Ева Петковска

media-librarynfa4uqf4ail253FCePW

Скопјанец поради љубомора на натепал поранешната девојка удирајќи ја по глава и тело, па ја исфрлил од кола туркајќи ја меѓу столбчиња

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело телесна повреда, согласно член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.Според обвинителството, осомничениот на 4 јануари, во испад на љубомора, најпрво вербално ја навредувал, а потоа и телесно ја нападнал својата поранешна партнерка. Тој ја удирал повеќепати по главата и телото, по што насилно ја исфрлил од својот автомобил, туркајќи ја на бетонот помеѓу столбчињата поставени на коловозната лента.Настанот бил пријавен во полиција од случаен минувач, кој сведочел на инцидентот. Оштетената била пренесена во здравствена установа, каде ѝ била укажана лекарска помош.Со цел заштита на жртвата, јавниот обвинител предложи судијата на претходна постапка да определи мерка на претпазливост – забрана за приближување и воспоставување каков било контакт со оштетената за време на траењето на постапката.

Скопје | пред 3 седмици

media-library6p21p0pmug1rckUQz1R

Зошто идејата на Трамп за купување на Гренланд е една голема фантазија?

Кога американскиот претседател Доналд Трамп зборува за можноста САД да го купат Гренланд, многумина тоа го доживуваат како уште една провокација или политичка шега што брзо ќе биде заборавена. Но, според професорот Орелиен Колсон, во авторски текст за „Еуроњуз“, ваквиот пристап е погрешен, бидејќи иако идејата е правно, политички и стратешки неостварлива, таа открива подлабоки промени во начинот на кој денес се сфаќаат моќта, суверенитетот и глобалниот поредок.Трамп првпат ја изнесе идејата за „купување“ на Гренланд во 2019 година, а неодамна повторно ја актуелизираше, наводно поставувајќи и рок од 20 дена. Секојпат одговорот беше јасен и недвосмислен – Гренланд не е на продажба, а Данска не планира да го отуѓи. Сепак, темата упорно се враќа во јавноста.Историските примери на купување територии, како Алјаска од Русија во 1867 година или Данските Западноиндиски Острови во 1917 година, често се користат како аргумент од страна на Трамп и неговите поддржувачи. Но, тие договори биле склучени во сосема поинаков свет – пред Втората светска војна, пред Повелбата на Обединетите нации и пред правото на народите на самоопределување да стане темел на меѓународното право.Денес, Гренланд не е колонијален посед, туку самоуправна територија со сопствен парламент и влада, а Гренланѓаните имаат признато право на независност доколку така одлучат. Секој обид за „продажба“ би значел директно кршење на меѓународното право и демократската волја на населението.Идејата е проблематична и од политички аспект. Данска е стабилна демократија, сојузник во НАТО и близок партнер на САД. Помислата Вашингтон да купува територија од Копенхаген потсетува на политики од 19. век и би предизвикала сериозни тензии во рамките на Алијансата.Иако Гренланд има големо стратешко значење поради Арктикот, природните ресурси и безбедносните прашања, САД веќе имаат значително воено и стратешко присуство таму преку соработка со Данска. Формалното „сопствеништво“ би донело малку реална корист, а огромни политички трошоци.Според Колсон, упорноста на оваа идеја произлегува од трансакцискиот поглед кон меѓународните односи, каде моќта се мери преку сопственост и контрола, а дипломатијата се заменува со јазикот на бизнисот. Во тој контекст, Гренланд не е реален политички предлог, туку симбол на пошироката ерозија на повоениот меѓународен поредок.Гренланд, заклучува авторот, не е на продажба. Но, самото појавување на вакви идеи е потсетник дека правилата на глобалната политика се сè почесто тестираат – а игнорирањето на тој факт може да биде најскапата грешка.

Свет | пред 3 седмици

media-libraryqn1ah5r5483adoPs9qD

Врховниот суд утре може да ги укине царините на Трамп, илјадници чекаат поврат на пари

Претстојната одлука на Врховниот суд на САД за користењето на вонредните царински овластувања на поранешниот претседател Доналд Трамп може сериозно да ги потресе финансиските пазари, особено доколку судиите решат да ги поништат воведените царини.Одлуката, која би можела да биде објавена уште утре, ќе утврди дали Трамп имал право да се повика на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (IEEPA) за да воведе царини без одобрување од Конгресот, пренесува Reuters.Илјадници компании бараат поврат на париДодека Врховниот суд се подготвува да реши за судбината на поголемиот дел од царините, илјадници компании веќе поднеле тужби против државата, надевајќи се на поврат на дел од милијардите долари што досега ги платиле по основ на царини. Судските записи покажуваат дека во правната битка се вклучени над 1.000 корпоративни субјекти од речиси сите сектори на економијата.Бранот тужби започнал по рочиштето одржано на 5 ноември, кога судиите јавно покажале скептицизам кон клучната трговска политика на Трамп. Анализите покажуваат дека најголем дел од компаниите што тужат се со седиште во САД, распоредени во речиси 40 сојузни држави, со најголема застапеност од Њујорк и Калифорнија. Помал број тужители доаѓаат од Канада, Сингапур и неколку европски земји.Кои компании се вклучени?Меѓу јавно познатите компании што поднеле тужби се Costco, Goodyear, EssilorLuxottica, како и Dole Fresh Fruit, e.l.f. Cosmetics и J. Crew. Најзастапени се производителите и дистрибутерите на облека и текстил, автомобилската индустрија, како и компании од областа на индустриска и електрична опрема. Дел од тужителите се јавни компании чии акции се тргуваат на берза, но повеќето се приватни фирми.Страв од силни пазарни потресиИнвеститорите и аналитичарите предупредуваат дека укинувањето на царините и можниот масовен поврат на пари може да има сериозни последици за државните приходи, пазарот на обврзници и берзите. Според проценките, увозниците би можеле да добијат поврат од 150 до 200 милијарди долари.„Никогаш не сме виделе одлука со вакво економско влијание“, изјави Еди Габур, извршен директор на KEY Advisors Wealth Management. Тој предупреди дека враќањето на сите царини би значело „исцрпување на ликвидноста од системот“.Оптимизам, но и претпазливостДел од инвеститорите веруваат дека укинувањето на царините краткорочно би ги поттикнало акциите, особено во малопродажбата, стоките за широка потрошувачка и електрониката. Сепак, други предупредуваат дека секој позитивен ефект може да биде краткотраен, бидејќи администрацијата би можела да најде алтернативни правни механизми за повторно воведување царини.Самиот Трамп изјави дека поништувањето на царините би било „економска катастрофа“. Според проценките на JPMorgan, годишните приходи од царини би можеле да паднат од околу 350 на 250 милијарди долари, што повторно ги отвора прашањата за фискалната стабилност на САД.Одлуката на Врховниот суд се очекува со големо внимание, бидејќи нејзините последици би можеле да се почувствуваат далеку надвор од американските пазари.

Свет | пред 3 седмици

media-librarym53llh1mra4hf32jJYe

(Видео) Гори фабриката „Комодита“ во Косово

Голем пожар попладнево избувна во објектот на фабриката „Комодита“ во Ѓаковица, Косово. Густиот чад и силните пламените јазици беа видливи од повеќе делови на градот, а на терен веднаш беа испратени сите служби за итни случаи.Портпаролот на Косовската полиција за регионот на Ѓаковица, Шеремет Елезај, за медиумот „Сињали“ изјави дека пријавата за пожарот била примена околу 16:40 часот. Пожарот избувнал во објект на улицата „Ѓерѓ Соколи“.„Полициските екипи и пожарникарите веднаш реагираа и работат на локализирање и гаснење на огнот. Пожарот е од големи размери, но екипите продолжуваат со напори за да ја стават ситуацијата под контрола“, изјави Елезај.Според првичните информации, засега нема пријави за повредени лица. Сепак, од полицијата велат дека целосната состојба и можните последици ќе бидат познати дури по целосното гаснење на пожарот.

Свет | пред 3 седмици

media-librarypinaq9vv1e5u3Ce2AG3

Бугарски државјанки осомничени за кражба на банкарски картички и паричници во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против две државјанки на Република Бугарија, осомничени за повеќекратни кражби и обиди за незаконско подигнување пари од банкарски сметки.Според обвинителството, првоосомничената во пет наврати, а последниот пат заедно со второосомничената, од различни лица крадела паричници со пари, документи и банкарски картички, по што се обидувале да повлечат дополнителни средства од банкомати.Еден од инцидентите се случил на 4 април 2025 година во автобус на ЈСП Скопје, каде бил украден паричник со 2.600 денари и банкарска картичка, од која подоцна биле подигнати 30.000 денари. Во август 2025 година, во трговски центар во Скопје, осомничената извршила уште три кражби, при што првично стекнала противправна корист од 39.000 денари, а од една картичка успеала да повлече дополнителни 60.000 денари.Последниот случај е регистриран на 4 јануари 2026 година, кога двете осомничени заедно украле паричник и други предмети во вредност од 3.000 денари, но неуспешно се обиделе да повлечат пари од сметката на оштетената.Обвинителството испитува и сомнежи дека во успешните случаи на подигнување пари биле користени ПИН-кодови што жртвите, претежно повозрасни лица, ги чувале запишани во своите паричници, поради што се проверува и евентуално постоење на кривично дело неовластено навлегување во компјутерски систем. За двете осомничени е предложена мерка притвор.

Скопје | пред 3 седмици

media-libraryi6fgq9cvg7okejUzZI2

Хартијата и картонот можат да се рециклираат до седум пати

Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ потсетува дека правилната селекција на хартија и картон во домаќинствата и бизнисите овозможува нивна повторна употреба за создавање на нови производи. Хартијата треба да биде чиста и уредно спакувана за да може да се рециклира, а истата може да се обработува и до седум пати.Рециклирањето на хартијата ја намалува загаденоста, го олеснува оптеретувањето на депониите и ѓубришта, штеди енергија и природни ресурси, ги намалува емисиите и ја намалува потребата од сечење дрвја.ЈП „Охридски Комуналец“ апелира до сите граѓани дека отпадот е прашање кое нѐ засега сите и охрабрува правилна селекција за зачувување на животната средина.

ОО | пред 3 седмици

media-library5qhgafnpcvl3emIIScV

ЈП „Охридски Комуналец“ најавува подигнување на селектиран отпад

Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ информира дека на 9 јануари 2026 година (петок) ќе се врши подигнување на селектиран отпад од пластика и хартија од кантите за селекција на корисниците од улиците „Железничка“, „Прилепска“, „Винковачка“, „Будва“, „Крали Марко“ и „8-ми Март“.Според Календарот за 2026 година за подигнување отпад од пластика и хартија, претпријатието апелира граѓаните да ги почитуваат датумите за селекција, со цел правилно управување со отпадот и заштита на животната средина.ЈП „Охридски Комуналец“ ги потсетува граѓаните дека иднината зависи од правилното селектирање на отпадот и ги охрабрува сите да учествуваат активно во процесот.

ОО | пред 3 седмици

media-library5k8oa9s3sgot4uMOl1p

Вонредна состојба на повеќе локации: Поплави и евакуации по обилните врнежи, најкритично во Охрид, Кичево и Битола

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни проблеми на повеќе локации низ државата, информира Центарот за управување со кризи во вонредна информација за состојбата до 13:00 часот.Во Охрид и околината регистрирани се поплавени подрумски простории, дворови и неколку објекти во градот. Поради излевање на дел од водотеците, на терен се ангажирани локалната самоуправа и Кризниот штаб, додека екипите на јавните претпријатија „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат за отстранување на водата и санација на последиците.Во Кичево и околните населени места, водата навлегла во подрумските простории и на дел од јавните и приватните површини. Дел од жителите се евакуирани и сместени во привремени објекти, каде им се обезбедени храна, лекови и здравствена заштита. Поплави се забележани и на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината, Црвениот крст и ЈП „Комуналец“ се вклучени во згрижување на населението и во интервенции на критичните точки, додека екипи на итната медицинска помош ја следат здравствената состојба на евакуираните лица.Во битолскиот регион е забележано значително зголемување на водостојот на локалните реки, со појава на излевања на повеќе места. Поплавени се куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен, а Кризниот штаб ги координира активностите и ги утврдува приоритетите за санација на штетите.Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови, како и локални излевања на водотеци. Полициски екипи вршат увид на погодените локации, додека општинската механизација интервенира за расчистување на свлечиштата и спречување на понатамошни штети.Поплави на локални патни правци и во неколку населени места се регистрирани и во Гостивар и околината. Екипите на ЈП „Комуналец“ работат на санација на поплавената инфраструктура, а механизацијата на Водостопанство е ангажирана за чистење на свлечишта и стабилизирање на теренот.Од ЦУК информираат дека состојбата постојано се следи и дека надлежните служби остануваат на терен сè додека не се нормализира состојбата.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarypr5q3897ehvm2VGRnEg

Мицкоски до Филипче: Опозицијата е незрела, безидејна и неодговорна

Сакавме процесот да биде инклузивен, и покрај тоа што имаме двотретинско мнозинство во Парламентот, така што, ако сакавме да се однесуваме незрело и неодговорно како што се однесуваат тие, можевме и без лидерска средба, вака премиерот Христијан Мицкоски одговори на одбивањето на лидерот на СДСМ да оди на лидерска средба.„Тема на лидерската средба не беше само Законот за влада. Ако ние се однесуваме неодговорно како што се однесува тој и генерално опозицијата, нам не ни е потребна лидерска средба, ние со 61 глас може да го смениме Законот за влада и да ја избришеме техничката влада, не ни е потребно мислењето на опозицијата. Но, сакавме процесот да биде инклузивен, и покрај тоа што имаме огромно мнозинство градоначалници, речиси двотретинско мнозинство во Парламентот, така што, ако сакавме да се однесуваме незрело и неодговорно како што се однесуваат тие можевме и без лидерска средба”, рече Мицкоски.Тема требало да бидат се и реформските закони, кои исто така треба да се донесат во Парламентот.„Да разговараме за Изборниот законик, Законот за Јавното обвинителство и за другите реформски закони од правосудството, како Законот за јавнообвинителска и судска служба, за Законот за Советот на јавни обвинители. Сакавме да разговараме и за народниот правобранител. Има многу закони кои ценев дека треба да се донесат во инклузивен процес”, одговори Мицкоски.Изборот на нов народен правобранител е заглавен, бидејќи мнозинството нема Бадентерово мнозинство.

Македонија | пред 3 седмици

media-librarygcttj41sncur9g9a1uX

Американците гонат танкер низ Атлантикот, Русија испрати воени бродови

Русија испрати поморски сили за да го следат танкерот што американските сили го гонат преку Атлантикот, во сè понапната „игра на мачка и глушец“. Бродот, кој моментално е празен, но во минатото превезувал венецуелска сурова нафта, вчера се наоѓал меѓу Шкотска и Исланд, објави Би-Би-Си.Ескалацијата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец најави „блокада“ на санкционирани танкери што влегуваат и излегуваат од Венецуела – потег што властите во Каракас го оценија како „кражба“. Во пресрет на саботното апсење на поранешниот венецуелски лидер Николас Мадуро, Трамп повеќепати ја обвини неговата влада дека користи бродови за шверц на дрога кон САД.Американската крајбрежна стража уште минатиот месец се обидела да пристапи до танкерот, тогаш под името „Бела 1“, во Карибите, сомневајќи се дека плови кон Венецуела. Постоел налог за заплена поради кршење американски санкции и превоз на иранска нафта. По тоа, бродот нагло го сменил курсот и името – сега се вика „Маринера“ – и наводно ја сменил и заставата од гвајанска во руска. Неговиот влез во европски води се совпаднал со пристигнувањето на десетина американски воени транспортни авиони и хеликоптери.Двајца американски функционери изјавија за „CBS News“ дека американските сили планираат да се качат на бродот и дека Вашингтон претпочита заплена, а не потопување. Американската Јужна команда соопшти дека останува подготвена да ги поддржи партнерските агенции „во спротивставување на санкционирани пловила и актери“ во регионот, нагласувајќи дека поморските служби се „будни, агилни и подготвени“.Според проценките, „Маринера“ во ноќта меѓу вторник и среда се наоѓала меѓу Шкотска и Исланд, при што големата оддалеченост и лошите временски услови го отежнуваат евентуалното качување на бродот.Москва соопшти дека „со загриженост ја следи“ ситуацијата. Руското Министерство за надворешни работи нагласи дека пловилото се движи во меѓународни води под државно знаме на Руската Федерација и целосно ги почитува нормите на меѓународното поморско право. Во соопштението се наведува дека бродот добива „засилено и очигледно несразмерно внимание“ од американската и НАТО војската, и се повикува западните земји да се придржуваат до принципот на слободна пловидба.Според експертите, иако меѓународното право ги штити пловилата според знамето што го носат, промената на името и заставата можеби нема да биде пресудна. Вишиот аналитичар во поморската разузнавачка компанија „Kpler“, Димитрис Ампацзидис, за Би-Би-Си изјави дека американската акција се води според основниот идентитет на пловилото (IMO бројот), сопственичките мрежи и историјата на санкции, а не според ознаките или тврдењата за знаме. Тој предупреди дека преминот на руски регистар може да предизвика дипломатски тензии, но не и да ја запре американската акција.Овој потенцијален поморски судир се случува само неколку дена по апсењето на Мадуро во Каракас, операција што предизвика силни меѓународни реакции.

Свет | пред 4 седмици

media-librarykvpeid76cq9eaijICjc

(Видео) Романскиот претседател Никушор Дан заглавен во Париз поради снежна бура

Претседателот на Романија, Никушор Дан, остана завеан од снег во Франција, откако поради силна снежна бура неговиот воен авион не можеше да полета од Париз ниту синоќа ниту утрово.Воениот авион „Спартан“, со кој патуваше романската делегација, првично требаше да полета во вторник на полноќ, а потоа и во среда наутро, но обилните снежни врнежи ја прекрија пистата на аеродромот, поради што надлежните служби не дадоа дозвола за полетување. Иако авионот бил одмрзнат, полетувањето било одложено во последен момент, а околу 9:30 часот претседателот бил изведен од леталото.На Никушор Дан му било наложено да го напушти авионот додека трае чистењето на пистата, за да се создадат услови за безбедно полетување кон Букурешт. Надлежните информирале дека операцијата ќе трае од еден до еден и пол час, но снежните врнежи продолжиле и пистата повторно била покриена со снег.Според информациите на „Обзерватор“, околу пладне започнале нови операции за одмрзнување на авионот, при што опремата била обезбедена од Префектурата на Париз. Во меѓувреме, се разгледува и можноста за испраќање друг авион, со цел романскиот претседател да може да се врати во земјата.Додека чекал на аеродромот, Никушор Дан разговарал со новинарите и укажал на проблемот со недостигот од модерен претседателски авион способен да лета во тешки временски услови. Тој истакнал дека таков авион нема да може да се набави ниту во 2026 година.„Во одреден момент ќе мора да имаме претседателски авион, и тоа не само за претседателот, туку и за министрите кои патуваат во делегации за важни прашања. Овој авион има многу повеќе функции од обичен авион, а во моментов немаме ни соодветна комуникација – кога сме во лет, ние сме изолирани“, изјави Дан.Тој додаде дека во авионот „Спартан“ не постои безбедна комуникација, поради што претседателот не може во реално време да добие информации доколку во земјата се случи сериозна ситуација. Дан нагласи дека одлучил да патува со овој авион со цел да заштеди средства.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryheebdnlv33pm1QuYftR

Израел предупредува: Иран планира атентат врз Ал-Шараа

Израелската воена разузнавачка служба предупреди дека Иран планира атентат врз привремениот претседател на Сирија, Ахмад ал-Шараа, додека сириските и израелските официјални лица се подготвуваат за продолжување на преговорите посредувани од САД во Париз, со цел постигнување безбедносен договор.Според оценката на израелската војска, ал-Шараа се соочува со закани од Иран и други непријателски актери. Израелските одбранбени официјални лица веруваат дека Техеран го гледа ал-Шараа како фактор што ја слабее неговата мрежа на влијание во регионот.Сириските власти засега не се јавиле со официјален одговор на оценката на израелската разузнавачка служба. Сепак, Министерството за внатрешни работи на Сирија ги негираше претходните гласини за наводен обид за атентат врз ал-Шараа, оценувајќи ги како „целосно неточни“ и предупредувајќи за лажни документи што им се припишуваат на официјални извори.Ал-Шараа претходно преживеа повеќе обиди за атентат од моментот кога ја симна од власт долгогодишниот диктатор Башар ал-Асад, предизвикувајќи колапс на режимот во Дамаск. Во ноември 2025 година, сириските власти спречија два одделни обида за атентат од страна на групата Исламска држава. Американскиот емисар Том Барак исто така предупреди за ризиците по животот на ал-Шараа поради неговото сѐ поблиско приближување кон Западот.Во меѓувреме, ал-Шараа беше виден во јавноста во центарот на Дамаск во понеделникот навечер, купувајќи во локални продавници во населбата Мазех, користејќи новите сириски банкноти, што се толкува како сигнал дека е жив и здрав.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryve9n1ssonjjobp2cnUK

Русија со став: Венецуела да одлучува самостојно за својата иднина

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го поздравува именувањето на Делси Родригез за привремена претседателка на Венецуела, истакнувајќи дека венецуелскиот народ треба сам да ја одредува својата судбина, без надворешно мешање.Соопштението доаѓа по драматичните настани поврзани со соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро, кој вчера пред федерален суд во Њујорк се изјасни дека не е виновен по обвиненијата за трговија со наркотици. Мадуро беше уапсен во специјална операција на американските сили, што предизвика силни политички тензии и брзо прегрупирање на политичките актери во Каракас.Москва порача дека е клучно да се спречи понатамошна ескалација на ситуацијата и нагласи дека ги поздравува напорите на венецуелските власти за заштита на суверенитетот и националните интереси на земјата.Русија во саботата остро го осуди американскиот напад врз Венецуела, оценувајќи дека изговорите за таа акција се „неутемелени“. Воедно, Москва повика на дипломатско решение на кризата и ја поддржа иницијативата на Венецуела и на неколку лидери од Латинска Америка за итно свикување на Советот за безбедност на Обединетите нации.„Во сегашната ситуација најважно е да се спречи понатамошна ескалација и да се фокусираме на изнаоѓање излез преку дијалог“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.Во меѓувреме, заменик-претседателот на рускиот Совет за национална безбедност, Дмитриј Медведев, изјави дека Латинска Америка традиционално се смета за „двор“ на Соединетите Американски Држави и оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп настојува да воспостави контрола врз нафтените резерви на Венецуела. Медведев го оцени американското дејствување во земјата како незаконско.

Свет | пред 4 седмици

GOLF_20220417184153560_fbf71198c4efee9ae5351396bbb511b1-800x579

Медведев предлага киднапирање на Мерц

Два дена по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговото префрлање во Њујорк, поранешниот руски претседател и потпретседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, наводно изнел контроверзен предлог за киднапирање на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кого го нарекол „неонацист“, пренесува ТАСС.„Киднапирањето на неонацистот Мерц би можело да биде одличен пресврт во овој карневал на настани“, изјавил Медведев, додавајќи дека во Германија дури постојат основи за кривично гонење, па тоа „не би било загуба“, особено со оглед на тешкотиите кои ги трпат граѓаните.Според извештаите, Медведев упатил слична закана и кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого го оцени како „нелегитимен лидер“ поради наводно недржани избори.Овие изјави предизвикаа нов бран на реакции во меѓународната заедница, додавајќи нова тензија во односите меѓу Русија, Германија и Украина.

Свет | пред 4 седмици

media-library0rln71p555hleND2tFq

Бес и завист во Русија: „Брзо, драматично и одлучно. Трамп нѐ посрами“

Изненадувачки ноќен напад на Каракас заврши со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, историски сојузник на Кремљ, а акцијата ја изведе американскиот претседател Доналд Трамп. По апсењето, Мадуро ќе се соочи со судење во Њујорк. Сценариото потсетува на тоа што Владимир Путин го замислил за инвазијата на Украина во февруари 2022 година, но реализацијата му припаѓа на САД, пишува The Guardian.Похвали за американската операцијаОфицијално, руски функционери реагираа бесно, осудувајќи ја операцијата како кршење на меѓународното право и опасен преседан. Меѓутоа, во позадина се чувствува неволно почитување и дури завист кон брзината и ефикасноста на американската акција.„Операцијата беше спроведена компетентно“, напиша про-кремлинскиот Телеграм канал Dva Mayora. „Веројатно така требаше да се одвива и нашата ‘специјална воена операција’: брзо, драматично и одлучно.“Некои про-кремлински аналитичари и јавни личности, како Олга Ускова и Маргарита Симонјан, признаа чувство на срам и љубомора, посочувајќи дека операцијата покажува што Москва некогаш не успеала да реализира во Украина.Ограничен досег на КремљВенецуела повеќе од две децении градела мрежа на антиамерикански сојузници, од Русија и Кина до Куба и Иран, со надеж за нова оска против Вашингтон. Сепак, Москва, заглавена во Украина, не беше во можност да го заштити Мадуро на значаен начин.„Ситуацијата е непријатна за Русија“, изјави Фјодор Луќанов, советник за надворешна политика. „Мадуро е близок партнер и идеолошки сојузник, но обезбедување реална помош на далечна земја е едноставно неизводливо.“Суморен оптимизамНекои во Москва гледаат можност за „суморен оптимизам“ – дека апсењето на Мадуро ја покажува доминацијата на моќта над меѓународното право, потенцирајќи свет поделен на сфери на влијание, модел што Русија долго го застапува.„Тимот на Трамп е цврст и циничен во промоцијата на интересите на својата земја“, напиша Дмитриј Медведев. „Отстранувањето на Мадуро не е за дрога – тоа е за нафта. Законот на посилниот очигледно е посилен од обичната правда.“Оваа операција го става американското влијание на видно место и ја нагласува сложената геополитичка ситуација во која Русија, и покрај симпатиите кон Венецуела, не може да се меша без да ризикува конфронтација со САД.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryg3jkj4k0jqal3SSbUJ2

Адвокатот на Џулијан Асанж ќе го брани Николас Мадуро пред суд

Американскиот адвокат Бери Полак, познат по тоа што го застапуваше основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж, ќе биде дел од одбраната на соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро, кој се соочува со обвиненија за трговија со дрога во САД. Случајот би можел да отвори сериозни правни прашања поврзани со имунитетот на странски државници и законитоста на апсењето на Мадуро.Полак денеска се појави заедно со Мадуро на федералниот суд во Менхетен. Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, два дена по нивното апсење во американска воена операција, се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата. Одбраната, како што беше најавено, ќе се темели на тврдењето дека станува збор за незаконска „воена киднапирање“.Полак изјави дека очекува обемни правни расправи околу, како што ја нарече, „воената отмица“ на Мадуро, со што јасно стави до знаење дека одбраната ќе тврди дека операцијата била спроведена спротивно на меѓународното право. Тој додаде дека е можно да се истакне и аргументот дека Мадуро ужива кривичен имунитет како шеф на странска влада.„Соединетите Американски Држави имаат посебен поглед на тоа каква е нивната глобална јурисдикција“, изјави Полак во минатогодишно интервју за правниот портал Lawdragon, зборувајќи за случајот со Асанж.За време на одбраната на Асанж, Полак стекна значително искуство во случаи обележани со глобални интриги и сериозни последици за меѓународниот углед на САД.Асанж се соочуваше со обвиненија според американскиот Закон за шпионажа поради масовното објавување доверливи американски документи, вклучувајќи дипломатски депеши и извештаи за воените операции во Ирак и Авганистан. По повеќемесечни преговори, тој призна вина по една точка од обвинението – заговор за прибирање и откривање доверливи одбранбени информации.Според невообичаената нагодба што Полак ја постигна во 2024 година, Асанж беше ослободен од затвор во Обединетото Кралство и му беше овозможено да се врати во Австралија.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryd6o1pd0eioc38UHPWW1

Венецуела доби привремена претседателка

Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригес, официјално положи заклетва и ја презеде функцијата привремена претседателка на државата, соопштија венецуелските власти.Заклетвата Родригес ја даде пред својот брат Хорхе Родригес, кој претходно истиот ден положи заклетва како претседател на Народното собрание.Во своето обраќање, Родригес ги повика Соединетите Американски Држави на соработка со Венецуела, истовремено нагласувајќи дека земјата ќе го зачува правото на „мир, развој, суверенитет и сопствена иднина“.Претходно, пред пратениците се обрати и Николас Мадуро Гера, син на соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро. Тој го ослови својот татко како „претседателот Мадуро“ и побара негово итно ослободување.Политичката состојба во Венецуела и понатаму останува неизвесна, а меѓународната заедница внимателно ги следи настаните во земјата.

Свет | пред 4 седмици

media-librarye7d7ego8ndp72vwfxR1

„Пица индексот“ не лаже: Како Иван Ивановски предвиде напад на Венецуела уште во октомври?

Ескалацијата на настаните во Венецуела, која кулминираше на првиот ден од новата 2026 година, го здрма геополитичкиот свет. Но, за еден македонски инвеститор, ова сценарио не е изненадување, туку математички прецизна прогноза најавена уште пред три месеци.Додека светот ги следи официјалните соопштенија од Вашингтон, податоците од теренот – поточно од пицериите околу Пентагон – укажуваат дека воената акција се подготвувала интензивно во ноќните часови.Што е „Пица индекс“ и што покажуваат бројките?Феноменот познат како „Pizza Meter“ е неофицијален, но историски докажан индикатор за големи кризи. Логиката е едноставна: кога во Пентагон, Белата куќа или ЦИА се планираат итни воени операции, вработените остануваат до доцна во ноќта, состаноците траат со часови, а кантините се затворени. Резултатот? Масовно нарачување на пица.Фотографиите покажуваат енормен скок на нарачките токму пред ескалацијата.Во „Papa John’s Pizza“ близу владините објекти, регистриран е неверојатен скок од 769% над вообичаеното, со статус „Многу погужва од вообичаено“.Во „Domino’s Pizza“, која е на само 2.2 километри од Пентагон, забележан е скок од 400%, a графиконите покажуваат константна активност длабоко во ноќта, кога овие објекти обично се празни.Ивановски: „Ваљда нешто се работи штом се јаде толку пица“Уште на 9-ти октомври 2025 година, финансискиот експерт и инвеститор Иван Ивановски, во лајв сесија со студентите на Prime Class токму на оваа корелација, посочувајќи ја Венецуела како следна точка на конфликт.„Можно е Америка да ја нападне Венецуела. Интересен податок, интересен факт е да знаете кога е подигната продажбата на Доминос пиците околу Пентагон. Во таква ситуација, после два до три месеци, Америка секогаш настапувала во војна. Ваљда нешто се работи – повеќе луѓе, работат до доцни саати и се нарачуваат поголем број на пици“, изјави тогаш Ивановски.На 1-ви јануари 2026, неговите зборови добиваат тежина на факт. Временската рамка од „два до три месеци“ што ја спомена Ивановски, се поклопува речиси во ден со почетокот на новата година и новите воени дејствија.Читање меѓу редовите на пазаротОвој случај е само уште еден доказ дека во модерното време, информациите не се кријат само во тајни документи, туку и во јавно достапни податоци – од берзански движења до нарачки на храна. Способноста да се поврзат овие точки е она што ги разликува успешните аналитичари од просечните набљудувачи.Токму ваквиот тип на длабинска анализа и предвидување на пазарните и геополитичките движења се изучува и на Prime Class, каде Ивановски и неговиот тим ги едуцираат идните инвеститори како да ги препознаат сигналите.

Свет | пред 4 седмици

media-librarysg32rpfbia6l0UWb02m

Поранешен затвореник му викна на Мадуро: „Ќе платиш!“ – Мадуро му одговори

Соборениот венецуелански претседател Николас Мадуро денеска изјави дека не се смета за виновен по обвиненијата за нарко-тероризам, откако неговото апсење ја потресе меѓународната политика и предизвика реакции кај властите во Каракас по американската воена операција.Мадуро пред сојузниот суд во Њујорк се изјасни дека не е виновен по четири точки од обвинението, меѓу кои нарко-тероризам, заговор за увоз на кокаин, како и поседување митралези и разорни направи. „Невин сум. Не сум виновен. Јас сум чесен човек. Сѐ уште сум претседател на мојата земја“, изјави Мадуро преку преведувач, пред да биде прекинат од американскиот окружен судија Алвин Хелерстајн.Неговата сопруга Силија Флорес, исто така, се изјасни за невина. Следното рочиште е закажано за 17 март, а судијата им укажа дека имаат право да го известат конзулатот на Венецуела за нивното апсење.Завршетокот на рочиштето беше одбележан со вербален судир со лице од публиката. Додека Мадуро се подготвуваше да ја напушти судницата, од галеријата на шпански јазик му се обрати 33-годишниот Педро Рохас.„Ти си нелегитимен претседател. Ќе платиш во име на Венецуела“, извика Рохас, кој подоцна пред новинарите изјави дека бил затвореник на режимот на Мадуро во Венецуела.Мадуро му возврати: „Во името на Бога, ќе бидам слободен. Јас сум киднапиран претседател. Јас сум воен заробеник“.Мадуро е обвинет дека надгледувал мрежа за трговија со кокаин која соработувала со насилни групи, меѓу кои мексиканските картели Синалоа и Зетас, колумбиските бунтовници ФАРК и венецуеланската банда Трен де Арагуа. Тој со години ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека станува збор за изговор за империјалистички планови поврзани со богатите нафтени резерви на Венецуела.Во меѓувреме, додека светските лидери и американските политичари се соочуваат со преседанот на апсење на шеф на држава, во Венецуела е издадена итна наредба, објавена во целост во понеделникот, со која ѝ се наложува на полицијата да ги претресе и уапси сите лица кои го поддржале американскиот напад изведен во саботата.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryhjsl26t2s10uanaA8sv

Ѓорѓиевски: Засилени инспекции во Скопје – казни до 53 000 евра за загадувачи на воздухот

На вонредната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се осврна на проблемот со аерозагадувањето и најави конкретни мерки за негово намалување. Тој посочи дека во буџетот на Градот за 2026 година се предвидени 64 милиони денари за заштита на животната средина, што е за 40 милиони повеќе од лани, како и дополнителни 220 милиони денари за одржување на зелени површини и паркови.Ѓорѓиевски нагласи дека загадувањето не е проблем кој се решава преку ноќ, но дека е обврска на Градот да дејствува за почист и поздрав воздух. Во последниот период, како што рече, се извршени засилени инспекциски контроли на индустриски капацитети, градилишта и јавни површини, со изречени казни од 1.000 до 53.000 евра, вклучувајќи прекршочни платни налози, решенија за задолжување и опомени.Инспекторите вршеле надзори на поранешните фабрики ОХИС и Стаклара, како и во општина Сарај, при што десетици правни и физички лица биле казнети за неправилно одлагање отпад и палење. Контроли имало и на повеќе градилишта, при што се изречени казни за непочитување на времен режим на сообраќај и комунални прописи.Претседателот на Советот, Даме Димитровски, посочи дека индустријата треба да примени европски практики во мерењето на загадувањето и јавноста на податоците, а градот и општините да ги зголемат инспекциските надзори.Советниците истакнаа дека Градот мора да донесе спроведливи мерки кои навистина ќе дадат резултати, вклучувајќи дислокација на цементарницата „Усје“, забрана за стари дизел-возила под стандардот ЕУРО 4, субвенции за електрични возила и екофлоти за претпријатија.Градоначалникот потсети дека досегашните заложби вклучуваат редовни и вонредни инспекции, решавање на сообраќајот, изградба на зелени коридори и соодветен третман на депониите, со цел Скопје да стане почист и поздрав град за сите граѓани.

Скопје | пред 4 седмици

media-librarysg32rpfbia6l0UWb02m

Генералниот секретар на ООН: Американската операција против Мадуро го крши меѓународното право

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, денеска изрази загриженост дека стабилноста во Венецуела може да се влоши по апсењето на претседателот Николас Мадуро во американска воена операција.Војсето за безбедност на ООН, составено од 15 членки, се состана во Њујорк само неколку часа пред Мадуро да се појави пред федералниот суд на Манхетен по обвиненија за наркоторизам, кои тој ги негира. „Длабоко сум загрижен поради можноста за ескалација на нестабилноста во земјата, потенцијалниот влијание врз регионот и преседаните што можат да се создадат за управување со меѓудржавни односи“, порача Гутереш преку шефицата за политички прашања на ООН, Розмари ДиКаро.Гутереш повика на инклузивен и демократски дијалог во Венецуела и понуди поддршка за сите напори насочени кон мирно решавање на кризата. Тој исто така оцени дека американската операција во Каракас минатата сабота не се придржувала кон меѓународното право.Колумбија, која побарала итен состанок, ја осуди операцијата како кршење на суверенитетот, политичката независност и територијалниот интегритет на Венецуела. „Нема оправдување за едностраната употреба на сила за извршување на акт на агресија“, рече колумбиската амбасадорка Леонор Залабата Торес.Правни експерти истакнуваат дека операцијата била нелегална бидејќи немала одобрување од Советот за безбедност на ООН и не претставувала самоодбрана од вооружен напад. Сепак, Советот нема можност за конкретни мерки против САД, кои имаат право на вето, заедно со Русија, Кина, Велика Британија и Франција.Основачката Повеља на ООН наложува земјите да се воздржуваат од употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на други држави, а ООН сега брои 193 членки.Американскиот амбасадор при ООН, Мајк Волц, вчера се повика на член 51 од Повељата, кој овозможува индивидуална или колективна самоодбрана во случај на вооружен напад. Претседателот Трамп претходно најави нови акции ако Венецуела не соработува околу нафтената индустрија и за спречување на проток на дрога, при што упати и закани кон Колумбија, Мексико и Куба.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryktj6c8tkpvmnfIGQ5LP

Цените на нафтата пораснаа по нападите врз Венецуела и апсењето на Мадуро

Меѓународните пазари на нафта реагираа на американските воени напади во Венецуела, при што цената на барелот на Лондонската берза порасна на 62 долари, односно за 93 центи во однос на затворањето минатата недела. На американскиот пазар барелот поскапе за 95 центи, достигнувајќи 58.27 долари.Нападите, изведени од американските сили во ноќта меѓу петок и сабота, беа насочени кон неколку локации во Венецуела и резултираа со апсењето на претседателот Николас Мадуро. Вашингтон најави дека ќе го изведе пред американски суд под обвинение за „наркотероризам“. Американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека САД планираат да „управуваат“ со Венецуела, со посебен фокус на нејзината нафтена индустрија.Венецуела располага со најголемите докажани нафтени резерви во светот – околу 303 милијарди барели, но долгогодишните санкции го ограничиле производството, кое минатата година изнесувало само 1,1 милион барели дневно. Chevron сега произведува околу четвртина од целата венецуелска нафта по продолжената дозвола од САД.Аналитичарите се поделени околу идната достапност на венецуелската нафта. Некои проценуваат дека можни се постепени олеснувања на американскиот ембарго, додека други сметаат дека значителни количини нафта нема да се појават на пазарот во наредниот период.Во меѓувреме, ОПЕК потврди пауза во зголемувањето на производството за првото тримесечје, откако главните производители – Саудиска Арабија, Русија, ОАЕ, Казахстан, Кувајт, Ирак, Алжир и Оман – решија дека побарувачката традиционално е пониска во зимските месеци.

Свет | пред 4 седмици

media-libraryrhu5a2j6406bdLihI5i

Идентификувани се сите жртви од пожарот во Швајцарија, меѓу 40-те загинати има 26 тинејџери

Швајцарските власти ги идентификуваа сите 40 жртви од пожарот што изби на 1 јануари во барот Le Constellation во скијачкото одморалиште Кранс-Монтана. Меѓу загинатите, 26 беа тинејџери на возраст од 14 до 18 години, а жртвите доаѓаа од седум земји – 21 Швајцарец, осум Французи, пет Италијанци, како и млади од Романија, Белгија, Португалија и Турција. Некои тела беа идентификувани со ДНК-анализи, поради што беа тешко препознатливи.Пожарот изби околу 1:30 часот наутро, предизвикан од пиротехнички ефекти користени внатре во барот. Огнот се прошири за само неколку секунди, што го направи бегството речиси невозможно. Повредени се уште 116 лица, од кои некои се во критична состојба. Француските сопственици на барот се под истрага за убиство од небрежност, додека сведоци тврдат дека апаратите за гасење биле заклучени, а излезите за итни случаи често блокирани.Меѓу загинатите се и млади кои го избрале Le Constellation за прослава на Нова година. 18-годишниот боксер Бенџамин Џонсон загинал обидувајќи се да ја спаси пријателката, а неговата храброст е оддадена како пример за голема жртва и херојство. Други млади жртви, како 16-годишниот Achille Barosi и 15-годишната Alice Kallergis, биле во барот со пријатели за прв пат на ноќниот излет или поради кратки спонтани одлуки, само неколку моменти пред да избие пожарот.Семејствата на жртвите се во длабока тага, а локалната заедница одржа тивка поворка во спомен на загинатите. Италија, која загуби шест млади граѓани, побара правда и појасни дека очекува одговорност за пропустите во безбедноста. Бивши вработени во клубот истакнаа дека апаратите за гасење биле заклучени и дека излезите за итни случаи биле блокирани, додека персоналот бил охрабруван да користи пиротехника за да направи шоу за гостите.Истрагата продолжува, а властите се обврзуваат да утврдат дали постоеле прекршувања на безбедносните прописи и кој носи одговорност за најтешката трагедија од ваков тип во последните години во Швајцарија.

Свет | пред 4 седмици

media-library2sm50ffghiag8nQGECp

Посебен режим на сообраќај утре во Скопје поради Бадниковите поворки

Утре, 6 јануари 2026 година, по повод големиот христијански празник Бадник, на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во рамки на традиционалните „Бадникови поворки“.Според најавата, поворката ќе се движи по траса што започнува пред општинската зграда на Општина Кисела Вода, по улицата „Борис Трајковски“, потоа лево по булеварот „Македонија“, во продолжение по улицата „Св. Кирил и Методиј“ до Музејот на Град Скопје. Од таму, поворката ќе продолжи по улицата „Македонија“ сè до плоштадот „Македонија“, каде ќе се одржи централната манифестација.Поради настанот, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот и воведување посебен режим на сообраќај на улиците по кои ќе се движат Бадниковите поворки, како и во близина на верските објекти.Од СВР Скопје апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на манифестацијата.

Скопје | пред 4 седмици

media-library4nigvcra2gqibbsrM3R

Трамп упати остри закани кон пет држави ширум светот

По апсењето на венецуеланскиот претседател Николас Мадуро од страна на американските сили за време на викендот, американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација упатија серија остри пораки и предупредувања до повеќе држави, меѓу кои Колумбија, Куба, Мексико, Иран, но и Гренланд – автономна територија на Данска, објави CNN.Трамп порача дека САД имаат задача да обезбедат „одржливи и успешни земји“ во своето опкружување, каде што нафтата ќе може „слободно да тече“, додавајќи дека „американската доминација на западната хемисфера никогаш повеќе нема да биде доведена во прашање“.Гренланд и ДанскаАмериканскиот претседател повторно истакна дека на САД им е потребен Гренланд „од аспект на националната безбедност“, наведувајќи дека островот е од големо стратешко значење и дека е опкружен со руски и кинески бродови. Според него, Данска не е во состојба сама да ја гарантира безбедноста на територијата.Гренландскиот премиер Јенс Фредерик Нилсен остро реагираше, оценувајќи ја реториката на Трамп како „целосно неприфатлива и непочитувачка“, нагласувајќи дека Гренланд не е објект, туку народ, земја и демократија. И Данска и Гренланд и претходно јасно се спротивставија на идејата за анексија.КолумбијаТрамп упати навреди кон колумбискиот претседател Густаво Петро, обвинувајќи го за поврзаност со трговијата со кокаин и наговестувајќи можност за американска „операција“ во земјата. Петро возврати дека неговата влада ја има спроведено најголемата заплена на кокаин во историјата и дека се води борба против вооружените нарко-групи, иако податоците на ОН покажуваат рекордно ниво на производство на кокаин во Колумбија.КубаТрамп оцени дека воена интервенција на Куба не е потребна, бидејќи земјата, според него, е пред економски колапс поради губењето на приходите од венецуеланската нафта. Државниот секретар Марко Рубио изјави дека кубанската влада е „во сериозна неволја“. Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел, пак, порача дека Куба и Венецуела нема да се откажат од својот сојуз без борба.МексикоАмериканскиот претседател повторно го обвини Мексико дека не прави доволно во борбата против нарко-картелите и откри дека и понудил воена помош на мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум. Мексико засега не реагираше на изјавите, но беше меѓу земјите што го осудија апсењето на Мадуро, оценувајќи го како кршење на меѓународното право.ИранТрамп упати и ново предупредување до Иран, каде што продолжуваат антивладини протести. Тој порача дека САД ќе реагираат „многу силно“ доколку иранските власти повторно започнат со убиства на демонстранти. Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи возврати дека земјата нема да се предаде и дека протестите мора да бидат задушени.Низата изјави и закани на Трамп дополнително ја заоструваат глобалната политичка клима по драматичните настани во Венецуела и предизвикуваат реакции ширум светот.

Свет | пред 4 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања