Филипче: Додека работниците протестираат за плата, Владата најавува луксуз со нов владин авион
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Собранието, одговарајќи на новинарско прашање, упати остра критика до Владата поради најавата за купување нов владин авион, во период кога граѓаните и работниците, како што рече, се соочуваат со сериозни егзистенцијални проблеми.Филипче оцени дека ваквата најава не е изненадување, бидејќи, според него, власта и досега покажала дека се грижи исклучиво за сопствените интереси, а не за секојдневието на граѓаните. Тој нагласи дека одговорна власт мора да има целосен надзор и грижа за сите процеси, особено за квалитетот на животот на луѓето, наместо да дозволува, како што рече, работите да се менаџираат без јасна одговорност.Според претседателот на СДСМ, апсурдно е во исто време кога работниците излегуваат на протести и бараат повисоки плати за да можат да врзат крај со крај, Владата да најавува трошење јавни средства за луксузни потреби. Тој предупреди дека ваквите потези создаваат немир и револт во различни социјални слоеви и дополнително ја продлабочуваат недовербата во институциите.Филипче порача дека не го изненадува фактот што власта, како што изјави, не води сметка за реакциите на јавноста и за состојбата во која се наоѓаат граѓаните, туку демонстрира однесување кое целосно е одвоено од реалноста. Купувањето нов владин авион, според него, е симбол на таа изолираност и луксузирање на сметка на народот.Тој додаде дека ваквото однесување е уште една потврда за, како што рече, неодговорното владеење кое ја изолира државата, го блокира евроинтегративниот процес и не обезбедува одговорност за коруптивните скандали. Филипче нагласи дека наместо одговорност, поединци од власта се наградуваат и унапредуваат, и покрај сомнежите за злоупотреба на јавни пари, што, според него, претставува поразителна порака до граѓаните.„Кога надвор штрајкуваат работници, а власта најавува купување нов владин авион, тоа е врв на безобразие и пример за политика што не личи на ништо“, заклучи Филипче.
Македонија
|
пред 1 месец