„Претрес“ на Јаневска: Штанцање на закони, купување дипломи, ниска култура, (не)писменост, политика
„Претрес“ на Јаневска: Штанцање на закони, купување дипломи, ниска култура, (не)писменост, политика

Кристијан Ландов

black-friday

Вонредни инспекциски контроли за „Black Friday“

Државниот пазарен инспекторат за најавените продажни поттикнувања “Black Friday” акции ќе врши засилени вонредни инспекциски надзори кај сите трговци на територија на целата држава.Целта, според ДПИ е да се заштитат потрошувачите од нечесни трговски практики како и почитување на законските обврски од страна на трговците кои нудат попусти.,,Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски. Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите. Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk”, велат од ДПИ.

Македонија | пред 3 месеци

media-library4qbs4shu366a68zg6ST

Скоро две години без одговори за смртта на 27-годишниот Александар Михаиловски кој отиде да работи, а загина во Чешка

Дваесет и седумгодишниот Александар Михаиловски од Ранковце, вработен како монтер во компанијата „ЕЛНОС БЛ“, загина на 13 март 2024 година додека извршувал работни задачи на далновод во Чешка. Неговото семејство тврди дека трагедијата е последица на тешки пропусти во безбедноста при работа и негрижа од страна на претпоставените, а дека институциите речиси две години не презеле ништо.Семејството достави документација до „Скопје1“, меѓу која и спроводница од македонската амбасада во Прага, записник од Министерството за труд и социјална политика и сведочење на колега кој бил со Александар во моментот на несреќата.Братот на загинатиот, Слаѓан Михаиловски, вели дека институциите ја одолговлекуваат постапката и стравува дека случајот се остава да застари.„Мојот брат работеше во фирмата повеќе од четири години, уредно пријавен и осигуран. Работеше легално во Чешка со виза обезбедена од компанијата. Несреќата се случи поради човечка грешка и негрижата на претпоставениот – не ги обезбедил мерките за безбедност. Има докази и сведоци. Поднесовме кривична пријава, но речиси две години никој ништо не презема“, вели тој.Што се случило на 13 март 2024 година?Според спроводницата на Амбасадата на Република Северна Македонија во Прага, Александар загинал како последица на „паѓање од висина“.Записникот од Министерството за труд наведува дека несреќата се случила во местото Ревниче, Република Чешка, за време на работни задачи кои ги извршувал како монтер на далновод. При изведување работи на столб од далновод, дошло до пукање на столбот и уривање на корпата во која се наоѓал.Во изјавата дадена под материјална и кривична одговорност, колегата на Александар, Слаѓан Јовчиќ – детално ја опишува трагедијата:„Столбот почна да се руши и паѓаше кон корпата. Сето се случи многу брзо. Кога се свртев, видов дека столбот е паднат, а корпата откината и фрлена на другата страна. Александар беше паднат и веднаш забележавме дека е починат на самото место“, стои во изјавата на Јовчиќ заверена на нотар.Обвиненија за пропусти: неисправна опрема, неправилни мерки, необучени работнициВо барањето испратено до Основното јавно обвинителство Скопје и Крива Паланка, адвокатите на семејството наведуваат серија сериозни пропусти:– корпата била поставена на крај од кран, на неиспитан и неодобрен начин– не биле спроведени задолжителни мерки за безбедност и здравје при работа– немало стручно лице што требало да ја надгледува работата– не биле обезбедени превентивни мерки– работниците не биле соодветно обучени– работните средства не биле проверени за исправност и безбедност„Смртта на Александар настапила како директна последица на пропуштени мерки од страна на работодавачот“, се наведува во поднесокот доставен до обвинителството од страна на семејството.Семејството: „Стравуваме дека намерно се чека да застари случајот“Слаѓан Михаиловски за „Скопје1“ сведочи:„Не е можно дваесет и три месеци да нема никакво движење. Секојпат кога одам во Обвинителството, велат дека е ‘во постапка’. Стравуваме дека се чека да поминат три години за делото да застари. Така никој нема да одговара за смртта на мојот брат.“Семејството бара итно продолжување на постапката, кривична одговорност за фирмата и претпоставениот, како и целосно утврдување на причините што довеле до смртта на младиот работник.„Скопје1“ побара став и од Обвинителството, дали води предмет, во која фаза е, но и дали може да застари. Оттаму очекуваме одговори.

Македонија | пред 3 месеци

media-library1nvae3sj3hf3cNjch92

Шест години без Горан Стефановски – драматургот што ја напиша македонската болка

Денес се навршуваат шест години од смртта на Горан Стефановски (1952–2018), еден од највлијателните и најценети македонски драмски автори, чија работа ја надмина домашната сцена и остави длабока трага низ целиот регион. Стефановски почина на 27 ноември 2018 година во Велика Британија, по кратко, но тешко боледување, на 66-годишна возраст.Автор на антологиските „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Дупло дно“, „Лет во место“ и десетици други драмски текстови, Стефановски создаде сопствен драматуршки универзум во кој преку судбината на едно семејство ја расправаше судбината на македонскиот народ – неговите кршливости, болки, социјални неправди и вечната борба за подобро утре. Неговите драми и денес се играат на сцените низ Европа, а критиката едногласно го смета за еден од најмоќните драматурзи на поранешна Југославија.Роден во Битола во 1952 година, Стефановски дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а драматургија студирал во Белград. Работел во Телевизија Скопје, бил асистент на Филолошки факултет, професор на Факултетот за драмски уметности, член на ПЕН центарот, на Друштвото на писатели на Македонија и од 2004 година – академик на МАНУ.Во неговиот драмски свет постојат три вида ликови – оние што предаваат, оние што се двоумат и оние што се бунат. Од „луѓе-нелуѓе“ како Киро од „Лет во место“, до револуционерни, донкихотовски ликови како Андреја од „Диво месо“ или Цибра од „Тетовирани души“, Стефановски создаваше карактери што ја читаат историјата од внатре, од позиција на човек кој се бори со себеси и со времето во кое живее.Токму неговата способност да го спои личното со општото, интимното со политичкото, ја направи неговата работа вечна и неопходна за разбирање на македонскиот општествен и културен развој.Стефановски зад себе остави импресивен опус – драми, телевизиски текстови, радио-драми, либрета – повеќе од четири децении творештво. Добитник е на „Стале Попов“, „11 Октомври“, двапати на „Стериина награда“ и дури шестпати на „Војдан Чернодрински“.Шест години по неговото заминување, делата на Стефановски остануваат меѓу најиграните, најчитаните и најпроникливите сведоштва за македонската душа. И денес, како и тогаш, неговите зборови звучат како предупредување, како огледало и како надеж: дека иднината доаѓа тешко, минатото тешко си оди – а ние сè уште се обидуваме да ја глумиме сегашноста.

Македонија | пред 3 месеци

Screenshot-2025-08-18-at-19.53.36

Трамп: Нападот врз Националната гарда е „чин на терор“

Американскиот претседател Доналд Трамп го оцени вчерашниот вооружен напад врз двајца припадници на Националната гарда во центарот на Вашингтон како „чин на терор“, „чин на зло“ и „злосторство против целата нација“. Двајцата војници беа застрелани од непосредна близина во заседа, само неколку улици од Белата куќа, во близина на метро-станицата Farragut West. Напаѓачот – 29-годишниот афганистански државјанин Рахманулах Лаканвал – бил совладан од трети припадник на Гардермата и префрлен во болница.Полицијата соопшти дека војниците се во критична состојба, а мотивот сè уште не е познат. Според Министерството за внатрешна безбедност, Лаканвал дошол во САД во 2021 година по падот на Авганистан, како дел од хуманитарната програма за преселување на Авганистанци кои соработувале со американската армија. Минатата година поднел барање за азил, кое било одобрено во април 2025 година.Трамп во видео-обраќање повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за „дозволување опасни странци да влезат во Америка“, тврдејќи дека Лаканвал бил „доставен со авион во 2021 година“ и дека неговиот статус бил продолжен „според закон потпишан од Бајден“. Трамп порача дека „секој Авганистанец кој под Бајден влегол во земјата мора повторно да биде испитан“ и дека САД мора да ги отстранат сите странци „кои не придонесуваат за државата“.Инцидентот се случува во период кога повеќе од 2.000 припадници на Националната гарда се распоредени во Вашингтон по наредба на Трамп, кој тврди дека во градот има „експлозија на криминал“, иако официјалните статистики не го потврдуваат тоа. Распоредувањето е предмет на правна битка – федерален судија го прогласи за незаконско и нареди повлекување, но одлуката е суспендирана на три недели по жалба на администрацијата. По нападот, Трамп побара дополнителни 500 војници да бидат испратени во главниот град.Американската агенција за државјанство и имиграција доцна синоќа соопшти дека ги запира сите имиграциски постапки поврзани со авганистански државјани, додека трае истрагата за нападот.

Свет | пред 3 месеци

voz

Трагедија во Кина: Воз усмрти 11 работници, двајца повредени

Во југозападниот кинески град Кунминг се случи најтешката железничка несреќа во Кина во изминатата деценија: воз налета на група железнички работници и усмрти единаесетмина, а двајца ги повреди. Инцидентот се случил на заоблен дел од шините на станицата Луојанг Таун, каде што возот изведувал тестирање на опрема за детекција на земјотреси.Истрагата е во тек, а локалните власти соопштија дека железничкиот сообраќај на станицата продолжил без прекин. Кинеската железничка мрежа, најголема во светот со повеќе од 160.000 километри, е позната по својата ефикасност, но инцидентот повторно предизвика загриженост околу безбедносните стандарди.Кина и претходно се соочувала со трагични несреќи: во 2011 година во провинцијата Жеџијанг загинаа 40 лица, а повеќе од 200 беа повредени при судир на брзи возови, додека во 2021 година деветмина работници загинаа кога воз удри во екипа на пругата Ланжу–Синџијанг во провинцијата Гансу.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryc24gvk4hidem8MXooue

Авганистанец со одобрен азил ги рани двајцата припадници на Националната гарда во близина на Белата куќа

На само неколку улици од Белата куќа, вчера утрото се случи вооружен напад во кој двајца припадници на Националната гарда беа тешко ранети. Осомничен е 29-годишниот авганистански државјанин Рахманулах Лаканвал, кој беше совладан и уапсен на лице место, потврди американското Министерство за домашна безбедност.Според извори од полицијата за CBS News, Лаканвал влегол во САД во 2021 година, во рамки на програмата на администрацијата на Џо Бајден за прием на авганистански државјани по падот на Кабул. На 8 септември 2021 година му била издадена условна дозвола за престој од хуманитарни причини, позната како „Операција Добредојде сојузници“.Во 2024 година поднел барање за азил, кој му бил одобрен во 2025 година, а неговата апликација за зелена карта е сè уште во постапка.Инцидентот се случил додека припадници на Националната гарда патролирале во рамки на програмата за „висока видливост“, ангажман наложен од претседателот Доналд Трамп. Лаканвал, кој според полицијата делувал сам, излегол од заседа и пукал кон гардистите.Првиот нападнат припадник – жена – веднаш паднала откако била погодена со најмалку два куршума. Напаѓачот потоа го презел нејзиното службено оружје и продолжил да пука, ранувајќи уште еден припадник на Гарда. Третиот припадник возвратил оган и го совладал осомничениот.Директорот на ФБИ, Каш Пател, изјави дека двајцата ранети гардисти, кои доаѓаат од Националната гарда на Западна Вирџинија, се во критична состојба.Полицијата соопшти дека Лаканвал имал само четири куршуми во сопствениот пиштол пред да го преземе оружјето на гардистката.Осомничениот моментално одбива соработка со истражителите.Инцидентот предизвика бурни реакции во американската јавност и политичките кругови. Доналд Трамп во видео-обраќање го опиша Лаканвал како „странец кој влегол од Авганистан – пекол на Земјата“, обвинувајќи ја администрацијата на Бајден за продолжување на неговиот престој.Истражителите во моментов работат на утврдување на мотивите, а безбедносните служби го третираат случајот како напад изведен од осамен напаѓач.

Свет | пред 3 месеци

media-library7dlq6l8do20m0gJ7TVy

Крај за ерата на „Јади бурек“, Јанко открива: Немам ни пензија, само пет години стаж - ја продавам опремата

Авторот на култната емисија „Јади бурек“, Јанко Илковски, соопшти дека шоуто престанува да се емитува и дека сценографијата е ставена на продажба. Во објава што предизвика големо внимание на социјалните мрежи, Илковски откри дека по повеќе од две децении во медиумите – нема осигурување, ниту доволно стаж за пензија.„Имам само пет години стаж. Никогаш ниедна телевизија не ме вработила. А оние што ме вработиле – не плаќале придонеси“, напиша тој, додавајќи дека цел живот работел како хонорарец, без социјална сигурност.Илковски објави дека целата сценографија од студиото на ТВ Сонце е достапна за продажба: панели, позадина, голема маса, стаклена маса и полица – но не и столиците. Сè се презема лично од студиото, а цената, како што посочува, е „колку побргу, толку поевтино“.„Ако никој не ја земе, ќе си ја соберам дома – ама тогаш цената ќе биде многу повисока, поради транспортни трошоци“, пишува тој.Што се однесува до ТВ Сонце, Илковски вели дека не е надлежен да открива што се случува таму:„Никогаш не бев вработен таму, вечен хонорарец. Немам никаква потреба да објаснувам за судбината на телевизијата.“Во објавата додава и дека моментално нема интерес од друга телевизија да ја преземе емисијата, а нема ниту услови за самостоен стриминг – нема спонзори, а моделот „pay-per-view“, вели тој, не може да покрие ниту сметка за интернет.

Македонија | пред 3 месеци

Vanja-1

Две години по убиството на Вања: Македонија и понатаму трага по одговори

Над Македонија и понатаму тежи едно од најбруталните кривични дела во поновата историја – киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, извршено на 27 ноември 2023 година. Девојчето беше грабнато пред својот дом во скопската населба Центар во 7.30 часот утрото, на пат кон училиште. Наместо на училишна клупа, Вања тој ден заврши со куршум, закопана во импровизирана дупка во околината на Бразда.Телото беше пронајдено шест дена подоцна, на 3 декември 2023 година, по интензивна полициска потрага која го држеше целиот регион во неизвесност. Во истата криминална операција, само неколку дена претходно, беше киднапиран и убиен 74-годишниот Панче Жежовски од Велес – за да биде украден неговиот автомобил, со кој потоа ќе биде грабната Вања.Во ноември 2024 година, Основниот кривичен суд Скопје ја изрече една од најтешките пресуди во историјата на македонското судство:Љупчо Палевски – Палчо: доживотен затворВелибор Манев: доживотен затворВлатко Кешишев: доживотен затворБоре Видевски: доживотен затворАлександар Ѓорчевски (татко на Вања): ослободен од вина за помагање при грабнувањетоСудот утврди дека групата дејствувала организирано, дека Палевски ги планирал двете убиства и дека токму тој пукал во жртвите.Судско-медицинските наоди и исказите од истрагата открија морничави детали:Вања била возена во гепек, со врзани раце и нозе, со леплива лента на лицето. Била убиена за неполни два часа по киднапирањето. Дупката во која е закопана била ископана уште претходниот ден, што ја разби верзијата дека групата имала намера да бара откуп.Улогата на нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски, кој според обвинението им давал информации за нејзиното движење, беше една од најшокантните точки во обвинителниот акт. Судот пресече дека нема докази за било какви негови дејствија во грабнувањето на неговата ќерка.И покрај пресудaтa, остануваат дилеми и неодговорени прашања:Не е пронајдено оружјето со кое се извршени убиствата.Зошто Панче Жежовски беше убиен, кога целта била само неговиот автомобил?Која била вистинската намера на групата, кога никогаш не беше испратено барање за откуп?Дали имало дојави кон Палчо, со оглед дека побегна во Србија, па во Турција?Како полицијата шест дена не го пронајде телото и покрај масовната потрага?Постоеја ли други вмешани?Јавноста особено ја бранува недоследноста во првичните мотиви – користољубие, иако немало ниту обид за преговори со семејството.Две години подоцна, семејствата на Вања и Панче, како и пошироката јавност, сè уште бараат целосна вистина. Пресудата донесе делумна правна завршница, но не и мир. Случајот останува симбол на институционални пропусти, необјаснети мотиви и трагедија што ја промени земјата.Македонија и понатаму се надева дека она што не го кажале обвинетите – ќе го покаже времето или правдата, ако конечно биде целосно сервирана.Пресудата се уште се разгледува од скопска Апелација и не е правосилна.

Македонија | пред 3 месеци

putin-94

Европа под растечки хибридни напади: ЕУ и НАТО размислуваат за прв офанзивен одговор кон Русија

Европа се соочува со најинтензивниот бран хибридни напади досега – руски дронови над Полска и Романија, саботажи на железнички линии, мистериозни експлозии, GPS-ометувања и упади на воени авиони. Во атмосфера на постојани провокации, Европската унија и НАТО веќе отворено размислуваат за потврдa што до неодамна делуваше незамисливо: заеднички офанзивни потези насочени кон Москва. Тоа го пренесува „Политико“, повикувајќи се на високи европски функционери.Двоумењето исчезнува во светло на фактите – од јануари до јули годинава низ Европа се регистрирани повеќе од 110 саботажи и обиди за напади, најмногу во Полска и Франција. Според аналитичарите, руските служби и агенти настојуваат да го тестираат прагот на европската толеранција и да проверат до каде можат да одат без директен одговор. Латвиската министерка за надворешни работи Баиба Браже вели дека „Русија постојано ги испитува границите“, а Европа мора да испрати јасен сигнал – со дело, не со зборови.Ескалацијата е придружена со агресивна реторика од Кремљ. Владимир Путин неодамна порача дека внимателно ја следи „милитаризацијата на Европа“, а Дмитриј Медведев дури зборуваше дека Европејците треба да се „тресат од страв“. Во Брисел таквите изјави се читаат како намерно подигање на тензиите, додека нападите на терен продолжуваат.Европските држави веќе ги засилуваат одбранбените капацитети, но анализите покажуваат дека тоа повеќе не е доволно. Германија, Полска, Италија и други земји бараат европски пристап кон офанзивни кибер-операции, брзо и јавно припишување на нападите на Москва и дури ненадејни воени вежби на источниот фронт. Полска распореди 10.000 војници за заштита на инфраструктура по саботажа на железничка линија кон Украина. Премиерот Доналд Туск го нарече тоа „државен тероризам“.Во Италија, министерот за одбрана Гвидо Кросето ги предупреди сојузниците дека континентот не смее да остане „во инерција“, претставувајќи план за борба против хибридни закани со нов европски центар, кибер-единица од 1.500 луѓе и специјализиран кадар за вештачка интелигенција. Слични иницијативи веќе разгледуваат Германија и Романија, кои ги менуваат правилата за соборување дронови над критични точки.Експертите велат дека идните одговори најверојатно ќе бидат дигитални – насочени кон руските фабрики за дронови, енергетските постројки и логистичките линии за транспорт на оружје. Истовремено, се развиваат планови за засилени информативни операции што би продреле во руската јавност, која во голема мера е отсечена од независни извори.Иако НАТО по природа е одбранбен сојуз, во Алијансата расте уверувањето дека демонстрација на сила, единство и брзи реакции е неопходна. Тоа може да значи ненадејни воени вежби покрај Литванија и Естонија, како и експресни јавни процени кога Москва стои зад напад.За експертите, Европа влегува во нова фаза во односите со Русија – онаа во која толеранцијата за хибридни удари е речиси исцрпена. „Не смееме да живееме во страв од ескалација“, порача шефот на шведската армија Мајкл Клаесон. „Мора да бидеме цврсти.“

Свет | пред 3 месеци

nuklearna-elektrana

Нуклеарната енергија се враќа во игра

Фразата „европско враќање кон нуклеарното“ сè појасно ја опишува новата насока на енергетската политика во Европската Унија. Нуклеарната енергија повторно станува клучна алатка за енергетска независност, намалување на емисиите и стабилност на електромрежата во време на огромно зголемување на потрошувачката поради центри за вештачка интелигенција и електрични возила.Промената е забрзана од војната во Украина и напуштањето на рускиот гас. Иако дел од земјите – како Германија и Австрија – остануваат скептични, мнозинството членки ја поддржуваат нуклеарната енергија како дел од зелената транзиција. Причините се јасни: сигурност во снабдувањето, стабилна цена и зависност од суровина (уран) која не доаѓа од геополитички ризични пазари.ЕУ ја вклучи нуклеарната енергија во „зелената таксономија“, отворајќи пат за инвестиции. Проекциите покажуваат дека европската побарувачка за струја ќе порасне за 50–80 отсто, а обновливите извори сами не можат да ја обезбедат потребната количина. Затоа нуклеарната енергија се гледа како неопходен стабилизатор.Европската Комисија силно го турка развојот на малите модуларни реактори (SMR), сметајќи ги за пофлексибилна, побезбедна и поекономична технологија. Во 2024 година беше формиран Европски индустриски сојуз за SMR, со повеќе од 350 учесници и пилот-проекти во Чешка, Полска и Франција.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryvgjve5sogd29e31WJ3C

Министерот Кац под оган: „Не е тероризам“ – бунт во Кнесетот поради нападите врз Палестинци

Израелскиот министер за одбрана Исраел Кац предизвика сериозни контроверзии со изјава дека нападите на израелски доселеници врз Палестинци на Западниот Брег не претставуваат тероризам, туку „само нарушување на јавниот ред и мир“. Спорната квалификација била дадена на затворена седница на Комисијата за надворешни работи и одбрана на Кнесетот, во период кога насилството во окупираните територии е во пораст, пишува The Times of Israel.Неговиот став предизвика бурна реакција кај пратениците од центристичката партија Yesh Atid, Елазар Стерн и Рам Бен-Барак, кои остро се спротивставиле, истакнувајќи дека сторителите се „еврејски терористи“ и дека таквите напади мора јасно да се дефинираат како тероризам.Последните недели донесоа драматичен раст на насилството од страна на доселеници, што ги натера безбедносните служби да го зголемат притисокот врз оваа појава. Опозициските пратеници извршиле притисок врз Кац повторно да воведе административен притвор за осомничени евреи – мерка што дозволува задржување без обвинение од безбедносни причини. Министерот неодамна објави дека таа политика повеќе нема да се применува врз еврејски напаѓачи, но останува во сила за Палестинците.Кац тврди дека постои јасна разлика меѓу „опасно насилство“ и дела што спаѓаат под нарушување на јавниот ред. Според него, насилството од страна на доселеници е од вториот вид и ниту една безбедносна служба – вклучително и Шин Бет – не го квалификува како тероризам.Но ова е во спротивност со последните потези на полицијата, која оваа недела најави кривични пријави за тероризам против двајца еврејски осомничени.Еден од нив, уапсен на 9 ноември, треба да биде обвинет откако беше снимен како брутално удира палестинска жена со палка за време на бербата на маслинки. Вториот осомничен е приведен под сомнение дека учествувал во палење имот при насилен упад на доселеници во градовите меѓу Тулкарем и Наблус.Ескалацијата на нападите, различните дефиниции на институциите и контрадикторните политички пораки отвораат сериозни прашања за пристапот на Израел кон насилството на Западниот Брег – прашање што сè почесто предизвикува меѓународна загриженост.

Свет | пред 3 месеци

uciliste-skolo-deca-ucenici-4-4

Инспекции во основното училиште во Влае по сомнеж за труење: денес резултатите, родителите сведочат за тешки симптоми

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека првичните сознанија за причините поради кои десетици ученици од ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае добија стомачни тегоби, повраќање и симптоми слични на труење ќе бидат познати денес. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, потврди дека целата вечер се вршат лабораториски анализи на земените примероци од храна, вода, работни површини и од вработените во училишната кујна.Случајот предизвика огромна загриженост меѓу родителите, особено по сведоштвата дека дел од децата имале сериозни симптоми и барале итна медицинска помош. Еден родител за редакцијата опиша драматична ноќ:„Цела ноќ беше со повраќање на секои десет минути, со тешки болки и дехидрација. Состојбата беше страшна“, сведочи еден од родителите.Во меѓувреме, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори училишната кујна како потенцијален извор на зараза. Директорот Кирил Лазов информира дека е наредено вонредно чистење, дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и вонредни здравствени прегледи на сите вработени. „Ќе мора да се почекаат официјалните резултати“, изјави тој.Од Детската клиника соопштија дека двајца ученици се задржани на болничко лекување, а повеќе од десетина побарале медицинска помош. Директорот Реџеп Мемеди вели дека децата имале изразени стомачни тегоби и повраќање, но нивната состојба е стабилна.Меѓу учениците кои биле затруени бил и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој по два дена лекување е пуштен на домашна нега.Училиштето вчера беше со значително намалена присутност – многу родители ги земаа своите деца веднаш по дознавањето на информациите.ИЈЗ, АХВ и ДСЗИ продолжуваат со координирани проверки. Првичните резултати се очекуваат денес.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarydpbir4jhsmc7eSI1tss

Пукање во близина на Белата куќа: Двајца припадници на Националната гарда во критична состојба

Во тешка вооружена пресметка што се случи во средата попладне во центарот на Вашингтон, двајца припадници на Националната гарда од Западна Вирџинија беа критично повредени откако вооружен напаѓач отвори оган врз нив.Американскиот претседател Доналд Трамп го оцени нападот како „чин на зло, омраза и терор“, нагласувајќи дека станува збор за „злосторство против целата нација“.Во првичните изјави Трамп тврдеше дека напаѓачот влегол во САД од Авганистан во 2021 година, критикувајќи ја администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден.Сепак, според податоци на повеќе извори за ABC News, осомничениот е идентификуван како 29-годишниот Рахманулах Лаканвал – кој поднел барање за азил во 2024 година и го добил азилот во април 2025 година, токму во време на администрацијата на Трамп.По објавите на претседателот, Американската служба за државјанство и имиграција (USCIS) соопшти дека ја запира обработката на сите имиграциски барања поврзани со државјани на Авганистан „до понатамошно безбедносно преиспитување“.ФБИ го води случајот како потенцијален акт на меѓународен тероризам и испитува дали напаѓачот бил инспириран од странска терористичка група.Нападот се случил околу 14:15 часот, во близина на метро-станицата Farragut West, само неколку блокови од Белата куќа. Според полицијата, напаѓачот се појавил зад аголот, подигнал оружје и од заседа пукал кон припадниците на Гардената.Командантот Џефри Керол од полицијата во Вашингтон изјави дека други припадници на Гардената веднаш реагирале:„Ги слушнале пукотниците, го совладале осомничениот и го држеле на земја откако бил погоден.“Покрај тешко повредените припадници на Националната гарда, и осомничениот е ранет и хоспитализиран во критична состојба.Белата куќа накратко беше блокирана како мерка на претпазливост, но мерката беше укината околу 17 часот. Трамп, кој традиционално го минува Денот на благодарноста во Мар-а-Лаго на Флорида, веднаш реагираше и на социјалните мрежи:„Животно кое пукаше врз двајца припадници на Националната гарда… ќе плати многу висока цена,“ напиша претседателот.Министерот за одбрана Пит Хегсет соопшти дека, по налог на Трамп, во Вашингтон ќе бидат испратени дополнителни 500 припадници на Националната гарда.Тој го нарече нападот „кукави чен и подмолен чин“, а генерал-мајор Тим Сјуард од Националната гарда на Западна Вирџинија ги пофали колегите кои „го неутрализирале напаѓачот и спасиле животи“.Во моментов во Вашингтон се распоредени 2.188 припадници на Гардената како дел од федералното преземање на контролата врз безбедноста во градот.Градоначалничката на Вашингтон Муриел Баузер изјави дека нападот „изгледа како целен чин“.Потпретседателот Џеј Ди Венс, кој во моментот се наоѓа во воена база во Кентаки, порача:„Ова е тажен потсетник дека војниците – било активни, резервисти или Национална гарда – се меч и штит на САД.“Повеќе информации за мотивите и идентитетот на напаѓачот се очекуваат на прес-конференција најавена за четврток.

Свет | пред 3 месеци

media-librarygm4d2jlu9f7u7V4NxDt

(Видео) Човекот кој го запали џипот на Орце Камчев и фабриката „Пелагонија“: „Нѐ плаќаше татко му на Ковачевски“

Дејан Богоев, осуденик кој речиси три децении ја издржува својата казна за серија тешки кривични дела, во интервју за „Претрес со Ландов“ откри детали за најкоментираните случаи од бурните доцни 90-ти: палењето на автомобилот на Орце Камчев, рекетот, нарачките, палењето на фабрики и улогата на тогашните политички структури.Во продолжение е структурирана реконструкција на интервјуто – со прашањата поставени од новинарот Ландов, а одговорите преземени од Богоев, според достапните транскрипти.Богоев откри дека автомобилот на Орце Камчев го запалил уште во 1998 година, но тврди дека тоа било нарачка и дека вистинскиот мотив не бил негов.„Тој знае дека сум јас, ама знае дека не сум јас виновен“, изјавува Богоев, додавајќи дека акцијата чинела „пет-шест илјади марки“.Според него, причината била политичка амбиција: „Тогаш беше кандидат за пратеник во Карпош… после сакаше да биде ВМРО.“На прашањето дали некогаш се извинил, Богоев кратко одговара: „Многу пати, да. Ама нема… му е гајле.“Богоев не бега од фактот дека во доцните 90-ти живеел како лик од криминална драма.Тврди дека бил инволвиран во палење на бројни објекти:„Еден автомобил и пет-шест фабрики.“Методот, вели тој, бил едноставен и брутален: „Влегуваш внатре, кршиш, ги запалиш… и тоа е.“Во делот за наводниот рекет во времето на Бранко Црвенковски, Богоев категорично негира вмешаност:„Не, никогаш. И човекот нема врска.“Но, веднаш потоа упатува обвинување кон друга фигура:„Имаат тие другите… На Ковачевски (Слободан) беше татко му жив, тој нè плаќаше.“Тврди дека задачата била „уништување материјален доказ“.Богоев вели дека сè што зборува сега го прави за да „излезе вистината“, иако очекува последици.Интервјуто отвора низа прашања за влијанијата, нарачките и политичките пресметки од еден мрачен период во македонската историја.Цел разговор тука:

Студио | пред 3 месеци

media-library2bause85ja1rbhREJmc

Трагедија во Австралија: напад од ајкула однесе млад живот, а маж се бори за живот

Една млада жена загина, а маж е тешко повреден по напад од ајкула на источниот брег на Австралија. Инцидентот се случил утрово на плажата Кроуди Беј, во близина на Порт Маквори – популарно место за сурфање, околу 350 километри северно од Сиднеј.Според полициските информации на Нов Јужен Велс, двете лица – за кои се верува дека се во дваесеттите години – биле нападнати додека биле во вода. Жената починала на самото место, и покрај обидите на минувачите да ѝ помогнат пред пристигнувањето на службите за итна помош. Мажот, кој исто така има сериозни повреди од каснување, со хеликоптер бил пренесен во болница и се наоѓа во критична состојба.Плажата е затворена додека властите се обидуваат да утврдат која вид ајкула стои зад нападот. Според извршниот директор на Surf Life Saving NSW, Стивен Пирс, несреќата се случила на „многу оддалечена локација“, што дополнително го отежнало пристапот и интервенцијата.„За жал, животот на млада жена беше изгубен, а еден млад маж се бори за живот. Ова се навистина ужасни настани, а годинава веќе имавме неколку вакви случаи“, изјави Пирс.Австралија годинава брои пет смртни случаи од напади на ајкули. Ланската година имало 13 напади без фатален исход, додека 2023 година се регистрирани четири смртни случаи. Во 2020 година, седум лица загинаа по вакви инциденти.Професорот Чарли Хувенеерс од Универзитетот Флиндерс за Guardian Australia изјави дека „во последните две децении се бележи пораст на бројот на напади од ајкули низ целата држава“, укажувајќи на тренд кој загрижува и научници и спасувачки служби.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryvbeiv6jv3o2seOiV3dF

Хамас призна: десетици борци заглавени во тунели – бара притисок врз Израел

Палестинското движење Хамас првпат јавно призна дека дел од неговите борци се заробени во подземната тунелска мрежа во Појасот Газа. Во изјава до медиумите, организацијата побара од земјите-посредници да извршат притисок врз Израел за да им овозможи на заробените борци безбедно да ги напуштат тунелите.Барањето доаѓа откако израелската војска минатата недела соопшти дека убила повеќе од 20 припадници на Хамас кои се обиделе да избегаат од „подземната терористичка инфраструктура“, а привела уште осум.„Го сметаме Израел целосно одговорен за животите на нашите борци и ги повикуваме посредниците веднаш да дејствуваат за да обезбедат нашите синови да се вратат дома“, се наведува во соопштението на Хамас.Израелските медиуми со недели објавуваат дека помеѓу 100 и 200 борци на Хамас се заробени во тунелите под градот Рафах, во делот од Појасот Газа што е под израелска воена контрола.Според договорот за прекин на огнот што стапи во сила на 10 октомври, постигнат со посредство на САД, израелската армија треба да се повлече зад т.н. „жолта линија“, која го означува подрачјето под израелска контрола.Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во ноември, на конференција во Мајами, неформално спомна „200 борци заробени во Рафах“, алудирајќи дека нивната судбина може да биде „тест“ за тоа како двете страни го спроведуваат примирјето.Но Израел засега ја исклучува можноста за каква било форма на безбеден премин за борците на Хамас. Портпарол на израелската влада за АФП изјави дека премиерот Бенјамин Нетанјаху „нема да дозволи безбеден коридор за 200 терористи на Хамас“, повторувајќи дека целта на Израел останува „демонтирање на воените капацитети на Хамас и демилитаризација на Појасот Газа“.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryuqe8leg43q5rb1xpXqW

44 мртви, 279 исчезнати: ужасни се последиците од стравичниот пожар во Хонг Конг

Стравичен пожар го зафати стамбениот комплекс „Ванг Фук Корт“ во Хонг Конг, при што животот го загубија најмалку 44 лица, а пожарникарите и понатаму се борат со огнената стихија. Според последните податоци, дури 279 жители сè уште се водат како исчезнати, додека спасувачките тимови започнаа пребарување на дел од високите згради во комплексот.Според болничката управа на Хонг Конг, до утринава биле хоспитализирани најмалку 66 лица, од кои 17 во критична, а 24 во тешка состојба.Повеќе од 900 станари се евакуирани во привремени засолништа. Полицијата уапси двајца директори и еден консултант од градежната компанија поврзана со комплексот, под сомнение за убиство од небрежност.Комплексот „Ванг Фук Корт“ го населуваат околу 4.600 луѓе, од кои речиси 40 проценти се постари од 65 години, покажуваат податоците од пописот од 2021 година. Многумина од нив живеат таму уште од 80-тите години, кога било изградено ова субвенционирано јавно домување.Како што продолжува гаснењето на преостанатите жаришта, спасувачките тимови ги изнесуваат телата на загинатите. Снимките на агенцијата „Ројтерс“ прикажуваат како црни вреќи со посмртни останки се внесуваат во возила на итната помош.Преживеани станари за Си-Ен-Ен изјавија дека стравуваат оти конечниот биланс ќе биде уште потежок, бидејќи пожарникарите се соочиле со огромни потешкотии да стигнат до луѓето заробени на високите катови на комплексот.

Свет | пред 3 месеци

media-library2n1omlq7g1976eFAabe

(Видео) 20.000 демонстранти на улиците во Софија - шишиња и петарди фрлени кон полицајците

Луѓе се собраа на улиците на Софија, главниот град на Бугарија, протестирајќи против наглото зголемување на даноците предвидено во нацрт-буджетот за следната година, пред неговото конечено усвојување во парламентот.Протестот го организираше опозициската коалиција, а се проценува дека на улиците излегоа околу 20.000 луѓе. Собирот се одвива во момент кога таа балканска држава се подготвува да влезе во еврозоната со почетокот на следната година.Протестот ја одразува широко распространетата загриженост поради економските последици од буџетот врз граѓаните и деловниот сектор, вклучително и зголемување на придонесите за социјално осигурување и дуплирање на данокот на дивиденда.Коалициската влада има стабилно мнозинствоДемонстрантите формираа човечки ланец околу зградата на парламентот и се обидоа да ги блокираат возилата на пратениците, што доведе до интервенција на полицијата за спречување на насилство. Полицијата соопшти дека протестирачите фрлале шишиња и петарди кон службениците, при што беа повредени тројца полицајци.И покрај противењето на различни општествени групи и предупредувањата на економистите дека нацрт-буджетот носи значителни ризици, се очекува тој сепак да биде усвоен, бидејќи коалициската влада има стабилно мнозинство во парламентот.Буџетот предвидува рекорден обем на државна потрошувачка од речиси 46% од БДП. Зголемувањето главно ќе се финансира преку повисоки даноци за компаниите и работниците, како и преку нагло зголемување на јавниот долг.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryem3antv02bip7CPONjv

(🔴Премиерно) „Претрес“ зад решетките на затворот „Штип“: Исповеди, (не)признавање вина, кучката Цеца, услови и ќелии

Во ова специјално издание на „Претрес со Ландов“ ја отвораме вратата зад која малкумина влегуваат – вратата на затворот во „Штип“. Одблизу ги прикажуваме вистинските услови во кои осудениците живеат, правилата што го диктираат секој нивен ден и невидливиот систем кој истовремено и казнува, и (не)поправа.Разговараме со рецидивисти кои по трипати се враќаат зад решетки, со луѓе што тврдат дека животот им се скршил во една секунда, но и со осуденици чии дела ја потресоа јавноста – со палење фабрики и автомобил, до лице осудено по трагична сообраќајна несреќа во која загина тригодишно дете.Епизодата ја отвора и спротивната страна на системот: човечките парадокси во затворот – како случајот со осуденик кој фрлил камен во канцеларијата на директорот, а подоцна токму од него добил помош за ортопедско помагало без кое не може да се движи поради ампутираната нога.Од условите и здравствената нега, до ресоцијализацијата и неминовните прашања за вина, каење и повторување на делата – ова издание не е само приказна за затворот во Штип. Ова е приказна за општеството, за системот што треба да превоспитува, и за луѓето чии животи продолжуваат зад решетки.Следете не на:

Македонија | пред 3 месеци

media-libraryhir32r2c6li82ve6eAR

Трамп ја навреди новинарката на „Њујорк тајмс“: „Грдa е – одвнатре и однадвор“

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се најде во фокусот на критики поради навредлив коментар упатен кон новинарката на „Њујорк тајмс“, Кејти Роџерс. Трамп ја нарече „грдa – одвнатре и однадвор“ откако весникот објави детална анализа за неговите знаци на стареење и неговото значително поредок појавување во јавност, пренесува CNN.Инцидентот доаѓа помалку од две недели по неговата претходна навреда кон друга новинарка, кога ѝ рече „тивко, свињо“, по што повторно се отвори прашањето за неговите честo сексистички и груби истапи кон жени во медиумите.„Њујорк тајмс“ во својата анализа го спореди јавниот ангажман на 79-годишниот Трамп годинава со неговиот прв мандат. Весникот утврди дека американската јавност го гледа „значително поретко“, дека има помалку јавни настани во распоредот и дека патува многу помалку низ земјата отколку во 2017 година. Сепак, се истакнува дека Трамп и натаму е „скоро секаде присутен“ во американската политичка сцена.Како реакција на текстот, Трамп на својата платформа Truth Social напиша:„Гмазовите од пропаднатиот ‘Њујорк тајмс’ пак се на дело.“Тој воопшто не го спомена машкиот коавтор на статијата, Дилан Фридман, туку директно ја нападна Роџерс.„Таа е треторазредна новинарка која е грда – одвнатре и однадвор“, напиша претседателот, додека истовремено се пофали дека „работи најмногу досега“ и тврди дека има „најдобри анкети во историјата“, иако неговиот рејтинг е значително понизок од врвот на вториот мандат.Трамп додава и дека „еден ден ќе остане без енергија“, но дека „со совршен здравствен преглед и сеопфатен когнитивен тест кој ‘совршено го решил’, тој ден дефинитивно не е денес“.

Свет | пред 3 месеци

media-libraryvqvfpb8rh0vk7Pb1uNB

(Видео) Уште еден пешак удрен кај „Јосип Броз-Тито“

Уште еден човек вечерва беше удрен на пешачкиот премин кај гимназијата „Јосип Броз-Тито“. На социјалните мрежи се појави снимка направена веднаш по несреќата, на која се гледа повредениот маж како седи на коловозот, додека минувачи се обидуваат да му помогнат и да го смирaт до пристигнување на медицинските екипи.Од Министерството за внатрешни работи засега нема официјални информации ниту за причините на несреќата, ниту за здравствената состојба на повредениот.Инцидентот се случува неполн месец по претходната несреќа на истото место, кога возач на теренско возило прегази жена и избегa од локацијата. Тој беше уапсен неколку часа подоцна, на пат кон Средно Водно.Жителите на Центар и околните училишта со години предупредуваат дека преминот е небезбеден, особено во вечерни часови, барајќи трајно решение што ќе спречи нови трагедии.

Скопје | пред 3 месеци

media-libraryh1758h06lp06azvrv9R

Крај на една ера: Бобан Илиоски со обновена повреда стави точка на кариерата

Македонскиот кик-боксер Бобан Илиоски официјално стави крај на својата активна боречка кариера. Веста ја соопшти преку емотивна објава на социјалните мрежи, каде откри дека неговиот настап на Светското првенство бил последниот во улога на натпреварувач.Илиоски раскажа дека уште во првата рунда од првиот меч повторно ја обновил старата повреда – скината препона, истата која го мачеше и пред шест месеци. И покрај силната болка и сериозниот хендикеп, успеал да триумфира над противник од Хрватска.„Благодарен сум на Господ за сè, нека биде по Божјата волја“, напиша Илиоски, додавајќи дека токму тој меч го означил природниот крај на неговиот натпреварувачки пат.Тој не го криеше емоционалниот товар на оваа одлука:„Тешко е да се прифати, но нема бегање од реалноста. Одлуката ја носам во мир“, посочи македонскиот борец.Иако се повлекува од рингот, Илиоски не се повлекува од спортот. Напротив, најави ново поглавје – целосна посветеност на тренерската работа и развојот на својот клуб, со јасна мисија да создаде нови шампиони и да го продолжи македонското кик-бокс наследство.„Ова не е крај, ова е нов почеток“, порача тој.Со своето богато искуство, бројни настапи и докажан боречки дух, Бобан Илиоски зад себе остава респектабилна кариера и значаен печат врз развојот на македонскиот кик-бокс. Неговото повлекување означува крај на една ера, но и раѓање на нова – овојпат покрај, а не во рингот.

Магазин | пред 3 месеци

uciliste-skolo-deca-ucenici-4

Затворена кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“ по масовно труење на ученици, меѓу нив и помладиот син на премиерот

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори кујната во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако поголем број ученици се пожалиле на силни стомачни болки. Инспекторатот веднаш нареди вонредно чистење, здравствени прегледи за вработените и земање мостри од работните површини, со цел да се утврди точниот извор на заразата.Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, потврди дека кујната е затворена како потенцијален извор и дека е издадено решение за забрана за работа. Со него се наложува вонредна дезинфекција, дезинсекција, дератизација и спроведување здравствено-хигиенски мерки од овластена институција.Меѓу затруените деца е и помладиот син на премиерот Христијан Мицкоски – Антониј. Според информациите објавени од „Нетпрес“, детето било меѓу хоспитализираните, но по укажаната медицинска помош е пуштено на домашно лекување.Портпаролката на Владата, Душица Митева, ја потврди информацијата и упати желби за брзо закрепнување до сите ученици погодени од труењето.„Им посакуваме на сите деца што побрзо оздравување и безбедно враќање во училиштето“, изјави Митева.Инспекциските служби продолжуваат со проверки, а резултатите од земените мостри треба да потврдат дали навистина кујната е изворот на труењето.

Македонија | пред 3 месеци

media-librarypod54djp85m31LIa3fR

Од срцев удар почина познат пејач, син на експратеничка од СДСМ

Познатиот поп пејач Шпат Касапи, почина денеска рано наутро по срцев удар.Шпат Касапи е роден на 1 мај 1985 година во Тетово, тој пораснал во семејство со музичка традиција, која силно влијаела врз неговото уметничко оформување.Кариерата ја започна на почетокот на 2000-тите и многу брзо се претвори во идол на младите. Шпат беше важна фигура на албанската поп-музика, задржувајќи ја популарноста со својот препознатлив стил.Зад себе остави сопруга и едно дете.Инаку, Касапи имаше искуство и како советник за култура и општество на првиот вицепремиер во претходната Влада – Артан Груби.Касапи е син на екс пратеничката од СДСМ, Ѓилумсер Касапи.

Македонија | пред 3 месеци

filipce-ck-sdsm

Филипче: Без реформи, уставните измени не се доволни за почеток на преговори со ЕУ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на Националната конвенција за Европската Унија порача дека „единствениот пат напред за земјава се европските интеграции“, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е сериозен аларм за состојбата во која се наоѓа државата. Тој истакна дека Северна Македонија го добила најлошиот извештај во последните повеќе од десет години.„Жалам што го добивме најлошиот извештај на Европската комисија за нашата земја изминатите повеќе од деценија. Јасно е констатирано дека изминатата година реформи нема. Единствен полош извештај е оној од 2015 година, кога бевме оценети како заробена држава, но власта и сега го прави истото“, изјави Филипче.Тој предупреди дека доколку продолжи политиката на застој и одбивање на реформи, постои реален ризик земјата да биде вратена чекор назад во евроинтегративниот процес. „Ако вака продолжиме, не сум сигурен – можеби Европската унија повторно ќе не врати на ниво на скрининг“, нагласи лидерот на СДСМ.Според Филипче, нема гаранција дека билатералниот спор со Бугарија ќе остане единствен услов за напредок во преговорите. „Можно е тоа да не биде единствениот услов. Зошто? Затоа што не сме подготвени. Нема придвижување во подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – fundamentals“, рече тој.Како еден од најсериозните проблеми ги посочи недонесувањето на трите клучни патокази: за владеењето на правото, за функционирањето на демократските институции и за јавната администрација. Филипче смета дека дури и доколку уставните измени се изгласани, преговорите со ЕУ нема да можат да започнат веднаш.„Да се случат уставните измени утре, ние сепак нема да можеме веднаш да ги почнеме преговорите. Тоа ја доведува во прашање политичката волја на оваа влада да направи вистински чекори во евроинтеграциите“, рече тој.Филипче додаде дека ваквата стагнација се случува во момент кога ЕУ испраќа јасни сигнали дека е подготвена да го забрза процесот на проширување. „На последниот состанок амбасадорката на Данска јасно порача: ние некогаш бевме најголемите скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги охрабруваме сите земји-кандидати да продолжат со реформите, затоа што проширување евидентно ќе има“, истакна лидерот на СДСМ.

Македонија | пред 3 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања