3 нед.
media-librarya1uacrht0aqp4WALTxY

Преживеана во трагедијата во Кран-Монтана: „Инстинктот за преживување ме изнесе надвор“

Елеонора Палмијери, италијанска ветеринарка од Католика, е меѓу преживеаните во катастрофалниот пожар што избувна во барот „Ле Констелацион“ во швајцарската Кран-Монтана, каде во новогодишната ноќ животот го загубија 40 лица. Со тешки изгореници, Палмијери беше пренесена на лекување во болница во Милано, каде сè уште се опоравува, јавуваат италијанските медиуми.Од болничкиот кревет, таа на социјалните мрежи објави фотографии на кои се гледаат изгорениците на лицето и завиените раце и шаки, упатувајќи емотивна порака со благодарност до семејството, партнерот и медицинскиот персонал. „Голема благодарност до лекарите и целиот персонал, кои се грижат за мене со голем професионализам и човечност“, напиша Палмијери.И покрај тешката состојба, таа не ги заборави жртвите од трагедијата. „Моите мисли се со сите оние кои не преживеаја“, порача таа, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите.Во изјава за италијанскиот весник „Ла Република“, Палмијери се присети на драматичните моменти и начинот на кој успеала да се спаси. „Како се спасив? Не знам. Инстинктот за преживување ме изнесе надвор“, раскажа таа.Пожарот што ја потресе Кран-Монтана ја претвори новогодишната прослава во една од најсмртоносните трагедии во поновата историја на Швајцарија. Покрај 40-те загинати, повеќе од 115 лица беа повредени, а меѓу жртвите имаше и голем број млади, на возраст меѓу 14 и 21 година. Истрагата за причините за пожарот сè уште е во тек.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
tramp

Трамп го прескокнува Супербоул: „Ужасен избор“ на изведувачи за полувремето

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп откри дека нема да присуствува на овогодишниот Супербоул, кој ќе се одржи на 8 февруари во Сан Франциско, при што остро ги критикуваше изведувачите избрани за настап на полувремето – Бед Бани и бендот Грин Деј.Во ексклузивно интервју за „The Post“, Трамп изјави дека не може да ги поднесе музичарите кои ќе ја забавуваат публиката на најгледаниот НФЛ настан, оценувајќи го нивниот избор како „ужасен“. Тој посочи дека и Бед Бани и Грин Деј се познати како критичари на неговата политика.„Јас сум против нив. Сè што прават е да шират омраза. Ужасно“, изјави Трамп.Сепак, тој нагласи дека изведувачите не се главната причина поради која ќе го пропушти Супербоулот, туку локацијата. „Едноставно е предалеку. Да беше поблиску, ќе размислев да одам“, рече Трамп, додавајќи дека има добиено добри препораки за настанот.Бед Бани, кој потекнува од Порторико, претходно отворено го критикуваше Трамп, вклучително и преку песна во која, имитирајќи го неговиот глас, зборува за значењето на имигрантите во САД. Од друга страна, фронтменот на Грин Деј, Били Џо Армстронг, неодамна изрази поддршка за протестите против депортациите, јавно дистанцирајќи се од агендата на движењето MAGA.Трамп, инаку, присуствуваше на минатогодишниот Супербоул во Њу Орлеанс, каде што Филаделфија Иглс триумфираа над Канзас Сити Чифс.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
netanjahu

Нетанјаху двапати го одби Трамп

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху двапати го одбил барањето на Белата куќа да му дозволи на претседателот на Израел, Исак Херцог, да седи на бината за време на Светскиот економски форум во Давос, јавува израелскиот Канал 12, повикувајќи се на дипломатски извори.Според информациите, американската администрација побарала Херцог да присуствува на церемонијата за основање на таканаречениот „Одбор за мир“, на која бил поканет и поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Сепак, Нетанјаху го одбил предлогот, нагласувајќи дека поканата за учество на церемонијата била упатена исклучиво до него.И покрај поканата, израелскиот премиер не се појави на Светскиот економски форум. Причина за тоа, според изворите, е предупредувањето од Швајцарија, која е членка на Меѓународниот кривичен суд, дека ќе постапи по евентуален налог за апсење доколку Нетанјаху слета на нејзина територија.Од кабинетот на претседателот Исак Херцог одбија да го коментираат извештајот на Канал 12.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarytcdogk8io79cfk9mYlM

Пожарникарите и натаму на терен по пожарот во Нови Пазар

Пожарот што вчера изби во магацините на компанија за производство на текстил и во деловен објект во Нови Пазар е локализиран, но пожарникарските екипи и натаму остануваат на терен сѐ додека огнот целосно не биде изгаснат.Началникот на Одделението за вонредни состојби во Нови Пазар, Дарко Белиќ, изјави дека гаснењето ќе продолжи до целосна ликвидација на пожарот, по што ќе следи увид за да се утврдат причините за неговото избувнување. Увидот, како што посочи, се очекува да биде извршен во текот на денот или најдоцна утре.Тој објасни дека во магацините се наоѓале репроматеријали и тексас, кои поради својата структура бараат подолг и посложен процес на гаснење. Пожарнкарите, нагласи Белиќ, ќе останат присутни сѐ додека не исчезне и последниот пламен и трага од чад.Во интервенцијата, покрај екипите од Нови Пазар, учествувале и пожарникари од Рашка, Тутин, Сјеница, Ивањица, Краљево, Крагуевац и Чачак, на кои им беше упатена благодарност за укажаната помош.Пожарот изби околу 1:50 часот по полноќ, во ноќта меѓу петок и сабота, на улицата „Димитрије Туцовиќ“, при што биле зафатени повеќе поврзани објекти во индустриската зона. Според неофицијални информации, огнот зафатил повеќе од 2.500 квадратни метри магацински и производствени простории.Повредени лица нема, а причините за пожарот ќе бидат познати по завршувањето на истрагата.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-library3ris6de2hrpl08pK26C

(ВИДЕО) Бура го парализира САД: Вонредна состојба и предупредувања за над 140 милиони луѓе

Снежна бура предизвика сериозен хаос низ Соединетите Американски Држави, поради што за над 140 милиони луѓе, односно повеќе од 40 проценти од населението, е издадено предупредување за опасни временски услови. Поради невремето, речиси 12.000 летови планирани за викендот се откажани, јавуваат американските медиуми.Предупредувањето се протега од Ново Мексико до Нова Англија, при што Националната метеоролошка служба најави обилни снежни врнежи и замрзнување на коловозите од источен Тексас до Северна Каролина. Во делови од југоисточна Оклахома, источен Тексас и Луизијана е регистрирано формирање мраз со дебелина до 0,6 сантиметри.Метеоролозите предупредуваат дека по завршувањето на бурата ќе следи екстремно ниска температура, поради што снегот и мразот ќе се топат многу бавно, дополнително отежнувајќи ја нормализацијата на состојбата. Во некои региони штетите од мразот би можеле да бидат споредливи со оние предизвикани од урагани.Гувернерите во повеќе од десет сојузни држави прогласија вонредна состојба или апелираа граѓаните да останат во своите домови. Во меѓувреме, околу 120.000 корисници останаа без електрична енергија, најмногу во Тексас, Луизијана и Ново Мексико.Авиосообраќајот е сериозно нарушен, при што сите летови беа откажани на некои аеродроми, вклучително и во Оклахома Сити, додека меѓу најпогодените се аеродромите во Далас, Нешвил и Шарлот.Особено загрижувачки се температурите на Средниот Запад, каде се измерени и до минус 40 степени Целзиусови, што носи ризик од смрзнатини за само неколку минути. Во Висконсин е измерена температура од минус 38 степени, најниска во последните речиси три децении.Американската администрација соопшти дека е во постојана координација со државните и локалните власти, а девет сојузни држави побараа прогласување вонредна состојба со цел активирање федерални ресурси за справување со последиците од екстремното невреме.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
meso-mesarnici

АХВ со засилени контроли: уништени над 355 илјади килограми небезбедна храна

Над 125 илјади инспекциски контроли од областа на безбедноста на храната и храната за животни, здравствената заштита и благосостојбата на животните биле спроведени во текот на минатата година од официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, информираат од АХВ.„Контролите не се однесуваа само на домашниот промет, туку ги опфатија и производството, дистрибуцијата, угостителските објекти, како и увозот и извозот на храна и живи животни“, соопштуваат од Агенцијата.Од АХВ нагласуваат дека акцентот бил ставен на имплементацијата и одржувањето на процедурите за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, НАССР системот за безбедност на храната, соодветното означување на производите, како и мониторингот на храната од домашно производство и од увоз.„Фреквенцијата на официјалните контроли се спроведуваше согласно ризик-категоризацијата на објектите, при што операторите со висок ризик беа предмет на почести контроли“, наведуваат од Агенцијата.Во текот на 2025 година, во рамки на внатрешниот промет биле реализирани 47.200 редовни и вонредни инспекциски контроли. Притоа, издадени биле 5.406 решенија, поднесени 10 прекршочни пријави и изречени 1.073 прекршочни платни налози, со вкупна вредност од 618.010 евра во денарска противвредност. Поднесени биле и осум кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.„Во рамки на овие контроли, како небезбедна беше одземена и нештетно уништена храна во вкупна количина од 355.377 килограми“, информираат од АХВ, појаснувајќи дека станува збор за месо и месни производи, млеко и млечни производи, јајца, јаткасти плодови, риба, кондиторски производи, како и алкохолни и безалкохолни пијалаци.Покрај контролите во внатрешниот промет, инспекциските служби на Агенцијата спровеле и 78.016 контроли на увозни пратки и пратки во транзит со храна од животинско и неживотинско потекло, добиточна храна и живи животни.„Како небезбедни беа уништени осум пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69.785 килограми, а една пратка беше вратена во земјата извозник“, соопштуваат од АХВ.Дополнително, уништени биле и три пратки со храна од животинско потекло во вкупна количина од 22.061 килограм, додека 16 пратки биле вратени како небезбедни.Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека инспекциските контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедна и квалитетна храна на пазарот.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryrhb9sbv0ki648OKTANs

ВМРО-ДПМНЕ: Ако Филипче се грижел за граѓаните немаше да се случат Онкологија, модуларната болница во Тетово и недостигот од вакцини

Дали СДС воопшто делувала како политичка партија во седумте години власт или само како мрежа на поединци, кои ги користеле институциите за да си остварат бизнис планови? Кај Филипче инаку може да се забележи отсуство на било каква загриженост, за случајот со ,,Жан Митрев“, и како тој се обидел да ја преземе болницата преку финансиски притисоци, уцени, спогодби преку кои тој и Заев ветувале дека ќе влијаат во судски постапки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.„На сопственикот на болницата, Митрев, му било кажано дека ќе биде ослободен од обвиненијата против него, во судски спор кој тогаш се водел против него, но Филипче да ја преземе болницата, на легален начин, затоа што најмногу пари од Буџетот завршувале токму во таа болница, за што можеби и Филипче си ја подготвувал како профитабилен бизнис во иднина.Филипче да беше малку загрижен за интересот на граѓаните, и за ресорот кој тој го водеше, немаше да му се случат Онкологија, модуларната болница во Тетово, немање вакцини за време на ковид пандемијата, и ред други скандали со кои е поврзан тој.А за влијанијата во судските постапки, покрај тоа што мрежата на Заев како тогашен премиер целосно се инсталираше во судството, логично е да се праша, колку вакви случаи не завршиле со пресуда според закон туку со амин на Заев, и дали тоа е причината зошто ниту еден функционер на СДС не се плаши од истраги и одговорност?За овој случај, за кој и јавно се произнесе и сопственикот на клиничката болница ,,Жан Митрев“ на национална телевизија, Филипче нема одговор, но затоа вчера на партиски Конгрес се обиде да спинува се што оваа власт сега прави за доброто на државата и да се продава како спасител, а самиот е причината за што здравството е на ова дереџе.ЈО има обврска да ги испита индициите за изнуда и сомнежите за криминал за злоупотреба на службената положба“, се вели во соопштението.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
3-1

Најстудено утрово на Попова Шапка – измерени минус еден степен

Утрово најниска температура во земјава е измерена на Попова Шапка, каде живата во термометарот се спушти до минус еден степен Целзиусов. Ниски температури се регистрирани и во Битола со нула степени, додека еден степен е измерен во Прилеп, Тетово и Маврови Анови. Во Крива Паланка, Берово, Велес, Кавадарци, Крушево и Лазарополе утринската температура изнесуваше два степени.Во Скопје, на мерните места Зајчев Рид и Петровец, како и во Струмица, Охрид и Претор, измерени се три степени, додека повисоки утрински температури се регистрирани во Штип, Виница и Демир Капија со пет степени. Најтопло утрово било во Гевгелија, каде се измерени осум степени.Во изминатите 24 часа најмал воден талог е евидентиран во Пожаране, Лазарополе и Пожар, со еден литар на квадратен метар. Снежна покривка е забележана на повисоките планински предели, при што на Попова Шапка до 7 часот утрово се измерени 29 сантиметри снег, а на Маврови Анови девет сантиметри.Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во текот на ноќта, претежно во југоисточните делови, ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од 7 до 13 степени.Во Скопје се очекува променливо облачно време со умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Во текот на ноќта ќе има услови за повремен дожд, а максималната температура ќе достигне до 10 степени.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
8DFF6EB7-7CBC-4E8B-8AC8-F37BFC49B68C

Хуманоста на Тоше Проески инспирира: крводарителска акција во Домот на АРМ

Денес во Домот на АРМ ќе се одржи крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кој засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост.Оваа крводарителска акција традиционално секоја година ја организира Црвениот крст со поддршка на Институтот за Трансфузиона медицина. До сега преку овие крводарителски акции се собрани над 6.000 единици крв. Особено охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат, инспирирани од пораките што ги пренесуваше Тоше.

Скопје | пред 3 седмици

3 нед.
media-library6ug3fl146464dJlt1Xb

Нестабилно време со дожд и ветер, од понеделник пообилни врнежи

Претежно облачно време ќе преовладува денеска низ земјава, при што во крајните северозападни и југоисточни делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планински предели се очекува слаб снег. Ќе дува умерен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе дува од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 7 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 8 до 12 степени Целзиусови.Во Скопје времето ќе биде променливо облачно. Во претпладневните часови ќе има појава на магла, а попладне се очекуваат сончеви периоди со услови за повремени локални врнежи од дожд. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 12 степени.Во наредните денови следува период на изразена нестабилност. Во понеделник се очекуваат пообилни врнежи од дожд, со услови за ретки грмежи, а врнежите ќе продолжат и во вторник, сè до вечерните часови. Во среда претпладне времето ќе биде претежно сончево, но во попладневните часови облачноста повторно ќе се зголеми. Во текот на ноќта кон четврток и во текот на четврток се најавуваат нови врнежи од дожд, а на повисоките планински предели повторно ќе има услови за снег.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
toshe-proeski

Сеќавање на Тоше Проески: Денес ќе наполнеше 45 години

Македонската легенда Тоше Проески, денес на 25 јануари, ќе дуваше 45 свеќи на тортата.. Иако за многу фанови на Тоше Проески времето застана во 2007 година, тој сè уште живее преку неговите песни и дела. Нашиот Тоше, човекот кој умешее да ги сплоти сите. Кај него поделби немаше.Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево.Неговите родители уште како дете забележале дека поседува музички талент, па така и го насочиле неговиот животен пат. Како малечок настапува на „Златно славејче“ и на „Мелфест“, пред и официјално да ја почне својата музичка кариера. „Се се должи на љубовта кон музиката. Скалите си одат една по една сами по себе и никогаш не размислуваш што ќе се случи по 10 години или по 20 години“, изјавуваше Тоше Проески.Неговиот талент го забележуваат сите, па затоа и неговите настапи уште како дете завршуваат со награди. За првпат пред македонската публика се појавува на Скопскиот фестивал со „Остани до крај“ во 1997 година. Од овој момент почнува и неговиот поход кон ѕвездите.

Магазин | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryp0nu7j5urc7p4yljZmF

Петровска на Конгресот на СДСМ: Ако не се смениме, ќе исчезнеме од политичката сцена

На 31. Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се отворија тешки, но неопходни прашања за иднината на партијата, оцени поранешната министерка и пратеничка Славјанка Петровска, посочувајќи дека по два сериозни изборни порази, молкот и избегнувањето на суштинска дебата повеќе не се опција.Петровска нагласи дека последниот изборен резултат е катастрофален и дека не е изолиран инцидент, туку директна последица на долгогодишно отсуство на отворени дискусии и критичка анализа на поразите од 2024 и 2021 година, како и недоволно сериозно согледување на резултатот од парламентарните избори во 2020 година. Според неа, повторувањето на истите грешки би било кобно за партијата.Таа предупреди дека социјалдемократијата како идеја е жива, но дека без вистинска промена во начинот на функционирање, СДСМ ризикува постепено да биде маргинализиран, а во крајна линија и целосно да исчезне од политичката сцена.Во таа насока, Петровска предложи конкретни демократски промени, меѓу кои и статутарна измена со која претседателите на општинските организации би се избирале непосредно од членството, наместо да бидат именувани од претседателот на партијата, како што е досегашната практика. Според неа, ваквиот чекор е неопходен за враќање на вистинската моќ на одлучување кај членовите и за обновување на довербата во внатрепартиската демократија.Особен акцент беше ставен и на значењето на критичката мисла, која, како што порача Петровска, е суштинска одлика на социјалдемократијата и не смее да биде задушена. За да се расчистат дилемите околу мотивите и намерата на критиките во партијата, таа предложи воведување политички ветинг за сите сегашни и поранешни носители на јавни и партиски функции, како и за членовите на раководството.Целта, според неа, е да се спречат јавни пресметки и непримерни објави „едни против други“, кои дополнително ја разоруваат партијата и ја оддалечуваат од граѓаните.Петровска заклучи дека со јасна стратегија, искрено соочување со реалноста и одлучно дејствување, секој проблем може да се претвори во предизвик, а секој предизвик – во можност за нова победа.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryd14gn4a0nkubfPX4YWd

Русија: Украина направи терористички напад додека траеја преговорите во Абу Даби

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека најостро го осудува, како што наведува, терористичкиот напад извршен од украинската војска врз цивили во Херсонската област, тврдејќи дека инцидентот се случил во момент кога во Абу Даби се одржувале трилатерални разговори меѓу Русија, Соединетите Американски Држави и Украина.Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека нападот бил извршен со беспилотно летало и дека цел на нападот било амбулантно возило во кое се наоѓале здравствени работници. Според нејзините тврдења, во нападот загинале три лица од медицинскиот персонал.Захарова посочи дека инцидентот се случил на територијата на Херсонската област и дека времето на нападот, додека траеле меѓународни преговори во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, претставува свесна ескалација на конфликтот.„Киевските власти и нивните вооружени формации повторно извршија брутално злосторство врз цивили. Ваквите дејствија покажуваат неодговорен однос кон иницијативите насочени кон смирување на кризата и изнаоѓање политичко решение“, изјави Захарова.Таа најави дека лицата одговорни за нападот ќе бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата, притоа повикувајќи ја меѓународната заедница јасно и недвосмислено да го осуди, како што наведе, нападот врз медицински персонал и цивилна инфраструктура.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-library9i5ldf3q4h4d9DhvUpi

Адвокатката на газдата Деко: Родителите си дозволија штрајк фотошопирајќи го мојот лик, го нарушуваат угледот на секој адвокат

Адвокатката Ивана Коцевска, бранител на обвинетиот Дејан Јованов-Деко и неговиот син, во кривичниот предмет за трагичниот настан во Кочани, денеска излезе со јавен став по протестот на родителите на загинатите, посочувајќи дека досега свесно се воздржувала од јавни реакции од почит кон болката и тагата на семејствата.Во своето обраќање, Коцевска наведува дека молкот бил израз на емпатија и човечко сочувство, но дека по последните настани, смета оти повеќе нема простор за воздржаност.„Во својство на бранител на дел од обвинетите во кривичниот предмет за трагичниот настан во Кочани, досега се воздржував од секакви напади во име на емпатичноста и сочувството со болката на родителите на починатите. Меѓутоа, откако јавно се изложи револт за мојата покрената кривична постапка за вандализмот што се случи на 17.03.2025год од одредени НН лица кои родителите ги оправдуваат, а согласно законот се подложни на одговорност, повеќе немам простор да се воздржувам. Имено, родителите си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат и за ова треба и апелирам да реагираат сите надлежни органи на РМ во заштита на нашата професионална должност пред се, а потоа и во насока на заштита на нашиот интегритет и достоинство како носители на правната заштита и владеење на правото“, посочува Коцевска во реакцијата.Според Коцевска, емпатијата кон жртвите и нивните семејства не смее да биде изговор за оправдување на незаконити дејствија или за јавни дискредитации кои ја поткопуваат правната држава.

Македонија | пред 3 седмици

3 нед.
media-library7vpbk3pc0g7ubWbSbaD

Американското Министерство за внатрешна безбедност тврди дека пукањето во Минеаполис било чин на самоодбрана

Американското Министерство за внатрешна безбедност (DHS) денеска објави официјална верзија на настаните поврзани со пукањето во Минеаполис, каде федерални агенти од имиграциската служба усмртија маж за време на операција во северниот дел на САД.Според соопштението на DHS, мажот им се доближил кон агентите за време на операцијата и наводно имал полуафтматски пиштол калибар 9 мм, кој бил прикажан на фотографија објавена на социјалната мрежа X од страна на министерството.Потоа, како што јавуваат американските медиуми, мажот бил убиен од федерални агенти при конфронтација каде што агентите првин се обиделе да го разоружаат, а тој, според DHS, „силно се спротиставил“ на тие обиди. Меѓу причините што ги наведува министерството е и стравот за сопствениот живот и за безбедноста на колегите, по што еден од агентите испукал одбранбени истрели и мажот починал на самото место. DHS исто така наведе дека мажот имал два полни магазини и не поседувал идентификациски документи.Министерството за внатрешна безбедност оцени дека околностите сугерираат дека лицето имало намера да предизвика што поголема штета и потенцијално да наштети на припадници на полицијата, по што порача дека операцијата ја спроведуваат со цел да обезбедат ред и безбедност. Како што соопшти DHS, по пукањето на местото подоцна пристигнале околу 200 лица кои протестирале, по што следеле мерки за контрола на толпата и обезбедување на областа. Истрагата за случајот продолжува додека локалните и федералните власти разменуваат информации за настанот, кој дополнително ги заостри тензиите во градот.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarylb5fd5n223vj4qNNtpu

(Видео) Снимка од пукањето во Минеаполис се шират на социјалните мрежи, автентичноста сè уште непотврдена

На социјалните мрежи денеска почна да се шири видеоснимка за која се тврди дека го прикажува самиот момент на пукањето во кое федерални имиграциски агенти усмртија маж во Минеаполис. Снимката, која за кратко време предизвика бурни реакции во јавноста, сè уште не е независно потврдена од надлежните институции.На видеото се гледа поголема група маскирани федерални агенти како го опкружуваат мажот и, по кратко туркање и нагурнување, го присилуваат да легне на улицата. Во еден момент се слушаат неколку истрели, по што агентите се повлекуваат од местото, додека мажот останува неподвижен, лежејќи на грб.Надлежните служби засега не ја коментираат автентичноста на видеото, ниту околностите под кои е направено, но неговото ширење дополнително ги засили реакциите и критиките по смртоносната интервенција, која веќе предизвика остри политички и јавни осуди во Минесота и пошироко.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryjjh2uiq9ssdhdLzpHTG

Федерални имиграциски агенти усмртија маж во Минеаполис: второ убиство во тек на неколку недели

Федерални агенти на американската имиграциска служба денеска усмртија маж за време на интервенција во Минеаполис, потврдија извори блиски до истрагата. Станува збор за втор смртоносен инцидент во кој во помалку од три недели се вклучени имиграциски агенти, што дополнително ги зголеми тензиите во градот кој и претходно беше зафатен од протести и јавен револт.Според достапните информации, мажот бил застрелан со огнено оружје во јужниот дел на Минеаполис, во близина на улицата Вест 26 и авенијата Николeт. Подоцна било потврдено дека тој им подлегнал на повредите. Полицијата соопшти дека станува збор за 37-годишен американски државјанин.Настанот предизвика остра реакција од гувернерот на сојузната држава Минесота, Тим Волц, кој преку социјалните мрежи информираше дека стапил во контакт со Белата куќа по, како што ја нарече, „уште една застрашувачка пукотница од федерални агенти“.„На Минесота ѝ е доста. Ова е одвратно. Претседателот мора да ја прекине оваа операција. Повлечете ги илјадниците насилни и необучени службеници од Минесота. Веднаш“, порача Волц.Инцидентот дополнително ја разгоре дебатата за методите на федералните имиграциски служби и нивното присуство во урбаните средини, особено во заедници кои веќе со недели излегуваат на улиците барајќи поголема отчетност и почитување на граѓанските права.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryr13igug2inobaJrxD8i

(Видео) Семејствата на загинатите бараат рок, одлука и одговорност: „Правдата што доцни не е правда“

„Правдата што доцни не е правда“ – ова беше пораката што денеска повторно одекна во Кочани, од устите на родителите и блиските на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, на 36. по ред „Марш за ангелите“. Со маршот, семејствата уште еднаш ги потсетија институциите дека трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, не смее да заврши во тишина, одолговлекување и заборав.Маршот се одвиваше по веќе воспоставената рута, од „Паркот на револуцијата“ до зградите на Основното јавно обвинителство Кочани и Судот, каде што родителите јавно ги поставија своите прашања и упатија директни пораки до надлежните. Тие изразија поддршка и за лицата против кои е поднесена тужба од страна на синот на сопственикот на „Пулс“, поради демолирањето на кафулето „Класик“ во трговскиот центар во Кочани, ден по трагичниот пожар, при што се бара отштета од 1,2 милиони денари.Семејствата повторно потсетија дека сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, и неговиот син Михајло Јованов се меѓу првообвинетите во предметот за пожарот, за кој судската постапка е во тек. Во таа насока, тие побараа одговор и за тоа до каде е истрагата против полициските службеници кои биле присутни во објектот кобната вечер.На почетокот на маршот, со едноминутен молк беше оддадена почит и на Фросина Кулакова, млада дизајнерка која пред една година го загуби животот на пешачки премин во Скопје. Родителите нагласија дека „Маршот за ангелите“ е борба за правда за сите млади животи изгубени поради системски пропусти, неодговорност и незаконско работење.Во меѓувреме, граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ информираше дека од донациите собрани за помош на настраданите во пожарот, државата наплатила над 2,2 милиони денари персонален данок. Со цел средствата да стигнат до оние на кои им се најпотребни, одлучено е 123 лица да добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари.Судењето за пожарот во „Пулс“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи в понеделник, на 26 јануари, со искази на петмина сведоци на Обвинителството. За трагедијата се обвинети 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на објектот, негови блиски, инспектори од државни институции, поранешни министри и лица од агенцијата за обезбедување. Сите обвинети на почетокот на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.Родителите и блиските на загинатите порачуваат дека Кочани нема да престане да маршира сè додека правдата не биде целосна, навремена и неселективна. „Правдата што доцни не е правда“, повторија уште еднаш, најавувајќи дека нема да се повлечат.

Студио | пред 3 седмици

3 нед.
media-libraryqn1ah5r5483adoPs9qD

Трамп тврди дека во Венецуела било употребено тајно оружје „дискомбобулатор“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за таблоидот „Њујорк пост“ дека ново тајно оружје, наречено „дискомбобулатор“, одиграло пресудна улога во американската операција во која бил заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро.Според тврдењата на Трамп, мистериозното оружје ја онеспособило целата „непријателска опрема“ во моментот кога американските хеликоптери на 3 јануари слетале во Каракас за да го приведат Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, поради сојузни обвиненија за трговија со дрога и оружје. Тој навел дека венецуелските сили располагале со руски и кинески ракети, но не успеале да испалат ниту една, бидејќи системите престанале да функционираат.Трамп го спомена оружјето коментирајќи ги медиумските извештаи дека администрацијата на Џо Бајден купила уред поврзан со серија мистериозни здравствени нарушувања, познати како Хавански синдром. За самото оружје, како што рече, не смеел да зборува во детали.Во меѓувреме, од Венецуела пристигнаа сведоштва според кои припадници на обезбедувањето на Мадуро биле неспособни за отпор, со симптоми како крварење од нос и повраќање крв. Еден член на безбедносниот тим изјавил дека одеднаш престанале да работат сите радарски системи, по што над нивните позиции се појавиле бројни дронови и хеликоптери со американски војници.Според неговото сведоштво, кон обезбедувањето бил насочен уред што создавал силен, насочен бран, кој го опишал како чувство дека главата „пука одвнатре“. По дејството, тие паднале на земја, неспособни да се движат.Експертите наведуваат дека звучните оружја користат моќни бранови за онеспособување на противникот, предизвикувајќи главоболки, нарушувања на рамнотежата, дезориентација и можно трајно оштетување на слухот.

Свет | пред 3 седмици

3 нед.
media-librarygb6usmll34krfsA3s1j

(Видео) Агент на американската служба за имиграција застрела маж во Минеаполис

Агент на американската служба за имиграција и царина утрово застрела маж во јужниот дел на Минеаполис, во сојузната држава Минесота, потврдија градските власти. Инцидентот се случил околу 9 часот наутро, во близина на слаткарницата „Глам Дол Донатс“.Според новинар на порталот „Bring Me The News“, кој се нашол во непосредна близина, агентот пукал во мажот од неколку метри растојание, а видеоснимки покажуваат дека биле испукани повеќе куршуми. По пукањето, повредениот бил затекнат без свест на земја, по што екипите на итната медицинска помош започнале со реанимација. Неговата здравствена состојба засега не е соопштена.На социјалните мрежи се појавија и дополнителни видеоснимки на кои се гледа физичка пресметка меѓу неколку сојузни агенти и мажот, по што следувало пукањето.Ова е најмалку трет инцидент со употреба на огнено оружје во Минеаполис поврзан со агенти на службата за имиграција и царина во последниот период. Гувернерот на Минесота, Тим Волц, остро реагираше, оценувајќи го настанот како „одвратен“ и повикувајќи ја федералната власт итно да ја прекине операцијата и да ги повлече агентите од државата.

Свет | пред 3 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања