Промени тема
За нас
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески
Загрозениот Груби, трагедијата во Карпош, дрога, газда Деко/Пулс, Грчец и Шеваљ-Претрес со Ѓурчески

Кристијан Ландов

nafta-mazut

Македонија меѓу најподготвените во регионот, државните нафтени резерви се стабилни, вели Министерството за енергетика

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека државните нафтени резерви се стабилни и гарантираат сигурност на снабдувањето за граѓаните и стопанството, во услови на зголемени геополитички ризици и неизвесност на светските пазари.Од Министерството посочуваат дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви континуирано ги следи и одржува резервите на нафта и нафтени деривати, со цел да се обезбеди стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција доколку дојде до нарушување на увозот или снабдувањето.Агенцијата има законска обврска да ги формира и одржува резервите во согласност со европската регулатива, односно Директивата 2009/119/ЕЗ, која предвидува задолжително минимално ниво на покриеност во однос на просечната потрошувачка или увозот во определен број денови.Државните резерви се чуваат како стратешки безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето.Според последните податоци, државата располага со:– 138.877.053 литри еуродизел,– 32.098.680 литри еуросупер БС-95,– 10.772.342 литри екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1),– 5.287.794 килограми мазут М-1 НС.Министерството наведува дека во моментов увозот на нафтени деривати се одвива непречено и без ограничувања. Доколку се појави евентуален недостиг поради затворање на граници, прекини или други нарушувања, Владата ќе реагира соодветно и навремено.Нафтените резерви се складирани кај овластени трговски друштва, меѓу кои се ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ. Овие капацитети се редовно мониторирани од надлежните државни органи, со цел да се обезбеди техничка исправност и навремена достапност на резервите.Како дополнителен сигурносен механизам, во функција е и продуктоводот Солун–Скопје, кој обезбедува алтернативен доток на сите видови нафта и нафтени деривати, намалувајќи ја зависноста од други транспортни правци.Од Министерството нагласуваат дека системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита преку стратешки резерви, диверзификација на снабдувачите, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката.И покрај актуелните случувања на Блискиот Исток и можните глобални пореметувања, надлежните уверуваат дека Република Северна Македонија има обезбедено стабилен проток на деривати од повеќе извори и останува целосно подготвена да реагира во случај на какво било нарушување на снабдувањето.

Македонија | пред 2 седмици

media-libraryt4vdtqi43r2t4vUnN2T

(Видео) Десет пријави има против сопругот на Ивана, а пред падот од балкон интервенирала полиција но таа негирала дека била тепана, вели Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека пријавата за трагедијата во Карпош, каде жена и малолетно дете го загубија животот по пад од балкон, била примена од случаен минувач. Според него, на улицата „Теодосиј Гологанов“ веднаш излегле полициски службеници од Полициската станица Карпош и екипа на Итната медицинска помош, при што била констатирана смрт.Извршен бил увид од страна на СВР Скопје, а телата се предадени на обдукција. Од местото на настанот биле подигнати материјални траги и мобилен телефон.Министерот посочи дека настанот имал претходница истиот ден. На 2 март во 12:05 часот била примена пријава за расправија меѓу сопружниците, а полициски службеници пристигнале на адресата во 12:19 часот. Бил извршен разговор со сопругата, која изјавила дека немало физички контакт со сопругот, дека станувало збор за недоразбирање и дека не бара поведување постапка ниту интервенција. Таа навела дека брачните односи ги решава преку бракоразводна постапка и потпишала службена белешка.По оваа интервенција, жената се упатила кон станот на улицата „Теодосиј Гологанов“, каде подоцна се случил трагичниот исход. Тошковски нагласи дека сите околности се детално документираат.По усна наредба, уапсен е сопругот, Стојанче Јовановски, поради сомневање за сторено кривично дело. Според податоците што ги изнесе министерот, во изминатите две години против него имало десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога. Кај него, тогаш биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него била поднесена кривична пријава. По барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост, односно обврска за јавување во суд.Во 2025 и 2026 година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени односи меѓу сопружниците. Полицијата постапувала и преземала мерки, но, како што посочи Тошковски, во сите наврати оштетената се повлекувала од поднесените пријави.

Настани | пред 2 седмици

ronaldo-960x638-1

По ескалацијата на конфликтот, Роналдо замина од Саудиска Арабија?

Кристијано Роналдо ја напуштил Саудиска Арабија со својот приватен авион во текот на ноќта, што предизвика шпекулации дека фудбалската ѕвезда ја напушта земјата поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.Ријад, градот во кој 41-годишниот Роналдо живее со партнерката Георгина Родригез и нивните пет деца, беше погоден од ирански напади во четвртиот ден од судирите во регионот.Според податоци од платформи за следење на летови, авионот од типот „Бомбардиер Глобал Експрес 6500“ полетал од Ријад околу 20:00 часот и слетал во Мадрид нешто по 1 часот по полноќ, по речиси седумчасовен лет. Полетувањето се случува во период кога дел од странските државјани го напуштаат регионот, а повеќе летови кон и од Ријад се пренасочени или откажани.Роналдо, кој настапува за саудискиот клуб Ал-Наср и според медиумите заработува околу 560.000 евра дневно, моментално е надвор од терените поради повреда. Тој го напушти натпреварот во победата од 3-1 против Ал Фајха, што отвори прашања дали ќе биде подготвен за претстојните натпревари на репрезентативно ниво.Авионот со кој го напуштил Ријад, според информациите, бил купен во 2024 година за околу 70 милиони евра, откако Роналдо го продал својот претходен „Галфстрим Г200“. Луксузното летало може да прими до 15 патници и располага со повеќе одвоени простории, вклучувајќи дневен простор со софи, спална соба со двоен кревет и бања со туш.Засега нема официјална изјава од Роналдо или од неговиот клуб во врска со причините за летот кон Шпанија.

Свет | пред 2 седмици

media-library94g7m2p097q9eBAyIka

Вчеравечер реализирани 12 редовни летови од Дубаи: 200 патници се вратија во Белград, а стотици и до Будимпешта, Варшава, Прага, Милано...

Патниците кои од Дубаи пристигнаа во Белград не биле евакуирани со организација на Владата, туку патувале со редовен лет на компанијата „Флај Дубаи“, за кој имале претходно купени билети. Според информациите, тие биле контактирани од авиокомпанијата дека летот ќе се реализира, по што околу 200 патници се вратиле во Србија.Летот бил реализиран по три последователни одложувања. Првично требало да полета во саботата, на денот кога започнаа воените дејствија меѓу САД, Израел и Иран, но бил презакажан во уште два термини без да се реализира. По дополнителни безбедносни проценки на компанијата „Емиратс“ и надлежните власти во Обединетите Арапски Емирати, било одлучено летот да се изврши синоќа.Пред реализацијата на летот за Белград, од аеродромот во Дубаи полетале и авиони кон Варшава, Ријад, Адис Абеба, Мумбаи, Рига, Лахоре, Прага, Будимпешта, Милано, Коломбо и Баку.Во текот на вчерашниот ден, пред полетувањето кон Белград, биле одложени 65 редовни летови. Прелетот на авионот од типот „Боинг 737 Макс 8“ во живо го следеле околу 40.000 лица преку интернет-страница која во реално време го прикажува движењето на леталата. Авионот слетал на белградскиот аеродром утринава во 06:17 часот.Авиокомпаниите преку соопштенија ги известиле патниците да не доаѓаат на аеродром доколку претходно не бидат директно контактирани.„Приоритет имаат патниците со претходни резервации, а оние кои биле прераспоредени на ограничени летови ќе бидат индивидуално известени од „Емиратс“, се наведува во соопштението.

Свет | пред 2 седмици

media-librarylenla4lvof1f2eR0mo4

Најмалку 42 цивили загинати во судирите меѓу Авганистан и Пакистан

Најмалку 42 цивили загинале, а 104 се повредени во Авганистан во борбите со Пакистан во периодот од 26 февруари до 2 март, соопшти Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА). Судирите меѓу двете соседни земји влегуваат во шести ден, а воените тензии остануваат високи.Според УНАМА, цивилните жртви вклучуваат лица погодени од индиректен оган во прекуграничните судири, како и жртви од воздушни напади. Организацијата нагласи дека бројките се прелиминарни.Авганистан соопшти дека презел уште една пакистанска позиција во регионот Кандахар и дека борбите „сè уште траат“. Овој конфликт, најсериозен во последните години меѓу двете земји, започна откако авганистанските талибански власти извршија, како што наведуваат, одмазднички напади врз пакистански цели, по пакистанските операции против милитанти на авганистанска територија.Кабул тврди дека пакистанските сили целеле цивили, додека Исламабад ги отфрла тие обвинувања. Пакистан минатата недела лансираше ракети воздух-земја врз талибански воени локации, а според пакистански безбедносни извори, уништена била и воена база во авганистанската покраина Нангархар.Двете страни тврдат дека од почетокот на судирите убиле десетици војници на спротивната страна и нанеле значителна штета на воените објекти. Овие податоци не се независно потврдени.Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари изјави пред парламентот дека Исламабад нема да дозволи соседна територија да се користи за напади врз Пакистан. „Тлото на Пакистан е свето. Нема да дозволиме ниту еден субјект, домашен или странски, да го користи соседниот простор за дестабилизација на нашиот мир“, рече тој.УНАМА повика на итен прекин на борбите, предупредувајќи дека насилството довело до раселување на околу 16.400 домаќинства и дополнително ја влошило хуманитарната состојба во Авганистан, кој сè уште се опоравува од серијата разорни земјотреси во август и септември, кога загинаа повеќе од 1.400 луѓе.Организацијата предупреди дека ограничувањата на движењето во пограничните подрачја ја намалиле способноста на хуманитарните агенции да обезбедат итна помош во најпогодените области.

Свет | пред 2 седмици

maksim-dimitrievski-91234

СДСМ со жесток напад врз Максим Димитриевски: „Да не му фали некој тендер?“

СДСМ упати сериозни обвинувања на адреса на Максим Димитриевски, прашувајќи јавно дали „му недостига некој тендер па кука по телевизија“.Од партијата оценуваат дека Димитриевски се однесува како да не е дел од, како што наведуваат, „криминалната власт“, обвинувајќи го дека како лидер на ЗНАМ делувал во корист на ВМРО-ДПМНЕ со цел да го ослаби СДСМ одвнатре.„Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка, бара да си ги наплати своите ‘заслуги’“, стои во реакцијата.СДСМ алудира и на наводни договори поврзани со случајот со Артан Груби, посочувајќи дека зад одлуките стои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.Во соопштението се споменува и тендер во Пошта во вредност од 1,2 милиони евра, за кој партијата тврди дека бил доделен на фирма блиска до ЗНАМ, во време кога вработените, според нив, се соочуваат со доцнење на платите.СДСМ дополнително го критикува Димитриевски дека јавно признал дека не живее од плата, оценувајќи дека поради тоа не покажува чувствителност кон работниците и минималната плата. „Никој од нив не живее од плата, туку од тендери“, се наведува во реакцијата.

Македонија | пред 2 седмици

media-libraryfptj8pcjs80s1AaZxQs

Најмногу заглавени државјани имаме во Абу Даби, па потоа во Катар и Израел - вкупно 473 лица побарале помош од МНР

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.Според последните податоци, 19 лица се пријавиле од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.Согласно информациите добиени од надлежните власти, во моментов сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Од Министерството посочуваат дека евакуацијата ќе започне во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови.Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги анализира можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.МНР повторно апелира до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи, додавајќи дека дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, остануваат достапни 24 часа дневно.

Македонија | пред 2 седмици

media-libraryssn132b16i0ffHqzKPr

„Едно лице задржано во станица, мајката и детето биле заклучени сами во станот“, први информации од Обвинителството за трагедијата во Карпош

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот во Карпош, кога при пад од висококатница животот го загубија мајка и малолетно дете.Од Обвинителството информираат дека едно лице е задржано во полициска станица и дека по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка, а во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по извршениот увид бил запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот починатата и малолетното девојче биле сами во станот, кој бил заклучен од внатрешната страна.По наредба на јавниот обвинител денеска се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се спроведува екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други записи од неколку локации.Во текот на вчерашниот ден била наредена и обдукција на телата на починатите.Во однос на евентуалното претходно постапување, јавниот обвинител побарал детално известување од Министерството за внатрешни работи и од Центарот за социјална работа за сите можни претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе биде наложена и внатрешна контрола во МВР за да се испита постапувањето по тие пријави.

Скопје | пред 2 седмици

media-libraryn1m9e81qf70jfkAb9QI

Дел од МАГА се сврте против Трамп поради Иран, тој порача: „Не ми е гајле“

Дел од движењето МАГА отворено негодува поради воената операција на Доналд Трамп во Иран, стравувајќи од долготраен конфликт и зголемен број жртви меѓу американските војници. Претседателот, сепак, одговори кратко: „Не ми е гајле“, нагласувајќи дека МАГА стои зад него.Според анализата на „Ју-Ес-Еј тудеј“, незадоволството во дел од базата произлегува од стравот дека операцијата може да прерасне во уште една долга и скапа војна на Блискиот Исток. Трамп во минатото ги градеше своите кампањи врз критика на војните во Ирак и Авганистан, нарекувајќи ја инвазијата врз Ирак „катастрофа“ и „една од најлошите одлуки во историјата на земјата“.Иако првичните операции во Иран и Венецуела во неговиот втор мандат беа кратки и без американски жртви, актуелната ескалација веќе резултираше со смрт на шест припадници на американските вооружени сили. Трамп изјави дека операцијата првично била планирана да трае четири до пет недели, но дека САД имаат капацитет да дејствуваат и многу подолго.Во подкастот „Воена соба“, што го води Стив Бенон, сојузници на Трамп предупредија дека долготрајна и исцрпувачка операција може политички скапо да го чини претседателот. Бенон истакна дека во кампањата за 2024 година не било најавено сценарио на „тежок и исцрпувачки пат“, додавајќи дека поддршката може да се намали.Меѓу конзервативните гласови што ја доведуваат во прашање интервенцијата се и Такер Карлсон и Мегин Кели. Карлсон ја оцени кампањата како „одвратна и зла“, додека Кели изјави дека сака да биде поуверена дека жртвите се оправдани. Трамп, пак, ги отфрли нивните критики, нагласувајќи дека „МАГА е Трамп“ и дека движењето ја поддржува неговата политика.Министерот за одбрана Пит Хегсет се обиде да ги отфрли споредбите со Ирак, тврдејќи дека операцијата во Иран има „јасна, решителна и разорна мисија“ и дека не станува збор за бесконечна војна.Сепак, дел од конзервативците прашуваат кои се вистинските цели: промена на режимот, уништување на нуклеарните капацитети, ограничување на воената моќ или поширока геополитичка стратегија. Недостигот од, како што велат, кохерентна порака отвора дилеми во пресрет на клучните избори на средината од мандатот, кога републиканците настојуваат да ја задржат контролата врз Конгресот.Политичката дебата околу Иран сè повеќе го дели републиканскиот табор и ја става на тест способноста на Трамп да ја задржи мобилизираната и обединета својата база во услови на растечки безбедносни ризици и неизвесен исход од конфликтот.

Свет | пред 2 седмици

media-library7t486sgrkkhn5ubXnkH

Ирански медиуми: Во Јемен уништен американски дрон „Ем-Кју-9“

Иранската новинска агенција Тасним објави фотографии за кои тврди дека прикажуваат „уништена беспилотна летелица Ем-Кју-9“ во планинска област на југот од Јемен. Според агенцијата, дронот ѝ припаѓал на американската војска.Во објавата не се наведува како дошло до уривањето на летелицата, ниту пак точното време кога се случил инцидентот. Засега нема официјална потврда од Соединети Американски Држави за овие наводи.Во одделно соопштение, иранската војска информира дека во текот на изминатата ноќ соборила седум „напредни непријателски дронови“ во различни делови од Иран.Според информациите пренесени од Тасним, станува збор за беспилотни летала од типовите „Ем-Кју-9“, „Херон“, „Хермес“ и „Орбитер“, кои биле погодени од системите за противвоздушна одбрана во областите Табриз, Техеран, Исфахан, Хорамaбад и Бушер.Во соопштението се додава дека вкупниот број соборени дронови од почетокот на, како што се наведува, „ционистичко-американската агресија“ се искачил на 29. Овие тврдења засега не се независно потврдени од меѓународни извори.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryb2bf3r7njobffL0eJJj

Со првите летови од Дубаи се евакуирани патниците затекнати во транзит зоните, се разгледува евакуација на македонските државјани

Амбасадата на Република Македонија во Абу Даби соопшти дека е во постојана комуникација со властите на Обединетите Арапски Емирати, како и со институциите во Султанатот на Оман, со цел да им излезе во пресрет на македонските државјани кои се затекнати во регионот по ескалацијата на безбедносната состојба.Како што информираат од дипломатското претставништво, се разгледува можноста за репатријација и евакуација на граѓаните на Република Македонија преку копнената граница со Оман.Во соопштението се наведува дека ограничен број летови успеале да ги напуштат Обединетите Арапски Емирати преку аеродромите во Абу Даби и Дубаи, кои претходно беа цел на напади од Иран. Со тие летови биле евакуирани само патниците што се затекнале во транзитните зони на аеродромите.Амбасадата истакнува дека е во континуирана комуникација со надлежните органи на Обединетите Арапски Емирати за да се организира евакуација и со други летови, веднаш по добивање на официјална потврда дека воздушниот простор е безбеден за летање.Сите заинтересирани лица се повикуваат да се пријават во Дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Дежурниот мобилен број е +971 56 441 7532, а електронската адреса за контакт е abudabi@mfa.gov.mk.

Македонија | пред 2 седмици

media-libraryd5q3gv47kvmb4v32JUE

Авион со српски државјани полета од Дубаи кон Белград

Авион „Боинг 737 Макс 8“ на авиокомпанијата „Флај Дубаи“, со капацитет од 162 до 200 патници, вечерва полета од Дубаи кон Белград со српски државјани. Летот доцнеше повеќе од два часа, по што авионот полета околу 23.25 часот. Според првичните проценки, слетувањето во Белград не се очекува пред 5.50 часот наутро.Претходно во текот на денот, првите патнички авиони полетаа од аеродромот „Зајед“ во Абу Даби по привременото затворање на воздушниот простор поради воените дејствија во регионот. Податоците од платформите за следење летови покажуваат дека прв полетал „Ербас А380“ на „Етихад ервејс“ кон Лондон, по што следувале летови кон Амстердам, Париз, Москва, Карачи, Мумбаи, Исламабад и Делхи.Пред овие летови, од Абу Даби полетал и „Ербас А380“ на „Луфтханза“ кон Минхен, но според достапните информации, во тој лет немало патници.Актуелните летови се пренасочуваат со цел да се избегне Персискиот Залив, при што дел од рутите одат преку Саудиска Арабија кон исток, односно преку Оман и Оманскиот Залив за летовите кон запад.Воздушните напади на Соединети Американски Држави и Израел врз цели во Иран, како и иранските одмазднички удари врз цели во земјите од Заливот, предизвикаа сериозни нарушувања во цивилниот авионски сообраќај во регионот.Привременото затворање на воздушниот простор на Обединети Арапски Емирати и Катар доведе до целосна обустава на летовите од главните аеродроми во Дубаи, Абу Даби и Доха. Водечките авиокомпании, меѓу кои „Емирејтс“, „Катар ервејс“, „Етихад“ и „Флај Дубаи“, ги суспендираа операциите од своите бази додека траеја безбедносните ограничувања.

Свет | пред 2 седмици

media-librarycmjdioq4krat7hF04aC

Трамп: Иран досега ќе имаше нуклеарно оружје да не го укинев договорот на Обама

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран веќе би поседувал нуклеарно оружје доколку тој не го укинал нуклеарниот договор што го постигна администрацијата на Барак Обама.Во објава на својата платформа „Трут соушал“, Трамп наведе дека светот денес би бил „целосно поинакво место“ ако не бил раскинат, како што го нарече, „ужасниот“ договор со Техеран.„Иран ќе имаше нуклеарно оружје уште пред три години“, напиша Трамп, оценувајќи дека договорот бил „најопасната трансакција во која некогаш сме влегле“.Тој ги обвини поранешниот претседател Обама и актуелниот претседател Џо Бајден за, како што тврди, создавање услови за зајакнување на иранската закана. На крајот од објавата, Трамп иронично си упати благодарност самиот на себе за одлуката да го раскине договорот.Нуклеарниот договор со Иран, формално познат како Заеднички сеопфатен план за акција, беше постигнат во 2015 година меѓу Техеран и светските сили, но администрацијата на Трамп се повлече од него во 2018 година, повторно воведувајќи строги санкции кон Иран.

Свет | пред 2 седмици

media-librarytl776dvtqhiq1K4tM1H

Европските воени бази можат да станат легитимна цел, вели Иранскиот амбасадор во Мадрид

Иранскиот амбасадор во Шпанија Реза Забиб предупреди дека секоја локација што се користи во „агресија“ против Иран ќе се смета за „легитимна цел“, вклучително и воени бази во Европа.„Општото правило е дека ќе одговориме на секоја агресија, без разлика од каде доаѓа. На секоја акција ќе реагираме“, изјави Забиб на прес-конференција во Мадрид.Откако Соединети Американски Држави и Израел во саботата го нападнаа Иран, Техеран возврати со удари врз земји од Заливот каде што се наоѓаат американски воени бази. Беспилотни летала, според извештаите, биле насочени и кон Кипар, земја членка на Европска Унија, каде што има британска воена база.Забиб изрази надеж дека нема да има потреба од напади врз бази на европско тло, но истакна дека Иран има капацитет да ги достигне своите цели. Тој ја поздрави одлуката на Шпанија да забрани напади од својата територија, оценувајќи дека таквиот став е во согласност со меѓународното право.Во заедничко соопштение, Велика Британија, Германија и Франција најавија соработка со САД во врска со нападот врз Иран. Во меѓувреме, петнаесет американски борбени авиони биле преместени во бази во Германија и Франција, откако Мадрид забранил изведување операции од шпанска територија.Иранскиот амбасадор оцени дека саботата била „мрачен ден за мирот и меѓународното право“, наведувајќи дека е започната „непредизвикана вооружена агресија“ спротивна на Повелбата на Обединетите нации. Тој тврдеше дека во напад биле убиени речиси 200 девојчиња во основно училиште, алудирајќи на настаните во градот Минаб, и додаде дека нападите започнале во месецот Рамазан, што, според него, претставува дополнително прекршување на верската светост.Според него, актуелната ескалација претставува пресвртница за меѓународното право, мирот и универзалните човечки вредности, поради што очекува меѓународната заедница внимателно да ја следи ситуацијата.

Свет | пред 2 седмици

media-library5gfcgoqekut34zXboTk

Убиството на Хамнеи е верски злостор, соседите да извршат притисок врз САД, вели Иранскиот министер за надворешни работи

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги повика соседните држави да извршат притисок врз Соединети Американски Држави поради нападите врз Иран, во изјава за државната телевизија.Тој нагласи дека Техеран не е во војна со другите земји од регионот, и покрај тоа што Иран изврши одмазднички напади врз Обединети Арапски Емирати, Катар и Бахреин.Осврнувајќи се на убиството на врховниот лидер Али Хамнеи, Арагчи го нарече чинот „верски злостор“, предупредувајќи дека последиците од таквиот потег ќе бидат далекусежни.Според него, Вашингтон и Тел Авив не го разбираат значењето и тежината што ваквиот настан ги има за иранското општество и поширокиот регион. Техеран, како што посочи, ќе продолжи да реагира во рамки на своите интереси и безбедносни проценки.

Свет | пред 2 седмици

media-library994mc2d9vijp39RoULd

Вашингтон со итен апел: Американците на Блискиот Исток веднаш да ги напуштат земјите

Помошничката на американскиот државен секретар за конзуларни работи Мор Намдар упати итен апел до американските државјани кои престојуваат на Блискиот Исток веднаш да ги напуштат земјите поради „сериозни безбедносни ризици“.Во објава на социјалните мрежи се наведува дека Американците во Бахреин, Египет, Иран, Ирак, Израел, Западен Брег, Газа, Јордан, Кувајт, Либан, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати и Јемен треба „ВЕДНАШ ДА ЈА НАПУШТАТ земјата со комерцијални летови“.Предупредувањето доаѓа во услови на засилена ескалација на конфликтот во регионот, со зголемени ракетни и напади со беспилотни летала, како и растечки безбедносни закани за странските државјани.Американските власти ги повикуваат граѓаните внимателно да ги следат официјалните соопштенија и безбедносните насоки, како и да преземат итни мерки за заминување додека сè уште постои можност за комерцијални летови.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryokkusqvqc6d06m5CjEH

Чад над дипломатската мисија во Кувајт, Вашингтон предупредува на трајна закана

Американската амбасада во Кувајт била погодена од дронови, изјавиле три дипломатски извори за агенцијата Франс прес, откако над дипломатската мисија бил забележан густ чад.Еден дипломат од Кувајт и еден западен дипломат, кои побарале анонимност, изјавиле дека зградата на амбасадата била оштетена во напад изведен со повеќе беспилотни летала. Втор дипломат од Кувајт посочил дека објектот бил директно погоден.Допишник на Франс прес видел чад што се издига над мисијата, во трет ден од иранските одмазднички напади врз земјите од Заливот. Во меѓувреме, американската амбасада упатила апел граѓаните да не доаѓаат во објектот, предупредувајќи на „трајна закана од ракетни и напади со беспилотни летала над Кувајт“.Одделно, американската амбасада во Аман соопшти дека привремено го евакуирала персоналот поради неспецифицирана закана.„Од крајна претпазливост, целокупниот персонал привремено го напушти комплексот на амбасадата поради закана“, се наведува во безбедносното предупредување објавено на социјалните мрежи.Инцидентите се случуваат во услови на ескалација на конфликтот во регионот и засилени напади и контранапади меѓу Иран и сојузниците на САД на Блискиот Исток.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryqa4v73qc85iifmTUxDQ

(Видео) Извори тврдат: Дроновите кон британската база во Кипар биле лансирани од Либан, веројатно од Хезболах

Иранските беспилотни летала што ја таргетираа британската воена база на Кипар биле лансирани од соседен Либан, а најверојатно зад нив стои вооружената група Хезболах, изјавил извор од кипарската влада за агенцијата Франс прес.Според истиот извор, „потврдено е“ дека дроновите, од кои еден ја погодил пистата на базата, биле испратени од либанска територија. На прашањето дали зад нападот стои проиранската група, изворот одговорил дека тоа е „многу веројатно“.Британското Министерство за одбрана засега не ја потврдило информацијата. Владин извор во Лондон посочил дека анализата што треба да го утврди потеклото на дроновите „сè уште е во тек“.Дронот што во неделата навечер ја погодил британската база во Акротири претставува прв напад врз земја членка на Европска Унија од почетокот на војната што избувна по американско-израелските воздушни напади во саботата.Британскиот премиер Кир Стармер, обраќајќи се во парламентот, изјави дека Соединети Американски Држави „не ги користат и нема да ги користат двете британски воени бази на Кипар“. Иако базата Акротири беше нападната само неколку часа по неговата изјава дека одобрил користење на британските бази против Иран, Стармер уверуваше дека нападот „не бил одговор на ниту една одлука што сме ја донеле“.„Според нашата проценка, дронот бил лансиран уште пред нашата објава“, рече тој, без да го прецизира потеклото на леталото.

Свет | пред 2 седмици

media-library4stmlcj6gtfhbpEUx7V

Објаснувањето на Рубио во спротивност со говорот на Трамп

Оправдувањето што го изнесе државниот секретар Марко Рубио за нападот врз Иран значително се разликува од пораките што во саботата ги испрати претседателот Доналд Трамп, отворајќи простор за дополнителни прашања во американскиот Конгрес.Администрацијата сега тврди дека САД дејствувале превентивно, со цел да ја спречат одмаздата на Техеран по очекуваната израелска акција. Според Рубио, Вашингтон знаел дека Израел подготвува напад, а проценката била дека иранскиот одговор би резултирал со „значително поголем број американски жртви“ доколку САД не реагираат први.„Имаше конфузија околу офанзивата и нејзиниот тајминг“, им изјавил Рубио на новинарите во Конгресот, додавајќи дека превентивниот удар бил неопходен за да се избегнат „многу повисоки загуби“.Ваквото образложение, кое ја става иницијативата на страната на Израел, е во остар контраст со говорот на Трамп во саботата, во кој американската акција беше претставена како дел од поширока стратегија што треба да ја искористи внатрешната нестабилност во Иран и да доведе до промена на режимот.Според аналитичарите, ваквата еволуција во аргументацијата може да предизвика скептицизам кај дел од опозициските пратеници кои присуствуваат на брифинзите во Конгресот, особено во однос на тоа кој ја презел иницијативата и кои биле вистинските цели на операцијата.

Свет | пред 2 седмици

media-librarydbuhdl1u01bsaNzXC24

Рубио: САД го нападнаа Иран превентивно, знаевме дека Израел ќе удри

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Соединети Американски Држави извршиле превентивен напад врз Иран во саботата, бидејќи имале сознанија дека Израел подготвува воена акција која би предизвикала одмазднички напади врз американските сили.„Знаевме дека ќе има израелска акција. Знаевме дека тоа ќе предизвика напад врз американските сили“, изјави Рубио пред новинарите.Тој додаде дека проценката на Вашингтон била оти, доколку САД не реагираат превентивно, би се соочиле со поголем број жртви.„Знаевме дека ако не ги погодиме превентивно пред да ги лансираат тие напади, ќе имавме повеќе жртви, можеби и значително повеќе загинати“, рече Рубио.Изјавата доаѓа во момент на засилена ескалација на конфликтот во регионот, при што иранските и израелските сили разменуваат удари, а американското воено присуство на Блискиот Исток е ставено во состојба на зголемена готовност.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryg3obq27rie4a2xFRhbE

Предупредување за нови напади: Израелската армија повика на евакуација на делови од Техеран

Израелски одбранбени сили упатија предупредување до жителите на Техеран за евакуација, особено во реонот каде се наоѓа седиштето на државната телевизија, што укажува на можност за нови напади во блиска иднина.Паралелно со тоа, израелската војска издаде предупредувања за евакуација и за неколку локации во Либан, во контекст на проширување на воените активности.Според соопштението на армијата, пред два часа биле завршени три нови бранови напади, при што биле употребени стотици проектили. Како цели се наведуваат ирански ракетни лансери, системи за противвоздушна одбрана и артилериски единици.Од израелската страна засега нема дополнителни информации за евентуални жртви или обемот на штетата, но предупредувањето за евакуација се толкува како најава за интензивирање на операциите во наредните часови.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryeves7mbe894o6h2xLFm

(Видео) Сообраќајка кај Соборен храм на Партизанска: „Шкода“ заврши во жардиниера

Возач со автомобил марка „шкода“ имаше тешка сообраќајна несреќа, качувајќи се на жардиниера кај Соборниот храм.Од силината на ударот, предниот дел од возилото е целосно вдлабнат и видно оштетен, што укажува на силен директен судир.Засега нема официјални информации за причините поради кои дошло до несреќата, ниту за состојбата на возачот и можните патници во возилото.Се очекува надлежните институции да излезат со повеќе детали по извршениот увид на местото на настанот.

Скопје | пред 2 седмици

media-libraryco01tnn5hgd2ew4Uenw

Почина Бенедето „Нито“ Сантапаола, еден од најмоќните шефови на Коза Ностра

Бенедето „Нито“ Сантапаола, еден од најозлогласените сицилијански мафијашки босови, почина на 87-годишна возраст, потврдија два извора блиски до случајот.Сантапаола, кој беше уапсен во 1993 година и издржуваше повеќе доживотни казни затвор за убиства и други тешки кривични дела, починал во затвор со висок степен на обезбедување во Милано.Сантапаола важеше за еден од најмоќните и најкрволочни шефови сè до неговото апсење. Меѓу другото, беше осуден како еден од нарачателите на убиствата на Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година, двајца од најпознатите италијански обвинители во борбата против мафијата.Со неговата смрт се затвора едно од најмрачните поглавја во историјата на сицилијанското организирано подземје, обележано со ликвидации, страв и директна пресметка со државата.

Свет | пред 2 седмици

media-libraryq4c1m6th85u8acMWg6o

Србија ги евакуира своите државјани од Израел преку Египет

Амбасадата на Србија во Тел Авив соопшти дека е во тек евакуација на српски државјани од Израел, поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток. Според најавите, граѓаните треба да пристигнат во Белград преку Египет.Евакуацијата ја спроведуваат амбасадата и Министерството за надворешни работи во координација со надлежните институции во Србија, соопшти дипломатското претставништво на социјалната мрежа Икс. Српските државјани најпрво ќе бидат транспортирани до Египет, од каде со авион обезбеден од српската влада ќе бидат пренесени во Белград.Од амбасадата нагласуваат дека се во постојан контакт со своите државјани и дека внимателно ја следат состојбата на теренот.Во Белград е формиран и кризен штаб во рамки на Министерството за надворешни работи, кој ќе ги координира сите надлежни служби и институции со цел навремено реагирање и заштита на безбедноста на српските граѓани. На државјаните им е препорачано редовно да ги следат официјалните канали за информирање и да постапуваат во согласност со безбедносните проценки.Белградските медиуми објавија дека вечерва од Дубаи, по прекинот на редовните летови поради конфликтот, треба да полета првиот авион кон Белград. Аеродромот Аеродром Никола Тесла претходно соопшти дека се откажани сите летови кон Доха и Дубаи.Според западни медиуми, повеќе од илјада летови кон дестинации на Блискиот Исток биле откажани поради американско-израелските напади врз Иран и одмаздничките акции на Техеран кон земјите од Заливот каде постојат американски интереси.

Свет | пред 2 седмици

media-library87u8cdq4jo8284kvSCd

Ивица Дачиќ симнат од респиратор, состојбата се подобрува

Ивица Дачиќ е симнат од респиратор и неговата здравствена состојба се подобрува, откако неколку дена беше на механичка вентилација поради тешка пневмонија.Министерот за внатрешни работи и потпретседател на Владата на Србија во средата навечер беше примен во Клинички центар на Србија, каде лекарите и натаму внимателно ја следат неговата состојба.Според изјавата на министерот за здравство Златибор Лончар, моменталната состојба на Дачиќ е подобра во споредба со претходните денови, што дава основа за умерен оптимизам, но терапијата продолжува.„Неговата моментална состојба е подобра од претходно, што дава причина за оптимизам. Предстои уште многу работа и продолжуваат мерките на интензивна терапија“, изјави Лончар.Хоспитализацијата на високиот државен функционер предизвика значително внимание во јавноста, а симнувањето од респиратор се смета за важен чекор во процесот на закрепнување. Медицинскиот тим останува во постојан надзор, а дополнителни информации за текот на лекувањето се очекуваат во текот на денот.

Свет | пред 2 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања