Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
1 мес.
media-library83lkert1v73neqXRUSk

Расте бројот на жртви во Иран: потврдени најмалку 572 загинати

Бројот на загинати за време на масовните протести во Иран продолжува да расте, а според најновите податоци состојбата добива размери на сериозна хуманитарна криза. Американската организација Human Rights Activists News Agency соопшти дека досега се потврдени најмалку 572 смртни случаи, со напомена дека реалната бројка најверојатно е значително поголема.Организацијата, чии податоци и во минатото се покажале како точни и доверливи, се потпира на широка мрежа соработници на терен во Иран кои ги проверуваат и вкрстуваат информациите. Според нивната евиденција, меѓу загинатите има 503 демонстранти и 69 припадници на безбедносните сили.Истовремено, повеќе од 10.600 лица се приведени од почетокот на немирите, а протестите влегоа во третата недела. Според извештајот, регистрирани се речиси 600 протести низ сите 31 иранска покраина, што укажува на масовност и географска распространетост на незадоволството.Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, настапувајќи пред голем собир во главниот град, одговорот на властите го опиша како „борба против терористи“. Тој изјави дека Иран води „војна на четири фронта“, наведувајќи економска, психолошка и воена конфронтација со САД и Израел, додавајќи дека, како што рече, „денес станува збор за војна против тероризмот“.Галибаф порача дека „големиот ирански народ никогаш нема да му дозволи на непријателот да ги оствари своите цели“, додека присутните на собирот извикуваа слогани против Израел и Соединетите Американски Држави. Тој се закани дека иранските вооружени сили ќе му одржат, како што рече, „незаборавна лекција“ на американскиот претседател Доналд Трамп во случај на нов напад, предупредувајќи дека американските постројки во регионот би биле цел на одмазда.Во своето обраќање, Галибаф упати и лична порака до Трамп, повикувајќи го да не им верува, како што ги нарече, „лагите што му се пласираат“, во контекст на случувањата во Иран.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-library6efq0kjcbkvhb5r16Wx

„Лајка“ ги заловува кучињата во Карпош кои наводно биле донесени од Албанија

Јавното претпријатие „Лајка“ информира дека викендов биле добиени повеќе пријави од граѓани за појава на поголема глутница кучиња без ушни маркици на територијата на Општина Карпош. Од утринските часови, екипите на претпријатието се на терен на посочената локација, каде што се спроведува безбедно и хумано заловување на животните, во согласност со законските процедури и стандардите за благосостојба.Од „Лајка“ посочуваат дека само во изминатите два месеци од истата локација биле заловени вкупно 19 кучиња. И покрај тоа, повторната и континуирана појава на нови животни на истото подрачје, според претпријатието, отвора сериозен сомнеж дека одредени лица или субјекти организирано вршат дислокација на бездомни кучиња во Скопје, наместо да применат законски и хумани решенија во општините од кои потекнуваат.Ваквата практика, како што нагласуваат од ЈП „Лајка“, е недозволива, нехумана и потенцијално опасна. Кучињата се изложуваат на дополнителен стрес, глад и ризик од повреди, а истовремено се зголемува и заканата по јавната безбедност. Дополнително, ваквото постапување директно го нарушува системот за контрола на популацијата на бездомни животни и ги обезвреднува напорите за стерилизација, вакцинација и одговорно управување.Од претпријатието упатуваат апел до надлежните институции за засилен надзор и соодветно санкционирање на ваквите појави, а до граѓаните – навремено да пријавуваат секој сомнителен транспорт или напуштање на кучиња. Само преку заедничка одговорност и доследно почитување на законот, потенцираат од „Лајка“, може да се обезбеди хуман, одржлив и системски пристап кон решавање на проблемот со бездомните кучиња.Претходно, Анима Мунди посочија дека се сомневаат дека кучињата се донесени од Албанија.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
media-library4s83ii19s4ni5A8aajh

Син си ја убил мајката во Богданци, со повеќе убоди во пределот на главата

Маж од Богданци е лишен од слобода поради сомнение дека со остар предмет ја усмртил својата мајка, а по извршувањето на делото самиот се пријавил во полиција.Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 12 јануари 2026 година, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија го уапсиле П.С. (39) од Богданци. Според првичните сознанија, претходната вечер околу 21 часот, во станот каде што живееле, избувнала расправија меѓу него и неговата мајка М.С. (58), која ескалирала во физичка пресметка. Во текот на конфликтот, осомничениот со остар предмет ѝ нанел повеќе убодни рани во пределот на главата.Жената починала од здобиените повреди, а смртта била констатирана од лекар од Итната медицинска помош во Гевгелија.Од МВР дополнуваат дека утрото, во 07:05 часот, осомничениот сам се пријавил во Полициската канцеларија во Богданци и го признал настанот.Увид на местото на злосторството извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и екипа од ОВР Гевгелија. По наредба на обвинителот, телото на починатата е предадено на обдукција, а против осомничениот во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело убиство.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
eZy-Watermark_01-10-2023_05-04-38-6720PM

Пушењето се забранува пред болници, училишта, градинки и јавни институции: Министерот Алиу со детали за законот за пушење

Законот за заштита од пушењето нема да доведе до затворање на угостителските објекти, бидејќи со него не се воведува целосна забрана за пушење цигари, туку јасно се дефинира каде тоа е дозволено, порача министерот за здравство Азир Алиу.„Бизнисите нема да се затворат, бидејќи со законот за заштита од пушењето не се забранува пушење цигари. Тие луѓе кои пушат може да пушат во одредени простории, како што се тераси отворени од три страни. Значи кафичите и локалите можат да креираат таков тип инфраструктура, ако им е битно за бизнисот“, изјави Алиу.Тој нагласи дека од економски аспект не се очекуваат негативни последици, потсетувајќи дека државата и понатаму субвенционира тутун и има извоз на тутунски производи.„Од економска гледна точка не гледаме дека ќе има некаков тип загуби. Здравството и здравствените политики се поврзуваат со здравјето, а здравјето никогаш нема цена. Од другата страна со нездраво население вие дефинитивно одмагате на бизнисот многу повеќе отколку со вакви политики против пушење на цигари во затворени простории. Направена е и таква анализа. Луѓе кои се зависници од таков тип на производи се помалку активни во секојдневната работа во државните и во приватните институции“, истакна министерот.Алиу најави дека пушењето нема да биде дозволено во близина на јавни институции, здравствени установи, училишта, градинки и министерства, без разлика дали станува збор за Клиничкиот центар или други објекти низ државата.„Пред институции, не само во Клиничкиот центар, секаде низ целата држава, пред јавни здравствени установи, но и други јавни институции, училишта, градинки, министерства, нема да биде дозволено да се пуши“, рече тој.Во однос на угостителските објекти во рамки на Клиничкиот центар, министерот посочи дека и таму може да се најдат решенија во согласност со законот.„Клиничкиот центар дефинитивно е голем, има многу институции, но исто така знаете дека има инфраструктура внатре за пиење кафе, таму најверојатно тие бизниси ќе креираат инфраструктура и за пушење на цигари, или ќе направат тераса што ќе биде отворена од трите страни. Впрочем и на крај на денот, ние како надлежна институција, сакаме да направиме закон што ќе ги штитиме сите, ќе го штитиме населението. Верувајте дека имаме многу заболувања кои директно или индиректно се поврзуваат со пушењето“, нагласи Алиу.Тој информираше дека од утре ќе започнат состаноци со сите инспекторати, со цел тие навреме да се подготват за спроведување на законот.„Јас сум свесен дека законот има добро дефинирани постапки кај може да се пуши кај не смее да се пуши. Но, исто така ќе имаме добро дефинирани правилници што ќе бидат јавно достапни, ќе знаат сите заинтересирани страни кои треба да бидат информирани или имаат дел од бизнисот што е опфатено со овој закон, за да може да се прилагодат или инфраструктурно или внатрешни правилници ако им треба“, изјави министерот.Според него, од 1 март се очекува законот да стапи во сила и да донесе суштинска промена во јавниот простор.„Сигурен сум дека од 1 март се очекува законот да биде во сила, дека ќе имаме друг тип на инфраструктура надвор од нашиот дом, а тоа значи дека во јавен транспорт, во простории што се заеднички ќе имаме чист воздух и нема да дишеме никотин. Ве уверувам дека нема да дозволам надвор од тие европски политики да креираме некој хибриден закон, бидејќи тогаш од првиот ден законот нема да биде функционален“, додаде Алиу.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-library427q3l4ohrij3SeTTZ8

Лидерска средба на 14 јануари: Левица прифаќа, СДСМ одбива, ДУИ ќе одлучува

Пратеникот Амар Мециновиќ денеска соопшти дека Левица ќе учествува на најавената меѓупартиска лидерска средба што ја иницираше премиерот Христијан Мицкоски.На прес-конференција, Мециновиќ истакна дека партијата, како парламентарен субјект, подолг период настојува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку законски предлози и барање консензус за клучни државни прашања, оценувајќи дека сега е моментот за влез во суштински и конструктивен дијалог. Според него, приоритет за Левица е создавање демократска и фер атмосфера за време на изборниот процес, а во таа насока ќе бидат насочени и нивните барања.Иницијативата за лидерска средба доаѓа од премиерот Мицкоски, кој најави отворање разговори за укинување на т.н. „Пржинска влада“, модел воведен пред десет години, како и за други системски прашања. Од владината служба за односи со јавноста претходно информираа дека поканите се во фаза на испраќање и ќе бидат доставени до сите партии со пратеничка група во Собрание на Република Македонија.Премиерот минатата седмица најави дека средбата е планирана за 14 јануари и треба да се одржи во Клубот на пратениците.Иницијативата, сепак, се соочува со различни реакции во политичкиот блок. СДСМ најави дека нема да учествува на средбата, при што партискиот лидер Венко Филипче изјави дека „средба со криминалци нема да има“. Од ДУИ соопштија дека својот став ќе го соопштат откако официјално ќе ја добијат поканата.Левица, пак, повтори дека се залага за укинување на техничката влада, но под услов тоа да биде проследено со реални, а не само декларативни демократски реформи, како и со воведување на една изборна единица, што, според партијата, би обезбедило пофер и порепрезентативен изборен систем.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-librarykpjdg9ngbo11cowg4CK

Сања Лукаревска: „Нови 20 милиони евра задолжување додека власта секој ден врти криминални тендери“

Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска денеска ја обвини Владата дека продолжува со нови задолжувања без јасна финансиска рамка, предупредувајќи дека јавниот долг оди во, како што рече, опасна насока.На изјава за медиуми, Лукаревска информираше дека во Собранието е поднесен Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменети за изградба на фискултурни сали. Според неа, во законското решение не е наведена каматната стапка, што, како што оцени, отвора сериозни прашања за транспарентноста на задолжувањето.Таа наведе дека Владата, од една страна, тврди дека нема средства за зголемување на платите, за воведување минимална плата од 600 евра или за нови мерки за поддршка на животниот стандард, додека од друга страна продолжува со, како што рече, високи јавни трошоци и милионски тендери.Лукаревска посочи дека, според нејзините тврдења, во државната каса недостигаат околу една милијарда евра, а таа разлика се покрива со нови задолжувања кои ќе ги отплаќаат идните генерации.Како пример за досегашното задолжување, таа наведе дека Владата веќе земала заем од една милијарда евра од Унгарија, дополнителни 660 милиони евра на домашниот пазар, како и дека само во декември 2025 година биле издадени државни обврзници во вредност од 100 милиони евра. Дополнително, според неа, се најавува и можност за нов кредит од околу шест милијарди евра.Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг на земјата годинава би можел да достигне 62,9 проценти од бруто-домашниот производ, што, како што оцени, ја става државата меѓу најзадолжените во Западен Балкан.Од СДСМ најавија дека нивните пратеници ќе се спротивстават на предложеното задолжување и на секое наредно зголемување на јавниот долг, повикувајќи ја Владата да ги намали трошоците и да обезбеди средства за граѓаните.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-librarypeve7cqoqul55gXGKJd

Под знак прашалник стартот на „Сејф сити“: ДУИ го блокира законот со бадентеровото мнозинство

Под знак прашалник е дали од 1 февруари ќе започне примената на системот „Сејф сити“ за автоматско казнување на возачите, како што најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако во Собрание на Македонија сè уште не е обезбедено потребното двотретинско и бадентерово мнозинство за усвојување на измените на Законот за прекршоците.Опозициската ДУИ, предводена од Али Ахмети, засега не дава поддршка за законските решенија предложени од владејачкото мнозинство, а без гласовите на оваа партија не може да се обезбеди мнозинство од припадниците на заедниците, што е уставен услов за нивно донесување.Претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг изјави дека меѓу пратеничките групи сè уште нема договор за измените на Законот за прекршоците. Според него, доколку се постигне политички договор, измените веднаш ќе бидат ставени на дневен ред на пленарна седница. Гаши посочи дека на досегашните координации немало суштински забелешки за содржината на законските решенија, туку дека станува збор исклучиво за прашање на политички договор меѓу пратениците.Со предложените измени се предвидува прекршоците евидентирани преку камерите на „Сејф сити“ да се доставуваат по електронски пат, односно преку СМС порака или електронска пошта до сопственикот на возилото. Во известувањето ќе има линк преку кој ќе може да се преземе записникот за сторениот сообраќаен прекршок и прекршочниот платен налог. Доколку во рок од 24 часа по првото известување сопственикот не го отвори линкот, ќе следи второ известување, а рокот за преземање на документите ќе изнесува осум дена. По истекот на тој рок, доставата ќе се смета за уредно извршена, дури и ако документите не се преземени. Законот предвидува и можност доставата да се врши преку дигитална апликација, согласно важечките прописи.Покрај електронската достава на казните, со измените се воведуваат и построги санкции, меѓу кои трајно одземање на возилото за возачи фатени под дејство на алкохол или дрога, како и одземање на возачката дозвола. Сепак, без обезбедување на потребното парламентарно мнозинство, почетокот на примената на „Сејф сити“ останува неизвесен.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-librarymu6ojdu8al5063F6xNX

Алиу-Андоновска: Обезбедени 7.500 вакцини против Хепатитис Б, наменети за здравствени работници

Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска одржаа заедничка прес конференција по повод потпишување договор за донација од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против Хепатитис Б, во вкупна вредност од 123.450 американски долари, кои се наменети за здравствените работници.-Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици по здравјето на вработените во здравствениот систем, притоа истовремено засилувајќи ја и сигурноста кај пациентите. Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови  здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што  е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од „Project HOPE“ - меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош, на кои им се заблагодарувам, истакна министерот Алиу во обраќањето.Тој посочи дека во рамки на заложбите за овозможување едноставен и достапен процес на вакцинација, Министерството за здравство подготви електронски модул за изразување интерес за вакцинација, кој е достапен на веб-страниците на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.-Денес обезбедуваме и дополнителна поддршка за Институтот за јавно здравје за засилување на биосигурноста. Станува збор за авионски и бродски транспортни кутии за инфективни материјали, со што овозможуваме побезбедно постапување и транспорт на инфективни материјали согласно протоколите, додаде министерот.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryv68ahl5v8n7m7GaTJzx

Швајцарски суд го продолжи притворот на сопственикот на барот во кој загинаа 40 лица

Судот во Швајцарија нареди продолжување на притворот за еден од сопствениците на барот во луксузното скијалиште Кран-Монтана, каде што во пожар што избувна за Нова година загинаа 40 лица, објави денеска СРФ.Обвинителството на кантонот Вале уште во петокот нареди притворање на ко-сопственикот на барот, Жак Морети, по неговото сослушувањето и сослучувањето на неговата сопруга Џесика, а се чекаше судска одлука дали притворот е оправдан.Брачниот пар изразил жалење поради трагедијата и изјавил дека целосно ќе соработува со истрагата. Обвинителството засега не ја коментира судската одлука. Двајцата се осомничени за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.Во катастрофалниот пожар за време на новогодишната прослава животот го загубија 40 лица, од кои мнозинството беа тинејџери, а повредени се уште 116 лица. Првичните резултати од истрагата укажуваат дека пожарот го предизвикале прскалки кои ја запалиле звучно-изолациската пена поставена на таванот од подрумот.Неговата сопруга и ко-сопственичка Џесика, која по сослушувањето била пуштена на слобода, потврдила дека во барот се користеле прскалки. „Секогаш додаваме прскалка кога сервираме шише вино во салата за јадење“, им изјавила таа на обвинителите. Истражителите дополнително проверуваат дали во барот имало противпожарни апарати и дали излезите биле во согласност со прописите.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryqlvl9dht1apaeMC5OOl

Уапсено лицето го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје

Полициски службеници денеска го лишија од слобода 54-годишниот Ш.А. од Скопје, осомничен дека го оштетил стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во главниот град.Како што информира Министерството за внатрешни работи, приведувањето било извршено денеска во 12:40 часот на улицата „Кирил и Методиј“, од страна на полициски службеници од ЕВР Центар и Бит Пазар. Според полицијата, Ш.А. се сомничи дека вчера, на 11 јануари 2026 година, го извршил оштетувањето на објектот на бугарската дипломатска мисија во Скопје.Од МВР наведуваат дека веднаш по пријавувањето на инцидентот биле преземени интензивни мерки и активности за идентификување и пронаоѓање на сторителот, по што лицето било приведено.По целосно документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryccu8ujngcvjpbPTx5m8

Двајца малолетници од Скопје уапсени откако со мотор удриле во полицаец

На 09.01.2026 во 00:45 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода и приведоа двајца 16-годишници од Скопје. При вршење службени дејствија, околу 00:10 часот на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, полициски службеници забележале мотоцикл без регистарски ознаки, кој го управувал еден од малолетниците, но тој не застанал на знак за запирање, по што со мотоциклот удрил во еден полициски службеник и му нанел повреди. Набргу, по преземени мерки мотоциклот е запрен и тие се фатени, при што малолетниот сопатник агресивно се однесувал кон полициските службеници.По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
media-library8lu9400p2q5f1UrOiPN

„Двете кандидатки не ги предложив затоа што се жени, туку заради нивната стручност и компетентност“, претседателката Силјановска Давкова за предложените членови на Судскиот совет

„Судскиот совет е рентгенот, микроскопот, во него треба да седат луѓе кои ќе треба да оценуваат врз основа на тоа што го имат како квалификација, но и врз основа на интегритетот и дигнитетот. Во правото најважни се законитоста, уставноста, етиката, бидејќи само таков орган ќе може да одлучува за дисциплинска одговорност, за избор на судии, разрешување судии.“Со оваа порака, претседателката Гордана Силјановска Давкова ја објасни логиката зад нејзините предлози за нови членки на Судскиот совет, кои денеска ги образложи пред пратениците во Собранието.Таа ги предложи Алинда Кадри Шакиновиќ и Сузана Јошевска – Анастасовска, нагласувајќи дека изборот е направен исклучиво врз основа на стручноста, компетентноста и личниот кредибилитет.„Од дискусиите овде, и не само овде туку во јавноста општо, јасно беше дека Судскиот совет стана фактор на криза во судството. Двете кандидатки не ги предложив затоа што се жени, туку пред се заради нивната стручност и компетентност“, рече Силјановска Давкова.Според неа, реформите во правосудството не можат да дадат резултат доколку не започнат токму од телото кое има надлежност да одлучува за избор, оценување и одговорност на судиите.„Ако во Судскиот совет регрутираме луѓе посветени на правото, луѓе стручни и компетентни во областа, мислам дека тоа ќе значи промовирање на исти критериуми и при изборот на судиите, одговорноста на судиите и се разбира, очекувам нешто што додека бев пратеничка не го видов – да добиваме извештаи од Советот што ќе бидат аргументирани, во кои не само што ќе се детектираат проблеми туку и начини за нивно надминување, извештаи кои ќе значат исчекор во реформите“, изјави таа.Претседателката посочи дека професионалноста без етика не е доволна и дека независното судство може да се гради само врз комбинација од знаење, интегритет и одговорност.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-library6efq0kjcbkvhb5r16Wx

Кучиња од Албанија со ушни маркици најдени на улица во Скопје, тврди Анима Мунди

Нашето здружение на терен пронајде кучиња со ушни маркици од Република Албанија, на улица во Скопје, факт кој отвора исклучително сериозно прашање за нелегален, па дури и прекуграничен транспорт и напуштање на животни, реагира денеска Анима Мунди. Истовремено алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага за сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава што веќе директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и самото владеење на правото.Во општина Карпош, во изминатите денови, се појави нова глутница кучиња - животни кои се целосно непознати за локалното население, кои не се дел од постоечката улична популација и кои се појавија буквално преку ноќ. Станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што јасно укажува дека ова не може да биде природен прираст, туку насилна дислокација.Јавно и одговорно тврдиме дека станува збор за организирано внесување кучиња, затоа што ЈП „Лајка“ нема оставено, ниту пак има испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје. Граѓаните со години ги познаваат кучињата во своите маала - овие животни не се нивни. Дополнително, нашето здружение на терен пронајде кучиња со ушни маркици од Република Албанија, на улица во Скопје, факт кој отвора исклучително сериозно прашање за нелегален, па дури и прекуграничен транспорт и напуштање на животни.БАРАМЕ целосна проверка на сите безбедносни камери, јавни и приватни, на локациите каде кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје.Бараме МВР и Јавното обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни, затоа што ова не е изолиран чин, туку логистички организирана активност.Масовното напуштање и дислоцирање на кучиња претставува суровост, но и сериозна општа опасност. Затоа Анима Мунди одамна бара измена на законската рамка. Поднесовме конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, со кои бараме најстрого регулирање на сопствеништвото на кучиња, како и предлог-измени на Кривичниот законик со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност ќе се третираат како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.Истовремено упатуваме јавен и итен повик до ЗЕЛС - ова прашање мора да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници. Секоја општина мора да ја третира проблематиката со уличните кучиња хумано и согласно закон: со масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции секаде каде што ќе се утврди доказ за масовно дислоцирање.Јасно укажуваме: ниту Лајка , ниту било кое јавно претпријатие, НИТУ СТО ЛАЈКИ не можат да го решат овој проблем во услови на институционална инертност и толерирање на криминал. Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана. Бараме истрага, одговорност и итни мерки веднаш и насекаде за да се фатат сторителите и најстрого одговараат, согласно закон!

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-library8em3b8601fju3ZE1TSO

Палевски се жали од судијата кој го осуди на доживотна робија

Љупчо Палевски – Палчо, кој првостепено е осуден на доживотна казна затвор за грабнувањето и свирепите убиства на тинејџерката Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, поднел претставка до Судскиот совет, жалејќи се на, како што навел, тоа што судијата Ивица Стефановски, предолго ја пишувал писмената пресуда, која сега е во рацете на Апелација.Претставката на Палевски се најде на дневен ред на денешната седница на Судскиот совет, но по разгледувањето, членовите ја отфрлија како неоснована. Во неа, осудениот изразил незадоволство и од постапувањето на судијата Ивица Стефановски.Судијата Стефановски, пак, доставил писмено изјаснување до Судскиот совет во кое навел дека станува збор за исклучително сложен предмет, со обемен доказен материјал, бројни сведоци и повеќе обвинети, но и дека имал проблеми со здравјето па отсуствувал од работа.Паралелно со оваа постапка, Палевски по изрекувањето на доживотната казна затвор поднесе и жалба до Апелациониот суд во Скопје, со која бара да биде ослободен од вина или предметот да се врати на повторно судење. Жалбата ја поднел неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, кој во јавноста тврдеше дека во првостепената постапка биле направени сериозни процесни пропусти.Според одбраната, дел од доказите наведени во пресудата воопшто не биле изведени на главната расправа, а на одредени места, како што тврдат, судот се повикал на искази на обвинети како доказ, што, според нив, е правно недозволиво. Адвокатот најави дека на јавна седница пред Апелациониот суд детално ќе ги образложат овие наводи, особено несогласувањата во временските рамки и логичките противречности во пресудата.Судија-известител за предметот во скопска Апелација е Ѓоко Ристов, а предметот веќе е доставен на мислење до Вишото јавно обвинителство Скопје. Жалба на првостепената пресуда поднесе и Јавното обвинителство, но во делот што се однесува на ослободителната одлука за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој беше ослободен од обвинението за помагање при грабнувањето.Во првостепената пресуда, судот на Палевски и на Манев, Видевски и Кешишев им изрече по 10 години затвор за кривичното дело грабнување на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, како и доживотна казна затвор за двете убиства. Иако пресудата беше донесена, мотивите за злосторствата што ја потресоа јавноста во 2023 година и понатаму не се целосно разјаснети.Се очекува Апелациониот суд во наредниот период да закаже јавна седница, по која ќе одлучи дали ќе ја потврди првостепената пресуда, ќе ја укине и ќе наложи повторно судење или ќе донесе поинаква одлука.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryh7vu6v5hhldf6K6TAnh

Муцунски: Инцидентот со бугарската амбасада е изолиран, институциите реагираат брзо и ефикасно

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остро го осуди инцидентот со оштетувањето на стаклото од влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за изолиран настан, на кој институциите реагирале навремено и ефикасно.„Секој чин во таква форма ќе го осудиме. Според првичните информации, станува збор за изолиран инцидент, создадена е некоја материјална штета која не е во огромен обем. Без разлика на тоа, го осудуваме максимално инцидентот. Министерството за внатрешни работи дава максимум за истрагата. Оттаму треба да побарате информации. Институционално, има брз и ефикасен одговор“, изјави Муцунски.Тој нагласи дека државата не може да превенира секој поединечен кривично-правен настан, но дека одговорноста на институциите е јасна и недвосмислена.„Да, се работи за инцидент кој го осудуваме, но ние не можеме да го контролираме секој кривично-правен настан. Нашиот одговор е веднаш да го осудиме настанот, а институциите да го расветлат случајот“, додаде министерот.Изјавата на Муцунски доаѓа по инцидентот што се случи на 11 јануари, кога, според МВР, непознато лице оштетило стакло на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, по што веднаш биле преземени мерки за идентификување на сторителот и целосно расчистување на случајот.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
IMG_6897

Струмичанец со автомобил удрил во полицаец, оти се обидел да го легитимира, па го бркале до патарина

Шеесет и осумгодишен жител на Струмица е лишен од слобода откако со возило удрил полициски службеник и го напуштил местото на настанот на наплатна рампа кај Миладиновци, информираат од Министерството за внатрешни работи.Од МВР соопштија дека на 11 јануари 2026 година во 18:40 часот, на наплатната станица Преод, полициски службеници од СВР Скопје го привеле Б.П. (68) од Струмица. Приведувањето следело по настан што се случил околу 17:50 часот на наплатната станица Миладиновци, кога полициски службеници сопреле патничко возило „фиат браво“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Б.П., со намера да извршат легитимирање.Според информациите од полицијата, наместо да постапи по наредбите, возачот го стартувал возилото и удрил еден од полициските службеници, по што го напуштил местото на настанот. По преземените мерки и активности, тој бил пронајден и приведен на друга наплатна станица.Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежните органи.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryfdvu0vbd3h6l2aFFODu

Обид за грабеж во Кисела Вода, приведени лица за дрога и пријавен физички напад во трговски центар

Во текот на ноќта и денот меѓу 11 и 12 јануари 2026 година, на подрачјето на Скопје биле пријавени повеќе одделни инциденти, за кои Министерството за внатрешни работи информира дека се преземаат мерки за нивно целосно расчистување.Од МВР соопштија дека на 12 јануари 2026 година во 01:26 часот во СВР Скопје било пријавено оти околу 01:05 часот, на бензинска пумпа на подрачјето на Кисела Вода, две лица со закани кон вработениот се обиделе да одземат пари. Според пријавата, обидот за грабеж не бил успешен, а полицијата работи на утврдување на идентитетот на сторителите и на сите околности поврзани со настанот.Во друг случај, во периодот од 11 кон 12 јануари, полициски службеници од СВР Скопје, на различни локации во градот, ги лишиле од слобода А.Д. (20) и М.Б. (28), двајцата од Скопје. Кај нив била пронајдена и одземена марихуана, како и дробилка. Од полицијата најавуваат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.Дополнително, на 11 јануари 2026 година во 13:10 часот, во СВР Скопје С.К.П. (41) пријавила дека околу 12:20 часот, во трговски центар на подрачјето на Центар, била физички нападната од М.Д. (56), додека машко лице кое било во нејзино друштво ја снимало со мобилен телефон. Истовремено, и М.Д. поднела пријава, тврдејќи дека таа била физички нападната од С.К.П.Од МВР информираат дека и за овој настан се преземаат мерки за утврдување на фактичката состојба и за целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат соодветни постапки согласно закон.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
Screenshot-2023-09-14-at-20.56.30

Спречен обид за внесување 220 таблети во КПУ Идризово

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека на 11 јануари 2026 година во 15:00 часот во СВР Скопје било пријавено од Казнено-поправната установа Затвор – Идризово дека при претрес на пакет наменет за осудено лице биле пронајдени и одземени 220 таблети.Според информациите, претресот бил извршен околу 12:30 часот, а пакетот бил наменет за осуденото лице А.Н. (39) од Скопје. По откривањето на таблетите, тие биле одземени, а за настанот биле известени надлежните служби.Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и за утврдување на потеклото и намената на пронајдените таблети, по што ќе следуваат соодветни постапки согласно закон.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
benzinska-benzin-nafta-

Бензините поскапуваат, цената на дизелот останува иста

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која од полноќ, односно од 13 јануари 2026 година, се менуваат малопродажните цени на горивата.Бензините поскапуваат, цената на дизелот не се менува, а мазутот поевтинува.Цената на бензинот Еуросупер БС-95 се зголемува за 0,50 денари по литар и ќе изнесува 70,50 денари. Исто зголемување има и бензинот Еуросупер БС-98, чија нова цена ќе биде 72,50 денари по литар.Дизел горивото Еуродизел БС (Д-Е V) останува со иста цена и ќе се продава за 64,50 денари по литар.За 0,50 денари по литар поскапува и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија цена исто така ќе изнесува 64,50 денари по литар.Наспроти тоа, мазутот М-1 НС поевтинува за 0,668 денари по килограм и од утре ќе чини 32,133 денари за килограм.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryu0d6jrivubvi0frdYJb

(Фото) Се простија Муцунски и Агелер

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски објави фотографии од неговата средба со американската амбасадорка во Македонија, Ангела Агелер која заминува од земјава.На средбата изразивме заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес, пишува Муцунски во објавата на ФБ.Денеска остварив проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.Изразив благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.На средбата изразивме заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.Воедно, разменивме мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што ја потврдивме заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.

Македонија | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања