Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

media-librarytjamih4msa5veZJlUDJ

Македонското вино чекор поблиску до светската елита на саемот Wine Paris

Македонските винарии од 9 до 11 февруари ќе се претстават на еден од највлијателните меѓународни вински саеми, Wine Paris, преку заеднички национален штанд под името „Macedonian Wines“, со што ќе го промовираат квалитетот, потенцијалот и автентичноста на македонското винарство пред светската винска јавност.Настапот се реализира со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, како дел од стратешките напори за зголемување на извозот и унапредување на меѓународната препознатливост на македонските вина.Рамо до рамо со најреномираните светски винарии, македонските производители ќе ги претстават автохтоните вински сорти, специфичниот тероар и современите технологии во производството, испраќајќи порака дека Македонија сè посигурно го зазема своето место на глобалната винска мапа.Покрај официјалниот настап на саемот, во Париз ќе се одржи и посебен промотивен настан под наслов „Nuit du Vin Macédonien“ – „Ноќ на македонските вина“, наменет за презентација и дегустација пред внимателно селектирана публика од вински професионалци, дистрибутери, медиуми и познавачи на виното.Настанот е реализиран со поддршка и заложба на амбасадорот на Република Македонија во Франција, Игор Николов, кој имал значајна улога и во координацијата на настапот на македонските винарии на Wine Paris.Со овој настап, македонското вино испраќа јасна порака дека со својот квалитет, традиција и автентичност е подготвено за посилно и повидливо присуство на еден од најпребирливите и највлијателни светски пазари.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryvguvavm0h61idIMe95y

„Ќе умре и онака“: Изјава што ја одбележа расправата за терапиите на Онкологија

На судењето за случајот со Клиниката за онкологија, се отвори клучна контроверзија околу ставот дека кај тешко болни пациенти „нема потреба од терапија, бидејќи и онака ќе умрат“, што, според одбраната, произлегува од толкувањата на вештачењето.Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, која изработила медицинско вештачење според истории на десетици пациенти, посочи дека кај дел од случаите биле давани терапии без јасна индикација, во несоодветни дози и интервали, со што болеста напредувала побрзо, а во поединечни случаи, според неа, хемотерапијата можела и да ја забрза смртта.Одбраната на поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, остро реагираше, оценувајќи дека ваквиот пристап е „ригиден и теоретски“ и опасен во пракса. Адвокатот Боби Спирковски истакна дека ваквото толкување практично води до ставот дека кога лекарот ќе процени дека пациентот е „готов“, не треба да му се дава терапија, што, според него, е форма на прикриена еутаназија.„Кој може да каже колку време ќе живее пациентот за да одлучи дека веќе не треба да се лекува? Во нашата пракса, дури и кога состојбата е тешка, се дава терапија со надеж дека ќе се продолжи животот“, порача Спирковски, нагласувајќи дека лекарите често се принудени да работат со ограничени ресурси и без целосна достапност на лекови.Случајот продолжува во доказна постапка, а судот ќе треба да одмери дали станува збор за несовесно лекување или за медицински одлуки донесени во услови на тежок и ограничен здравствен систем.

Македонија | пред 1 месец

media-library4097e5t1147h6PuE8ww

Донесена одлука: Во Кочани ќе се гради „Патека на бесконечноста“ во спомен на 63-те жртви од трагедијата во „Пулс“

Во Кочани ќе се гради спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, посветено на 63-те ангели кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“. Родителите на жртвите информираат дека ја добиле официјалната одлука со која се одобрува изградбата на меморијалот, што за нив претставува важен и долгоочекуван чекор напред.Како што соопштуваат, Советот на Општина Кочани на седницата одржана на 30 јануари 2026 година донел официјална одлука за изведување на спомен-обележјето под името „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“. Проектот е наменет како траен спомен на младите животи што прерано згаснаа во една од најтешките трагедии што го погодија градот и државата.Според усвоената проектна документација, спомен-обележјето ќе се простира на површина од 1.053 квадратни метри. Предвидено е да биде изградено на дел од катастарската парцела број 12179, сместена меѓу улиците „Кеј на револуцијата“ и „Браќа Ставреви“, со максимална висина до три метри.Родителите посочуваат дека процесот не завршува со оваа одлука и дека во наредниот период ќе продолжат со обезбедување на останатата потребна документација, како и со прибирање финансиски средства. Поддршката, како што наведуваат, ќе доаѓа од компании и од поединци, но и преку спортски и хуманитарни настани, дел од кои веќе се одржале, а дел се планирани исклучиво со хуманитарна цел.Во своето обраќање, тие изразуваат длабока благодарност до Советот на Општина Кочани и до сите граѓани за покажаната солидарност, поддршка и човечност во овие тешки моменти. Според нив, оваа одлука е доказ дека заедницата не ги заборава своите најмлади сограѓани.Родителите истакнуваат надеж дека „Патеката на бесконечноста“ ќе биде изградена во најкраток можен рок и дека ќе претставува траен спомен, тивка болка и вечно сеќавање на 63-те млади луѓе кои прерано го напуштија овој свет.

Македонија | пред 1 месец

50-evra

Европа пред финансиски пресврт: Еврото се подготвува за поголема глобална улога

Европа мора да се подготви за значително поголема улога во светските финансии во услови на постепено слабеење на американскиот долар и да ја зајакне сопствената финансиска архитектура за да биде подготвена за зголемен пазарен удел на еврото, оценува Мартин Кохер, гувернер на Австриската централна банка и член на Управниот совет на Европска централна банка.Во изјава за медиумите, Кохер посочува дека зголемената улога на еврото е тренд што трае подолго време и дека во моментов се забележува појачан интерес од меѓународните партнери за европската валута. Според него, токму тоа е една од причините за забележливото зајакнување на еврото и за неговото сè почесто перцепирање како валута што нуди сигурност во периоди на глобална неизвесност.Во услови на кризи и нестабилност, инвеститорите традиционално се вртат кон златото, швајцарскиот франк и американскиот долар. Сепак, во изминатата година еврото зајакна за околу 14 проценти во однос на доларот, делумно како резултат на разнишаната доверба во САД поради честите промени во трговската политика. Истовремено, европските земји најавуваат зголемени инвестиции во одбраната и инфраструктурата, што дополнително ја засилува улогата на еврото.Иако доларот и понатаму има доминантна позиција со околу половина од светските девизни резерви, неговиот удел бележи надолен тренд во последната деценија. Еврото, пак, учествува со приближно 20 проценти. Според Кохер, глобалното финансиско преструктурирање може да му донесе на еврото уште поголема улога, вклучително и статус на безбедно прибежиште, за што Европа мора навреме да се подготви.Тој нагласува дека целта не е по секоја цена да се зголеми меѓународната улога на еврото, но дека околностите може да ја принудат Европа да ја преземе таа улога. Во таа насока, во рамките на Европската централна банка веќе се водат дискусии за користење на различни инструменти за стабилизација на меѓународниот финансиски систем, меѓу кои и меѓународни репо-договори, своп-линии и други механизми за обезбедување ликвидност.Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, неодамна истакна дека не постои директна врска меѓу силната меѓународна улога на една валута и нејзиното зајакнување во однос на другите валути. Таа посочи дека за една валута да биде извор на стабилност, потребни се долгорочно изградени предуслови, како што се сигурно и предвидливо правно опкружување во кое законите се почитуваат, критериум што, според неа, еврозоната веќе го исполнува.Лагард нагласи и дека постои напредок во третата клучна компонента за силна валута – трговската поврзаност со остатокот од светот. Таа оцени дека зајакнувањето на еврото зависи и од трговските договори на Европската унија со региони како Меркосур, Индија, Австралија и други партнери. Дополнително, таа истакна дека обезбедувањето ликвидност е суштински атрибут на силна валута, поради што Европската централна банка го преиспитува и унапредува својот ликвидносен рамковен систем преку репо-линии.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryg0t9jvdbjaqh972Y0KU

„Одговорноста не застарува“: Ченто реагира на изјавата на Заев

Јане Ченто, осуден за настаните од 27 април, со остра реакција се осврна на денешната јавна изјава на Зоран Заев, оценувајќи дека таа претставува навреда за интелигенцијата на народот. Според Ченто, човекот кој, како што наведува, ја распарчил државата, денес зборува како да нема никаква одговорност за хаосот што го оставил зад себе.„Денешната изјава на Зоран Заев е навреда за интелигенцијата на народот.Човекот кој ја распарчи државата зборува како да нема ништо со хаосот што го остави зад себе.Под негово водство, Македонија беше понижена, институциите уништени, а судството сведено на алатка за пресметка со неистомисленици.Зад неговите "реформи“ останаа скршени животи, неправди, прогон, селективна правда и страв. Луѓе беа жртвувани за политички маркетинг, а државните интереси заменети со лични договори и туѓи агенди.Ова не е политика.Одговорност мора да има!Вистината може да се одложува, но не и да се избрише.И колку и да се крие зад изјави и медиумски настапи, одговорноста не застарува.За сè што направи, мора да одговара за своите постапки –И ТОА ЧАС ПОСКОРО.Македонија памети“, напиша Ченто.

Коментари | пред 1 месец

berlin-protest

Дронови, пожари и хакерски напади: растечки ризици за здравствените установи во Берлин

Болниците во Берлин пријавуваат сè поголем број сомнителни инциденти, меѓу кои кибернапади, прелети на дронови, провали и подметнати пожари, што, според експертите, укажува дека здравствените установи стануваат лесни и привлечни цели за непријателски и криминални структури.Здружението на берлински болници предупредува на серија, како што ги опишува, „необјасниви инциденти“ во болниците и здравствените установи во главниот град на Германија. Дел од овие настани, според безбедносните и разузнавачките служби, се разгледуваат како можни облици на хибридно војување. Од Здружението нагласуваат дека заштитата на болниците повеќе не смее да се третира како внатрешно прашање на институциите, туку како задача што мора да се решава во тесна соработка со државните безбедносни служби.Поради безбедносни причини, не се соопштува во кои конкретни установи се случиле инцидентите, но од Здружението посочуваат дека растечките закани ги принудиле болниците да воведат поефикасни механизми за самоодбрана. Во Берлин функционираат повеќе од 80 болници, меѓу кои и „Шарите“, најголемата универзитетска болница во Европа, со традиција подолга од три века.Во ноември, силна експлозија сериозно ја оштетила болницата „Вивантес“, а само неколку часа подоцна избувнал пожар на влезот на „Шарите“. Во двата случаи биле погодени оддели за онколошки пациенти, што довело до отворање истрага за сомнеж за политички мотивирано подметнување пожар. Во текот на летото, биле пријавени и шест одделни пожари во подрумските простории на воената болница на Бундесверот, при што дел од медиумите шпекулирале за можна поврзаност со лекување на украински војници.Федералната служба за заштита на уставниот поредок соопшти дека засега не регистрира зголемени активности на странски разузнавачки служби насочени директно кон болниците, но истакна дека здравствените установи во последните години често се цел на киберкриминални групи. Се истражуваат бројни напади со изнуда преку заклучување на компјутерски системи, за кои постои сомнеж дека потекнуваат од руски киберкриминални мрежи. Според службата, границата меѓу кибершпионажата и киберкриминалот станува сè понејасна, а директна поврзаност со државни структури ретко може недвосмислено да се докаже.Експертите за заштита на критичната инфраструктура укажуваат дека болниците традиционално се слабо подготвени за ваков тип закани, особено помалите установи, главно поради хроничен недостиг од финансиски средства. Дел од болниците, според нив, ги насочуваат ограничените ресурси кон профитабилни оддели, наместо кон сеопфатна безбедносна инфраструктура. Дополнителен проблем е и растечката подготвеност за насилство кон здравствени работници и служби за итна помош, што се поврзува со ширење дезинформации на интернет.Во јануари, при пожар во Еврејската болница во Берлин беа повредени 14 лица, а истрагата се води во координација со безбедносните служби. Истата година, саботажа на електрични водови во југозападниот дел на градот остави околу 100 илјади жители без греење, струја и интернет за време на екстремно ниски температури, при што одговорност презеде екстремистичка група.Според безбедносните аналитичари, Германија сè уште не е доволно подготвена за заштита на критичната инфраструктура. Иако се преземени одредени чекори, тие, според нив, доаѓаат доцна и не се доволни. Берлин, сепак, направил исчекор со усвојување на првиот рамковен план за цивилна заштита на болниците, но се нагласува дека се неопходни значајни и насочени инвестиции за зголемување на отпорноста на здравствениот систем.Според проценките, потребни се околу 2,7 милијарди евра почетни инвестиции и дополнителни 670 милиони евра годишно за оперативни трошоци, со цел болниците да можат да одговорат на актуелното ниво на закани. Германскиот парламент неодамна усвои и нов законски пакет за зајакнување на заштитата на критичната инфраструктура, кој ги обврзува институциите во стратешките сектори да ја подобрат физичката и информатичката безбедност.

Свет | пред 1 месец

media-libraryejbjkbqsdssb7iWOZzl

Кривична за фирмата и газдата на чиј објект загина младиот Кристијан Љушев во Охрид

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.М.(43) од Охрид и против правен субјект со седиште во Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на правата од работен однос“.Пријавениот С.М. во својство на сопственик и управител во правниот субјект, свесно не се придржувал кон одредбите од Законот за засновање на работен однос и во правното лице, уредно не го пријавил и не извршил работничко осигурување на сега починатиот работник К.Љ. од Охрид, со што му ги одзел и ограничил правата што му припаѓале.С.М. дозволил пристап на сега веќе починатиот работник, на работно место кое е изложено на сериозни и специфични опасности, без притоа да добие посебни упатства за работа, односно дозволил да извршува работни задачи како помошник монтер, без притоа да изврши основна обука од областа на безбедност и здравје при работа и без соодветен здравствен преглед во здравствена ординација по медицина на трудот.

Охрид | пред 1 месец

media-libraryf80tj7ah7kaufWqMifA

Кремљ: Состојбата со горивото на Куба е критична, американскиот притисок ја продлабочува кризата

Кремљ соопшти дека состојбата со снабдувањето со гориво на Куба е критична и оцени дека американските обиди за „гушење“ на економијата на островската држава предизвикуваат сериозни тешкотии. Реакцијата на Москва доаѓа откако кубанската влада претстави план за рационализација на потрошувачката на гориво и заштита на клучните јавни услуги, со цел справување со продлабочената енергетска криза, објави агенцијата Ројтерс.Кубанската комунистичка влада во петокот детално ги изложи мерките за надминување на кризата, истовремено спротивставувајќи се на напорите на САД да го прекинат снабдувањето со нафта за карипскиот остров. Вашингтон претходно ја прогласи Куба за „невообичаена и вонредна закана“ за американската национална безбедност.Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва е целосно свесна за тежината на ситуацијата. Тој нагласи дека Русија одржува интензивни контакти со кубанските власти преку дипломатски и други канали, со цел да се разгледаат можностите за ублажување на кризата.Песков ја истакна и незадоволството на Москва од американската политика кон Куба, оценувајќи дека тактиката на економски притисок создава бројни проблеми за земјата. Според него, Русија разговара со кубанската страна за потенцијални решенија или, во најмала мера, за обезбедување помош каде што е можно.Изјавата следуваше по новинарско прашање за информациите за недостиг на авионско гориво и можните последици за руските туристи кои сакаат да ја напуштат Куба, која со децении е сојузник на Москва. Минатата недела, рускиот амбасадор во Хавана, Виктор Коронели, изјави дека Русија во изминатите години повеќепати ја снабдувала Куба со нафта и дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина.Во периодот кога беа дадени овие изјави, Русија се обидуваше да ги подобри нарушените односи со Соединетите Американски Држави, додека тогашниот американски претседател Доналд Трамп настојуваше да посредува во постигнување договор за завршување на војната во Украина. И покрај тоа, Кремљ јасно стави до знаење дека останува незадоволен од односот на Вашингтон кон Куба и последиците што таа политика ги има врз економската стабилност на островот.

Свет | пред 1 месец

pari

Платите во администрацијата ќе растат од март до 2028 година, договорени 8 проценти годишно

Од март па сè до 2028 година, месечните примања на околу 11 илјади вработени во јавната администрација ќе се зголемуваат за по осум проценти на годишно ниво, дополнително усогласени со законските корекции што произлегуваат од движењето на минималната плата. По долг период на преговори меѓу синдикатите и Владата, постигнат е договор за континуиран раст на платите во јавниот сектор.Синдикатот УПОЗ првично бараше зголемување од 10 проценти, но на крајот прифати осумпроцентен раст, според моделот понуден од Владата. Договорот е резултат на повеќемесечен социјален дијалог, синдикални протести и притисоци, со цел постепено намалување на јазот меѓу платите во администрацијата и реалните трошоци за живот. Првото зголемување ќе биде пресметано со мартовската плата.Од УПОЗ најавија дека во наредниот период ќе подготват предлог-текст на колективен договор, кој ќе биде доставен до Министерството за јавна администрација. Потоа, во координација со Министерството за финансии, ќе се изработи единствен колективен договор што ќе им биде понуден на институциите во јавниот сектор, со цел унифицирање на условите и јасна динамика на исплата.Иако договорот е оценет како чекор напред, дел од вработените во администрацијата укажуваат дека реалните ефекти ќе бидат ограничени. Причина за тоа, според нив, е инфлацијата, но и фактот што дел од растот ќе произлезе од општото зголемување на минималната плата, кое важи за сите вработени, а не само за администрацијата.Првичните реакции се фокусираат и на конкретните примери од праксата, особено кај административниот персонал во болниците и судовите, каде платите изнесуваат околу 28 илјади денари со вклучен надомест за храна и превоз. Кај овие категории, првичниот нето-ефект од зголемувањето се проценува на околу 1.400 денари, што, според дел од вработените, не е доволно за значително подобрување на животниот стандард.

Македонија | пред 1 месец

fon-der-lajen

Европа пред пресврт: Минхенскиот безбедносен извештај најавува идеолошка и стратешка конфронтација со САД

Европа дошла до болен но клучен заклучок дека мора да биде поодлучна и воено поавтономна, ослободена од зависноста од сè поавторитарната американска администрација која, според оценките, веќе не ги споделува либералните демократски норми и вредности. Ова е централната порака на извештајот подготвен за Минхенската безбедносна конференција што започнува оваа недела, објави британскиот весник „Гардијан“.Во документот се нагласува дека Европа влегува во период на отворена идеолошка конфронтација со Белата куќа на Доналд Трамп, при што сè поголем број европски лидери ја прифаќаат реалноста дека САД повеќе не се сигурен безбедносен и трговски партнер. Потребата од поголема воена автономија веќе не се смета за теоретска дебата, туку за практична нужност.Како клучен момент во овој пресврт се посочува говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на минатогодишната Минхенска конференција, кога тој ги обвини европските елити дека ја задушуваат слободата на говорот и ја поттикнуваат масовната миграција. Според извештајот, токму тогаш Европа сфатила дека администрацијата на Трамп радикално се оддалечува од досегашните трансатлантски позиции и од вредносната рамка што со децении ја дефинираше западната алијанса.Односите дополнително се влошиле преку низа конкретни судири – од американскиот притисок Украина да прифати територијални отстапки кон Русија, преку заканите за преземање на Гренланд, до протекционистички мерки како воведување царини и ограничувања за инвестиции. Поделбата јавно ја посочи и канадскиот премиер Марк Карни, кој на Светскиот економски форум во Давос предупреди на длабок раскол меѓу САД и нивните традиционални западни сојузници.Извештајот оди чекор понатаму и оценува дека Европа со растечка загриженост, па дури и со ужас, го следи „лизгањето на САД кон конкурентен авторитаризам“, при што се отвора прашањето колку е навистина отпорна американската демократија. Се наведува дека Вашингтон се оддалечува од либералните принципи што го обликувале повоениот светски поредок и дека постои ризик активно да се создава „постамерикански“ меѓународен систем.Политиките на Трамп, според критичарите цитирани во документот, не водат кон „повторно величење на Америка“, туку претставуваат „самоубиство на велесила“. Во таа насока, европските лидери заклучиле дека долгогодишната зависност од американската воена моќ и политиката на попустливост ги достигнале своите крајни граници.Извештајот отворено ги повикува европските лидери да бидат поодважни, поиновативни и појасни во своите одлуки и јавни пораки. Се оценува дека стерилните соопштенија, предвидливите конференции и претпазливата дипломатија повеќе не функционираат во свет во кој противниците дејствуваат агресивно, без почит кон правилата и воспоставените норми. Наместо реактивен пристап, се бара активна изградба на нови, поодржливи безбедносни и политички структури.За разлика од администрацијата на Џо Бајден, која поддршката за Украина ја сметаше и за морална обврска и за стратешки интерес, Трамп и неговиот тим, според извештајот, покажуваат вознемирувачка наклонетост кон рускиот претседател Владимир Путин.Заклучокот е недвосмислен: Европа повеќе не може да си дозволи да биде пасивен набљудувач. Во услови кога, како што се наведува, „сè е на коцка“, европските лидери мора да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, политичка автономија и иднина.

Свет | пред 1 месец

media-libraryqdgeqa336bos8CP7xgt

Веднаш е решен дефектот, центарот на Скопје има струја

По кусиот прекин, повторно има струја во центарот на Скопје.Направена била брза интервенција, по што струја добиле околните објекти меѓу кои Градската болница, Собранието, Жена парк.Имало дефект на 10 киловолтно ниво, кој веднаш е решен.

Скопје | пред 1 месец

media-libraryuh5d6is88rc07OiZVjp

(Видео) Дел од центарот на Скопје, кај Собрание, без струја

Цел од центарот на Скопје вечерва остана без струја, поточно потегот на улицата „11 октомври“. Граѓани јавуваат дека не работи уличното осветлување, но и семафорите.Истовремено, без струја остана и Градската болница.Претпоставка е дека станува збор за поголем дефект, на чие отстранување се работи.Повеќе информации подоцна.

Скопје | пред 1 месец

media-library0ah8330nv4i79Jkev5M

(Видео) Хуман гест среде интервенција: Вработен во ЕВН спаси маче од електродистрибутивната мрежа

Николче, вработен во ЕВН кој работи во Корисничко-енергетскиот центар во Битола, спаси мачка заглавена во кабли под висок напон.Постапувајќи брзо, но со целосно почитување на сите безбедносни протоколи, Николче ја изврши интервенцијата без никаков ризик по сопствената безбедност и без опасност за околината.Ова наиде на позитивни критики за него.

Македонија | пред 1 месец

media-library8sej2hgakl10dU3Qbjg

(Видео) Орбан ја нарече Украина „непријател“ на Унгарија на предизборен митинг

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја нарече Украина „непријател“ на Унгарија, говорејќи на предизборен митинг во градот Шомбатхељ, на западот од земјата.„Украинците мора да престанат постојано да бараат во Брисел да ѝ се прекине на Унгарија дотокот на евтина руска енергија“, изјави Орбан во својот говор, додавајќи: „Додека тоа го прават, тие се наш непријател“, пренесе државната новинска агенција МТИ.Орбан во рамки на Европската Унија се смета за најблизок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и со години води политика на силна енергетска зависност од Русија. За разлика од повеќето земји членки на ЕУ, Унгарија под негово водство не презеде значајни чекори за намалување на зависноста од рускиот гас и нафта.Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април, а Орбан за првпат по 16 години власт се соочува со сериозен политички предизвик. Опозициската Партија „Тиса“, предводена од конзервативниот политичар Петер Маѓар, веќе повеќе од една година води пред владејачката Фидес во анкетите на јавното мислење, што ја прави оваа изборна трка една од најнеизвесните досега.

Свет | пред 1 месец

media-library43323qvstovccGTca7i

(Фото) Вечерата од 2015 што Епстајн ја нарекол „дива“: Маск, Закерберг и елитата на технологијата

Фотографија објавена во рамки на судските списи поврзани со Џефри Епстајн прикажува вечера од 2015 година на која присуствувале некои од најмоќните луѓе од Силициумската долина. Сликата, која ја објави американското Министерство за правда, покажува како основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, седи на иста маса со извршниот директор на „Спејс икс“, Илон Маск, и со Џои Ито, поранешен директор на MIT Media Lab, објави британскиот „Дејли мејл“.Според електронската комуникација пронајдена во списите, вечерата се одржала на 2 август 2015 година. Епстајн фотографијата си ја испратил сам на себе по електронска пошта еден ден подоцна и, според достапните информации, ја чувал изложена во својот стан на Менхетен. На настанот присуствувал и коосновачот на „Пејпал“, Питер Тил, иако тој не се наоѓа на самата фотографија.Во истата кореспонденција, Епстајн таа вечер ја опишал како „дива“, што повторно привлече внимание во јавноста по објавувањето на повеќе од три милиони документи од страна на Министерството за правда, со кои се разоткрива опсежната мрежа на негови контакти со моќни поединци од политиката, бизнисот и науката. Надлежните институции нагласуваат дека појавувањето на фотографиите и во документите не претставува доказ за какво било кривично дело.Во списите се појавуваат и повеќе електронски пораки што упатуваат на комуникација меѓу Епстајн и Илон Маск во периодот пред и по вечерата. Во една порака од 2012 година, Маск го прашува Епстајн кога ќе биде „најлудата забава“ на неговиот остров, додека во друга, од 2013 година, разгледуваат можност за посета на Карибите. Во тоа време, Епстајн веќе имал пресуда за сексуални кривични дела против малолетници.И покрај овие откритија, Маск јавно негира блиска поврзаност со Епстајн. Во интервјуа и објави на социјалните мрежи, тој истакна дека никогаш не присуствувал на забави организирани од Епстајн и дека не го познавал доволно добро за да има личен однос со него, нарекувајќи го „очигледно морничав“.Документите откриваат и детали за Џои Ито, кој поднесе оставка од својата функција на MIT во 2019 година, откако беше обелоденето дека Епстајн со години донирал значителни средства на институцијата. Според медиумските извештаи, дел од донациите биле прикривани, а контактите со Епстајн во лабораторијата станале табу-тема меѓу вработените.Објавувањето на фотографијата и електронската преписка повторно го актуализира прашањето за опсегот на влијание и контактите на Џефри Епстајн, кој почина во затвор во 2019 година, и за начинот на кој дел од највлијателните луѓе во светот се обидуваат да ја минимизираат својата поврзаност со него по неговата смрт.

Свет | пред 1 месец

media-librarys40cufoqe57obPuaOVf

Српската полиција со детали за киднапирањето на Даниел Кајмакоски

Српското Министерство за внатрешни работи соопштува дека две засега непознати лица, со закани со нож и огнено оружје, во раните утрински часови во Белград го киднапирале македонскиот пејач Даниел Кајмакоски и од него изнудувале пари.Според официјалното соопштение, киднапирањето се случува во Караѓорѓева улица во Белград, по што осомничените го однеле оштетениот во неговото возило. По полициска потера, возилото е запрено на територијата на општина Рума, каде што полицијата го затекнува Кајмакоски со врзани раце, додека сторителите успеваат да го напуштат возилото и да се оддалечат во непознат правец.Акцијата за запирање на возилото е реализирана координирано од повеќе служби на српското МВР, меѓу кои Управата за криминалистичка полиција, Службата за сузбивање криминал, Службата за борба против тероризам, Жандармеријата, Специјалната антитерористичка единица, сообраќајната и граничната полиција, како и полициските единици на град Белград.Од српското МВР информираат дека оштетениот е згрижен, на местото на настанот е извршен увид, а полициските службеници продолжуваат со интензивна потрага по извршителите. Вишото јавно обвинителство во Белград го квалификува делото како киднапирање, а истрагата за целосно расветлување на случајот е во тек.

Свет | пред 1 месец

kisev

Русија го нападна Киев со балистички проектили, делови од градот без струја

Руските сили извршија напад врз Киев со балистички проектили, по што во главниот град и во повеќе други украински области беше прогласена воздушна тревога, објави „Украинска правда“.Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека во градот се слушнале експлозии и дека станува збор за балистички напад. Тој соопшти дека противвоздушната одбрана е активна и ги повика граѓаните веднаш да се засолнат. Информацијата ја потврди и началникот на Киевската градска воена управа, Тимур Ткаченко, кој наведе дека е во тек непријателски напад со балистички проектили.Украинските воздухопловни сили информираа дека биле регистрирани брзи воздушни цели над Черниговската област, кои се движеле кон Киевската област, а потоа и директно кон главниот град.Веднаш по нападот, во најмалку еден киевски округ снемало електрична енергија. Државниот оператор „Укренерго“ претходно соопшти дека украинскиот енергетски систем е под сериозно оптоварување, бидејќи дел од нуклеарните електрани се делумно исклучени од мрежата по масовниот руски напад врз клучната енергетска инфраструктура во ноќта меѓу 7 и 8 февруари.Состојбата е особено тешка во Киев, каде што жителите веќе неколку дена имаат електрична енергија само еден и пол до два часа дневно. Во исто време, метеоролозите најавуваат пад на температурите и до минус 19 Целзиусови степени, што дополнително го зголемува притисокот врз веќе преоптоварениот енергетски систем.

Свет | пред 1 месец

media-library4qm31b5r4falfNrLvzI

СДСМ: Пет тони дрога не минуваат граница без политичка заштита

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира дека и по една недела од заплената на пет тони дрога во соседна Србија, која според информациите потекнува од Македонија, јавноста сѐ уште не добива одговори како толкава количина наркотик поминала преку македонската граница.Од СДСМ прашуваат како е можно пет тони дрога да бидат транспортирани преку граничните премини без никој да понесе одговорност, потенцирајќи дека државата располага со системи како „Сејф сити“, скенери, мобилна царина и редовни контроли. Според партијата, ваков криминал не може да се реализира без поддршка, логистика и заштита од структури на власта внатре во институциите.Во соопштението се наведува дека од медиумите се дознава за наводна поврзаност на случајот во Србија со сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во таа земја, како и со државни функционери, што дополнително, според СДСМ, го продлабочува сомнежот за организиран криминал со политичка заштита.Опозициската партија прашува уште колку тони дрога поминале преку границата без да бидат откриени и кој во врвот на власта, во Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и другите надлежни институции е соучесник во овој случај.Наместо јасни одговори, СДСМ оценува дека власта се обидува да дефокусира преку медиумски кампањи и политички напади, со цел да ја префрли вината врз опозицијата. Според партијата, ваквите обиди нема да успеат, бидејќи, како што наведуваат, картелскиот скандал води директно до врвот на власта и мора да заврши со утврдување на целосна одговорност.

Македонија | пред 1 месец

media-library1ko73lsc07gb60kG2fg

ВМРО-ДПМНЕ до Заев: Го браниш својот криминал кој се запленува во форма на дрога во родната Струмица

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на јавниот статус на поранешниот премиер Зоран Заев, обвинувајќи дека тој, како што наведуваат, се јавил во одбрана на криминал поврзан со големите заплени на дрога во струмичкиот регион. Од партијата тврдат дека последните денови јавноста сведочи на конфискација на значителни количини дрога која, според нивните наводи, потекнува од фирми и лица блиски до Заев и неговото политичко опкружување.„Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица.Негови први пријатели на кои им даваше тој заедно со Венко Филипче лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели, гледаме деновиве дека тие за тоа не го користеле канабисот туку за нелегална продажба на нелегален продукт - дрога.Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото.Заев е таткото на бизнисот со Канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?Дополнително, за тоа дека градел облакодери во Дубаи има сведоштва од негови познаници и соработници кои јавно тоа го кажуваат. Заев треба јавно да каже врз кој основ и како стигнал до златна виза во Дубаи?Заев е исплашен до толку од одговорност што по се изгледа, почнува да станува клаустрофобичен?Заев се потврди дека ја води СДС, а Венко е парадерот. Одговорност и правда ќе има!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 1 месец

media-librarykdobgsm4jilr9zopxjB

Над две третини од запленетата дрога во Струмица поврзани со фирми блиски до СДС и Заев, тврди ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска изнесе сериозни обвинувања во врска со големата заплена на дрога во струмичкиот регион, оценувајќи дека случајот по своите размери и начинот на функционирање потсетува на најмрачните периоди од светската криминална историја. Според партијата, над две третини од вкупно 27 тони запленета марихуана се поврзуваат со фирма блиска до СДС и до поранешниот премиер Зоран Заев.„Струмица како Колумбија, над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма блиска на СДС и Зоран ЗаевСкандалот со запленетата дрога во Струмица, потсетува на најмрачните периоди од светката криминална историја.Над две третини од вкупно 27 тони дрога се поврзуваат со фирма која директно води до кадри и блиски соработници на СДС и кланот Заеви.Станува збор за фирмата „ЦБД Медплант“, формално заведена на името на Христијан Котев, а фактички контролирана од неговиот татко Тони Котев -М’гчев, поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и човек со длабоки бизнис-врски со Вице Заев и Гидан Колев. Според наводите, во период од 30 јуни до ноември 2025 година, оваа фирма има „испорачано“ дури 19 тони марихуана кон скопска фабрика.Лиценцата за одгледување марихуана за медицински цели на овие фирми во 2020 годинија ја дава владата на Зоран Заев и Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче доделила лиценци на 2 фирми, „Еко Енерџи-Космос” од Ново Село и „Лајтинг Лукс” од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев гореспоменатиот.Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери.ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш предупредуваше дека лиценците не се делат по закон туку по семејна и партиска блискост со Заеви.Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа денес е тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.Која е улогата на Зоран и Вице Заев во овој случај?Зошто Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа и се интересирал за овој случај?Колкав процент од овој скандал профитирале кланот Заеви?Она што со години функционирало во Струмица очигледно било нарко картел со политичка заштита од СДС и Заев, по начинот на делување и однесување овој скандал потсетува на најмрачните периоди од светката криминална историја, но секој картел без разлика колку долго е заштитуван, на крај паѓа.ЈО итно да отвори целосна истрага“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryrihvs9fumart7TOhgYL

Српски медиуми тврдат: Даниел Кајмакоски киднапиран во Белград, наводно барани 20.000 евра

Десетина српски портали објавија дека македонскиот пејач Даниел Кајмакоски е киднапиран во Белград, повикувајќи се на српски Курир. Според објавените тврдења, инцидентот се случил во близина на Бетон хала, каде, како што се наведува, Кајмакоски бил присилно внесен во автомобил.Според написите, непознати лица го врзале и го возеле во неговото возило, при што од него наводно барале сума од 20.000 евра. Извор за „Курир“ тврди дека осомничените се странски државјани и дека не е исклучена можноста да станува збор за мигранти.Во истите наводи се посочува дека киднаперите го возеле пејачот кон Рума, каде при обид на сообраќајна полиција да го запре возилото, тие удриле во заштитната ограда, излегле од автомобилот и побегнале. По нив сѐ уште се трага.Засега нема официјална потврда од српските надлежни институции за ваков настан, ниту пак изјава од самиот Кајмакоски или од негови блиски соработници. Информациите што кружат во јавноста се темелат исклучиво на медиумски извори, а случајот предизвикува силен интерес и реакции и во македонската и во српската јавност.„Скопје1“ исконтактира со лицето оставено како контакт за јавност од страна на Кајмакоски, но засега немаме одговор.

Свет | пред 1 месец

saso-klekovski

Клековски: Дебатата за минималната плата се води со погрешни споредби, Македонија не е на дното

Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, вели дека јавната расправа за минималната плата во земјава е оптоварена со погрешни споредби и неточни заклучоци, при што, како што оценува, се „мешаат баби и жаби“. Во контекст на барањата минималната плата да достигне 600 евра нето и тврдењата дека Македонија е на дното во регионот, Клековски посочува дека клучниот проблем лежи во мешањето на нето и бруто платите, како и во игнорирањето на паритетот на куповна моќ.Тој потсетува дека Евростат, како релевантна европска институција, при споредбите користи бруто плати, а не нето, токму за да се избегне влијанието на различните даночни и социјални системи во земјите. Како пример ја наведува Црна Гора, која често се посочува како лидер во регионот со минимална плата од 600 евра, но само во нето износ. Во бруто израз, објаснува Клековски, минималната плата во Црна Гора изнесува околу 670 евра, додека во Македонија 586 евра, што покажува дека земјава не е на дното, како што често се тврди.Разликата, според него, произлегува од структурата на даноците и придонесите. Во Црна Гора, придонесот за здравствено осигурување е нула проценти, пензискиот придонес е 10 проценти, а персоналниот данок за плати до 700 евра е нула, што е значително пониско отколку во Македонија. Од друга страна, таму данокот на додадена вредност е 21 процент, наспроти 18 проценти кај нас. Клековски нагласува дека и Македонија би можела административно да ги зголеми платите преку намалување на придонесите и даноците, но тоа би значело повисок ДДВ и поскапување на животот.Токму затоа, како втор клучен концепт, тој го посочува паритетот на куповна моќ, кој покажува колку реално може да се купи со одредена плата, земајќи ги предвид цените и трошоците за живот. Според овие пресметки, минималната бруто плата во Македонија изразена преку паритет на куповна моќ изнесува околу 1.069 евра, што ја позиционира земјава во средната група држави и далеку од дното. Клековски посочува дека Македонија, според оваа методологија, се искачува од 26. на 20. место меѓу земјите на ЕУ и кандидатите и е пред Црна Гора, Бугарија, Чешка, Латвија и Естонија.Тој предупредува дека минимална нето плата од 600 евра би ја позиционирала Македонија во највисоката група според паритет на куповна моќ, рамо до рамо со економии како Германија и Холандија, што, според него, не одговара на реалното ниво на продуктивност во земјата. Клековски потсетува дека анализите за продуктивноста упатуваат на проблеми како лоша инфраструктура, бирократија, слаби институции и корупција, но истовремено укажува на фактот дека извозно ориентираните и странските компании во Македонија имаат и до четири пати повисока продуктивност од просекот.Заклучокот на Клековски е дека суштинската дебата не треба да се води околу номинални бројки и споредби без контекст, туку околу тоа како да се зголеми продуктивноста на најголемиот дел од домашната економија. Дури тогаш, оценува тој, разговорот за значително повисока минимална плата ќе биде реален и одржлив, без да создаде дополнителни економски шокови.

Коментари | пред 1 месец

zaev-2

Се огласи Заев, се закани со тужба: Не сум поврзан со канабисот, немам облакодери во Дубаи, ниту сум вршел притисок на Жан Митрев

Експремиерот Зоран Заев јавно ги демантира, како што ги оценува, лагите и клеветите што, според него, со години ги пласира ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, партиските портпароли и медиуми блиски до партијата. Тој истакнува дека веќе пет години е целосно надвор од политиката, откако поднел оставка од сите политички и државни функции, но и покрај тоа, неговото име, како што вели, континуирано се злоупотребува во јавноста.„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди. Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање. Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста.Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. А без никаква срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции. Трпам секојдневни навреди веќе пет години. Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста! Доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесам тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“, напиша Заев.

Македонија | пред 1 месец

media-librarymabr7ksfgr4acNB2T6r

Под возачко седиште кокаин, во презерватив марихуана, ДНК-траги и „снепчет“ комуникација: Обвинителството докажува вина кај Штекли

ДНК траги, скриена дрога и „Снепчет“ комуникација: цилиндрична кутија и кесичка со кокаин најдени под возачко седиште, траги од крв на кесички со дрога, листи од телефонска комуникација меѓу дел од обвинетите и марихуана скриена во презерватив се дел од материјалните докази што денеска се презентираат пред судот во постапката за нарко-групата на Раде Трајковски – Штекли.Пред судот се изведуваат докази поврзани со претрес на патничко моторно возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од еден од обвинетите. Според презентираните материјали, при прегледот под возачкото седиште се пронаоѓа цилиндрична кутија и кесичка со бела прашкаста материја. Јавната обвинителка Верица Бержетска-Крстевска наведува дека од извештајот од вештачењето од 10 јануари 2025 година е утврдено оти пронајдената бела прашкаста материја, во количина од 31 грам, претставува кокаин.Во продолжение на доказната постапка, Обвинителството ги презентира и резултатите од ДНК-анализа на пронајдените предмети. Според обвинителката, на горниот дел од внатрешната површина на една од кесичките со прашкаста материја се утврдени траги од крв, кои преку ДНК-профил се поврзуваат со еден од обвинетите.За истото лице се изведуваат и докази од извршен претрес на дом, при што е одземен мобилен телефон. Судот разгледува и листи од телефонски разговори остварени во август 2024 година, од кои, според Обвинителството, произлегува комуникација меѓу дел од обвинетите, со локации на базни станици во реонот на Керамидница и Дебар Маало.Меѓу доказите е и записник од август 2024 година за извршен преглед на лице во Скопје, кај кое, според наводите, е пронајдена кесичка со растителна материја скриена во презерватив. Вештачењето утврдува дека станува збор за 16,5 грама марихуана. Дополнително, презентиран е и доказ за бела супстанца пронајдена во возило „лексус“, за која вештачењето покажува дека се работи за 4,17 грама кокаин.Според обвинението, групата дејствува во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година и е добро организирана, со јасно поделени улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Обвинителството тврди дека првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли се јавува како организатор и координатор, кој остварува контакти со лица од странство и домашни посредници за набавка на кокаин и дава насоки за проширување на мрежата.Според доказите, дрогата се чува во изнајмени станови, а се продава по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата, како што тврди Обвинителството, се одвива преку апликации за заштитена комуникација, меѓу кои и „Снепчет“, а значаен дел од доказите се обезбедени преку системи за анализа на мобилни телефони.На почетокот на судскиот процес, Раде Трајковски – Штекли изјавува дека не го разбира обвинението, додека останатите обвинети се изјаснуваат дека не се чувствуваат виновни. Неговата одбрана најавува дека ќе докаже оти Трајковски не формирал ниту организирал криминална група и дека не постојат докази дека давал инструкции, оценувајќи дека тврдењата на Обвинителството се засноваат на претпоставки.Обвинението првично опфаќа 16 лица, од кои дел веќе склучуваат спогодби и добиваат затворски казни, додека за четворица обвинети постапката е раздвоена по признавање на вината.

Македонија | пред 1 месец

media-libraryvaj191t0469hbWksSvL

Нестабилно време со врнежи и пад на температурите

Денеска времето е променливо облачно. Претпладне има повремени локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови врнежите се од снег. Дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој е поизразен долж Повардарието.Во Скопје времето е променливо облачно, со повремени врнежи од дожд во претпладневните часови. Дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.Утре времето е облачно, со повремени врнежи од дожд кои се поинтензивни во југоисточните делови од земјата, додека на планините врне снег. Поради продор на постуден воздух, врнежите од дожд преминуваат во снег и на дел од повисоките места. Дува слаб до умерен ветер, претежно од југоисточен правец.Во Скопје времето е претежно облачно, со повремени врнежи од дожд. Дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Македонија | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања