Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

media-libraryqqdkehfnmg4e9SCxmKG

(Видео) 24 министри живеат на грбот на 530 илјади работници, вели Трендафилов од протестот пред Владата барајќи минимална плата од 600 евра

Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, од протестот пред Владата порача дека работниците нема да отстапат од своите барања и дека синдикалната борба ќе продолжи сè додека не се обезбеди достоинствен животен стандард.Тој истакна дека присуството на голем број работници пред Владата е јасна порака дека незадоволството е реално и дека институциите повеќе не смеат да го игнорираат гласот на оние што ја создаваат вредноста во државата. Според него, барањата на синдикатот не се политички, туку егзистенцијални и произлегуваат од потребата за фер плати и подобри услови за работа.Трендафилов нагласи дека Владата мора да покаже подготвеност за конкретни решенија, а не само за декларативна поддршка. Тој порача дека синдикатите се отворени за дијалог, но дека нема да прифатат одолговлекување и празни ветувања.„Работниците бараат правда, сигурност и плата со која може да се живее достоинствено. Нема да се повлечеме додека тоа не стане реалност“, истакна Трендафилов, додавајќи дека протестите се легитимен демократски инструмент за притисок кога институциите не реагираат.Од ССМ најавуваат дека синдикалните активности ќе продолжат и во наредниот период доколку не се постигне конкретен договор со Владата.

Македонија | пред 1 месец

puls-kocevski

(Видео) „Со 33 обвинети предметот за Пулс мора да трае“ – Давидовиќ лоцира одговорност кај разрешениот Коцевски за напнатата атмосфера

Адвокатот Звонко Давидовиќ во емисијата „Претрес“ изнесе сериозни забелешки за текот на судскиот процес „Пулс“, оценувајќи дека начинот на кој бил поставен предметот од самиот почеток придонел за напната атмосфера во судницата.Според него, со оглед на бројот на обвинети – 33 или 34 лица – и обемот на доказниот материјал, било јасно дека постапката ќе трае подолг временски период. Давидовиќ посочи дека сменетиот јавен обвинител Љупчо Коцевски не покажал доблест отворено да им укаже на семејствата и на јавноста дека станува збор за комплексен предмет што не може да заврши брзо.„Кога обвинителите одговарале за она што го направиле, а завршило многу лошо? Со 33-34 обвинети и со една хрпа докази, предметот мора да трае“, изјави Давидовиќ, додавајќи дека на едно рочиште се сослушуваат најмногу двајца до четворица сведоци.Тој ја опиша атмосферата во судницата како „наелектризирана“,што, според него, не е коректно и не придонесува за фер постапка.Во разговорот, новинарот го праша дали смета дека коренот на ваквата состојба лежи кај обвинителот Коцевски, на што Давидовиќ одговори кратко и недвосмислено: „Апсолутно.“За целиот судски случај, но и за други ексклузивни теми:

Македонија | пред 1 месец

media-librarythkgmffbbch25lRScqL

Трагичен крај на потрагата, МВР со детали: Пронајдено безживотното тело на прилепчанецот Виктор Илиоски

„Почина син ми“, со овие зборови Роза Илиоска ја сподели најтешката вест – дека трагично завршила потрагата по нејзиниот син, прилепчанецот Виктор Илиоски.Од Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“ информираа дека на 16 февруари 2026 година во 16:00 часот во СВР Битола било пријавено дека во кругот на Градската општа болница-Прилеп е пронајден В.И. (40) од Прилеп без знаци на живот.Од Итната медицинска помош била констатирана смрт, а за настанот бил известен јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено на обдукција. Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.Потрагата започна откако на 15 февруари во 16:15 часот во ОВР Прилеп, Д.И. (69) од Прилеп пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син. Семејството претходно упати јавен апел за помош, наведувајќи дека му се губи секаква трага од претходниот ден околу 14 часот, кога последен пат бил виден.Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а повеќе информации се очекуваат по завршувањето на истрагата и обдукцијата.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryepes0qlc9721dvZO8KL

ССМ утре со 21 синдикалец ќе ја блокира Владата: „Минимална плата од 600 евра или генерален штрајк“

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека утре во 11 часот ќе ја блокира Владата со точно 21 синдикален претставник, во рамки на третата активност од втората фаза синдикални притисоци за зголемување на работничките плати.Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека бројот од 21 учесник е избран согласно Законот за јавни собири, како законски минимум за блокирање институција или сообраќајница.„Ќе бидеме 21 човек и затоа што некој кажа дека ќе ги заокружуваат луѓето што протестираат и ќе ги оцрнуваат. Не се откажуваме сѐ додека не се зголеми минималната плата на 600 евра и не се зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари“, рече Трендафилов.Според него, блокадата е реакција на тоа што Владата и работодавачите не постигнале договор до 31 декември 2025 година за зголемување на минималната плата. Тој посочи дека, иако работодавачите биле подготвени да ги зголемат платите за најмалку 6.000 денари, побарале временски период да бидат ослободени од плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување во износ од околу 3.000 денари по работник.Трендафилов оцени дека одбивањето на ова решение, според ССМ, го чини државниот буџет најмалку 10 милиони евра месечно, односно околу 120 милиони евра годишно.Тој нагласи дека вредноста на синдикалната минимална кошница во меѓувреме се зголемила за 9.250 денари, што, според него, значи дека четиричлено семејство е посиромашно за истиот износ.Во однос на можен генерален штрајк, Трендафилов најави дека ССМ е пред донесување одлука за 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор на територија на целата држава.„Секој работник ќе има право да дојде на работа, но да не ги извршува работните задачи и да ни се придружи на протестот. Колку повеќе излезат, толку повеќе ќе добијат“, изјави тој.Одлуката за евентуалниот генерален штрајк, како што посочи, ќе биде донесена по утрешната блокада, пред или по седницата на Владата. Синдикатите очекуваат Владата да ја искористи можноста и на седница да донесе одлука за зголемување на платите и за прифаќање на нивните предлози.

Македонија | пред 1 месец

media-librarygc872iaj0her6KOTKt0

(Видео) Маж бегаше од глутница кучиња која повторно се појави во Карпош 4, жителите стравуваат за безбедноста

Глутница бездомни кучиња повторно се движи низ населбата Карпош 4, и тоа во реонот кај Скопје Сити Мол, Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2, како и во близина на мостот „Влајко“. Ова следува откако претходно, по поплаки од жителите, интервенираше ЈП Лајка со заловување на кучиња од овој дел на општината.Жителите изразуваат загриженост, особено поради снимка на која се гледа како дел од кучињата се движат кон минувач на пешачката патека спроти трговскиот центар и лаат, по што тој со трчање бега. Дополнителен ризик, според нив, претставува фактот што во овој реон често се шетаат граѓани со своите домашни миленици, при што постои страв од можен напад.Се појавија и сомневања дека кучињата повторно се донесени од друга локација, иако за тоа засега нема официјална потврда од надлежните институции.Од Општина Карпош е побарано формирање кризен штаб и преземање конкретни мерки за трајно решавање на проблемот. Барањето го иницираше советничката група „Независни за Карпош“. Во текот на денешниот ден се очекува повторна интервенција на ЈП „Лајка“ на терен.

Скопје | пред 1 месец

media-library3jvakpkgctumdqVADgD

И полицијата трага по исчезнатото лице од Прилеп

Министерството за внатрешни работи информира дека на 15 февруари 2026 година во 16:15 часот во ОВР Прилеп, Д.И. (69) од Прилеп пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син В.И. (39). Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето.Претходно, семејството на Виктор Илиоски од Прилеп објави апел за помош, наведувајќи дека му се губи секаква трага од пред два дена. Според објавата на неговата мајка, Роза Илиоска, тој последен пат бил виден околу 14 часот.Во моментот на исчезнувањето бил облечен во тегет јакна, црни тренерки и сиви патики.Случајот е пријавен во полиција, а семејството ги повикува сите граѓани кои имаат каква било информација да се јават на телефонскиот број 076 303 292.

Македонија | пред 1 месец

media-librarypa17r3qt3aoa2m8hyD9

(Фото) Нема саботирани камери на „Сејф сити“, фотографијата со платното е дело на вештачката интелигенција

Министерството за внатрешни работи соопшти дека фотографијата која се споделува на социјалните мрежи, а на која наводно се гледаат камери од системот „Безбеден град“ во Тетово покриени со платно, не соодветствува со реалната состојба на терен.Од МВР информираат дека во СВР Тетово не е регистриран ваков настан, ниту е утврдено какво било оштетување или попречување на камерите поставени во рамки на системот.Според извршените проверки, станува збор за компјутерски генерирана слика или манипулирана фотографија која има за цел да создаде погрешна перцепција во јавноста.Од СВР Тетово апелираат до граѓаните да не наседнуваат на дезинформации кои, како што наведуваат, имаат цел да ја вознемират јавноста или да ја нарушат довербата во безбедносниот систем. Полицијата повикува на одговорно користење на социјалните мрежи и проверка на информациите пред нивно споделување.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryqsq87a7voc1n2MDXdQY

Тензии меѓу Будимпешта и Киев пред унгарските парламентарни избори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски директно се вклучил во предизборната кампања во Унгарија со напади врз унгарската влада, изјави премиерот на Унгарија Виктор Орбан.Унгарските граѓани на 12 април ќе гласаат на парламентарни избори на кои Орбан, кој е на власт од 2010 година, го бара својот петти мандат. Анкетите покажуваат дека негов главен предизвикувач е опозициската партија Тиса, предводена од неговиот поранешен сопартиец Петер Маѓар.Орбан оцени дека политичките напади од Украина достигнале ново ниво.„Кога претседателот Зеленски лично ме напаѓа затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, изјави лидерот на Фидес, пренесува МТИ.Според Орбан, унгарските граѓани веќе се изјасниле против членството на Украина во ЕУ преку националното советување „Вокс2025“, спроведено минатата година. Владата тврди дека во анкетата учествувале 2,2 милиони луѓе, во земја со околу 9,6 милиони жители.„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги спроведувам одлуките на унгарскиот народ. Тоа ќе го правам повторно и повторно, без разлика дали му се допаѓа на претседателот Зеленски или не“, порача Орбан.Во изминатиот период, унгарскиот премиер ја нарече Украина „непријател“ на Унгарија, обвинувајќи ја дека во Брисел бара прекин на снабдувањето со евтина руска енергија за Будимпешта. Унгарија, која пред војната беше силно зависна од руските енергенси, и натаму одржува контакти со Москва, а Орбан од почетокот на руската офанзива врз Украина најмалку трипати ја посети руската престолнина.Орбан изборите во април ги претставува како одлука „за војна или за мир“, додека аналитичарите оценуваат дека прашањето за Украина е во фокусот на кампањата, во услови кога унгарската економија се соочува со стагнација по периодот на висока инфлација.

Свет | пред 1 месец

media-library54ga6e29pir3diXi9yC

Голема грешка е да му се дозволи на агресорот да земе нешто, не сакам да ги повторам грешките на претходниците, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави остра порака на платформата X, во која ги повика западните лидери да не ги повторуваат, како што наведе, грешките од минатото во односот кон Русија. Тој предупреди дека дозволувањето отстапки кон агресор, според него, носи долгорочни последици и ја охрабрува понатамошната експанзија.„Голема грешка е да му се дозволи на агресорот да земе нешто. Тоа беше голема грешка уште од самиот почеток, почнувајќи од 2014 година. И претходно, за време на нападот и окупацијата на делови од Грузија. Па и порано, кога Чеченија беше окупирана, со целосно разорување и милион жртви – загинати и ранети“, напиша Зеленски.Тој посочи дека не сака да биде претседател кој ќе ги повтори грешките на своите претходници, ниту, како што нагласи, на лидерите од други држави кои дозволиле Русија да навлезе на нивна територија. Според него, попустливоста не е начин за запирање на рускиот претседател Владимир Путин.„Путин не може да се запре со бакнежи или со цвеќе. Јас никогаш не сум го правел тоа и не мислам дека тоа е вистинскиот пат. Мој совет до сите – не го правете тоа со Путин“, наведе украинскиот претседател.Во продолжение, Зеленски изнесе тврдење дека руската армија трпи значителни загуби на фронтот, оценувајќи дека Русија во моментов губи меѓу 30.000 и 35.000 луѓе месечно. Тој предупреди дека во случај на отстапки, Москва би можела во рок од неколку години повторно да ја обнови и зајакне својата воена моќ.„Во спротивно, тоа ќе биде прв чекор, а потоа за пет години ќе ја обнови својата војска и ќе го зголеми бројот на војници. Сега губи 30-35 илјади луѓе месечно. Можете ли да го замислите тоа во 21 век?“, напиша Зеленски.Русија ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, а војната наскоро ќе влезе во петтата година. И двете страни редовно изнесуваат процени за загубите на противникот, но независната проверка на тие податоци често е отежната.Објавата на Зеленски доаѓа во период кога во западните престолнини повторно се отвора дебата за натамошната воена и финансиска поддршка за Украина, како и за можните сценарија за идни преговори. Украинскиот претседател и претходно предупредуваше дека секој компромис со Москва, според неговата оценка, може да ја охрабри натамошната агресија.

Свет | пред 1 месец

media-libraryous637tr24fl2NvzuEe

Нови блокади на граничните премини: ЕУ ги одби барањата на превозниците од Западен Балкан

Европска Унија ги отфрли сите предлози доставени од транспортните здруженија од земјите од Западен Балкан во обид да се најде решение за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Од Брисел порачале дека нема можност за отстапување од правилото „90/180“, според кое државјаните на земји што не се членки на Унијата можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.Претседателот на деловното здружение „Меѓународен транспорт“, Неѓо Мандиќ, изјавил дека последната средба со претставниците на европските институции била „катастрофална“, бидејќи ниту еден од предлозите на превозниците не бил прифатен.„Не прифатија ништо што предложивме, само рекоа – вклопете се во правилото 90/180, поинаку не може“, изјавил Мандиќ за Танјуг.Транспортните здруженија бараа воведување посебни визи или модел со кој времето поминато во транзит и на пат не би се третирало како класичен престој во Шенген-зоната. Сепак, одговорот од европските институции бил дека таквите предлози се „невозможни, премногу креативни и спротивни на шенгенското законодавство“. Како алтернатива, било предложено возачите да пријават престој во некоја од поблиските земји-членки на ЕУ, што за превозниците било неприфатливо, пренесува Вијести.Превозниците веќе донеле одлука за повторна блокада на товарните гранични премини, но точниот датум сè уште не е утврден. Според Мандиќ, неопходна е координација со здруженијата од другите земји од регионот, по што ќе биде соопштен и терминот за новите блокади.„Одлуката е донесена, но мора да се усогласиме со колегите од другите земји од Западен Балкан и да ги договориме сите детали. Дури потоа ќе биде познат точниот датум“, изјавил тој.Протестите на транспортерите започнаа на 26 јануари 2026 година, со барање професионалните возачи да не се третираат како туристи, туку да добијат посебен статус поради природата на нивната работа. Блокадите беа прекинати на 29 јануари по најавата дека Европската комисија ќе ги разгледа можните корективни мерки. Откако беше објавен официјалниот став дека нема да има измени на правилата, меѓу превозниците повторно се засили незадоволството.Транспортниот сектор предупредува дека без системско решение, дел од компаниите од регионот би можеле да се соочат со сериозни финансиски последици, бидејќи професионалните возачи брзо го достигнуваат лимитот од 90 дена престој и по неговото исцрпување се изложени на ризик од забрана за влез во ЕУ.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryrdgeivpthgl09aSwgua

(Видео) Поплави во Сарај: Над 30 домови се поплавени, се пребројуваат штетите

Општина Сарај се соочи со сериозни последици од обилните врнежи, при што над 30 објекти беа поплавени, а дел од улиците останаа под вода. Екипи на терен интервенираа за испумпување на водата и спречување на дополнителни штети.Градоначалникот Мухамет Елмази информираше дека од денес започнува организирано справување со последиците од поплавите, со интензивна работа на терен и координација со надлежните служби.„Од денес – справување со последиците од поплавите и интензивна работа на терен. Заедно го надминуваме секој предизвик“, порача Елмази.Од Општината апелираат до граѓаните да пријавуваат штети и да ги следат насоките на службите, додека надлежните најавуваат проценка на штетите и дополнителни мерки за стабилизирање на состојбата.

Скопје | пред 1 месец

Screenshot-2024-02-26-at-22.50.06

Москва возвраќа: Западот манипулира со смртта на Навални

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја оцени како „лажна“ заедничката изјава на пет европски држави во која се тврди дека опозицискиот лидер Алексеј Навални починал како последица на труење со токсин добиен од отровна жаба.Во интервју за руски медиуми, Захарова изјави дека западните земји се обидуваат да го пренасочат вниманието од сопствените внатрешни проблеми. Таа нагласи дека без официјални резултати од испитувањата и без прецизна формула на супстанцијата, сите обвинувања се шпекулации.„Ќе има резултати од анализите, ќе има формула на супстанцијата – тогаш ќе има и коментари. Без тоа, сите изјави и разговори се лажни и насочени кон одвлекување на вниманието од горливите проблеми на Западот“, изјави Захарова.Таа додаде дека изјавата доаѓа во момент кога, според неа, требало да бидат објавени резултатите од истрагата за експлозијата на гасоводот Северен тек. Саботажата на гасоводот во 2022 година беше оценета како невиден напад што предизвика значителна штета на инфраструктурата што ја поврзува Русија и Германија под Балтичкото Море.Во меѓувреме, поранешен украински воен офицер, Серхиј Кузњецов, осомничен за учество во саботажата, беше уапсен во Италија, додека украинската влада повеќепати негираше каква било вмешаност.Во саботата, Германија, Обединето Кралство, Холандија, Шведска и Франција објавија заедничка изјава во која наведуваат дека Навални бил отруен со епибатидин – токсин извлечен од кожата на еквадорска отровна жаба. Заклучокот, според нив, бил донесен врз основа на анализа на примероци од биолошки материјал на Навални.Москва претходно соопшти дека Навални починал во сибирски затвор во февруари 2024 година, каде што издржувал 19-годишна затворска казна по обвиненија за екстремизам.

Свет | пред 1 месец

media-libraryr3d7tn2112ete0IwLyv

(Видео) Кавадарци испрати помош за поплавеното Кичево: Две возила, шест пожарникари и пумпи за испумпување вода

По насока на градоначалникот Митко Јанчев, Општина Кавадарци испрати помош за граѓаните во Кичево по поплавите што зафатија повеќе објекти.Како што информира Јанчев, на терен се упатени две противпожарни возила со шест пожарникари и шест пумпи, како и дополнителна опрема неопходна за испумпување на водата и санирање на последиците од поплавите.„Солидарноста е нашата најголема сила – кога е најтешко, заедно сме на терен“, објави кавадаречкиот градоначалник.Со оваа интервенција, Кавадарци се приклучува кон активностите за поддршка на засегнатите семејства во Кичево, каде по обилните врнежи беа поплавени домови, дворови и инфраструктура.Локалните служби продолжуваат со активности за расчистување на теренот и стабилизирање на состојбата.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryr25thq0ag6m8e34qqdT

(Видео) „Прво средете ја сигнализацијата, па применувајте ‘Сејф сити’“, Давидовиќ за предноста, но и проблемите на новиот систем

Адвокатот Звонко Давидовиќ во емисијата „Претрес“ посочи дека системот „Сејф сити“ може да даде резултати само доколку претходно се создадат јасни и фер услови за негово спроведување.Според него, основен предуслов е поставување соодветна сообраќајна сигнализација на сите улици, со јасно означенао ограничување на брзината.„Прво пред сѐ, на сите улици треба да има сообраќајни знаци со ограничување на брзината. Ние на дел од улиците немаме ограничување и едноставно не знаете колку треба да возите“, рече Давидовиќ.Тој укажа и на, како што оцени, нелогичности на автопатот од Скопје кон Велес, каде на одредени делници има значително намалување на дозволената брзина.„На излез од Скопје имате 50, па 70, а потоа кон Велес, иако Законот за јавни патишта забранува брзината на автопат да се спушти под 80 километри на час, имате ограничување од 50 кај тунелот, а по тунелот 60-70. Тоа не е автопат“, нагласи тој.Давидовиќ смета дека ваквите решенија создаваат конфузија кај возачите и ја доведуваат во прашање оправданоста на санкционирањето.Во однос на „Сејф сити“, тој посочи дека системот покажува како функционираат правилата кога постои реална и неизбежна санкција.„Во мигот кога имате извесна репресија, односно закана дека ќе платите глоба и никој не може да ви помогне, затоа што камерата не можете да ја ‘ургирате’, се почитува прописот“, истакна Давидовиќ.Тој оцени дека со вистинска и неселективна примена на законот, многу брзо би се воспоставил ред во сообраќајот, но додаде дека за тоа е потребна институционална посветеност.„Со вистинска примена на законот, без селективност, многу брзо ќе доведете во ред многу работи. Но некој треба да се потруди за да го спроведе тоа, а во нашиот правосуден систем очигледно го немаме тоа“, заклучи Давидовиќ.Зборувавме и за одземањето на возила, цел поткаст е тука:

Македонија | пред 1 месец

media-librarytrjort3mva9k3yKMqH7

Не се движете низ поплавените подрачја, не ја попречувајте механизацијата и алармирајте ако има нова опасност, вели градоначалникот на Кичево

По обилните врнежи од дожд и наглото влошување на состојбата, Општина Кичево организирала координирана интервенција за справување со последиците од поплавите и заштита на граѓаните и нивниот имот, информира градоначалникот Александар Јовановски.Тој посочи дека на терен се ангажирани екипи и механизација, со активности насочени кон најкритичните точки во градот и околината. Се работи на расчистување на одводни правци и критични делници, отстранување наноси, кал и отпад што го блокираат одливот, како и чистење и пробивање канали и пропусти. Паралелно се врши испумпување вода и обезбедување пристап до загрозени домаќинства, каде што условите тоа го дозволуваат.Интервенциите се реализираат во директна координација со ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијалната противпожарна единица – Кичево. На лице место присутни се и командирот Филип Митрески, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, како и директорот Бојан Стојкоски, со цел навремено донесување одлуки и поефикасна распределба на ресурсите.Општина Кичево упати апел до граѓаните да не се движат низ поплавени подрачја, да избегнуваат ризични делници и да не ја попречуваат механизацијата и екипите при работа. Воедно, се повикуваат граѓаните да пријават доколку забележат нови критични точки или опасност за домаќинствата.Од локалната самоуправа велат дека остануваат целосно ангажирани и дека активностите ќе продолжат сè додека состојбата целосно не се стабилизира, а јавноста редовно ќе биде информирана преку официјалните канали.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryq0iftrmm7pdueAWsgxF

Катастрофалните поплави во Кичево се поради долгогодишна негреижа и отсуство на превенција, вели Сајкоски

Кичево денес се соочи со сериозни поплави по обилните врнежи од дожд, при што излевањето на речното корито предизвика материјална штета и ги загрози домовите, инфраструктурата и безбедноста на граѓаните. Според Сајковски, состојбата е резултат на, како што наведува, долгогодишна негрижа, неработа и отсуство на навремени превентивни мерки од претходното раководство.Тој истакна дека, за разлика од минатото, денес институциите покажале одговорност и подготвеност. Актуелниот градоначалник на Кичево, д-р Александар Јовановски, заедно со екипите на комуналната и противпожарната служба, како и со поддршка од општествено одговорни компании, веднаш излегле на терен и активно се вклучиле во санирање на последиците.Со координирана работа, во краток рок било спречено понатамошно ширење на штетите и започнало расчистување на погодените подрачја. Сајковски оценува дека оваа акција претставува показател оти со, како што наведува, волја, одговорност и лидерство, можат да се надминат и најсериозните предизвици.Тој посочи дека, и покрај тешката состојба, постои надеж за постепена нормализација на секојдневието на граѓаните и дека градот ќе излезе посилен од ова искушение.Службите остануваат на терен и во текот на ноќта, со приоритет на безбедноста на граѓаните и заштитата на нивните домови, а состојбата се следи континуирано.

Македонија | пред 1 месец

jane-cento

Судењата беа наптревар за издржливост, системот беше вклучен, а одлуките беа синхронизирани, вели Ченто за 27 април

Јане Ченто, осуден во предметот за настаните од 27 април, повторно излезе со јавна реакција во која го оспорува начинот на кој се водел судскиот процес и улогата на судијката Добрила Кацарска. Во објава на социјалните мрежи, Ченто наведува дека се обидува да се создаде впечаток дека постапката била целосно законита и потврдена од повисоките судови, но, според него, постојат сериозни сомнежи во текот и исходот на процесот.Тој посочува дека рочиштата траеле по 12 до 15 часа дневно, што, според него, директно влијаело врз правото на ефективна одбрана. Ченто тврди дека правично судење не смее да се претвори во „натпревар во издржливост“ и дека долготрајните и исцрпувачки рочишта оставиле сериозни последици врз обвинетите.Во својата реакција, Ченто обвинува и за селективна оценка на доказите, наведувајќи дека судот прифаќал само докази што, како што тврди, одговарале на однапред изградена теза, додека другите биле игнорирани или минимизирани.Како проблематичен го наведува и темпото на постапката, посочувајќи дека процесот се одвивал во период на значајни политички промени во државата. Според него, брзината на донесување на пресудата не била случајна, туку синхронизирана со политички рокови.Ченто реагира и на ставот дека евентуалните пропусти би биле коригирани во повисоките судски инстанци. Тој потсетува дека, додека обвинетите биле во притвор повеќе од 28 месеци, барањата за одбрана од слобода биле одбивани со, како што наведува, идентични образложенија. Според него, дел од судиите кои одлучувале во втор степен подоцна биле унапредени во Врховниот суд, каде што ја потврдиле пресудата.Во објавата се прави и споредба со настаните во американскиот Конгрес, при што Ченто тврди дека казнената политика во македонскиот случај била максималистичка и имала за цел да испрати порака за одвраќање од протести.Тој посочува дека довербата во судството е исклучително ниска и дека јавноста препознава шема на притисоци, брзање во постапките и последователни унапредувања на вклучени лица.„Ова е приказна за човечки судбини. Системот беше вклучен. Одлуките беа синхронизирани. А унапредувањата дојдоа потоа“, наведува Ченто во својата реакција.

Коментари | пред 1 месец

Screenshot-2024-09-10-at-08.49.15

Утре ќе биде облачно, а од вторник нови врнежи на дожд и снег

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта се очекуваат локални врнежи од дожд, додека на планините и на повисоките места, претежно во западните и северните делови од земјата, врнежите ќе бидат од снег.Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, а во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе се движи од 1 до 5 степени, додека максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, а кон крајот на денот се очекува повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 11 степени.Во вторник се очекува заладување со нови, пообилни врнежи, кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова снежна покривка се очекува и во дел од повисоките населени места. Потоа, во наредните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно се најавуваат врнежи од дожд и снег.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryt7g9tqus3ouu5WR5zus

Вонредни информации по обилните врнежи: Поплави во повеќе региони, евакуации во Кичево и интервенции во Скопско, Тетовско и Гостиварско

Центарот за управување со кризи информира дека до 17:00 часот попладнево се евидентирани поплави и излевања на водотеци во повеќе региони во државата, по обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во изминатите часови.Во скопскиот регион, во Општина Сарај, поплавени се селата Буковиќ и Семениште. На терен интервенирале екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја и одводнување на поплавените површини, со цел постепена нормализација на состојбата.Во кумановскиот регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излегла од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од населеното место. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде се поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети од жителите, освен штети на обработливо земјиште. Во Кратово и Крива Паланка не се пријавени поплави.Во тетовскиот регион, интензивните врнежи довеле до зголемен водостој и проблеми со одводните канали. Пријавени се свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и кон село Једуарце. Првиот патен правец е затворен за сообраќај, додека вториот е расчистен и повторно прооден. На делницата Тетово – Попова Шапка сообраќајот се одвива отежнато, а од утринските часови е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси. Засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци, а снабдувањето со струја и вода е стабилно.Во гостиварскиот регион се пријавени поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во село Беловиште се интервенирало по пријава за заглавени лица во поплавен објект, кои се безбедно извлечени. Во село Форино е регистрирано излевање на реката Вардар, при што се зафатени земјоделски површини и постои ризик за објектите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Ангажирана е механизација за расчистување на речното корито.Во охридско-кичевскиот регион, во Охрид состојбата е стабилна и нема пријави за излевање или поплави. Во Кичево, по излевањето на Зајашка река, поплавени се повеќе куќи и дворови, а по пладне се пријавени дополнително околу 30 зафатени семејни домови. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.Од Центарот за управување со кризи соопштуваат дека состојбата се следи континуирано во координација со надлежните институции, а јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот развој на настаните.

Македонија | пред 1 месец

media-library679ro3j732vq6rdKxq9

(Видео) Северина, Лозано, Рита Ора, Самарџиќ, Хугел... концерти кои следуваат идниве месеци

Прагма продукција ја најавува една од најамбициозните концертни сезони досега, со низа светски и регионални ѕвезди кои во текот на 2026 година ќе настапат во Скопје и Охрид.Годината започнува со спектаклот „K-POP FOREVER“, кој на 28 февруари 2026 година ќе се одржи во „Борис Трајковски“. Мултимедијалното шоу, посветено на глобалната корејска поп-култура, носи енергичен сценски перформанс инспириран од најголемите хитови на современата К-поп сцена.Само ден подоцна, на 7 март, во истата арена ќе настапи Лозано со концертниот проект „Километри љубов – Love Weekend Special“, ветувајќи вечер исполнета со емоции и романтични хитови. На 13 март следува настапот на Хугел, со забавен концепт „Up All Night“, додека на 14 март 2026 година публиката ќе ужива во концертот „One Night Two Stars“ со Дорис Драговиќ и Петар Грашо.Во април, на 18 април 2026 година, во „Борис Трајковски“ пристигнува Севeрина со концертот „Ја само пјевам“, настан кој веќе предизвикува голем интерес кај македонската публика.Летната сезона ќе биде во знакот на Охрид. На 1 август 2026 година, на стадионот „Билјанини Извори“, ќе настапи Рита Ора, со што градот повторно ќе стане центар на регионалната музичка сцена. На 5 август, во Античкиот театар во Охрид, е закажан настан под наслов „Дупер – Антички“, а на 8 август истата сцена ќе ја исполни Жељко Самарџиќ.Кулминацијата на концертната есен доаѓа на 7 ноември 2026 година, кога во „Борис Трајковски“ ќе настапи британската соул-ѕвезда Емили Сандеј, со концерт што се очекува да биде еден од највпечатливите музички настани во годината.Со внимателно одбрана програма што ги обединува светските поп-ѕвезди, регионалните миленици и современите музички феномени, Прагма продукција најавува динамична и жанровски разновидна концертна година, која ќе ја позиционира Македонија на мапата на големите музички турнеи во 2026 година.Карти по пониски цени може да купите одма на kupikarta.com

Магазин | пред 1 месец

media-libraryigm347k2t35hbQgL0r2

Драматични сцени во Кичево: Евакуирани неподвижни лица, мештаните ги спасуваат и животните

Драматични сцени се одвиваа во Кичево по обилните врнежи и излевањето на реката.Службите интервенираа за извлекување на неподвижни и тешко подвижни лица од поплавените домови, додека мештаните паралелно се обидуваа да ги спасат и своите животни.Една од снимките кои се направени сведочи како жител се обидува да го спаси своето куче-миленик кое од еден го преместува во друг објект на повисок кат.Жителите посочуваат дека состојбата таму и натаму е драматична, додека пак, претходно, беше објавено дека се евакуирани 180 лица.

Македонија | пред 1 месец

media-library08fm70coif6f6WywHwR

Рубио: Извештајот за труењето на Навални е вознемирувачки, немаме причина да го оспориме

Американскиот државен секретар Марко Рубио оцени дека извештајот на пет европски сојузници, со кој Русија се обвинува за убиството на покојниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, со токсин добиен од отровни жаби, е „вознемирувачки“, додавајќи дека Вашингтон нема причина да ја доведува во прашање таа проценка.Говорејќи на прес-конференција во Братислава за време на посета на Словачка, Рубио изјави дека САД се запознаени со извештајот и дека немаат основ да го оспорат.„Свесни сме за извештајот. Тој е вознемирувачки. Свесни сме за случајот со господинот Навални и без сомнение немаме причина да го доведуваме во прашање“, рече Рубио.Во заедничка изјава, Велика Британија, Франција, Германија, Шведска и Холандија соопштија дека анализите на примероците од телото на Навални потврдиле присуство на епибатидин – токсин што се наоѓа кај одредени видови отровни жаби во Еквадор и кој во вообичаени околности не се среќава во Русија.Руската Влада, која и претходно негираше каква било одговорност за смртта на Навални во арктичката казнена колонија во февруари 2024 година, ги отфрли најновите обвинувања оценувајќи ги како „западна пропагандна измама“, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.На прашањето зошто САД не се приклучиле на заедничката изјава, Рубио одговори дека европските земји самостојно дошле до таквиот заклучок врз основа на сопствени разузнавачки информации.„Тие земји го направија тоа координирано. Ние донесовме сопствена одлука, но тоа не значи дека не се согласуваме со исходот. Понекогаш одредени земји преземаат чекори врз основа на податоците што ги поседуваат“, изјави тој.Навални почина во затворска колонија во Арктикот во февруари 2024 година, откако беше осуден за екстремизам и соочен со повеќе други обвиненија, кои тој ги негираше. Неговата смрт предизвика остри реакции во меѓународната заедница и дополнително ги заостри односите меѓу Москва и западните држави.

Свет | пред 1 месец

media-library2u2c21i4fs802vlzHTp

(Видео) Десетици генерации во еден глас со Бајага и инструктори: четири децении хитови и публика од 7 до 77 години

Неповторливо уживање приредија „Бајага и Инструктори“ синоќа во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што се собраа генерации од 7 до 77 години, обединети од музиката што трае повеќе од четири децении.Од првите акорди до последниот бис, салата беше во еден глас. Публиката ги пееше безвременските хитови, а атмосферата беше исполнета со енергија, емоции и носталгија. Секоја песна беше проследена со аплауз и силна поддршка од присутните, кои покажаа дека музиката на Бајага одамна ги надминала временските и генерациските граници.Жика Миленковиќ, гитаристот во бендот, изрази задоволство што на концертите секогаш има и млади луѓе. „Бендот ‘Бајага и Инструктори’ веќе 41 година настапува пред весела публика. Годините поминуваат, но ние траеме“, рече Миленковиќ, добивајќи громогласен аплауз од салата.Концертот уште еднаш потврди дека песните на „Бајага и Инструктори“ се дел од колективната меморија на публиката на Балканот. Вечерта во „Борис Трајковски“ беше повеќе од музички настан – беше средба на различни генерации што споделија иста емоција и иста љубов кон музиката која не старее.Концертот на Бајага, заедно со концертот на Владо Јаневски го организираа „Авалон продукција“.

Магазин | пред 1 месец

media-library6e1cghnol7bhfgaHWl8

(Видео) Театарот остана без својата Офелија: Почина Ленче Делова

Почина Ленче Делова, истакната македонска театарска, филмска и телевизиска глумица, чие име повеќе од половина век беше нераскинливо поврзано со сцената на Драмски театар – Скопје.Родена на 15 јуни 1948 година во Скопје, Делова својот актерски пат го започнала уште во 1964 година како аматер на сцената на тогашниот Драмски младинско-детски театар. Имала само 16 години кога за првпат стапнала на сцената, која подоцна ќе стане нејзин втор дом. Во 1970 година се вработила во Драмски театар – Скопје, каде што остана сè до пензионирањето во 2013 година, оставајќи зад себе богата и значајна актерска трага.Со специфичен и автентичен сценски сензибилитет, Делова беше препознатлива по длабочината и суптилноста на својата игра. Нејзината Офелија во „Хамлет“ ѝ ја донесе Наградата „13 Октомври“ во 1978 година, а за улогата на Трајанка во „Ни ќар – ни зијан“ ја доби наградата за најдобро глумечко остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1996 година. Во 2006 година ѝ беше доделена и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, како признание за нејзиниот исклучителен придонес во македонскиот театар.Покрај театарот, Делова остави белег и на филмското и телевизиското платно. Ги оствари улогите во бројни телевизиски филмови и серии, меѓу кои „Итар Пејо“, „Илинден“, „Чук Чук Стојанче“, „Македонски народни приказни“, „Светот има осум страни“, како и во филмовите „Диво месо“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „До балчак“ и многу други. Нејзиното присуство беше препознатливо и во продукциите што ги одбележаа различните етапи од развојот на македонската телевизиска и филмска сцена.Ленче Делова буквално го живееше својот живот низ театарот. Нејзината животна приказна се испреплетуваше со приказните што ги создаваше сцената – од младешкиот ентузијазам до зрелата актерска мудрост. Со нејзиното заминување, македонската културна сцена губи тивка, но моќна уметничка присутност, која со години ги обликуваше чувствителноста и естетиката на публиката.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryd27cureiliuadiUPLyP

Белата куќа отвори чувствително прашање: помилувањето на Нетанјаху предизвика дипломатска непријатност

Вербалниот напад на американскиот претседател Доналд Трамп врз израелскиот претседател Исак Херцог, поврзан со барањето за помилување на премиерот Бенјамин Нетанјаху, предизвика нови политички тензии во Израел, јавуваат странските агенции.Трамп пред новинарите во Белата куќа изјави дека Херцог треба да се „срами“ затоа што сè уште не донел одлука за помилување на Нетанјаху, кој е обвинет во повеќе случаи за корупција. Американскиот претседател додаде дека израелскиот премиер постигнал „извонредни резултати“ во периодот на војна, алудирајќи на неговото лидерство во безбедносно чувствителен контекст.По изјавите од Вашингтон, Кабинетот на израелскиот претседател реагираше со соопштение во кое се појаснува дека Херцог не донел одлука за помилување, спротивно на впечатокот што го создадоа изјавите на Трамп. Барањето за помилување, кое Нетанјаху го поднел во ноември, сè уште се разгледува во Министерството за правда, во согласност со утврдените законски процедури.Од кабинетот на Херцог наведуваат дека претседателот ќе ја разгледа евентуалната одлука дури по завршувањето на правната постапка, водејќи се исклучиво од законот, интересите на државата и сопствената совест, без каков било надворешен или внатрешен притисок.Во соопштението дополнително се истакнува дека Херцог ја цени поддршката на Трамп кон Израел, но нагласува дека Израел е суверена држава заснована врз владеење на правото.Изјавата на Трамп доаѓа непосредно по неговата средба со Нетанјаху во Белата куќа. Израелските медиуми пренесуваат дека кабинетот на Херцог побарал појаснување дали израелскиот премиер на кој било начин влијаел врз американскиот претседател во однос на неговите јавни коментари.Случајот дополнително ја отвора чувствителната дебата во Израел за односот меѓу извршната власт, судството и институцијата претседател, во период кога земјата се соочува со сериозни безбедносни и политички предизвици.

Свет | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања