(Фото) Непрописно паркирање блокира сообраќај во Аеродром, жителите алармираат дека ова е ризик и за децата
Сообраќаен хаос, блокирани ленти и зголемен ризик за безбедноста – ваква е секојдневната состојба на улицата „Франјо Клуз“ во скопската населба Аеродром, реагираат жители преку социјалните мрежи односно групата „Аеродромци“.Според нив, една од сообраќајните ленти речиси постојано е зафатена од непрописно паркирани возила, најчесто од посетители на локалите во околните згради, кои ја користат коловозната лента како паркинг.„Со часови не може да се помине. Две возила не можат да се разминат, а при поголем метеж настанува целосен застој“, велат револтирани жители.Проблемот е дополнително сериозен поради близината на основното училиште „Блаже Конески“, каде во периодите кога учениците доаѓаат и си заминуваат од настава, метежот е најизразен.Жителите предупредуваат дека ваквата состојба претставува и безбедносен ризик, особено во случај на итни интервенции. „Доколку дојде возило на брза помош или пожарна, тешко дека ќе може да помине“, посочуваат тие.И покрај бројните поплаки, засега нема конкретна реакција од надлежните. Граѓаните бараат засилени контроли, санкции за несовесните возачи и трајно решение за нормализирање на сообраќајот.
Скопје | пред 17 часа