3 нед.
media-libraryrhb9sbv0ki648OKTANs

(Видео) Филипче ги избрка од СДСМ тие кои „седат на две столчиња“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека партијата влегува во фаза на целосна внатрешна консолидација и дека повеќе нема да толерира членови кои, како што рече, „седат на две столчиња“ и истовремено работат за други политички опции.Филипче јасно стави до знаење дека СДСМ ќе биде отворена за сите кои искрено сакаат да се борат заедно со партијата, но дека нема место за оние кои ја поткопуваат одвнатре. Тој упати директна порака до, како што ги нарече, „тројанските коњи“, потенцирајќи дека таквото однесување повеќе нема да биде дозволено.„Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е – вистински, искрено, братски. Но кој планира да нѐ поткопува одвнатре, да биде тројански коњ на ВМРО или на други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот и смрт на демократијата или не сме ништо. Јас бирам да бидеме сѐ“, изјави Филипче.Тој нагласи дека партијата нема да функционира од „удобни фотељи“ и преку објави на социјалните мрежи, туку дека СДСМ се враќа на терен, меѓу граѓаните. Според него, активностите на партијата ќе бидат насочени кон директен контакт со луѓето, но не со цел да се моли за поддршка, туку да се разбуди јавната свест и политичката енергија во државата.„Нема пишување статуси од удобни фотељи. СДСМ е на терен, ќе чукаме на секоја врата, но не за да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија“, порача лидерот на СДСМ.Со овие пораки, Филипче испраќа сигнал дека во периодот што следува СДСМ ќе инсистира на лојалност, јасна политичка определба и активна вклученост на членството, во обид да се зацврсти партијата пред идните политички предизвици.Ова доаѓа откако челници на партијата помеѓу кои се Петре Шилегов и Јован Деспотовски, јавно го критикуваа Филипче.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryirfgn5tvc780dhbgEFi

Хаос, безредие на паркинг, мраз на угорници, за`рѓани корпи на жичара - „слатко-горко чувство“ од Маврово

Актерот Гораст Цветковски преку емотивен и критички осврт од Маврово ја опиша реалноста на еден од најпотенцијалните, но и најзапоставени туристички простори во државата – со мешавина од воодушевување и горчина.Во објава од бачилото „Трифкова колиба“, Цветковски пишува дека ретко кога почувствувал толку силно „слатко-горко чувство“. Од една страна, ја опишува природната убавина како речиси совршена.„Во моментов сум во Маврово... во бачилото Трифкова Колиба и не се сеќавам кога последне пат ме облеало вакво слатко-горко чувство.Седиш и кислород ти ги полни градите. До недоглед белина. Чисти врвови, снег до крајот на светот. Простор за уште 10 стази. Куп насмеани луѓе. Скијачи, бордери, пешаци. По некое залутано бате што го излажале дека ќе му биде забавно дур другите скијаат. Убаво бачило (иако јас сум врзан за претходното). Разумни цени, ок услуга и персонал.Да му го сликам ова на некој странец и да тагнам Мадона ди Кампиљо ќе ми позавиди. Мерак на душата, ќеив на...Од друга страна, хаос и безредие на паркинг, излупени огради и рамли, ракохвати што се клатат, неисчистени скалила, мраз скоро на секоја угорница. Излупени столбови, за`рѓани корпи на жичара, излитени седалки. По 3ца луѓе (грешници) задолжени да те прифатат кога се качуваш и симнуваш за да не скршиш глаа. По еден или двајца (грешници) на секој ски лифт за да ти помогнат со котвата. Пристап до бачило замрзнат. Скали... има, ама под снегот.Внатре ладно. Камен! Еден камин работи, другиот...да е жив и здрав,... Мраз! Масите неизбришани од претходниот ден. Висат мрежни и антенски кабли, темни флеки од влага и мувла на неколку ќошеви и ѕидови. Фората со стакла дека има наша, домашна волна за изолација во ѕидовите е супер... освен што се извадени стаклата па волната е разлетана навака натака.Во тоалет нема хартија, едната чешма нон стоп тече. Мраз ладно! Рока музика... не можеш мисли да си чуеш...Не ми беше мука да го искуцам ова, ама ми е мука што немам 1.000.000.697 пари за да го купам и опраам ова.пс: Да не заборава, да пишам, у бачило е КАМЕН ладно... луѓе искачаат надвор да се згреат!“, напиша Цветковски.

Коментари | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryhcohvp1o16mfdhJ1HHi

Колку чини секој прекршок: Казните што ги носи „Сејф сити“

Со стапувањето во сила на системот „Сејф сити“, камерите автоматски ќе санкционираат четири конкретни сообраќајни прекршоци, за кои се утврдени јасни и фиксни казни, согласно Законот за прекршоци и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.1. Пречекорување на дозволената брзинаЗа пречекорување на брзината, казните зависат од тоа за колку километри на час е надмината дозволената граница:– до 20 km/h над дозволеното: 20 евра во денарска противвредност– од 20 до 30 km/h: 45 евра– од 30 до 50 km/h: 300 евра, и забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци– над 50 km/h: 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месециВо населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.2. Минување на црвено светлоЗа минување на црвено светло, системот автоматски изрекува:– 250 евра парична казна– забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месециДоколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, следува и кривична одговорност.3. Истечена важност на сообраќајна дозвола/регистрацијаЗа управување со возило со истечена сообраќајна дозвола:– 100 евра казна за возачот– 250 евра казна за сопственикот на возилото, доколку е друго лицеОвој прекршок се регистрира автоматски преку поврзување на системот со регистрите на МВР.4. Непрописно запирање и паркирањеЗа непрописно паркирање или запирање на забрането место:– 30 евра казна за стандардни прекршоци– 45 евра казна доколку возилото го попречува сообраќајот– 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченостВо случаи каде што возилото претставува ризик, следува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.„Попуст“ за навремено плаќањеДоколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа 50 проценти од износот. По истекот на рокот, казната се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.Автоматска забрана и одземање дозволаВозач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано по една година.Со почетокот на примената на системот „Сејф сити“ од 1 февруари 2026 година, во Македонија стапува на сила нов, значително построг начин на санкционирање на сообраќајните прекршоци. Наместо класични полициски контроли, казните ќе се изрекуваат автоматски, врз основа на видео и електронски докази собрани преку камерите и сензорите на системот „Безбеден град“.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryvifc7ppnmr4a1WXgby2

(Видео) Филипче на конгресот: Ние сме лекот, ние сме гласот што грми - државотворноста ни тече низ вените

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата упати остар и симболичен говор, во кој СДСМ ја позиционираше како државотворна и заштитничка сила во македонското општество, спротивставена на, како што рече, обидите за поделба, пљачка и изолација на државата.„Ние сме директни наследници на тие кои во 1944 година имаа храброст да кажат дека тука ќе има држава. Таа државотворност тече низ вените на секој еден од нас. Црвената боја на знамињата не е декор, туку потсетник да ја чуваме републиката тогаш кога другите сакаат да ја поделат, пљачкаат и изолираат“, изјави Филипче.Во говор исполнет со силна реторика, тој ја опиша СДСМ како клучен коректив и заштитен механизам во општеството.„СДСМ е имунолошкиот одбранбен систем. Ние сме лекот, ние сме гласот што грми“, порача претседателот на партијата, нагласувајќи дека улогата на СДСМ не е само политичка, туку и историска и општествена.Филипче направи и историска паралела, истакнувајќи дека во најтешките моменти за државата, СДСМ била таа што го осветлувала патот.„Кога ѝ се спуштал мрак на државата, СДСМ била факелот кој го покажувал патот“, рече тој.Во завршниот дел од обраќањето, лидерот на СДСМ упати жестока критика кон актуелната власт, оценувајќи дека состојбите во државата претставуваат „брутално отрезнување“ за граѓаните.„Ова е собир за спас на македонското достоинство. Погледнете што се случува надвор. Што ни донесоа овие на власт – тоа е брутално отрезнување. Ни ветија гордост, а нѐ донесоа до питачки спас“, изјави Филипче, завршувајќи со порака дека СДСМ останува подготвена за, како што рече, борба за државата и за граѓаните.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryvff3i938h6ug2RcxqXn

Изборниот законик во застој – Филков чека номинации од Собранието

Министерот за правда Игор Филков одговарајќи на новинарско прашање за Изборниот законик рече дека до Министерството за правда сеуште не се пристигнати номинации за формирање на работна група .,, Испратени се 2 дописи до Собранието. Едниот е на 31 декември 2025 година а другиот на 20 јануари. Oчекуваме Собранието да одговори на нашиот допис со  кој бараме да се номинираат по двајца претставници на парламентарните партии и независните  пратеници по што ќе формираме работна група која ќе пристапи кон подготовка на Изборниот законик”,потенцира министерот Филков.Изборниот законик, нагласи Филков е законско решение кое од моментот на неговото донесување заклучно со овие избори има претрпено околу 40-на измени кои заради нивниот парцијален пристап создаваат неконзистентност на целиот закон.За негово носење потребен е политички консензус од сите партии.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
trendafilov-5151

Протест за плата на 28 јануари: „И еден работник да излезе, ќе бидеме со него“

Сојузот на синдикатите на Македонија, Сојуз на синдикатите на Македонија, најави протест за зголемување на платите, кој ќе се одржи на 28 јануари со почеток во 17 часот, пред просториите на ССМ.Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатот ќе застане зад секој работник кој ќе одлучи да го искаже своето незадоволство.„И еден работник да излезе на улица, ССМ ќе биде со него и ќе бара зголемување на неговата плата“, истакна Трендафилов, нагласувајќи дека борбата за достоинствени примања не смее да се одложува ниту да се префрла на друг.Од ССМ упатија јавен повик до сите вработени да се приклучат на протестот, порачувајќи дека платите се заеднички проблем и дека само со заеднички притисок може да се издејствуваат конкретни решенија.„Протестираме за плата. Придружи ни се, не чекај друг да се бори за твојата плата“, порачуваат од ССМ, најавувајќи дека протестот е порака до институциите дека трпението на работниците е при крај и дека е време за реални и видливи подобрувања на животниот стандард.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryieg4pv38en095ogzW0w

„Животите ги ризикувавме за Плачковица“ – апел на заменик-директорот на „Национални шуми“

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Национални шуми, Кире Михаилов, со јавно обраќање до граѓаните на Радовиш реагираше на, како што вели, недостигот од поддршка по преземените институционални мерки против бесправната сеча и пустошењето на планината Плачковица.Михаилов потсети дека во изминатиот период јавноста била силно вознемирена од уништувањето на шумите, од опасното движење на лица со неисправни возила без регистарски таблички, како и од кражбите по викендиците на Плачковица. Според него, токму тие појави биле причина за силен притисок врз институциите да реагираат, па дури и за најави за протести пред Општина Радовиш.„Ако сето тоа навистина ви пречеше, зошто сега не застанете во одбрана на она што го сработивме? Зошто молчите додека по социјалните мрежи се бранат ‘сиромашните дрвари’, а се премолчува огромната штета што ја прават на целата планина и на Радовиш“, прашува Михаилов.Тој упати апел до граѓаните јавно да им објаснат на оние кои, како што наведува, ниту ја познаваат Плачковица, ниту ја разбираат штетата од бесправната сеча, што всушност се случува на терен. Воедно, тој изрази разочараност што по акцијата спроведена од надлежните институции не следела очекуваната поддршка од истите тие граѓани кои претходно барале итни мерки.Михаилов нагласи дека во акцијата биле ризикувани човечки животи, справувајќи се, како што рече, со организирани групи кои со години правеле сериозни штети врз шумскиот фонд. Според него, тие активности не биле преземени за личен интерес, туку за заштита на граѓаните, нивните деца и природното богатство на регионот.„Ако ова не ви значи и ако не го браните она што го правиме, тогаш се поставува прашањето зошто било кој да се ангажира со проблемите во ‘вашиот’ двор“, порача Михаилов, повикувајќи ги радовишани, планинарите, еколошките активисти и медиумите јавно да се изјаснат.Во обраќањето, тој посочи и на улогата на медиумите, апелирајќи овојпат да се пренесе целосната слика и сите реакции од јавноста, а не селективни коментари кои, според него, создаваат искривена перцепција за преземените институционални чекори.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
putin-vojna

Украина обвинува: Русија изврши масовен ракетен напад додека траеја мировните разговори во Абу Даби

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха остро го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека „цинично“ наредил масовен ракетен и дронски напад врз Украина токму во моментот кога во Абу Даби се одржувале мировни разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД, со посредство на Вашингтон.„Овој варварски напад уште еднаш покажува дека местото на Путин не е во мировен процес, туку на обвинителна клупа пред специјален суд“, напиша Сибиха на социјалната мрежа Икс.Русија во раните утрински часови во саботата изврши повеќекратни воздушни напади врз двата најголеми украински града – Киев и Харкив. Во нападите загина едно лице, а најмалку 23 лица се повредени.Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала вкупно 375 беспилотни летала и 21 ракета. Мета повторно била енергетската инфраструктура, при што во големи делови од главниот град беа прекинати снабдувањето со електрична енергија и греењето.Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека е прерано да се извлекуваат заклучоци по првиот ден од разговорите во Абу Даби и ја повика Русија конкретно да покаже дека е подготвена за завршување на војната. Се очекува разговорите да продолжат и во сабота, што е предвидено да биде нивниот последен ден.Во пресрет на средбите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повтори дека Русија не отстапува од барањето Украина да го предаде целиот источен регион Донбас, кој ги опфаќа областите Доњецк и Луганск. Токму ова прашање се смета за главната пречка за каков било договор.Барањето на Путин Украина да се повлече и од деловите на Доњецк што сè уште се под контрола на Киев – околу 20 проценти од регионот, или приближно 5.000 квадратни километри – Зеленски категорично го отфрла. Украинскиот претседател нагласува дека нема да отстапи територии кои Русија не успеала да ги освои во речиси четиригодишната војна.Анкетите во Украина покажуваат минимална поддршка меѓу граѓаните за какви било територијални отстапки. Иако Москва тврди дека сака дипломатско решение, паралелно продолжува да ги остварува своите цели со воени средства.Според украинските власти, пред последниот напад Киев веќе бил погоден од два масовни ноќни напади од почетокот на годината, кои оставиле стотици станбени згради без струја и греење. Заменик-премиерот на Украина изјави дека по најновиот напад, во услови на температури од околу минус 10 степени Целзиусови, дури 800.000 жители на Киев останале без електрична енергија.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
skopje-zagaden-vozduh-magla-1

Скопје не е под магла, туку во гасна комора – секој здив е ризик, тивко труење, вели Богојеси

Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, со остра и алармантна порака реагираше на состојбата со аерозагадувањето во Скопје, оценувајќи дека главниот град се претворил во „гасна комора“ во која секојдневно се загрозува здравјето и животот на граѓаните.„Ова не е магла, ниту временска појава. Ова е смртоносно аеро-загадување. Го дишеме она што во нормални држави би било причина за воведување вонредна состојба. Секој здив е ризик, секој ден – тивко труење“, порача Богојески.Тој предупреди дека најпогодени се децата, старите лица и хронично болните, но дека никој не е поштеден од последиците. Според него, релативизирањето на проблемот од страна на институциите и дел од стручната јавност директно придонесува за влошување на состојбата.„Доволно беше ПР соопштенија. Скопје се гуши, тука се умира. Додека ‘експертите’ релативизираат, луѓето ги губат животите. Ова не е политика, ова е право на живот“, истакна Богојески.Тој оцени дека загадувањето има директна врска со растот на тешките заболувања, посочувајќи дека, како што рече, „нема семејство без заболен од канцер, ниту човек кој не страда“. Во таа насока, Богојески критикуваше што државата троши огромни средства за лекување, наместо да спречи труење на населението.„Градот не е индустриска зона. Ние не сме лабораториски глувци. Не прифаќаме да живееме и да умираме во гасна комора“, порача претседателот на „Македонски концепт“.На крајот, тој побара итни и конкретни мерки, јасна одговорност и приоритетно ставање на здравјето на граѓаните пред профитот и партиските интереси, нагласувајќи дека „секое молчење е соучесништво“.

Коментари | пред 3 седмици

3 нед.
media-library8llklbb1mcn49hdl1Nu

„Ќе ми недостига мојата омилена шалтерка со полициско-царински хибрид со став!“

Коментарот на Ина Многуфина за дигитализацијата на јавните услуги предизвика внимание поради ироничниот и препознатлив опис на секојдневието на шалтерите, кое, според неа, полека исчезнува со воведувањето електронски документи и е-фактури.„Ова сега со вадење документи електронски и со е-фактура ќе ми се одрази на мојата дружба со шалтерките и ќе ми фали таа енергија на полуцариник, полуџандар тип на понашање“, напиша Многуфина, алудирајќи на, како што вели, специфичната шалтерска култура која со години е дел од секојдневието на граѓаните.Во објавата, таа со хумор опишува вработена во пошта која, според нејзините зборови, „со сите се понаша ко да сме дошле да го опљачкаме трезорот на Народна банка“, при што секој погрешно свртен плик или неправилно подредено картонче се доживува како сериозен прекршок. Посебно, како што наведува, на удар се граѓаните кои ќе згрешат уплатница или не ја знаат шифрата за општина, додека другите шалтери не работат, а разговорите меѓу колешките течат како да ништо не се случува.Со иронија, Многуфина забележува дека дигитализацијата ќе ѝ ја одземе таа „кратка забава“ – моментот кога намерно го подава писмото наопаку и чека реакција од шалтерот, сцена која, според неа, е дел од еден поширок менталитет и културен модел што полека заминува во историјата.Коментарот, иако сатиричен, отвора и поширока слика за односот меѓу граѓаните и администрацијата и за тоа како дигитализацијата, покрај практичните придобивки, ја менува и секојдневната динамика на јавните услуги.

Коментари | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarysadjjm8l382vcOgHxHp

Државата со забраната за пушење во јавност ќе им помага на пушачите да се откажат од цигарите, вели министерот за здравство

Примарната цел на новиот предлог-закон за заштита од пушењето е превенција на штетните последици по здравјето, а не казнување на граѓаните, порачува министерот за здравство Азир Алиу.Според Алиу, законското решение е насочено кон подигнување на јавната свест и создавање системска поддршка за лицата кои сакаат да се откажат од пушењето, без нивно стигматизирање.„Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува мерки за подигнување на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста. Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се откажат од пушењето, без притоа да бидат стигматизирани“, истакнува Алиу.Во рамки на законот се предвидуваат обврски за спроведување превентивни програми за откажување од пушењето, советувалишта, едукативни активности и континуирана поддршка за граѓаните во процесот на справување со никотинската зависност.Министерот нагласува дека зависноста од никотин не е прашање на навика, туку сериозен медицински и јавноздравствен проблем, кој бара системски и одговорен пристап.„Докажано е дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето. Затоа, примарната цел на овој закон не е да казнува, туку да ги превенира штетните последици од пушењето“, додава Алиу.Истовремено, со законските одредби јасно се дефинираат надлежностите на инспекциските служби, санкциите за непочитување на прописите, како и улогата на локалните самоуправи во спроведувањето и надзорот над примената на законот.Од Министерството за здравство порачуваат дека ваквиот пристап има за цел долгорочно подобрување на јавното здравје, намалување на болестите поврзани со пушењето и создавање средина која ги охрабрува граѓаните да донесуваат поздрави животни одлуки.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
mirjana-najcevska

Криминалците владеат со Македонија затоа што најголемите криминалци се во правосудниот систем и во заштитните тела, вели Најчевска

Коментирајќи го текстот „Невладините ја губат битката за хотелот на Мијалкови: Што одлучиле надлежните по пријавите за беззаконие и корупција?“, професорката Мирјана Најчевска упати остра и директна критика кон институциите и правосудниот систем во државата.„Криминалците владеат со Македонија затоа што најголемите криминалци се во правосудниот систем и во заштитните тела. Се додека не се обезбеди во овие структури да влезат луѓе со два грама мозок и барем еден грам морал, немаме шанси да се избориме со мафијата“, напиша Најчевска.Нејзината реакција доаѓа во контекст на одлуките на надлежните институции поврзани со пријавите за наводно беззаконие и корупција околу хотелскиот објект поврзан со семејството Мијалкови, случај кој подолго време е предмет на интерес на граѓански организации и на јавноста.Со ваквата порака, Најчевска повторно укажува на, како што оценува, системскиот проблем на заробени институции и отсуство на морална и професионална одговорност во телата кои треба да ја спроведуваат правдата, оценувајќи дека без темелна промена во тие структури, борбата против организираниот криминал останува невозможна.

Коментари | пред 3 седмици

3 нед.
policiski-cas-policaec-skopje-7

Уапсени се шест возачи: Бугарин возел над 200 км/ч, прилепчанец со 1,73 промили алкохол

Шест возачи се лишени од слобода и исклучени од сообраќај во одделни полициски акции спроведени во изминатите два дена на повеќе локации низ државата, информира Министерството за внатрешни работи. Петмина од нив биле затекнати под дејство на алкохол, додека еден возач управувал возило со брзина далеку над дозволената.На 23 јануари 2026 година во 10:46 часот, на автопатот А1 во близина на селото Милетково, гевгелиско, полициски службеници од ОВР Гевгелија го лишиле од слобода А.К. (52) од Република Бугарија. Со радарска контрола било утврдено дека управувал патничко возило „ауди“ со брзина од 205 километри на час, на делница каде што дозволената максимална брзина изнесува 120 километри на час. За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а против возачот е поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.Во текот на ноќта на 24 јануари, полицијата регистрирала уште пет случаи на возење под дејство на алкохол. Во Куманово, во 00:48 часот, бил лишен од слобода Д.М. (33), кој управувал мопед и кај кого било утврдено присуство на 1,65 промили алкохол во крвта. Во Велес, во 01:30 часот, полицијата го привела Ѕ.Р. (44) од Свети Николе, кој управувал патничко возило со 1,72 промили алкохол.Во Македонска Каменица, на магистралниот пат А-3, во 01:46 часот, бил приведен Н.В. (23) од селото Дулица, кај кого алкотестот покажал 1,65 промили алкохол. Во Гевгелија, во 03:14 часот, полициските службеници го лишиле од слобода И.М. (51) од селото Миравци, кој управувал возило со 1,52 промили алкохол во крвта.Последниот случај е евидентиран во Прилеп, во 01:50 часот, на крстосница меѓу улиците „Леце Котески“ и „Трајко Николоски“, каде што бил приведен Х.Р. (38) од Прилеп, кај кого било утврдено присуство на 1,73 промили алкохол.По целосно документирање на сите настани, против шесте лица ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик за безобѕирно управување со моторно возило.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarydndrt9on4snacpK42Iq

Зошто американските технолошки компании сѐ почесто се потпираат на кинеска вештачка интелигенција?

Стотици милиони корисници секој месец го посетуваат Пинтерест во потрага по нови стилови, идеи и трендови, од креативни решенија за домот до инспирации за мода и гастрономија. Малкумина, сепак, знаат дека технологијата што стои зад препораките на оваа платформа сѐ помалку е исклучиво американска.Компанијата Пинтерест експериментира со кинески модели на вештачка интелигенција со цел да го унапреди својот систем за препораки и да го трансформира во асистент за купување управуван од АИ. Извршниот директор на компанијата, Бил Реди, изјави дека на тој начин Пинтерест станал поефикасен и попрецизен, нагласувајќи дека вистинскиот пресврт настанал со појавата на кинескиот модел DeepSeek R-1, кој беше објавен како отворен код во јануари 2025 година.Откако моделот стана слободно достапен, следеше бран на други решенија со отворен код од кинески лаборатории, меѓу кои моделите Qwen на „Алибаба“, Kimi на „Муншот“, како и технологии што ги развива сопственикот на „ТикТок“, „БајтДенс“. Иако Пинтерест можел да се потпре на бројни американски лаборатории за вештачка интелигенција, компанијата проценила дека кинеските модели нудат подобар сооднос меѓу квалитетот, брзината и цената.Главниот технолошки директор на Пинтерест, Мет Мадригал, објасни дека предноста на моделите со отворен код е во можноста компаниите слободно да ги преземаат, модифицираат и прилагодуваат на сопствените потреби, за разлика од комерцијалните модели на американските компании како „ОпенАИ“. Според него, техниките што ги користи Пинтерест за обука на сопствени интерни модели се за околу 30 проценти попрецизни од водечките готови решенија, а во исто време и значително поевтини, во некои случаи дури и до 90 проценти.Пинтерест не е единствената американска компанија што се потпира на кинеска вештачка интелигенција. Сѐ повеќе компании од листата „Форчн 500“ ги користат овие технологии. Извршниот директор на „Ербиенби“, Брајан Чески, минатата година изјави дека неговата компанија во голема мера се потпирала на моделот Qwen на „Алибаба“ за развој на својот АИ агент за корисничка поддршка, наведувајќи дека моделот е квалитетен, брз и економичен.Дополнителни показатели за растечката популарност на кинеските АИ модели се видливи и на платформата „Хагинг Фејс“, каде што се објавуваат и преземаат модели за вештачка интелигенција. Според Џеф Будје, кој работи на развој на производи на платформата, токму цената е клучниот фактор поради кој стартапите сѐ почесто се одлучуваат за кинески решенија. Тој наведува дека во одредени периоди дури четири од петте најпопуларни модели за обука доаѓаат од кинески лаборатории, а во септември моделот Qwen го надминал и „Ллама“ на „Мета“ како најпреземан јазичен модел.Со влегувањето во 2025 година, станува сѐ појасно дека кинеските компании сериозно му се приближуваат, па дури и му се закануваат на американското водство во областа на вештачката интелигенција, и покрај милијардите долари што американските технолошки гиганти ги вложуваат во развој. Извештај на Универзитетот „Стенфорд“ објавен минатиот месец укажува дека кинеските АИ модели по способности и број на корисници веќе ги стигнале, а во одредени сегменти и ги надминале глобалните конкуренти.Во интервју за Би-Би-Си, поранешниот заменик-премиер на Обединетото Кралство, Ник Клег, оцени дека американските компании се премногу фокусирани на развој на хипотетичка „суперинтелигенција“ која би можела да го надмине човекот, додека Кина ја користи таа празнина за доминација во практични и достапни модели со отворен код. Според него, иронијата е што во ривалството меѓу најголемата демократија и најголемата автократија, токму Кина прави повеќе за демократизација на технологијата.Извештајот на „Стенфорд“ дополнително посочува дека кинескиот успех делумно се должи и на силната државна поддршка, додека американските компании, како „ОпенАИ“, се под притисок брзо да остварат приходи и профитабилност. Извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, неодамна изјави дека компанијата агресивно инвестира во компјутерска инфраструктура и обука на нови модели, нагласувајќи дека приходите ќе растат брзо, но и трошоците за развој ќе останат огромни.

Магазин | пред 3 седмици

3 нед.
media-library8lr9pkl5nglg2N9k8ki

Драмата во МОБ продолжува: Синдикатот на културата пробува да допре до Љутков за итно да реагира

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) излезе со официјален став по вчерашните јавни изјави и случувања во Националната опера и балет, поврзани со дисциплинската постапка против обоистката Татијана Петрушевска и реакциите на директорот на институцијата, Оливер Арсовски.Од СКРМ информираат дека внимателно ги следеле сите настани, вклучително и прес-конференциите на двете страни и јавните реакции на уметниците од оркестарот, при што нагласуваат дека биле директно споменати во јавноста и поради тоа чувствуваат институционална и морална обврска да ја појаснат својата улога и постапување.Синдикатот појаснува дека правната помош не била понудена самостојно или без повод, туку била побарана директно од Петрушевска, по што правниот тим на СКРМ утврдил сериозни и груби прекршувања на постапката, со елементи на непочитување на Законот за работни односи, Законот за култура и релевантните колективни договори. Документите што СКРМ ги објави, како што се наведува, се дел од активна постапка започната со моментот на суспензијата и забраната за пристап до институцијата.Во соопштението се укажува и на постапувањето на синдикалната организација при Оркестарот на МОБ, која, според СКРМ, требало најпрво да се обрати до централниот синдикат, а потоа јавно да реагира. Наместо тоа, реакцијата била објавена преку официјалната страница на институцијата, со содржина која, според СКРМ, создава впечаток дека ставот на синдикатот бил избрзан и донесен без консултација.СКРМ потенцира дека ниту една нивна јавна позиција не е индивидуален став, туку се носи со согласност на Советот на СКРМ, во кој членуваат претседателите на сите синдикални организации, вклучително и претставници на Оркестарот при МОБ. Очекувањата дека синдикатот треба да врши поединечни консултации со секој член пред јавна објава ги оценуваат како неосновани.Синдикатот нагласува дека не навлегува во причините за покренување на дисциплинската постапка, туку инсистира дека секоја постапка мора да се води строго согласно законите и колективните договори. Според СКРМ, јавните изјави на директорот се контрадикторни, бидејќи не е јасно како едно лице може да биде суспендирано, со забрана за влез и со намалување на платата за 50 проценти, а истовремено да се тврди дека не станува збор за казна.Во соопштението се потенцира дека суспензијата е исклучителна и привремена мерка која мора да биде правно и фактички оправдана и пропорционална, а секое отстапување од овие принципи го доведува во прашање легитимитетот на мерката. Дополнително загрижува, како што се наведува, јавното коментирање и навестување оставка на синдикален претседател од страна на директор на јавна установа, што според СКРМ претставува директно мешање во синдикалната автономија и кршење на синдикалните права.СКРМ очекува Министерството за култура, како надлежен орган, активно да се вклучи и да обезбеди почитување на законите, колективните договори и уставно загарантираните синдикални права, предупредувајќи дека рамнодушноста во вакви случаи значи фактичко заземање страна.Синдикатот порачува дека нема да молчи пред самоволие, институционална незаинтересираност и кршење на законите, нагласувајќи дека законот мора да важи еднакво за сите, или престанува да биде закон. СКРМ најавува дека ќе продолжи решително да ги брани работничките и синдикалните права, со цел да се обезбеди законски и правичен исход во интерес на уметниците, институцијата и јавноста.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarynfnqddq57efr1W3yHEg

Трајановски: Буџетска дупка, закочени плати и изолација – власта ја турка државата кон предвремени избори

Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, на гостувањето во емисијата „Трилинг“, посочи дека актуелната власт, наместо да испорачува резултати, спроведува континуиран дефокус на јавноста преку медиумски напади и притисоци врз опозицијата.„Тој линч што ние го трпиме како партија моментално од власта преки одредени провладини медиуми ја нарушува цела етика на новинарска професија. Нонстоп да бидете нападнати, и да ја дефокусирате јавноста со тоа каде бил претседателот, мислам дека е дегутантно. Фокусот на провладините медиуми е Венко Филипче, затоа што власта не испорачува ништо за граѓаните“, потенцираше Трајановски.Тој посочи дека сето ова е обид да се сокрие неспособноста на власта да управува со економијата и да ги испорача потребните резултати за граѓаните. Државата се наоѓа во сериозна економска и финансиска криза, што се манифестира преку синдикални протести, закочување на минималната плата, затворен трезор и буџетска дупка од околу 2 милијарди евра, како и застој во враќањето на ДДВ кон компаниите.„Кога ќе видите во каква ситуација е моментално државата, се спрема синдикален протест, има закочување кај минималната плата, потоа имате првпат во историјата на државата дека на 15-ти декември е затворен трезорот каде што немаат меѓуинституционални плаќања. Имаме една буџетска дупка која е веќе 2 милијарди евра. Потоа закочено враќање на ДДВ-то од 120 до 150 милиони евра по компании. Тоа укажува дека владата нема да има друг начин и ќе мора да распише предвремени избори“, рече Трајановски.Тој посочи и дека државата е во опасна позиција на европскиот пат, со ризик да стане „паралелен играч“ и да го изгуби интересот на ЕУ.„Ние во моментов се соочуваме со можност да станеме паралелен играч. Значи да не сме внатре во процесот да одиме према Европската унија, туку да бидеме покрај процесите и едноставно Европската унија да изгуби интерес за нас. Тоа е нешто најопасно што може да ни се случи“, посочи потпретседателот на СДСМ.Тој укажа и на владејачката политика како причина за изолација на државата, поради отворање конфликти со соседите и отсуство на дијалог.„Апсолутно сме изолирана држава. Отвараме конфликти со сите наши соседи. Отвараме конфликт со Грција на затворено прашање. Отвараме конфликт со Бугарија. Едноставно оската со Србија се движи. Но сепак мислам дека на затворени прашања не треба да отвараме нови прашања. Ние сме тие што треба да форсираме дијалог, да се приближиме до Европската Унија“, порача Трајановски.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
puls-38

Над 2 милиони денари данок платени на државата од „Супорт Кочани“, за донираните 22 милиони денари

Иницијативата Support Kocani ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации, отворена по трагичниот настан што го погоди Кочани, при што значаен дел од средствата повторно завршија како персонален данок на доход во државниот буџет.Во рамки на третата распределба, финансиска помош добија вкупно 142 лица кои претходно поднеле и потпишале изјава за потреба од поддршка. Средствата беа распределени според утврдени критериуми и донаторска одлука, но од вкупниот бруто-износ беше задржан и платен персонален данок.За оваа распределба, по основ на персонален данок на доход (ПДД), биле уплатени 315.292 денари. Со тоа, заклучно со третата распределба, вкупниот износ на платен персонален данок за сите три распределби достигна 2.274.285 денари, од вкупни бруто-донации во износ од 22.742.997 денари.Сите средства за третата распределба потекнуваат од донација обезбедена од Македонската православна епархија за Европа, при што трансакцијата била ослободена од банкарска провизија од страна на НЛБ Тутунска банка. Вкупно донираните средства за оваа фаза изнесуваат 3.153.204 денари бруто.Според распределбата, 123 лица добиле по 15.968 денари, додека 19 лица добиле по 45.992 денари, при што исплатите се извршени по одбивањето на персоналниот данок.Од Support Kocani потсетуваат дека и во првата и во втората распределба бил применет ист принцип – средствата биле директно префрлани на сметките на најпогодените лица, а целиот процес бил јавно документиран и достапен за увид. Истовремено, нагласуваат дека иако донациите имаат хуманитарен карактер, тие подлежат на оданочување, што резултира со значителен прилив на средства во државниот буџет.Иницијативата останува посветена на транспарентност и отчетност, но податоците покажуваат дека значаен дел од хуманитарната помош за Кочани завршува како даночна обврска, што повторно го отвора прашањето за даночниот третман на донациите за настрадани граѓани.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-library0avc2lh3eodmcOR5o74

СДСМ одржува конгрес: Филипче очекува дебата без тензии, Шилегов не е поканет, а Заев - да

Денеска од 11 часот, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, се одржува 31. Конгрес на Социјалдемократски сојуз на Македонија, на кој делегатите ќе расправаат за изборниот резултат од последните локални избори, за внатрепартиските состојби и за идните политички насоки на партијата. Конгресот ќе има отворен и работен, затворен дел, а централно обраќање во јавниот дел ќе има претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кое медиумите ќе можат да го проследат во целост.Во затворениот дел, според партиски извори, генералниот секретар и шеф на изборниот штаб, Александар Саша Димитријевиќ, ќе го презентира извештајот за изборниот процес, по што е предвидено гласање за доверба на Централниот и на Надзорниот одбор. Делегатите ќе разгледуваат и статутарни измени, меѓу кои и предлози за воведување нови дигитални платформи за комуникација со членството и со гласачите.Конгресот се одржува во период на засилени внатрепартиски превирања и јавни критики кон актуелното раководство, кои се интензивираа по слабите изборни резултати. Филипче, кој изминативе денови е под притисок од поранешни високи функционери, меѓу кои Петре Шилегов и Јован Деспотовски, изјави дека не очекува тензиите да кулминираат на самиот конгрес.„Очекувам дебата и јавување на делегатите за дискусија. Конгресот е вистинскиот форум за критики. Не очекувам тензии, туку реални и аргументирани забелешки“, изјави Филипче, најавувајќи дека по завршувањето на конгресот ќе следуваат интензивни активности на терен, особено во општинските организации, со цел поголема партиска мобилизација.Во пресрет на конгресот, Филипче јавно порача дека нема намера да се повлече од лидерската функција и дека негов приоритет остануваат борбата против корупцијата, економскиот и социјалниот развој и враќањето на државата на европскиот пат. Тој критиките од дел од поранешните функционери ги оцени како обиди за ослабување на партијата, тврдејќи дека вистинското членство ги препознава тие процеси.Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во јавни настапи изрази уверување дека конгресот ќе биде успешен и дека мнозинството делегати ќе присуствуваат, што, според неа, е доказ за внатрешното единство и желбата за континуитет во работењето на партијата.Главните критичари на раководството, Шилегов и Деспотовски, не се меѓу 740-те поканети делегати на конгресот. Шилегов претходно обвини дека не биле испочитувани процедурите за негово свикување и дека до делегатите не биле доставени конгресни материјали, извештаи и предлог-заклучоци, што, според него, ја оневозможува суштинската расправа за причините за изборниот пораз и за мерките што треба да се преземат.На конгресот се поканети и поранешните лидери на СДСМ, Зоран Заев и Владо Бучковски, додека покана не добил Бранко Црвенковски, кој претходно го замрзна своето членство во партијата.Денешниот конгрес се оценува како клучен момент за идната насока на СДСМ, бидејќи треба да покаже дали партијата ќе успее да ги надмине внатрешните поделби и да изгради јасна политичка стратегија по изборните неуспеси и критиките што со месеци се слушаат во јавноста.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryqgskisbp0jun12Nq4mb

До 6.000 евра субвенции за електрични автомобили: Германија ги отвора вратите и за кинеските производители

Германија повторно го менува курсот кога станува збор за субвенциите за електрични возила и најавува нова програма за поттикнување вредна дури 3 милијарди евра.Целта е јасна – заживување на продажбата на електрични автомобили, која нагло опадна по укинувањето на субвенциите кон крајот на 2023 година.Новиот програм предвидува субвенции во износ од 1.500 до 6.000 евра, во зависност од цената на возилото, приходите на домаќинството и бројот на членови во семејството.Според проценките, буџетот би требало да биде доволен за поддршка на околу 800.000 возила.За разлика од некои други европски земји, Германија нема да прави разлика меѓу домашните и странските производители. Субвенциите ќе бидат достапни за сите брендови, вклучително и за кинеските.Министерот за заштита на животната средина, Карстен Шнајдер, изјави дека нема докази за преплавување на пазарот со кинески возила и дека германските производители се доволно конкурентни.Програмата ќе важи до 2029 година, а апликациите ќе можат ретроактивно да се поднесуваат од 1 јануари 2026 година. Се очекува онлајн-порталот за пријавување да биде пуштен во употреба во мај, додека конечните услови ќе бидат прецизирани подоцна во текот на годината.Најголема корист од субвенциите се очекува да имаат домаќинствата со ниски и средни приходи.Претходниот систем на субвенции беше укинат поради буџетски проблеми, што веќе во 2024 година доведе до пад на продажбата на електрични автомобили од дури 27 проценти.Новиот пакет мерки вклучува и продолжување на даночните олеснувања за електрични возила до 2035 година, што за државата ќе значи околу 600 милиони евра помалку приходи.Сето ова укажува дека новата германска влада се залага за попостепен и пофлексибилен премин кон електромобилност, иако на ниво на Европската Унија сè уште трае дебатата за иднината на забраната на моторите со внатрешно согорување.

Магазин | пред 3 седмици

3 нед.
media-library8d73jmvenr3i7DKssoD

Сопственикот на барот во Кран-Монтана, каде што загинаа 40 лица, пуштен од притвор со кауција

Сопственикот на барот „Констелацион“ во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана, Жак Морети, каде што во новогодишната ноќ избувна смртоносен пожар во кој загинаа 40, а беа повредени 116 лица, е пуштен од притвор во градот Сион.Морети е пуштен на слобода откако платил кауција во износ од 200.000 швајцарски франци, односно околу 215.000 евра.Тој се наоѓал во притвор од 9 јануари 2026 година, но со плаќањето на кауцијата му било овозможено условно пуштање на слобода, пренесуваат француските медиуми.Истражниот суд на кантонот Вале одреди Морети да биде под „алтернативни мерки“ со цел да се спречи негово евентуално бегство. Исто така забрането е да ја напушта територијата на Швајцарија и должен е на Јавното обвинителство да им ги предаде сите лични документи и документите за престој.Голем број од жртвите и нивните семејства ја изразија својата огорченост поради одлуката на швајцарскиот суд, оценувајќи ја како „вистинска измама“.Жак Морети и неговата сопруга Џесика Морети и натаму се предмет на кривична истрага за „убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и предизвикување пожар од небрежност“.

Свет | пред 3 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања