Ветувања за паркови, реалноста – чад и смрдеа од Вардариште
Со години наназад, на сите локални избори, без разлика на политичката партија или кандидатот, проблемот со дивата депонија „Вардариште“ беше дел од кампањите со ветувања дека конечно ќе се реши. Дури и беа најавувани големи проекти – на местото на депонијата да се изградат зелени паркови и рекреативни зони.Хронологија: кој што ветуваше (и кога)2014 – Град Скопје (раководството на Коце Трајановски): се најавува „нова намена“ на Вардариште – запечатување, ремедијациски технологии, собирање гас и постројка за енергија; во буџетот се издвојуваат 2 милиони денари. Истовремено е изготвена и физибилити-студија за санација на поранешната градска депонија.2018–2021 – предизборни циклуси и нереализирани планови: медиумски прилози потсетуваат дека студијата од 2014 останала на хартија и дека Вардариште често се појавува во предизборна реторика како „ќе биде средено/оплеменето“. Во октомври 2021 се објавува текст со наслов дека Вардариште се користи како „предизборен трик“ – студијата одамна постои, а реализацијата изостанува.Јули 2021 – Петре Шилегов (тогашен градоначалник на Скопје): јавно вели дека Градот нема средства за целосна санација според студијата; најавува само „примарна заштита“ додека се бара модел за финансирање. (Констатација за недостиг од пари, а не ветување со нови рокови).2021 (кампања) – Данела Арсовска и Тимчо Муцунски: во Аеродром се најавува голем парк од ~100.000 м² на локација каде „ќе се реализира проектот мега парк“; паралелно се ветува итно чистење на дивите депонии и справување со загадувањето во овој појас.Јануари 2023 – Бобан Стефковски (градоначалник на Гази Баба): конкретно ветување – „спортски и рекреативен центар на Вардариште“.Јануари 2024 – Данела Арсовска (градоначалничка на Скопје): Град Скопје објавува дека „за првпат по 60 години“ започнува целосно чистење и санација на Вардариште; најавен е и концепт „мега-парк и спортски комплекс“.Но, утринската слика во општина Аеродром покажува сосема поинаква реалност. Жителите повторно се гушат од густ чад и непријатна миризба што се шири од деловите на „Вардариште“ кои и натаму тлеат. Наместо паркова и зеленило, жителите добиваат загаден воздух и секојдневна загриженост за сопственото здравје.Проблемот со депонијата не е нов – тој трае со децении, а институциите постојано го префрлаат одговорноста една на друга. Иако јавноста очекуваше дека барем по толку изборни циклуси ќе се најде трајно решение, денес единствената вистина е дека чадот од „Вардариште“ сè уште го загадува поширокото подрачје на главниот град.Граѓаните на Аеродром сè погласно бараат одговори – дали некој навистина ќе го реши овој проблем, или и наредните избори повторно ќе донесат само нова тура на празни ветувања.
Скопје | пред 5 месеци