3 нед.
Screenshot-2025-03-02-at-09.52.47

Имаме огромна флота што се движи кон Иран, вели Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „огромна флота“ се упатува кон Иран, откако постојано му се закануваше на Техеран со интервенција на САД во услови на насилно задушување на протестите таму.„Имаме огромна флота што се движи во таа насока“, им рече Трамп на новинарите додека се враќаше во Вашингтон од Светскиот економски форум во швајцарскиот алпски град Давос. И можеби нема да мора да ја користиме… имаме многу бродови што одат во таа насока, за секој случај, имаме голема флотила што оди во таа насока и ќе видиме што ќе се случи. Имаме голема сила што оди кон Иран. Подобро би сакал да не видам ништо да се случи, но ги следиме многу внимателно, рече Трамп за Иран.Според извештаите на американските медиуми, Вашингтон во моментов го зајакнува своето воено присуство на Блискиот Исток, вклучително и со распоредување на носачот на авиони УСС Абрахам Линколн и неколку придружни бродови.Носачот на авиони на нуклеарен погон вообичаено транспортира неколку илјади војници и десетици борбени авиони, а е придружуван од разорувачи на морнарицата. Досега нема официјална потврда за распоредувањето од Пентагон.Демонстрациите започнаа во Техеран кон крајот на декември како протести на трговците поради остриот пад на вредноста на иранскиот риал и влошувањето на економските услови, пред да се развијат во национално востание против авторитарниот систем на Исламската Република.Безбедносните сили одговорија насилно, а активистите изјавија дека повеќе од 4.500 демонстранти се потврдени како мртви, а илјадници други случаи сè уште се под истрага. Точни бројки не се достапни и таквите изјави е тешко да се потврдат. Иранските власти во средата го објавија официјалниот број на жртви на 3.117 лица, вклучувајќи ги и безбедносните сили.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryie4426a3k66m6Ld3hry

Ристовски: Субвенциите донесоа поправедна распределба, спортските пари ќе зависат исклучиво од резултати

Министерот за спорт, Борко Ристовски во вечерашното гостување на Канал 5 телевизија изрази задоволство од постигнатите резултати на македонската репрезентација на ЕХФ Еуро 2026.– Со ваучерите се добиваше лист хартија и спортистите сами се снаоѓаа како ќе го реализираат. Ние направивме систем за никој да не е оштетен. Никој, па ни јас не може да влијаам. Тоа зависи од резултати. Критериумите се однапред утврдени. Сега има незадоволни затоа што претходно некоја комисија си ја договарала распределбата и затоа сега има обвинение за нив. Со новиот систем не може да има привилегирани, но мора да биде јасно дека не можеме да ги финансираме сите спортови. Некои само ќе ги помагаме. Олимписките спортови секогаш ќе бидат пред неолимписките, објасни Ристовски.Лани беа исплатени 440 милиони денари, годинава првата транша ќе биде во февруари, во мај планираме да биде втората исплата и така да ги држиме клубовите во кондиција, но сè ќе зависи од Буџетот, додаде министерот Ристовски.Ристовски: Субвенциите ги заменија ваучерите за поправедна распределба на средстватаСе осврна и на спортската структура, состојбата на салите и базените во државата и нивната нефункционалност.– Почнавме со реновирање на неколку спортски сали, градиме три нови сали и базени, но се соочивме со многу проблеми. Во Карпош базенот е готов пред пет месеци но немаше дадено одобрение од општината за струја и вода. Во Охрид базенот е почнат пред 8-9 години. Најдовме таму многу наоди за криминал. Во секој случај базенот ќе се догради. Таму има огромен проблем со машинството. Одиме со нов проект за загревање и штом ќе биде готов ќе продолжиме со работа. Исто така ја продолжуваме и доградбата на салата на УКИМ во интерес на студентите.Ристовски најави и правно решавање на прашањето со сопственоста на сите спортски објекти со кои стопанисуваат разни концесионери кои објектите ги добивале за минимални закупнини и без обврска за инвестирање и ставање во функција на спортот.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
sobranie

Собраниска расправа за построги казни и ново кривично дело во Кривичниот законик

На денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците се разгледува Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во второ читање. Предлогот е поднесен од девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и содржи вкупно 13 амандмани.Амандманите се распределени меѓу повеќе политички партии – девет се поднесени од пратеничката на Нова социјалдемократска партија, Соња Мираковска, два од пратеничката на Левица, Јована Мојсоска, и по еден од пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, и на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова.Како што се наведува во образложението објавено на веб-страницата на Собранието, целта на законските измени е да се надминат слабостите во постојните одредби на Кривичниот законик и да се обезбеди усогласување со одлуката на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 58/25.Со предложените измени се предвидува заострување на казнената политика преку зголемување на казните за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластувањето (член 353) и злосторничко здружување (член 394), со цел повторно воспоставување на нивната превентивна и репресивна функција, како и зајакнување на борбата против високата корупција, во согласност со забелешките од извештајот на Европската комисија за 2023 година.Предлог-законот воведува и ново кривично дело – инкриминирање на злоупотребата на туѓа снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално експлицитна содржина. Со ова се предвидува кривична одговорност за сторителот кој без согласност ќе направи достапна ваква содржина на трети лица, при што како објект на заштита се утврдува приватноста на оштетеното лице.Во пакетот измени е опфатена и проширената конфискација преку проширување на кривичните дела за кои може да се примени член 98-а од Кривичниот законик. Дополнително, се врши усогласување со Истанбулската конвенција преку редефинирање на кривичното дело телесна повреда, при што гонењето по предлог се укинува во случаи на родово базирано насилство, семејно насилство, насилство од омраза или кога делото е сторено врз особено ранливи лица, и истото ќе се гони по службена должност.Предвидени се и два нови облици кај кривичното дело трговија со дете, со цел поефикасно справување со злоупотребите поврзани со детското питачење. Законот содржи и технички појаснувања и подобрувања во делот на куќниот затвор, условната осуда со заштитен надзор и проширената конфискација.Во образложението се наведува дека предложените измени се неопходни за елиминирање на потенцијалните штетни последици од измените на Кривичниот законик донесени во септември 2023 година, како и за исполнување на европските и меѓународните стандарди. Предлог-законот вклучува и усогласување на кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето предмети со законските решенија поврзани со проектот „Безбеден град“.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
nino-vasev

Случајот „Онкологија 2“ продолжува, финансиски сведок од ФЗО пред Судот

Во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Онкологија 2“, во кој за незаконски набавки на лекови, фиктивни тендери и присвојување терапија се обвинети поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и економскиот директор Нехад Нухи.Судската расправа продолжува со вкрстено испитување на сведок предложен од обвинителството, поранешен финансиски раководител во Фондот за здравствено осигурување, откако претходното рочиште беше прекинато поради приватни обврски на член на Судечкиот совет.На минатото рочиште, сведокот сведочеше за зголемување на потребата од средства поради раст на бројот на пациенти и за пораст на долговите на Клиниката кон крајот на 2021 година, нагласувајќи дека јавните набавки се спроведуваат согласно законските процедури.Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година со незаконски дејствија го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра, а двајцата ја негираат вината и тврдат дека случајот е политички мотивиран.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryjljbke6kpbrhf2R346L

Најстарото пештерско цртежно дело откриено во Индонезија, старо речиси 68.000 години

Меѓународен тим научници го откри најстарото пештерско уметничко дело во светот – црвен шаблон од човечка рака во пештера на островот Сулавеси во Индонезија, стар најмалку 67.800 години, покажува студија објавена во списанието „Нејчр“.Цртежот е создаден со дување пигмент преку рака прилепена до карпа и е пронајден во варовнички пештери, а неговата старост е утврдена преку анализа на ураниум во минералните наслаги што го покриваат. Откритието е за околу 15.000 години постаро од досега најстарите познати пештерски цртежи и ја доведува во прашање тезата дека симболичката уметност потекнува од Европа.Истражувачите посочуваат дека ова дело сведочи за рана појава на апстрактно и симболичко размислување кај човекот и сугерира дека корените на човечката креативност се подлабоки и географски пошироки отколку што досега се сметало.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
kanada

Трамп ја повлече поканата до Канада за „Одборот за мир“

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече поканата што претходно ѝ ја упати на Канада за приклучување кон новоформираниот Одбор за мир, откако канадскиот премиер Марк Карни во својот говор на Светскиот економски форум во Давос јавно ги критикуваше големите сили и економската хегемонија на САД, со што дополнително се заострија односите меѓу Вашингтон и Отава.Одлуката на Трамп следуваше по настапот на Карни, кој ги обвини моќните држави дека економските интеграции ги користат како средство за притисок, а царините како инструмент на моќ. Американскиот претседател преку објава на социјалната мрежа „Трут соушл“ соопшти дека Одборот за мир ја повлекува поканата упатена до Канада, наведувајќи дека станува збор за иницијатива која, според него, ќе прерасне во „најпрестижниот собир на светски лидери досега“.Ниту кабинетот на канадскиот премиер, ниту Белата куќа не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар. Само една недела претходно, од кабинетот на Карни беше соопштено дека Канада добила покана за учество во работата на одборот и дека премиерот планирал да ја прифати.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
magla

Тетово под магла, видливост до 40 м

Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај, информираат надлежните институции, додавајќи дека екипите на ЈП „Македонија пат“ се постојано на терен и интервенираат согласно зимските услови. Во координација со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт се преземаат мерки за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.Одговорните служби апелираат на внимателно управување со возилата, задолжителна употреба на зимска опрема и прилагодување на брзината според состојбата на патиштата, како и редовно информирање за условите на патната мрежа.Воедно, се предупредува на појава на густа магла со значително намалена видливост во околината на Смојмирово, Буково и Делчево до 50 метри, Ѓавато до 80 метри, Струмица до 100 метри, Тетово до 40 метри и Петровец до 150 метри, што бара зголемена претпазливост од возачите.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
50211467_2028421460527524_6863908293685805056_n_2028421457194191

Магливо утро, сончеви периоди преку ден, викендот носи дожд и снег

Денес времето ќе биде променливо облачно со подолги сончеви периоди, а во претпладневните часови по одделни котлини се очекува појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од -2 до 2 степени, додека максималните дневни ќе бидат во интервал од 6 до 10 степени.Во Скопје се најавува променливо облачно време со сончеви периоди, а претпладне е можна појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 7 степени.Во наредните денови, до сабота, времето ќе остане променливо облачно со постепен пораст на дневните температури. По одделни котлини и понатаму ќе има магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се најавуваат за недела, особено во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места дождот ќе преминува во снег. Врнежите ќе продолжат и во понеделник.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
Screenshot-2023-10-02-at-20.28.16

Јанкулоска: Проблемот не е во законите, туку во правниците што ја заменија правдата со политика

Поранешната министерка за внатрешни работи, Горана Јанкулоска, со остра јавна реакција оцени дека дел од предметите кои се актуелизираат денес се застарени и дека никогаш не требало да бидат предмет на кривично гонење доколку, како што наведува, надлежните институции се придржувале до законот, правдата и правото, наместо да постапуваат по политички диктати.Според Јанкулоска, Специјалното јавно обвинителство било формирано со јасна цел – да даде одговор на прашањето кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, непрекинато. Наместо тоа, таа тврди дека СЈО се занимавало со низа други прашања, целосно отстапувајќи од својата основна мисија.Во својата изјава, Јанкулоска обвинува дека преку политички прогон се водела кадровска политика во политичките партии, дека се граделе партиски рејтинзи за изборни цели, како и дека преку закани и притисоци се одбирале владини партнери не според изборната волја на граѓаните, туку според дневнополитички потреби. Во тој контекст, таа оценува дека денешните обвинувања насочени кон измените на Кривичниот законик од 2023 година се погрешно адресирани.„Проблемот не е ниту во тој, ниту во кој било друг закон“, порачува Јанкулоска, додавајќи дека суштинскиот проблем лежи во дел од правничката фела, која, според неа, наместо да го штити правото, во сè гледала политичка математика и активно учествувала во партиски пресметки.Таа обвинува дека токму тие правници незаконски земале бонуси, со години парадирале пред судовите и граделе, како што вели, „метеорски кариери“, не врз основа на резултати и професионален квалитет, туку поради сервилност кон тогашната власт. Според Јанкулоска, ваквиот пристап оставил длабоки последици врз правниот систем и довербата на граѓаните во правдата.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-library9mfic5t8cgbl8fsPH2a

Мицкоски од Давос, лобира за стратешки енергетски проекти: „Бошков мост“, „Чебрен и Галиште“

Премиерот Христијан Мицкоски од Светскиот економски форум во Давос порача дека Македонија активно лобира за реализација на клучни стратешки енергетски проекти, нагласувајќи дека „Бошков мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ веќе го привлекле интересот на меѓународни инвеститори.Мицкоски информира дека денот го започнал со билатерална средба со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, по што следувале низа разговори со претставници на мултинационални компании со значајна улога во глобалниот бизнис. Во фокусот на дискусиите биле темите што доминираат на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, развојот на дата-центрите и зголемените потреби од електрична енергија.Според него, разговорите со водечки компании во управувањето со дата-центри ги отвориле прашањата за идниот раст на производството на електрична енергија и потребата од зајакнување на енергетската инфраструктура. Во тој контекст, Мицкоски ги истакнал проектите за производство на струја, како и инвестициите во подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас, кои Владата ги смета за приоритетни.На панел-дискусија во Давос, премиерот за првпат пред меѓународната публика ги презентирал проектите „Бошков мост“, „Чебрен“ и „Галиште“, оценувајќи дека тие се од суштинско значење за енергетската иднина на државата. Тој изрази уверување дека проектите предизвикале голем интерес, посочувајќи дека по завршувањето на панелот биле остварени директни контакти со потенцијални инвеститори.„Ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме нашите потенцијали и инвестициските можности. Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата и ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните“, изјави Мицкоски.Премиерот најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел посветен на промоција на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, изразувајќи оптимизам дека и тој ќе резултира со конкретни интереси и партнерства.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryaj9crr4njl6daL7bbJ7

Муцунски: Нашата цел е да бидеме модерна држава со силни институции и силна економија, партнер на САД и најподготвена кандидатка за членство во ЕУ

Во интервју за веб-порталот Локално.мк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Давос говори за актуелните геополитички случувања, односите со Соединетите Американски Држави и Европската Унија, улогата на Америка на Балканот и во Европа, темелите на македонската надворешна политика и позиционирањето на државата во рамки на „новиот светски поредок“.„Може да се менуваат администрациите и стиловите, но интересите – безбедносни, технолошки, трговски и енергетски – остануваат. Наша обврска е да бидеме држава што знае што сака, држава на која може да ѝ се верува и држава што е дел од решението, а не од проблемот“, потенцира министерот Муцунски во интервјуто.Тој порачува дека државата не се движи по инерција, ниту се води од „модни“ геополитички трендови.„Ние сме прогресивни во амбицијата. Сакаме да бидеме модерна европска држава со силни институции и силна економија“, вели министерот Муцунски, додавајќи дека во време кога многу лидери во Давос зборуваат за „рушење на стариот светски поредок“, за нас најважно е да останеме внимателни и со јасен компас.Министерот се осврнува и на политичките односи со САД и Европската Унија, нагласувајќи дека Европа е нашата природна економска, политичка и институционална дестинација, а САД клучен безбедносен и политички столб за стабилноста на континентот.„Нашата надворешна политика се темели на три постулати: целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, кредибилно и активно членство во НАТО, и стратешко партнерство со САД. Тоа не е ‘или-или’ или ‘и-и’, туку прашање на принципи, а не на следење на моменталните ветрови“, нагласува Муцунски.Тој додава дека кога се поставува дилемата „ЕУ–САД или Исток“, одговорот е јасен: „Ние припаѓаме на Западот – по вредности, по безбедносна архитектура и по стратешки интереси. Сè друго може да биде економска релација, во рамки на правилата на меѓународното право, но не и геополитичка ориентација“.„Вистината е едноставна: без американско присуство и лидерство во НАТО, европската безбедност би била послаба; без европска интеграција, нашиот регион би бил поранлив. Ние работиме да бидеме најдобар сојузник во НАТО и најподготвена кандидатка за членство во ЕУ, затоа што овие две определби се комплементарни“, истакнува министерот.Одговарајќи на прашањето какви односи треба да градиме во иднина, Муцунски вели дека поуката за нас е да бидеме зрели: „Со големите сили не се гради однос на слепа послушност, туку на јасно дефинирани интереси, меѓусебна почит и договори што носат резултати“.„Стратешкото партнерство со САД не значи климање со глава, туку значи придонес, јасно изразување согласување или несогласување и барање фер третман, затоа што си коректен и предвидлив сојузник“, додава тој, нагласувајќи дека токму на такви принципи се темелат односите со администрацијата на претседателот Трамп – односи од кои произлегуваат конкретни и видливи резултати, и од кои во иднина се очекува дополнително продлабочување на соработката меѓу двете држави.Говорејќи за актуелниот светски поредок и позицијата на државата во него, министерот Муцунски е дециден дека нашата безбедност денес е неспоредливо посилна, затоа што сме земја членка на НАТО.„Тоа е клучната разлика меѓу денес и пред 20 години. Ние сме дел од колективен безбедносен систем, имаме сојузници и располагаме со конкретни механизми. Во исто време, тоа не значи дека треба да бидеме наивни – затоа ја зајакнуваме одбраната, институциите, отпорноста на хибридни закани, како и енергетската и дигиталната безбедност“, додава тој.На крајот од интервјуто, министерот Муцунски заклучува дека стратешката цел останува јасна – модерна европска држава со силни институции и економија.„Во време на глобални турбуленции, најголема вредност е кредибилитетот. Ние ќе го градиме токму таму каде што припаѓаме – во европското семејство, во НАТО и преку силно, стабилно и принципиелно партнерство со САД“, заклучува Муцунски.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarypinaq9vv1e5u3Ce2AG3

МВР: Автобус на ЈСП удрил во пешак

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска, 22 јануари 2026 година, околу 12 часот, во СВР Скопје била пријавена сообраќајна несреќа на улицата „Ѓорче Петров“ во Скопје.Според пријавата, автобус на Јавно сообраќајно претпријатие Скопје на линија број 4 удрил во 55-годишната Д.П. од Скопје. Повредената била пренесена во Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“, каде што првично ѝ биле констатирани телесни повреди.На местото на настанот бил извршен увид од увидна екипа на СВР Скопје, а надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случила сообраќајната несреќа.

Скопје | пред 3 седмици

3 нед.
eZy-Watermark_26-08-2023_12-39-18-9110PM

Проштална порака на Агелер до граѓаните на Македонија

Пред три години, како десетта амбасадорка на Соединетите Американски Држави, пристигнав во Скопје, во оваа убава земја, порача Анџела П. Агелер во својата проштална порака. Таа истакна дека тогаш, а и денес, чувствува длабока чест и понизност поради можноста да ја претставува својата земја во Македонија.Агелер потсети дека на почетокот на својот мандат изразила силна вера во храброста и издржливоста на граѓаните на Македонија, вера која, како што нагласи, во изминатите три години постојано се потврдувала, обновувала и зајакнувала. Таа додаде дека верувала оти токму тогаш е вистинскиот момент да се направи суштинска разлика – во јакнењето на економскиот раст, енергетската независност, судскиот интегритет, образованието, културната отпорност и европската интеграција. Во дел од тие области, како што наведе, заедничката работа донела конкретен напредок, додека во други останува уште многу да се направи.Говорејќи за одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија во 2025 година, Агелер нагласи дека партнерството меѓу двете земји трае повеќе од три децении и претставува пример за сила, компромис и трпелива решителност. Според неа, изминатите три години покажале конкретни и опипливи резултати од вистинското пријателство и конструктивното партнерство.Таа како примери ги наведе реалните планови за исполнување на обврските во рамките на НАТО, набавката на современи тактички возила и нивното учество во големи мултинационални воени вежби, како и напредокот на најголемиот инфраструктурен проект во земјата, кој треба да ги отвори стратешките коридори 8 и 10 и да придонесе за поголема регионална безбедност и трговија. Агелер истакна и дека партнерството значи јавно соочување со корупцијата и криминалните структури, поддршка на судските реформи и санкционирање на оние кои со години ја злоупотребувале довербата на граѓаните.Во пораката таа нагласи дека соработката опфаќала и создавање можности во заедници каде надежта била ослабена, поттикнување реален економски раст, развој на енергетски и инфраструктурни проекти, како и соработка во области како технологијата, здравството, транспортот, безбедноста, образованието и заштитата на животната средина. Посебно ја истакна и грижата за културното наследство, кое, според неа, претставува светско богатство.Агелер оцени дека во текот на трите години, соработката меѓу двете земји прераснала во вистинско и длабоко пријателство со граѓаните низ целата држава. Таа се потсети на посетите на училишта, цркви, судови, домови, фарми и винарии, како и на отворените и искрени разговори за прашања од заедничко значење, дури и кога не постоело целосно согласување. Граѓаните, како што наведе, со неа ги споделувале своите соништа, визии, разочарувања, но и тагата по загубените најблиски.„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината убавина, историја, традиции и култури, но и нејзините противречности, издржливоста и хуморот на луѓето и во најтешките моменти“, порача Агелер, додавајќи дека ја напушта Македонија со чувство на длабока благодарност за добрината, дарежливоста и силата на нејзините граѓани.На крајот, таа порача дека Соединетите Американски Држави секогаш ќе стојат покрај Македонија, поддржувајќи ја визијата за посилна, попросперитетна, побезбедна и целосно интегрирана евроатлантска држава. „Ова е ваша земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонува. По три години, сè уште ја носам истата силна вера во храброста и силата на нејзините луѓе“, порача Агелер, завршувајќи со охрабрување граѓаните да бидат здрави, храбри и силни.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
skolo

Сезонскиот грип ги испразни училишните клупи во Тетово, над 600 ученици отсутни од настава

Второто полугодие во основните и средните училишта во Тетово започна со значително намален број ученици, откако околу 610 деца останаа дома поради сезонски грип и други вирусни инфекции. Според надлежните, најголем дел од отсутните се ученици од основното образование, но висок е и бројот на средношколци кои во моментов не ја следат наставата.Од секторот за образование информираат дека досегашните податоци укажуваат на до 400 отсутни ученици во основните училишта и околу 210 во средните, при што причината во најголем дел се вирусни заболувања. Надлежните изразуваат надеж дека ваквата состојба ќе биде привремена и дека во наредниот период бројот на заболени ќе се намали, по што учениците ќе се вратат во училишните клупи. Воедно, упатен е апел до родителите децата со симптоми на вирусни инфекции да не ги испраќаат на настава.Најголем број отсутни ученици е регистриран во основното училиште „Лирија“ во Тетово. Според раководството на училиштето, во секое одделение отсуствуваат од пет до тринаесет ученици, во зависност од паралелката. Од училиштето повторно апелираат родителите да бидат внимателни и да не ги изложуваат децата и нивните соученици на дополнителен здравствен ризик.Во врска со актуелната состојба, министерката за образование и наука Весна Јаневска неодамна изјави дека бројот на заболени од грип не достигнал ниво кое би наложило продолжување на зимскиот распуст. Таа нагласи дека ширењето на вирусите не е поврзано исклучиво со училиштата, посочувајќи дека грипот може да се пренесе и во домашни услови, на јавни места или за време на зимските одмори.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryqbsek08md0nn9MiFq3W

Германија го протера заменикот на рускиот воен аташе

Германија го повика рускиот амбасадор на информативен разговор поради апсењето на осомничена руска шпионка, а истовремено донесе одлука за протерување на руски дипломат кој, според истрагата, ѝ служел како контакт. Од германското Министерство за надворешни работи порачаа дека ваквото постапување е директен одговор на, како што го оценија, агресивното дејствување на Русија.Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија нема да толерира шпионажа на своја територија, особено кога во такви активности се вклучени лица со дипломатски статус, нагласувајќи дека ваквите постапки мора да имаат конкретни последици.Германските власти соопштија дека Илона В., германско-украинска државјанка, била уапсена поради сомнение дека шпионирала за руската воена разузнавачка служба ГРУ. Како нејзина контактна точка е наведен заменикот на воениот аташе на Русија во Берлин, на кого осомничената му доставувала информации поврзани со воените активности во Германија, со посебен фокус на состојбите поврзани со војната во Украина.Според истрагата, Илона В. во повеќе наврати му овозможила на рускиот дипломат пристап до различни политички настани користејќи лажен идентитет. Информациите за активностите на Бундесверот ги добивала преку двајца поранешни припадници на германските вооружени сили, против кои исто така е покрената истрага.Германските безбедносни служби наведуваат дека од почетокот на руската агресија врз Украина, Москва значително ги интензивирала своите разузнавачки активности во Германија, особено во рамки на таканареченото хибридно водење војна и шпионажа, што, според Берлин, претставува сериозна закана за националната безбедност.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-library44nlq6oal1ra8cdMUQz

Службата за имиграција на САД приведе 5-годишно дете

Американската служба за имиграција и царина (ICE) привела петгодишно момче од Минесота додека се враќало дома од училиште и заедно со неговиот татко го однела во притворен центар во Тексас, соопштија локалните училишни власти, пренесува „Гардијан“.Детето било приведено пред семејниот дом во предградието Колумбија Хајтс, во близина на Минеаполис. Надзорничката на училишниот округ изјави дека агентите го искористиле момчето за да проверат дали има уште лица во куќата, што таа го оцени како недозволиво постапување.Адвокатот на семејството соопшти дека таткото и детето влегле легално во САД и чекале одлука за азил, без активен налог за депортација. Од Министерството за внатрешна безбедност тврдат дека целта на операцијата бил таткото, а не детето.Училишните власти предупредија дека во последните две недели уште три малолетници од истиот округ биле приведени од имиграциски агенти, нагласувајќи дека ваквите акции предизвикуваат страв и трауми кај децата и целата заедница.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
SeKXr-

Франција заплени танкер со руска нафта

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека француската морнарица запленила танкер со нафта кој пристигнувал од Русија.„Француската морнарица утрово се качи на танкер со нафта кој доаѓал од Русија, под меѓународни санкции и за кој постоеше сомневање дека пловел под лажно знаме. Операцијата беше спроведена во Средоземното Море“, напиша Макрон на социјалната мрежа Икс.Макрон нагласи дека операцијата е изведена со поддршка на неколку сојузници, во согласност со Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, и порача дека Франција нема да толерира никакво прекршување на законот. По проверката на документацијата, потврдени биле сомневањата за невалидноста на знамето под кое пловел бродот.Јавниот обвинител во Марсеј добил извештај за случајот, а танкерот, под придружба, бил пренасочен кон сидриште за дополнителни проверки. Францускиот претседател ја опиша акцијата како дел од борбата против таканаречената „флота во сенка“, преку која Русија транспортира нафта и покрај западните санкции.Макрон изјави дека оваа флота придонесува за финансирање на војната во Украина, наведувајќи дека руските транспортни бродови обезбедуваат приходи од десетици милијарди евра, покривајќи околу 40 отсто од руските воени напори. Според неговата проценка, меѓу 600 и 1.000 бродови учествуваат во ваквиот начин на транспорт.Тој додаде дека Франција, заедно со другите западни земји, активно работи на сузбивање на оваа практика и на обезбедување ефикасна примена на санкциите.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-library37jn7mv2f7694plOq7M

Зеленски: Испративте 40 војници на Гренланд? Тоа е апсурдно

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска одржа говор на Светскиот економски форум во Давос, во кој остро ги критикуваше европските лидери поради, како што рече, нивната неодлучност, одолговлекување и потпирање врз Соединетите Американски Држави во клучните безбедносни прашања, вклучително и Украина и Гренланд, објави Би-би-си.Зеленски го започна говорот со споредба со филмот „Бескраен ден“, во кој главниот лик постојано го преживува истиот ден. Тој истакна дека никој не сака да живее така, повторувајќи го истото со денови, недели, месеци и години, додавајќи дека токму така, според него, денес живее светот.Според Зеленски, глобалното внимание во последните денови се пренасочило кон Гренланд, но без јасен одговор што Европа навистина планира да направи. Тој оцени дека повеќето европски лидери сè уште не знаат како да постапат и дека изгледа како сите да чекаат САД да се „оладат“ околу ова прашање и темата едноставно да исчезне.Во продолжение, Зеленски направи паралела со Иран, каде што протестите, како што рече, биле задушени со крв, а потоа повторно се осврна на војната во Украина. Го спомена и случајот со Венецуела, нагласувајќи дека претседателот Николас Мадуро се наоѓа во Њујорк и чека судење, додека рускиот претседател Владимир Путин не се соочува со таква одговорност.Тој ѝ се заблагодари на Европа за замрзнувањето на руските средства, но нагласи дека нивната употреба за одбраната на Украина била блокирана токму во моментот кога тоа било најпотребно. Зеленски изјави дека нема никаков вистински напредок во воспоставувањето меѓународен трибунал за руската агресија врз Украина, и покрај бројните состаноци, прашувајќи дали проблемот е во времето или во политичката волја.Говорејќи за европската безбедност, Зеленски истакна дека Европа мора да биде способна сама да се брани. Тој посочи дека иако некои држави ги зголемиле издвојувањата за одбрана, многу од нив не ги исполнувале ниту сопствените обврски сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не извршил притисок. Запраша каква порака тоа им испраќа на Путин и на Кина, додавајќи дека испраќањето 40 војници за заштита на Гренланд нема да направи никаква разлика и го нарече таквиот потег апсурден.Зеленски додаде дека Украина има капацитет да го брани Гренланд, нагласувајќи дека знае како се води борба во такви услови, но потсети дека тоа би било возможно доколку Украина беше членка на НАТО. Тој повторно предупреди дека Европа се однесува како некој друг да ќе го реши прашањето со Гренланд, додека во меѓувреме, како што рече, рускиот воен механизам продолжува да се движи.Украинскиот претседател ги критикуваше и Европа и САД затоа што не ја спречиле продажбата на компоненти за ракети на Русија, истакнувајќи дека додека Европа и Америка молчат, Путин продолжува да произведува ракети. Тој рече дека му било советувано во разговорите со САД да не спомнува одредени системи за вооружување за да не се расипе атмосферата, додека во Европа, според него, се води бескрајна внатрешна дебата што ја спречува отворената и искрена дискусија за решенијата. Европа, рече Зеленски, наместо да стане вистинска глобална сила, останува убав, но фрагментиран мозаик од мали и средни сили.Тој порача дека американскиот претседател нема да се промени и оцени дека некои европски лидери се „од Европа, но не и за Европа“, предупредувајќи дека позицијата на САД се менува, но дека никој не знае точно како и со која брзина.Говорејќи за можен прекин на огнот, Зеленски изјави дека сè уште не е постигнат договор со САД за безбедносни гаранции, кои ги смета за клучни. Тој праша зошто САД можат да запираат танкери од таканаречената руска флота во сенка и да запленуваат нафта, додека Европа тоа не го прави, иако токму таа нафта што минува покрај европските брегови го финансира руското војување против Украина. Според него, доколку Путин остане без пари, нема да има ниту војна за Европа.Осврнувајќи се на денешната средба со Доналд Трамп, Зеленски рече дека документите насочени кон завршување на војната се речиси подготвени и дека Украина работи искрено и решително, додека Русија мора да стане подготвена да ја заврши агресијата. Тој додаде дека претходните разговори со САД резултирале со испорака на противвоздушни ракети и разговори за заштита на небото, изразувајќи надеж дека Вашингтон ќе продолжи да стои зад Украина.На крајот, Зеленски повика на силна Европа и истакна дека континентот има потреба од независна Украина која еден ден би можела да ги брани и другите. Тој порача дека на Украина ѝ се потребни дела, затоа што од нив произлегува светскиот поредок, нагласувајќи дека без дејствување денес, нема утре, и говорот го заврши со пораката: „Слава на Украина“.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryqn1ah5r5483adoPs9qD

Трамп: Ако Европа почне да продава американски обврзници, ќе следи голема одмазда

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе возвратат доколку европските земји започнат со продажба на американски акции и државни обврзници, како одговор на неговите ставови за можната купопродажба на Гренланд и притисокот врз сојузниците во НАТО. Во интервју за „Фокс бизнис“ од Давос, на прашањето дали го загрижува такво сценарио, Трамп одговори дека во тој случај би следувала „голема одмазда“ од американска страна, нагласувајќи дека САД „ги држат сите карти“.Изјавата доаѓа откако министерот за финансии Скот Бесент ги оцени данските вложувања во САД како небитни, реагирајќи на одлуката на дански пензиски фонд да ги повлече инвестициите во американски државни обврзници поради, како што наведе фондот, лошата состојба на јавните финансии. Данска, која има територијална надлежност над Гренланд, најави повлекување од околу 100 милиони долари, сума што е симболична во однос на вкупниот американски пазар на обврзници, проценет на повеќе од 30 трилиони долари. Сепак, Данска и понатаму поседува речиси 10 милијарди долари во американски државни хартии од вредност, бројка што значително се намалува во последните години во споредба со 2021 година, кога изнесувала околу 18 милијарди долари.На внатрешен план, Трамп призна дека републиканците би можеле да се соочат со тешки меѓуизбори оваа година, потсетувајќи на историската практика според која партијата на актуелниот претседател често губи поддршка на таквите избори. Тој оцени дека постои психолошки фактор кој негативно влијае врз резултатите, без оглед на постигнатите резултати на администрацијата, но додаде дека очекува силна борба и добар исход за републиканците.Осврнувајќи се на можноста за нова обустава на работата на федералната влада кон крајот на месецот, Трамп изрази уверување дека до тоа веројатно ќе дојде и за ситуацијата ги обвини демократите. Тој истакна дека би сакал усвојување на буџетски пакет преку постапка на усогласување, но призна дека тоа ќе биде тешко поради тесното мнозинство на републиканците во Конгресот, при што посочи дека отстапувањата на поединечни пратеници дополнително ја отежнуваат ситуацијата.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
erdogan

Ердоган: Турција е против каква било странска интервенција во Иран

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со својот ирански колега Масуд Пезешкијан порача дека Турција се противи на каква било странска интервенција во Иран.„Турција ги цени мирот и стабилноста на своите соседи“, соопшти кабинетот на турскиот претседател, пренесува агенцијата Анадолија.Ердоган нагласил дека решавањето на проблемите без понатамошна ескалација е од корист и за Анкара.Двајцата претседатели во разговорот размениле мислења и за билатералните односи, како и за актуелните регионални прашања, се наведува во соопштението.

Свет | пред 3 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања