Центар ќе ја слави гастрономијата: распишан повик за „Нож и виљушка на европска чинија“
Општина Центар распиша јавен повик за реализација на проектот „Нож и виљушка на европска чинија“, манифестација со која ќе се промовираат македонската традиционална кујна и европските гастрономски вкусови, со посебен фокус на локалните производители на храна.Градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека настанот има за цел да ја истакне храната како дел од културниот идентитет и како средство за поврзување меѓу луѓето.„Храната е дел од нашиот културен идентитет и начин да ја споделиме домашната традиција со другите. Со проектот „Нож и виљушка на европска чинија“ ги доближуваме македонската и европската кујна до граѓаните, а локалните производители ќе имаат можност да се претстават со своите автентични производи. Како и претходната година, очекувам пријатна атмосфера, добра дружба и размена на вкусови и искуства“, порача Герасимовски.Во рамки на манифестацијата се предвидени различни активности за сите возрасни категории, како и музичка програма што ќе ја збогати целокупната атмосфера.На јавниот повик можат да се пријават регистрирани здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата со седиште во Општина Центар, кои ќе понудат сопствен концепт и програма за реализација на проектот.Рокот за поднесување на пријавите е пет дена од денот на објавување на повикот на веб-страницата на општината, каде што е достапна и апликацијата за учество.
Скопје | пред 6 дена