, не само на правото и правдата и владеењето на правото, туку буквално кршење на она се што значи позитивни законски норми и носење на позитивните законски норми во добра волја“.Бојковска објасни дека со овие предлог измени ќе се зголемат казните и ќе се вратат кривичните дела коишто биле избришани во 2023 година од страна на претходната власт, со цел секој еден кој се огрешил да биде казнет.„Освен што ги бришеа кривичните дела, односно бришеа инкриминација на одредени дејства, вршеа намалување на казните, се со цел да застарат овие кривични дела. Со овие предлог измени, ги зголемуваме казните, ги враќаме оние кривични дела коишто беа избришани претходно во 2023 година, се со цел да извршиме корекција и секој оној кој што ќе се огреши пред законот да биде казнет“, рече Бојковска.На крај Бојковска посочи дека со измените на Кривичниот законик нивото на корупција во 2023 година значително се зголемил, и истакна дека примарна цела на оваа Влада ќе биде да се испорачаат еднакви закони за сите граѓани.„Во три извештаи и последователно на Европската комисија е забележено дека нивото на корупција и степенот на корупција е значително зголемен, по оние измени во 2023 година, што укажува апсолутно на најголема слабост во борбата со корупција во овој период кога се донесени измените и после тоа. Наша примарна цел и наша задача е пред граѓаните да испорачаме еднакви закони за сите, коишто ќе важат еднакво за сите и секако да се одговара пред законот. Така што јас би оценила и дека овие измени коишто ги правиме во Кривичниот законик сега буквално значат и борба со корупцијата, ценам дека секој еден треба да одговара пред законот и не треба да се прости ниту еден криминал, ниту едно дејствие коешто ќе значи повреда на позитивните законски промени“, децидна е Бојковска.

Македонија | пред 2 месеци

Нема фотографија

Цената на нафтата значително поскапи поради заканите на Трамп кон Иран

Цените на нафтата денеска нагло пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до нивото од 66 долари за барел, откако трговците ги вознемири новото заострување на реториката на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран. На лондонскиот пазар барелот попладнево се тргуваше по цена повисока за 1,79 долари во однос на вчерашното затворање, достигнувајќи 65,85 долари, додека на американскиот пазар цената порасна за 1,72 долари, на 61,08 долари за барел.Пазарите кон крајот на неделата беа дополнително вознемирени од пораките на Трамп до Техеран. Американскиот претседател во четвртокот изјави дека американската армада се движи кон Иран, со што ги обнови заканите за можна воена интервенција изнесени пред околу десетина дена, во време на немири во повеќе ирански градови. Тој нагласи дека голем број американски бродови пловат во тој правец „за секој случај“, додавајќи дека би сакал да не дојде до ескалација, но дека ситуацијата внимателно се следи. Според неименуван американски функционер, станува збор за група што вклучува носач на авиони и неколку разурнувачи, кои во следните денови треба да пристигнат на Блискиот Исток.Иран произведува повеќе од три милиони барели нафта дневно, а најголемиот дел од извозот го пласира во Кина, па секоја закана за дестабилизација на регионот има силно влијание врз цените на светските пазари. Поради тоа, новите пораки од Вашингтон кон Техеран го потиснаа во втор план неодамнешното смирување на тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Европската унија, кои беа заострени поради изјавите на Трамп за Гренланд. Иако кризата делумно се смири откако американскиот претседател во Давос ги повлече заканите со царини, се очекува европските лидери повторно да ја разгледуваат темата на вонреден самит.Одделни податоци на Организацијата на земјите извознички на нафта покажуваат дека барелот од кошницата на нивните членки во четвртокот поскапел за 27 центи и достигнал цена од 63,21 долар.

Свет | пред 2 месеци

magla

Внимателно возете: Намалена видливост на повеќе патни правци

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, при што на повеќе делници коловозите се влажни, информираат надлежните служби.Иако сообраќајот се одвива непречено, поради врнежите од снег се препорачува зголемена внимателност и прилагодување на брзината кон условите на патот. Дополнителни потешкотии создава и намалената видливост поради магла на неколку патни правци.Видливоста е намалена до 100 метри на патниот правец Тетово – Скопје, од 30 до 40 метри на правецот Тетово – Попова Шапка, како и до 50 метри на планинските превои Буково и Ѓавато.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryunlsjruv1a0r9ARI9GJ

Дете од Градско донесено починато во болница во Велес

Шестгодишно дете од Градско било донесено починато на Детското одделение во Општата болница во Велес, информираат од Секторот за внатрешни работи Велес.Настанот бил пријавен вчера во 19:45 часот, а според првичните информации станува збор за дете кое имало претходни здравствени проблеми. Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство, по што увид на местото извршила екипа од СВР Велес.По насоки на надлежен јавен обвинител, телото на детето е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryema5a1sk0uesfb1hoCl

Мерц: Подготвени сме за Трамповиот одбор за мир поради Газа, но не во сегашна форма

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека би бил подготвен да се приклучи на одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп поради ситуацијата во Газа, но дека не може да го прифати планот во неговата сегашна форма.„Во форма во која е поставен сегашниот одбор за мир, не можеме од уставни причини да ги прифатиме неговите управувачки структури“, рече Мерц на заедничка прес-конференција со италијанската премиерка Џорџија Мелони во Рим.Тој додаде дека Германија е отворена за истражување други, нови форми на соработка со САД, со цел да се најдат формати кои ќе придонесат за мир во различни региони на светот. Мерц истакна дека овие формати не треба да се ограничуваат само на Газa и Блискиот исток, туку можат да се применат и на Украина.

Свет | пред 2 месеци

media-librarylk9kgmbun1p98ygMpxX

Трамп се исмејува на климатските промени за време на студен бран во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги исмеа климатските промени, овој пат поради силниот студен бран што ја зафати поголемиот дел од САД. На својот профил на Truth Social напиша дека се очекува „рекорден студ во 40 сојузни држави“ и иронично праша што се случило со глобалното затоплување.Научниците појаснуваат дека климатските промени не значат постојано затоплување, туку појава на екстремни временски услови, вклучувајќи и интензивни топлотни бранови и силни студени продори. Загревањето на Арктикот ја слабее разликата во температурата помеѓу северот и југот, што го нарушува протокот на струјата на ветровите и овозможува студен арктички воздух да се спушти кон југот, вклучително и САД.Институции како NASA и NOAA веќе предупредуваат дека глобалното затоплување може да го зголеми ризикот од екстремни зимски температури во умерените географски ширини. Според извештаите на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), студените екстреми не се исклучени, туку можат да бидат и поинтензивни.Студиите објавени во научни списанија како Nature и Science ја поврзуваат слабоста на поларната циркулација со почестите продори на студен воздух во Северна Америка и Европа. Тоа значи дека студените бранови како сегашниот не ги негираат климатските промени, туку се еден од сценаријата што научниците ги предвиделе.Трамп, со својата иронична објава, го игнорира токму она што науката го предвидува – дека светот станува се повеќе нестабилен и подложен на екстреми.

Свет | пред 2 месеци

media-librarym8c7vksra6286JSkOeB

Руски дрон погоди автомобил кај Харков, три лица загинаа

Во напад со руски дрон врз цивилен автомобил во близина на селото Прудианка во Харковска област загинаа три лица, соопшти Олег Синегубов, началник на Харковската областна воена администрација.Првично беа пријавени две загинати лица и четири повредени жени, кои се префрлени во болница и добиваат соодветна медицинска помош. Подоцна беше потврдено дека уште една жена подлегнала на повредите.Во изминатите 24 часа под руска огнена активност се нашле седум населени места во регионот, при што пет лица се повредени.

Свет | пред 2 месеци

faton

Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител

Фатон Сељами денеска е избран за нов Народен правобранител на седница на Собранието со 89 гласа „за“, шест „против“ и обезбедено Бадентерово мнозинство. Тој е избран на мандат од осум години, со право на уште еден последователен мандат, а свечената изјава ќе ја даде на 26 јануари.Сељами доаѓа на местото на Насер Зибери, кој замина во пензија. По професија е дипломиран правник и магистер по правни науки од Тетово, со положен правосуден и нотарски испит, а има долгогодишно искуство во областа на заштитата на човековите права, стекнато во Канцеларијата на народниот правобранител и во Министерството за правда.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryt1b3hoglbsel6z2Gurj

Стаменкоска Трајкоска: Создаваме еднакви можности и подобра иднина за сите ученици

Продолжува соработката меѓу Општина Кисела Вода, осумте општински основни училишта и општествено одговорни правни субјекти, која има за цел да им обезбеди поддршка на децата од семејства во социјален ризик. Оваа соработка се реализира во рамки на проектот „Грижа и сигурност за секое дете“, кој Општина Кисела Вода континуирано ќе го спроведува и во текот на учебната 2025/2026 година.Во рамки на проектот, децата од социјален ризик имаат можност без никаков паричен надомест да посетуваат настава по странски јазици, информатика и програмирање, како и да бидат вклучени во различни спортски активности. Воспоставена е соработка со 14 спортски клубови (кошарка, фудбал, карате, одбојка, ракомет и кик-бокс), во кои во моментов тренираат 26 деца, како и со 6 училишта за странски јазици, што ги посетуваат 9 ученици, и 2 училишта за информатика и програмирање, со 4 ученици вклучени во наставата.Овие активности беа тема на денешната работна средба меѓу градоначалничкат Бети Стаменкоска Трајкоска, претставниците на општинската администрација и директорите на општинските основни училишта, која претставува уште една потврда за континуираната заложба на Општина Кисела Вода за унапредување и заштита на правата на децата.Во својата изјава, градоначалничката истакна дека Општина Кисела Вода континуирано инвестира во унапредување на наставниот процес, со цел секое дете да има еднаква можност за развој и напредок.-Остануваме целосно посветени на создавање еднакви и подобри услови за образование и поголема достапност до современи образовни и спортски активности. Благодарни сме на сите општествено одговорни правни субјекти кои со својата поддршка и ангажман се значаен партнер на Општина Кисела Вода во оваа важна мисија- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Скопје | пред 2 месеци

media-librarydo5c20ksrsq7au6kQcr

(Видео) Венс во Минесота ја брани Службата за имиграција по апсењето на петгодишно дете

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс вчера (четврток) престојуваше во Минесота, сојузна држава управувана од демократите и жариште на протести против акциите на Службата за имиграција и царина на САД. Посетата доаѓа во период на засилени федерални интервенции, кои предизвикаа силни реакции во јавноста, особено по приведувањето на петгодишно дете заедно со неговиот татко.Федералната влада распореди илјадници агенти, а тензиите се зголемија по смртта на 37-годишната Рене Гуд, која пред две недели беше застрелана од агент на Службата за имиграција, по што следуваа масовни протести и судири со жителите.Венс изјави дека немирите се резултат на отпор кон спроведувањето на имиграциските закони и ги обвини, како што рече, „крајно левичарските кругови“ и дел од локалните власти за ситуацијата во Минеаполис. Тој се сретна со агенти на Службата за имиграција и застана во нивна одбрана.Гувернерот на Минесота, Тим Волц, возврати дека федералната влада е таа што ја поттикнува нестабилноста и побара повлекување на силите од улиците и соработка со државата за насочени акции.Случајот со петгодишното момче предизвика особена огорченост, откако беше објавено дека детето било приведено додека се враќало од училиште. Училишните власти и адвокатот на семејството тврдат дека тие имаат активна постапка за азил и немаат налог за депортација, додека Венс изјави дека агентите постапиле за да ја обезбедат безбедноста на детето при апсењето на таткото.

Свет | пред 2 месеци

media-librarycok8bf9cdfd90dueSOW

ДУИ се повлекува: Нема поддршка за законот за Сејф сити

Демократската унија за интеграција денеска одлучи да не гласа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоци, со што се доведува во прашање неговото стапување во сила и почетокот на функционирањето на системот „Сејф сити“, најавен за 1 февруари.Координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт од редовите на ДУИ, Рина Ајдари, во изјава за ТВ21 истакна дека пратениците на ДУИ нема да го поддржат законот, наведувајќи дека постојат повеќе забелешки и конкретни барања за измени на предложените решенија.Измените на Законот за прекршоци денеска се наоѓаат на дневен ред на пленарната седница во Собранието и се предуслов за целосна примена на системот за автоматска контрола на сообраќајот.Владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, заедно со Левица, најави поддршка за законот, додека СДСМ, слично како и ДУИ, соопшти дека нема да го поддржи.За усвојување на законот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, што ја прави неизвесна неговата судбина и можниот почеток на примената на системот „Сејф сити“ во најавениот рок.

Македонија | пред 2 месеци

Screenshot-2023-10-02-at-20.28.16

Јанкулоска: Проблемот не е во законите, туку во правниците што ја заменија правдата со политика

Поранешната министерка за внатрешни работи, Горана Јанкулоска, со остра јавна реакција оцени дека дел од предметите кои се актуелизираат денес се застарени и дека никогаш не требало да бидат предмет на кривично гонење доколку, како што наведува, надлежните институции се придржувале до законот, правдата и правото, наместо да постапуваат по политички диктати.Според Јанкулоска, Специјалното јавно обвинителство било формирано со јасна цел – да даде одговор на прашањето кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, непрекинато. Наместо тоа, таа тврди дека СЈО се занимавало со низа други прашања, целосно отстапувајќи од својата основна мисија.Во својата изјава, Јанкулоска обвинува дека преку политички прогон се водела кадровска политика во политичките партии, дека се граделе партиски рејтинзи за изборни цели, како и дека преку закани и притисоци се одбирале владини партнери не според изборната волја на граѓаните, туку според дневнополитички потреби. Во тој контекст, таа оценува дека денешните обвинувања насочени кон измените на Кривичниот законик од 2023 година се погрешно адресирани.„Проблемот не е ниту во тој, ниту во кој било друг закон“, порачува Јанкулоска, додавајќи дека суштинскиот проблем лежи во дел од правничката фела, која, според неа, наместо да го штити правото, во сè гледала политичка математика и активно учествувала во партиски пресметки.Таа обвинува дека токму тие правници незаконски земале бонуси, со години парадирале пред судовите и граделе, како што вели, „метеорски кариери“, не врз основа на резултати и професионален квалитет, туку поради сервилност кон тогашната власт. Според Јанкулоска, ваквиот пристап оставил длабоки последици врз правниот систем и довербата на граѓаните во правдата.

Македонија | пред 2 месеци

media-library9mfic5t8cgbl8fsPH2a

Мицкоски од Давос, лобира за стратешки енергетски проекти: „Бошков мост“, „Чебрен и Галиште“

Премиерот Христијан Мицкоски од Светскиот економски форум во Давос порача дека Македонија активно лобира за реализација на клучни стратешки енергетски проекти, нагласувајќи дека „Бошков мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ веќе го привлекле интересот на меѓународни инвеститори.Мицкоски информира дека денот го започнал со билатерална средба со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, по што следувале низа разговори со претставници на мултинационални компании со значајна улога во глобалниот бизнис. Во фокусот на дискусиите биле темите што доминираат на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, развојот на дата-центрите и зголемените потреби од електрична енергија.Според него, разговорите со водечки компании во управувањето со дата-центри ги отвориле прашањата за идниот раст на производството на електрична енергија и потребата од зајакнување на енергетската инфраструктура. Во тој контекст, Мицкоски ги истакнал проектите за производство на струја, како и инвестициите во подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас, кои Владата ги смета за приоритетни.На панел-дискусија во Давос, премиерот за првпат пред меѓународната публика ги презентирал проектите „Бошков мост“, „Чебрен“ и „Галиште“, оценувајќи дека тие се од суштинско значење за енергетската иднина на државата. Тој изрази уверување дека проектите предизвикале голем интерес, посочувајќи дека по завршувањето на панелот биле остварени директни контакти со потенцијални инвеститори.„Ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме нашите потенцијали и инвестициските можности. Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата и ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните“, изјави Мицкоски.Премиерот најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел посветен на промоција на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, изразувајќи оптимизам дека и тој ќе резултира со конкретни интереси и партнерства.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryaj9crr4njl6daL7bbJ7

Муцунски: Нашата цел е да бидеме модерна држава со силни институции и силна економија, партнер на САД и најподготвена кандидатка за членство во ЕУ

Во интервју за веб-порталот Локално.мк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Давос говори за актуелните геополитички случувања, односите со Соединетите Американски Држави и Европската Унија, улогата на Америка на Балканот и во Европа, темелите на македонската надворешна политика и позиционирањето на државата во рамки на „новиот светски поредок“.„Може да се менуваат администрациите и стиловите, но интересите – безбедносни, технолошки, трговски и енергетски – остануваат. Наша обврска е да бидеме држава што знае што сака, држава на која може да ѝ се верува и држава што е дел од решението, а не од проблемот“, потенцира министерот Муцунски во интервјуто.Тој порачува дека државата не се движи по инерција, ниту се води од „модни“ геополитички трендови.„Ние сме прогресивни во амбицијата. Сакаме да бидеме модерна европска држава со силни институции и силна економија“, вели министерот Муцунски, додавајќи дека во време кога многу лидери во Давос зборуваат за „рушење на стариот светски поредок“, за нас најважно е да останеме внимателни и со јасен компас.Министерот се осврнува и на политичките односи со САД и Европската Унија, нагласувајќи дека Европа е нашата природна економска, политичка и институционална дестинација, а САД клучен безбедносен и политички столб за стабилноста на континентот.„Нашата надворешна политика се темели на три постулати: целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, кредибилно и активно членство во НАТО, и стратешко партнерство со САД. Тоа не е ‘или-или’ или ‘и-и’, туку прашање на принципи, а не на следење на моменталните ветрови“, нагласува Муцунски.Тој додава дека кога се поставува дилемата „ЕУ–САД или Исток“, одговорот е јасен: „Ние припаѓаме на Западот – по вредности, по безбедносна архитектура и по стратешки интереси. Сè друго може да биде економска релација, во рамки на правилата на меѓународното право, но не и геополитичка ориентација“.„Вистината е едноставна: без американско присуство и лидерство во НАТО, европската безбедност би била послаба; без европска интеграција, нашиот регион би бил поранлив. Ние работиме да бидеме најдобар сојузник во НАТО и најподготвена кандидатка за членство во ЕУ, затоа што овие две определби се комплементарни“, истакнува министерот.Одговарајќи на прашањето какви односи треба да градиме во иднина, Муцунски вели дека поуката за нас е да бидеме зрели: „Со големите сили не се гради однос на слепа послушност, туку на јасно дефинирани интереси, меѓусебна почит и договори што носат резултати“.„Стратешкото партнерство со САД не значи климање со глава, туку значи придонес, јасно изразување согласување или несогласување и барање фер третман, затоа што си коректен и предвидлив сојузник“, додава тој, нагласувајќи дека токму на такви принципи се темелат односите со администрацијата на претседателот Трамп – односи од кои произлегуваат конкретни и видливи резултати, и од кои во иднина се очекува дополнително продлабочување на соработката меѓу двете држави.Говорејќи за актуелниот светски поредок и позицијата на државата во него, министерот Муцунски е дециден дека нашата безбедност денес е неспоредливо посилна, затоа што сме земја членка на НАТО.„Тоа е клучната разлика меѓу денес и пред 20 години. Ние сме дел од колективен безбедносен систем, имаме сојузници и располагаме со конкретни механизми. Во исто време, тоа не значи дека треба да бидеме наивни – затоа ја зајакнуваме одбраната, институциите, отпорноста на хибридни закани, како и енергетската и дигиталната безбедност“, додава тој.На крајот од интервјуто, министерот Муцунски заклучува дека стратешката цел останува јасна – модерна европска држава со силни институции и економија.„Во време на глобални турбуленции, најголема вредност е кредибилитетот. Ние ќе го градиме токму таму каде што припаѓаме – во европското семејство, во НАТО и преку силно, стабилно и принципиелно партнерство со САД“, заклучува Муцунски.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarypinaq9vv1e5u3Ce2AG3

МВР: Автобус на ЈСП удрил во пешак

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска, 22 јануари 2026 година, околу 12 часот, во СВР Скопје била пријавена сообраќајна несреќа на улицата „Ѓорче Петров“ во Скопје.Според пријавата, автобус на Јавно сообраќајно претпријатие Скопје на линија број 4 удрил во 55-годишната Д.П. од Скопје. Повредената била пренесена во Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“, каде што првично ѝ биле констатирани телесни повреди.На местото на настанот бил извршен увид од увидна екипа на СВР Скопје, а надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случила сообраќајната несреќа.

Скопје | пред 2 месеци

eZy-Watermark_26-08-2023_12-39-18-9110PM

Проштална порака на Агелер до граѓаните на Македонија

Пред три години, како десетта амбасадорка на Соединетите Американски Држави, пристигнав во Скопје, во оваа убава земја, порача Анџела П. Агелер во својата проштална порака. Таа истакна дека тогаш, а и денес, чувствува длабока чест и понизност поради можноста да ја претставува својата земја во Македонија.Агелер потсети дека на почетокот на својот мандат изразила силна вера во храброста и издржливоста на граѓаните на Македонија, вера која, како што нагласи, во изминатите три години постојано се потврдувала, обновувала и зајакнувала. Таа додаде дека верувала оти токму тогаш е вистинскиот момент да се направи суштинска разлика – во јакнењето на економскиот раст, енергетската независност, судскиот интегритет, образованието, културната отпорност и европската интеграција. Во дел од тие области, како што наведе, заедничката работа донела конкретен напредок, додека во други останува уште многу да се направи.Говорејќи за одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија во 2025 година, Агелер нагласи дека партнерството меѓу двете земји трае повеќе од три децении и претставува пример за сила, компромис и трпелива решителност. Според неа, изминатите три години покажале конкретни и опипливи резултати од вистинското пријателство и конструктивното партнерство.Таа како примери ги наведе реалните планови за исполнување на обврските во рамките на НАТО, набавката на современи тактички возила и нивното учество во големи мултинационални воени вежби, како и напредокот на најголемиот инфраструктурен проект во земјата, кој треба да ги отвори стратешките коридори 8 и 10 и да придонесе за поголема регионална безбедност и трговија. Агелер истакна и дека партнерството значи јавно соочување со корупцијата и криминалните структури, поддршка на судските реформи и санкционирање на оние кои со години ја злоупотребувале довербата на граѓаните.Во пораката таа нагласи дека соработката опфаќала и создавање можности во заедници каде надежта била ослабена, поттикнување реален економски раст, развој на енергетски и инфраструктурни проекти, како и соработка во области како технологијата, здравството, транспортот, безбедноста, образованието и заштитата на животната средина. Посебно ја истакна и грижата за културното наследство, кое, според неа, претставува светско богатство.Агелер оцени дека во текот на трите години, соработката меѓу двете земји прераснала во вистинско и длабоко пријателство со граѓаните низ целата држава. Таа се потсети на посетите на училишта, цркви, судови, домови, фарми и винарии, како и на отворените и искрени разговори за прашања од заедничко значење, дури и кога не постоело целосно согласување. Граѓаните, како што наведе, со неа ги споделувале своите соништа, визии, разочарувања, но и тагата по загубените најблиски.„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината убавина, историја, традиции и култури, но и нејзините противречности, издржливоста и хуморот на луѓето и во најтешките моменти“, порача Агелер, додавајќи дека ја напушта Македонија со чувство на длабока благодарност за добрината, дарежливоста и силата на нејзините граѓани.На крајот, таа порача дека Соединетите Американски Држави секогаш ќе стојат покрај Македонија, поддржувајќи ја визијата за посилна, попросперитетна, побезбедна и целосно интегрирана евроатлантска држава. „Ова е ваша земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонува. По три години, сè уште ја носам истата силна вера во храброста и силата на нејзините луѓе“, порача Агелер, завршувајќи со охрабрување граѓаните да бидат здрави, храбри и силни.

Македонија | пред 2 месеци

skolo

Сезонскиот грип ги испразни училишните клупи во Тетово, над 600 ученици отсутни од настава

Второто полугодие во основните и средните училишта во Тетово започна со значително намален број ученици, откако околу 610 деца останаа дома поради сезонски грип и други вирусни инфекции. Според надлежните, најголем дел од отсутните се ученици од основното образование, но висок е и бројот на средношколци кои во моментов не ја следат наставата.Од секторот за образование информираат дека досегашните податоци укажуваат на до 400 отсутни ученици во основните училишта и околу 210 во средните, при што причината во најголем дел се вирусни заболувања. Надлежните изразуваат надеж дека ваквата состојба ќе биде привремена и дека во наредниот период бројот на заболени ќе се намали, по што учениците ќе се вратат во училишните клупи. Воедно, упатен е апел до родителите децата со симптоми на вирусни инфекции да не ги испраќаат на настава.Најголем број отсутни ученици е регистриран во основното училиште „Лирија“ во Тетово. Според раководството на училиштето, во секое одделение отсуствуваат од пет до тринаесет ученици, во зависност од паралелката. Од училиштето повторно апелираат родителите да бидат внимателни и да не ги изложуваат децата и нивните соученици на дополнителен здравствен ризик.Во врска со актуелната состојба, министерката за образование и наука Весна Јаневска неодамна изјави дека бројот на заболени од грип не достигнал ниво кое би наложило продолжување на зимскиот распуст. Таа нагласи дека ширењето на вирусите не е поврзано исклучиво со училиштата, посочувајќи дека грипот може да се пренесе и во домашни услови, на јавни места или за време на зимските одмори.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryqbsek08md0nn9MiFq3W

Германија го протера заменикот на рускиот воен аташе

Германија го повика рускиот амбасадор на информативен разговор поради апсењето на осомничена руска шпионка, а истовремено донесе одлука за протерување на руски дипломат кој, според истрагата, ѝ служел како контакт. Од германското Министерство за надворешни работи порачаа дека ваквото постапување е директен одговор на, како што го оценија, агресивното дејствување на Русија.Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија нема да толерира шпионажа на своја територија, особено кога во такви активности се вклучени лица со дипломатски статус, нагласувајќи дека ваквите постапки мора да имаат конкретни последици.Германските власти соопштија дека Илона В., германско-украинска државјанка, била уапсена поради сомнение дека шпионирала за руската воена разузнавачка служба ГРУ. Како нејзина контактна точка е наведен заменикот на воениот аташе на Русија во Берлин, на кого осомничената му доставувала информации поврзани со воените активности во Германија, со посебен фокус на состојбите поврзани со војната во Украина.Според истрагата, Илона В. во повеќе наврати му овозможила на рускиот дипломат пристап до различни политички настани користејќи лажен идентитет. Информациите за активностите на Бундесверот ги добивала преку двајца поранешни припадници на германските вооружени сили, против кои исто така е покрената истрага.Германските безбедносни служби наведуваат дека од почетокот на руската агресија врз Украина, Москва значително ги интензивирала своите разузнавачки активности во Германија, особено во рамки на таканареченото хибридно водење војна и шпионажа, што, според Берлин, претставува сериозна закана за националната безбедност.

Свет | пред 2 месеци

media-library44nlq6oal1ra8cdMUQz

Службата за имиграција на САД приведе 5-годишно дете

Американската служба за имиграција и царина (ICE) привела петгодишно момче од Минесота додека се враќало дома од училиште и заедно со неговиот татко го однела во притворен центар во Тексас, соопштија локалните училишни власти, пренесува „Гардијан“.Детето било приведено пред семејниот дом во предградието Колумбија Хајтс, во близина на Минеаполис. Надзорничката на училишниот округ изјави дека агентите го искористиле момчето за да проверат дали има уште лица во куќата, што таа го оцени како недозволиво постапување.Адвокатот на семејството соопшти дека таткото и детето влегле легално во САД и чекале одлука за азил, без активен налог за депортација. Од Министерството за внатрешна безбедност тврдат дека целта на операцијата бил таткото, а не детето.Училишните власти предупредија дека во последните две недели уште три малолетници од истиот округ биле приведени од имиграциски агенти, нагласувајќи дека ваквите акции предизвикуваат страв и трауми кај децата и целата заедница.

Свет | пред 2 месеци

media-library37jn7mv2f7694plOq7M

Зеленски: Испративте 40 војници на Гренланд? Тоа е апсурдно

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска одржа говор на Светскиот економски форум во Давос, во кој остро ги критикуваше европските лидери поради, како што рече, нивната неодлучност, одолговлекување и потпирање врз Соединетите Американски Држави во клучните безбедносни прашања, вклучително и Украина и Гренланд, објави Би-би-си.Зеленски го започна говорот со споредба со филмот „Бескраен ден“, во кој главниот лик постојано го преживува истиот ден. Тој истакна дека никој не сака да живее така, повторувајќи го истото со денови, недели, месеци и години, додавајќи дека токму така, според него, денес живее светот.Според Зеленски, глобалното внимание во последните денови се пренасочило кон Гренланд, но без јасен одговор што Европа навистина планира да направи. Тој оцени дека повеќето европски лидери сè уште не знаат како да постапат и дека изгледа како сите да чекаат САД да се „оладат“ околу ова прашање и темата едноставно да исчезне.Во продолжение, Зеленски направи паралела со Иран, каде што протестите, како што рече, биле задушени со крв, а потоа повторно се осврна на војната во Украина. Го спомена и случајот со Венецуела, нагласувајќи дека претседателот Николас Мадуро се наоѓа во Њујорк и чека судење, додека рускиот претседател Владимир Путин не се соочува со таква одговорност.Тој ѝ се заблагодари на Европа за замрзнувањето на руските средства, но нагласи дека нивната употреба за одбраната на Украина била блокирана токму во моментот кога тоа било најпотребно. Зеленски изјави дека нема никаков вистински напредок во воспоставувањето меѓународен трибунал за руската агресија врз Украина, и покрај бројните состаноци, прашувајќи дали проблемот е во времето или во политичката волја.Говорејќи за европската безбедност, Зеленски истакна дека Европа мора да биде способна сама да се брани. Тој посочи дека иако некои држави ги зголемиле издвојувањата за одбрана, многу од нив не ги исполнувале ниту сопствените обврски сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не извршил притисок. Запраша каква порака тоа им испраќа на Путин и на Кина, додавајќи дека испраќањето 40 војници за заштита на Гренланд нема да направи никаква разлика и го нарече таквиот потег апсурден.Зеленски додаде дека Украина има капацитет да го брани Гренланд, нагласувајќи дека знае како се води борба во такви услови, но потсети дека тоа би било возможно доколку Украина беше членка на НАТО. Тој повторно предупреди дека Европа се однесува како некој друг да ќе го реши прашањето со Гренланд, додека во меѓувреме, како што рече, рускиот воен механизам продолжува да се движи.Украинскиот претседател ги критикуваше и Европа и САД затоа што не ја спречиле продажбата на компоненти за ракети на Русија, истакнувајќи дека додека Европа и Америка молчат, Путин продолжува да произведува ракети. Тој рече дека му било советувано во разговорите со САД да не спомнува одредени системи за вооружување за да не се расипе атмосферата, додека во Европа, според него, се води бескрајна внатрешна дебата што ја спречува отворената и искрена дискусија за решенијата. Европа, рече Зеленски, наместо да стане вистинска глобална сила, останува убав, но фрагментиран мозаик од мали и средни сили.Тој порача дека американскиот претседател нема да се промени и оцени дека некои европски лидери се „од Европа, но не и за Европа“, предупредувајќи дека позицијата на САД се менува, но дека никој не знае точно како и со која брзина.Говорејќи за можен прекин на огнот, Зеленски изјави дека сè уште не е постигнат договор со САД за безбедносни гаранции, кои ги смета за клучни. Тој праша зошто САД можат да запираат танкери од таканаречената руска флота во сенка и да запленуваат нафта, додека Европа тоа не го прави, иако токму таа нафта што минува покрај европските брегови го финансира руското војување против Украина. Според него, доколку Путин остане без пари, нема да има ниту војна за Европа.Осврнувајќи се на денешната средба со Доналд Трамп, Зеленски рече дека документите насочени кон завршување на војната се речиси подготвени и дека Украина работи искрено и решително, додека Русија мора да стане подготвена да ја заврши агресијата. Тој додаде дека претходните разговори со САД резултирале со испорака на противвоздушни ракети и разговори за заштита на небото, изразувајќи надеж дека Вашингтон ќе продолжи да стои зад Украина.На крајот, Зеленски повика на силна Европа и истакна дека континентот има потреба од независна Украина која еден ден би можела да ги брани и другите. Тој порача дека на Украина ѝ се потребни дела, затоа што од нив произлегува светскиот поредок, нагласувајќи дека без дејствување денес, нема утре, и говорот го заврши со пораката: „Слава на Украина“.

Свет | пред 2 месеци

Нема фотографија

Трамп: Ако Европа почне да продава американски обврзници, ќе следи голема одмазда

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе возвратат доколку европските земји започнат со продажба на американски акции и државни обврзници, како одговор на неговите ставови за можната купопродажба на Гренланд и притисокот врз сојузниците во НАТО. Во интервју за „Фокс бизнис“ од Давос, на прашањето дали го загрижува такво сценарио, Трамп одговори дека во тој случај би следувала „голема одмазда“ од американска страна, нагласувајќи дека САД „ги држат сите карти“.Изјавата доаѓа откако министерот за финансии Скот Бесент ги оцени данските вложувања во САД како небитни, реагирајќи на одлуката на дански пензиски фонд да ги повлече инвестициите во американски државни обврзници поради, како што наведе фондот, лошата состојба на јавните финансии. Данска, која има територијална надлежност над Гренланд, најави повлекување од околу 100 милиони долари, сума што е симболична во однос на вкупниот американски пазар на обврзници, проценет на повеќе од 30 трилиони долари. Сепак, Данска и понатаму поседува речиси 10 милијарди долари во американски државни хартии од вредност, бројка што значително се намалува во последните години во споредба со 2021 година, кога изнесувала околу 18 милијарди долари.На внатрешен план, Трамп призна дека републиканците би можеле да се соочат со тешки меѓуизбори оваа година, потсетувајќи на историската практика според која партијата на актуелниот претседател често губи поддршка на таквите избори. Тој оцени дека постои психолошки фактор кој негативно влијае врз резултатите, без оглед на постигнатите резултати на администрацијата, но додаде дека очекува силна борба и добар исход за републиканците.Осврнувајќи се на можноста за нова обустава на работата на федералната влада кон крајот на месецот, Трамп изрази уверување дека до тоа веројатно ќе дојде и за ситуацијата ги обвини демократите. Тој истакна дека би сакал усвојување на буџетски пакет преку постапка на усогласување, но призна дека тоа ќе биде тешко поради тесното мнозинство на републиканците во Конгресот, при што посочи дека отстапувањата на поединечни пратеници дополнително ја отежнуваат ситуацијата.

Свет | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања