Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

media-librarydieim7043fpd8HcWnGe

Прво едукација, па казни за новиот закон за пушење

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека динамиката за почеток на казнувањето за прекршување на новиот закон за пушење сè уште не е прецизно дефинирана, нагласувајќи дека примарната цел на институциите е едукација, а не веднаш санкционирање.Одговарајќи на новинарско прашање од кога ќе започне казнувањето, Алиу посочи дека се создал амбиент во кој јавноста перципира дека државата сака веднаш да казнува, додека, според него, фокусот е на укажување и информирање за тоа што е незаконско и кои се последиците од непочитувањето на прописите.„Инсистирав да дадеме простор да укажеме кој работи незаконски и дека ќе се казнува. Мислам дека тоа е добра практика – државата да соработува со бизнис-заедницата“, изјави министерот.Тој додаде дека државата мора дополнително да се доекипира за целосна имплементација на законот. Според него, доколку веднаш се започне со масовни казни, може да се појави проблем со недоволен број инспектори и службени лица за спроведување контроли на терен.Како пример, Алиу посочи на претходни ситуации кога забраната за пушење формално важела во Скопје, но не била доследно спроведувана во другите средини. Според него, целта е законот да се применува еднакво на целата територија, со јасна стратегија и соодветни ресурси.

Македонија | пред 1 месец

media-library77fdh4a3gsg8cxZZjOt

Марко Бислимоски поднесе оставка од Регулаторна по кривичната пријава против него

Марко Бислимоски поднесе оставка од функцијата претседател на Регулаторна комисија за енергетика. Во писменото известување упатено до Собрание на Република Македонија, тој наведува дека се повлекува од функцијата на која бил именуван, односно реизбран, на 26 јули 2023 година, и бара согласно Законот за енергетика да се утврди престанокот на мандатот.Оставката доаѓа по кривична пријава поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје, во која се наведува дека Бислимоски, иако бил законски обврзан, не покренал постапка за навремено одземање на лиценцата на компанијата Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје, која, според наводите, не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.Според пријавата, наместо лиценцата да биде одземена во јануари 2024 година, согласно законските рокови, претседателот на РКЕ донел решение со кое постапката била прекината. Лиценцата официјално била одземена дури во април 2025 година, односно со задоцнување од околу 15 месеци.Бислимоски ги отфрли обвинувањата и изјави дека не чувствува вина во врска со постапувањето. Надлежните институции треба да утврдат дали има основ за кривична одговорност и дали во случајот биле прекршени законските обврски.

Македонија | пред 1 месец

media-library0uvugqc2o56t92U17yb

Во 43 компании ќе влезат тимови од МВР и Министерството за здравство

Министерот за здравство Азир Алиу најави дека од денеска започнуваат теренските контроли на лиценците издадени за производство на канабис за медицински цели, посочувајќи дека додека траела прес-конференцијата, инспекциските тимови веќе биле на терен.„Ќе се проверуваат 43 лиценци кои се дадени за производство на канабис за медицински цели“, изјави Алиу, објаснувајќи дека постојат две различни комисии за контрола на овој сектор – една надлежна за административните процедури во рамки на Министерството за здравство, и меѓуресорска комисија формирана согласно законска рамка на Владата, чија улога е да анализира политики поврзани со овој тип процеси. Првата комисија работела и досега за што имало извештаи, додека владината, последен извештај има во 2017 година.Министерот нагласи дека во сила се два правилници – стар и нов – кои во моментот се предмет на анализа од страна на експерти и професори. Според него, врз основа на извештајот што ќе произлезе од таа анализа, ќе се донесат понатамошни одлуки, а доколку биде потребно, ќе се покренат и соодветни постапки.Алиу информираше дека секоја компанија е обврзана да доставува фотографии и информации за количината и квалитетот на произведениот канабис до комисијата за која е задолжено Министерството за здравство. Во моментов, формирана е комисија од пет члена која има рок од 45 дена да изготви извештај за сите 43 лиценци.Тој посочи и дека постојат одредени предизвици во имплементацијата на законот, меѓу кои и недостиг од службени возила, што, како што рече, дополнително го отежнува надзорот и контролата на терен.

Македонија | пред 1 месец

media-library8khkrb86jarldN2KuPy

(Видео) Мицкоски најави нови апсења: Битангите кои се занимаваа со криминал се зад решетки, има и уште некои кои ќе се најдат таму

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неколку правни субјекти се под постојан надзор во рамки на активностите поврзани со производството и контролата на канабис, нагласувајќи дека очекува да бидат откриени уште значителни количини.„Неколку други правни субјекти се под постојан надзор. Не случајно кажав дека неколку десетици тони ќе бидат откриени и дека може до сто тона да дојдеме“, рече Мицкоски кој што го повтори ставот дека одгледаната марихуана не може да се употри за изработка на масло од канабис кое ќе биде со квалитет за да може да се пласира на пазарот.Тој додаде дека лицата кои, како што рече, се занимавале со незаконити влијанија веќе се процесуирани и се наоѓаат зад решетки, а најави дека ќе следуваат и нови постапки.„Оние битанги кои се занимаваат со овие незаконити влијанија се зад решетки. Има уште некои кои ќе се најдат таму. Работата со криминалот е неисплатлива професија и ќе биде жестоко процесирана. И нема да има пардон. Знаете до пред 4-5 години какви битанги и бараби, и банди, хараа низ Македонија, фала Бога сега тоа го нема и тие се таму кај што се“, додаде Мицкоски прашан дали ќе се реактивира телото кое е веќе формирано и функционирало до 2017 година за контрола на дроги.

Македонија | пред 1 месец

media-librarygmv2mfakq6c6fWJ0V58

(Видео) Мицкоски застана во одбрана на Дафина Стојаноска, смета дека Трендафилов треба да се извини и дека децата не биле прикажени децата на снимката

Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на изјавите на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, оценувајќи дека неговиот настап бил премногу нервозен и исполнет со навреди, и дека со тоа испуштил можност да биде над ситуацијата.„Јас го видов тоа што го кажуваше Трендафилов. Видов еден човек кој беше премногу нервозен, истури навреди, но ние сме јавни личности и навикнати сме на тоа. Жалосно е што други јавни личности не се навикнати на јавна критика“, изјави Мицкоски, додавајќи дека јавната критика понекогаш е вистинита, а понекогаш не, но дека, според него, најголемиот дел од обвинувањата кон него на социјалните мрежи и од одредени медиуми се невистини.Тој се осврна и на оправдувањето на Трендафилов во врска со користењето на службено возило, оценувајќи го како „бледо оправдување“. Премиерот нагласи дека повеќе е загрижен за нивото на јавна култура и речникот што бил употребен во реакцијата, особено затоа што, како што рече, станува збор за жена и мајка. Мицкоски посочи дека на видеото не биле прикажани малолетните деца на Трендафилов и дека било внимавано на тој аспект, но смета дека Трендафилов требало да покаже поголема воздржаност. Според него, пратеничката Дафина Стојановска треба да добие извинување.Претходно, Трендафилов на прес-конференција остро реагираше на видеото кое Стојановска го објави на социјалните мрежи, а во кое, според нејзините тврдења, тој ги вози своите малолетни деца со службено возило на синдикатот. Во својата изјава, Трендафилов упати тешки квалификации, оценувајќи дека станува збор за недозволиво објавување на содржина поврзана со малолетни лица и побара институционална реакција од Министерството за внатрешни работи и од обвинителството.Тој го повика и претседателот на Собранието да поведе постапка за одземање на имунитетот на пратеничката, најавувајќи дека ќе ги информира и дипломатските претставништва и синдикалните организации на меѓународно ниво.Случајот предизвика остра јавна полемика и нова размена на обвинувања меѓу политички и синдикални претставници, при што фокусот се префрли од прашањето за користење на службено возило кон начинот на комуникација и границите на јавната критика.

Настани | пред 1 месец

media-libraryk5dfbpuj15j9cI74R8j

(ВО ЖИВО) 350.000 евра соѕидани зад плочки - сите детали за парите најдени кај родителите на судијата Ѓоко Ристов

Вечерва гледајте нѐ во живо во „Претрес“ – разговор со адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на судијата Ѓоко Ристов од Апелација, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“, откако во домот на неговите родители беа најдени 350.000 евра соѕидани зад плочки во кујна.Ќе прашаме директно: кој и зошто чува толкава сума „во ѕид“, како се пронајдени парите, колку простории се претресувани, дали постојат докази за легално потекло на секое евро, како се објаснуваат старите апоени од 500 евра, дали е платен данок и зошто верзиите во јавноста се менуваат. Отвораме и чувствителен сегмент: фактот дека Давидовиќ во минатото го застапуваше и Сашо Мијалков во „Таргет-Тврдина“, предмет во кој Ристов беше судија, како и прашањата за перцепциите, можен судир на интерес и сѐ што „се шушка“ – но никој не го кажува јавно.Давидовиќ е бранител на лице обвинето дека го обезбедувало „Пулс“ без лиценца, но и на Аднан Џаферовски, ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување. Зошто се тврди дека обезбедувачот не бил обезбедувач, а Џаферовски нема вина иако Законот за заштита и спасување налага мерки за превенција од пожари?Ексклузивно ќе откриеме многу информации поврзани и со други случаи, следете во живо:

Студио | пред 1 месец

media-librarydlonu78spq60071FC0j

Земјотресот е последица на умерена тектонска активност околу Шар Планина, која се поместува, анализира професорот Милевски по земјотресот

Редовниот професор на Институтот за географија, д-р Ивица Милевски, по последниот земјотрес даде подетално географско и тектонско објаснување за процесите што се одвиваат на просторот на Косово и западниот дел од Македонија. Тој нагласи дека станува збор за тектонски активен простор, но со умерена, а не со изразено силна активност, како дел од поширокиот систем на планини, раседи и котлини на Балканот.Според Милевски, причината лежи во вклештеноста на помали микро-плочи на кои се наоѓаат планинските масиви и котлините, под влијание на притисоците од поголемите регионални и континентални плочи – Африканската од југ, нејзиниот сегмент Јадранската плоча (Adria), како и Евроазиската плоча од север и североисток. Притисокот од Јадранската плоча кон североисток ги активира раседните структури во северна Албанија, Косово и западна до северозападна Македонија.Тој објаснува дека Шарпланинскиот тектонски блок е ограничен со повеќе нормални и хоризонтални раседи, и од косовската и од македонската страна, долж подножјето на Шар Планина. Притисоците од Јадранската плоча се пренесуваат врз овие активни раседи, при што повремено доаѓа до нивно „размрдување“, што се манифестира како земјотрес.Милевски посочува дека раседите и блоковите околу Шара имаат умерена динамика, особено во североисточниот дел, но тие дејствуваат континуирано со десетици и стотици илјади години. Како резултат на тие процеси, блокот на Шар Планина постепено се изместува, и во височина и кон исток, што, според него, објаснува зошто планината во северниот дел има лачно извиена форма.Во однос на последниот земјотрес, професорот проценува дека поместувањето на планинскиот блок било во рамки на десетина милиметри вертикално и до неколку сантиметри кон исток, со минимални поместувања и на околните депресии. Според ослободената енергија, настанот бил еквивалентен на експлозија од приближно стотина тони ТНТ.Тој нагласува дека тектонската активност во овој дел од Балканот е слаба до умерена и дека не се очекува посилен земјотрес во реонот на Шара, за разлика од подрачјата како дебарското, валандовското, пехчевското или скопското, кои се познати по поголема сеизмичка активност. Според Милевски, станува збор за постепено дооформување на северниот дел од Шар Планина и котлините околу неа, како дел од долгите геолошки процеси што траат со милиони години.

Коментари | пред 1 месец

media-librarytutrt67tk1eqbGWyhLB

Владата против ограничување на пристапот до социјални мрежи за малолетници

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека Владата не размислува за воведување забрана или ограничување на пристапот до социјалните мрежи за младите до 15 години, оценувајќи дека таквиот потег би бил радикален и би значел мешање на државата во приватната сфера и во основните слободи.Одговарајќи на новинарско прашање на настан во Прилеп, по повод одбележувањето на Денот на побезбеден интернет, Андоновски рече дека родителите треба да ја задржат контролата врз користењето на социјалните мрежи од страна на нивните деца, а не државата да ја преземе таа улога.Тој посочи дека во изминатата година, во рамки на проект за дигитална безбедност, во сите училишта биле презентирани механизми преку кои родителите можат да контролираат кои апликации нивните деца ги инсталираат на мобилните телефони и други уреди, колку време поминуваат на нив и какви содржини можат или не смеат да следат. Според министерот, ваквиот пристап овозможува превенција од опасностите на интернет, без директна интервенција на државата во семејниот живот.Андоновски нагласи дека станува збор за алатки кои се исклучително приватни и ги користат родители и деца, па секое законско ограничување би можело да се толкува како прекумерно мешање во домашните работи. Сепак, тој остави простор за јавна дискусија доколку постои зголемен интерес и загриженост кај родителите, најавувајќи можност за јавна расправа и анкета за да се утврди ставот на јавноста.Министерот посочи дека не се исклучува можноста за законски измени доколку тоа се покаже како неопходно, но предупреди дека државната забрана на одредени дигитални алатки носи сериозни ризици. Според него, таквиот пристап може да отвори простор за ограничување на слободата на говор и слободата на изразување, доколку државата почне селективно да забранува платформи или апликации.„Забраната треба да биде последна мерка. Првата мерка мора да биде превенција и родителска контрола“, истакна Андоновски.Настанот во Прилеп беше организиран од Министерството за дигитална трансформација во соработка со Општина Прилеп, во рамки на проект за воспоставување Центар за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од програмата „Дигитална Европа“ и од Европската Унија. Според најавите, во следниот период се очекува целосно функционализирање на Центарот, кој ќе обезбеди линија за поддршка на млади лица, родители и наставници за справување со ризиците во онлајн просторот.

Македонија | пред 1 месец

media-library7qgcqdanepmkf3p7SOB

Тепачка по сообраќајно недоразбирање во Центар, две кражби пријавени во Скопје од кои едната во финансиско друштво

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 10 февруари 2026 година, околу 11:10 часот, во СВР Скопје било пријавено нарушување на јавниот ред и мир на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот. Во инцидентот дошло до физичка пресметка помеѓу М.С. (51) од Скопје и П.В. (28) од Струмица. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.Во друг случај, Единицата за внатрешни работи Аеродром и Драчево при СВР Скопје поднела кривична пријава против Д.М. (18) и Г.Д. (25), двајцата од Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ на дрзок начин. Според информациите, на 10 февруари околу 06:30 часот на подрачјето на општина Аеродром, тие на 53-годишна жена ѝ одзеле ранец во кој имало пари, документи, мобилен телефон и други предмети. Дел од одземените предмети биле пронајдени и вратени на оштетената.Дополнително, на 10 февруари околу 05:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во периодот од 19:00 часот на 9 февруари до 04:40 часот на 10 февруари, со употреба на сила и подесен алат било скршено стакло од влезна врата на објект на финансиско друштво на подрачјето на Гази Баба во Скопје. По влегувањето во објектот, биле одземени пари. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и утврдување на сторителите.

Македонија | пред 1 месец

417466023_697125702597960_8365710883011608670_n

Советник во МВР пријавен за проневера: Присвојувал пари од граѓани за пасоши, наместо на сметка завршиле кај него во џеб

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Штип против М.С., вработен како советник за управни работи за Штип во Одделението за управни работи Штип при Одделот за граѓански работи.Според информациите, постојат основи на сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „проневера во служба“ по член 354 став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2025 година, тој, наводно, присвоил пари доверени во службата, така што во повеќе наврати од граѓани кои поднесувале барања за издавање патна исправа барал готовина, искористувајќи го нивното непознавање на законските прописи.Како што се наведува, пријавениот им кажувал на барателите дека плаќањето преку ПОС-терминал со платежна картичка не е во функција и дека е потребно износот да го платат во готово. Граѓаните му ги давале средствата во висина на цената на услугата, по што тој бил должен да ги уплати на жиро-сметката на МВР и да изврши уплата на административна такса на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија.Иако постапката била завршувана и на граѓаните им биле издавани лични документи – пасоши, пријавениот, според наводите, не ги уплаќал средствата, туку ги присвојувал за себе.Од Одделот за внатрешна контрола најавуваат дека против М.С. ќе биде поднесен и предлог за поведување дисциплинска постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, како и задолжителна мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

Македонија | пред 1 месец

Screenshot-2024-12-29-at-23.03.10

Двајца браќа од Прилеп уапсени по кражба од живинарска фарма: едниот го спасувал другиот и од приведување

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 10 февруари 2026 година, околу 15:00 часот, во селото Сенокос, општина Долнени, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово го лишиле од слобода Х.К. (34) од Прилеп.При извршен преглед на неговото патничко возило биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека се украдени од живинарска фарма во село Долнени, а кои претходно биле пријавени како одземени. Предметите биле одземени, а осомничениот приведен за понатамошна постапка.Подоцна, од слобода бил лишен и неговиот брат Б.К. (32), кој на улицата „Орде Чопела“ во Прилеп застанал пред полициско возило и се обидел да го спречи транспортот на приведеното лице до ОВР Прилеп, при што агресивно се однесувал кон полициските службеници кои вршеле службени дејствија.По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе биде поднесена соодветна пријава.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryjsahk42s1lfveGFSTj5

Удрена 69-годишна жена во Тафталиџе, возачот избегал со „рено“ па бил пронајден

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 10 февруари 2026 година, околу 16:40 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Његошева“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа во која била повредена пешачка.Според информациите, патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.С. (46), удрило во 69-годишната В.Д., по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во несреќата, В.Д. се здобила со телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.По преземени оперативни мерки, возачот бил пронајден и со него бил извршен службен разговор, а за настанот бил известен и надлежен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

Скопје | пред 1 месец

media-libraryu2c0m9v4n7h1bsWS6d5

Директор од Делчево пријавен за злоупотреба на лични податоци на вработени

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднела кривична пријава против С.С. (62) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злоупотреба на лични податоци“.Според информациите, пријавениот во својство на директор на Јавно комунално претпријатие „Брегалница“ од Делчево, без знаење и согласност на две лица вработени во претпријатието, на 3 септември 2025 година на шалтер во експозитура на банка во Делчево, со сопствени средства извршил уплата на уплатници во нивно име.Како што наведуваат од полицијата, станува збор за уплати во износи од 15.374 и 35.535 денари. Со ваквото постапување, според пријавата, пријавениот им нанел нематеријална штета на честа и угледот на двајцата вработени.По целосно документирање на случајот, против С.С. е поднесена соодветна кривична пријава, а понатамошната постапка ќе ја водат надлежните органи.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryp6gll1ijv5u2eH8yUTD

Жена оштетена за 12.000 евра преку социјална мрежа: лицето се претставило како градежник од странство со капар за имот

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека СВР Тетово поднело кривична пријава против Л.М. (49) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.Според информациите од полицијата, на 15 септември 2025 година, пријавениот преку социјална мрежа довел во заблуда женско лице, претставувајќи се како сопственик на градежна фирма во странска држава, кој наводно ќе посредувал при купување на имот во истата земја.Оштетената во три наврати, преку брз трансфер на пари, на пријавениот му исплатила капар во вкупен износ од 12.000 евра. Сепак, имотот не бил обезбеден, а лицето останало без средствата.По документирањето на случајот, против осомничениот е поднесена соодветна кривична пријава, а надлежните институции продолжуваат со понатамошна постапка.

Македонија | пред 1 месец

jsp-avtobusi-na-gas-polnaci

Девојка повредена во автобус на линијата 23 по нагло кочење, сведочи граѓанин кој алармира за небезбеден превоз

Стефан Дувњак, јавно алармира за инцидент што се случил утрово во автобус на линијата 23, при што, според неговото сведоштво, била повредена девојка откако возачот нагло закочил на семафор. Според објавата, по наглото кочење повеќе од 20 патници биле оттурнати од задниот кон предниот дел на автобусот, паѓајќи на подот, при што биле откорнати и дел од држачите во возилото.„Сабајлево во 23-ка девојка повредена кога возач на автобус нагло закочи на семафор со кола пред него и 20 луѓе летаа од задниот до предниот дел на автобусот паѓајќи на земја со откорнати држачи околу нив. Плачење, офкање, болки и дрзок однос на возачов кој уште продолжува да си вози додека човек му лежи на земја и се превиткува во болки.Истава ситуација пред месец дена се случила и во Автокоманда.Влада на Република Северна Македонија и Орце Ѓорѓиевски - Orce Gjorgjievski прави ли некој контрола на тоа кој вози автобуси, дали имаат потребно искуство и најбитно исправни автобуси. Застануваат кога сакаат и каде сакаат, 50% од нив се со мобилен телефон во рака или со цигара и повеќе се расправаат со патници него што внимаваат на сообраќај, а дополнително уште и се лути како тоа за прекршок со новите правила за Сејф Сити ќе требало да си ги плаќаат казните.Апел до сите што користат јавен превоз да бидат особено внимателни во преполниве автобуси и никако да не користат мобилни телефони додека се возат затоа што и мало невнимание на несовесен шофер може да предизвика потешка телесна повреда“, напиша тој.По ова следуваа низа други сведоштва:

Коментари | пред 1 месец

media-librarycc773iu2qt3f5AdCrRJ

Пецаков: Охрид бил и ќе остане светски, започнуваме нова ера на засилена грижа

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, информираше дека вчера и денес во Париз бил дел од државната делегација која остварила клучни средби во седиштето на УНЕСКО. Според него, посетата е од исклучително значење, бидејќи за првпат градоначалник на Охрид остварува директна средба со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани.Покрај оваа средба, делегацијата разговарала и со претседателот на 43-тата Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, како и со претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб. Пецаков посочи дека како градоначалник негова должност е гласот на Охрид да се слушне директно таму каде што се носат одлуките за светското наследство.Тој нагласи дека на средбите јасно биле пренесени позициите на локалната и централната власт, дека Охрид претставува врвен приоритет и дека во тесна соработка со Владата се останува целосно посветен на спроведување на препораките за заштита. Според него, се работи на долгорочна и одржлива стратегија која ќе обезбеди зачувување на статусот на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство.Пецаков истакна и подготвеност за продолжување на соработката со Република Албанија, нагласувајќи дека заштитата на езерото и регионот бара заеднички пристап и координирано делување. „Охрид бара лидерство и конкретни дела“, порача градоначалникот, додавајќи дека посетата на Париз е почеток на нова ера на транспарентна и засилена грижа за природното и културното наследство.„Охрид бил и ќе остане светски“, заклучи Пецаков, најавувајќи продолжување на активностите со конкретни чекори во насока на заштита и унапредување на регионот.

Охрид | пред 1 месец

Screenshot-2025-03-06-at-16.07.19

„Мафија на лажни просјаци“ дејствува околу Клиничкиот центар во Скопје, алармира доктор Лазаров

Доктор Ненад Лазаров јавно алармира дека околу клиничките објекти во Скопје дејствува организирана група лица кои, според него, се претставуваат како просјаци и лица со инвалидитет, а всушност станува збор за добро координирана мрежа што прибира значителни суми пари од граѓаните.„Најсиромашните што движат по клинички, скромни стуткани луѓе со секакви маки дојдени по болнициве најчесто се жртва и даваат пари на овие хоштаплери што глумат просјаци и инвалиди а не се, најверојатно и делат со нив од последните парички. Стратешки се распоредени по клинички.Ве молам денар да не им давате, цела мафија се организирана секој ден илјадници денари укрупнуваат по локални продавници дури и во црквата на клинички, заработуваат повеќе од сите нас, пред некој ден оред мои очи 7000 денари укрупни еден од нив! Со кола доаѓаат со кола си одат. Да сум власт, ова се треба на долго време да се затвори за пример“, напиша доктор Лазаров.

Коментари | пред 1 месец

media-libraryg9cvddih71i75fzrYme

(Видео) Снимки од Скопје, Тетово и Призрен сведочат за силината на вчерашниот земјотрес

Снимки сведочат за синоќешниот земјотрес од 4,6 степени според Рихтеровата скала.Во Скопје потресот се случи за време поткастот „Естраден лексикон“.Во Тетово е забележан од надзорни камери на објект.Во Призрен преку надзорни камери во маркет.

Македонија | пред 1 месец

media-librarygppscdk6ggjc8QsKz9n

(Видео) Тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила изгореа, едно лице тешко повредено

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 10 февруари 2026 година, околу 23:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје–Куманово, пред клучката за обиколницата на Скопје, се случила тешка сообраќајна несреќа меѓу патничко и товарно возило.Во несреќата учествувале патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.В. (25) од селото Бујковци, скопско, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка со неготински регистарски ознаки, управувано од Љ.Д. (56) од селото Брест, штипско. По судирот, двете возила се запалиле и целосно изгореле.Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „бмв“, а повредите биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. За настанот бил извршен увид од увидна екипа на СВР Скопје, а причините за несреќата дополнително ќе се утврдуваат.

Настани | пред 1 месец

media-library6b15u79sfgu8eZdKazH

(Фото) Запален камион кај Хиподром по судир со автомобил, сообраќајот во застој од Миладиновци

Камион се запалил на влезот во Скопје, на потегот кај Хиподром, по сообраќајна несреќа во која учествувал и патнички автомобил. Инцидентот предизвика застој во сообраќајот, кој започнува од близина на патарината Миладиновци.Во првичните информации, нема податоци за состојбата на возачите и евентуалните патници. На терен веднаш интервенирале екипи на Итната медицинска помош и противпожарни служби, кои работат на гаснење на пожарот и обезбедување на местото на настанот.Присутна е и полицијата, која го регулира и обезбедува сообраќајот, како и поширокиот периметар околу несреќата. Причините за судирот и за настанувањето на пожарот дополнително ќе се утврдуваат, а од надлежните се очекуваат повеќе информации во текот на денот.

Македонија | пред 1 месец

media-library6q8geqbgl291ajC4FPA

Сеизмолог за Косово предупредува: Историските податоци покажуваат ризик од потреси до 6,5 степени

Директорот на Сеизмолошкиот институт во Косово, Шемси Мустафа, во изјава за Клан Косова се осврна на силниот земјотрес што вечерва го погоди Призрен, нагласувајќи дека станува збор за потрес со средна јачина, но со значително психолошко влијание врз граѓаните.Мустафа појасни дека земјотресот бил со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот се наоѓал на околу 22 до 23 километри источно од Призрен, во близина на Штрпце. Според него, иако магнитудата се смета за средна, ваквиот потрес бил доволен да предизвика паника и вознемиреност кај граѓаните, кои субјективно го доживеале како многу посилен.Тој истакна дека подрачјето на Призрен припаѓа на изразито сеизмичка зона, која и во минатото генерирала силни земјотреси, а такви настани се можни и во иднина. Мустафа потсети дека Призрен бил погоден и од земјотрес со јачина од 6,8 степени, нагласувајќи дека целата територија на Косово се наоѓа во сеизмички активна област.Според него, постојат неколку зони во Косово со различен степен на сеизмички ризик, при што три од нив имаат потенцијал да бидат погодени од земјотреси со максимална магнитуда до 6,5 степени според Рихтер. Мустафа нагласи дека проценките на ризик мора да се темелат на историскиот каталог на земјотреси, кој претставува клучен параметар за ваквите анализи.Тој додаде дека мапите на сеизмички ризик се изработуваат врз основа на повеќе научни параметри, меѓу кои се тектонските и неотектонските карактеристики, сеизмотектониката, топографијата и геолошките податоци. Врз основа на овие анализи, како што рече, постои веројатност од 72,6 проценти Косово да биде погодено од земјотрес со јачина до 6,5 степени во период на повторливост од 100 години.Мустафа порача дека оваа информација треба да ја знаат сите граѓани, со цел подобра информираност и подготвеност, нагласувајќи дека разбирањето на сеизмичкиот ризик е клучно за намалување на последиците од ваквите природни појави.

Свет | пред 1 месец

media-library7pqrflooq1redLcDvoy

(Видео) „Рипавме од кревет, зградите се нишаа“: сведоштва од косовски Призрен за земјотресот

„Рипнавме од кревет“, „се тресеше сè околу нас“, „мислев дека ѕидовите ќе пукнат“ – вака граѓаните од Косово го опишуваат силниот земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала, кој вечерва околу 22 часот го погоди регионот и предизвика страв и паника кај илјадници луѓе. Потресот беше почувствуван во Косово, Србија и Македонија, а епицентарот, според првичните податоци, се наоѓал на околу 19 километри источно од Призрен и 15 километри северозападно од Тетово.Највознемирувачки сцени биле забележани во близина на епицентарот. Во селото Партеш, во општина Гњилане, мештаните раскажуваат дека земјата силно се тресела, а предметите во домовите се нишале и паѓале. Една жителка сведочи дека сè во куќата се тресело, цвеќето на прозорецот почнало силно да се ниша, по што саксија паднала на подот.Во Призрен, каде што граѓаните за тамошните медиуми велат дека ударот бил многу силен, се слушала бучава, а зградите се нишале неколку секунди.„Беше многу страшно, се тресеше и правеше силна бучава, траеше околу осум секунди“, вели еден жител за Индекс онлајн, додека друг кратко опишува: „Многу се тресеше“. Некои од граѓаните сведочат дека биле разбудени од силниот удар и дека во паника станале од кревет.Потресот предизвика вознемиреност и во јужниот дел на Србија, особено во Ниш и Лесковац, а, според сведоштвата, се почувствувал и во Белград. Жителка на Нови Белград раскажува дека додека гледале телевизија, одеднаш почувствувала вртоглавица, а потоа забележала дека лустерите почнале да се нишаат.Надлежните институции во земјите од регионот информираат дека состојбата се следи, а засега нема информации за повредени или за поголеми материјални штети. Граѓаните се повикуваат на смиреност и да ги следат исклучиво официјалните информации.

Свет | пред 1 месец

media-library7h2agh079c6384Q5XRn

Географско објаснување по земјотресот: Ништо страшно, Шар Планина се извишува

Редовниот професор на Институтот за географија, д-р Ивица Милевски појасни дека нема причина за загриженост поради последните сеизмички настани во регионот, нагласувајќи дека станува збор за природни и долготрајни геолошки процеси.Во своја јавна објава, тој посочи дека Шар Планина и понатаму се издига, но со исклучително бавно темпо, мерливо во десетини милиметри, што е карактеристично за тектонската еволуција на планинските масиви.„Ништо страшно, немирната Шар Планина, уште се извишува, макар можеби само за десетина милиметри (одеднаш, што и не е малку). Нека си тера таа како што тера со милиони години, малку по малку, а ние може да си одмориме“, напиша Милевски.Објаснувањето доаѓа по земјотресот со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала со епицентар во Косово, а кој силно беше почувствуван во Скопје и Тетово.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryff221a9d8e2dcJvo9I9

Властите во Приштина со апел за смиреност по земјотресот кај Призрен, досега нема пријави за жртви

Градските власти на Приштина вечерва информираа дека земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала го погодил јужниот дел на Косово, во подрачјето меѓу Призрен и Штрпце. Потресот бил регистриран околу 22:05 часот и, според официјалните информации, бил почувствуван во повеќе делови на земјата.Во соопштението се наведува дека досега нема пријави за повредени лица или за сериозни материјални оштетувања. Надлежните институции, како што се посочува, и понатаму ја следат состојбата на терен.Граѓаните се повикуваат на смиреност и почитување на безбедносните препораки, особено во случај на нови потреси. Од градските власти апелираат лицата да се држат подалеку од прозорци и објекти кои би можеле да се урнат, а во затворени простории да побараат засолниште под цврста маса или покрај носечки ѕид. Доколку се најдат надвор, граѓаните се советуваат да се задржат на отворен простор и да избегнуваат непотребно движење.Надлежните служби исто така апелираат јавноста да се информира исклучиво преку официјални канали и да им помогне на лицата на кои им е потребна поддршка. За итни случаи, граѓаните можат да се јават на службените телефонски броеви за итни интервенции.Од институциите порачуваат дека сите нови информации ќе бидат навремено објавени преку официјалните канали и дека безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет.

Свет | пред 1 месец

media-libraryajl3m8oq2gnq8DTHsBs

(Видео) По земјотресот, публиката во МНТ тргна да заминува, Сашко Коцев ја сврте работата на смеа

Земјотресот што вечерва го почувствува Скопје се случи за време на стенд-ап комедијата „Широк дијафазон“ на Сашко Коцев, која се изведуваше во Македонскиот народен театар. Во моментот на потресот, дел од публиката се вознемири и стана од своите места со намера да ја напушти салата, додека другиот дел продолжи да реагира со смеа на шегите на сцената.Коцев, кој изјави дека не го почувствувал земјотресот, ситуацијата веднаш ја сврте на шега, задржувајќи ја смиреноста и позитивната атмосфера во салата. До посетителите кои решија да заминат, тој упати апел тоа да го сторат мирно и без брзање, со цел да не се создаде паника или дополнителна вознемиреност.По околу десет минути, стенд-ап комедијата заврши во целосно мирна атмосфера, без тревога и без нарушување на безбедноста на публиката. Настанот помина без инциденти, а реакцијата на комичарот придонесе вечерта, и покрај неочекуваниот прекин, да заврши во духот на смеата и смиреноста.Инаку според последните информации, земјотресот е регистриран во Косово, а почувствуван во делови од Македонија. Истиот, според неофицијалните страници кои преработуваат информации од сеизмолошки станици е 4,3 степени, инаку првичните информации беа дека станува збор за потрес од 4,6 степени.

Настани | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања