ПРЕДМЕТИ

media-libraryeivbsgsbb7pj8sMERTy

Итна седница во Судскиот совет: ќе се решава за имунитетот на судијата Ѓоко Ристов

Судскиот совет за денеска во 15:30 часот ја закажа 535-тата итна седница, на која ќе се расправа и ќе се одлучува по барањето на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитетот на судијата Ѓоко Ристов и за одобрување мерка куќен притвор.Претходно денеска, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара одземање на пасошот и определување куќен притвор за Ристов, кој е осомничен во истрагата во која беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид.Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека обвинителството доставило предлог за определување куќен притвор и дополнителни мерки за обезбедување присуство, по што предметот веднаш бил распределен кај судија на претходна постапка. Согласно законската процедура, судијата без одлагање го известил Судскиот совет, од каде што се очекува официјален став поради судискиот имунитет.По одлуката на Судскиот совет, судијата на претходна постапка ќе продолжи со постапувањето и ќе одлучува за предложените мерки. Од Кривичниот суд појаснуваат дека до овој момент судијата Ристов ниту бил спроведен пред суд, ниту доброволно се јавил, а единствено е доставен предлогот од обвинителството.

Македонија | пред 1 седмица

media-libraryifrrr98q8id927HY7ta

Пред судот да одлучи дали судијата Ѓоко ќе седи во куќен притвор, треба Судски совет да каже дали ќе му го симнат судискиот имунитет

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е доставен предлог за определување мерка куќен притвор и дополнителни мерки за обезбедување присуство во предметот против судијата Ѓоко Ристов, осомничен по истрагата во која беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид.Како што појаснуваат од Кривичниот суд, предлогот веднаш бил распределен кај судија на претходна постапка, кој без одлагање испратил известување до Судски совет, од каде што се очекува официјален одговор. По добивањето на ставот од Судскиот совет, судијата на претходна постапка ќе продолжи со натамошно постапување по предметот.Од Судот дополнуваат дека до овој момент судијата Ѓоко Ристов ниту бил спроведен пред суд, ниту се јавил доброволно, а единствено што е доставено е предлогот од обвинителството за определување мерки.Постапката, како што наведуваат, е во фаза на процесни чекори кои се условени од одлуката на Судскиот совет, со оглед на судискиот имунитет, по што ќе следува одлучување за предложените мерки.

Македонија | пред 1 седмица

media-librarykvthg4k5ut31a4JlRGp

Судијата е во Обвинителство: Бараат да оди во куќен притвор додека се истражуваат 350.000 евра најдени во ѕид

Предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го сослуша осомничениот судија, при што му беа предочени сите досега прибрани докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил кривичните дела што му се ставаат на товар.По спроведеното сослушување и оценка на објективните и субјективните услови неопходни за определување мерка за обезбедување на присуството на осомничениот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор.Покрај оваа мерка, обвинителството предложи и определување мерка на претпазливост, со која се бара привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање таков документ.Од Обвинителството наведуваат дека предложените мерки се насочени кон обезбедување непречено водење на постапката, имајќи ја предвид тежината на делата и фазата во која се наоѓа истрагата. Одлуката по предлогот треба да ја донесе судијата на претходна постапка.Ристов е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, при што во домот на неговите родители во Неготино, за време на претрес извршен по наредба на суд, беа пронајдени 350.000 евра скриени во соѕидан простор во ѕид. Обвинителството соопшти дека парите се сомнителни како незаконски стекнати, а постапката е дел од поширока истрага за висока корупција, поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност.Судијата и натаму ужива имунитет, кој може да му биде симнат од Судскиот совет, по барање на судија на претходна постапка.

Македонија | пред 1 седмица

media-libraryjb22uj89fjatf4Fi7Fb

За Ѓоко Ристов засега не се бара притвор, а има и имунитет оти е судија

За судијата Ѓоко Ристов засега нема да се бара да испратен во притвор, ниту пак има информации дека е задржан од страна на надлежните органи. Тој и натаму ужива имунитет, кој може да му биде симнат од Судскиот совет, по барање на судија на претходна постапка.Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека постапката е во тек и дека конечна одлука за евентуални мерки допрва ќе се носи.„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме“, велат од ОЈО-ГОКК.Ристов е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, при што во домот на неговите родители во Неготино, за време на претрес извршен по наредба на суд, беа пронајдени 350.000 евра скриени во соѕидан простор во ѕид. Обвинителството соопшти дека парите се сомнителни како незаконски стекнати, а постапката е дел од поширока истрага за висока корупција, поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а во зависност од нивниот исход ќе се одлучува дали ќе се побара притвор и одземање на судискиот имунитет.

Македонија | пред 1 седмица

media-libraryk9chqiu7d1gceH1tl4i

МВР со детали за претресот кај родителите на судијата, каде открија пари соѕидани во ѕид

Министерството за внатрешни работи соопшти дека полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка, извршиле претрес на дом и други простории на подрачјето на Неготино.Претресот бил извршен во рамки на истрага за пронаоѓање предмети кои потекнуваат од сторени кривични дела, а се однесува на случајот со Ѓоко Ристов, судија во Апелациониот суд во Скопје, осомничен за примање награда за противзаконито влијание.Како што информираат од МВР, при претресот во соѕидан простор во ѕидот биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.Од Министерството појаснуваат дека денешното постапување е резултат на дејствија преземени во рамки на опсежна истрага на Обвинителството, откако на 14 декември 2025 година бил осомничен адвокат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.Според официјалното соопштение, станува збор за една од најопсежните истраги поради сомневања за висока корупција во државата досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенција за национална безбедност.Претресите и другите истражни дејствија, како што наведуваат од МВР, продолжуваат, а јавноста ќе биде навремено информирана за натамошниот тек на постапката.

Македонија | пред 1 седмица

media-librarykvthg4k5ut31a4JlRGp

Најдени 350.000 евра во соѕидан простор во домот на родителите на судијата од Апелација, осомничен за висока корупција

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека постапката за случајот поврзан со Ѓоко Ристов, судија во Апелациониот суд во Скопје, е проширена, по интензивни истражни дејствија што се преземаат од средината на декември.Како што информира Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапката е иницирана откако на 14 декември бил осомничен адвокат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Во текот на истрагата, обвинителството обезбедило докази кои довеле до проширување на истрагата и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“, за кој постојат сомненија дека е прибавен, меѓу другото, со дејствија на корупција и трговија со влијание.Врз основа на наредба обезбедена од надлежен суд, денеска бил извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на осомничениот судија. При претресот, во простор соѕидан во ѕид, биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека се незаконски стекнати и прикриени.Од обвинителството информираат дека претресите и другите истражни дејствија продолжуваат и дека јавноста ќе биде навремено известена за понатамошниот тек на постапката.Според официјалното соопштение, станува збор за една од најопсежните истраги за сомневања за висока корупција во државата досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенција за национална безбедност.Истражните дејствија, координирани од јавен обвинител, ги спроведуваат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерство за внатрешни работи и Управа за финансиска полиција, а обвинителството ја истакнува нивната посветеност и професионален интегритет како клучни за обезбедување докази за, како што се наведува, еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.

Македонија | пред 1 седмица

media-libraryg2hfnt9p5bu5bEiRA0G

Семејна драма во Чучер Сандево: маж со автомат се заканувал дека ќе ја убие сопругата и ќерките

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради сомнение за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи, казниво според член 396 став 5 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик.Според наводите на обвинителството, осомничениот на 13 јануари во својот дом во Чучер Сандево неовластено држел автоматско оружје STEN MKII, кое е целосно забрането за поседување од страна на граѓани, како и 71 куршум муниција со калибар 9 милиметри „Пара“, наменета за испалување од таков вид автоматско оружје.Оружјето и муницијата биле пронајдени откако сопругата на осомничениот ги известила полициските службеници кои пристигнале во домот по пријава дека тој ѝ се заканувал нејзе и на нивните две ќерки, родени во 2006 и 2010 година, дека ќе ги убие. Според пријавеното, најпрво упатувал закани кон сопругата дека ќе ја запали, по што искршил дел од покуќнината и со нож им се заканувал и на ќерките.Поради ваквите дејствија, со кои кај оштетените предизвикал чувство на сериозна загрозеност и страв, осомничениот се гони и за кривично дело загрозување на сигурноста, согласно член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.Имајќи ја предвид тежината на делата, опасноста од бегство и можноста осомничениот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.

Македонија | пред 1 седмица

media-library8em3b8601fju3ZE1TSO

Палевски се жали од судијата кој го осуди на доживотна робија

Љупчо Палевски – Палчо, кој првостепено е осуден на доживотна казна затвор за грабнувањето и свирепите убиства на тинејџерката Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, поднел претставка до Судскиот совет, жалејќи се на, како што навел, тоа што судијата Ивица Стефановски, предолго ја пишувал писмената пресуда, која сега е во рацете на Апелација.Претставката на Палевски се најде на дневен ред на денешната седница на Судскиот совет, но по разгледувањето, членовите ја отфрлија како неоснована. Во неа, осудениот изразил незадоволство и од постапувањето на судијата Ивица Стефановски.Судијата Стефановски, пак, доставил писмено изјаснување до Судскиот совет во кое навел дека станува збор за исклучително сложен предмет, со обемен доказен материјал, бројни сведоци и повеќе обвинети, но и дека имал проблеми со здравјето па отсуствувал од работа.Паралелно со оваа постапка, Палевски по изрекувањето на доживотната казна затвор поднесе и жалба до Апелациониот суд во Скопје, со која бара да биде ослободен од вина или предметот да се врати на повторно судење. Жалбата ја поднел неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, кој во јавноста тврдеше дека во првостепената постапка биле направени сериозни процесни пропусти.Според одбраната, дел од доказите наведени во пресудата воопшто не биле изведени на главната расправа, а на одредени места, како што тврдат, судот се повикал на искази на обвинети како доказ, што, според нив, е правно недозволиво. Адвокатот најави дека на јавна седница пред Апелациониот суд детално ќе ги образложат овие наводи, особено несогласувањата во временските рамки и логичките противречности во пресудата.Судија-известител за предметот во скопска Апелација е Ѓоко Ристов, а предметот веќе е доставен на мислење до Вишото јавно обвинителство Скопје. Жалба на првостепената пресуда поднесе и Јавното обвинителство, но во делот што се однесува на ослободителната одлука за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој беше ослободен од обвинението за помагање при грабнувањето.Во првостепената пресуда, судот на Палевски и на Манев, Видевски и Кешишев им изрече по 10 години затвор за кривичното дело грабнување на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, како и доживотна казна затвор за двете убиства. Иако пресудата беше донесена, мотивите за злосторствата што ја потресоа јавноста во 2023 година и понатаму не се целосно разјаснети.Се очекува Апелациониот суд во наредниот период да закаже јавна седница, по која ќе одлучи дали ќе ја потврди првостепената пресуда, ќе ја укине и ќе наложи повторно судење или ќе донесе поинаква одлука.

Македонија | пред 2 седмици

media-librarykpkv72gk1ldc5ZiHa3j

Дадена наредба за обдукција на двегодишното дете кое почина на Клинички, по повреда на новогодишната ноќ

Двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ, утринава им подлегна на повредите на Клиниката за детска хирургија во Скопје. И покрај интензивните напори на медицинските тимови, лекарите констатирале смрт, потврдија од надлежните институции.Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека во однос на случајот е издадена наредба за обдукција на телото, со цел целосно расветлување на причините и околностите под кои настанала трагедијата.Според досегашните сознанија од истрагата, детето било надвор со својата мајка, каде присуствувале на новогодишна прослава и огномет, кога било погодено од метален проектил, за кој се сомнева дека станува збор за залутан куршум. По инцидентот, детето веднаш било пренесено во болница, најпрво во Градската општа болница, а поради сериозноста на повредите било итно транспортирано на Детската клиника.Лекарите утврдиле тешки повреди на мозокот и состојба директно опасна по живот. Детето било сместено на одделението за интензивна нега, но повредите се покажале како фатални.Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно потврди дека случајот е под истрага и дека надлежните служби ги испитуваат сите можни сценарија.„Станува збор за тешко телесно повредено детенце од две години, со присуство на метален фрагмент. Во овој момент не можеме со сигурност да кажеме како точно дошло до повредата. Постојат повеќе теории и јавноста ќе биде информирана откако ќе се утврдат фактите“, изјави Тошковски.За инцидентот засега не се соопштуваат официјални податоци за точната локација и конкретните околности под кои настанал, ниту лични податоци за семејството, со цел заштита на истрагата.

Скопје | пред 3 седмици

media-librarykrdfi0qnvoog3esX0qx

Кривична постапка за „Јужна пруга“: објектот работел и покрај службена забрана

Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против едно лице поради основано сомнение за сторено кривично дело „симнување и оштетување на службен печат или знак“ од член 389 став 1 од Кривичниот законик.Според информациите од Обвинителството, осомничениот е сопственик и управител на угостителскиот објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој претходно му била изречена забрана за вршење на дејност. Забраната била донесена со решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром и истата била јавно истакната на влезната врата од објектот.И покрај тоа, осомничениот го отстранил решението, а при последователна инспекциска контрола било утврдено дека угостителскиот објект продолжил со работа и дека во него имало присутни гости, иако дејноста била формално забранета.Од Обвинителството наведуваат дека со ваквото постапување, осомничениот свесно продолжил да врши угостителска дејност без да ги исполнува законските услови, со што манифестирал непочитување на службените акти и директно ја нарушил службената функција на издаденото решение. Со тоа, според обвинителството, било попречено и нормалното функционирање на државните и јавните институции.Поради основаното сомнение дека со симнувањето на службениот знак е исполнето битието на кривичното дело, јавниот обвинител побарал од надлежниот суд да изрече мерка на претпазливост за време на кривичната постапка. Конкретно, предложено е да се изрече забрана осомничениот да врши дејност за давање угостителски услуги, како и целосно да се спроведе решението донесено од надлежните инспекциски служби.

Скопје | пред 4 седмици

droga1

Полицијата откри импровизирана лабораторија за марихуана во дом во Богородица: татко и син под истрага за марихуана

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе истражна постапка против две лица – татко и син од гевгелиското село Богородица, поради основано сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.При претрес извршен со судска наредба на 17 декември во домот на осомничениот татко, биле пронајдени околу 150 грама марихуана во различни пакувања, семки од канабис, метални и пластични грендери, две дигитални ваги, три бонга, како и шатор опремен со електрична инсталација, светилки, ламби и уреди за мерење температура, кои служеле за претходно производство на марихуана.Според Обвинителството, осомничениот син посредувал во купопродажбата на дрогата. Марихуаната што ја презел од неговиот татко со намера да ја препродаде, ја однел во куќата на неговиот дедо, каде што престојувал. Кога полициските службеници пристигнале да извршат претрес и на таа локација, тој ја заклучил влезната врата, дрогата ја фрлил во ВЦ-шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од наркотична дрога.Поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност за попречување на кривичната постапка преку влијание врз сведоци, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гевгелија достави предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патните исправи.

Македонија | пред 1 месец

media-library19jfm8j13la20et7JEY

Ужасен случај во Битола: Ја удирал со боксови по глава, па продолжил да ја удира со трпезариска столица и ја влечел на тераса за да ја фрли

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишен маж, осомничен за сторени кривични дела „Телесна повреда“ и „Полов напад и силување“, согласно Кривичниот законик.Според обвинителството, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, осомничениот физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка. Тој ја удирал по телото, лицето и главата, а во еден момент зел и трпезариска столица со која продолжил да ја удира.Потоа, како што се наведува, ја влечел и носел кон терасата, заканувајќи ѝ се дека ќе ја фрли. Од нападот, жената се здобила со телесни повреди.По физичкото насилство, осомничениот ѝ наредил да се соблече со намера да имаат сексуален однос. Откако таа одбила, тој, според обвинението, насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија.Јавниот обвинител, оценувајќи ја тежината на делата, опасноста од бегство и ризикот осомничениот да продолжи со насилство врз жртвата со која живее во ист дом, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Битола достави предлог за определување мерка притвор.Судот треба да одлучи по предлогот на обвинителството.

Македонија | пред 1 месец

DSC_0289

Злато, сребро и кало-растур: Обвинителството бара притвор за даночно затајување

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против две лица осомничени за долгогодишно даночно затајување, со кое, според сомнежите, е оштетен државниот буџет за 64.924.298 денари, односно за повеќе од еден милион евра.Како што соопшти Обвинителството, истрагата се однесува на кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 став 3 во врска со став 1 и член 45 од Кривичниот законик, извршувано во период од почетокот на 2020 до крајот на 2024 година.Осомничените, во својство на сопственици и управители на правно лице од Скопје, со умисла избегнувале целосно плаќање на персонален данок на доход од 11,11 отсто и данок на додадена вредност од 18 отсто, на кои биле законски обврзани. Тие давале лажни податоци или воопшто не пријавувале релевантни факти што имале влијание врз утврдувањето на даночните обврски, поради што истите не биле утврдени.Според наводите во истражната постапка, затајувањето било вршено преку непријавување на приходи од трговија со златен накит, златни прачки, необработено сребро, како и од необработен кало-растур.Поради ризик од бегство, можност за продолжување на кривичното дело и опасност од влијание врз сведоци, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. При тоа била земена предвид и тежината на делото, како и фактот дека станува збор за незаконски стекната корист од големи размери.

Македонија | пред 1 месец

Screenshot-2024-12-29-at-23.03.10

Акција за организиран криминал: 11 уапсени, 33 осомничени за злоупотреби тешки 7,6 милиони евра во ЕСМ

Единаесет лица се уапсени, а против вкупно 33 лица е отворена истражна постапка поради сомнеж за сериозен организиран криминал поврзан со јавни набавки во ЕСМ Дистрибуција на топлина, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).Акцијата била спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември и во текот на вчерашниот ден, на повеќе локации во Скопје и околината, Куманово, Неготино, Велес, Пехчево, Пробиштип и Кочани, под раководство на јавен обвинител и со учество на полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал при МВР.33 осомничени за злосторничко здружувањеСпоред Обвинителството, сите 33 лица се осомничени за кривично дело „Злосторничко здружување“, при што:7 лица се осомничени како помагачи или поттикнувачи за продолжено кривично дело злоупотреба на постапка за јавна набавка,12 лица се товарат за продолжена злоупотреба на службена положба и овластување,20 лица се осомничени како соизвршители за перење пари и други приноси од казниво дело.Според наводите во истрагата, во текот на 2023 година, тројца службени лица вработени во ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје, заедно со четворица управители и/или сопственици на две приватни компании, формирале организирана група со цел изигрување на постапките за јавни набавки.Групата однапред изготвила техничка спецификација за набавка на „СКАД ормари – мониторинг ормари со ГСМ контролор за топлински станици“, со што, според Обвинителството, била наместена постапката за конкретни фирми.На јавниот повик се пријавиле две правни лица – едно од Скопје и едно од Куманово. Компанијата од Куманово доставила нецелосна документација и повисока понуда, додека скопската фирма понудила цена речиси идентична со проценетата вредност на набавката, иако таа вредност не била јавно објавена.Со тоа, било овозможено скопската фирма да го добие тендерот, со што се стекнала со противправна имотна корист од 472.470.407 денари со ДДВ, односно околу 7,68 милиони евра, на штета на буџетот на ЕСМ Дистрибуција на топлина.По реализацијата на јавната набавка, во периодот од 2023 до 2025 година, осомничените, со цел прикривање на потеклото на средствата, пуштиле во оптек, примиле и пренеле 125.556.930 денари, односно околу 2,04 милиони евра, со што, според обвинителството, го оствариле кривичното дело перење пари.По предлог на јавниот обвинител, Основниот кривичен суд Скопје прифатил мерки:7 лица добија притвор,за 6 лица се изречени мерки за обезбедување присуство во постапката.Обвинителството најавува продолжување на истрагата и дополнителни дејствија во предметот

Македонија | пред 1 месец

media-library4cs1nq6ofkh13QXNepr

Ноќна полициска акција: Приведен и ексдиректор на ДУИ за финансиски проневери

Во ноќна полициска акција е уапсен Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги, дознава „Скопје1“.Заедно со Дардишта се уапсени уште неколку лица, а паралелно се извршени и претреси на повеќе локации низ државата. Од Јавното обвинителство засега не соопштуваат детали за идентитетот на другите приведени.Бујар Дардишта е кадар на ДУИ и во изминатите години извршувал повеќе раководни функции во државната администрација. Најпознат е по мандатот како директор на Управата за водење на матични книги, а подоцна беше именуван и за управител во ЕСМ Дистрибуција.Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираат дека акцијата се спроведува под раководство на јавен обвинител, а во неа учествуваат полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР.„Од ноќеска се преземаат координирани активности на повеќе локации во Скопје и Куманово, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од финансиско-економска природа“, соопштија од ОЈО ГОКК.Од Обвинителството најавуваат дека повеќе информации ќе бидат споделени по завршување на теренските активности.

Македонија | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања