3 ден.
media-libraryoam1k2h4o21g9vaeBq4

„Ќе банкротираме како држава“ – алармантна порака на Илон Маск за американската економија

Директорот на Тесла, Илон Маск, предупреди дека финансискиот слом на Соединетите Американски Држави ќе биде неизбежен доколку вештачката интелигенција и роботиката не донесат длабока трансформација на економијата и не го ублажат товарот од растечкиот јавен долг. Во интервју за „Форбс“, Маск оцени дека сегашната динамика на задолжување е неодржлива и дека без технолошки пробив САД се движат кон банкрот.Тој посочи дека јавниот долг изнесува околу 38,5 билиони долари, а само каматите достигнуваат приближно еден билион долари годишно, сума што веќе го надминува буџетот за одбрана. Според Маск, без масовна примена на вештачка интелигенција и роботика „Америка е практично готова“, бидејќи ниту една друга мерка не може долгорочно да го реши проблемот со јавниот долг.Осврнувајќи се на својот ангажман во Одделот за ефикасност на владата, Маск изјави дека целта му била да се забави, како што ја нарече, фискално неодржливата патека на земјата и да се купи време додека новите технологии не создадат силен економски раст. Тој предвиде дека без таков развој САД „1000 проценти ќе банкротираат како држава“.Маск предупреди и на можните последици од технолошкиот бум, наведувајќи дека наглото зголемување на производството може да предизвика силна дефлација, што реално би го зголемило товарот на долгот. Иако САД имаат предност поради статусот на доларот како светска резервна валута и можноста за задолжување во сопствена валута, економските ризици, според него, остануваат сериозни.Во истиот контекст, американски експерти и финансиски институции предупредуваат дека земјата се наоѓа на патека што може да доведе до повеќе видови фискални кризи и дека без промена на политиките „некој облик на криза е речиси неизбежен“.

Свет | пред 3 дена

3 ден.
media-library0qhivnp5751bewGmkKe

Каја Шукова избрана за претседателка на Форумот на жени на СДСМ

На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, за нова претседателка на Форумот на жени на партијата е избрана Каја Шукова.Од СДСМ соопштија дека изборот на Шукова претставува чекор кон натамошно јакнење на улогата на жените во партијата и во политичките процеси, упатувајќи честитки за новата функција и изразувајќи очекување за активна и ангажирана работа во наредниот период.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-library56etpku83fqo3h2mdUb

Николоски од Париз: Зачувувањето на Охридскиот регион е државен приоритет

Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт и врски, порача дека Охридскиот регион, како светско културно и природно наследство, има исклучителна универзална вредност и претставува трајна обврска за државата.Николоски информира дека денеска, заедно со колегите министри, во седиштето на УНЕСКО во Париз оствариле средба со Кондкер Мохамад Талха, претседател на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, на која биле презентирани заложбите на Владата за зачувување на природните и културните вредности на Охридскиот регион.Според него, фокусот на разговорите бил насочен кон заштитата на охридското крајбрежје и зачувувањето на регионот како еден од најзначајните културно-историски простори во Европа и во светот. Николоски нагласи дека мисијата на институциите е долгорочно и одговорно управување со регионот, со цел Охрид да ја задржи својата автентичност и статусот на светско наследство.Тој истакна дека државата останува посветена на соработка со УНЕСКО и меѓународната заедница, со јасна определба зачувувањето на Охрид да биде над сите други интереси.

Охрид | пред 3 дена

3 ден.
media-librarygcjh5i2evrit5hoDSGk

Нов Извршен комитет, нови огласи и именувања во ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицкоски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, информира дека вечерва се одржала првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на партијата, на која биле донесени повеќе одлуки во насока на кадровско освежување и внатрепартиска консолидација.Како што соопшти Мицкоски, Извршниот комитет одлучил да се распишат огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и да се спроведе генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката, според него, е дел од процесот на отворање на партијата и слушање на гласот на членството.На седницата биле донесени и кадровски решенија за повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, за претседател на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, за Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е именуван Аккан Махмут.Во рамки на истата седница, Извршниот комитет донел одлука за избор на Златко Перински за претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.Мицкоски порача дека промените се резултат на заложбата партијата да се развива, да се обновува и да гради структури кои ќе одговорат на очекувањата на членството и граѓаните, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со процесот на внатрешно јакнење како предуслов за, како што рече, „вистински избор за заедничка иднина“.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-libraryt5ric0v46sk54AMQmj5

Министерот за правда со остра порака: Уставот не се толкува по дневна политика, правосудниот испит не е политичко прашање, туку уставна и законска обврска

Игор Филков, министер за правда, порача дека времето на селективно толкување на Уставот и законите, според дневнополитички потреби, завршило со заминувањето на СДСМ и ДУИ од власт и дека актуелната Влада нема намера да ја продолжи праксата на правен релативизам и институционален хаос. Како што истакна, обврска на институциите е да воспостават јасни правила, правна сигурност и целосно почитување на уставниот поредок.Реагирајќи на изјавите на вицепремиерот Беким Сали за можноста правосудниот испит да се полага на албански јазик, Филков нагласи дека Уставот не смее да биде предмет на слободни интерпретации и дека одлуките во правната држава не се носат по лична проценка или политички впечаток, туку исклучиво по Устав и закон. Тој појасни дека Министерството за правда ја разгледало петицијата на студентите и извршило детална анализа на релевантните уставни и законски одредби.Според Филков, иако Законот за употреба на јазиците дозволува користење на албанскиот јазик во постапките пред институциите, правосудниот испит не може да се третира изолирано, бидејќи тој е предуслов за влез во судството, обвинителството, адвокатурата и другите правни професии, каде законите јасно бараат активно познавање на македонскиот јазик. Полагањето на испитот на македонски јазик, како што рече, служи токму за проверка на таа јазична и стручна подготвеност, со оглед на тоа што постапките и актите во правосудството примарно се водат на македонски јазик и кирилско писмо.Министерот потсети дека Уставот јасно го утврдува македонскиот јазик како примарен службен јазик на целата територија на државата, а дека Законот за правосудниот испит не предвидува можност за негово полагање на друг јазик. Дополнително, се повика и на забелешките на Венецијанската комисија, која укажала на нејаснотии и проблеми во примената на Законот за употреба на јазиците, особено во судските постапки.Филков оцени дека тврдењата оти Министерството нема аргументи се неосновани и политички мотивирани и упати порака дека Уставот не е тема за медиумски настапи, ниту алатка за политички наративи. Како што нагласи, правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда и секој носител на функција е должен да ги почитува Уставот и законите, бидејќи секој друг пристап претставува недозволив притисок врз правната држава.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-librarymsn9c48i8mbl1HUoAAJ

Грчки остров нуди куќа и 18.000 евра, но потребно е да исполните неколку услови

Светот сè повеќе се соочува со феноменот на депопулација. Демографскиот пад, стареењето на населението и миграциите кон урбаните центри оставаат зад себе празни села, места без деца и градови со тивки плоштади. Овој тренд е особено изразен во руралните делови на многу европски земји, каде бројот на жители се намалува од година во година, а заедниците полека ја губат животната енергија.Денес низ светот постојат бројни програми кои ги поттикнуваат преселбите во послабо населените области. Така, на пример, италијанската Тоскана нуди до 32.000 долари за оние кои се подготвени да се преселат во оддалечени и напуштени места, како дел од стратегија за оживување на локалните заедници.Сепак, постои и една помалку позната, речиси бајковита дестинација која нуди слична можност. Ако некогаш сте сонувале за живот во странство или нов почеток на сосема поинакво место, со финансиска поддршка, грчкиот остров Антикитера може да ве заинтересира. Сместено помеѓу Крит и Пелопонез во Егејското Море, Антикитера нуди автентичен дух на Грција, но во атмосферата на мало и интимно место.Ако идејата за преселба на грчки остров ви звучи привлечна, вреди да се знае дека постои посебен програм за семејства кои сакаат да се населат на Антикитера за да се зголеми бројот на жители. Островот денес има само 24 постојани жители, додека во текот на летото тој број се зголемува на околу 40, пишува Greek City Times.Пред четириесет години Антикитера имала околу 300 жители, но бројот со текот на времето драстично се намалил, што довело до иницијатива за доселување на нови семејства. Програмот го води Грчката православна црква на Китера, која поставила јасни критериуми за учество.Каква е АнтикитераАнтикитера е остров прекриен со ридови, песочни плажи и пештери кои сè уште чекаат да бидат истражени. Гужвите речиси и да не постојат, загадувањето на воздухот е минимално, а климата е блага и пријатна поголемиот дел од годината. Животот на островот се одвива со побавен ритам, далеку од стресот карактеристичен за градовите, со мир и тишина кои денес е тешко да се најдат.Кој стои зад програмата и кој може да се пријавиИницијативата за доделување бесплатни куќи и 18.000 евра ја покренала Грчката православна црква на Китера. Програмот е наменет за многу ограничен број луѓе и следи строги услови. Вкупно ќе бидат избрани пет семејства, а секое од нив мора да има најмалку четири деца. Предност ќе имаат кандидати со корисни знаења и занаети, како што се пекарство, риболов или други вештини важни за животот на малата заедница.Предизвици на животот на оддалечен островИ покрај финансиските стимули, животот на Антикитера носи и одредени предизвици типични за изолирани острови. Оддалеченоста може да го отежне пристапот до здравствена заштита, образование, културни содржини и пошироки деловни можности. Островот е поврзан со секојдневна бродска линија, а патувањето трае околу два часа. Постојат и мали воздушни линии со повремени летови за Атина, што значи дека Антикитера не е целосно изолирана, но пристапот до услуги може да биде ограничен и повремено неизвесен.Овие мерки не се изолиран случај, туку дел од поширока стратегија со цел поттикнување на позитивни демографски движења и спречување на иселувањето на младите. Програмот првично е започнат во регионот Еврос, на североистокот на Грција, блиску до границата со Турција, а планирано е негово проширување и на други рурални области погодени од намалување на бројот на жители.Иако износите на стимулансите сами по себе не се огромни, нивното значење лежи во симболиката и долгорочната стратегија. Тие испраќаат јасна порака дека демографската обнова не е само бирократски поим, туку реална можност за оние кои сакаат да започнат ново поглавје од животот, далеку од градската гужва, меѓу ридовите, полјата и тишината која има своја вредност.Во многу случаи, ваквите понуди доаѓаат со дополнителни бенефиции, како пристап до земјиште, локална инфраструктура или олеснети услови за развој на мали бизниси. Целта не е само да се донесат нови жители, туку да се изградат одржливи заедници кои можат долгорочно да опстанат и растат.За пријава е можно да се контактира локалната управа преку нивната официјална интернет страница.

Магазин | пред 3 дена

3 ден.
media-libraryolrkgog0bl6texABNU9

Кралот Чарлс првпат реагира за случајот Епстин

Кралот Чарлс првпат јавно реагираше на скандалот поврзан со Џефри Епстин, порачувајќи дека Бакингемската палата е подготвена да ѝ пружи целосна поддршка на полицијата која ги разгледува наводите против неговиот брат, поранешниот принц Ендрју Маунтбатен-Виндзор, објави Би-би-си.„Кралот, и со зборови и со дела, јасно ја изрази својата длабока загриженост поради постојаните обвинувања поврзани со однесувањето на господинот Маунтбатен-Виндзор“, соопшти портпарол на Бакингемската палата, додавајќи дека доколку полицијата се обрати, палатата ќе соработува целосно.Реакцијата следува откако британската полиција потврди дека врши проценка на пријава поднесена од антимонархистичката група „Република“, која го пријави Ендрју за сомнеж за злоупотреба на службена положба и можно кршење на Законот за службени тајни.Случајот повторно ја отвори темата за врските меѓу Ендрју и осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Полицијата наведува дека ги разгледува наводите според кои Ендрју во 2010 година наводно споделувал доверливи информации со мрежата на Епстин, додека ја извршувал функцијата британски трговски пратеник. Овие сомнежи се засилени по објавата на електронска кореспонденција во американски судски документи.Дополнително внимание привлече и контроверзната фотографија на Ендрју со Вирџинија Џуфре од Лондон во 2001 година, која таа ја користеше како доказ во своите обвинувања за сексуално злоставување. Според документи објавени од американското Министерство за правда, електронска порака од 2015 година сугерира дека фотографијата е автентична, што е спротивно на претходните тврдења на Ендрју.Притисокот околу случајот со Епстин веќе имаше сериозни последици за британското кралско семејство. Ендрју ги загуби сите титули и привилегии, вклучително и титулата принц. Тој ги отфрла сите обвинувања и не признава вина.

Свет | пред 3 дена

3 ден.
media-library9225ngvb69k426nREl7

(Видео) Боксови, клоци, туркање: наставник приведен поради физичка пресметка со ученик во Приштина

Случај на физичко насилство е регистриран во основното училиште „Паваресија“ во Приштина, откако во јавноста се појави видео-снимка на која се гледа наставник како удира ученик за време на настава. На снимката се забележува и реакција на ученикот, кој во еден момент возвраќа со удар кон наставникот.Инцидентот го потврди директорот на училиштето, Халил Брахај, додека од Основното обвинителство во Приштина информираа дека преземени се конкретни мерки. Главниот обвинител Зејнулах Гаши за медиумите изјави дека е издаден налог за задржување од 48 часа за наставникот, кој е осомничен дека извршил физичко насилство врз ученикот.Надлежните институции најавуваат дека случајот се истражува, а видеото кое кружи на социјалните мрежи се разгледува како доказен материјал. Јавноста во Косово остро реагираше на настанот, со повици за одговорност и заштита на учениците во образовниот систем.

Свет | пред 3 дена

3 ден.
media-libraryjapeesvq0l1q4xPgEHM

(Видео) Украински борбен авион собори руски дрон

Украинското воено воздухопловство објави драматична видеоснимка на која се гледа како ловечки авион Ф-16 соборува руски дрон „Шахед-136“, нудејќи редок и јасен увид во воздушните борби што станаа секојдневие над Украина. Објавата доаѓа во ист ден кога, во друг руски напад со дрон, животот го загубиле мајка и мало дете, што дополнително ја нагласува суровата реалност на конфликтот.Снимката, направена од земја, прикажува како дронот „Шахед“ лета со препознатливо гласно зуење од пропелерот, предизвикувајќи паника кај присутните. Само неколку секунди подоцна леталото експлодира откако е успешно пресретнато од украинскиот Ф-16. Јасно се слуша и огнот од авионскиот топ М61А1 „Вулкан“, како и татнежот на моторот додека ловецот се оддалечува. „Браво!“, се слуша глас на украински јазик додека остатоците од дронот паѓаат на земјата. Иако ова не е прв случај на соборување „Шахед“ со Ф-16, станува збор за една од најјасно документираните акции од овој вид.Дроновите од иранско производство, познати и под ознаката „Геран-2“, претставуваат едно од клучните средства на Русија во исцрпувачката војна. Со проценета цена на производство од околу 35.000 долари по парче, овие еднократни јуришни летала ѝ овозможуваат на Москва да изведува масовни напади длабоко на украинска територија без директно изложување на сопствени војници. Веќе повеќе од три години тие предизвикуваат страв и штети меѓу цивилното население.За Украина, пресретнувањето на ваквите дронови со скапи ракети претставува сериозен финансиски товар, додека обидите за соборување од блиска дистанца носат висок ризик за пилотите. Според специјализираното списание „Ер енд Спејс Форсес“, украинските Ф-16 во моментов извршуваат околу 80 отсто од борбените летови против руските сили. Досега се изгубени четири вакви авиони, а ќе биде потребно време пред сите околу 80 ловци, донирани од западните сојузници, да станат целосно оперативни.Поради високите трошоци за одбрана од секојдневните напади со „Шахед“, Украина е принудена на креативни решенија. Дроновите се соборуваат со автоматско оружје, ракети испукани од рамо, хеликоптери, па дури и со други беспилотни летала, во обид да се зачува скапата противвоздушна муниција и да се заштити населението.

Свет | пред 3 дена

3 ден.
media-libraryn2rhjaurb6se30vobWj

Рутинска интервенција на крајници со фатален крај за четири годишно девојче: мајката на Ема од Чачак со тешки сомнежи

Четиригодишното девојче Ема М. почина по операција на третиот крајник во болница во Чачак, а трагичниот исход на интервенцијата што важи за рутинска, ја потресе јавноста во Србија. Точната причина за смртта на детето ќе биде позната по завршување на обдукцијата, која е побарана од семејството.Сања, мајката на Ема, вели дека нејзината ќерка немала никакви здравствени проблеми, освен зголемени крајници, и дека во болница влегле со уверување дека станува збор за едноставна и безбедна интервенција. Наместо тоа, како што раскажува, следеле часови на неизвесност и страв.Според нејзините зборови, по операцијата една од медицинските сестри ѝ соопштила дека интервенцијата е завршена и дека детето се буди, но потоа повторно влегла во операционата сала и таму останала со часови. Кога излегла, ѝ рекла дека не знае што точно се случува, дека состојбата е тешка и дека се моли детето да преживее. Подоцна, хирургот изјавил дека операцијата поминала добро, но дека при будењето било утврдено крварење во белите дробови.Мајката наведува дека ѝ било кажано дека во тубусот се појавила крв и дека детето мора итно да се транспортира во Белград, но дека никој јасно не ѝ објаснил што точно се случувало во салата. Таа изразува сомнеж дека можеби дошло до повреда при повторното поставување на тубусот, посочувајќи дека детето претходно било целосно здраво. До обезбедувањето транспорт, како што вели, поминало долго време, а во Белград, Ема пристигнала со исклучително низок крвен притисок.Сања истакнува дека лекарите во Белград направиле сѐ што било во нивна моќ, но дека семејството се сомнева оти пропустот се случил во болницата во Чачак. Обдукцијата е извршена на барање на родителите и на Институтот за мајка и дете, со цел да се утврди вистината.„Најважно е да знаеме зошто го изгубивме нашето дете“, вели мајката, додавајќи дека без одговори и јасни факти, болката и сомнежите ќе останат.

Свет | пред 3 дена

3 ден.
0382090A-0539-4F2A-BBB6-9641D92671DA_1_105_c

Приватните автобуси „фатени“ на црвено поради должината и метежот, превозниците бараат да бидат „посебна категорија“

Дел од приватните превозници реагираат дека системот „Сејф сити“ неправедно ги санкционира автобусите, без да ги земе предвид специфичните услови во кои тие сообраќаат низ градот. Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници во Град Скопје, за „Сител“ вели дека проблемот најчесто се јавува во услови на густ сообраќај и отсуство на посебни жолти ленти, кога долгите автобуси влегуваат на раскрсница на трепкаво зелено светло, но поради должината не успеваат целосно да ја поминат пред да се вклучи црвеното.Во такви случаи, како што посочува Зафировски, камерите автоматски го регистрираат поминувањето како прекршок за црвено светло, по што следуваат високи парични казни и одземање на возачката дозвола.Превозниците предупредуваат дека ваквите санкции може да предизвикаат сериозни последици за јавниот превоз, бидејќи немаат доволен број возачи за замена, а поголем број изречени забрани за управување би можеле да доведат до паркирање на автобусите и нарушување на редовниот сообраќај.Тие бараат автобусите да бидат третирани како посебна категорија со поголема толеранција во рамки на системот „Сејф сити“, а како можност за надминување на проблемот предлагаат и поврзување на ГПС-системите во автобусите со семафорите, со што би се овозможило нивно вклучување во „паметниот“ зелен бран и избегнување на ваквите ситуации.

Скопје | пред 3 дена

3 ден.
media-librarypsu7cqocjou55zfu1Dz

Штрајк на шпанските железници по смртоносните несреќи: „Доста е од занемарена инфраструктура“

Вработените во шпанските железници започнаа тридневен штрајк, протестирајќи против, како што наведуваат, долгогодишното занемарување на инфраструктурата и недоволното финансирање, кои, според синдикатите, директно придонеле за двете тешки железнички несреќи во јануари, во кои загинаа 47 лица.Синдикалните претставници посочуваат дека со години предупредувале на потребата од подобро одржување и посериозни инвестиции во железничката мрежа. Според нив, железничарите се исцрпени од систем што, наместо безбедноста, приоритет им дава на кратењата на услугите. Протестите кулминираа со собири во повеќе градови, меѓу кои и Мадрид, каде што беше испратена пораката дека состојбата повеќе е неодржлива.Дополнителен проблем, според синдикатите, претставува и значително зголемениот број на патници. Во последната деценија, бројот на корисници на железничкиот превоз се зголемил од околу десет милиони на повеќе од 22 милиони годишно, што создава дополнителен притисок врз мрежата која, како што тврдат, не е соодветно модернизирана и контролирана.Во јануари, две сериозни несреќи ја потресоа шпанската јавност. Во Андалузија и Каталонија животот го загубија двајца машиновозачи и неколку десетици патници. Најтешката несреќа се случи на линијата Малага–Мадрид, кога последните три вагони од возот се одвоиле и завршиле на спротивната пруга, по што во нив удрил воз од спротивен правец со брзина од околу 210 километри на час, при што загинаа најмалку 46 лица.Шпанија располага со најголемата железничка мрежа во Европа и втората најголема во светот, веднаш по Кина, но синдикатите предупредуваат дека без итни инвестиции и сериозни реформи, безбедноста на патниците и вработените останува сериозно загрозена.

Свет | пред 3 дена

3 ден.
media-library0mblvpnjtchc7NAI7QL

Клековски: И во ФЗО ќе се применува моделот за етапно зголемување на платите до 2028 година

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, информираше дека Фондот е целосно посветен на обезбедување пораст на платите за своите вработени, по моделот што е договорен за јавната администрација. Тој денеска остварил конструктивна средба со претставниците на Синдикатот на УПОЗ, како репрезентативен синдикат во Фондот, на која се разговарало за натамошните чекори во насока на подобрување на материјалниот статус на вработените.Клековски го поздрави постигнатиот договор меѓу Владата, УПОЗ и САДУ за етапно зголемување на платите во јавната администрација за вкупно 40 проценти до 2028 година, оценувајќи го како значаен исчекор за илјадници вработени. Според него, Фондот ќе се залага истиот модел да се примени и за 771 вработен во ФЗО, со цел растот на платите да биде усогласен со оној во јавната администрација.На средбата било отворено и прашањето за нерамномерниот обем на работа во подрачните служби на Фондот, кој произлегува од различниот однос меѓу бројот на вработени и бројот на осигуреници. Клековски истакна дека станува збор за сериозен предизвик и дека институцијата ќе продолжи да работи на изнаоѓање системско решение преку дијалог со синдикатите.Директорот потсети дека во изминатите две години веќе се постигнати конкретни резултати во подобрувањето на платите во ФЗО. Најниската нето плата во Фондот во периодот од 2023 до 2025 година е зголемена за 36,3 проценти, од 23.775 на 32.394 денари, при што во 2025 година таа е за речиси 33 проценти повисока од минималната плата во државата. Во исто време, просечната нето плата во Фондот пораснала за 25,1 процент и во 2025 година достигнала 95 проценти од просечната плата на национално ниво, наспроти 88 проценти во 2023 година.Клековски порача дека преку социјален дијалог, партнерство и заеднички напор со синдикатите, Фондот ќе продолжи да работи на соодветно вреднување на трудот на секој вработен и на создавање подобри услови за работа во здравствениот систем.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-libraryt8fvofge0898f23QXCw

(Видео) Државниот врв е за набавка на нов авион оти овој се рарсипува, за опозицијата тоа е „расипништво“

Треба да се набави нов државен авион за официјални и државни потреби, порача директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, оценувајќи дека државата, доколку сака да се претставува сериозно на меѓународно ниво, мора да располага со соодветни транспортни капацитети.Според Томовски, постојниот авион не ги задоволува потребите на државните институции. Тој посочи дека леталото е склоно на чести дефекти, повеќепати било испраќано на сервисирање, има ограничен капацитет од околу шест седишта и не овозможува превоз на соодветни делегации. Во таа насока, Томовски оцени дека сериозен државен имиџ подразбира и сериозни возила и авион.Изјавата веднаш предизвика реакции од опозициската СДСМ, од каде што ја обвинија Владата дека, во време на економски притисоци и ниски приходи, приоритет ѝ е луксузот, а не животниот стандард на граѓаните. Од партијата посочија дека додека работниците тешко ги покриваат основните трошоци за живот и додека минималната плата не се зголемува, Владата размислува за купување авион за премиерот и за, како што велат, туристички патувања.Според СДСМ, за зголемување на минималната плата и за поддршка на приватниот сектор би биле потребни околу 200 милиони евра, додека за авион се споменуваат уште стотици милиони евра. Опозицијата оцени дека власта одбива да обезбеди повисоки плати, но не се откажува од луксузните трошоци.Во реакцијата, од СДСМ направија и споредба со претходните влади, наведувајќи дека поранешниот премиер Никола Груевски купувал луксузни автомобили и скапи лични предмети со пари на граѓаните, а дека актуелниот премиер Христијан Мицкоски, според нив, сака да оди чекор понатаму преку набавка на авион вреден стотици милиони евра.Полемиката околу државниот авион ја отвори пошироката дебата за владините приоритети, односно дали во услови на економски предизвици и барања за повисоки плати, државата треба да инвестира во скап авион или средствата да ги насочи кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-librarytjamih4msa5veZJlUDJ

Македонското вино чекор поблиску до светската елита на саемот Wine Paris

Македонските винарии од 9 до 11 февруари ќе се претстават на еден од највлијателните меѓународни вински саеми, Wine Paris, преку заеднички национален штанд под името „Macedonian Wines“, со што ќе го промовираат квалитетот, потенцијалот и автентичноста на македонското винарство пред светската винска јавност.Настапот се реализира со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, како дел од стратешките напори за зголемување на извозот и унапредување на меѓународната препознатливост на македонските вина.Рамо до рамо со најреномираните светски винарии, македонските производители ќе ги претстават автохтоните вински сорти, специфичниот тероар и современите технологии во производството, испраќајќи порака дека Македонија сè посигурно го зазема своето место на глобалната винска мапа.Покрај официјалниот настап на саемот, во Париз ќе се одржи и посебен промотивен настан под наслов „Nuit du Vin Macédonien“ – „Ноќ на македонските вина“, наменет за презентација и дегустација пред внимателно селектирана публика од вински професионалци, дистрибутери, медиуми и познавачи на виното.Настанот е реализиран со поддршка и заложба на амбасадорот на Република Македонија во Франција, Игор Николов, кој имал значајна улога и во координацијата на настапот на македонските винарии на Wine Paris.Со овој настап, македонското вино испраќа јасна порака дека со својот квалитет, традиција и автентичност е подготвено за посилно и повидливо присуство на еден од најпребирливите и највлијателни светски пазари.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-libraryvguvavm0h61idIMe95y

„Ќе умре и онака“: Изјава што ја одбележа расправата за терапиите на Онкологија

На судењето за случајот со Клиниката за онкологија, се отвори клучна контроверзија околу ставот дека кај тешко болни пациенти „нема потреба од терапија, бидејќи и онака ќе умрат“, што, според одбраната, произлегува од толкувањата на вештачењето.Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, која изработила медицинско вештачење според истории на десетици пациенти, посочи дека кај дел од случаите биле давани терапии без јасна индикација, во несоодветни дози и интервали, со што болеста напредувала побрзо, а во поединечни случаи, според неа, хемотерапијата можела и да ја забрза смртта.Одбраната на поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, остро реагираше, оценувајќи дека ваквиот пристап е „ригиден и теоретски“ и опасен во пракса. Адвокатот Боби Спирковски истакна дека ваквото толкување практично води до ставот дека кога лекарот ќе процени дека пациентот е „готов“, не треба да му се дава терапија, што, според него, е форма на прикриена еутаназија.„Кој може да каже колку време ќе живее пациентот за да одлучи дека веќе не треба да се лекува? Во нашата пракса, дури и кога состојбата е тешка, се дава терапија со надеж дека ќе се продолжи животот“, порача Спирковски, нагласувајќи дека лекарите често се принудени да работат со ограничени ресурси и без целосна достапност на лекови.Случајот продолжува во доказна постапка, а судот ќе треба да одмери дали станува збор за несовесно лекување или за медицински одлуки донесени во услови на тежок и ограничен здравствен систем.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-library4097e5t1147h6PuE8ww

Донесена одлука: Во Кочани ќе се гради „Патека на бесконечноста“ во спомен на 63-те жртви од трагедијата во „Пулс“

Во Кочани ќе се гради спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, посветено на 63-те ангели кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“. Родителите на жртвите информираат дека ја добиле официјалната одлука со која се одобрува изградбата на меморијалот, што за нив претставува важен и долгоочекуван чекор напред.Како што соопштуваат, Советот на Општина Кочани на седницата одржана на 30 јануари 2026 година донел официјална одлука за изведување на спомен-обележјето под името „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“. Проектот е наменет како траен спомен на младите животи што прерано згаснаа во една од најтешките трагедии што го погодија градот и државата.Според усвоената проектна документација, спомен-обележјето ќе се простира на површина од 1.053 квадратни метри. Предвидено е да биде изградено на дел од катастарската парцела број 12179, сместена меѓу улиците „Кеј на револуцијата“ и „Браќа Ставреви“, со максимална висина до три метри.Родителите посочуваат дека процесот не завршува со оваа одлука и дека во наредниот период ќе продолжат со обезбедување на останатата потребна документација, како и со прибирање финансиски средства. Поддршката, како што наведуваат, ќе доаѓа од компании и од поединци, но и преку спортски и хуманитарни настани, дел од кои веќе се одржале, а дел се планирани исклучиво со хуманитарна цел.Во своето обраќање, тие изразуваат длабока благодарност до Советот на Општина Кочани и до сите граѓани за покажаната солидарност, поддршка и човечност во овие тешки моменти. Според нив, оваа одлука е доказ дека заедницата не ги заборава своите најмлади сограѓани.Родителите истакнуваат надеж дека „Патеката на бесконечноста“ ќе биде изградена во најкраток можен рок и дека ќе претставува траен спомен, тивка болка и вечно сеќавање на 63-те млади луѓе кои прерано го напуштија овој свет.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
50-evra

Европа пред финансиски пресврт: Еврото се подготвува за поголема глобална улога

Европа мора да се подготви за значително поголема улога во светските финансии во услови на постепено слабеење на американскиот долар и да ја зајакне сопствената финансиска архитектура за да биде подготвена за зголемен пазарен удел на еврото, оценува Мартин Кохер, гувернер на Австриската централна банка и член на Управниот совет на Европска централна банка.Во изјава за медиумите, Кохер посочува дека зголемената улога на еврото е тренд што трае подолго време и дека во моментов се забележува појачан интерес од меѓународните партнери за европската валута. Според него, токму тоа е една од причините за забележливото зајакнување на еврото и за неговото сè почесто перцепирање како валута што нуди сигурност во периоди на глобална неизвесност.Во услови на кризи и нестабилност, инвеститорите традиционално се вртат кон златото, швајцарскиот франк и американскиот долар. Сепак, во изминатата година еврото зајакна за околу 14 проценти во однос на доларот, делумно како резултат на разнишаната доверба во САД поради честите промени во трговската политика. Истовремено, европските земји најавуваат зголемени инвестиции во одбраната и инфраструктурата, што дополнително ја засилува улогата на еврото.Иако доларот и понатаму има доминантна позиција со околу половина од светските девизни резерви, неговиот удел бележи надолен тренд во последната деценија. Еврото, пак, учествува со приближно 20 проценти. Според Кохер, глобалното финансиско преструктурирање може да му донесе на еврото уште поголема улога, вклучително и статус на безбедно прибежиште, за што Европа мора навреме да се подготви.Тој нагласува дека целта не е по секоја цена да се зголеми меѓународната улога на еврото, но дека околностите може да ја принудат Европа да ја преземе таа улога. Во таа насока, во рамките на Европската централна банка веќе се водат дискусии за користење на различни инструменти за стабилизација на меѓународниот финансиски систем, меѓу кои и меѓународни репо-договори, своп-линии и други механизми за обезбедување ликвидност.Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, неодамна истакна дека не постои директна врска меѓу силната меѓународна улога на една валута и нејзиното зајакнување во однос на другите валути. Таа посочи дека за една валута да биде извор на стабилност, потребни се долгорочно изградени предуслови, како што се сигурно и предвидливо правно опкружување во кое законите се почитуваат, критериум што, според неа, еврозоната веќе го исполнува.Лагард нагласи и дека постои напредок во третата клучна компонента за силна валута – трговската поврзаност со остатокот од светот. Таа оцени дека зајакнувањето на еврото зависи и од трговските договори на Европската унија со региони како Меркосур, Индија, Австралија и други партнери. Дополнително, таа истакна дека обезбедувањето ликвидност е суштински атрибут на силна валута, поради што Европската централна банка го преиспитува и унапредува својот ликвидносен рамковен систем преку репо-линии.

Македонија | пред 3 дена

3 ден.
media-librarydfks938691ls6Bw4X56

Грчката полиција разби мрежа за производство и шверц на илегални цигари

Грчката полиција соопшти дека разбила криминална група која на индустриско ниво произведувала и шверцувала илегални цигари, управувала три фабрики, вршела извоз на дел од продукцијата и вршела трансакции вредни милиони евра, користејќи исклучиво готовина за да избегне откривање, објави Катимерини.Во серија акции изведени во петокот и саботата во пошироката област на Атина, во соседната Вија и на островот Евиа, уапсени се 26 лица, меѓу кои двајцата претпоставени водачи на мрежата. Издадени се потерници и за уште 13 осомничени, меѓу кои и полицаец. Се верува дека групата била активна најмалку од 2018 година.Полицијата откри три фабрики за производство и пакување цигари, шест складишта и камиони. Конфискувани се повеќе од 14 милиони цигари, 20 тони тутун, 1,2 милиони евра готовина, оружје – вклучувајќи автомат, 14 пиштоли и четири пушки, повеќе од 1.600 куршуми, како и слика во стилот на грчкиот уметник Алексис Акратикаис.Нелегалните цигари биле пакувани во фалсификувани брендови и претставуваат сериозен ризик за здравјето на потрошувачите.Осомничените се товарат за членство во криминална група, фалсификување, перење пари и прекршоци по законот за оружје и царински прописи. Само за количествата конфискувани при рацијата, даноците би изнесувале повеќе од 7 милиони евра.

Свет | пред 3 дена

3 ден.
media-library417vtphriakgdyOpmJV

ДИК–ИФЕС: Фокусирана соработка за клучните стратешки приоритети на Комисијата

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) одржаа работен состанок со претставници на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), на кој беше потврдена подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката во рамки на програмата „Поддршка на изборите во Северна Македонија“.„Од страна на директорката на Канцеларијата во Република Северна Македонија, Јоана Косма, беше истакнато дека соработката со ДИК преку проектот на Владата на Швајцарија, „Програма за поддршка на изборите во Северна Македонија“, досега резултирала со конкретни и мерливи постигнувања, особено во делот на развојот на ИТ-решенија, јакнењето на институционалните капацитети, унапредувањето на изборните процеси и зголемена доверба на граѓаните во истите.Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, нагласи дека во текот на неговиот мандат приоритет ќе бидат зајакнувањето на кредибилитетот и видливоста на Комисијата, како и нејзината отвореност кон граѓаните. Во таа насока, тој рече дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи со реформските процеси со јасно дефиниран фокус на клучните стратешки приоритети, меѓу кои потенцирана беше потребата од ставање во функција на Центарот за континуирана обука на ДИК. Маричиќ укажа дека Центарот за обуки веќе има воспоставена законска основа и дека во следниот период, во соработка со ИФЕС, ќе се вложат напори за негово целосно оперативно функционирање, вклучително и обезбедување соодветен кадар.Во рамки на дискусијата, потпретседателот на ДИК, Абдуш Демири, се осврна на значењето на човечките ресурси и континуираната едукација како клучен елемент за одржливост на реформите. На состанокот членовите на Комисијата, кои и во претходниот состав учествувале во работата на ДИК,  ги посочи ја досегашните искуства од соработката со ИФЕС, нагласувајќи ја важноста од надградување на постигнатите резултати и обезбедување континуитет во реформските процеси.На состанокот беше заеднички констатирано дека партнерството меѓу ДИК и ИФЕС останува стратешко и во наредниот период, со цел унапредување на изборните процеси и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот систем“, се вели во соопштението.

Македонија | пред 3 дена

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања