Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
1 мес.
media-libraryjog501egeaap2ZyyQQo

(Видео) Спасувачка акција над Лазарополе: заглавени работници изгубиле и телефонски контакт, полицајци цела ноќ ги барале и извлекувале

Двајца вработени во мобилниот оператор А1 биле успешно извлечени откако синоќа останале заглавени во длабок снег над селото Лазарополе, во близина на базна станица на операторот, информира Министерството за внатрешни работи.Случајот бил пријавен во СВР Тетово вчера околу 23:30 часот, при што било наведено дека со лицата не може да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, информацијата била проследена до Полициското одделение Ростуше и биле активирани специјализирани спасувачки екипи.Во акцијата учествувале припадници на Одделот за специјални полициски операции, униформирана полиција при МВР, како и екипи на Дирекцијата за заштита и спасување. Со две теренски возила опремени со санки за снег и соодветна спасувачка опрема, тимовите се упатиле кон тешко пристапната локација.Денеска околу 08:30 часот, лицата биле пронајдени и безбедно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило „VW Amarok“ со скопски регистарски ознаки.Тие биле лоцирани на местото познато како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на селото Лазарополе.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-library3hnubop6vppq7VaXwuC

Обилните врнежи предизвикаа поплави и евакуации во повеќе региони низ Македонија

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија територијата на Република Северна Македонија во изминатите денови предизвикаа поплави, излевања на реки, оштетување на патна инфраструктура и евакуација на население во повеќе региони, информира Центарот за управување со кризи, според состојбата до 9 часот утринава.Во Демир Хисар, поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Пријавени се излевања на реката кај селото Обедник и на потегот меѓу селата Обедник и Смилево, додека ЈП „Комуналец“ интервенира со проширување на речното корито во населбата Мургашево. Состојбата ја следат Регионалниот центар за управување со кризи и локалната самоуправа.Во Ресен поплавени се земјоделски површини, дворови, куќи и магацински простории, а нивото на Голема Река е значително зголемено. Јавните претпријатија и општинските служби интервенираат со пумпи и градежна механизација, додека Територијалната противпожарна единица учествува во испумпување на вода од подрумски простории.Во Крушево водата за пиење е заматена и надлежните препорачуваат задолжително превривање пред употреба. Реката Црна има покачено, но стабилно ниво, а ЈП „Комуна“ работи на зајакнување на насипите. Паралелно се следи и состојбата на Крушевска Река во координација со Општина Кривогаштани.Во општина Долнени, во селото Лажани пријавена е штета на двор и приземни простории од куќа, додека во селото Пешталево има поплави поради неисчистени одводни канали. На двете локации интервенирано е со градежна механизација.Во охридскиот регион реката Сушица се излеала на повеќе места, при што се поплавени дворови и подруми. Кризниот штаб и ЈП „Охридски Комуналец“ интервенираат со насипување, проширување на коритото и механизација. Кај селото Вапила, реката Далјан го оштетува патот под мостот, каде исто така се преземаат заштитни мерки, а евидентирано е и свлечиште на потегот Лескоец – Скребатно.Во Струга пријавени се поплавени дворови и куќи во населбата Мислешевски пат, како и во селата Мислешево и Калишта. Територијалната противпожарна единица интервенира со пумпи за испумпување на водата, а ангажирана е и градежна механизација. За состојбата е известена Општина Струга.Во Дебар реката Радика има зголемено, но стабилно ниво, а сите патни правци засега се проодни. Надлежните служби расчистуваат помали одрони на неколку локации.Во Кичево реките Зајашка и Треска имаат покачени водостои, но се под нивото на излевање. Како критична точка е посочена улицата Прилепска, каде се врши расчистување на каналите и коритото на Зајашка Река со тешка механизација. Поради ризик од поплави, околу 150 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде се згрижени од страна на Општината и Црвениот крст.На патниот правец Тумчевиште – Чегране има вода на коловозот и истиот е оценет како небезбеден за сообраќај, поради што се известени полициските станици во Гостивар и Чегране, како и Општина Гостивар.Во останатите региони во државата состојбата засега е стабилна, со зголемени водостои на реките, но без пријавени излевања или сериозни нарушувања.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-library96h4451i7r6e5mlXbRo

(Видео) Ескалација во Иран: Техеран со закани кон САД и извици „смрт за Америка“, додека протестите продолжуваат

Реза Пахлави, син на последниот ирански шах и еден од најгласните критичари на актуелниот режим во Техеран, утринава упати нова порака до учесниците во протувладините протести, повикувајќи ги да истраат и да не се повлекуваат од улиците.Во објава на социјалните мрежи, Reza Pahlavi оцени дека демонстрантите со своето масовно и храбро присуство сериозно го ослабнале режимот. Според него, протестите продолжуваат со несмален интензитет веќе трета ноќ по ред, што, како што наведува, е јасен показател за длабокото незадоволство во иранското општество.Пахлави во изминатите денови се обидува да се наметне како една од клучните фигури на иранското протувладино движење, а неговиот јавен повик минатиот четврток дополнително придонесе за ескалација и проширување на протестите низ земјата.Во меѓувреме, од Техеран стигнаа остри реакции на изјавите за можна американска интервенција. Претседателот на иранскиот парламент, Mohammad Bagher Ghalibaf, порача дека Иран ќе одговори на секој евентуален напад од САД, нагласувајќи дека израелските цели и американските воени бази во регионот би станале „легитимни мети“.Заканата беше изнесена за време на седница на парламентот, при што дел од пратениците извикуваа слогани „Смрт за Америка“, што дополнително ја заостри реториката и ја нагласи сериозноста на моменталната политичка и безбедносна криза.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-librarybvnn5upv5vi59DAFmS1

(Видео) Паника во трговски центар во Солун: се урна дел од таван, повредена жена

Моменти на паника и страв се случиле во трговски центар во Солун, откако дел од таванот на угостителски објект се урнал во време кога низ објектот се движел голем број посетители.Инцидентот се случил во саботата попладне, во локал за храна сместен во рамки на трговскиот центар. Според првичните информации, во моментот на уривањето во непосредна близина имало повеќе граѓани, но поголема трагедија била избегната.Во настанот е повредена 45-годишна жена, која се здобила со повреди на главата и вратниот предел. Таа била во свесна состојба кога на местото интервенирале екипите на итната медицинска помош, по што со возило на ЕКАВ била пренесена во болницата „Папаниколау“ во Солун.Засега нема официјални информации за причините за уривањето, а надлежните служби спроведуваат увид за да се утврди дали станува збор за конструкциски пропуст или за друг вид технички проблем.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryuhluh0r1m56meqPkGnh

Трамп: Иран гледа кон слобода, САД се подготвени да помогнат

Бројот загинати во тринеделните протести во Иран се зголеми на 116, а уапсени се повеќе од 2.600 лица. Ова се податоци на американската новинска агенција „Активисти за човекови права“.Властите во Иран воведоа секаков комуникациски прекин, а државните медиуми за немирите ги обвинуваат, како што велат, „терористичките агенти“ од САД и Израел.И покрај блокадата на интернетот и заканите од властите, протестите во Иран продолжуваат и се шират во повеќе од 100 градови.Американскиот претседател Трамп ја објави својата поддршка за демонстрантите на Truth Social.„Иран гледа кон слобода, можеби како никогаш досега“. САД се подготвени да помогнат”, напиша Трамп.Државниот обвинител на Иран, Мохамад Мовахеди Азад, во саботата изјави дека секој што протестира ќе се смета за „непријател на Бога“ што е кривично дело за кое е предвидена смртна казна.Амнести интернешнл соопшти дека анализира „загрижувачки извештаи за засилена и незаконска употреба на смртоносна сила“ од страна на иранските безбедносни сили.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
straza-i-gjavato

Укината забраната за камиони на патниот правец Гостивар – Кичево преку Стража

Утринава од 08.20 часот укината е забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража што беше воведена ноќеска во 00:25, соопшти ЈП „Македонија пат“.Сите патни правци се проодни, а сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози со кашест снег кој останува по интервенцијата на возилата на ЈП „Македонија пат“.Снег со променлив интензитет провејува во севроисточниот, западниот и југозападнит дел од земјава, но не преставува проблем за одвивање на сообраќајот во зимски услови. На одредени патни правци кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони.ЈП „Македонија пат“ апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryil4gvt00p1r8f5iSGkA

Започна повторното гласање за градоначалник во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа

Во општините Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денес се одржуваат повторни избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори на 19 октомври минатата година не беше постигната законски потребната излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од регистрираните гласачи, што е услов изборите да се сметаат за успешни.Според Изборниот законик, за да се биде избран за градоначалник на повтореното гласање, не е потребен ваков цензус, само е потребно повеќе од половина од излезените граѓани да гласаат за еден од кандидатите.Гласањето започна во 7:00 часот, а гласачките места се затвораат во 19:00 часот. Гласачите на гласачките места ќе бидат идентификувани со важечки лични документи – лична карта или пасош, а нивниот идентитет ќе биде потврден и преку биометриски уреди за идентификација.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryjjsbu6ddk8kgb7GOhvh

Денеска студено со снег, утре поларни температури

Утрово на Попова Шапка е најстудено, – 8 степени и има најмногу снег, 31 сантиметар. Измерени се и -5 степени во Kрушево и Mаврови Анови, -2 во Куманово, -1 во Крива Паланка, Берово и Виница, 0 во Скопје, Тетово, Охрид, Битола и 2 степена во Гевгелија и Демир Капија.Висината на снежната покривка во Крушево е 14 сантиметри, во Охрид е 5.Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, претпладне со повремени локални врнежи од снег, а попладне врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец, информираат од УХМР.Северен ветер се очекува да продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува стабилно, суво и многу студено време. Наместа утринската температура ќе се спушти и под -10 степени.Во Скопје, денеска ќе променливо облачно претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Температурата ќе се движи од -1 до 3 степени.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-librarysqlrta387mnb2FesoVl

Лекари од Иран за Би-Би-Си: „Убиваат млади луѓе, мртовечниците ни се преполни“

Медицински работници од најмалку три болници во Иран сведочат за драматична и шокантна состојба во здравствените установи, кои се преплавени со загинати и тешко повредени демонстранти, во екот на масовните антивладини протести што ја потресуваат земјата.Еден здравствен работник од болница во Техеран за Би-Би-Си опишува сцени што, како што вели, никогаш нема да ги заборави: директни истрели во главите и срцата на млади луѓе. Поради обемот на повредени, дел од болниците преминале во кризен режим на работа, а персоналот немал време ниту за основна реанимација.„Починаа околу 38 лица. Многумина умреа веднаш штом беа донесени во ургентниот центар. Имаше директни истрели во главите и срцата на млади луѓе. Дел од нив не ни стигнаа до болница“, раскажува медицинска работничка од Техеран.Според нејзиното сведоштво, бројот на жртви бил толку голем што мртовечницата целосно се наполнила.„Телата беа редени едно врз друго. Кога немаше повеќе простор, почнаа да ги носат во просторијата за молитва. Сите беа млади – меѓу 20 и 25 години“, вели таа.Слични информации доаѓаат и од други градови. Би-Би-Си Персијан потврди дека во болницата „Пурсина“ во градот Рашт биле донесени најмалку 70 тела. Бидејќи мртовечницата немала капацитет, телата биле однесени на други локации.Според болнички извори, на семејствата им било побарано да платат околу 7 милијарди ирански риали (околу 6.500 евра) за да им бидат предадени телата на починатите за погреб.Лекар кој стапил во контакт со Би-Би-Си преку сателитска врска вели дека болницата „Фараби“ во Техеран – главниот центар за очни болести – преминала во вонреден режим поради огромниот број пациенти со прострелни рани во пределот на очите.Сите неитни прегледи и операции биле откажани, а персоналот бил пренасочен исклучиво на итни случаи.„Видов пациент погоден во окото, а куршумот излегол од задниот дел на главата“, сведочи лекар од Техеран.Друг медицинар од градот Кашан раскажува дека многу демонстранти биле целно погодени во очите, додека од Шираз пристигнуваат информации дека болниците немаат доволно хирурзи за да се справат со напливот на повредени.Во еден од најпотресните настани, медицинар од Техеран раскажува дека група луѓе среде ноќ насилно влегла во здравствен центар и внатре внела човек со прострелна рана.„Го оставија и си заминаа. Но беше предоцна – почина пред да можеме да му помогнеме“, вели тој.Протестите започнаа пред две недели во Техеран поради економската криза и драстичниот раст на трошоците за живот, но брзо се проширија во повеќе од 100 градови низ Иран.Организациите за човекови права известуваат за десетици убиени демонстранти и стотици приведени, додека иранските власти тврдат дека загинале и најмалку 21 припадник на безбедносните сили.Извештаите од терен се ограничени поради речиси целосната интернет-блокада и забраната за работа на странски медиуми, меѓу кои и Би-Би-Си. Сепак, видеа што излегуваат од земјата прикажуваат масовни протести, запалени возила и владини објекти во пламен.Иранската армија најави дека ќе им се приклучи на безбедносните сили во „заштита на јавниот имот“, а Советот за национална безбедност најави „одлучни правни мерки“ против, како што ги нарекува, „наоружани вандали“.Според американската агенција Human Rights Activist News Agency, убиени се најмалку 51 демонстрант, меѓу кои и седум деца, а уапсени се над 2.300 лица.Организацијата Iran Human Rights од Норвешка наведува дека меѓу жртвите има најмалку девет деца, додека Би-Би-Си Персијан досега успеал да потврди идентитети на 26 убиени лица, од кои шест деца.Од друга страна, иранската полиција официјално тврди дека во Техеран „нема убиени лица“.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryslpbj58lkr05fqfiBwx

Македонија подготвува најстрог закон за пушење досега: целосна забрана во јавни простори и високи казни

Министерството за здравство го објави новиот Предлог-закон за заштита од пушење, со кој се воведуваат најобемните рестрикции досега за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутун и никотински производи. Законот, кој треба да стапи во сила на 1 март 2026 година, има за цел да ја намали високата стапка на пушачи во земјава — која изнесува околу 45% од возрасната популација.Со новите одредби се забранува производство, увоз и продажба на сите никотински производи со ароми и вкусови – меѓу нив ментол, овошни и билни варијанти, како и течности за електронски цигари. Министерството посочува дека овие производи особено ја поттикнуваат зависноста кај младите.Законот воведува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простори, како и во приватни возила доколку внатре има дете. Исклучок се дозволува само на отворени балкони и тераси кои се отворени од најмалку три страни и немаат прегради од стакло или најлон. Пушењето ќе биде забрането и во објекти за сместување, угостителски локали, пазари, јавен превоз и административни институции.Се предвидува и целосна забрана за рекламирање и промоција на тутунските производи, како и ограничување на прикажувањето на пушење во филмови, серии и интернет-содржини, освен ако тоа не е уметнички оправдано и проследено со здравствено предупредување.Продажбата на цигари на парче, преку автомати или онлајн ќе биде забранета. Продавниците ќе мора да ги чуваат производите во затворени шкафови без осветлување, а информациите за цените ќе се даваат само преку листa со азбучен ред.Надзорот ќе го вршат повеќе институции – Пазарниот, Санитарниот и Трудовиот инспекторат, како и МВР.Физичко лице затекнато како пуши на забрането место ќе се казни со 150 до 300 евра, односно 100 евра при плаќање на лице место. За правните лица казните изнесуваат од 2.000 до 5.000 евра, а инспекторите ќе можат и привремено да забранат вршење дејност до три месеци.Министерството за здравство објаснува дека ваквите мерки се неопходни бидејќи директните здравствени трошоци за лекување на заболувања предизвикани од пушење надминуваат стотици милиони денари годишно, а целта е „да се заштити јавното здравје и да се намали една од водечките причини за смртност во Македонија“.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-librarycvnb7otf2rt4eh7hM5N

„Ете, ставете рака на срце и кажете“ – Најчевска со провокативна објава за реалигијата и придобивките од неа

Професорката Мирјана Најчевска, која во минатото јавно има истакнато дека е атеист и дека верските честитки ги доживува како навреда, повторно отвори чувствително, но општествено прашање – дали зголемената јавна религиозност во Македонија навистина донела подобро општество.Во својата реакција, Најчевска повикува на искрено преиспитување, без идеологија и без лицемерие.„Ставете рака на срце и кажете – во сите овие години, кога се зголеми бројот на верници во Македонија, кога политичарите се натпреваруваат кој ќе се прикаже како поголем верник, кога децата се изнесуваат да го слават Бог во кој веруваат родителите, кога почнаа да се осветуваат полициски автомобили, да се молат во Собранието и кога никнаа крстови, цркви и џамии низ целата држава – дали тоа навистина донесе подобрување?“, прашува таа.Потоа, професорката реди конкретни прашања што, според неа, ја мерат суштината на секоја вера:– Дали се намали криминалот?– Дали има помалку убиства?– Дали се намали врсничкото насилство?– Дали има помалку семејно насилство?– Дали се намалија кражбите и измамите?– Дали луѓето станаа помалку егоистични и саможиви?– Дали се намали бројот на разводи?– Дали има помалку силувања?Ставете рака на срце и кажете“, завршува Најчевска, оставајќи го одговорот да го даде јавноста.Нејзината порака не е насочена против верата како личен избор, туку против, како што имплицира, нејзината политичка и симболична злоупотреба – во услови кога реалноста зборува за длабока морална и институционална криза.

Коментари | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryttoqrmutntte89lHvfw

(Видео) Кочани со тишина и 40 бели балони им оддаде почит на жртвите од Кран-Монтана

Со тишина, запалени свеќи и 40 бели балони испратени кон небото, Кочани попладнево им оддаде почит на 40-те млади животи загинати во пожарот во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана. Мирниот собир, организиран под мотото „Два града – иста болка“, обедини граѓани од сите генерации во заедничко сочувство и солидарност.Без говори и без транспаренти, присутните стоеја во тивка, достоинствена атмосфера, испраќајќи порака дека болката не познава граници. Белите балони, пуштени во небото, симболично ја означија младоста што прерано згасна.Особено емотивен беше моментот кога на собирот присуствуваа и родители на децата загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека ја препознаваат болката на семејствата во Швајцарија, нагласувајќи дека загубата на дете е иста, без разлика каде се случила трагедијата.„Понекогаш тишината зборува повеќе од зборовите“, беше пораката што ненаметливо ја одбележа целата вечер.Собирот помина мирно и достоинствено, како симболичен чин на заедништво меѓу два града поврзани од трагедии што оставија длабоки и трајни лузни.

Настани | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryaghfv2svf1fi7Ja0A1g

Позната возраста на лицата кои силувале и уценувале малолетничка

СВР Куманово денеска (10 јануари 2026 година) до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против Н.А. (31) од селото Слупчане, Општина Липково, за сторени кривични дела „полов напад и силување“ и „уцена“, како и против Ќ.М. (28), исто така од селото Слупчане, за сторено кривично дело „полов напад и силување“.Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Н.А. спротивно на јасно изразената волја извршил полови дејствија врз малолетна девојка на подрачјето на липковскиот регион, а потоа ја принудил на полови дејствија и со вториот пријавен, Ќ.М.По извршените кривични дела, Н.А. ѝ се заканувал на малолетничката дека ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати сума од 20.000 евра. Под притисок и закани, девојчето било принудено да зема пари од домот без знаење на родителите, како и да позајмува од други лица, по што во повеќе наврати му ги предавала парите на пријавениот.Од МВР информираат дека случајот е целосно документиран и предаден на надлежното обвинителство, кое ќе постапува понатаму согласно законските процедури.Во интерес на истрагата, како и поради потребата од целосна заштита на малолетната жртва, Министерството за внатрешни работи апелира до медиумите и јавноста за внимателно, одговорно и етичко известување за настанот, без откривање на идентитетот на жртвата и без шпекулации, исклучиво врз основа на официјални информации.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryn6j2g5i9ofpk4JTEyVv

Драстичен пад на популарноста на имиграциската агенција во САД

Довербата на Американците во Агенцијата за имиграција и царина бележи драстичен пад, а сѐ поголем број граѓани изразуваат поддршка за протестите насочени против оваа федерална служба, покажува нова анкета. Истражувањето е спроведено веднаш по инцидентот во Минеаполис, каде што федерален агент смртно застрела 37-годишна жена, настан што дополнително ги засили тензиите во јавноста, пренесува „Аксиос“.Овие податоци се особено значајни ако се има предвид дека строгата имиграциска политика е еден од клучните столбови на агендата на американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, контроверзните методи што ги применуваат Агенцијата за имиграција и царина и Министерството за внатрешна безбедност редовно предизвикуваат протести и судски спорови. Нето-поддршката за агенцијата за само една година е намалена за дури 30 процентни поени.Сѐ поголемо неодобрувањеАнкетата на „ЈуГав“, спроведена на 7 јануари меѓу повеќе од 2.600 возрасни Американци, открива загрижувачка слика. Дури 52 проценти од испитаниците не го одобруваат начинот на кој агенцијата ја извршува својата работа, додека 39 проценти изразуваат поддршка.Повеќе од половина од анкетираните, односно 51 процент, сметаат дека тактиките на агенцијата се „премногу агресивни“. Само 27 проценти ги оценуваат како „главно исправни“, додека 10 проценти сметаат дека не се доволно строги. Во исто време, 44 проценти од Американците ги поддржуваат неодамнешните протести против агенцијата, а 42 проценти се против нив.Стрмоглав пад за една годинаСпоред податоците на „ЈуГав“, во февруари минатата година, на почетокот на вториот мандат на Трамп, Агенцијата за имиграција и царина имала позитивен рејтинг од +16. Денес, тој е намален на -14, што аналитичарите го поврзуваат со спроведувањето на новите имиграциски политики на администрацијата, меѓу кои и контроверзниот план на Стивен Милер за апсење до 3.000 лица дневно.Анкетата открива и дека речиси шест од десет Американци, односно 58 проценти, веруваат дека во градовите низ САД се одвива некаков вид на конфликт или „војна“. Само 26 проценти не го делат ова мислење. Оваа перцепција е најизразена кај постарите граѓани – дури 74 проценти од оние над 65 години сметаат дека конфликтот е во тек.Расте поддршката за укинување на агенцијатаПаралелно со падот на популарноста, расте и поддршката за целосно укинување на Агенцијата за имиграција и царина. Податоците на истражувачката компанија „Сивикс“ покажуваат дека во септември 2024 година само 19 проценти од граѓаните го поддржувале укинувањето, додека 66 проценти биле против.Овој месец, поддршката за укинување пораснала на 42 проценти, додека 49,5 проценти се против. Кај демократите, оваа идеја веќе стана доминантна, со поддршка од 69 проценти од нивните гласачи.Лошиот имиџ не е ограничен само на оваа агенција. Министерството за внатрешна безбедност, под чија надлежност таа функционира, со години се вбројува меѓу најнепопуларните федерални институции, според годишното истражување на „Пју рисрч центар“ за 2025 година.Истражувањата покажуваат и јасна партиска поделба: републиканците во 2025 година ја оценуваат работата на министерството значително попозитивно отколку во 2024 година, последната година од мандатот на Џо Бајден, додека кај демократите е забележан спротивен тренд.Падот на довербата во агенцијата оди паралелно и со општиот пад на поддршката за имиграциската политика на Доналд Трамп, која бележи рекордно ниски нивоа на одобрување.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-librarypinaq9vv1e5u3Ce2AG3

Девојче од липковско уценувано со фотографии за пари, откако претходно било силувано: грозоморни детали од Обвинителство

Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за две лица осомничени за кривично дело полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, при што едниот од осомничените се гони и за кривично дело уцена согласно член 259 од истиот закон.Според информациите од обвинителството, првоосомничениот, спротивно на јасно изразената волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка на подрачјето на липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.По извршеното кривично дело, првоосомничениот ја уценувал жртвата дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати сума од 20.000 евра. Под ваков притисок, девојчето било принудено да зема пари од домот без знаење на родителите, како и да позајмува средства од други лица, по што во повеќе наврати му ги предавала парите на осомничениот.Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, кои во моментов се лишени од слобода.Од Основното јавно обвинителство Куманово информираат дека истражните дејствија продолжуваат, а во интерес на постапката и заштитата на малолетната жртва упатуваат апел до медиумите за внимателно, одговорно и етичко известување, исклучиво врз основа на официјални информации.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-library1ll9sle6u3sjaWlfPGV

ЈСП Скопје најавува можни измени во автобускиот сообраќај поради ниските температури и снег

ЈСП Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во Скопје и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.Од претпријатието појаснуваат дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, поради што на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Како резултат на тоа, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за автобусите, согласно проценките на надлежните служби.Од ЈСП нагласуваат дека безбедноста на патниците и вработените е апсолутен приоритет и дека, доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки. За сите евентуални промени, јавноста ќе биде навремено информирана.Во периоди на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст.Екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
Screenshot-2022-06-05-093843

„Изгинавме по улици од полусвет“ - во една недела загинаа двајца пешаци

Критикарката која пишува под псевдонимот Ина Многуфина остро реагира по двете тешки сообраќајни несреќи што се случија во Скопје, оценувајќи дека СМС-казните од системот „Сејф сити“ не можат да го надоместат, како што наведува, „интелектуалниот дефицит зад воланот и последиците од недостаток на родителска грижа“.„Сејф сити смс казните не можат да не спасат од интелектуалниот дефицит зад волан и последиците од недостаток на родителска грижа каде им даваат на деца да возат коли без возачка, вчера згазена жена во Капиштец и еден удрен пешак во Визбегово. Нека си излезе МВР да си се распореди и да си работи паралелно со Сејф сити.Нови мерки и закони почитуваат исклучиво луѓе со повисока свест и со желба за подобар живот и надеж за подобар систем. Останатото е проблем за општеството и треба некој да го тргне од улици на време. Изгинавме по улици од полусвет“, напиша Ина Многуфина.

Коментари | пред 1 месец

1 мес.
media-librarynmcgn90kvuoadjOnktj

Немал возачка, возел брзо, преку спротивна лента - ја усмртил и побегнал преку Табановце: нови детали за трагедијата во Капиштец

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 18-годишно лице осомничено за сторени кривични дела „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, поврзани со сообраќајната несреќа во која на 9 јануари во скопската населба Капиштец беше усмртена пешак.Според наводите на обвинителството, осомничениот, како учесник во сообраќајот, не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и животот на другите учесници. Тој управувал патничко возило „фолксваген пасат“ по улицата „Народен фронт“ и извршил непрописно поместување налево, навлегувајќи во коловозна лента наменета за сообраќај од спротивен правец, без да се увери дека тоа може да го стори без опасност. Возилото го управувал со брзина која не била прилагодена на состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите услови, а притоа немал ниту важечка возачка дозвола.Во такви околности, со возилото удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која го преминувала коловозот, при што од ударот и падот на асфалтот се здобила со тешки телесни повреди. Наместо да ѝ укаже помош, осомничениот веднаш го напуштил местото на несреќата. Повредената била пренесена во Ургентниот центар, каде и покрај укажаната медицинска помош, подоцна починала.Обвинителството информира дека уште две лица, маж и жена, се осомничени дека му помогнале на возачот по извршувањето на кривичното дело, така што го пренеле со свој автомобил преку граничниот премин Табановце и му овозможиле да ја напушти државата. По нивното враќање во земјава, тие се лишени од слобода, а јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.Притвор е побаран и за осомничениот возач, кој сѐ уште е во бегство, при што мерката ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази, ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
media-librarysv4okvf4aiho6HXNNmC

Семејството на загинатиот Македонец во Кран-Монтана апелира да не ги осудуваат: Потребен ни е мир

Мајката и сестрата на починатиот Стивен, Александра и Саманта Ивановски, упатија јавен апел да престане ширењето на објави и коментари поврзани со неговата смрт, особено такви кои содржат осуди, навреди и неточни информации.Во нивното обраќање тие наведуваат дека во најтешките моменти од загубата, покрај болката, биле соочени и со погрешни толкувања и болни зборови во јавноста. Појаснуваат дека претходната објава во која се собираа донации, а која предизвика бројни реакции, била направена со искрена и добра намера од блиски членови на семејството кои живеат во Македонија, во период кога ништо не било јасно – ниту трошоците за погребот, ниту дополнителните непредвидени обврски поврзани со правни постапки и документација.Како што истакнуваат, намерата била исклучиво да се помогне, без нивно барање, по иницијатива на блиски луѓе, а не да се создаде простор за јавна осуда или шпекулации.„Без разлика каде живееме, болката за загубата на дете не познава граници, држави ниту финансиски претпоставки. Таа е иста, длабока и неиздржлива“, наведуваат тие во пораката.Александра и Саманта изразуваат благодарност до сите кои покажале сочувство, човечност и поддршка, нагласувајќи дека во овој момент на семејството не му е потребно ништо повеќе од мир, тишина и достоинство, за нивниот Стивен да биде испратен спокојно.Тие апелираат да не се шират лаги, претпоставки и дезинформации во негово име и повикуваат јавноста да покаже почит кон болката на семејството.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-librarybtbehlinlgju7O5weg2

Николоски од Стража и Пресека: Сите патишта во државата се проодни

Сите патишта во државата се проодни и сообраќајот се одвива непречено и покрај обилните снежни врнежи, благодарение на ангажманот на екипите на „Македонија пат“, изјави денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој изврши увид во активностите на ова јавно претпријатие на планинските превои Стража и Пресека.Николоски истакна дека состојбата на терен е добра и дека екипите континуирано работат за да ги одржат патиштата проодни и безбедни за сообраќај.„Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат и можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Сакам да им се заблагодарам на овие луѓе од Македонија пат, кои даваат сѐ од себе за патиштата да бидат чисти и безбедни. Моментално сме на превојот Стража, претходно бев на Пресека, а ќе продолжам и на други локации“, изјави Николоски.Тој упати јавна благодарност до работниците на „Македонија пат“ за нивната пожртвуваност и истовремено апелираше до граѓаните да бидат внимателни при патување, да ја прилагодат брзината на условите на патиштата и задолжително да користат соодветна зимска опрема.„Ги повикувам сите кои имаат потреба да патуваат да ги почитуваат сообраќајните правила, да користат зимски гуми и ланци каде што е потребно, и да возат внимателно. Нашата обврска е патиштата да бидат проодни и тоа ќе го обезбедиме, за последиците од ова невреме да се почувствуваат минимално“, порача вицепремиерот и министер за транспорт.

Македонија | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања