4 ден.
media-library9vdd0vlq5cqs3wLxE2Y

Уапсен струмичанец кој вршел измами за лажни сообраќајки и операции, му нашле над 15.000 евра

На 07.02.2026 во 12:30 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода О.В.(38) од Струмица. Тој се сомничи дека на 06.02. и 07.02.2025 година во два наврати учествувал во извршување на кривични дела измами, каде оштетени се 84-годишна и 68-годишна жителка на Струмица, а во еден случај во обид да биде измамена 77-годишна жителка на Струмица. Имено, откако едно лице им се јавувало на фиксни телефонски броеви на пријавителките и претставувајќи се како медицинско лице успеало да измами две жителки на Струмица да дадат пари, кои наводно биле за операции на нивна ќерка или снаа, О.В. одел на локациите кои телефонски му ги кажувало лицето и ги преземал парите од жртвите.При лишувањето од слобода, кај О.В. се пронајдени 15.150 евра и 50 франци, кои ги стекнал при вршење на кривичните дела. Тој е задржан во Полициската станица Струмица и во службен разговор го признал начинот на кој ги вршел делата. Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена кривична пријава.СВР Струмица уште еднаш апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни во комуникација со непознати лица, која се врши по телефонски пат, да не наседнуваат на измами, да ги проверуваат податоците кои им се пласираат во телефонската комуникација, да не даваат пари на непознати лица и сите сомнителни случаи да ги пријават во полиција.

Македонија | пред 4 дена

5 ден.
media-library4onh518qipl0bsfoi1v

Петрушевски: Заев и Филипче вмешани и во последниот случај со заплена на марихуана, дали Заев се интересирал во државни институции и за запленетата марихуана во Србија?

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска изнесе сериозни обвинувања на сметка на поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, поврзувајќи ги со, како што рече, низа скандали и сомнежи за криминал поврзани со производство и трговија со марихуана.Петрушевски изјави дека, според ВМРО-ДПМНЕ, името на Зоран Заев се појавува во речиси сите случаи во кои постои сомнеж за криминал, заедно со Венко Филипче, кого го нарече негов близок соработник. Тој оцени дека јавните настапи на Заев се, како што рече, „изблик на нервоза“ поради наводи дека лица блиски до него биле фатени „на лице место“.Пратеникот тврди дека Заев не ја говори вистината кога вели дека не гради во Дубаи и дека постојат јавни сведоштва според кои и тој и Филипче поседуваат т.н. златна виза. Според Петрушевски, Филипче претходно објаснувал дека визата ја добил како лекар, а постави прашање врз која основа Заев ја добил истата.Во обраќањето, Петрушевски истакна дека, според ВМРО-ДПМНЕ, владата предводена од Заев била основоположник на бизнисот со марихуана во Македонија. Тој тврдеше дека околу 70 проценти од запленетата дрога ѝ припаѓа на фирма поврзана со кадар на СДСМ, односно со лице блиско до Заев, додавајќи дека само во текот на вчерашниот ден во струмичкиот регион биле запленети околу 30 тони дрога.Како што наведе, станува збор за фирмата „ЦБД Медплант“, која, според неговите зборови, е поврзана со Тони Котев, познат како М’гчев, поранешен претседател на општинската организација на СДСМ во Ново Село, при што формалната сопственост била на неговиот син, Христијан Котев. Петрушевски додаде дека Котев бил познат и по бизнис-релации со Вице Заев.Тој изјави дека, според документи со кои, како што тврди, располага ВМРО-ДПМНЕ, фирмата на Котев во период пократок од шест месеци во 2025 година испорачала 19 тони марихуана до скопска фабрика, каде што подоцна започнала полициска акција. Дополнително посочи дека дозволата за работа фирмата ја добила во 2020 година, кога премиер бил Заев, а министер за здравство Филипче.Петрушевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ и тогаш укажувала оти лиценците за одгледување марихуана за медицински цели се доделувале на лица блиски до Заев, а не врз основа на исполнување на законските услови, наведувајќи и други примери на фирми кои добиле дозволи во истиот период.Од ВМРО-ДПМНЕ упатија апел до Јавното обвинителство да ја испита поврзаноста на Заев и Филипче со фирмата во која била запленета марихуаната, како и да се утврди зошто, според нивните тврдења, Заев лично се интересирал и контактирал со државни институции во врска со случајот со петте тони марихуана запленети во Србија.Петрушевски порача дека борбата против криминалот, според ВМРО-ДПМНЕ, е јасна и дека, како што рече, ќе дојде крајот на „наркокартелот на Заеви“.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-libraryifj7namj2f1n0svrrZY

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е заробена партија

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска остро ја критикуваше ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека партијата функционира како „заробен систем“ управуван од еден човек – лидерот Христијан Мицкоски.Според СДСМ, со последните одлуки Мицкоски ги отстранил сите потпретседатели и целосно ја укинал внатрепартиската рамнотежа, воспоставувајќи авторитарен модел на раководење во кој, како што тврдат, сите одлуки зависат исклучиво од него. Како дел од тие промени, од функциите биле тргнати Тимчо Муцунски, Александар Николовски, Владо Мисајловски и Гордана Кочовска.Во партиското соопштение се наведува дека наместо реформи, ВМРО-ДПМНЕ се трансформирала во „приватна фирма“, каде што приоритет имаат тесни интереси и приватни зделки, особено преку јавни набавки. СДСМ дополнително обвини дека ваквиот модел овозможува и непречено функционирање на незаконски активности, вклучително и шверц на дрога преку границите.Социјалдемократите тврдат дека на местото на отстранетите функционери се поставени најблиските соработници на Мицкоски, при што еден од нив бил задолжен за организација и контрола на тендерите, а друг за контакти и соработка со безбедносните служби.„Станува збор за затворен систем на контрола, моќ и бизнис-зделки, во кој партијата е целосно заробена“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-libraryod8jha00559t6yk7q50

Димитријевиќ: Одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога води директно до врвот на власта

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција нагласи дека одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на власта, затоа цела недела нема информации, а а јавноста е сведок на организирана владина медиумска кампања  за дефокусДимитријевиќ посочи дека цела недела нема одговор на клучното прашање, како толкава количина дрога поминала преку македонската граница и кој ќе одговара за тоа.„ Нема приведени, нема осомничени. Има само дефокус.Од јавно објавените фотографии може да се види дека запленетата дрога во Србија била пакувана во големи картонски кутии со димензии 60 на 40 сантиметри, со по 4 до 5 килограми марихуана во најлонски кеси. Тоа значи многу пратки, и многу возила, камиони. Пет, десет, можеби и повеќе шлепери или камиони требало да ја поминат границата. Како?“, рече Димитријевиќ.Притоа, Димитријевиќ истакна  дека и за последните акции за запленет, одговорноста е кај власта.„МВР молчи за тоа како 5 тони преминале преку македонската граница ама објавува дека заплениле 40 тони канабис во земјава. Ако навистина се запленети 40 тони нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта и кај никој друг.“Тој нагласи дека без поддршка и заштита од институциите, ваков шверц не е возможен.„Без поддршка, заштита и логистика од врвот на власта шверцот на огромна количина дрога преку границата не било возможно. Од Скопје до Табановце има 48 километри, со гранична и царинска контрола. Каде се камерите на „Safe City“? Каде е полиција? Каде се екипите на Мобилна царина? Каде се контролите?“, рече Димитријевиќ.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-library0j0rimdeo8383mlg4u1

Николоски: Институциите ќе започнат постапка за конфискација на нелегално изградениот објект на спортскиот аеродром Стенковец

На својот фејсбук профил, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски објави дека министерството во координација со повеќе надлежни институции ќе започне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на аеродорм Стенковец.„Министерството за транспорт како институција која е надлежна за објекти од прва категорија како што се аеродроми, болници кои третираат терциерна здравствена заштита, градби за високо образование, спортски сали, стадиони и други државни инфраструктурни објекти во изминатиот период сериозно пристапи кон решавање на проблемот со нелегалните објекти кои спаѓаат во оваа категорија.Во координација на повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат, како и Аероклубот на спортскиот Аеродромот Стенковец Скопје – ќе се започне постапка за КОНФИСКАЦИЈА на нелегално изградениот објект на спортскиот аеродром Стенковец.Имајќи предвид дека објектот е целосно нелегално изграден на државно земјиште, надлежните органи одлучија да се обратат до Обвинителството и Судот и да побараат целиот објект да се конфискува во корист на државата со цел истиот да може го користи Агенцијата за цивилно воздухопловство за тренинг на пилоти и други потреби.Ова е јасна порака дека нема да се толерира изградба на нелегални објекти на места каде Министерството за транспорт и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност" - објави вицепрмиерот Николоски.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-library4qm31b5r4falfNrLvzI

СДСМ: Пет тони дрога не минуваат граница без политичка заштита

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира дека и по една недела од заплената на пет тони дрога во соседна Србија, која според информациите потекнува од Македонија, јавноста сѐ уште не добива одговори како толкава количина наркотик поминала преку македонската граница.Од СДСМ прашуваат како е можно пет тони дрога да бидат транспортирани преку граничните премини без никој да понесе одговорност, потенцирајќи дека државата располага со системи како „Сејф сити“, скенери, мобилна царина и редовни контроли. Според партијата, ваков криминал не може да се реализира без поддршка, логистика и заштита од структури на власта внатре во институциите.Во соопштението се наведува дека од медиумите се дознава за наводна поврзаност на случајот во Србија со сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во таа земја, како и со државни функционери, што дополнително, според СДСМ, го продлабочува сомнежот за организиран криминал со политичка заштита.Опозициската партија прашува уште колку тони дрога поминале преку границата без да бидат откриени и кој во врвот на власта, во Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и другите надлежни институции е соучесник во овој случај.Наместо јасни одговори, СДСМ оценува дека власта се обидува да дефокусира преку медиумски кампањи и политички напади, со цел да ја префрли вината врз опозицијата. Според партијата, ваквите обиди нема да успеат, бидејќи, како што наведуваат, картелскиот скандал води директно до врвот на власта и мора да заврши со утврдување на целосна одговорност.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-library1ko73lsc07gb60kG2fg

ВМРО-ДПМНЕ до Заев: Го браниш својот криминал кој се запленува во форма на дрога во родната Струмица

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на јавниот статус на поранешниот премиер Зоран Заев, обвинувајќи дека тој, како што наведуваат, се јавил во одбрана на криминал поврзан со големите заплени на дрога во струмичкиот регион. Од партијата тврдат дека последните денови јавноста сведочи на конфискација на значителни количини дрога која, според нивните наводи, потекнува од фирми и лица блиски до Заев и неговото политичко опкружување.„Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица.Негови први пријатели на кои им даваше тој заедно со Венко Филипче лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели, гледаме деновиве дека тие за тоа не го користеле канабисот туку за нелегална продажба на нелегален продукт - дрога.Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото.Заев е таткото на бизнисот со Канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?Дополнително, за тоа дека градел облакодери во Дубаи има сведоштва од негови познаници и соработници кои јавно тоа го кажуваат. Заев треба јавно да каже врз кој основ и како стигнал до златна виза во Дубаи?Заев е исплашен до толку од одговорност што по се изгледа, почнува да станува клаустрофобичен?Заев се потврди дека ја води СДС, а Венко е парадерот. Одговорност и правда ќе има!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-librarykdobgsm4jilr9zopxjB

Над две третини од запленетата дрога во Струмица поврзани со фирми блиски до СДС и Заев, тврди ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска изнесе сериозни обвинувања во врска со големата заплена на дрога во струмичкиот регион, оценувајќи дека случајот по своите размери и начинот на функционирање потсетува на најмрачните периоди од светската криминална историја. Според партијата, над две третини од вкупно 27 тони запленета марихуана се поврзуваат со фирма блиска до СДС и до поранешниот премиер Зоран Заев.„Струмица како Колумбија, над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма блиска на СДС и Зоран ЗаевСкандалот со запленетата дрога во Струмица, потсетува на најмрачните периоди од светката криминална историја.Над две третини од вкупно 27 тони дрога се поврзуваат со фирма која директно води до кадри и блиски соработници на СДС и кланот Заеви.Станува збор за фирмата „ЦБД Медплант“, формално заведена на името на Христијан Котев, а фактички контролирана од неговиот татко Тони Котев -М’гчев, поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и човек со длабоки бизнис-врски со Вице Заев и Гидан Колев. Според наводите, во период од 30 јуни до ноември 2025 година, оваа фирма има „испорачано“ дури 19 тони марихуана кон скопска фабрика.Лиценцата за одгледување марихуана за медицински цели на овие фирми во 2020 годинија ја дава владата на Зоран Заев и Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче доделила лиценци на 2 фирми, „Еко Енерџи-Космос” од Ново Село и „Лајтинг Лукс” од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев гореспоменатиот.Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери.ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш предупредуваше дека лиценците не се делат по закон туку по семејна и партиска блискост со Заеви.Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа денес е тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.Која е улогата на Зоран и Вице Заев во овој случај?Зошто Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа и се интересирал за овој случај?Колкав процент од овој скандал профитирале кланот Заеви?Она што со години функционирало во Струмица очигледно било нарко картел со политичка заштита од СДС и Заев, по начинот на делување и однесување овој скандал потсетува на најмрачните периоди од светката криминална историја, но секој картел без разлика колку долго е заштитуван, на крај паѓа.ЈО итно да отвори целосна истрага“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-libraryrihvs9fumart7TOhgYL

Српски медиуми тврдат: Даниел Кајмакоски киднапиран во Белград, наводно барани 20.000 евра

Десетина српски портали објавија дека македонскиот пејач Даниел Кајмакоски е киднапиран во Белград, повикувајќи се на српски Курир. Според објавените тврдења, инцидентот се случил во близина на Бетон хала, каде, како што се наведува, Кајмакоски бил присилно внесен во автомобил.Според написите, непознати лица го врзале и го возеле во неговото возило, при што од него наводно барале сума од 20.000 евра. Извор за „Курир“ тврди дека осомничените се странски државјани и дека не е исклучена можноста да станува збор за мигранти.Во истите наводи се посочува дека киднаперите го возеле пејачот кон Рума, каде при обид на сообраќајна полиција да го запре возилото, тие удриле во заштитната ограда, излегле од автомобилот и побегнале. По нив сѐ уште се трага.Засега нема официјална потврда од српските надлежни институции за ваков настан, ниту пак изјава од самиот Кајмакоски или од негови блиски соработници. Информациите што кружат во јавноста се темелат исклучиво на медиумски извори, а случајот предизвикува силен интерес и реакции и во македонската и во српската јавност.„Скопје1“ исконтактира со лицето оставено како контакт за јавност од страна на Кајмакоски, но засега немаме одговор.

Свет | пред 5 дена

5 ден.
saso-klekovski

Клековски: Дебатата за минималната плата се води со погрешни споредби, Македонија не е на дното

Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, вели дека јавната расправа за минималната плата во земјава е оптоварена со погрешни споредби и неточни заклучоци, при што, како што оценува, се „мешаат баби и жаби“. Во контекст на барањата минималната плата да достигне 600 евра нето и тврдењата дека Македонија е на дното во регионот, Клековски посочува дека клучниот проблем лежи во мешањето на нето и бруто платите, како и во игнорирањето на паритетот на куповна моќ.Тој потсетува дека Евростат, како релевантна европска институција, при споредбите користи бруто плати, а не нето, токму за да се избегне влијанието на различните даночни и социјални системи во земјите. Како пример ја наведува Црна Гора, која често се посочува како лидер во регионот со минимална плата од 600 евра, но само во нето износ. Во бруто израз, објаснува Клековски, минималната плата во Црна Гора изнесува околу 670 евра, додека во Македонија 586 евра, што покажува дека земјава не е на дното, како што често се тврди.Разликата, според него, произлегува од структурата на даноците и придонесите. Во Црна Гора, придонесот за здравствено осигурување е нула проценти, пензискиот придонес е 10 проценти, а персоналниот данок за плати до 700 евра е нула, што е значително пониско отколку во Македонија. Од друга страна, таму данокот на додадена вредност е 21 процент, наспроти 18 проценти кај нас. Клековски нагласува дека и Македонија би можела административно да ги зголеми платите преку намалување на придонесите и даноците, но тоа би значело повисок ДДВ и поскапување на животот.Токму затоа, како втор клучен концепт, тој го посочува паритетот на куповна моќ, кој покажува колку реално може да се купи со одредена плата, земајќи ги предвид цените и трошоците за живот. Според овие пресметки, минималната бруто плата во Македонија изразена преку паритет на куповна моќ изнесува околу 1.069 евра, што ја позиционира земјава во средната група држави и далеку од дното. Клековски посочува дека Македонија, според оваа методологија, се искачува од 26. на 20. место меѓу земјите на ЕУ и кандидатите и е пред Црна Гора, Бугарија, Чешка, Латвија и Естонија.Тој предупредува дека минимална нето плата од 600 евра би ја позиционирала Македонија во највисоката група според паритет на куповна моќ, рамо до рамо со економии како Германија и Холандија, што, според него, не одговара на реалното ниво на продуктивност во земјата. Клековски потсетува дека анализите за продуктивноста упатуваат на проблеми како лоша инфраструктура, бирократија, слаби институции и корупција, но истовремено укажува на фактот дека извозно ориентираните и странските компании во Македонија имаат и до четири пати повисока продуктивност од просекот.Заклучокот на Клековски е дека суштинската дебата не треба да се води околу номинални бројки и споредби без контекст, туку околу тоа како да се зголеми продуктивноста на најголемиот дел од домашната економија. Дури тогаш, оценува тој, разговорот за значително повисока минимална плата ќе биде реален и одржлив, без да создаде дополнителни економски шокови.

Коментари | пред 5 дена

5 ден.
zaev-2

Се огласи Заев, се закани со тужба: Не сум поврзан со канабисот, немам облакодери во Дубаи, ниту сум вршел притисок на Жан Митрев

Експремиерот Зоран Заев јавно ги демантира, како што ги оценува, лагите и клеветите што, според него, со години ги пласира ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, партиските портпароли и медиуми блиски до партијата. Тој истакнува дека веќе пет години е целосно надвор од политиката, откако поднел оставка од сите политички и државни функции, но и покрај тоа, неговото име, како што вели, континуирано се злоупотребува во јавноста.„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди. Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање. Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста.Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. А без никаква срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции. Трпам секојдневни навреди веќе пет години. Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста! Доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесам тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“, напиша Заев.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-librarymabr7ksfgr4acNB2T6r

Под возачко седиште кокаин, во презерватив марихуана, ДНК-траги и „снепчет“ комуникација: Обвинителството докажува вина кај Штекли

ДНК траги, скриена дрога и „Снепчет“ комуникација: цилиндрична кутија и кесичка со кокаин најдени под возачко седиште, траги од крв на кесички со дрога, листи од телефонска комуникација меѓу дел од обвинетите и марихуана скриена во презерватив се дел од материјалните докази што денеска се презентираат пред судот во постапката за нарко-групата на Раде Трајковски – Штекли.Пред судот се изведуваат докази поврзани со претрес на патничко моторно возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од еден од обвинетите. Според презентираните материјали, при прегледот под возачкото седиште се пронаоѓа цилиндрична кутија и кесичка со бела прашкаста материја. Јавната обвинителка Верица Бержетска-Крстевска наведува дека од извештајот од вештачењето од 10 јануари 2025 година е утврдено оти пронајдената бела прашкаста материја, во количина од 31 грам, претставува кокаин.Во продолжение на доказната постапка, Обвинителството ги презентира и резултатите од ДНК-анализа на пронајдените предмети. Според обвинителката, на горниот дел од внатрешната површина на една од кесичките со прашкаста материја се утврдени траги од крв, кои преку ДНК-профил се поврзуваат со еден од обвинетите.За истото лице се изведуваат и докази од извршен претрес на дом, при што е одземен мобилен телефон. Судот разгледува и листи од телефонски разговори остварени во август 2024 година, од кои, според Обвинителството, произлегува комуникација меѓу дел од обвинетите, со локации на базни станици во реонот на Керамидница и Дебар Маало.Меѓу доказите е и записник од август 2024 година за извршен преглед на лице во Скопје, кај кое, според наводите, е пронајдена кесичка со растителна материја скриена во презерватив. Вештачењето утврдува дека станува збор за 16,5 грама марихуана. Дополнително, презентиран е и доказ за бела супстанца пронајдена во возило „лексус“, за која вештачењето покажува дека се работи за 4,17 грама кокаин.Според обвинението, групата дејствува во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година и е добро организирана, со јасно поделени улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Обвинителството тврди дека првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли се јавува како организатор и координатор, кој остварува контакти со лица од странство и домашни посредници за набавка на кокаин и дава насоки за проширување на мрежата.Според доказите, дрогата се чува во изнајмени станови, а се продава по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата, како што тврди Обвинителството, се одвива преку апликации за заштитена комуникација, меѓу кои и „Снепчет“, а значаен дел од доказите се обезбедени преку системи за анализа на мобилни телефони.На почетокот на судскиот процес, Раде Трајковски – Штекли изјавува дека не го разбира обвинението, додека останатите обвинети се изјаснуваат дека не се чувствуваат виновни. Неговата одбрана најавува дека ќе докаже оти Трајковски не формирал ниту организирал криминална група и дека не постојат докази дека давал инструкции, оценувајќи дека тврдењата на Обвинителството се засноваат на претпоставки.Обвинението првично опфаќа 16 лица, од кои дел веќе склучуваат спогодби и добиваат затворски казни, додека за четворица обвинети постапката е раздвоена по признавање на вината.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-libraryvaj191t0469hbWksSvL

Нестабилно време со врнежи и пад на температурите

Денеска времето е променливо облачно. Претпладне има повремени локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови врнежите се од снег. Дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој е поизразен долж Повардарието.Во Скопје времето е променливо облачно, со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови. Дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.Утре времето е облачно, со повремени врнежи од дожд кои се поинтензивни во југоисточните делови од земјата, додека на планините врне снег. Поради продор на постуден воздух, врнежите од дожд преминуваат во снег и на дел од повисоките места. Дува слаб до умерен ветер, претежно од југоисточен правец.Во Скопје времето е претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
nciekfkwrml819bwf0tg

Парадоксот на биткоинот: Зошто цената паѓа и кога има побарувачка

Биткоинот има строго ограничена понуда и никогаш нема да надмине 21 милион монети, што со години се истакнува како неговата клучна вредност и основа за споредбата со „дигитално злато“. И покрај тоа што бројот на биткоини е фиксен, пазарот овозможува тргување со изложеност чија вкупна вредност повеќекратно ја надминува реалната количина на постоечките монети.Токму тука се создава парадоксот: биткоинот истовремено е средство со ограничена понуда и пазар на кој изложеноста може да се создава и укинува за неколку секунди. Клучната разлика е помеѓу вистинската купопродажба и тргувањето преку финансиски деривати. Само на спот-пазарот купувањето значи дека биткоинот навистина се префрла од еден сопственик на друг. Сите останати инструменти, како фјучерси и опции, не подразбираат реален пренос на биткоини, туку договори чија вредност зависи од цената, најчесто порамнети во готовина.Особено влијание имаат таканаречените перпетуални фјучерси, кои ја следат спот-цената преку механизам на меѓусебни надоместоци меѓу трговците. Нивната главна карактеристика е користењето на финансиски лост, што овозможува со релативно мал износ капитал да се контролира многу поголема позиција. Така, мал капитал може да создаде огромна пазарна изложеност, што го прави овој сегмент привлечен за активни трговци кои сакаат брзи добивки и можност за обложување и на раст и на пад на цената.Кога најголемиот дел од тргувањето се префрла на овие инструменти, цената почнува да се формира токму таму, а не на спот-пазарот. Краткорочните движења тогаш не се резултат на постепено акумулирање на биткоини, туку на отворање и затворање позиции, како и на присилни ликвидации кога цената ќе се движи спротивно од очекувањата на оние што користат полуга. Ваквите ликвидации често предизвикуваат дополнителен притисок и го забрзуваат падот на цената.Податоците од тргувањето јасно го потврдуваат тоа. На пример, на една од најголемите берзи, обемот на тргување со перпетуални договори во одредени денови бил и седум до осум пати поголем од спот-обемот, додека цената на биткоинот во истиот период значително опаѓала. Овие односи покажуваат дека доминантниот дел од активноста се одвива таму каде што се достапни лост и шорт-позиции, па краткорочните ценовни поместувања се повеќе последица на дериватните пазари отколку на реалната побарувачка за биткоин.Ова објаснува и зошто поддршката што се гледа во книгите на налози може да биде лажна. Налозите за купување и продавање можат да се повлечат или променат во секунда, а ако дериватниот пазар е значително поголем, тој лесно може да ја надвладее видливата побарувачка на спот-пазарот. Книгата на налози ги прикажува намерите, но не и гаранциите.Дополнителен фактор се и американските спот-ЕТФ фондови поврзани со биткоинот, кај кои се забележуваат наизменични силни приливи и одливи на капитал. Сепак, начинот на создавање и повлекување удели кај овие фондови значи дека тие текови не мора да имаат непосредно влијание врз дневното движење на цената, особено во услови кога дериватите доминираат со обемот на тргување.Значајна е и состојбата со резервите на биткоин на берзите. Во набљудуваниот период, тие пораснале за десетици илјади биткоини, што значи дека повеќе монети биле веднаш достапни за тргување. Поголемата достапност често создава дополнителен притисок врз цената.Севкупно, пазарот може да се разбере низ три нивоа: протоколот со фиксен максимум од 21 милион биткоини, количината реално достапна за тргување на берзите и синтетичката изложеност создадена преку деривати. Кога најголемиот дел од активноста се одвива на третото ниво, токму таму се одредува краткорочната цена. Недостатокот останува реален и непроменлив, но сам по себе не е доволен да ги диктира дневните ценовни движења.Затоа, за целосна слика потребно е истовремено да се следат тековите во ЕТФ фондовите, резервите на берзите и доминацијата на дериватните пазари. Кога сите показатели се движат во ист правец, трендот е појасен. Кога се разидуваат, се создава ситуација во која постои очигледна побарувачка, а цената сепак паѓа, бидејќи клучната битка се води на друго, помалку видливо место на пазарот.

Свет | пред 5 дена

5 ден.
makedosnki-vojnik

Случаи на шуга во касарната во Велес: војниците пуштени дома, се отворија прашања за условите и хигиената

Кај најмалку двајца припадници на професионалните војници кои се на обука во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес е дијагностицирана кожната болест шуга, информираа од Канцеларијата за воени односи со јавноста при Генералштабот на Армијата, во координација со Министерството за одбрана. Како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини викендов се пуштени дома, а во понеделник во касарната треба да се вратат сите, освен двајцата кај кои е потврдена дијагнозата.Од Армијата соопштуваат дека во соработка со Воено-медицинскиот центар се преземени сите неопходни мерки за спречување на евентуално ширење на заболувањето, дека е спроведен епидемиолошки надзор и дека се постапува строго согласно препораките на здравствените стручни лица. Во соопштението се наведува дека сместувањето, хигиената и капењето на војниците се организирани и регулирани согласно Правилото за сместување и ред во Армијата, дека просториите биле комплетно дезинфицирани пред приемот на персоналот, како и дека на користење биле дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња.Паралелно со официјалните информации, професионални војници од касарната, кои инсистираат на анонимност, изнесуваат поинаква слика за состојбата. Тие тврдат дека бројот на лица со симптоми и во изолација е поголем од официјално соопштениот и дека дел од нив биле упатени и на болнички прегледи. Според нивните наводи, симптомите – силно чешање и осипи – се појавиле пред десетина дена, но првично не биле сфатени сериозно, сè додека кај некои од војниците не се појавила и покачена температура.Војниците тврдат дека условите за хигиена во касарната биле несоодветни, со недостиг од топла вода и дотраена постелнина, поради што биле принудени сами да се снаоѓаат за основни хигиенски потреби. Тие изразуваат загриженост дека со пуштањето дома постои ризик болеста да се прошири и надвор од касарнските капацитети, особено имајќи предвид дека симптомите на шугата можат да се појават и неколку недели по заразувањето.Од Армијата ги отфрлаат тврдењата дека заразата настанала во касарната и нагласуваат дека веднаш по дијагностицирањето биле активирани сите здравствени протоколи. Оттаму појаснуваат дека станува збор за новопримени војници примени на крајот на декември и дека во изминатиот период биле реализирани бројни активности со ангажман на голем број припадници на Армијата и странски вооружени сили, без да биде евидентирана појава на ваков тип заболување. Како пример се наведуваат големата ситуациска вежба „Seven Stars 2025“ во касарната во Велес, со над 150 домашни и странски учесници, како и вежбата „Immediate Response 25“ на полигонот Криволак, каде во теренски услови биле сместени над 2.200 припадници, без појава на заразни кожни заболувања.Од Министерството за одбрана велат дека постапуваат согласно барањата и проценките на Армијата и дека за конкретниот случај ќе се преземат сите дополнителни мерки според насоките на Воено-медицинскиот центар.Шугата, позната и како скабиес, е заразна кожна болест предизвикана од паразит кој се вовлекува во кожата, а симптомите најчесто се јавуваат од четири до шест недели по контакт со заразено лице. Случајот во велешката касарна повторно го отвори прашањето за условите за престој, хигиената и навременото препознавање на здравствените ризици кај новопримените професионални војници, како и за ефикасноста на превентивните механизми во армиските капацитети.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-libraryak15htu5rbsccjBORE1

Ковачки: Го поседувам највисокиот национален безбедносен сертификат државна тајна, како и највисокиот НАТО сертификат

Новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во македонското Собрание, Драган Ковачки, вечерва гостуваше во Тема на денот на Сител телевизија при што одговори на лиферуваните лаги и манипулации со клевети изнесени во јавноста од страна на опозициската СДС, која тој ја оцени како полу распадната партија и воедно со јавноста сподели и прикажа дека го поседува највисокиот национален безбедносен сертификат – државна тајна, кој патем е издаден во времето на СДС и ДУИ.„Во делот на НАТО сертификатот она што го цело време потенцираат, јас го носам домашниот односно националниот безбедносен сертификат, ова е безбедносен сертификат државна тајна, којшто е издаден во време на СДС и на ДУИ, не е издаден во време на ВМРО-ДПМНЕ. Значи ова е највисокиот степен што постои во државата”, појасни Ковачки.Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачки во продолжението обзнани дека го поседува и највисокиот НАТО сертификат, како и фактот дека е предводник на македонската делегација на седниците на НАТО парламентарното собрание и дека учествува на затворени седници на истото.„Поседувам и највисок НАТО сертификат значи учествувам и на затворени седници на НАТО парламентарното собрание каде што ја предводам македонската делегација. Така да, сите овие лаги и прават штета не само на партијата, туку и прават штета и на Македонија и мислам дека треба да престанат со вакви ад хоминем напади затоа што ако сакаат да бидат државотворна и одговорна партија мора да почнат да се занимаваат малку со креирање на политики коишто одговараат на нивното портфолио“, беше дециден Ковачки.

Македонија | пред 5 дена

5 ден.
media-librarykdtnl4ipddmncXC89I0

САД и Бугарија ги запленуваат домените на ArenaBG, Zamunda и Zelka во координирана акција

По повеќе од две децении опстојување под постојан правен и политички притисок, најпознатите бугарски сајтови за споделување фајлови, периодов се соочуваат со најсериозен удар досега. Во, како што се оценува, координирана меѓународна операција, органите за спроведување на законот од САД и Бугарија ги запленија домените ArenaBG.com, Zamunda.net и Zelka.org, со што овие страници стануваат недостапни за корисниците.Посетителите на трите платформи, наместо содржината затекнуваат банер за заплена, на кој стои дека домените се одземени од страна на Homeland Security Investigations во рамки на меѓународна операција за спроведување на законот, врз основа на судска наредба издадена од Окружниот суд на САД за Јужниот округ на Мисисипи. На банерот се наведени и логата на Министерство за правда на САД, Europol, како и на бугарските институции – ГДБОП, Државна агенција за национална безбедност и Обвинителството на Република Бугарија.Оваа акција не доаѓа како целосно изненадување. Уште пред пет години Бугарија официјално ги информираше американските власти дека има намера да ги затвори најголемите торент-тракери во земјата, меѓу кои ArenaBG, Zamunda и Zelka, и побара помош од САД за тоа да се реализира. Оваа заплена на домените укажува дека тие планови сега се спроведуваат, барем во делот што се однесува на интернет-адресите.Судската наредба од Мисисипи ги обврзува регистраторите на домени да преземат мерки, а американските власти биле клучни поради поврзаноста на домените со САД. ArenaBG.com, Zamunda.net и Zelka.org се пренасочени кон сервери под контрола на американските институции.Zamunda.net беше меѓу најпосетуваните страници во Бугарија со милиони посети месечно. Бугарските власти најавија предистражни постапки за кривични дела поврзани со интелектуална сопственост и даноци, но не е јасно дали акцијата вклучува други мерки. Во минатото побарана е помош од САД за одземање на серверите, но засега се блокирани само домените.Ниту американските, ниту бугарските институции не објавија детали, а платформите можат да продолжат преку алтернативни адреси. Оваа акција се смета за најсериозна досега против бугарските торент-страници.

Свет | пред 5 дена

5 ден.
media-libraryn1m9e81qf70jfkAb9QI

Непознатото име што ги менува односите меѓу САД и Европа

Иако ретко се појавува во јавноста и речиси е непознат надвор од тесните политички кругови во Вашингтон, Енди Бејкер станува една од клучните фигури во креирањето на надворешната политика на Републиканската партија. Како заменик-советник за национална безбедност во Советот за национална безбедност на САД, тој има сè поголемо влијание врз одлуките на Белата куќа, особено преку блиската соработка со потпретседателот Џеј Ди Венс. Според „Политико“, токму Бејкер стои зад дел од најконтроверзните ставови на актуелната администрација, вклучително и сè поостриот однос кон европските сојузници.Пошироката јавност за првпат слушна за Бејкер случајно, кога во март потпретседателот Венс го посочи како свој главен човек во интерна комуникација поврзана со американските напади врз Хутите во Јемен, која протече во јавноста. Но, зад сцената, Бејкер веќе подолго време има централна улога во обликувањето на надворешнополитичката визија на Венс, кој сè почесто се споменува како можен републикански кандидат за претседателските избори во 2028 година.Извори од администрацијата и европски дипломатски кругови тврдат дека Бејкер помогнал во подготовката на остриот говор што Венс го одржа на Минхенската безбедносна конференција во февруари 2025 година. Во тој говор, европските лидери беа жестоко критикувани поради, како што беше наведено, неуспехот да ги заштитат слободата на говорот и сопствените граници, а миграцијата беше посочена како клучен проблем. Според Венс, отстапувањето на Европа од „основните западни вредности“ претставува главна закана за трансатлантскиот сојуз.Истата логика е вградена и во новата Стратегија за национална безбедност на САД, за која извори тврдат дека Бејкер одиграл значајна улога во нејзината изработка. Во документот се критикува ширењето на НАТО и се доведува во прашање концептот на алијанса што постојано се проширува, а се поздравува подемот на таканаречените патриотски и националистички партии во Европа. Овој пристап, според аналитичарите, претставува директен предизвик за деценискиот американски надворешнополитички естаблишмент.Бејкер до центарот на моќта стигнува по нетипичен пат. Израснат во работничко семејство во областа Норт Беј во Калифорнија, тој студира историја на Универзитетот Беркли, а потоа меѓународни односи на Оксфорд. Долги години работи како универзитетски предавач, а во 2010 година се вработува во Стејт департментот, каде останува 13 години. Службата во Авганистан и во седиштето на НАТО во Брисел, според неговите соработници, длабоко го зацврстиле неговиот скептицизам кон американските воени интервенции и традиционалните сојузи.По напуштањето на Стејт департментот во 2023 година, Бејкер се поврзува со тогашниот сенатор од Охајо, Џеј Ди Венс, и станува негов советник за национална безбедност. Во таа улога, тој има значително влијание врз противењето на Венс кон американската воена помош за Украина. По победата на Доналд Трамп на изборите во 2024 година, визијата на Бејкер и Венс добива можност да се спроведе во практика, особено преку настојувањето за брзо преговарачко решение на војната во Украина.Иако неговите соработници тврдат дека Бејкер не е антиукраински настроен, туку се води од идејата дека САД не треба да се врзуваат за глобални обврски кои не ги сметаат за витални, дел од европските партнери изразуваат загриженост. Тие сметаат дека неговиот поглед кон Русија е поразличен од доминантниот во Европа и дека постои ризик од потценување на заканите.Во пролетта минатата година, Бејкер е именуван за заменик-советник за национална безбедност, со што неговото влијание дополнително расте. Тој учествува во клучни безбедносни одлуки, вклучително и во процесите поврзани со Иран и со операциите против Хутите. И покрај тоа, луѓето што го познаваат го опишуваат како внимателен стратег, повеќе академик отколку класичен политички оперативец.Сè поголемиот подем на Енди Бејкер го симболизира јакнењето на новата, реалистичка струја во рамките на Републиканската партија, која отворено ги преиспитува старите сојузи и интервенционистичкиот пристап на САД. За аналитичарите, неговото име е клучно за разбирање на тоа во кој правец би можела да се движи американската надворешна политика во годините што следат, особено ако Џеј Ди Венс стане водечка фигура на републиканците по 2028 година.

Свет | пред 5 дена

5 ден.
media-libraryesms3nf31g9j1nLGof4

Илјадници се собраа кај Бранденбуршката порта во поддршка на народот на Иран

Илјадници луѓе денеска демонстрираа во Берлин во знак на поддршка на иранското национално востание, на денот кога се одбележува годишнината од револуцијата во Иран од 1979 година, со која беше соборена монархијата. Собирот следува по националните протести во Иран што започнаа во декември поради економски тешкотии, а брзо добија политичка димензија и беа задушени во најжестокиот судир со безбедносните сили од Исламската револуција наваму.Според берлинската полиција, околу 8.000 луѓе се собрале кај Бранденбуршката порта, додека организаторите пријавиле учество на 20.000 лица. Шахин Гобади, член на Комитетот за надворешни работи на Националниот совет на отпорот на Иран, изјави дека на протестот имало околу 100.000 учесници и дека илјадници не успеале да допатуваат поради откажани летови предизвикани од временските услови.На собирот се обрати новоизбраната претседателка на Националниот совет на отпорот на Иран, а поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео се приклучи онлајн откако неговиот лет беше откажан. Настанот, според организаторите, го поддржале 344 организации и политички личности, меѓу кои парламентарни групи за пријателство со Иран, синдикати и претставници на граѓанското општество од повеќе европски земји, како и 312 ирански здруженија во Европа.„Пораката на иранскиот народ и неговиот Отпор беше и останува иста: без отстапки, без војна или странска интервенција, промена на режимот и суверенитет на република на народот, од народот и со неговиот организиран отпор“, изјави Маријам Раџави на собирот во Берлин.

Свет | пред 5 дена

5 ден.
IMG_4867

Без возачка – без возило: за пет дена одземени 21 автомобил низ државата

Во периодот од 1 до 5 февруари 2026 година, на територијата на целата држава, по насоки на јавен обвинител, одземени се вкупно 21 возило, информира Министерство за внатрешни работи во одговор за „Скопје1“.Од МВР појаснуваат дека возилата биле управувани од лица кои немале положено возачки испит, односно управувале без возачка дозвола, што претставува тешко прекршување на сообраќајните прописи.Одземањето на возилата се врши согласно измените на Законот за прекршоци, со кои е предвидена построга санкција за безобѕирно управување со моторно возило, а мерката се применува како превенција и заштита на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.Од полицијата најавуваат дека контролите продолжуваат и во наредниот период, а секое управување возило без возачка дозвола ќе биде санкционирано согласно важечките законски решенија.

Македонија | пред 5 дена

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања