2 нед.
media-library74fi481gt6i71Q1oAw4

Тешки израелски напади врз Газа, загинати најмалку 32 лица

Најмалку 32 лица загинаа во низа израелски воздушни напади врз Појасот Газа, соопшти денеска палестинската агенција за цивилна заштита. Портпаролот Махмуд Басал рече дека во нападот врз полициската станица во округот Шеик Радван на северот на Газа загинале 14 лица, додека уште седум цивили биле убиени на југот на Појасот Газа кога бил погоден шатор каде биле сместени раселени лица.Палестинските власти ги оцениле овие напади како најтешки од стапувањето во сила на втората фаза на примирјето, договорена во октомври минатата година преку посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.Израелската армија соопшти дека целта на нападите била неутрализирање на команданти и инфраструктура на Хамас и Исламски џихад, вклучувајќи складишта со оружје, простории за ракување со оружје и две лансирни рампи.Откако примирјето стапи на сила, двете страни меѓусебно се обвинуваат за негово кршење, а нападите во последните 24 часа дополнително ги заострија тензиите во регионот.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
media-library0id7lsn0u6cf5T8CUDY

Германија инвестира многу во борбени дронови, но во Украина тие не ги погодуваа целите

Германија се подготвува да инвестира 267,7 милиони евра во нов систем за борбени беспилотни летала HX-2 од одбранбениот стартап Хелсинг, како дел од поширокиот план за модернизација на Бундесверот. Сепак, податоците од нивната употреба во Украина отвораат сериозни прашања за реалната ефикасност на системот.Според информации на „Политико“, дроновите HX-2 во украинските услови погодиле цел во околу 36 отсто од мисиите, односно во пет од 14 случаи. Во извештаите се наведува дека најголем дел од неуспесите не се должат на руски контрамерки, туку на технички проблеми, меѓу кои нестабилен видео-пренос, ограничувања при насочување и нефлексибилни сензорски системи.Планот на Берлин предвидува набавка на 4.350 дронови HX-2, заедно со симулатори, опрема за обука и техничка поддршка. Хелсинг, пак, јавно ја истакнува нивната употреба во Украина како доказ за сигурноста на системот и наведува дека дроновите се одобрени за борбена употреба и интегрирани во украинскиот воен команден систем.Од компанијата тврдат дека за време на тестирањата во Германија, Обединетото Кралство и на вежби со британската армија во Кенија, HX-2 постигнал стапка на погодок од речиси 100 отсто. Во исто време, Хелсинг предупредува дека украинските податоци се засноваат на „мал двоцифрен број“ распоредени дронови и дека тоа не овозможува сигурна статистичка проценка.Останува нејасно дали дроновите што Германија планира да ги купи се идентични со оние користени во Украина или станува збор за понова верзија. Поради клаузули за доверливост, компанијата одби да открие детали за евентуалните технички разлики.Двајца извори запознаени со процесот на набавки изјавиле за „Политико“ дека германското Министерство за одбрана ги анализира украинските податоци во својата проценка, но официјален коментар засега нема.Договорот е рамковен и предвидува можност за дополнителна набавка на уште 20.000 дронови, што би можело значително да ја зголеми неговата вкупна вредност. Германскиот парламент, кој мора да ги одобри сите воени договори над 25 милиони евра, треба да се изјасни до крајот на февруари.Во меѓувреме, „Блумберг“ објави дека Германија планира дел од пошироката набавка на ваква муниција да ја подели и со друг производител, со цел да избегне зависност од еден добавувач. Случајот повторно ја отвора дилемата со која често се соочува Бундесверот – како да се балансира итната воена потреба со реалните перформанси на скапата нова опрема, особено кога тестирањето доаѓа од активна воена зона.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
pozar-1

Непознато лице фрлало запалени шишиња кон куќа во Ѓорче Петров

Во раните утрински часови на 31 јануари 2026 година, во 03:22 часот, во СВР Скопје 49-годишна жена пријавила дека на подрачјето на општина Ѓорче Петров непознато лице фрлило две стаклени шишиња со непозната течност кон семејната куќа, кои претходно биле запалени.Според пријавата, едното стаклено шише паднало во дворното место, во близина на паркирано товарно возило, додека второто завршило на терасата од куќата, при што предизвикало пожар. Огнот бил навреме изгаснат од членовите на семејството, со што била спречена поголема материјална штета.Во настанот нема повредени лица. На местото бил извршен увид, а надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и за идентификување на сторителот.

Скопје | пред 2 седмици

2 нед.
media-library58kf6i4j99v3d5Fb2SZ

Епстин му нудел „жени и нивните сестри“ на поранешниот словачки претставник во БиХ

Американското Министерство за правда објави повеќе од три милиони нови документи од таканаречените „Епстинови документи“, во кои се појавува и името на словачкиот политичар и поранешен висок претставник во Босна и Херцеговина, Мирослав Лајчак. Во објавените пораки, покојниот финансиски магнат и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, наводно, му нудел на Лајчак „жени и нивните сестри“, што словачкиот дипломат категорично го негира, пренесува порталот Кликс.ба.На досега непознати делови од комуникацијата меѓу Лајчак и Епстин од 2018 година прв укажа порталот 360тка, наведувајќи дека пораките откриваат многу поинтимен и поинтензивен однос отколку што Лајчак претходно признавал. Според објавените документи, нивната размена не се однесувала исклучиво на политика и дипломатија, туку во повеќе наврати и на жени. Во една од конверзациите, Епстин му нуди жени на Лајчак, додавајќи дека може „да ги земе и нивните сестри“, а подоцна иронично забележува дека веројатно се премлади, бидејќи имаат под 30 години. На тоа, Лајчак одговара: „Не биди злобен. Не знаеш каков сум во акција“, како што пренесува весникот Деник Н. Во други пораки, двајцата, во опуштен и шеговит тон, коментирале на „девојки“ во Киев или Москва.На една фотографија од Москва, Епстин одговорил дека би сакал „поглед однатре“ и ги опишал девојките како „најдобриот руски извоз“, на што Лајчак додал: „Веднаш по нафтата“. И покрај ваквите содржини, Лајчак за порталот 360тка ги отфрли ваквите толкувања, тврдејќи дека никогаш не комуницирал со Епстин за жени. Сепак, документите укажуваат дека нивниот контакт не бил случаен. Името на Мирослав Лајчак се појавува во документите стотици пати, а Епстин често го ословувал со прекарот „Миро“.Дел од пораките потекнуваат од периодот кога Лајчак бил претседател на Генералното собрание на Обединетите нации и често престојувал во Њујорк. Во тој период, наводно, договарале средби, вечери и можни посети на резиденцијата на Епстин во Палм Бич, Флорида, место поврзано со злоупотреба на малолетни девојчиња.Објавените материјали допираат и до политички теми. Во една порака, Лајчак напишал дека „го сака“ рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тие разменувале мислења и за состојбата по убиството на новинарот Јан Куцијак во 2018 година. Лајчак му пишувал на Епстин дека има средба со „поранешен премиер“, најверојатно Роберт Фицо, и дека ќе му соопшти дека не сака да се кандидира за претседател. Како причина ги навел желбите на семејството и фактот дека себеси се гледа пред сè на „меѓународната сцена“, но истовремено изразил страв дека неговата партија Смер поради тоа ќе го мрази. Според пораките, Лајчак му нудел и посредување за организирање средба меѓу Стив Банон и Роберт Фицо, што подоцна го демантирал.Објавата на документите предизвика силни реакции во Словачка. Лидерот на партијата Прогресивна Словачка, Михал Шимечка, го повика Лајчак да поднесе оставка од функцијата советник на премиерот Роберт Фицо. Тој порача дека по ваквите откритија нема друга опција освен итна оставка или разрешување, нагласувајќи дека случајот му нанесува штета на угледот на Словачка во странство. И пратеничката од партијата СаС, Мартина Холечкова, побара оставка, оценувајќи дека документите се јасен доказ оти комуникацијата со Епстин не била само општествена или дипломатска.Американското Министерство за правда нагласи дека објавувањето на документите не значи потврда на вистинитоста на сите тврдења, бидејќи дел од записите потекнуваат од непроверени пријави, а дел од материјалите се значително редактирани. Сепак, обемот и карактерот на комуникацијата беа доволни да предизвикаат политичка криза во Словачка.Лајчак соопшти дека му понудил оставка на премиерот Фицо, не затоа што сторил нешто криминално или неетичко, туку за да не му наметне политички трошоци за нешто што, како што вели, не е поврзано со неговите одлуки. Тој изјави дека е подготвен да ги потврди своите тврдења на кој било начин и нагласи дека, како професионален дипломат, не би направил ништо што би довело до негова дискредитација. Премиерот Роберт Фицо, пак, уште кон крајот на ноември минатата година соопшти дека нема да го разреши Лајчак од функцијата советник поради медиумските наводи.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
media-libraryocbjqtf5pca36EpvliR

Филипче и Дончиќ во Загреб потпишаа Меморандум за соработка меѓу СДСМ и СДП

Во рамки на посетата на Загреб, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче и претседателот на СДП Хрватска, Синиша Хајдаш Дончиќ, потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете партии.Со потпишувањето на Меморандумот, СДСМ и СДП Хрватска ја потврдуваат заедничката посветеност на вредностите и принципите на европската социјалдемократија, како и определбата за продлабочување на соработката меѓу прогресивните политички сили во Европа.Целта на Меморандумот е зајакнување и унапредување на меѓупартиската соработка преку размена на искуства, политички решенија  и заеднички придонес за развој на демократијата и социјален напредок.Како клучни цели и задачи кои произлегуваат од Меморандумот, се зајакнување на демократските институции и инклузивната демократска култура, промовирање на социјалната правда, солидарноста, еднаквоста и човечкото достоинство, како и поддршка на работничките права, социјалниот дијалог и модернизацијата на социјалните политики.Меморандумот предвидува соработка и размена на искуства во повеќе области, меѓу кои партиска организација и развој, креирање јавни политики, социјална и економска политика, политики за работнички права, учество на младите и жените во политиката, локално управување, зелена  транзиција, како и соработка во процесот на европска интеграција и регионална стабилност.Соработката ќе се реализира преку конкретни активности како заеднички работни групи, конференции и тематски дебати, обуки, размена на експерти и редовни консултации меѓу партиските раководства.Со потпишувањето на Меморандумот, СДСМ и СДП Хрватска ја зајакнуваат меѓупартиската соработка и ја потврдуваат заедничката заложба за демократска, социјално праведна и европска иднина.

Македонија | пред 2 седмици

2 нед.
media-libraryj29nn8dg3pqlfc5lDUo

Жртвите на Епстин во шок по објавата на нивните имиња: „Ова е апсолутен хаос“

Жртвите на злосторствата на Џефри Епстин се „шокирани“ по најновата објава на документи на американското Министерство за правда, во која биле објавени нивни имиња, изјави за Би-би-си адвокатката за правата на жените Глорија Олред. Според неа, меѓу објавените податоци има и жртви кои досега никогаш јавно не биле идентификувани.Олред посочи дека во дел од документите имињата формално се затемнети, но и покрај тоа можат да се прочитаат. Таа додаде дека во некои списи се објавени и фотографии од жртви кои никогаш не давале изјави за медиумите и никогаш јавно не истапиле. „Ситуацијата е апсолутен хаос“, рече Олред, оценувајќи дека Министерството за правда „достигнало ново дно“ и дека „треба да се срами“.Би-би-си побара коментар од американското Министерство за правда, но одговор засега нема.Во објавените документи, кои станаа достапни синоќа, се вклучени околу три до три и пол милиони страници записи за активностите на Епстин, околу 2.000 видео-записи и приближно 180.000 фотографии собрани за време на истрагата, потврди заменик-главниот обвинител на САД, Тод Бланш. Од Министерството за правда тврдат дека дел од содржината е тешко или невозможно да се објави без да се наруши приватноста, поради што имињата и личните податоци на жртвите се делумно или целосно затемнети.Џефри Епстин беше осуден сексуален престапник и трговец со луѓе, кој во 2019 година беше пронајден мртов во притвор. Неговата мрежа опфаќа сериозни обвинувања за сексуална злоупотреба и искористување на бројни жртви, меѓу кои и малолетници. Со години, жртвите и дел од законодавците се залагаат за целосно објавување на списите, со цел да се разјасни улогата на влијателни поединци и можните обиди за институционално прикривање.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
media-library8rbk0brmvdnv4wziuyT

Две измами врз стари лица во Штип: Лажни лекари и измислени сообраќајки

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека во последните 24 часа на подрачјето на Штип се пријавени две измами извршени врз повозрасни лица, при што сторителите се претставувале како лекари и лажно пријавувале тешки сообраќајни незгоди.Според полицијата, на 30 јануари 2026 година, во СВР Штип најпрво бил пријавен случај во 11:30 часот од 96-годишен маж од Штип, кој навел дека бил измамен за износ од 3.500 евра. Како што пријавил, телефонски бил контактиран од лице кое се претставило како лекар и му соопштило дека неговата ќерка се здобила со скршеници и дека е неопходна итна операција за која требало веднаш да се плати. По претходен договор, оштетениот од балконот ги фрлил парите, кои биле преземени од лице што чекало под објектот и веднаш го напуштило местото. Подоцна, откако стапил во контакт со својата ќерка, сфатил дека станува збор за измама.Вториот случај бил пријавен истиот ден во 16:30 часот од 77-годишна жена од Штип. Таа изјавила дека по идентичен начин била измамена од лице кое се претставило како лекар и ѝ соопштило дека нејзината ќерка е тешко повредена и дека е потребна итна операција. По договор со сторителите, таа од балконот предала 3.000 евра, 30.000 денари и златен накит на женско лице, кое по преземањето го напуштило местото на настанот. Подоцна и таа утврдила дека станува збор за измама.Од МВР соопштуваат дека и во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните и откривање на сторителите, а апелираат граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви телефонски измами.

Македонија | пред 2 седмици

2 нед.
media-library5tb45vp9dq6b1pbS8xy

Чернобил остана без надворешно напојување поради затемнувањата во Украина

Нуклеарната централа во Чернобил привремено остана без надворешно напојување со електрична енергија, во услови кога низ Украина продолжуваат затемнувањата како последица на оштетувањата на енергетската мрежа. Засега не е познато што точно го предизвикало краткотрајниот прекин на струјата во објектот.Инцидентот се случува во период кога Русија со месеци изведува напади врз украинската енергетска инфраструктура, особено во текот на зимата, додека војната се приближува кон својата четврта годишнина во февруари. Овие напади значително го оптоварија електроенергетскиот систем и доведоа до чести прекини во снабдувањето со струја низ земјата.Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил овој викенд да не се напаѓа украинската енергетска инфраструктура, во момент кога Украина се соочува со исклучително тешки зимски услови. Кремљ соопшти дека станува збор за краток и ограничен прекин на нападите, кој ќе заврши во недела, додека Украина потврди дека за возврат нема да ја напаѓа руската енергетска мрежа.За недела се најавени и трилатерални мировни разговори меѓу Киев, Москва и Вашингтон, но нивната реализација сè уште е неизвесна. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговорите можеби нема да се одржат според планираното, поради зголемените тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Иран.„Од наша гледна точка, нешто се случува во односите меѓу САД и Иран и тие случувања би можеле да влијаат врз тајмингот“, изјави Зеленски, оставајќи отворено прашањето дали дипломатските напори ќе продолжат без одложување.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
media-librarygbvv7qr8a1pr4wzMjDz

Ѓоковиќ по 11. пат во финале во Мелбурн, Алкараз му стои на патот

Финалето на Australian Open е закажано за недела со почеток од 9:30 часот, а за трофејот на првиот грен-слем турнир во сезоната ќе се борат Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз.Ѓоковиќ избори пласман во финалето по драматичен полуфинален меч во кој славеше со 3:6, 6:3, 4:6, 6:3 и 6:3, иако двапати беше во резултатска негатива. Со ова, српскиот тенисер уште еднаш ја потврди својата доминација и ментална цврстина на терените во Мелбурн.Негов противник во финалето ќе биде Алкараз, кој по исцрпувачка борба што траеше пет часа и 21 минута, во пет сета го совлада Александар Зверев, обезбедувајќи си место во мечот за титулата.Ова ќе биде 11. финале за Ѓоковиќ на Австралија опен, турнир на кој досега никогаш не загубил финален натпревар. Доколку триумфира и овој пат, тој ќе ја освои својата 25. грен-слем титула во кариерата, со што дополнително ќе го зацврсти својот статус како еден од најуспешните тенисери во историјата на спортот.Финалниот дуел меѓу Ѓоковиќ и Алкараз се најавува како судир на искуството и младоста, во меч кој привлекува огромно внимание од тениската јавност ширум светот.

Спорт | пред 2 седмици

2 нед.
media-librarysqlrta387mnb2FesoVl

Две експлозии во Иран: најмалку пет загинати, режимот негира напад врз воен командант

Најмалку пет лица го загубија животот во две одделни експлозии што одекнаа во Иран, во време на засилени регионални тензии, јавуваат меѓународните медиуми. Иранските власти ги демантираа гласините дека цел на нападите бил висок воен командант, оценувајќи ги таквите тврдења како целосно неосновани.Првата експлозија се случила во јужното иранско пристаниште Бандар Абас, каде, според локалните медиуми, едно лице загинало, а најмалку 14 биле повредени. Втората експлозија е регистрирана во Ахваз, град оддалечен повеќе од илјада километри, при што животот го загубиле четири лица, потврдија локални официјални претставници.По инцидентите, полуслужбената новинска агенција Тасним соопшти дека наводите на социјалните мрежи, според кои мета на нападот бил командант на морнарицата на Револуционерната гарда, се „целосно лажни“.Според извештај на агенцијата Фарс, експлозијата во Бандар Абас погодила осумкатна зграда, при што биле предизвикани сериозни оштетувања на првите три ката. Радио „Персиски Залив“ информира дека биле оштетени и неколку автомобили и деловни објекти. На местото на настанот веднаш интервенирале спасувачки и противпожарни екипи, додека причината за експлозијата засега останува непозната. Објавените снимки прикажуваат расфрлано стакло и урнатини околу зградата.Пристаништето Бандар Абас се наоѓа на стратешки исклучително важниот Хормушки Теснец, клучен поморски премин меѓу Иран и Оман, низ кој минува околу една петтина од светската нафта. Инцидентите се случуваат во период на растечки тензии, во услови кога Соединетите Американски Држави ја засилуваат својата воена присутност во регионот.Иран во последниот период се соочува и со масовни протести предизвикани од економската состојба, кои, според властите, прераснале во обиди за уривање на режимот. Демонстрациите биле задушени од Иранската револуционерна гарда, а според проценките, загинале илјадници луѓе.Претходно оваа недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „голема армада“ се движи кон Иран, предупредувајќи дека доколку двете земји не постигнат договор, „ќе видиме што ќе се случи“.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
media-librarylqfv6rev63pbdSID1PK

(Видео) Пристигна трејлерот за „Берлин и дамата со хермелин“ – најавена најголемата кражба досега

Нетфликс го објави првиот трејлер за долгоочекуваниот спин-оф од универзумот на La Casa de Papel, со наслов Berlin i dama s hermelinom, кој ветува динамична и адреналинска приказна исполнета со акција, брзи автомобили, оружје и експлозии. Во 90-секундната најава, нараторскиот глас ја поставува сцената со зборовите дека Севиља е совршено место за инспирација на новата кражба.Дејството на новата сезона, која ја продолжува приказната од светот на сериите „La Casa de Papel“ и „Berlin“, е сместено во Севиља, а главниот лик Берлин повторно се здружува со Дамијан за да собере екипа и да изведе мајсторска кражба. На површина, целта е познатата слика „Дамата со хермелин“, но тоа е само параван. Вистинската мета, како што открива трејлерот, се војводата од Малага и неговата сопруга, кои се обидуваат да го уценат Берлин, не знаејќи дека со тоа ја будат неговата најмрачна страна и незапирливата желба за одмазда. Во трејлерот јасно се најавува и обемот на потфатот, со пораката дека станува збор за „најголемата кражба во историјата“.Објавата на трејлерот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, каде обожавателите на Берлин и „La Casa de Papel“ со нетрпение го очекуваат продолжението и новата приказна за еден од најхаризматичните ликови во франшизата.Во главните улоги повторно се појавуваат Педро Алонсо, Мишел Џенер, Тристан Уљоа, Бегоња Варгас, Хулио Пења Фернандес и Хоел Санчез. На актерската екипа ѝ се приклучуваат и нови имиња, меѓу кои Инма Куеста, која ја толкува Кандела – нова членка на бандата што ќе го освои срцето на Берлин, како и Хосе Луис Гарсија-Перес и Марта Нието, кои ги играат војводата и војвотката од Малага.Новата сезона, составена од осум епизоди, ќе има премиера на Netflix на 15 мај. Серијата е создадена од Алекс Пина и Естер Мартинез Лобато, а сценариото го потпишуваат заедно со Давид Барокал, Лорена Г. Малдонадо, Ициар Санхуан, Умберто Ортега и Луис Гаридо Хулвео. Режијата ја потпишуваат Алберт Пинто, Давид Барокал и Хосе Мануел Кравиото, додека продукцијата е во рацете на компанијата Vancouver Media, позната по глобалните хитови од истиот серијал.

Магазин | пред 2 седмици

2 нед.
media-libraryeq7tv8cc9qc84AAm9Qw

Малолетници од Струмица пријавени за насилство врз соученик

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе известување согласно Законот за правда за децата против тројца малолетници од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“.Според информациите од полицијата, на 29 декември 2025 година, во основно училиште во Струмица, а потоа и надвор од училишниот објект, пријавените физички нападнале нивен соученик. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и постапување по случајот, во согласност со законските прописи што се однесуваат на малолетни лица.

Македонија | пред 2 седмици

2 нед.
media-libraryfgvh7b599obe7jNveCs

Тешка несреќа на градилиште во Ѓорче Петров – возач на комбе не забележал човек зад возилото

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

Скопје | пред 2 седмици

2 нед.
media-librarylrht6l3hhfbp4EWSPWh

Ноќен инцидент во Ѓорче Петров: непознат фрлил запалени шишиња кон семејна куќа

Од Министерство за внатрешни работи соопштија дека на 31 јануари 2026 година, во 03:22 часот, во СВР Скопје 49-годишна жена пријавила дека на подрачјето на Ѓорче Петров непознато лице фрлило две стаклени шишиња со непозната течност кон семејната куќа, кои претходно биле запалени.Според пријавата, едното стаклено шише паднало во дворното место во близина на паркирано товарно возило, додека второто завршило на терасата од куќата, при што предизвикало пожар. Пожарот бил изгаснат од членови на семејството, а повредени лица нема.Од полицијата информираат дека е извршен увид на местото на настанот и дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

Скопје | пред 2 седмици

2 нед.
policija-2457

Скопјанец среде Центар покажувал агресија кон полицајци, малолетници со закани изнудиле пари од малолетник во Карпош

Полициски службеници од СВР Скопје на 30 јануари 2026 година, на повеќе локации во Скопје, ги лишиле од слобода А.Е. (24) и едно 17-годишно лице, двајцата од Скопје, откако кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.Истиот ден, во 23:50 часот, на подрачјето на Центар во близина на угостителски објект, полициски службеници од СВР Скопје го привеле И.С. (24) од Скопје, поради агресивно однесување кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.Претходно, околу 21:00 часот, во СВР Скопје, А.С. (52) од Скопје пријавила дека околу 18:00 часот, на автобуска постојка на подрачјето на Карпош, две малолетни лица со закана му одзеле пари на нејзиниот малолетен син. Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

Скопје | пред 2 седмици

2 нед.
media-libraryqtsr2hlacuj78WphT5u

СДСМ прашува: Дали клеветата кон Филипче беше алиби за повлекувањето на Кедев

Од СДСМ поставија сериозни прашања за, како што наведуваат, координирани потези на власта поврзани со здравствениот скандал со наводно непотребни операции на срце извршувани во приватни клиники, откако Сашко Кедев се повлече од комисијата што требаше да го разгледува случајот.Според СДСМ, и покрај сериозноста на обвинувањата и јавните објави за овој скандал, од неговото појавување до денеска нема конкретни институционални постапки. Како што наведуваат, јавноста не е информирана кои лекари и кои приватни клиники се инволвирани, нема транспарентност околу наодите, а досега не е поднесена ниту една кривична пријава.Во партиската реакција се поставува прашањето дали настапот на Жан Митрев со обвинувања кон Венко Филипче бил искористен како повод власта да го повлече Кедев од комисијата, со што, според СДСМ, се отвора сомнеж за политичко влијание и прикривање на одговорност.„Ова ли е цената што сите треба да ја платат за да се заштити Жан Митрев од одговорност?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека молкот на институциите и отсуството на конкретни чекори остава впечаток дека се купува време – за прикривање на траги, избегнување на одговорност или евентуално бегство од правдата.Опозицијата оценува дека за ваков скандал никој нема право да молчи или да калкулира и порачува дека ќе инсистира на целосно расветлување на случајот. „Нашата порака е јасна – ќе има одговорност, сите до еден“, наведуваат од СДСМ, барајќи итна реакција од надлежните институции и целосна транспарентност пред јавноста.

Македонија | пред 2 седмици

2 нед.
ukraina-kiev-1

Каскаден испад во украинската електромрежа: Киев и повеќе региони без струја, греење и вода

Украинскиот премиер Денис Шмихал соопшти дека утринава дошло до „каскаден испад“ во електроенергетската мрежа на Украина, по серија нарушувања на преносните водови меѓу Романија и Молдавија, како и помеѓу западниот и централниот дел на земјата.Според Шмихал, поради испадот нуклеарните електрани во моментов работат со намален капацитет, со цел стабилизација на системот. Државниот оператор на електроенергетската мрежа, Укренерго, околу 14 часот по средноевропско време информираше дека се воведени вонредни исклучувања на струјата во Киев и околината, како и во Черкаската, Чернивечката, Житомирската и Харковската област.„Недостигот на електрична енергија во системот и натаму е исклучително голем“, соопштија од Укренерго, додавајќи дека итните санациски работи се во тек и дека приоритет има снабдувањето на критичната инфраструктура.Причините за колапсот засега не се официјално потврдени. Извори од енергетскиот сектор и од Кабинетот на министри за украински медиуми изјавиле дека станува збор за системски дефект во енергетската мрежа, но дека точниот причинител сè уште се утврдува.Во Киев, по инцидентот, граѓаните останале без струја, греење и вода, во услови кога температурите се под нулата. На социјалните мрежи масовно се споделуваат фотографии и видеа од станови кои се целосно замрзнати, додека жителите се обидуваат да се загреат со импровизирани средства. Настанот доаѓа по повеќемесечната руска кампања на напади врз клучната украинска инфраструктура, која му нанесе сериозни оштетувања на енергетскиот систем.Киевската воена администрација соопшти дека околу 11 часот подземната железница привремено го запрела сообраќајот поради прекинот на електричната енергија. Дел од патниците останале заглавени во тунелите со часови, пред да бидат безбедно евакуирани.Компанијата Kyivvodokanal информираше дека поради прекинот на струјата е запрено и водоснабдувањето во целиот град, додавајќи дека нивните екипи соработуваат со енергетичарите за што побрзо нормализирање на состојбата. Проблеми со снабдувањето се пријавени и во јужниот дел на Одеската област, како и во централно-источната Дњепропетровска област.Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се преземени „сите неопходни мерки“ за обновување на електроенергетската мрежа и дека се очекува стабилизација на состојбата во најкраток можен рок. Украинските железници соопштија дека железничкиот сообраќај до пладне бил стабилизиран со минимални доцнења, а градската железница во Киев повторно почнала со работа.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
media-libraryt92a67b6b0si7Q97mU9

(Фото) Почна големо чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ по реакции од граѓаните

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

Скопје | пред 2 седмици

2 нед.
media-librarydmgn8ft3ttjl0IQ9EoZ

(Фото) Објавени спорни фотографии во пакетот „Епстин“, принцот Ендрју клечи пред жена која лежи на подот

Во новиот пакет документи поврзани со случајот на Џефри Епстин се појавија три фотографии кои, според описот во материјалите, наизглед го прикажуваат Принцот Ендрју во позиција во која клечи на раце и нозе над жена што лежи на подот.За фотографиите не е понудено дополнително објаснување, не е наведен датум на нивното настанување, ниту пак во документите има индикации дека е сторено какво било противправно дело. Во две од фотографиите, мажот на сликата, како што се наведува, наизглед го допира стомакот на жената, додека на третата фотографија е прикажан како директно гледа во камерата.Објавувањето на фотографиите повторно го стави во фокус принцот Ендрју, кој со години е споменуван во контекст на аферата поврзана со Епстин. Во изјава објавена на 17 октомври 2025 година, тој уште еднаш „енергично“ ги негираше сите обвинувања што се поврзуваат со неговото име.Документите, како и во претходните објави, не претставуваат судски наоди или обвиненија, туку дел од материјалите што произлегуваат од истрагите и архивите поврзани со случајот Епстин, чија содржина и натаму предизвикува силен јавен интерес и контроверзии.

Свет | пред 2 седмици

2 нед.
media-librarytljvsfk8b6jm7xCIUCF

Полициска акција низ државата: Алкохол зад воланот, измерени и до 2,48 промили

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека во текот на ноќта меѓу 30 и 31 јануари, полициски службеници од повеќе сектори за внатрешни работи исклучиле од сообраќај четири возачи кои управувале возила под дејство на алкохол, при што еден од нив предизвикал и сообраќајна незгода.На 31 јануари 2026 година, во 02:55 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Л.С. (52) од Охрид. Претходно, на пресекот на кејот „Македонија“ со улицата „Јане Сандански“, управувајќи патничко возило „нисан“ со охридски регистарски ознаки, тој удрил во патничко возило „голф“, исто така со охридски регистарски таблици, управувано од 22-годишно лице од Охрид. При преземањето мерки било утврдено дека Л.С. управувал под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,48 промили алкохол во крвта.Неколку часа претходно, на 31 јануари 2026 година во 00:35 часот, на улицата „Гоце Делчев“ во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б.П. (23) од Македонска Каменица. При сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „ауди“ со регистарски ознаки од Македонска Каменица, при што било утврдено дека возачот управувал со 1,78 промили алкохол во крвта.На 30 јануари 2026 година во 23:50 часот, на улицата „Алексо Демниевски“ во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода З.Ј. (45) од Велес. При контрола било сопрено патничко возило „хјундаи“ со велешки регистарски ознаки, а по алкотестирање кај возачот биле измерени 1,52 промили алкохол во крвта.Истата ноќ, на 31 јануари 2026 година во 00:35 часот, на улицата „Гоце Делчев“ во Велес, полициските службеници го лишиле од слобода и П.Ј. (54) од Велес, кој управувал патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки. Кај него биле констатирани 1,90 промили алкохол во крвта.Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на настаните, против сите четири лица ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од Кривичниот законик за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.

Македонија | пред 2 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања