3 нед.
media-library7vpbk3pc0g7ubWbSbaD

Американското Министерство за внатрешна безбедност тврди дека пукањето во Минеаполис било чин на самоодбрана

Американското Министерство за внатрешна безбедност (DHS) денеска објави официјална верзија на настаните поврзани со пукањето во Минеаполис, каде федерални агенти од имиграциската служба усмртија маж за време на операција во северниот дел на САД.Според соопштението на DHS, мажот им се доближил кон агентите за време на операцијата и наводно имал полуафтматски пиштол калибар 9 мм, кој бил прикажан на фотографија објавена на социјалната мрежа X од страна на министерството.Потоа, како што јавуваат американските медиуми, мажот бил убиен од федерални агенти при конфронтација каде што агентите првин се обиделе да го разоружаат, а тој, според DHS, „силно се спротиставил“ на тие обиди. Меѓу причините што ги наведува министерството е и стравот за сопствениот живот и за безбедноста на колегите, по што еден од агентите испукал одбранбени истрели и мажот починал на самото место. DHS исто така наведе дека мажот имал два полни магазини и не поседувал идентификациски документи.Министерството за внатрешна безбедност оцени дека околностите сугерираат дека лицето имало намера да предизвика што поголема штета и потенцијално да наштети на припадници на полицијата, по што порача дека операцијата ја спроведуваат со цел да обезбедат ред и безбедност. Како што соопшти DHS, по пукањето на местото подоцна пристигнале околу 200 лица кои протестирале, по што следеле мерки за контрола на толпата и обезбедување на областа. Истрагата за случајот продолжува додека локалните и федералните власти разменуваат информации за настанот, кој дополнително ги заостри тензиите во градот.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarylb5fd5n223vj4qNNtpu

(Видео) Снимка од пукањето во Минеаполис се шират на социјалните мрежи, автентичноста сè уште непотврдена

На социјалните мрежи денеска почна да се шири видеоснимка за која се тврди дека го прикажува самиот момент на пукањето во кое федерални имиграциски агенти усмртија маж во Минеаполис. Снимката, која за кратко време предизвика бурни реакции во јавноста, сè уште не е независно потврдена од надлежните институции.На видеото се гледа поголема група маскирани федерални агенти како го опкружуваат мажот и, по кратко туркање и нагурнување, го присилуваат да легне на улицата. Во еден момент се слушаат неколку истрели, по што агентите се повлекуваат од местото, додека мажот останува неподвижен, лежејќи на грб.Надлежните служби засега не ја коментираат автентичноста на видеото, ниту околностите под кои е направено, но неговото ширење дополнително ги засили реакциите и критиките по смртоносната интервенција, која веќе предизвика остри политички и јавни осуди во Минесота и пошироко.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryjjh2uiq9ssdhdLzpHTG

Федерални имиграциски агенти усмртија маж во Минеаполис: второ убиство во тек на неколку недели

Федерални агенти на американската имиграциска служба денеска усмртија маж за време на интервенција во Минеаполис, потврдија извори блиски до истрагата. Станува збор за втор смртоносен инцидент во кој во помалку од три недели се вклучени имиграциски агенти, што дополнително ги зголеми тензиите во градот кој и претходно беше зафатен од протести и јавен револт.Според достапните информации, мажот бил застрелан со огнено оружје во јужниот дел на Минеаполис, во близина на улицата Вест 26 и авенијата Николeт. Подоцна било потврдено дека тој им подлегнал на повредите. Полицијата соопшти дека станува збор за 37-годишен американски државјанин.Настанот предизвика остра реакција од гувернерот на сојузната држава Минесота, Тим Волц, кој преку социјалните мрежи информираше дека стапил во контакт со Белата куќа по, како што ја нарече, „уште една застрашувачка пукотница од федерални агенти“.„На Минесота ѝ е доста. Ова е одвратно. Претседателот мора да ја прекине оваа операција. Повлечете ги илјадниците насилни и необучени службеници од Минесота. Веднаш“, порача Волц.Инцидентот дополнително ја разгоре дебатата за методите на федералните имиграциски служби и нивното присуство во урбаните средини, особено во заедници кои веќе со недели излегуваат на улиците барајќи поголема отчетност и почитување на граѓанските права.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryr13igug2inobaJrxD8i

(Видео) Семејствата на загинатите бараат рок, одлука и одговорност: „Правдата што доцни не е правда“

„Правдата што доцни не е правда“ – ова беше пораката што денеска повторно одекна во Кочани, од устите на родителите и блиските на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, на 36. по ред „Марш за ангелите“. Со маршот, семејствата уште еднаш ги потсетија институциите дека трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, не смее да заврши во тишина, одолговлекување и заборав.Маршот се одвиваше по веќе воспоставената рута, од „Паркот на револуцијата“ до зградите на Основното јавно обвинителство Кочани и Судот, каде што родителите јавно ги поставија своите прашања и упатија директни пораки до надлежните. Тие изразија поддршка и за лицата против кои е поднесена тужба од страна на синот на сопственикот на „Пулс“, поради демолирањето на кафулето „Класик“ во трговскиот центар во Кочани, ден по трагичниот пожар, при што се бара отштета од 1,2 милиони денари.Семејствата повторно потсетија дека сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, и неговиот син Михајло Јованов се меѓу првообвинетите во предметот за пожарот, за кој судската постапка е во тек. Во таа насока, тие побараа одговор и за тоа до каде е истрагата против полициските службеници кои биле присутни во објектот кобната вечер.На почетокот на маршот, со едноминутен молк беше оддадена почит и на Фросина Кулакова, млада дизајнерка која пред една година го загуби животот на пешачки премин во Скопје. Родителите нагласија дека „Маршот за ангелите“ е борба за правда за сите млади животи изгубени поради системски пропусти, неодговорност и незаконско работење.Во меѓувреме, граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ информираше дека од донациите собрани за помош на настраданите во пожарот, државата наплатила над 2,2 милиони денари персонален данок. Со цел средствата да стигнат до оние на кои им се најпотребни, одлучено е 123 лица да добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари.Судењето за пожарот во „Пулс“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи в понеделник, на 26 јануари, со искази на петмина сведоци на Обвинителството. За трагедијата се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на објектот, негови блиски, инспектори од државни институции, поранешни министри и лица од агенцијата за обезбедување. Сите обвинети на почетокот на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.Родителите и блиските на загинатите порачуваат дека Кочани нема да престане да маршира сè додека правдата не биде целосна, навремена и неселективна. „Правдата што доцни не е правда“, повторија уште еднаш, најавувајќи дека нема да се повлечат.

Студио | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryqn1ah5r5483adoPs9qD

Трамп тврди дека во Венецуела било употребено тајно оружје „дискомбобулатор“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за таблоидот „Њујорк пост“ дека ново тајно оружје, наречено „дискомбобулатор“, одиграло пресудна улога во американската операција во која бил заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро.Според тврдењата на Трамп, мистериозното оружје ја онеспособило целата „непријателска опрема“ во моментот кога американските хеликоптери на 3 јануари слетале во Каракас за да го приведат Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, поради сојузни обвиненија за трговија со дрога и оружје. Тој навел дека венецуелските сили располагале со руски и кинески ракети, но не успеале да испалат ниту една, бидејќи системите престанале да функционираат.Трамп го спомена оружјето коментирајќи ги медиумските извештаи дека администрацијата на Џо Бајден купила уред поврзан со серија мистериозни здравствени нарушувања, познати како Хавански синдром. За самото оружје, како што рече, не смеел да зборува во детали.Во меѓувреме, од Венецуела пристигнаа сведоштва според кои припадници на обезбедувањето на Мадуро биле неспособни за отпор, со симптоми како крварење од нос и повраќање крв. Еден член на безбедносниот тим изјавил дека одеднаш престанале да работат сите радарски системи, по што над нивните позиции се појавиле бројни дронови и хеликоптери со американски војници.Според неговото сведоштво, кон обезбедувањето бил насочен уред што создавал силен, насочен бран, кој го опишал како чувство дека главата „пука одвнатре“. По дејството, тие паднале на земја, неспособни да се движат.Експертите наведуваат дека звучните оружја користат моќни бранови за онеспособување на противникот, предизвикувајќи главоболки, нарушувања на рамнотежата, дезориентација и можно трајно оштетување на слухот.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarygb6usmll34krfsA3s1j

(Видео) Агент на американската служба за имиграција застрела маж во Минеаполис

Агент на американската служба за имиграција и царина утрово застрела маж во јужниот дел на Минеаполис, во сојузната држава Минесота, потврдија градските власти. Инцидентот се случил околу 9 часот наутро, во близина на слаткарницата „Глам Дол Донатс“.Според новинар на порталот „Bring Me The News“, кој се нашол во непосредна близина, агентот пукал во мажот од неколку метри растојание, а видеоснимки покажуваат дека биле испукани повеќе куршуми. По пукањето, повредениот бил затекнат без свест на земја, по што екипите на итната медицинска помош започнале со реанимација. Неговата здравствена состојба засега не е соопштена.На социјалните мрежи се појавија и дополнителни видеоснимки на кои се гледа физичка пресметка меѓу неколку сојузни агенти и мажот, по што следувало пукањето.Ова е најмалку трет инцидент со употреба на огнено оружје во Минеаполис поврзан со агенти на службата за имиграција и царина во последниот период. Гувернерот на Минесота, Тим Волц, остро реагираше, оценувајќи го настанот како „одвратен“ и повикувајќи ја федералната власт итно да ја прекине операцијата и да ги повлече агентите од државата.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarypinaq9vv1e5u3Ce2AG3

Пронајдена марихуана во автомобил на кумановец

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Куманово, поради основано сомнение дека сторило кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.Како што информираат од Обвинителството, при полициска контрола во Скопје, во автомобилот со кој управувал осомничениот биле пронајдени околу пет килограми марихуана. Дрогата била спакувана во вакумирани најлонски ќеси и сместена во куфер во багажниот простор на возилото.Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryd27cureiliuadiUPLyP

Трговска ескалација: Трамп ѝ се закани на Канада со драстични царини

Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра закана до Канада, најавувајќи воведување царини од 100 отсто на целата канадска стока и производи што влегуваат во Соединетите Американски Држави, доколку земјата продолжи со спроведување на трговскиот договор со Кина.Во објава на својата платформа „Truth Social“, Трамп порача дека канадскиот премиер Марк Карни „се лаже“ ако мисли дека Канада може да стане „претоварна станица“ преку која Кина ќе извезува стока кон американскиот пазар.„Ако гувернерот Карни мисли дека ќе ја претвори Канада во претоварна станица преку која Кина ќе испраќа роба и производи во Соединетите Држави, тој е во сериозна заблуда. Кина буквално ќе ја изеде Канада, целосно ќе ја проголта – ќе ги уништи нејзините компании, општественото ткиво и начинот на живот. Доколку Канада склучи договор со Кина, веднаш ќе се соочи со царина од 100 отсто на целата канадска стока што влегува во САД“, напиша Трамп.Заканата доаѓа во момент на растечки тензии меѓу Вашингтон и Отава. Иако Трамп подолго време води трговска војна на повеќе фронтови, Канада овој месец постигна договор со Кина со кој се намалуваат царините за кинеските електрични возила, додека Пекинг возвратно ги снижува увозните давачки за канадските земјоделски производи.Односите дополнително се заострија во последните недели, со размена на јавни пораки меѓу Трамп и Карни, а ситуацијата е оптоварена и со иницијативата на американскиот претседател за преземање на Гренланд, што создава дополнителна нервоза во рамки на НАТО.За време на престојот во Давос, Трамп изјави дека „Канада опстојува благодарение на Соединетите Држави“, по што го повлече и поканувањето на Карни да се приклучи на неговиот новоформиран „Одбор за мир“. Претходно, американскиот претседател во повеќе наврати го доведуваше во прашање канадскиот суверенитет, па дури и сугерираше дека Канада би требало да стане 51-та сојузна држава на САД.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryfisefdcltqbg3o3TEFQ

Привремени прекини на сообраќајот во Куманово и Тетово поради тестирање на системот „Безбеден град“

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека утре, 25 јануари, во рамки на проектот „Безбеден град“ ќе се спроведуваат активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.Како што информираат од МВР, активностите ќе се реализираат во периодот од 08:00 до 20:00 часот. На секоја локација каде што се поставени камери, постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае релативно кратко, односно приближно од 15 до 30 минути.За време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта, по што ќе продолжи да се одвива нормално и без ограничувања.Од Министерството апелираат до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка, со цел планираните активности да се реализираат непречено и безбедно.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarysdcs49uqho91fXOoqEd

Дипломатска тензја меѓу Италија и Швајцарија поради ослободувањето на сопственикот на барот со кауција

Италија официјално вложи протестна нота поради одлуката сопственикот на барот во кој на Нова година изби смртоносен пожар во Швајцарија да биде пуштен на слобода со кауција. Како дополнителна мерка, Рим го повлече својот амбасадор од Берн, по што следуваа остри реакции и критики во двете земји, јавува Ројтерс.Жак Морети и неговата сопруга Џесика, сопственици на барот „Ле Констелацион“ во Кран-Монтана, се под истрага за убиство од небрежност и други кривични дела поврзани со пожарот во кој загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени. Морети беше уапсен на 9 јануари, но судот донесе одлука тој да биде пуштен на слобода со кауција, што предизвика силни реакции во италијанската јавност.Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја оцени одлуката како навреда за споменот на жртвите и за нивните семејства. Во трагедијата животот го загубија шест италијански државјани, а уште десет беа повредени. Во официјалното соопштение на италијанската влада се наведува дека Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани му наложиле на амбасадорот на Италија веднаш да стапи во контакт со главниот обвинител во швајцарскиот кантон Вале и да го пренесе, како што е наведено, силното негодување на Италија поради ваквата судска одлука.Во соопштението се потенцира дека судот донел одлука и покрај сериозноста на делата што му се ставаат на товар, ризикот од бегство и можноста за компромитирање на доказите. Италијанската влада истакнува дека целата земја бара вистина и правда и повикува на мерки што ќе одговорат на размерите на катастрофата, со целосно почитување на болката и очекувањата на семејствата на жртвите.Како дел од дипломатските чекори, на амбасадорот Џан Лоренцо Корнадо му било наложено да се врати во Рим, каде ќе се разгледуваат натамошните потези на италијанската дипломатија. Морети беше пуштен со кауција од 200.000 швајцарски франци и обврска секојдневно да се јавува во полиција. Адвокатите на жртвите и на нивните семејства изразија сериозна загриженост, наведувајќи дека тешко можат да ја разберат одлуката и дека постои ризик од исчезнување на клучни докази.Одбраната на Морети соопшти дека сопружниците изразуваат жалење за трагедијата и дека ќе соработуваат целосно со обвинителството, додавајќи дека ќе ги почитуваат сите барања на надлежните институции.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarya8rsujnem1l9enn8AOA

Моќна зимска бура се заканува на САД: откажани над 9.000 летови, милиони луѓе под тревога

Силна зимска олуја се заканува на Соединети Американски Држави, поради што се откажани повеќе од 9.000 летови планирани за викендот, а милиони граѓани се ставени под различни степени на предупредување. Надлежните служби предупредуваат на можни повеќедневни прекини во снабдувањето со електрична енергија и блокади на главните сообраќајници, јавува Асошиејтед прес.Предупредување за зимска олуја е издадено за околу 140 милиони луѓе на подрачје што се протега од Ново Мексико до Нова Англија. Националната метеоролошка служба прогнозира обилни снежни врнежи и појас на катастрофален леден дожд, кој се протега од источен Тексас до Северна Каролина. Метеоролозите предупредуваат дека штетите, особено во подрачјата погодени од мраз, би можеле да бидат споредливи со оние што ги предизвикуваат ураганите.Појавата на мраз и лапавица во текот на ноќта најпрво го погоди северен Тексас, по што во саботата се прошири кон централниот дел на државата. Националната метеоролошка служба соопшти дека опасно ниските температури и екстремниот студ ќе се задржат најмалку до понеделник. Во наредните ноќи температурите се очекува да се спуштат на едноцифрени вредности, со чувство на студ и до минус 24 степени Целзиусови. До сабота наутро биле регистрирани околу 68.000 прекини во снабдувањето со струја, од кои речиси 28.000 во Тексас, додека снег и лапавица продолжиле да паѓаат и во Оклахома.Се очекува олујата, по минувањето низ јужните делови на земјата, да се придвижи кон североисток и да донесе околу 30 сантиметри снег во градовите од Вашингтон, преку Њујорк, до Бостон. Во руралните подрачја на северниот дел на државата Њујорк температурите се спуштиле и до минус 34 степени, по денови на интензивни снежни врнежи.Гувернери во повеќе од десет сојузни држави прогласија вонредна состојба или ги повикаа граѓаните да останат во своите домови. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, соопшти дека државното министерство за транспорт превентивно ги третира патиштата и апелираше движењето да се сведе на минимум.Нарушувањата во авионскиот сообраќај се значајни. Според податоците на платформата „ФлајтАуер“, во саботата биле одложени или откажани над 3.300 летови, а за недела се откажани речиси 6.000. Патниците се соочуваат со долги чекања и пренасочувања, додека авиокомпаниите се обидуваат да се справат со екстремните временски услови.Комуналните компании се подготвуваат за можни долготрајни прекини во снабдувањето со струја, бидејќи мразот може да ги оптовари дрвјата и далекуводите, предизвикувајќи нивно паѓање и кинење. Во некои делови од Средниот Запад е регистрирано чувство на студ до минус 40 степени, што значи дека смрзнатини може да се појават за само неколку минути изложеност.Со цел да се подготви за најлошото сценарио, федералната влада стави во готовност речиси 30 тимови за пребарување и спасување. Според Федерална агенција за управување со вонредни состојби, веќе се распределени над седум милиони оброци, стотици илјади ќебиња и генератори низ подрачјата што се очекува да бидат погодени од олујата. Претседателот Доналд Трамп соопшти дека неговата администрација е во постојана координација со државните и локалните власти и дека федералните служби се целосно подготвени за одговор.Поради невремето, голем број верски служби, културни настани и образовни активности се откажани или префрлени онлајн. Училишта и универзитети во повеќе држави најавија прекин на наставата, додека властите апелираат на внимателност и солидарност во деновите што следуваат, предупредувајќи дека последиците од оваа зимска олуја ќе се чувствуваат и по нејзиното повлекување.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarynbsgr5oe8ol881HSycf

СДСМ нуди засолниште од „лудило на власт“

Претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата порача дека на државата ѝ е неопходна јасна визија и сериозна програма што ќе понуди излез од состојбата во која се наоѓа, оценувајќи дека актуелната власт ја турка Македонија во хаос и безнадежност.Во своето обраќање, Филипче нагласи дека голата критика не е доволна и дека на граѓаните им е потребна конкретна алтернатива. Тој истакна дека СДСМ нуди нов пристап и поинаква политика, која, како што рече, треба да биде засолниште од лудилото што го продуцира власта.Според Филипче, платформата и програмата на СДСМ се засновани на директен договор со граѓаните и на економски модел што човекот и неговите потреби ги става во центарот на политиките. Тој посочи дека економијата на достоинство значи јасна стратегија како парите што граѓаните ги уплаќаат во буџетот повторно да им се вратат преку повисоки плати, подобро образование, поквалитетно здравство и повисоки пензии.Филипче нагласи дека СДСМ нуди системски решенија за работниците, младите и пензионерите, засновани на социјална правда и европски вредности. Како клучен приоритет ја истакна борбата за достоинствена плата за живот, нагласувајќи дека профитот не е проблем, но алчноста мора да биде оданочена и контролирана.Тој порача дека враќањето на парите кај граѓаните не смее да се прави преку краткорочни и лажни мерки, туку преку долгорочни и системски инвестиции во сите сегменти на приходите и јавните услуги. За младите, Филипче најави визија за држава што ќе биде дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила и креативни умови, додека за пензионерите побара крај на, како што рече, изборната милостина и воведување гарантиран раст на пензиите што ќе ја следи инфлацијата.Во делот за работничките права, Филипче истакна дека СДСМ ќе биде штит за работниците и ќе ги брани од самоволието на работодавачите, обвинувајќи дека актуелната власт застанала на страната на крупниот капитал, наместо на страната на луѓето кои ја движат економијата.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-library44fkk6lo0ouk51N5oIy

Во 2015 година 5,8 милиони, во 2020 година скоро 11 милиони евра, Филипче дупло гo зголеми буџетот на „Жан Митрев“ Клиника со народни пари, вели Петрушевски

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска изнесе серија обвинувања на адреса на поранешната власт на СДСМ, тврдејќи дека за време на мандатот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче значително бил зголемен буџетот што државата го префрлала кон приватната Клиничка болница „Жан Митрев“.Петрушевски изјави дека последните случувања и јавното сведоштво на докторот Жан Митрев, според него, го разоткриле начинот на функционирање на тогашната власт предводена од СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев. Тој обвини дека здравствениот систем бил користен како алатка за притисоци, уцени и финансиски интереси, на штета на граѓаните.Според податоците што ги презентираше Петрушевски, во 2015 година, кога СДСМ бил во опозиција, буџетот што државата го издвојувала за Клиничката болница „Жан Митрев“ изнесувал 361,6 милиони денари, односно околу 5,8 милиони евра. По доаѓањето на СДСМ на власт, средствата, како што тврди, континуирано се зголемувале.Во 2017 година буџетот пораснал на 406,6 милиони денари, во 2018 година на 457 милиони, а во 2019 година достигнал 612 милиони денари. Кулминацијата, според Петрушевски, била во 2020 година, кога, во периодот кога министер за здравство бил Венко Филипче, кон клиниката биле префрлени 682 милиони денари, или речиси 11 милиони евра, што претставува речиси двојно зголемување во однос на 2015 година.Тој додаде дека високите трансфери на средства продолжиле и во следните години, со 602 милиони денари во 2021 и 2022 година, околу 548 милиони во 2023 година и 515 милиони денари во 2024 година. Првото, како што рече, значително намалување на средствата било забележано во 2025 година, кога сумата изнесувала околу 479,8 милиони денари, по промената на власта и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ.Петрушевски оцени дека овие бројки, според него, јасно укажуваат на фаворизирање на приватната клиника со народни пари во периодот кога СДСМ бил на власт. Тој постави прашање дали овие трансфери имале за цел да се намали вредноста на болницата заради можен влез на Филипче во приватниот здравствен сектор и побара одговорност и истрага од Јавното обвинителство за, како што наведе, сомнежите за криминал и злоупотреба на службената положба.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarynmmk7lv8h7ggct7J0EU

Судир на два „мерцедеси“ на патот Тетово–Јажинце, тројца повредени, двајца со тешки повреди

На регионалниот пат Тетово – село Јажинце, кај селото Слатино, вчера пред пладне се случила сообраќајна несреќа во која биле повредени три лица, соопштија од СВР Тетово. Несреќата била пријавена на 23 јануари 2026 година во 11:20 часот.Според информациите од полицијата, во судирот учествувале две патнички возила марка „мерцедес“, двете со тетовски регистарски ознаки. Едното возило го управувал А.И. (33) од селото Доброште, а другото А.Х. (36) од селото Нераште.Во сообраќајната несреќа, двајцата возачи се здобиле со тешки телесни повреди, додека сопатникот Б.А. (26) од селото Нераште се здобил со телесни повреди. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Тетово, каде што повредените биле пренесени за укажување медицинска помош.Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Тетово, а причините за несреќата дополнително ќе се утврдуваат во рамки на истрагата.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-library46r8nellpetv7A8rAkI

Што ви повторува животот сè додека не го разберете, според хороскопскиот знак

Замислете дека животот има свој алгоритам. Невидлив, упорен и понекогаш безобразен, кој постојано ги повторува истите теми сè додека не ја научите лекцијата. Нема случајности, туку работи што се враќаат и совршено се вклопуваат со карактерот на секој хороскопски знак. На едни им носи предизвици, на други спомени, на трети луѓе за кои мислеле дека одамна ги оставиле зад себе.Кај Овните, животот ретко дозволува мир. Штом ќе помислат дека конечно можат да здивнат, се појавува нов предизвик, нова борба, нова можност да се докажат. Ситуациите што им се сервираат бараат итна реакција, без премногу размислување. Пауза речиси и да нема, но затоа храброста, егото и трпението постојано се ставаат на тест, без никакви олеснителни околности.Биковите, пак, животот ги опсипува со удобност. Секогаш некако се наоѓаат во ситуации каде што можат да останат, да уживаат и да се задржат малку подолго. Добра храна, пријатни луѓе и навики од кои тешко се откажуваат постојано им се нудат. Проблемот настанува кога таа удобност се претвора во стагнација, но животот не брза да ги турне напред ако ним им е пријатно.Кај Близнаците, секојдневието е преполно со информации. Пораки, повици, нови луѓе, нови теми и идеи постојано се појавуваат. Едвај ќе започнат нешто, веќе се отвора нова можност. Досадата е речиси невозможна, но концентрацијата е вистински предизвик. Сè е интересно, сè изгледа важно, но ништо не трае доволно долго за целосно да се продлабочи.Раковите, напротив, постојано се соочуваат со минатото. Луѓе што се појавуваат одненадеж, спомени што излегуваат без најава и емоции за кои мислеле дека одамна се надминати. Животот упорно им ги враќа недовршените приказни, како да им порачува дека ништо не е затворено додека навистина не се проживее до крај.Лавовите секогаш имаат публика. Дури и кога не ја бараат, вниманието некако само ги наоѓа. Животот им нуди сцени, големи и мали, каде што можат да блеснат, да се истакнат или барем да бидат забележани. Постојаното прашање што им се поставува е што ќе направат кога рефлекторите ќе се вклучат.Девиците живеат во свет на постојани корекции. Грешки што треба да се поправат, системи што мора да се унапредат и сопствената личност како вечен проект. Дури и добрите моменти доаѓаат со листа на мали забелешки. Одморот е редок, а стремежот кон подобро речиси никогаш не престанува.Кај Вагите, животот постојано нуди избори. Две страни, две мислења, две вистини. Од нив се очекува рамнотежа, дипломатија и правичност, а одлуките ретко се едноставни. Прашањето што постојано се повторува е како да ги задоволат сите, без притоа да се изгубат себеси.Шкорпиите немаат површни искуства. Сè што им доаѓа носи длабочина, интензитет и силен емотивен влог. Дури и кога посакуваат мир, животот ги тера да погледнат под површината, каде што нема враќање назад и каде што секоја вистина има цена.Стрелците ретко мируваат. Патувања, преселби, неочекувани можности и уште понеочекувани луѓе постојано се појавуваат. Слободата им е дар, но и немир. Штом ќе се задржат предолго на едно место, животот им подава нова карта и ги турка напред.Јарците живеат со чувство на одговорност. Рокови, обврски и ситуации што бараат зрелост се нивна секојдневна реалност. Хаосот е редок, но тестовите на издржливост се постојани. Животот упорно ги прашува колку далеку можат да одат пред да признаат дека се уморни.Водолиите постојано се во експеримент. Необични луѓе, нови идеи и ситуации што другите не би ги сметале за нормални се нивна секојдневица. Рутината им е најголем непријател, а животот постојано ги предизвикува да одат чекор подалеку од прифатеното.Кај Рибите, реалноста често се меша со соништата. Емоции, интуиција и симболика се секојдневие. Луѓето доаѓаат со проблеми, ситуациите се сложени, а пораките ретко се директни. Сè има значење, дури и кога другите не го гледаат, а Рибите остануваат тие што чувствуваат, толкуваат и помагаат.

Магазин | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryamnv31vi0dvpf3Q0GVs

Филипче: Тешка оловна завеса се спушта на нашата татковина, ќе ја кренеме!

Претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, во обраќањето на 31. Конгрес на партијата порача дека СДСМ има јасна, недвосмислена и историска одговорност кон татковината и дека нема да дозволи државата да биде третирана како плен.„СДСМ добро знае што значи одговорност кон татковината. Другите ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом“, рече Филипче, нагласувајќи дека неговото обраќање не е само партиско, туку длабоко човечко и државотворно.Тој истакна дека на Конгресот не зборува исклучиво како партиски лидер, туку како граѓанин кој со загриженост ја следи состојбата во државата.„Денес не стојам тука пред вас само како претседател на партија. Стојам како човек кој со жалење гледа како се спушта тешка, оловна завеса над нашата татковина. Се враќаат духови од минатото за кои мислевме дека сме ги победиле“, предупреди Филипче.Според него, токму СДСМ има обврска да застане на браникот на државата и да ја преземе одговорноста во клучен момент за иднината на Македонија.„Знам, исто како што знаете и вие, дека ако ние – наследниците на партизаните, на државниците и визионерите – не ја кренеме таа завеса, никој друг нема да го стори тоа. Ова е собир за спас на македонското достоинство и за одбрана на она што е наше“, порача тој.Во продолжение на обраќањето, Филипче повика на соочување со реалноста во која живеат граѓаните, остро критикувајќи ги, како што рече, политиките на актуелната власт, кои ветувањата ги претвориле во длабоко разочарување.„Дали сме подготвени да ја прифатиме таа битка? Погледнете што се случува надвор. Погледнете ја реалноста, не онаа од лажниот ПР на Владата, туку онаа што се гледа во фрижидерот на работникот. Донесоа тендери за свои блиски луѓе, донесоа грабеж на европски пари од кои сите ние се срамиме“, изјави претседателот на СДСМ.Филипче заклучи дека партијата мора да ја преземе улогата на заштитник на државниот интерес, достоинството и животниот стандард на граѓаните, нагласувајќи дека ова не е прашање на партиска битка, туку борба за иднината на Македонија.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryq93i228b82uibfAfFRs

(Видео) На денешен ден е претставен првиот Mac: реклмата влезе во историјата на највлијателните во маркетингот

На 24 јануари 1984 година, Apple го претстави Macintosh, персонален компјутер кој не ја промени само технолошката индустрија, туку и начинот на кој луѓето размислуваат за дизајнот, креативноста и односот меѓу човекот и машината. Тоа беше моментот кога компјутерот престана да биде ладна алатка резервирана за експерти и почна да влегува во културата – како предмет на желба, статус и идентитет.Макинтош не беше првиот персонален компјутер, но беше меѓу првите што радикално ја доближи технологијата до обичниот корисник. Наместо текстуални команди и сложени интерфејси, тој понуди графичко опкружување со икони, прозорци и глушец – тогаш сè уште новина за пошироката јавност. Компјутерот можеше да се користи без сложени команди: да се кликнува, отвора и влече, наместо да се учат команди напамет. Таа промена не беше само визуелна, туку суштинска пресвртница во начинот на кој луѓето воопшто се среќаваат со технологијата.На 22 јануари 1984 година, за време на Супер Боул XVIII, Apple ја емитуваше рекламата „1984“, во режија на Ридли Скот, која и денес се смета за една од највлијателните во историјата на маркетингот. Инспирирана од романот на Џорџ Орвел, рекламата го прикажа Apple како бунтовник против униформноста, додека во таа симболика IBM ја доби улогата на „Големиот брат“, симбол на корпоративната доминација. Со тоа, компјутерот доби приказна, идеологија и силен емоционален набој.Два дена подоцна, на самото претставување, Стив Џобс го изнесе Макинтош пред публиката, а уредот во демонстрацијата „проговори“ со синтетизиран глас: „Hello, I am Macintosh…“. Тој момент совршено ја сумираше визијата на Џобс – технологијата не мора да биде само функционална, туку може да биде лична, забавна и дури емотивна.Првиот Макинтош имаше вграден екран, компактно куќиште и минималистички дизајн кој свесно се разликуваше од тогашните гломазни и индустриски компјутери. Беше скап и технички ограничен во однос на дел од конкуренцијата, но носеше нешто што се покажа подолготрајно од спецификациите – јасна филозофија. Пораката беше дека компјутерите не припаѓаат само на канцеларии и инженери, туку и на креативци: дизајнери, музичари, писатели, на сите што сакаат да создаваат, а не само да „пресметуваат“.Токму затоа Макинтош брзо стана клучна алатка во графичкиот дизајн и издаваштвото, а развојот на десктоп-паблишингот во средината на осумдесеттите години во голема мера се поврзува со екосистемот што го градеа Mac компјутерите, софтверот и печатачите од тоа време. Неговото влијание и денес се гледа во начинот на кој размислуваме за визуелната комуникација и за дизајнот како составен дел од технологијата, а не како украс.Со текот на децениите, Макинтош прерасна во културен симбол. Се појавуваше во филмови, музички студија, уметнички ателјеа и редакции на медиуми. Беше алатка, но и статусен знак, често спротивставен на „здодевниот“ ПЦ. Таа поделба, иако поедноставена, ги обликуваше технолошките идентитети на цели генерации.Иако моделите, оперативните системи и технологиите се менуваа, основната идеја остана иста: компјутерот како продолжение на креативноста, а не само на продуктивноста. Денешните Mac компјутери се неспоредливо помоќни од оригиналниот Макинтош, но наследството на тој јануарски ден во 1984 година и понатаму живее во инсистирањето на едноставност, дизајн и „човечко“ корисничко искуство.Од денешна перспектива, 24 јануари 1984 година не беше само лансирање на нов производ. Тоа беше почеток на култура на технологијата во која дизајнот, емоцијата и приказната станаа подеднакво важни како и процесорската моќ. Макинтош покажа дека технологијата може да има став – и дека токму тој став понекогаш го менува светот побрзо од самите хардверски спецификации.

Магазин | пред 3 седмици

3 нед.
ustaven-sud

Сомнеж за повреда на владеењето на правото: Уставниот суд го отвори случајот со извршувањето над јавните институции

Уставниот суд на Република Македонија на седница одржана на 21 јануари 2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, поради сомнеж дека одредбата е нејасна, непрецизна и спротивна на уставните начела на владеење на правото и заштита на сопственоста.Според Судот, со оспорениот член се воведува општа и недоволно дефинирана забрана за извршување врз предмети и права на државата, органите на јавната власт, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, доколку тие се сметаат за неопходни за вршење на нивната дејност. При тоа, законодавецот не утврдил јасни правни стандарди ниту прецизирал кои конкретни предмети и права се опфатени со ова ограничување.Уставниот суд изрази сомнеж дека ваквото законско решение доведува до ситуација во која правосилните судски пресуди и извршните решенија во корист на граѓаните и правните лица остануваат само формално признати, но во практика неизводливи. Како што беше посочено, доверителите можат да добијат пресуда во своја корист, но да не можат да ја реализираат, бидејќи не е јасно што точно може, а што не може да биде предмет на извршување.Дополнително, Судот го проблематизираше и вториот став од членот 218, кој му дава дискреционо право на претседателот на надлежниот суд да утврди кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста на должникот. Според оценката на Судот, ваквото решение создава правна непредвидливост и отвора простор за произволно одлучување, што директно ја нарушува правната сигурност како темелна уставна вредност.Во образложението беше нагласено дека ограничувањето на можноста за ефективна наплата на парични побарувања може да значи и повреда на уставно загарантираното право на сопственост, бидејќи доверителите, и покрај добиената пресуда, фактички остануваат без заштита.Иако подносителот на иницијативата, Николче Митевски, ја оспорил само содржината на првиот став од членот 218, Уставниот суд по сопствена иницијатива одлучи постапката да ја прошири и на вториот став, оценувајќи дека тие се меѓусебно поврзани и не можат одвоено да опстојуваат во правниот поредок.Во иницијативата е наведен и конкретен пример од судската пракса, каде лице вработено во комунално претпријатие, со наполнети 15 години работен стаж, не можело да го оствари правото на пензија поради неисплатени придонеси. Иако лицето добило правосилна судска пресуда во своја корист, извршување не било можно, бидејќи извршителот не можел да преземе дејствија против јавното претпријатие токму поради непрецизноста на спорната законска одредба.Уставниот суд најави дека при донесувањето на конечната одлука ќе го земе предвид и правното дејство што евентуалното укинување или поништување на членот 218 би го имало врз државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршни постапки, и согласно тоа ќе ја цени конечната одлука.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
mickoski-filipce

Филипче: Мицкоски беше турист во Давос, Македонија никогаш поизолирана

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата остро го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото присуство на Светскиот економски форум во Давос било „чист туризам“, додека државата, како што рече, се наоѓа во најдлабока дипломатска и социјална криза.Според Филипче, Мицкоски „глумел светски лидер“, но за пет дена не остварил ниту една значајна средба, додека во Македонија „народот се бори за корка леб, а државата пука по сите шавови“.„Додека народот се бори за корка леб, каде е премиерот? Во Давос. Прави селфија по ходници, без ниту една суштинска средба. Тоа не е хипербола – човекот беше турист. Скап туризам платен со народни пари“, рече Филипче.Тој оцени дека Македонија е во целосна дипломатска изолација, со блокиран европски пат и без јасна стратегија за меѓународно позиционирање.„Европа нè отпиша, а Америка не нè запишува. Наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа. Ова е дипломатско лудило и конфузија што не може да се оправда. Ова е предавство на националните интереси“, изјави Филипче.Во продолжение, лидерот на СДСМ посочи дека, според него, единствениот план на ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да остане „заглавена во калта на Балканот“, без европски правила, судови и контрола.„Сакаат да ја претворат Македонија во карантин зона и тампон за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од шест милијарди евра. Ја продаваат безбедноста на домовите и на децата за ситни политички поени. Тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ“, нагласи Филипче.Тој додаде дека нема да дозволат државата да стане „логoр за туѓи геополитички поткусурувања“, додека младите масовно ја напуштаат земјата.Осврнувајќи се на предизборните ветувања на актуелната власт, Филипче рече дека наместо најавената „гордост“, Македонија е доведена „до питачки стап“.„ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека СДСМ била потчинета на Европа и дека тие ќе ја враќале гордоста. А што добивме? Влада целосно потчинета, уценета и купена со кеш и проекти од Александар Вучиќ и Виктор Орбан. Ја сведоа државата на последната дупка на Балканот, со премиер кој не смее потпис да стави без одобрување од своите газди“, изјави Филипче.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryr9rbdo8qarrgaGvPbRW

Реакција од ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не се огради од Заев, ДУИ и партиските афери

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на говорот на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека тој одржал „празен отчет“ пред партискиот Конгрес, без да се огради од, како што велат, криминалите поврзани со СДС и неговото поранешно раководство.Од партијата посочуваат дека Филипче не дал одговор зошто СДС е петта политичка сила во Скопје и трета на национално ниво, ниту, пак, се оградил од својот политички ментор Зоран Заев. Во реакцијата се наведува дека Филипче го штити, како што тврдат, „криминалот на кланот Дубаи“, во кој, според ВМРО-ДПМНЕ, и самиот има улога.Партијата обвинува дека не се објаснети политиките на СДС кон Бугарија и Грција, вклучително и прифаќањето на францускиот предлог и договорите што, според нив, биле штетни за државата. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто СДС, како што наведуваат, влегол во конфронтација со Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство.Во реакцијата се споменува и Андреј Жерновски, за кого велат дека јавно застапувал бугарски наративи, како и наводната зависност на СДС од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Филипче не се оградил ниту од Артан Груби и случајот со Лотарија, ниту од Васко Ковачевски и аферата „Адитив“, за која се наведува штета од 6,5 милиони евра.Дополнително, се поставуваат прашања за наводните тендери и за користењето на службено луксузно возило, како и за врските со лица поврзани со снабдувањето на ЕСМ со јаглен. Во реакцијата се споменува и Зоран Верушевски, од чие, како што велат, „антидржавно однесување“ Филипче не се оградил.„Заклучокот е дека за ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Венко Филипче – проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 3 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања