Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

media-library0mri9njlb756b15oNl2

Заменик-министерот за образование, Алиу, си поднесе оставка

Заменик министерот за образование Љулзим Алиу на ФБ соопшти дека поднел неотповиклива оставка од функцијата.Алиу ја поднел оставката до премиерот Христијан Мицкоски, а одлуката е од негова лична и професионална проценка.„Почитуван Претседател на Владата, со ова писмо сакам да Ве известам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата заменик министер во Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. Мојата оставка доаѓа како одраз на моја лична и професионална анализа, ценејќи дека во овој период е најсоодветно да го продолжам својот придонес во академското поле, во мојата истражувачко-научна работа, како и посветеност кон семејството“, напиша Алиу.На Владата ѝ посака успеси во работата и се заблагодари за укажаната доверба и можноста да ја извршува оваа одговорна должност.Љулзим Алиу доѓа од коалицијата ВРЕДИ, поточно тој е кадар на партијата Алтернатива.Во редицата заблагодарување ја спомена и партијата, потоа нејзиниот актуелен претседател Беким Али, како и претходните партиски лидери Африм Гаши и Зеќирија Ибрахими.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7iqjo8ige4eb3Sng2XT

Што се знае досега: Судијата Ѓоко со заѕиданите пари е на боледување од минатата недела, не се открива каде е, а неизвесна му е и судбината за да остане на слобода

Судбината на апелацискиот судија Ѓоко Ристов засега останува неизвесна, додека против него се води истрага за противправно стекнување и прикривање имот, со сомневање дека имотот бил обезбеден преку корупција и трговија со влијание. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврдуваат само дека предметот се работел со месеци, интензивно и без прекин, нагласувајќи дека станува збор за сложена и обемна постапка која сè уште е во тек.Во исто време, од Апелацискиот суд во Скопје за „Скопје1“ потврдуваат дека Ристов од минатата недела се наоѓа на боледување. Каде се наоѓа тој во моментов, институциите не откриваат, а официјални информации за неговиот статус нема.Првите неофицијални информации до кои дојде „Скопје1“ се дека судијата е под истрага се појавија уште пред Нова година, кога од правосудните кругови се проширија гласини дека бил извршен претрес во објект поврзан со него. Тогаш ниту една институција не ги потврди, но ниту ги демантираше тие информации иако нашата редакција бараше одговори. Сомневањата уште тогаш упатуваа на можноста дека се испитува дали земал мито за да влијае врз судски одлуки. Според неофицијални сознанија, при првиот претрес во рамки на истрагата, на Ристов му бил одземен и мобилниот телефон.Претресот кој започнал вчера напладне и траел до доцна вечерта резултирал со пронаоѓање на 350.000 евра, заѕидани во ѕид во домот на неговите родители во Неготино. Засега не се соопштува дали биле пронајдени и други предмети. Дел од медиумите објавија информации дека истражителите претходно наишле и на друг „бункер“ за пари на посебна локација, кој бил празен, но оваа информација досега не е независно потврдена.Обвинителството одбива да сподели дополнителни детали, со образложение дека секое откривање информации може да ја загрози истрагата. Поради тоа, јавноста останува без одговор и на прашањата кои вообичаено не се сметаат за тајни во оваа фаза од постапката. До Кривичниот суд, заклучно со овој момент, не е доставено барање за определување мерки за претпазливост, меѓу кои и притвор. Доколку такво барање биде поднесено, судијата што ќе одлучува ќе мора најпрво да се обрати до Судскиот совет за укинување на имунитетот на Ристов, па дури потоа да се одлучува за евентуални мерки.Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција официјално соопштија дека истрагата продолжува и дека сите истражни дејствија се насочени кон целосно расчистување на сомневањата за корупција и незаконско стекнување имот.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryica78707p4eu73909iU

(Фотогалерија) Осветени водите на Охридското Езеро и Црн Дрим, Водици одбележани со силна порака за заедништво

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на свеченото одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Охрид и Струга, каде што митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј ги освети водите на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, положувајќи го светиот крст во нив.Голем број верници, водени од силната вера во благодатта на осветената вода и од вековниот обичај што го симболизира крштевањето на Исус Христос, учествуваа во светиот чин со молитва и надеж за духовно прочистување, здравје и благослов во текот на годината.Во Охрид, претседателката му честиташе на Мартин Гоџо, кој го извади светиот крст од водите на езерото, при што му подари пафта, невестински колан од Галичник од 19. век, упатувајќи му искрени желби за добро здравје, лична среќа и благосостојба.За време на одбележувањето на празникот во Струга, најсреќниот меѓу учесниците кои влегоа во осветените води на Црн Дрим, Петар Чакарески, од претседателката доби пафта, невестински колан од Битола од 19. век, како симболичен дар со желба за радост, здравје и животен напредок.Сиљановска-Давкова порача дека Богојавление – Водици носи силна и јасна порака за духовна обнова, заедништво и непоколеблива вера, нагласувајќи дека овој празник со векови обединува генерации верници и ги потсетува на вредностите што го зацврстуваат општеството.Фотогалериите погледнете ги тука:

Македонија | пред 2 месеци

media-library4cvqgu9hq1gn9exLeLO

(Видео) Скопје го одбележа Водици: Дарко Митровиќ најбрз до светиот крст

24-годишниот Дарко Митровиќ беше најбрз и успеа да стигне до светиот крст кој беше положен во осветените води на реката Вардар.На положувањето на чесниот крст му претходеше литија од црквата „Рожденство на Пресвета Богородица“, каде претходно се одржа литургија. За вадењето на крстот од Вардар, беа пријавени околу 160 момчиња и едно девојче.Скопската православна епархија при МПЦ-ОА, како и секоја година, така и оваа го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на чесниот крст.

Настани | пред 2 месеци

media-libraryl980ocllcbiqaNCVygE

Одлучивте да не ми ја доделите Нобеловата награда за мир, па повеќе немам обврска да размислувам само за мирот, му пишал Трамп на норвешкиот премиер

Американскиот претседател Доналд Трамп му испратил писмо на норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, во кое наведува дека повеќе не се чувствува обврзан да се фокусира исклучиво на мирот, откако минатата година не му била доделена Нобеловата награда за мир. Писмото било испратено во период на засилени изјави и барања од страна на Трамп поврзани со Гренланд.„Драг Јонас, бидејќи вашата земја одлучи да не ми ја додели Нобеловата награда за мир за запирање на повеќе од осум војни, повеќе не чувствувам обврска да размислувам исклучиво за мирот, иако тоа секогаш ќе биде доминантно, туку сега можам да размислувам за тоа што е добро и соодветно за Соединетите Американски Држави“, напишал Трамп во пораката, чијашто автентичност ја потврдиле од кабинетот на норвешкиот премиер.Во истото писмо, Трамп повторно го довел во прашање суверенитетот на Данска над Гренланд, тврдејќи дека островот не може самостојно да се одбрани од влијанието и заканите на Кина и Русија без директна американска вмешаност. Тој наведува дека не постојат, според него, јасни пишани докази за данските сопственички права, оценувајќи дека „светот нема да биде безбеден“ додека Соединетите Американски Држави немаат целосна контрола врз островот.Норвешкиот премиер Сторе ги отфрлил тврдењата на Трамп во врска со Нобеловата награда, појаснувајќи дека неа ја доделува независниот Норвешки Нобелов комитет, а не владата на Норвешка, која нема влијание врз одлуките на комитетот.Норвешка, заедно со уште седум европски држави, е меѓу земјите на кои Трамп им се заканил со воведување царини од 10 проценти, како дел од поширокиот притисок поврзан со прашањето за Гренланд и односите со европските сојузници.

Свет | пред 2 месеци

akcija-mvr-policija-policajci-specijalna-2

Полициска акција во Батинци: Полицијата бара лице осомничено за тешки кривични дела

Надлежните полициски служби при Министерството за внатрешни работи спроведоа акција на подрачјето на Скопје, со фокус во селото Батинци, откако претходно добиле оперативни информации за можно движење на лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница.Акцијата била реализирана во текот на вчерашниот ден, 18 јануари 2026 година, а нејзина цел било лоцирање и лишување од слобода на лице од висок безбедносен интерес, осомничено за сторување тешки кривични дела.Од Министерството за внатрешни работи информираат дека и покрај преземените активности, лицето засега не е пронајдено, поради што потрагата продолжува. На терен се ангажирани повеќе полициски тимови кои преземаат дополнителни оперативни мерки и активности со цел негово пронаоѓање и приведување.Повеќе детали засега не се соопштуваат, а од МВР најавуваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за натамошниот тек и евентуалниот исход од полициската акција.

Скопје | пред 2 месеци

media-library7ilpehsf9nfofvW8dUE

„Несреќа под необични околности“: Во возот што излета од шините имало 294 лица, истрагата ја исклучува човечката грешка

Во возот што прв излета од шините во тешката железничка несреќа имало вкупно 294 лица, соопшти компанијата сопственик на композицијата, која утринава објави официјално соопштение за трагедијата. Според податоците, на почетокот на патувањето во возот се наоѓале 289 патници, четворица членови на екипажот и еден машиновозач.Претседателот на шпанската железничка компанија Ренфе, Алваро Фернандес Хередија, изјави дека човечката грешка речиси целосно е исклучена како причина за несреќата. Во гостување во утринската програма „Лас Мањанас“ на радиото РНЕ, тој нагласи дека современите системи за безбедност се дизајнирани автоматски да интервенираат доколку машиновозачот направи грешка.Според Хередија, станува збор за несреќа што се случила под необични околности и во овој момент е прерано да се извлечат конечни заклучоци. Тој повика јавноста да не шпекулира и да се почека официјалната истрага, која треба да ги утврди сите релевантни факти.На сложеноста на случајот укажа и претседателот на Генералниот совет на официјалните инженерски комори, Сесар Франко, кој исто така гостуваше во истата радио-емисија. Тој истакна дека засега постојат само хипотези и дека нема официјални заклучоци, нагласувајќи дека за нив ќе биде потребно време.Франко посочи дека ќе се анализираат повеќе можни фактори, меѓу кои состојбата на скретниците на влезот во Адамус, функционирањето на автоматските системи и евентуалното човечко влијание. Како што нагласи, за разлика од други несреќи каде причините побрзо стануваат појасни, во овој случај станува збор за рамна делница од пругата, при релативно мала брзина и со воз кој е релативно нов.Клучни одговори, според него, се очекуваат по анализата на таканаречените црни кутии и по работата на официјалната истражна комисија, која треба детално да ги разгледа сите околности што довеле до една од најтешките железнички несреќи во последно време.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryiudpe131bgc6eijlxDD

(Видео) По третпат Мартин Гоџо од Варош го вади крстот од водите на Охридско Езеро

Мартин Гоџо од Варош го фати светиот крстот што денеска, на празникот Богојавление Водици, беше положен во осветените води на Охридското Езеро. Светиот крст во езерските водите беше од градското пристаниште. Ова е втора година по ред како Гоџо го вади светиот крст, а третпат откако тој учествува во светиот чин.Тој беше најсреќниот меѓу стотиците верници кои влегоа во Охридското езеро. Откако го извади крстот, групата пред Гоџо извекуваше „Варош, Варош“, пеејќи ја „Во Јордание“.На свеченоста присуствуваа неколку илјади верници и туристи, а по крстот во осветените води на Охридското Езеро влегоа стотина верници.

Настани | пред 2 месеци

media-librarynb0h2k8a0ete484fULu

„Повторно се родивме“: Сведоштва од преживеаните по катастрофалниот судир на возови

Најмалку 39 лица го загубија животот, а повеќе од 150 се повредени во тешка железничка несреќа што се случи во неделата попладне во близина на местото Адамус, во шпанската покраина Кордоба. Според официјалните информации, петмина од повредените се во критична состојба, додека најмалку 24 лица се со тешки телесни повреди. Сведоштвата на преживеаните, пренесени од шпанските медиуми, говорат за сцени на целосен хаос, превртени и згмечени вагони и патници заробени меѓу металот.Општинската сала во Адамус, мало место со околу 4.600 жители, во текот на ноќта се претвори во прифатен центар за преживеаните и за семејствата кои очајнички ги бараа своите најблиски. Сините ротациони светла на возилата на итната помош непрекинато ја осветлуваа салата, додека напнатоста растеше со секој изминат час. Дел од патниците веќе беа пренесени во болници или со автобуси испратени кон своите одредишта, но неизвесноста кај семејствата што немаа никаква вест од своите роднини остана.Еден од нив беше Рамон Монтон, кој ја бараше својата сопруга Тамара Маргарита Валдес. Тој изјави дека разговарал со неа дваесетина минути пред несреќата и дека таа патувала со возот „Алвија“ од Мадрид, во кој удрил возот „Ирио“ што сообраќал од Малага, откако од засега непознати причини излетал од шините. Слични приказни споделуваа и волонтерите кои помагаа на терен, објаснувајќи дека многу семејства со часови трагаа по информации за исчезнати патници.Меѓу оние што ја преживеале несреќата е и 44-годишниот Сантијаго од Хуелва, кој раскажа дека почувствувале нагло кочење, по што возот почнал силно да се ниша. По излегувањето од вагонот, наишол на мртво тело и на сцени што, како што рече, никогаш нема да ги заборави. Други патници опишуваа како летале низ воздухот, како паѓале багажите, се гаснело светлото и се слушале крици за помош од заробените.Неколкумина сведочеа дека првите спасувачки екипи пристигнале дури по околу еден час, а пристапот до вагоните бил исклучително тежок поради нивната искривеност и пад по насип. Спасувачите се соочиле со повреди од сите видови – од посекотини и модринки до тешки отворени скршеници.Градоначалникот на Адамус, Рафаел Морено, кој бил меѓу првите на местото на несреќата, изјави дека сцената била „дантеовска“, опишувајќи тела и целосно уништени вагони во мракот на ноќта. Лекарите од итната помош соопштија дека во општинската сала биле згрижени 138 лица, од кои најголемиот дел со полесни повреди, додека потешките случаи биле пренесени во болниците во регионот.Шпанија е во жалост, а истрагата треба да ги утврди причините за една од најтешките железнички трагедии во последните години.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryujbknbfvhln91c9XJAe

Мицкоски со порака за Водици: Да ја градиме државата со чесност и солидарност

По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, упати порака во која го истакна значењето на празникот како симбол на откровение, прочистување и духовна обнова. Тој нагласи дека водата, како извор на живот, претставува силен потсетник за потребата од духовна и морална чистота кај секој поединец и во општеството во целина.Според Мицкоски, Водици носи силна порака за верата, храброста и подготвеноста да се оди по исправниот пат, дури и тогаш кога тој е тежок и исполнет со предизвици. Осветувањето на водите и фрлањето на Светиот крст, како што посочи, не се само традиционален обред, туку и жива порака за доверба, пожртвуваност и надеж.Тој подвлече дека празникот нè потсетува на важноста на меѓусебното заедништво и на добрите односи меѓу луѓето. Во вакви моменти, граѓаните се собираат, си даваат поддршка и ја споделуваат радоста, покажувајќи дека заедницата е најсилна кога е обединета околу вредности што ги надминуваат личните разлики и интереси.Посебен акцент во пораката беше ставен на младите, за кои Мицкоски рече дека со својата смелост и вера се потсетник дека иднината се гради со карактер, воспитување и почитување на традицијата. Тој истакна дека заедничка обврска на сите е да се создаде средина во која младите ќе растат со силно чувство на припадност и одговорност кон општеството.На крајот, Мицкоски посака Богојавление – Водици да донесе духовна сила, трпение и мудрост, повикувајќи граѓаните да останат верни на вредностите што ги држат исправени и обединети, и да продолжат да ја градат државата со чесност, солидарност и грижа за заедничкото добро.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarydt9tg3uv4r2pemBi4rd

Ултрабогатите побогати од кога било, сиромаштијата продлабочена: богатството расте рекордно, нееднаквоста станува глобална закана

Богатството на светските милијардери во изминатата година растело трипати побрзо од претходните години и достигнало рекордно ниво, предупредува организацијата „Оксфам“ во своето најново извештај за глобалната нееднаквост. Документот, објавен во пресрет на почетокот на Светскиот економски форум во Давос, наведува дека вкупното богатство на милијардерите во 2025 година пораснало на 18,3 билиони долари, продолжувајќи го силниот тренд на раст што трае уште од 2020 година.Овој енормен пораст се случува во време кога секоја четврта личност во светот се соочува со тешкотии да обезбеди редовни оброци, а речиси половина од светската популација живее во сиромаштија. Според пресметките на „Оксфам“, 2,5 билиони долари, колку што е зголемено богатството на милијардерите минатата година, е износ приближно еднаков на вкупниот имот што го поседуваат најсиромашните 4,1 милијарди луѓе на планетата. Во исто време, бројот на милијардери првпат надминал 3.000, а Илон Маск станал првата личност во историјата чија нето-вредност надминала 500 милијарди долари.Извештајот предупредува дека паралелно со растот на богатството се засилува и концентрацијата на политичка моќ кај ултрабогатите. Според податоците, 74 од вкупно 2.027 милијардери во светот во текот на 2023 година извршувале извршни или законодавни функции во владите, што значи дека имале 3,6 проценти шанса да бидат на политичка функција. За споредба, просечниот граѓанин во светот имал само 0,0009 проценти шанса за истото.Според „Оксфам“, оваа врска меѓу економската и политичката нееднаквост е длабоко загрижувачка. Фактот што милијардерите имаат илјадници пати поголема веројатност да влијаат врз политичките одлуки, според организацијата, ја нагласува нивната прекумерна моќ и влијание врз јавните политики.Дел од растот на богатството, се наведува во извештајот, е поврзан со политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, чија втора администрација спровела намалување на даноците, обезбедила заштита на мултинационалните корпорации од меѓународен притисок и го ублажила надзорот врз монополите. Дополнителен поттик за ултрабогатите донел и наглиот раст на вредноста на компаниите поврзани со вештачката интелигенција.Во извештајот се посочува и сè поголемото влијание на милијардерите врз традиционалните и дигиталните медиуми, при што се наведува дека ултрабогатите денес контролираат повеќе од половина од најголемите медиумски компании во светот. Ваквата концентрација на капитал и моќ, предупредува „Оксфам“, ги продлабочува општествените поделби и ја загрозува демократската стабилност.Раководството на организацијата оценува дека растечкиот јаз меѓу богатите и остатокот од населението создава сериозен политички дефицит, кој може да има опасни и долгорочни последици. Според нив, владите сè почесто носат одлуки во корист на елитите, што резултира со намалување на јавната помош и ограничување на граѓанските слободи.Поради тоа, „Оксфам“ апелира до владите да усвојат национални стратегии за намалување на нееднаквоста, да воведат повисоки даноци за екстремното богатство и да воспостават поцврсти бариери меѓу капиталот и политиката, вклучително и строги ограничувања за лобирањето и финансирањето на изборните кампањи. Организацијата предлага и зајакнување на работничките права, зголемување на платите, разбивање на монополите и поголеми инвестиции во јавните услуги и социјалната заштита, оценувајќи дека само на тој начин може истовремено да се намали нееднаквоста и да се зајакне демократијата.

Свет | пред 2 месеци

nafta-mazut

Глобалните тензии ја раздвижуваат цената на нафтата

Новата година започна со силни геополитички потреси што ја вознемирија меѓународната заедница и веднаш се одразија врз глобалните економски текови. Меѓу најзначајните настани е апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на американските власти, потег што предизвика остри реакции и поделени ставови на светската политичка сцена, со осуди и предупредувања што пристигнаа од различни држави и меѓународни организации.Паралелно со тоа, дополнителна неизвесност донесе и ескалацијата на протестите во Иран против тамошните власти, на кои Соединетите Американски Држави јавно им дадоа поддршка. Комбинацијата од овие два настани значително ги подигна глобалните тензии и ја зајакна перцепцијата за нестабилност во региони што имаат клучна улога во светската енергетска рамнотежа.Овие случувања одамна ја надминаа рамката на чисто политички конфликти и добија изразена економска димензија, пред сè преку нивното влијание врз пазарот на нафта. Турбуленциите на меѓународната сцена предизвикаа силни потреси на берзите и отворија нови дилеми за идните движења на цените, но и можности за инвеститорите кои внимателно ги следат сигналите од пазарот.Венецуела и Иран се меѓу државите со најголеми резерви на нафта во светот, поради што секоја нестабилност поврзана со нивните односи со САД има директен ефект врз глобалната понуда. Иако санкциите кон овие земји не се новина, последните настани означуваат дополнително заострување. Во рамки на акцијата поврзана со апсењето на Мадуро, американските власти запленија и венецуелски танкери натоварени со нафта, што уште повеќе ја продлабочи неизвесноста на пазарот.Според анализите, САД настојуваат да извршат пошироко влијание врз светската трговија со енергенси, ограничувајќи ја испораката на нафта кон повеќе региони, меѓу кои и Русија и Кина. Овие чекори ја намалуваат понудата на глобално ниво, ја зголемуваат побарувачката и неминовно вршат притисок врз цената.Во изминатите недели тоа веќе се почувствува на пазарот, каде што цената на нафтата бележи раст под влијание на неизвесноста. Во вакви услови, инвеститорите пресметуваат таканаречена ризична премија, поради што цената може да се зголемува и без реален недостиг на физичка нафта. Клучна улога игра и психологијата на пазарот, бидејќи се купуваат не само количини нафта, туку и очекувања за идните движења.Последните денови беа обележани со изразена волатилност, при што цената на нафтата се движеше со осцилации од неколку проценти во рамки на еден ден. Ако се погледне пошироката слика, во однос на пред една година цената е пониска за речиси една четвртина. Сепак, трендовите во последните шест месеци укажуваат на стабилизирање и постепен пресврт, со пад од околу осум проценти во тој период, но и раст од речиси пет проценти во однос на изминатиот месец.Овие показатели ги потврдуваат проценките на аналитичарите дека нафтениот пазар влегува во фаза на зголемена нестабилност, во која можни се значителни ценовни поместувања. Со оглед на тоа што глобалните тензии не покажуваат знаци на брзо смирување, туку напротив носат ризик од понатамошна ескалација, растот на цената на нафтата во наредниот период би можел да донесе значајни добивки за инвеститорите кои навреме ќе ги препознаат сигналите.Оваа динамика не е без значење ниту за регионот, бидејќи и Балканот се наоѓа во сферата на интересите на големите светски сили. Затоа, економистите сè почесто укажуваат дека нафтата би можела да се најде меѓу клучните инвестициони избори во периодот што следува, додека вниманието на пазарните учесници сè повеќе се насочува токму кон овој енергент.

Свет | пред 2 месеци

siljanovska-davkova-1-1

Да го разбудиме божественото во себе: претседателката Сиљановска-Давкова со честитка по повод Богојавление – Водици

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, до членовите на Светиот архијерејски синод, монаштвото, свештенството и до сите православни верници.Во честитката, претседателката истакнува дека празникот Богојавление е симбол на духовно прочистување, надеж и обновување, со желба тој да донесе радост во срцата, светлина во душите и мир во умот на сите граѓани.Таа нагласува дека осветувањето на македонските води претставува можност за надминување на малодушноста и летаргијата и повик за поголема грижа за ближните и за заедницата, преку добродетелство, солидарност и емпатија.„Само со благост, внимание, солидарност и емпатија можеме да го разбудиме божественото во себе, покажувајќи ја вистинската човекова природа“, порачува Сиљановска-Давкова.Во честитката се посочува и дека светот се соочува со длабока криза и сериозни искушенија, поради што промената мора да започне од поединецот. Според претседателката, само морални и мудри личности можат да создадат силни заедници, чиј напредок и благосостојба нема да се темелат на туѓа болка и страдање.Таа повикува на сплотеност, меѓусебно почитување и споделување на материјалните и духовните богатства, со цел заеднички да се придонесе за достоинствена сегашност и благословена, просперитетна иднина.Честитката завршува со традиционалниот поздрав: „Бог се јави!“

Македонија | пред 2 месеци

media-library3k7bpcvs32gc3uCSLjo

ЕУ засега се воздржува од „трговската базука“ против САД поради Гренланд, приоритет добива дипломатијата

Земјите членки на ЕУ оцениле дека во оваа фаза треба да се избегне ескалација и да се остави простор за политичко и дипломатско решение со Соединетите Американски Држави. Инструментот против присила, усвоен во 2023 година, ѝ овозможува на Унијата да санкционира земји што вршат, како што се дефинира, „економска уцена“, преку ограничување на трговски дозволи и пристап до единствениот пазар, но досега никогаш не бил применет.Според дипломатски извори, Европската комисија на состанокот презентирала повеќе можни опции, меѓу кои и активирање на ACI, но амбасадорите на земјите членки само дискутирале, без гласање за конкретни мерки.Сепак, ЕУ има подготвен пакет контрамерки во вредност од 93 милијарди евра, насочени кон американски производи, кој може да биде активиран доколку Трамп ја реализира најавата и од 1 февруари воведе дополнителни царини од 10 проценти за осум европски земји, меѓу кои Данска, Германија и Франција. Одлуката за повторно воведување на овие мерки, кои беа суспендирани минатата година, ќе биде донесена по истекот на рокот што го постави американскиот претседател.Контрамерките беа подготвени уште лани, во период на неизвесност околу тоа дали САД ќе прифатат трговски договор со ЕУ. Тие предвидуваат реципрочни царини до 30 проценти за низа американски производи, од автомобили до живинско месо. Нивната примена беше одложена откако летоска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и Доналд Трамп постигнаа договор со кој се утврди основна царина од 15 проценти за поголемиот дел од извозот на ЕУ во САД, а царините за многу американски индустриски производи беа намалени на нула.Новите закани на Трамп, поврзани со спорот околу Гренланд, го доведоа во прашање овој договор, откако влијателни пратеници во Европскиот парламент најавија одложување на гласањето за неговата имплементација, закажано за крајот на месецот.Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, свика вонреден самит на лидерите на ЕУ, кој треба да се одржи во наредните денови. Според извори запознаени со подготовките, самитот би можел да се одржи во четврток, на 22 јануари.Дипломати присутни на неделните разговори во Брисел, на кои беа претставени сите 27 земји членки на амбасадорско ниво, истакнаа дека е изразена целосна солидарност со Данска и Гренланд, како и поддршка за нивниот суверенитет и територијален интегритет.

Свет | пред 2 месеци

media-library928rb7fvg2d00Q6SeWy

Ескалација околу Гренланд: Трамп ја обвинува Данска и најавува решителни чекори

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Данска не презела никакви конкретни чекори за, како што рече, отстранување на „руската закана“ од Гренланд, нагласувајќи дека „сега е време и тоа ќе биде направено“.„НАТО веќе 20 години ѝ зборува на Данска дека мора да ја отстрани руската закана од Гренланд. За жал, Данска не направи ништо по тоа прашање“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Трут соушал, која е во негова сопственост.Белата куќа, данското претседателство со Европската унија и данското Министерство за надворешни работи засега не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар.Трамп во повеќе наврати истакна дека нема да прифати ништо помалку од американско сопствеништво над Гренланд, автономна територија на Данска. Данските и гренландските власти, пак, повторуваат дека островот не е на продажба и дека не сака да стане дел од Соединетите Американски Држави.Во саботата, Трамп се закани со воведување нов бран повисоки царини за европските сојузници, доколку на САД не им биде дозволено да го купат Гренланд. Според него, зголеменото присуство на Кина и Русија го прави Гренланд од клучно значење за безбедносните интереси на САД.Од Данска и од други европски земји посочуваат дека Гренланд веќе е опфатен со НАТО-договорот за колективна безбедност, нагласувајќи дека безбедноста на островот е заедничка одговорност на Алијансата.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryjb22uj89fjatf4Fi7Fb

И Финансиската полиција се произнесе за претресот кај родителите на судијата Ристов, по најдените 350.000 евра во ѕид

Во рамки на опсежна и сложена истрага што ја води Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Управа за финансиска полиција спроведе претрес на локација во Неготино, при што беа пронајдени и одземени околу 350.000 евра.Како што соопшти Финансиската полиција, претресот бил извршен по наредба на судија на претходна постапка и под раководство на надлежниот јавен обвинител. Акцијата е реализирана во текот на изминатиот викенд, во координација со институциите вклучени во истрагата.Претресот бил извршен во домот на родителите на лице – судија од Апелациски суд Скопје, кое е осомничено за кривично дело противправно стекнување и прикривање имот. Според официјалните информации, парите биле пронајдени во специјално соѕидан, таен простор во ѕидот на објектот.Од Финансиската полиција наведуваат дека постојат основани сомневања оти пронајдените средства потекнуваат од незаконски активности, поврзани со корупција и трговија со влијание.„Управата за финансиска полиција, во рамки на своите законски надлежности, ги презема сите истражни дејствија со висок степен на професионалност и законитост, во тесна и ефикасна соработка со надлежните институции“, се наведува во соопштението.Од институцијата потенцираат дека остануваат целосно посветени на борбата против корупцијата и организираниот криминал, особено во сложени случаи кои директно го нарушуваат владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Истрагата продолжува, а јавноста ќе биде дополнително информирана за натамошниот тек на постапката.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryjjgbbesu2usefs9shhF

(Видео) Најмалку 39 загинати во судир на два брзи воза во Шпанија

Најмалку 39 лица загинаа, а повеќе од 150 се повредени во тешка железничка несреќа што се случи синоќа во местото Адамус, во близина на Кордоба, во јужна Шпанија. Според првичните информации, до трагедијата дошло откако еден од возовите излетал од шините и навлегол на соседниот колосек.Несреќата се случила околу 19:40 часот, кога три од последните вагони на брзиот воз на компанијата „Ирио“, кој сообраќал на релација Малага – Мадрид со 317 патници, излетале од шините на влезните скретници во Адамус. Вагони од шестиот до осмиот се префрлиле на спротивниот колосек, по кој во тој момент со брзина од околу 200 километри на час се движел воз на државната компанија „Ренфе“ на линијата Мадрид – Уелва.Поради ова, вториот воз исто така излетал од шините и паднал по насип висок пет до шест метри. Во вагоните што паднале низ насипот се наоѓале 53 патници, соопштија официјални извори.Возот „Ирио“ тргнал од Малага во 18:40 часот кон мадридската станица „Пуерта де Аточа“, а излетувањето се случило само еден час подоцна, на територијата на Адамус. Иако не се движел со истата брзина како возот со кој се судрил, точната брзина сè уште се утврдува. Возот успеал да запре кратко по несреќата.Меѓу загинатите е и 27-годишниот машиновозач. Според извори блиски до истрагата, сите тешко повредени лица се веќе префрлени во болници. Хоспитализирани се вкупно 29 лица, од кои пет се во исклучително тешка здравствена состојба.Надлежните служби спроведуваат истрага за да се утврдат точните причини за излетувањето и судирот, додека шпанската јавност е во шок од една од најтешките железнички несреќи во последните години.

Свет | пред 2 месеци

262886969_215755700709339_3424351090063217574_n

Затворени улици и пренасочување на сообраќајот во Скопје за Водици

Поради одбележувањето на празникот Богојавление – Водици, денеска (19 јануари 2026 година) во Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, соопшти Министерството за внатрешни работи.Како што информираат од МВР, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за временo затворање на одредени сообраќајници, со цел непречено и безбедно одвивање на верските манифестации.Во централното градско подрачје за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“, на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со улицата „11 Октомври“, и тоа во двете насоки.Во општина Ѓорче Петров ќе бидат затворени повеќе сообраќајници, меѓу кои патниот правец од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и делницата од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до железничкиот мост на реката Вардар.Во општина Аеродром, за сообраќај ќе биде затворен и локалниот пат кој води кон населените места Горно и Долно Лисиче.Од СВР Скопје апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, како и да го прилагодат движењето согласно воспоставениот режим.

Скопје | пред 2 месеци

Screenshot-2025-01-19-at-12.31.14

Бог се јави! Се чествува Богојавление – Водици: Празник на осветените води и духовното обновување

Православните верници денеска го одбележуваат еден од најголемите и најзначајни зимски христијански празници – Богојавление, познат и како Водици. Празникот се слави уште од вториот век и има длабока духовна и симболична смисла, поврзана со осветувањето на водите и јавното објавување на Светата Троица.Според христијанското предание, на овој ден Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, по што Светиот Дух се јавил во вид на гулаб, а од небото се слушнал гласот Божји. Токму поради тоа, празникот се нарекува Богојавление, а во народот е познат и како Водици, поради големиот водосвет што го извршува црквата.И годинава продолжува вековната традиција на положување на Чесниот крст во осветените води. Во Скопје, Скопската православна епархија при Македонска православна црква – Охридска архиепископија го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар. Според информациите од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, за манифестацијата „Водици 2026“ пријавени се околу 160 учесници, кои ќе се обидат да го фатат светиот крст.Одбележувањето на празникот започнува со света архијерејска литургија, на која ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Стефан. По завршувањето на богослужбата, ќе следи богојавленска литија до реката Вардар, каде што ќе се изврши големиот водосвет и ќе се положи Чесниот и животворен крст.Богојавление свечено се одбележува и во Охрид, каде централната богослужба ќе се одржи во црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“, по што литиите ќе се упатат кон Градското пристаниште. Таму ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро. Годинава, за првпат, водите ќе ги освети новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј, а најавено е и присуство на Гордана Силјановска Давкова.Според народните верувања, оној што ќе го фати крстот ќе го следат здравје, среќа и благослов во текот на целата година. Чинот на фаќање на крстот симболизира соединување на човекот со Христа, а се верува дека по осветувањето водите добиваат лековита моќ.Во Република Македонија, согласно Законот за празници, Богојавление – Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Македонија | пред 2 месеци

Screenshot-2025-02-25-at-11.18.49

Битола: 28-годишен внук ја претепал баба си до раб на смрт

Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен маж, за кого постои основано сомнение дека сторил обид за кривично дело убиство, согласно член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.Според Обвинителството, при вршење семејно насилство во домот во кој заедно живееле, на улицата „Лавчанска корија“ во Битола, осомничениот се обидел да ја лиши од живот својата баба. Инцидентот се случил на 17 јануари, кога тој претходно ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата со фиока, а потоа со рацете ја удирал жената по главата и телото сѐ додека не паднала во бессознание.Со нападот ѝ биле нанесени повеќе тешки телесни повреди, меѓу кои крварења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски, со што нејзиниот живот бил доведен во сериозна опасност.По настанот, осомничениот се дал во бегство, но бил лишен од слобода за кратко време. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryjb22uj89fjatf4Fi7Fb

За Ѓоко Ристов засега не се бара притвор, а има и имунитет оти е судија

За судијата Ѓоко Ристов засега нема да се бара да испратен во притвор, ниту пак има информации дека е задржан од страна на надлежните органи. Тој и натаму ужива имунитет, кој може да му биде симнат од Судскиот совет, по барање на судија на претходна постапка.Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека постапката е во тек и дека конечна одлука за евентуални мерки допрва ќе се носи.„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме“, велат од ОЈО-ГОКК.Ристов е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, при што во домот на неговите родители во Неготино, за време на претрес извршен по наредба на суд, беа пронајдени 350.000 евра скриени во соѕидан простор во ѕид. Обвинителството соопшти дека парите се сомнителни како незаконски стекнати, а постапката е дел од поширока истрага за висока корупција, поткрепена со информации од Агенцијата за национална безбедност. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а во зависност од нивниот исход ќе се одлучува дали ќе се побара притвор и одземање на судискиот имунитет.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7s892734v7psecfxlp3

Македонија со големо реми против Португалија, Лазаров задоволен од борбата

Македонската ракометна репрезентација освои значаен бод откако одигра нерешено 29:29 против Португалија во натпревар од второто коло во групната фаза. Ова е првиот бод за нашите ракометари, по поразот од Данска во воведното коло (24:36), со што Македонија моментно има негативна гол-разлика од 12, додека Португалија по два меча е на плус шест.По голема борба и драматичен финиш, избраниците на Кирил Лазаров успеаја да се вратат од негатива од пет гола во второто полувреме и да стигнат до реми против селекција која беше полуфиналист на Светското првенство во 2025 година. Македонската репрезентација покажа карактер и дисциплина, а клупата одигра важна улога со тактички прилагодувања во продолжението.Во последното коло Македонија ќе се соочи со Романија. За пласман на второто место во групата ќе биде потребна убедлива победа над Романија, а паралелно и убедлив триумф на Данска против Португалија во натпреварот што ќе се игра по нашиот дуел. Победа над Романија, пак, отвора и реална можност за третото место во групата, што би значело подобар вкупен пласман и евентуално избегнување на два баража за пласман на Светското првенство следната година.По натпреварот, селекторот Лазаров го истакна значењето на бодот и околностите под кои е освоен:„Не е лесно да се игра против светска велесила како Португалија. Ремизиравме со полуфиналист од последното светско првенство и тоа е огромен резултат. Успехот е уште поголем ако се знае дека поради повреди останавме без двете десни крила, а црвен картон доби и Никола Маркоски. Да не беа повредите, уверен сум дека ќе ги победевме. На полувреме се реорганизиравме и со голема борба стигнавме до бод. Во вторник ќе се обидеме да победиме со што поголема разлика. Прво и основно е да ја победиме Романија, а потоа ќе видиме што понатаму. Утре нема да тренираме – потребен е одмор“, изјави Лазаров.Македонските ракометари со ова реми остануваат во игра за поволен расплет во групата, а одлучувачкиот натпревар против Романија ќе ја одреди нивната судбина во продолжението на турнирот.

Спорт | пред 2 месеци

nikola-gruevski-45

Груевски со обвинувања: „СДСМ ја пропушти шансата да ја врати ОКТА во државна сопственост и создаде нов монопол“

Поранешниот премиер Никола Груевски јавно ја обвини СДСМ дека свесно ја пропуштила можноста Македонија да ја врати рафинеријата ОКТА во државна сопственост, да избегне арбитражни штети и да спречи создавање, како што тврди, нов де факто трговски монопол на пазарот на нафтени деривати.Според Груевски, активирањето на цевководот од Солун до Скопје како продуктовод, по 13 години неактивност, не е техничко, туку суштинско политичко и економско прашање. Тој потсетува дека со приватизацијата на ОКТА во 1999 година, целта била модернизација на рафинеријата, стабилно снабдување на домашниот пазар и зачувување на работните места. Наместо тоа, грчкиот сопственик, според него, постепено ја водел рафинеријата кон затворање, кое фактички се случило во 2011 и 2012 година, по што производството целосно запрело, а опремата била демонтирана и продавана.Груевски тврди дека уште тогаш сопственикот побарал нафтоводот, наменет за сурова нафта, административно да се трансформира во продуктовод за транспорт на готови деривати од грчки рафинерии. Владата што тој ја предводел, како што наведува, тоа го одбила, оценувајќи го како изигрување на договорот и обид да се создаде нерамноправна позиција на пазарот. Наместо тоа, државата инсистирала на модернизација и повторно ставање во функција на рафинеријата во Скопје.Клучниот дел од неговите обвинувања се однесува на, како што вели, подготвен специјален закон, изработен со меѓународни консултанти и адвокатски куќи, со кој Македонија ќе можела да ја прекине обврската за купување мазут, да ги урне арбитражните тужби и да ја врати ОКТА во државна сопственост. Во рамки на тој процес, според Груевски, биле обезбедени и потенцијални купувачи за рафинеријата, со понуди за нејзина модернизација и повторно активирање.Тој тврди дека законот бил оставен подготвен во 2017 година, но владата на СДСМ го отфрлила, ја изгубила арбитражата и, наместо државата да добие надомест, дозволила сопственикот на ОКТА да премине од производител во привилегиран трговец со речиси монополска позиција. Дополнително, со трансформацијата на нафтоводот во продуктовод, според него, се фаворизира една странска компанија, додека другите трговци се ставаат во понеповолна положба.Груевски укажува и на последиците за домашната економија, наведувајќи дека со укинувањето на камионскиот транспорт на деривати, голем број македонски транспортни компании и вработени останале без работа. Тој смета дека државата сега има ограничени опции: изградба на нова мини-рафинерија, или изградба на државни продуктоводи кон Србија, Косово, Бугарија или Албанија, со цел создавање конкуренција и намалување на зависноста од еден снабдувач.Според поранешниот премиер, национализацијата на постојната ОКТА веќе не е исплатлива поради застарената опрема, но пропуштањето на подготвениот закон и дозволата за продуктовод, како што оценува, претставуваат „нова голема штета“ за државата. Тој заклучува дека Македонија денес фактички останала без рафинерија и со доминантен увозник на нафтени деривати, состојба која, доколку не се преземат мерки, може да трае со децении.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7iqjo8ige4eb3Sng2XT

Од судење на најкрупни предмети до 350.000 евра во ѕид: хронологија на кариерата на Ѓоко Ристов

Судијата Ѓоко Ристов од 2020 година е судија во Апелациониот суд во Скопје, каде во изминатите години одлучуваше по некои од најкрупните и најчувствителни судски предмети во кои обвинети беа политичари, бизнисмени и лица со значителна моќ и влијание. Паралелно со неговата работа, до Судскиот совет имало претставка со наводи дека одредени предмети се задржуваат во фиока, додека истовремено се бара мито за нивно решавање, особено во случаи каде Ристов бил судија-известител.Еден од најпознатите предмети во кои судел и Ристов е „Таргет–Тврдина“, случајот за масовното незаконско прислушување, во кој обвинет беше Сашо Мијалков. Со укинувањето на пресудата на Кривичниот суд, предметот застаре, што резултираше со негово затворање без правосилна судска одлука за тоа кој незаконски прислушувал политичари, новинари, бизнисмени и граѓани. Апелацискиот совет, во кој беа и судиите Нича, Беџети, Милева и Чачева, имаше можност да ја преотвори постапката и да донесе конечна одлука без да го враќа предметот на повторно судење. Предметот, според јавно изнесени информации, девет месеци стоел во фиока, во период кога судија-известител бил Енвер Беџети, кој подоцна беше разрешен и ставен на црната листа на САД.Ристов учествуваше и во одлучувањето за притворот на Мијалков во предметот „Трезор“, заедно со Беџети, при што беше донесена одлука тој да биде пуштен на слобода, иако претходно беше недостапен за органите на прогонот. Станува збор за периодот кога Мијалков кажа дека бил болен и не видел дека два дена по него се трага.Одлука за укинување на притвор донесе и во случајот со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, каде заедно со судиите Лирие Елези Ајрулау и Тања Милева беше прифатена имотна гаранција.Со гласот на Ристов беше финализиран и предметот „27 април“, при што Апелација ја потврди пресудата, но ги намали изречените казни. Осудените и денес тврдат дека се неправедно осудени и бараат повторување на постапката.Ристов беше судија-известител и во предметот „ТНТ“, каде оштетениот Фијат Цановски јавно го обвини дека предметот намерно се држи во фиока со цел да застари и да не дојде до обештетување за случајот „Космос“.Во јавноста одекна и информацијата дека предметот за смртта на родилката Маја Кадиева од Дојран и нејзиното новороденче, во кој обвинети беа двајца гинеколози, три години стоел нерешен а судија известител бил Ристов. Пресудата во Велес била донесена во 2020 година, а Апелација, каде предметот го добил Ристов во мај 2023 година, донела одлука само една недела пред застарување, прогласувајќи ги обвинетите за виновни.Ристов судел и во предметите „Метастаза“ за злоупотреби со инвалидски пензии, „Изгрев“ за финансиски злоупотреби со имот на МПЦ, како и „Албатрос“ и „Бумеранг“ за мито кај гранични полицајци. Во 2012 година се кандидираше за претседател на Кривичниот суд, но ја загуби трката од Владимир Панчевски, по што подоцна стана апелациски судија во 2020 година. Неговиот избор беше изгласан едногласно од сите 12 членови, со бројни пофалби за неговата кариера.Денес, Ѓоко Ристов е осомничен за противправно стекнување и прикривање имот, за кој постојат сомнежи дека е прибавен со дејствија на корупција и трговија со влијание. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека при претрес во домот на неговите родители во Неготино, во соѕидан простор во ѕид биле пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека се незаконски стекнати. Претресите и истражните дејствија продолжуваат.Засега нема официјална информација дали Ристов е приведен и дали ќе биде побаран притвор. Во случај да се предложи таква мерка, Обвинителството ќе достави предлог до судот, по што Судскиот совет би требало да одлучува за одземање на судискиот имунитет, како предуслов за евентуален притвор во Истражниот затвор „Шутка“.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryk9chqiu7d1gceH1tl4i

МВР со детали за претресот кај родителите на судијата, каде открија пари соѕидани во ѕид

Министерството за внатрешни работи соопшти дека полициски службеници од Одделот за организиран и сериозен криминал, по барање на јавен обвинител од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка, извршиле претрес на дом и други простории на подрачјето на Неготино.Претресот бил извршен во рамки на истрага за пронаоѓање предмети кои потекнуваат од сторени кривични дела, а се однесува на случајот со Ѓоко Ристов, судија во Апелациониот суд во Скопје, осомничен за примање награда за противзаконито влијание.Како што информираат од МВР, при претресот во соѕидан простор во ѕидот биле пронајдени 350.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени.Од Министерството појаснуваат дека денешното постапување е резултат на дејствија преземени во рамки на опсежна истрага на Обвинителството, откако на 14 декември 2025 година бил осомничен адвокат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.Според официјалното соопштение, станува збор за една од најопсежните истраги поради сомневања за висока корупција во државата досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенција за национална безбедност.Претресите и другите истражни дејствија, како што наведуваат од МВР, продолжуваат, а јавноста ќе биде навремено информирана за натамошниот тек на постапката.

Македонија | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања